ПРВ ДЕЛ

I

Секој ден над работничкото предградие, низ чадот и маслосаниот воздух пиштеше и завиваше фабричката сирена, и послушни на повикот, од малечките сури куќички истрчуваа на улицата, како заплашени лебарки, намрштени луѓе, на кои сонот сè уште не успеал да им ги освежи мускулите. Во студениот самрак тие одеа по непоплочената улица кон високите камени кафези на фабриката, а таа ги очекуваше со рамнодушна сигурност, осветлувајќи го калливиот пат со десетици свои квадратни очи. Калта шлапкаше под нозете. Се разнесуваа засипнатите извици на сè уште сонливите гласови, грубите пцости длабоко го процепуваа воздухот, во пресрет на луѓето надојдуваа придушени звуци од тешкото вртење на машините, шушкањето на пареата. Високите црни оџаци што се издигаа над предградието како дебели стапови, се вишеа мрачно и строго.

Навечер, кога сонцето заоѓаше и кога на прозорците од куќите капнато светкаа неговите црвени зраци, — фабриката ги исфрлуваше луѓето од своите камени пазуви, како употребена згура, и тие повторно тргнуваа по улиците, измачкани, со црни лица, од нив низ воздухот се ширеше леплива миризба од машинско масло, а забите им тракаа од глад. Сега веќе гласот им звучеше поживо, дури се забележуваше и радост, — зашто за денеска ропството на работата беше завршено, а дома ги очекуваше вечера и одмор.

Во денот проголтан од фабриката, од мускулите на луѓето машините исцицаа толку сила, колку што им беше потребна. Денот неповратно бидуваше откорнат од животот, човекот направил уште еден чекор поблизу кон гробот, но непосредно пред себе ја имаше насладата заради одморот, радоста на чадливата крчма и — беше задоволен.

Во празнични денови спиеја до десет часот, потоа луѓето што беа солидни и оженети, облекуваа подобри алишта и одеа да ја слушаат литургијата, а патем им замеруваа на младите поради нивната рамнодушност спрема црквата. Од црква се враќаа дома, каснуваа некакви слатки и повторно легнуваа и спиеја до вечерта.

Капнатоста, што се собираше со години, им го одземаше на луѓето апетитот, и поради тоа, за да можат да јадат, многу пиеја дразнејќи го желудникот со лутата топлина на вотката.

Навечер мрзеливо шетаа по улиците, и тој, што имаше галоши, ги обуваше, дури и кога беше суво, а ако имаше чадор, го носеше со себе, па макар и сонце да грееше.

Кога ќе се сретнеа еден со друг, зборуваа за фабриката, за машините, ги пцуеја мајсторите, — зборуваа и мислеа само за она, што беше во врска со работата. Осамените искри на невештата, немоќна мисла, одвај потсветнуваа во здодевната едноличност на денот. Кога ќе се вратеа дома, се караа со жените, па често и ги тепаа, не штедејќи ги рацете. Младите седеа по крчмите или приредуваа вечеринки кај своите врсници, свиреа на хармоника, пееја бесрамни, грди песни, играа, пцуеја и се пијанеа. Исцрпени од работата, луѓето брзо се опијануваа, а во градите им се раѓаше несфатливо, болно раздразнување. Тоа бараше излез. И затоа грчовито се фаќаа за секоја можност да го изразат своето немирно чувство; луѓето, поради ништо се нафрлаа еден на друг со ѕверска озлобеност. Започнуваа крвави тепаници. Некогаш тие се свршуваа со тешки сакатења, некогаш и — со убиства. Во односите помеѓу луѓето се повеќе се развиваа пакосните чувства, тие беа стари колку и неизлечивата капнатост на мускулите. Луѓето се раѓаа со таа болест во душата наследувајќи ја од татковците, и таа како црна сенка ги придружуваше до гробот, предизвикувајќи во текот на животот низа постапки, одвратни по своето бесмислено дивјаштво.

Во празничните денови младите луѓе дома се враќаа доцна во ноќта, со искинати алишта, извалкани, нечисти, испотепани, фалејќи се злобно за тепаниците со другарите, или доаѓаа навредени, разбеснети или насолзени од јад, пијани и жални, несреќни и одвратни. Понекогаш младите ги носеа дома мајките и татковците. Мртви пијани ги наоѓаа пласнати каде и да е под некоја ограда или во кафеаните, грдо ги караа, ги тепаа со тупаници меките, од вотката премалени тела на своите деца, потоа со помалку или повеќе внимание ги сместуваа да спијат, за да можат рано изутрина, кога како од темен поток ќе потече низ воздухот налутеното завивање на сирената, да ги разбудат за на работа.

Пцуеја и безмерно ги тепаа децата, но пијанството и тепаниците на младите луѓе на постарите им се чинеа како сосем правилни и природни појави, — и татковците, кога беа млади, пиеја и се тепаа, нив исто така ги тепаа татковците и мајките. Животот секогаш бил таков — тој со години одмерено и тивко течеше некаде како матен поток, и целиот беше сврзан со силната, многу одамнешна навика од ден на ден едно и исто да се мисли и да се прави. И никого не го спопаѓаше желба да се обиде да го измени таквиот живот.

Понекогаш од некаде во предградието доаѓаа туѓи луѓе. Во почетокот тие го привлекуваа вниманието на себеси просто со тоа што беа туѓинци, потоа предизвикуваа кон себе лесен, надворешен интерес со прикаските за местата во кои работеле, а откако ќе престанеше интересот за нив како за новајлии, луѓето на нив навикнуваа, и тие стануваа незабележливи. Од нивните раскажувања беше јасно: животот на работникот секаде е еднаков. А штом е така — што има да се зборува?

Но понекогаш некои од нив кажуваа нешто ново, нешто што сè уште не беше чуено во предградието. Луѓето не им противречеа, но ги слушаа нивните чудни зборови со недоверба. Тие зборувања кај едни предизвикуваа слепа лутина, кај други нејасен немир, трети ги возбудуваше лесната сенка на надеж во нешто нејасно, — и тие почнуваа повеќе да пијат за да ја истераат непотребната грижа што им пречи.

Забележувајќи кај туѓинецот нешто необично, луѓето од предградието долго не можеа тоа да го заборават, и кон човекот кој не им беше сличен се држеа со неразбирлива подисплашеност. Поточно, се плашеа тој да не им вметне во животот макар што, што би го нарушило неговиот мрачно правилен од, иако тежок, но сепак спокоен. Навикнати животот да ги дави со еднаква сила и не очекувајќи никакви измени кон подобро, тие сметаа дека секоја промена само би го зголемила притисокот.

Од луѓето, кои зборуваа за нешто ново, жителите на предградието молчешкум гледаа да се тргнат настрана. Тогаш тие луѓе ги снемуваше, повторно заминуваа некаде, а ако остануваа во фабриката, живееја повлечено, до колку не умееја да се слеат со едноличната маса луѓе од предградието ...

И откако ќе поживееше со таков живот педесетина години — човекот умираше.