IX

Во предградието зборуваа за социјалистите кои секаде растураа летци напишани со сино мастило. Во тие летци се пишуваше лошо за поредокот во фабриката, потоа за работничките штрајкови во Петроград и во Јужна Русија, работниците беа повикани да се обединат и да поведат борба за своите интереси.

Средовечните луѓе, кои во фабриката имаа подобра заработувачка, се караа:

—  Бунтовници! За такви нешта треба да се удираат по муцка!

И летците ги носеа в канцеларија. Младината ги читаше прокламациите со одушевување:

—  Вистина!

Мнозинството измачени од работа и кон се рамнодушни мрзливо одговараа:

—  Ништо нема од тоа, — зарем е можно!

Но летците ги возбдуваа луѓето, и кога една недела ќе ги немаше, луѓето веќе си велеа еден на друг:

—  Се гледа дека се откажале од печатењето ...

А во понеделникот летците повторно се појавуваа, и повторно работниците потајно шушкаа.

Во кафеаната и во фабриката се забележуваа нови, непознати луѓе. Тие распрашуваа, разгледуваа, душкаа и секому веднаш му паѓаа в очи, едните — поради својата забележителна претпазливост, другите— поради излишната наметливост.

Мајката знаеше дека сета таа врева ја крева работата на нејзиниот син. Гледаше како луѓето се собираат околу него — и грижата за судбината на Павела се слеваше со гордост.

Една вечер Марја Корсунова тропна од улицата на прозорецот и кога мајката ја отвори едната пола, почна да зборува полугласно шепотејќи:

—  Држи се, Пелагија, ќе имаат непријатност гулабите! Решено е ноќеска кај вас да се направи претрес, и кај Мазин, и кај Вјесовшчиков ...

Дебелите усни на Марја брзо мласкаа една од друга, низ месестиот нос фучеше, намигнуваше и посматраше де на едната де на другата страна, внимавајќи да не ја гледа некој од улицата.

—  А јас ништо не знам и ништо не сум ти рекла, дури не сум те ни видела денеска — слушаш ли?

И ја снема.

Мајката го затвори прозорецот и полека се отпушти на столот. Но свеста за опасноста што го заплашува синот брзо ја крена на нозе, брзо се облече, потоа, поради нешто, добро ја зави главата со шалот и брзо претрча кај — Феѓа Мазин, — кој беше болен и не работеше. Кога дојде кај него, тој седеше крај прозорецот, читаше книга и ја клатеше со левата рака десната, со испружен палец. Кога ја дозна новината, брзо скокна, лицето му пребледе.

—  Ете — сега и тоа. .. — промрморе тој.

—  Што треба да се прави? — бришејќи ја со треперливата рака потта од лицето праша Власова.

—  Чекајте, — не плашете се! — одговори Феѓа, мазнејќи ја со здравата рака кадравата коса.

—  Та и вие самите се плашите! — извика таа.

—  Јас? — образите му пламнаа во руменило и, смеејќи се вџашено, рече: — Да-а, ѓавол.. . Треба да му се јави на Павела. Веднаш ќе пратам по него. Вие одете — ништо! Сигурно не ќе тепаат?

Кога се врати дома, ги собра сите книги и стискајќи ги на градите, долго одеше низ куќи, загледувајќи се во печката, под печката, дури и во качето со вода. И се чинеше дека Павел во тој момент ќе ја напушти работата и ќе дојде дома, но тој не доаѓаше. Најпосле, капнато, седна на столот во кујната, ставајќи ги книгите под себе и така, плашејќи се да стане, преседе се додека од фабриката не дојдоа Павел и Хохолот.

—  Знаете ли? — извикна таа не станувајќи.

—  Знаеме! — со мирна насмевка одговори Павел.

—  Ти си се исплашила?

—  Јас толку се плашам, толку се плашам ...

—  Не треба да се плашиш! — одговори Хохолот.

—  Тоа — ништо не помага.

—  Дури ни самоварот не го приставила! — забележа Павел.

Мајката стана и, покажувајќи ги книгите, покајнички објасни:

—  Ете, за цело време се грижам за нив.

Синот и Хололот се расмеаја, и тоа ја охрабри.

Потоа Павел избра неколку книги и ги зеде да ги закопа во дворот, а Хохолот, палејќи го самоварот, велеше:

—  Воопшто ништо страшно нема, мајче, само е срамота за луѓето што се занимаваат со ситници. Ќе дојдат возрасни луѓе со сабји на колковите, со мамузи на чизмите, ќе загледуваат секаде. Ќе се загледаат под креветот и под печката, ако има визба, и во визба ќе слезат, и на таван ќе се искачат. Таму на муцката ќе им се нафати пајажина, та ќе киваат. Здодевна и срамна им е работата што ја вршат; затоа се прават како да се многу лоши луѓе и страшно ви се лутат. Погана работа е таа, тие се свесни за тоа! Еднаш кај мене се испометкаа, се збунија и просто си отидоа, а другпат ме зедоа и мене со нив. Ме пикнаа в затвор, и таму ме држеа четири месеци. Лежиш, лежиш во затворот, ќе те викнат кај себе, ќе те прошетаат по улица со војници, ќе те прашаат што да било. Неумен народ се тие, зборуваат бесмислености, ќе се назборуваат — и пак ќе им заповедаат на војниците да те носат в затвор. Така те носат натаму — наваму. — Треба да ја заслужат платата што ја примаат! А после те пуштаат на слобода. — Тоа е сè!

—  Како зборувате секогаш така вие, Андрјуша!— извика мајката.

Беше клекнат пред самоварот и грижливо дуваше со дувалката, и одеднаш го крена лицето заруменето од напинање и, мазнејќи ги со двете раце мустаќите, праша:

—  А како зборувам?

—  Така, како да не ве навредил никој и никогаш...

Тој стана и, зафрлувајќи ја косата на главата, со смеење рече:

—  Зарем има некаде на светот ненавредени души? Мене толку ме навредувале, што веќе престанав да се навредувам. Што ќе чиниш кога луѓето не можат поинаку? Навредите пречат во работата, да се обѕираш на нив — тоа би било само губење време. Таков е животот! Јас порано им се лутев на луѓето, но кога размислив, — гледам дека не треба. Секој се плаши да не го удри соседот, и се грижи да го надитри со удар. Таков е животот, мила стрино!

Неговиот говор течеше мирно и некаде ја отфрлаше возбудата заради очекуваниот претрес — ококорените очи светло му се смешкаа — и целиот тој — инаку несмасен — беше толку жилав.

Мајката воздивна и топло му пожела:

—  Господ среќа да ти даде, Андрјуша!

Хохолот широко зачекори кон самоварот, повторно клекна пред него и тивко промрмори:

—   Ако ми се даде среќа — не ќе ја откажам, да молам — не молам.

Павел влезе од дворот и уверено рече:

—  Нема да ги најдат! — и почна да се мие.

Потоа, бришејќи ги рацете силно и грижливо, зазборува:

—  Ако вие, мајко, им покажете дека сте се уплашиле, ќе помислат: значи, во оваа куќа има нешто, штом таа толку трепери. Вие веќе знаете — ние ништо лошо не сакаме, вистината е на наша страна и за неа ќе работиме цел живот — ете, тоа е сета наша вина! Што има за плашење!

—  Ќе се воздржам, Паша, — му вети таа. И веднаш потоа и се отна тажен извик: — Барем што поскоро да дојдат!

А тие таа ноќ не дојдоа, ниту утрината, а за да ги пресретне шегите за сметка на нејзиниот страв, мајката прва почна да се шегува на своја сметка:

—  Се исплашив пред да биде потребно!