Едгар Хардкасл

Мотивираност во социјализмот


Извор: Edgar Hardcastle, Incentive Under Socialism, Socialist Standard, November 1940.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: април 2023


Многу луѓе се навистина збунети од тврдењето на социјалистите дека производството ќе продолжи во социјализмот без постоечките привилегии и нееднаквости. „Како“, прашуваат тие, „луѓето ќе бидат мотивирани да работат освен под стимулација со плати и можноста да се здобијат со повисоко платено звање или да прибегнат во редовите на имотната класа, која може да живее без работа?“ Тие не се многу импресионирани од одговорот дека нормалните здрави луѓе, кои се едуцирани согласно општествениот систем и обучени да вршат корисна работа, не сакаат да избегаат од работа. Тие сакаат да работат и не им треба поголем мотив отколку што им е дадено со сознанието дека мора да работат за да се одржи општеството и дека тие ја извршуваат својата улога во тоа заедно со своите сограѓани и сограѓанки. Интересен факт е дека оној кој го поставува тоа прашање, истиот тој никогаш не се има себе на ум. Тој никогаш не вели дека нема да работи, туку дека ќе се обиде да ги искористи оние што работат; секогаш некој друг ќе го прави тоа за него. Истата слепа зона постои кога бранителите на капитализмот се обидуваат да го оправдаат својот систем и неговите наводни „принципи“ на доделување награди. Теоретски, тие го бранат капитализмот врз основа на тоа дека е добро и нужно секој поединец да се грижи за себе и да се обидува да добие или зграпчи колку што може повеќе, но кога станува збор за индивидуални случаи (секогаш во врска со другите), тие го отфрлаат сопствениот принцип. Обрнете внимание како тие се противат невработените да добиваат мизерна социјална помош без да мораат да работат, но никогаш не се противат милионерите (повеќето од нив на таа позиција преку наследство) да можат да живеат во луксузно безделничење. Прочитајте ги гневните писма во печатот во кои се спротивставуваат на одредени работници кои ги смениле своите работни места во време на војна со цел да добијат поголема плата – писма кои се вообичаено пишувани од луѓе чии примања се далеку повисоки од оние против кои се жалат.

Поинтересни се обидите да се наведе некој вид принцип за оправдување на сегашниот систем. Во едно писмо до Тајмс (27 јуни 1940 година), г-дин Морис Хели-Хатчинсон, член на парламентот, изложил еден таков принцип:

Се чини малку веројатно дека човештвото било кога ќе оди напред, освен на двојните основи на наградата за достигнување и на личната одговорност. Аксиома е ставот дека мора да постои хиерархија на приходи, доколку сакаме да има хиерархија на одговорност.

На прв поглед ова може да изгледа како точен опис на сегашниот ред на нештата, бидејќи често се прави обид да се измери одговорноста на звањата на работниците кои работат еден до друг во иста организација. Надзорникот обично добива поголема плата од оние на кои тој им заповедува.

Но, каква е оваа „хиерархија на одговорност“ и зошто е таа аксиома? Секогаш одговорноста е одговорност која се зголемува сразмерно висината на звањето сè до сопствениците на бизнисот. Таа одговорност може да дојде во конфликт и често е во конфликт со одговорноста за безбедноста на работниците и одговорноста за интересите на населението воопшто. Зошто е аксиома дека одговорноста кон сопственикот што бара профит треба да ги надмине другите одговорности? Зошто oној кој ги надгледува возачите на патниот транспорт и се обидува да ги забрза треба да биде платен повеќе за својата одговорност кон сопствениците отколку внимателниот (но можеби и не толку брзиот) возач кој е податлив на својата одговорност кон пешаците?

Кога ја напуштаме индивидуалната грижа и гледаме на капитализмот како целина, практиката е подеднакво во спротивност со кој било таков принцип. Како некој одлучува дека шефот на една од железницата вреди 14.000 фунти годишно поради неговата одговорност кон акционерите кога машиновозачот или сигналичарите, кои имаат голема одговорност за животите на патниците, добиваат околу една педесеттина од таа сума?

Врз основа на кој принцип нашите милионери уживаат во своите огромни незаработени приходи? Зошто претседателот на американското претпријатие Lever Brothers добива плата од 117.500 фунти годишно (News Chronicle, 2 јули 1940 година); и дали г-дин Хели-Хатчинсон мисли дека одговорноста на Ширли Темпл, како што е наведено од нејзиниот приход од 76.750 фунти во 1939 година, е многу поголема од неговата, како што е наведено од неговиот приход од 600 фунти годишно како член на парламентот? Зошто, во Поштата, генералниот директор зема поголема плата од својот шеф, Министерот на пошти и телекомуникации? Според г-дин Хели-Хатчинсон ова е целосно спротивно на аксиомата. И дали тој би рекол дека одговорноста на директорите на Суецкиот канал од 5.000 фунти годишно („плус великодушни трошоци“) е поголема од онаа на луѓето кои го раководат каналот на лице место – директорите, патем, ги извршуваат своите „одговорни“ функции во Париз?

Сè на сè, оние кои си земаат за право да објаснуваат и да наоѓаат оправдувања за капиталистичкиот систем приредија неверојатно лошо шоу. Пред да завршиме, само земете го Daily Express. Тоа списание е вообичаено енергично и бесрамно во застапувањето на капитализмот и исмејувањето на наводните неможности на социјализмот. Честопати се занимава со ова прашање во врска со мотивираноста и тврди дека единствениот задоволителен мотив е можноста да се заработат пари. Но, на 2 ноември 1940 година, нејзината редакција се занимаваше со итната потреба да се најде средство за надминување на ноќните воздушни напаѓачи над Лондон. Наместо, сепак, да биде доследна и да ја повика Владата да даде големи суми пари на оној кој ќе го открие одговорот на проблемот, Express повика „на јавноста да ѝ се дадат имињата“ на научниците кои работат на проблемот. „Запомнете“, рече Експрес, „научниците се луѓе. Тие, исто така, ќе напредуваат со пофалбите на нацијата“. Така, овде, кога станува збор за поентата, Daily Express ќе се потпре само на пофалби како мотив за научниците да работат напорно и брзо на некој критичен проблем.

Тоа треба да се има предвид кога следен пат Express ќе тврди дека социјализмот нема да функционира поради недостиг на мотивираност.

 


Архива на Едгар Хардкасл | Економија | марксистичка интернет архива