XII

Утредента изутрина неколку десетини мажи и жени стоеја пред вратата на болницата очекувајќи да го изнесат на улица ковчегот на нивниот другар. Околу нив внимателно се војваа шпиони чулејќи ги ушите да ги дочујат одделните извици, запомнувајќи ги лицата, движењата и зборовите, а од другата страна на улицата на нив внимаваа група полицајци со револвери на појас. Дрскоста на шпионите, потсмешливите насмевки на полицијата и нејзината готовност да ја покаже својата сила го дразнеа купот луѓе. Некои, криејќи ја својата раздразнетост, правеа шеги, други мрачно гледаа в земја трудејќи се да не ја забележуваат зајадливоста, трети, не воздржувајќи го гневот, иронично и се смееја на власта која се плаши од луѓе вооружени само со зборови. Бледо-синото небо ја фрлаше есенската светлина на улицата поплочена со тркалезни, сиви камења, прекриена со жолти лисја, а ветерот, кревајќи ги лисјата, им ги фрлаше на луѓето под нозе.

Мајката стоеше меѓу луѓето и посматрајќи ги познатите лица со тага мислеше:

—  Малку сте — малку! А работен народ, скоро нема ...

Се отвора вратата, на улицата го изнесоа капакот од ковчегот и венците со црвени ленти. Луѓето сите како еден ги симнаа капите — чиниш над нивните глави излетале јато црни птици. Високиот полициски офицер со густи црни мустаќи на црвеното лице брзо влезе меѓу насобраните по него без секакви обѕири разделувајќи ги луѓето, чекореа војниците гласно тропајќи со тешките чизми по калдрмата. Офицерот со зарипнат, заповеднички глас рече:

—  Молам да се симнат лентите!

Од сите страни го опколија луѓе и жени, мавтајќи со рацете нешто му зборуваа возбудени и туркајќи се еден со друг. Пред очите на мајката и прелетуваа бледите, возбудени лица со растреперени усни, низ образите на една жена се слеваа крупни солзи од навреда ...

—  Долу со насилството! — извика некој млад глас и осамен се изгуби во викотиицата на препирањето.

Мајката исто така во срцето почувствува огорченост и, обраќајќи му се на својот сосед, сиромашно облечен млад човек, со негодување рече:

—  Не даваат ни да се закопа човекот како што сакаат другарите, — што значи тоа!

Нерасположението растеше, над главите на луѓето се нишаше капакот од ковчегот, ветерот си играше со лентите обвивајќи ги околу главите и лицата и се слушаше сувото, нервозно шушкање на свилата.

Мајката ја опфати студен страв да не дојде до судирање, брзо и тивко зборуваше в десно и в лево:

—  Господ да е со нив — кога е така, — би требало да се симнат лентите! Треба да се попушти — најпосле што да правиме!...

Силен и остар глас заглушувајќи ја вревата ѕвонеше:

—  Бараме да не ни пречите да го испратиме на последниот пат оној кого што вие го сотревте.. .

Некој високо и танко запеа:

Вие паднавте жртва и дадовте сè ...

—  Молам, симнете ги лентите! Јаковлев, пресечи ги!

Се чу ѕвечењето на истргната сабја. Мајката ги покри очите очекувајќи вик. Но стана потивко, луѓето мрмореа, налутено копаа како спобркани волци. Потоа молчешкум со главите ниско, наведнати, тргнаа напред полнејќи ја улицата со тропотот на чекорите.

Напред одеше пљачкосаниот капак од ковчегот со искинати венци и нишајќи се натаму-наваму јаваа полицајците. Мајката одеше по тротоарот, не го гледаше ковчегот од густата маса луѓе, која тесно го имаше опколено, незабележливо порасната и исполнета во сета ширина на улицата. Зад масата исто така се издигаа сиви фигури на коници, отстрана, држејќи ги рацете на сабјите, чекореше пешачката полиција, на мајката секаде и се меркаа познатите остри очи на шпионите кои насекого му се џареа в лице.

Збогум, другар наш, збогум,... тажно запеаја два убави гласа.

—  Не треба! — се чу извик. — Да молчиме, господа!

Во тој извик имаше нешто сурово, строго. Тажната песна се прекина, зборувањето стана потивко и само цврстите удари на нозете по калдрмата ја исполнуваа улицата со глув, едноличен звук. Тој се издигаше над главите на луѓето во проѕирното небо и го потресуваше воздухот како одзвук на прва грмотевица од уште далечна бура. Студениот ветар стануваше посилен, непријателски во пресрет на луѓето им ги носеше правта и ѓубрето од градските улици, ги надуваше фустаните и им ги бушавеше косите, ги засипуваше очите, удираше в гради и пречеше во одењето .. .

Немиот закоп без попови и песни што ја притиска душата, замислените лица, намрштените веѓи, на мајката и предизвикуваа мачно чувство и мислата, кружејќи полека, впечатоците ги облекуваше во тажните зборови:

—  Малку сте вие кои сте за вистината ...

Чекореше со наведната глава; и се чинеше дека не го закопуваат Егора, туку нешто друго на што таа има навикнато, што и е блиско, потребно. И беше тешко, незгодно. Срцето и се полнеше со тврдо, немирно чувство на несогласување со луѓето кои го придружуваат Егора.

—  Се разбира, — мислеше таа — Егорушка не веруваше во бога, ниту некој од нив ...

Но не сакаше да ја заврши својата мисла и воздивнуваше сакајќи да го симне товарот од душата.

—  О, господе, господе Исусе Христе! Можно ли е дека и мене така ...

Дојдоа на гробиштата и долго кружеа по тесните врвици помеѓу гробовите додека не излегоа на отворен простор, посеан со ниски, бели крстови. Се собраа околу гробот и замолчеа. Суровото молчење на живите меѓу гробовите навестуваше нешто страшно, од што срцето на мајката затупка и запре во очекување. Помеѓу крстовите свиреше и завиваше ветрот, на ковчегот тажно трепереше искинатото цвеќе ...

Полицијата ги начули ушите, застана во приправност гледајќи во својот началник. Над гробот се појави висок младич, гологлав, со долга коса, со црни веѓи и блед. И во исто време се разнесе зарипнатиот глас на началникот на полицијата:

—  Господа... .

—  Другари! — силно и ѕвонливо започна црномурестиот.

—  Допуштете! — извика полицаецот! — Ви соопштувам дека не можам да допуштам говори ...

—  Ќе речам само неколку зборови! — мирно изјави младиот човек! — Другари! Да се заколнеме над гробот на нашиот учител и пријател дека никогаш нема да ги заборавиме неговите завети, дека секој од нас цел живот неуморно ќе му го копа гробот на виновникот за сите неволи на нашата татковина, на злата сила што не дави — на самодржавјето!

—  Апсете го! — викна полицаецот, но неговиот глас го заглуши нескладен излив на извици:

—  Долу самодржавјето!

Растурајќи го купот, полицајците јурнаа кон говорникот, а тој, тесно опколен од сите страни, размавтувајќи со раката извика:

—  Да живее слободата!

Мајката ја турнаа настрана, таа таму во страв се навали на еден крст и, очекувајќи удар, ги покри очите. Бурен виор од нескладни извици ја заглуши, земјата под нозете и се нишаше, ветрот и стравот и го отежнаа дишењето. Полицајците возбудливо свиреа, се разнесуваше грубиот глас на командата, хистерично викаа жени, оградите трескаа и тапо ѕвонеше тешкиот топот на нозете по сувата земја. Тоа траеше долго и и стана страшно да стои така со покриени очи.

Таа погледна, извика и отрча напред со подадени раце. Недалеку од неа, на тесната патека, меѓу гробовите, полицајците, опколувајќи еден долгокос човек, се одбиваа од масата луѓе што ги напаѓаше од сите страни. Низ воздухот бело и студено светкаа голите сабји, се виеја над главите и брзо паѓаа долу. Залетаа стапови, парчиња од оградата, во дива игра се извиваа вресоците на луѓето кои беа фатени во костец, се издигаше бледото лице на младиот човек — над бурата лута омраза неговиот силен глас грмеше:

—  Другари! Зошто попусто се трошите себеси? ...

Тој победуваше. Фрлајќи ги стаповите, луѓето еден по друг се тргаа настрана, а Мајката постојано се пробиваше напред влечена од несовладлива сила и виде како Николај, со капата зафрлена на тилот, ги одбива настрана луѓето опијанети од лутина, го слушаше неговиот прекорен глас:

—  Мрднати ли сте од умот! Смирете се!...

И се чинеше дека едната рака му е црвена.

—  Николај Иванович, ајдете! — викна таа трчајќи кон него.

—  Каде? Таму ќе ве удрат...

Фаќајќи ја за рамо, напоредно со неа стоеше Софија, гологлава, со разбушавена коса, придржувајќи еден млад човек, речиси дете. Тој со раката го бришеше изранетото, раскрвавено лице и со растреперени усни мрмореше:

—  Пуштете ме — ништо не ми е ...

—  Погрижете се за него, занесете го кај нас! Еве шамиче — врзете му го лицето!... — брзо зборуваше Софија и ставајќи ја раката на младичот во раката на мајката, отрча велејќи:

—  Брзо одете, апсат!...

Луѓето се растурија секаде по гробиштата, по нив, помеѓу гробовите, тешко чекореа полицајците, несмасно сопинајќи се од скутовите на шинелите, пцуејќи и размавнувајќи со сабјите. Младичот ги следеше со волчешки поглед.

—  Ајде побрзо! — тивко извика мајката бришејќи му го лицето со шамичето.

Тој, плукајќи крв, мрмореше:

—  Не вознемирувајте се, — не ме боли. Ме удри со рачката од сабјата ... А и јас него — го ’рснав со стапот! Дури и заофка!...

И заплашувајќи со раскрвавената тупаница, со испрекинат глас заврши:

—  Чекајте. Нема да биде веќе така. Без тепање ќе ве смачкаме кога ќе станеме ние, сиот работен народ!

—  Побрзо! — брзаше мајката забрзано чекорејќи кон малата вратничка на оградата од гробиштата. Нејзе и се чинеше дека таму, зад оградата, во полето се крие и ги чека полицијата и, штом ќе излезат — ќе јурне и ќе почне да ги тепа. Но кога, откако внимателно го отзври вратничето, погледна по полето наметнато со сива ткаеница од есенски зрак, — се смири од тишината и од тоа што немаше никого.

—  Дајте да ви го врзам лицето, — велеше.

—  Не треба, мене не ми е срам! Тепаницата беше чесна: тој — мене, јас — него ...

Мајката брзо му ја врза раната. Додека ја гледаше крвта, срцето и се исполни со жал и кога во прстите ја почувствува влажната топлина по телото, и минаа морници од ужас. Молчеше и брзо го поведе раненикот по полето држејќи го за рака. Ослободувајќи ја устата, со насмевка во гласот тој велеше:

—  Каде ме влечете, другарке? Јас сам можам да одам!...

Но таа чувствуваше дека тој се занесува во одењето, дека не чекори цврсто, а раката му трепери. Со се послаб глас и зборуваше и ја прашуваше не очекувајќи одговор:

—  Јас сум лимарот Иван, — а која сте вие? Ние тројцата бевме во кружокот на Егор Иванович — тројца лимари, а вкупно сме единаесет. Многу го сакавме — господ душата да му ја прости! Иако не верувам во бога ...

Во една од улиците мајката зеде пајтон, го смести Ивана во пајтонот и му шепна:

—  Сега молчете! — и внимателно му ја покри устата со шамијата.

Ја крена раката кон лицето и — веќе не можеше да си ја ослободи устата, раката немоќно му падна на колената. Но сепак, и понатаму низ шамијата мрмореше:

—  Овие удари нема да ви ги заборавам, мили мои... А пред него студентот Титович ни ја толкуваше ... политичката економија ... Потоа го апсија. ..

Мајката го прегрна Ивана, ја положи неговата глава на своите гради, младичот одеднаш сиот натежна и замолче. Мртва од страв, таа под око гледаше на сите страни, и се чинеше дека од некаде зад аголот ќе истрчаат полицајци и ќе ја видат врзаната глава на Ивана, ќе го фатат и ќе го отепаат.

—  Пијан? — праша пајтонџијата свртувајќи се на седиштето и добродушно насмевнувајќи се.

—  До солзи се наголтал! — воздивнувајќи одврати мајката.

—  Син?

—  Да, чевлар. А јас сум готвачка .. .

—  Се мачиш. Така ...

Откако замавна со камшикот на коњите, пајтонџијата пак се сврте и потивко продолжи:

—  А сега, слушам, на гробиштата имало мешаница!... — Го закопувале, велат, еден политички човек— од оние што се против власта . .. Тие таму се судриле со власта. Сигурно го закопувале исти такви, негови другари. И удриле таму да викаат — долу власта, таа, велат, народот го пропастува... Полицијата почнала да ги тепа! Велат дека имало искасапени на мртво име. Но и полицијата си добила ... — замолче и премалено мавтајќи со главата, со чуден глас проговори:

—  Мртвите ги вознемируваат, покојниците ги разбудуваат!

Пајтонот со тропотење отскокнуваше по калдрмата, главата на Ивана меко се туркаше во градите на мајката, пајтонџијата седејќи на половина свртен, замислено мрмореше:

—  Народот се буни — неред се прави во земјата, да! Синоќа кај нашиот сосед дојдоа џандарите. Бараа нешто дури до утрото, а изутрината го зедоа единствено ковачот и го однесоа со себе. Велат дека ноќе ќе го однеселе на реката и тајно ќе го удавеле. А ковачот, е човек на место . ..

—  Како се вика? — праша мајката.

—  Ковачот ли? Савел, а прекарот му е Евченко. Уште е млад, а веќе многу разбира. Разбирањето, се гледа, — забрането е! Доаѓаше понекогаш и велеше: каков е вашиот живот, пајтонџии? Право да си кажам, животот ми е полош одошто кучешкиот.

—  Стој! — рече мајката.

Иван од клинкањето се разбуди и тивко застенка.

—  Добро го фатила! — забележа пајтонџијата. — Ех, ти, вотко — воткичке ...

Кревајќи ги нозете со мака, нишајќи се со целото тело Иван одеше низ дворот и велеше:

—  Ништо, — можам сам ...