Ноам Чомски

Патна карта до никаде


Напишано: 18 август 2003.
Извор: Ноам Чомски, „Интервенции“, „Култура“, Скопје, 2007.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2023


Денес, во време кога продолжува израелско-палестинскиот мировен процес, продолжува и изградбата на бариерата што Израелците ја нарекуваат „безбедносна ограда”, а Палестинците – „ѕид на поделбата”.[1]

Претседателот Џорџ В. Буш и премиерот Ариел Шарон можеби имаат разлики во мислењата околу точната локација на бариерата. Но да се стави мировниот процес – и бариерата – во контекст, важно е да се запомни дека без американско одобрување и поддршка, Израел може многу малку да направи. А сензибилните Израелци го знаат тоа. Израелскиот политички коментатор Амир Орен беше доста во право кога забележа дека „шефот што се нарекува ‘партнер’ е американската администрација.”

Во арапските земји и на други места има многу илузии во врска со потчинетоста на Вашингтон на Израел или на домашното произраелско лоби (кое во никој случај не е целосно еврејско). Идејата дека САД би му дозволил на Израел да му шефува е сериозно неразбирање, според моето гледање на работите.[2]

Израелскиот избор од последните 30 години ги ограничи значително неговите опции. При неговиот сегашен курс, тој речиси и нема алтернатива на служењето како американска воена база во регионот и на потчинувањето на американските барања.

Опциите беа упадливо видливи во 1971 година, кога египетскиот претседател Садат му понуди целосен мировен договор на Израел за израелско повлекување од египетска територија, прифаќајќи ги предлозите на посредникот на ОН, Гунар Јаринг. Израел беше пред судбоносен избор: можеше да прифати мир и интегрирање во регионот или да инсистира на експанзијата и конфронтацијата, станувајќи неизбежно зависен од САД. Го избра вториот курс, не врз основа на безбедноста, туку поради посветеноста на експанзијата, во тоа време, во прв ред на египетскиот Синај, што директно водеше до војната од 1973 година, многу ризичен потег за Израел, а и за светот, бидејќи се вмешаа големите сили. Во никој случај не е невообичаено за државите да ја рангираат безбедноста доста пониско од другите цели, вклучувајќи го тука и САД.

Минатата година (во мај 2002 година) во „Форин афеарс” Хусеин Ага, проучувач на Блискиот Исток на Универзитетот Оксфорд, и Роберт Мели, специјален помошник на претседателот Клинтон за арапско-израелски работи, забележаа за арапско-израелскиот ќорсокак дека „контурите на решението веќе некое време во основа се разбираат.” Ага и Мели го скицираа вообичаеното сфаќање: територијална поделба врз меѓународната граница, сега со 1-1 размена на земја. Тие пишуваат дека „начинот за доаѓање (до решение) од самиот почеток ги заобиколуваше сите страни”, но иако е точно, ова тврдење доведува до заблуда. Патот 25 години е блокиран од страна на САД, а Израел продолжува да го отфрла дури и на мировната крајност од доминантниот политички спектар.

Во текот на годините на Буш Втори и Шарон, изгледите за дипломатско решение се намалија. Израел ги прошири своите доселенички програми, со континуирана американска поддршка. Израелските населби сега контролираат 42% од Западниот Брег, според Б’тселем, израелска организација за човекови права. Распрснати помеѓу тие населби се палестинските области што „потсетуваат на одбивните режими од минатото, како режимот на апартхејд во Јужна Африка”, известува Б’тселем.[3]

Што се однесува до плановите на тековната Бушова администрација, постојат два извори на информации: реториката и потезите. На реторичко ниво ја имаме Бушовата „визија” за палестинска држава – на која треба да ѝ се восхитуваме, иако не ни е дозволено да ја сфатиме – и „патната карта” на „квартетот”: ОН, Русија, ЕУ и САД. Но „патната карта” беше намерно оставена неодредена околу многу важни прашања, вклучувајќи го дури и клучното прашање на границите. Понатаму, иако Израел формално ја прифати „патната карта”, тој веднаш излезе со 14 резерви што целосно ја обесмислија, со поддршка на САД. Оттука, и Израел и САД веднаш ја кршеа „патната карта”, која обично но погрешно се опишува како иницијатива на Бушовата администрација.[4]

„Фактите на теренот”, коментира израелската новинарка Амира Хас, „ја одредуваат – и ќе продолжат да ја одредуваат – областа каде што патната карта ќе се применува, областа каде што ентитетот познат како ‘Палестинска држава’ ќе биде основан.”

Со бариерата и со своите останати потези, Израел – и, проширувајќи, неговиот „шеф што се нарекува ‘партнер’“ – ги поткопува надежите за мирно дипломатско решение, сигурно намерно, бидејќи последиците се така очигледни.

Израел го правда своето однесување поради палестинскиот терор, кој навистина ескалира, вклучувајќи ги и самоубиствените напади против израелски цивили, за време на Ал-Акса интифадата што избувна во септември 2000 година. Сепак, мора да се забележи дека до доста неодамна израелската брутална воена окупација предизвикуваше многу малку возвраќање против Израел од внатре [окупираните] територии и дека злоделата што таму се извршени од окупаторските сили и нелегалните доселеници предизвикуваат малку загриженост.

Истото важеше и за првите денови на тековната интифада. Во својот прв месец, според израелската војска, соодносот на убиени беше речиси 20 наспроти 1 (75 Палестинци, 4 Израелци), во време кога отпорот беше ограничен на териториите и ретко одеше потаму од фрлање камења. Дури кога соодносот се помести близу 3 наспроти 1, се дигна енормна индигнација – поради страдањата на невините Израелци.

Реакцијата на страдањата на Израелците е на место. Но дали е на место да се занемарува далеку поголемото страдање на Палестинците, пред рамнотежата на терор да се помести, а исто така и денес – страдање што се протега многу години наназад, со клучна американска поддршка?

Интифадата ги исфрли на површина важните промени што се случуваат во Израел. Внатрешниот авторитет на израелската војска до тоа време достигна такво ниво што израелскиот воен дописник Бен Каспит ја опиша земјата како „не држава со војска, туку војска со држава”; војска која, понатаму, речиси е додаток на воената сила што доминира со светот на ниво без историски преседан, факт што не му бега на народот во регионот.

Сепак, може да дојде до праведен мир. Има многу историски примери на завршување и преиначување на наизглед нескротливи судири. Северна Ирска е неодамнешен пример; иако не е рај, ситуацијата е во голема мера подобра отколку што беше пред една деценија.

Јужна Африка е друг случај. Само пред неколку години, расниот судир и насилната репресија изгледаа како да го водат општеството во безнадежен очај. Оттогаш има забележителни подобрувања, иако за мнозинството од населението, црнечко и сиромашно, условите малку се подобрија, а за многумина можеби и се влошија.

Во Израел-Палестина, секојдневните грчевити ужаси додаваат камења во ѕидовите на омраза, страв и интензивна желба за одмазда. Но никогаш не е премногу доцна да се пробијат тие ѕидови.

Само луѓето што страдаат од секојдневните маки и што предвидуваат уште полоши утре можат сериозно да се зафатат за оваа задача непосредно, но оние однадвор можат суштински да помогнат за да се олесни патот, иако не додека не сакаат чесно да се соочат со своите сопствени улоги и одговорности – и соодветно да исковаат патна карта со смисла, истовремено присилувајќи ги своите влади да ја спроведат.

 


Фусноти

[1] Во 2004 година Меѓународниот суд на правдата објави дека Израелскиот ѕид е нелегален. Судијата на Врховниот суд на САД Бургентал излезе со одвоена декларација, согласувајќи се дека Четвртата женевска конвенција, која забранува трансфер на население од страна на освојувачот на окупираните територии, се однесува и на Западниот Брег, поради што „деловите од ѕидот што ги гради Израел за да ги заштити населбите ipso facto се кршење на меѓународното хуманитарно право” (Меѓународен суд на правдата, 15 септември 2005) – што ќе рече, 80-85 проценти од ѕидот, очигледно изградени за заштита на доселениците, а што фактички ја зголемува безбедносната закана за Израел, освен ако сите Палестинци не бидат истерани од областите што нелегално се вклучени во рамките на ѕидот. Во мај 2006 година израелскиот премиер го објави својот „конвергентен” план, што го претвора ѕидот во анексионистички ѕид. Планот го повикува Израел да ги преземе регионите во рамките на ѕидот, да ги расчлени редуцираните фрагменти што им се препуштени на Палестинците и да ги затвори фрагментите преку преземање на Јорданската долина. Тој беше поддржан од Бушовата администрација и пофален како „умерен” во западните коментари – можеби и премногу умерен, како што САД-Израел утврдија по нивната инвазија врз Либан од јули 2006 година.

[2] Понекогаш Вашингтон застранува од својот пат, понижувајќи го Израел, без реакција од лобито. За еден упадлив пример, види во „Неуспешни држави”, 189 стр. Ури Авнери тврди дека наредбите од САД ги блокираа плановите на Израел за Либанската војна од 2006 година, планирана доста однапред, како што призна премиерот Ехуд Олмерт во март 2007 година. Avnery “Olmert’s Truth”, March 10, 2007. Види ја и забелешката 1 кон “Дилемите на доминацијата”.

[3] Патем, овие бројки најчесто се без значење, зашто не ги земаат предвид проектираните граници на населбите, што главно се државна тајна, или огромните инфраструктурни проекти – супер-автопати за Израелците, што се забранети за Палестинците, со многу широки граници; израелските контролни пунктови и другите средства што им го прават невозможен животот на Палестинците итн. Реалистичката проценка би била дека израелските населби сега контролираат околу 70% од Западниот Брег, но нема конечни бројки, бидејќи ниту САД ниту Израел не сакаат да ги откријат фактите. За најнови информации за израелските населби, види кај Б’тселем, или редовниот „Извештај за израелските населби” на Фондацијата за мир на Блискиот Исток.

[4] Види “Israeli Cabinet Statement on Road Map and 14 Reservations”, Israeli Government Press Office, May 23, 2005 (достапно на http://www.jewishvirtuallibrary.org/jsource/Peace/road1.html). Израелските резерви бараа за да започне и да продолжи процесот, Палестинците да мора да обезбедат апсолутен мир, образование за мир, прекин на подбуцнувањето, распуштање на Хамас и на другите организации, како и други услови, но дури и ако го исполнеа ова речиси невозможно барање, „патната карта нема да тврди дека Израел мора да прекине со насилството и подбуцнувањето против Палестинците.” Ова е доволно да стави крај на кој и да било процес што барем ограничено наликува на праведност. Но резервите одат дури и потаму од овие дрски услови. Тие понатаму бараат дека „мора да се објават изјави за правото на Израел да постои како еврејска држава и за откажувањето од секакво право на враќање на палестинските бегалци во Државата Израел.” Поради тоа, Палестинците мора не само да го признаат Израел како еврејска држава, а не како држава на своите граѓани, туку и мора да објават дека има право да ги крши елементарните демократски принципи. И мора да се согласат на отповикување на Резолуцијата 194 на ОН околу правото на враќање и да го напуштат дури и симболичното враќање на кое се согласија израелските преговарачи во текот на преговорите во Таба од 2001 година (прекинати од страна на израелскиот премиер Ехуд Барак кога изгледаше дека се приближуваат кон успешен завршеток). Понатаму, „нема да има никакво отворање на прашањата што припаѓаат кон конечното решение. Помеѓу прашањата околу кои не треба да се расправа се: населбите во Јудеја, Самарија и Газа (со исклучок на замрзнувањето на доселувањето и нелегалните истурени точки), статусот на Палестинската самоуправа и нејзините институции во Ерусалим и сите други прашања чија суштина е поврзана со конечното решение... Единствено можно повикување треба да биде на резолуциите 242 и 338, а и тогаш само како скица за спроведувањето на идните преговори за трајно решение.” Така, исклучени се сите резолуции на ОН што ги спомнуваат палестинските права и, се разбира, Женевските конвенции и меѓународното право воопшто, за кое само израелската влада (со преќутна американска поддршка) тврди дека не се однесува на окупираните територии. Понатаму, конечната состојба за патната карта мора да биде септември 2000 година, кога Израел одлучи најголемиот дел од Западниот Брег и Палестинците да бидат ограничени на стотици енклави. Американската влада тивко го потврди тоа. Накратко, Вашингтон осигури патната карта да биде ништовна и неважечка од самиот старт, а со неа и „визијата” за решение со две држави која преку конвенција (а не поради фактите) му се припишува на Џорџ Буш.

Првото упатување во естаблишментот на американско-израелското инстантно отфрлање на патната карта изгледа дека се појави во Jimmy Carter Palestine: Peace not Apartheid (New York: Simon and Schuster, 2006), Appendix 7. Ова е најважното откритие во книгата на Картер, кое беше ново за етаблираните дискусии, но изгледа дека беше игнорирано во реакциите на неговата книга (главно, низа од осуди). Слично на тоа, очајните обиди да се најде грешка во книгата, ја испуштија единствената сериозна грешка: Картеровото прифаќање на стандардната доктрина дека израелската инвазија на Либан од 1982 година, при која беа убиени околу 15.000-20.000 лица и беше уништен голем дел од земјата, беше „одговор на терористичките напади преку либансата граница” од страна на ПЛО (7 и 94 стр.). Реалноста, која веднаш се знаеше, беше радикално поинаква (види подолу, во статијата „Гледајќи го Либан како низ нишан за бомби“). Оттука, грешките се прифатливи ако ги поддржуваат американско-израелските злодела, но вистината е неприфатлива ако ги поткопува нивните обиди да ја избегнат одговорноста за неуспехот на дипломатијата.