III

По две недели од смртта на татка си, во неделата, Павел Власов дојде дома многу пијан. Клатејќи се стигна до предниот дел на масата и, удирајќи со тупаницата по неа, онака како што правеше и татко му, и викна на мајка си:

—  Да вечерам!

Мајка му се приближи, седна до него, го прегрна и му ја стисна главата на градите. Тој, туркајќи го со рацете нејзиното рамо, се бранеше и викаше:

—  Мајчице — брзо!...

—  Будалче! — жално и нежно му рече мајката, совладувајќи го неговиот отпор.

—  И — ќе пушам! Дај ми го татковиот чибук ... — брбореше Павел тешко движејќи го непослушниот јазик.

Тогаш тој првпат беше опијанет. Вотката му го премале телото, но не му ја изгасна свеста и во главата колваше прашањето:

—  Пијан? Пијан?

Го збунуваше мајчината нежност и го болеше тоа што во нејзините очи гледа тага. Му доаѓаше да плаче и, за да ја совлада таа желба, настојуваше да се прави попијан одошто беше навистина.

А мајка му со раката му ја галеше испотената, избушавена коса и тивко зборуваше:

—  Не ти треба тебе тоа ...

Почна да му се повраќа. По бурниот настап на повраќање, мајка му го стави в постела, а побледеното чело му го обложи со влажна крпа. Тој малку се отрезни, но се околу него и под него се нишаше како на бранови, клепките му беа натежнати и, чувствувајќи во устата гаден и горчлив вкус, го посматраше низ клепките мајчиното лице и без врска мислеше:

—  Се гледа дека ми е рано. Другите пијат и — ништо, а мене ми се повраќа ...

Однекаде оддалеку се слушаше мајчиниот мек глас...

—  Каков хранител ќе ми бидеш ти, ако почнеш да пиеш...

Цврсто замижувајќи, тој рече:

—  Сите пијат ...

Мајка му тешко воздивна. Тој имаше право. Самата знаеше дека никаде освен в кафеана луѓето не наоѓаа радост. Но таа сепак му рече:

—   А ти — не пиј! За тебе, татко ти испи толку колку што треба. И мене доста ме намачи ... А ти би можел да ја пожалиш мајка си, а?

Слушајќи ги тажните, меки зборови, Павел се сеќаваше, како додека беше жив татко му мајка му беше незабележлива во куќата, молчелива и секогаш живееше во вознемирено очекување да биде натепана. Избегнувајќи да се сретне со татка си, тој во последно време малку се вртеше дома, та така се одвикна и од мајка си и сега, трезнејќи се полека, упорно гледаше во неа.

Беше висока, малку подгрбавена, нејзиното тело исцрпено од долгата работа и тепањето на мажот, се движеше тивко и некако настранички, како секогаш да се плаши да не закачи нешто. Нејзиното широко, валчесто лице, избраздено од жубри, подуено, го осветлуваа темни како кај повеќето од жените во предградието, вознемирени и тажни очи. Над десната веѓа имаше длабока лузна, којашто одвај забележливо и ја поткреваше веѓата нагоре, та се чинеше десното уво како да и е повисоко од левото, тоа на лицето му даваше таков израз, што ти се чинеше дека таа секогаш плашливо наслушнува. Во честата, црна коса блескаа бели влакна. Таа целата беше мека, тажна, покорна...

И по образите полека и’ течеа солзи.

—  Не плачи! — тихо ја молеше синот. — Дај ми да пијам.

—  Ќе ти донесам вода со мраз.

Но кога се врати, Павел веќе беше заспан. Постоја неколку момента над него, садот во рацете и трепереше, и мразот тивко удираше по ламарината. Оставајќи го садот на масата, нечујно клекна на колена пред иконите. Во прозорските стакла удираа звуците на пијаниот живот. Во темнината и влагата на есенската приквечерина пиштеше армоника, некој гласно пееше, некој пак пцуеше со гнасни пцости, и возбудено одѕвонуваа раздразнетите, капнати женски гласови ...

Животот во малиот дом на Власови потече потивко и поспокојно одошто порано, и донекаде поинаку одошто во останатото предградие. Нивната куќа е на крајот од предградието, крај малиот, стрмен брег над мочуриштето. Една третина од куќата зафаќаа кујната и малата одаја во која спиеше мајката и која беше одделена со танка преграда. А другите две третини ги зафаќаше квадратна одаја со два прозорци; — во едниот агол стоеше креветот на Павела, а во другиот маса и две клупи. Неколку столови, долап за алишта, на него мало огледало, ковчег со преоблеки, часовник на ѕидот и две икони во аголот — и тоа беше сè.

Павел направи сè што му прилега на млад човек: купи армоника, кошула со наштиркани гради, шарена вратоврска, галоши, бастун и стана како и сите негови врсници. Одеше на вечеринки, учеше да игра кадрил и полка, во празнични денови дома се враќаше поднапиен и секогаш многу страдаше од вотката. Утредента го болеше главата, го мачеше ждриговина, лицето му беше бледо, невесело.

Еднаш мајка му го праша:

—  Па, беше ли синока весело?

Тој и’ одговори намрштено и зловолно:

—  Очајно чмаење!... Подобро е да фаќам риби. Или — да купам пушка.

Во фабриката работеше грижливо, без отсуства и казни, беше молчелив и незадоволно гледаше со сините очи, големи како на мајка му. Тој не купи пушка ниту пак почна да лови риби, но забележливо почна да се оттргнува од патот по кој одеа сите. Се поретко ги посетуваше вечеринките и, иако во празнични денови одеше некаде, се враќаше трезен. Мајка му, будно следејќи го, забележа дека намрштеното лице на син и станува се поостро, очите се посериозни, а усните необично строго стиснати. Се чинеше, дека молчешкум се лути на нешто или како да го мачи болест. Порано му доаѓаа другари, а сега, не наоѓајки го дома, престанаа да навратуваат. На мајката и’ беше пријатно кога забележа дека синот и станува поинаков одошто фабричките младинци, но кога забележа, дека тој упорно и свесно заплива некаде настрана од темниот поток на животот, тоа во душата и предизвикуваше чувство на неразбирлив страв.

—  Ти, Павлуша, можеби не си здрав? — понекогаш го прашуваше мајката.

—  Не, здрав сум! — одговараше тој.

—  Многу си мршав! — велеше мајката воздивнувајќи.

Тој почна да носи книги и во почетокот се трудеше да ги чита незабележано, а кога ќе ги прочиташе, некаде ги скриваше. Понекогаш од книгите нешто препишуваше на одделна хартија, па и неа ја криеше.

Тие малку зборуваа и малку се гледаа еден со друг. Изутрина молчешкум го пиеше чајот и одеше на работа, напладне доаѓаше за ручек, на масата ќе разменеа безначајни зборови, и тој повторно исчезнуваше до вечерта. А навечер грижливо се измиваше, вечераше и потоа долго ги читаше своите книги. Во празнични денови уште од изутрина излегуваше, а се враќаше доцна во ноќта. Мајка му знаеше дека тој оди в град, дека таму посетува театар, но кај никој од градот не навратуваше. Нејзе ѝ се чинеше дека син ѝ од ден на ден сè помалку и зборува, и во исто време забележа дека понекогаш употребува некои нови зборови, за неа непознати, а и дека грубите и остри изрази кои порано кај него беа чести се губат од неговиот говор. Во неговото поведение се јавија многу ситници кои го привлекуваа вниманието на себе: тој го отфрли перчењето, почна повеќе да се грижи за чистотијата на телото и алиштата, се движеше послободно, поеластично и, надворешноста му стана попроста и помека, а тоа кај мајка му будеше немирно внимание. И во неговите односи кон неа имаше нешто ново: понекогаш го метеше душемето во одајата, во празнични денови сам си ја местеше постелата и, воопшто, се грижеше да и’ ја олесни работата. Тоа во предградието никој не го правеше.

Еднаш тој донесе и обеси на ѕидот слика. — Тројца разговарајќи одеа некаде лесно и гордо.

—  Тоа воскреснатиот Христос оди во Емаус! — објасни Павел. На мајка му сликата и’ се свиде, но во себеси рече:

—  Христоса го почитуваш, а в црква не одиш...

Сè повеќе стануваа книгите на полицата која убаво ја имаше направено Павеловиот другар, столар. Одајата доби пријатен изглед.

Тој и’ зборуваше на „ви“ и и велеше „мајчице", а понекогаш неочекувано, милозливо и се обраќаше:

mdash;  Ти, мајчице, ти се молам, не грижи се, што дома ќе се вратам подоцна ...

Нејзе тоа и’ се допаѓаше, и во неговите зборови чувствуваше нешто сериозно и силно.

Но нејзината грижа растеше. Бидејќи од некое време стануваше сè потешка, сè поостро ѝ го распаруваше срцето поради претчувството за нешто необично. Понекогаш кај мајката се појавуваше и лесно незадоволство од синот. Тогаш мислеше:

—  Сите луѓе се како луѓе, а тој — како калуѓер. Веќе станал многу строг. Тоа не е спрема неговите години...

Понекогаш мислеше:

—  Можеби си нашол некоја девојка?

Но плеткањето со девојки бара пари, а тој и’ ја даваше скоро целата своја заработувачка.

Така минуваа недели, месеци и незабележливо поминаа две години необичен, молчелив живот, полн со нејасни мисли и насетувања што постојано растеа.