Стрелањето на партизанката Лена[1]


Напишано: 1990
Извор: „Нова Македонија“, јануари-мај 1990
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2014


СОДРЖИНА

16 јануари 1990: Богоја Фотев, „Една партизанска беше стрелана
3 февруари 1990: Злате Треневски „Расветлување на убиството на Лена Стојковска
14 февруари 1990: Злате Тренески „Друг го напишал тоа
3 март 1990: Наум Стојчевски „Расветлување на убиството на Лена Стојчевска
8 март 1990: Митре Инадески „Лена Стојчевска – ‘народен непријател’“
17 март 1990: В. Бурзевски „Уште еднаш за Лена Стојчевска
23 март 1990: „Вистината за стрелањето на Лена Стојчевска“, вовед во серијата сведоштва објавени на 23 март 1990
23 март 1990: Јаким Синадиновски „Не можела да биде непријател
23 март 1990: Г. Каревски „Методија Стојчевски, татко на Лена: Мојата најтешка болка
23 март 1990: Митре Инадоски „Битно прашање е врската Лена – Абаз
23 март 1990: Славе Василевски „Видов страшна глетка
23 март 1990: Рада Стојковска – Мабус „Беше малку несериозна девојка
23 март 1990: Стојанка Зафировска „Не требаше да биде стрелана
14 април 1990: Веце Брајковски „Зарем и тоа може?!
26 април 1990: Лазе Стојчевски „Лена - наш непребол
12 мај 1990: Ванчо Бурзевски „И тоа можело
12 мај 1990: Јагнула Паскал Куновска „Отворено писмо до окружниот јавен обвинител во Скопје



Богоја Фотев[2]

Една партизанска беше стрелана

16 јануари 1990

Уште вечерта, пред да влеземе во Битола [при нејзиното ослободување на 4 ноември 1944 година], отидов во моето село Бистрица. И наместо да се радувам, ме одзеде тага, особено кога требаше да се сретнам со семејствата на загинатите другари. Тешка и жална беше оваа средба, а јас не можев да најдам зборови и да ги утешам. Се сретнав и со семејството на Лена Стојковска [Стојчевска], која инаку ми беше внука, а Лена беше стрелана во селото Елкоец како партизанка, но за неморал. За нејзиниот случај јас разбирав уште во Горно Врановци. Дојде Леонида Тодоровска од Битола и ми рече: „Знаеш ли, Богоја, што е ново? Лена е стрелана.“ Тогаш Перо Пирузе требаше да замине на терен и јас го замолив да го испита случајот околу стрелањето на Лена. Потоа Пирузе се врати од терен и ми кажа подробно за настанот. Бане Андреев ја вршеше должноста на Лазо Колишевски и јас се обратив со молба до него со целата оваа работа да го запознае ЦКМ [ЦК КПМ]. Ми вети, но дали го стори тоа не знам. Кога бевме во Битола, по митингот беше приреден банкет. Седев во близина на Лазар Колишевски и бев многу натажен. Колишевски го забележа тоа и ме праша: „Што си вака потиштен, Богоја?“ Му договорив дека сум потиштен за еден многу грозен случај и му раскажав сè што бев чул за Лена. На тоа Лазо рече: „Ако е вистина она што ми го кажуваш, тогаш Абаз Цветко Узуновски[3] [и] В.Б.[4] ќе го суредиме.“ Лазо не го заборави она што го вети и по некое време бевме веќе дојдени во Скопје, а тој ме повика во канцеларијата и рече: „Богоја, случајот со Лена го испитавме до детали, дури испратив луѓе во Кичево, но никако не може да се утврди дали Абаз е замешан во оваа работа.“ Тогаш разочаран на Лазар му реков: „Другар Лазо, зошто Лена е стрелана за неморал, па ако не била со Абаз, тогаш била со некој друг и зошто нејзе и’ падна главата, а нему не?“

Не можев да верувам дека сето тоа било така и при првата средба со Димитар Влахов му образложив сè околу стрелањето на Лена. Подоцна дознав дека тој ова мое барање го поставил пред ЦКЈ [ЦК КПЈ]. Ме испратија на сослушување кај Љупчо Арсов. Отидов кај Љупчо и одбив секакво сослушување со изговор дека ќе си поднесам оставка на сите должности, зашто бев цврсто уверен дека сето тоа беше дело на Абаз.

Пак помина некое време и пак јас не можев да се смирам со трагедијата на Лена и во еден разговор со Киро Миљовски повторно го изнесов случајот. Тој, слушајќи ме, рече: „Знам дека меѓу Лазо и Абаз дојде до некои расправии, при што Лазар на Ранковиќ му рекол во врска со Лена, ‘Богоја беше во право, но јас не му верував.’“


Злате Треневски

Расветлување на убиството на Лена Стојковска

3 февруари 1990

Повод за ова мое писмо се сведоштвата на другарот Богоја Фотев во врска со убиството на неговата внука, партизанската Лена Стојковска. Читајќи ги неговите кажувања, уште еднаш бев длабоко потресен од тој крајно нечовечки настан. Велам уште еднаш, зашто со тој случај бев запознат веднаш по нејзиното убиство.

Точно е дека таа беше убиена во близината на селото Евлоец, Кичевско, каде што беше сместена печатницата на ЦК КПМ „Гоце Делчев“.

Лена беше една од партизанските и партизаните кои работеа во печатницата. За убиството на Лена разбрав од другарот Ванчо Бурзевски. Тогаш тој беше организациски секретар на Првиот обласен комитет на КПМ, а јас негов член. За расветлувањето на овој случај може да придонесе и тогашниот раководител на печатницата „Гоце Делчев“, другарот Митре Инадевски. Колку што се сеќавам, во тоа време во печатницата работеше и другарот Јаким Синадиновски, како и некои други другари. Сите нив со ова писмо ги повикувам јавно да го кажат тоа што го знаат и на тој начин да придонесат за расветлувањето на овој случај.


Злате Тренески

Друг го напишал тоа

14 февруари 1990

Во весникот „Нова Македонија“, бр. 15.455 од 3 февруари 1990 година, беше објавен написот „Расветлување на убиството на Лена Стојковска“, под кој некој злонамерен пишувач го злоупотребил моето име и презиме, мојата точна адреса и фалсификувајќи го мојот потпис, со што ми нанесе многу непријатности. Ја користам оваа прилика да ја запознам пошироката јавност дека прилогот под гореспомнатиот наслов не е мој и категорички тврдам дека моето име и презиме се злоупотребени.

Дека станува збор за злоупотреба, ги посочувам следните факти: злонамерниот пишувач ги побркал нештата наведени во написот и фактичката вистина за партиските функции на Ванчо Бурзески и моите. Во спомнатиот период јас бев секретар на Околискиот комитет на КПМ за Кичевската околија, а не член на Обласниот комитет; никогаш и никаде не сум го споменувал името на професорот Јаким Синадиновски, како коактер на каков било настан од овој вид, ниту, пак, името на Митре Инадески, кој се споменува во прилогот; никако не сум можел да напишам – „селото Евлоец“, како што стои во написот (тоа село се вика Ехловец) и, на крајот, јас никаде и никогаш не сум се потпишувал како Треневски, туку моето презиме е Тренески.

Фалсификувањето на моето име и презиме, како и на мојот потпис, по сè изгледа, е дело на лице што, сепак, ги познава или ги проучува настаните за кои станува збор. Но, ако тоа лице имало намера нешто да и’ порача на јавноста, зошто тогаш тоа не го ставило под сопственото име, туку „се послужило“ со моето?! Значи, станува збор за зла намера и кукавичлак, со цел мене лично да ми напакости, зашто, ни крив ни должен, доведен сум во ситуација јавно да им се извинувам на другарите, кои се поименично споменати и да ги замолувам да го уважат мојот демант.


Наум Стојчевски

Расветлување на убиството на Лена Стојчевска

3 март 1990

Во весникот „Нова Македонија“ од 10 февруари 1990 година беше објавено писмото „Друг го напиша тоа“ од Злате Тренески од Скопје. Не гледам повод другарот Злате така остро да ги демантира наводите од претходното писмо „Расветлување на убиството на Лена Стојчевска“ од 3 февруари 1990 година. Во наведеното писмо потписникот никого не обвинува, туку потресен од злосторството направено спрема Лена ги повикува нејзините соборци да ја кажат револуционерната вистина. Ако сакал Тренески да каже дека тоа не го напишал, можел тоа да го каже многу сталожено. Од ваквиот негов настап секој читател ќе се посомнева дека можеби демантот го направил под притисок на некој кој си ја има „мувата на капата“.

Да не се покриваме со пепел. И врапчињата во Дебарца и Копачијата зборуваат за трагедијата на Лена. За случајот на Лена време е јавно да ја изнесат вистината нејзините соборци, за да не ги мачи совеста.

Време е да се сфати дека не постои директива за молчење и чување на компромитирани авторитети. Треба да се сфати дека сега за јавноста не постојат табу теми. Јавноста, особено младата генерација, бара да и’ се предаде револуцијата во наследство без црни дамки, бидејќи, во спротивно, ќе нè следи вечно проклетство, зашто не се сите борци виновни што некои ја наградија [нагрдија] револуцијата. Затоа е потребно сè отворено да се изнесе пред јавноста и на тој начин да се испере сомневањето од себе.


Митре Инадески

Лена Стојчевска – „народен непријател“

8 март 1990

При публикувањето на дел од мемоарите на другарот Богоја Фотев (кого посебно го ценам како човек и револуционер) во „Нова Македонија“ – во рубриката „Сведоштва за историјата“ – од 16 до 19 јануари 1990 година, покрај другото, тој се осврнува и на стрелањето на неговата внука Лена Стојчевска, под наслов „Една партизанка беше стрелана“. Бидејќи делумно сум запознат со овој трагичен настан, а во интерес на вистината, сакам да дадам свој прилог околу неговото расветлување.

Партизанската печатница „Гоце Делчев“ од нејзиното формирање есента 1942 година во село Битуше, па сè до ослободувањето, беше десетина пати преместувана на разни подрачја и места во Македонија. Во периодот од првата половина на април до средината на септември 1944 година таа беше лоцирана во еден од најгусто зашумените локалитети на Јама, речиси до самото извориште на Ехлоечка река, над селото Ехлоец, Кичевско. За неа беше направена посебна дрвена барака од букови трупци. Во печатницата работевме десетина партизани и партизанки, а со неа раководев јас.

Кон печатницата во почетокот на јуни 1944 година беше придодадена да работи и партизанката Лена Стојчевска. Таа беше испратена од страна на Обласниот комитет на КПМ за Првата област, кој во тоа време се грижеше за кадровскиот состав на печатницата. Уште во почетокот ми беше советувано да и’ посветам поголемо внимание околу нејзиното оспособување да пишува на машина за да може што побргу да стане дактилографка, за да биде подоцна распоредена на работа во некој партизански орган.

Лена Стојчевска беше член на КПМ. Работата ја сфати доста сериозно. Така, за кратко време постигна добри резултати. Така, покрај тоа, се претстави како мошне дисциплиниран член на колективот. Беше дружељубива, природно интелигентна и секогаш готова за шега и за создавање пријатна атмосфера кај сите во базата. Имаше пријатен глас. Оттаму, беше посебно задоволство да се слуша кога ги интерпретираше македонските народни песни, особено оние што потекнуваа од Преспа, Битолско, Леринско, Костурско и други. Поради овие нејзини особини, таа стана мошне сакана и почитувана меѓу сите во колективот.

Меѓутоа, со неа се случи нешто неочекувано, што никој од нас не можеше да го претпостави и да го замисли. Имено, во една пригода Лена им се доверила на своите другарки (а ги имаше со неа вкупно пет), дека му е другарка на Цветко Узуновски – Абас и дека извесно време живееле заедно. Во тоа време Узуновски беше член на Централниот комитет на КПМ. Нивното запознавање и меѓусебно зближување станало кога таа го придружувала како толкувач за грчки јазик, кога тој престојувал во Преспа и во Егејскиот дел на Македонија. Притоа, според нејзините зборови, станале мошне интимни.

Овие нејзини искажувања постепено се пренесоа речиси во целиот колектив. За нив научиле и некои членови на Обласниот комитет.

Не измина долго време, а во базата на печатницата пристигна членот на Обласниот комитет Ванчо Бурзевски. Бидејќи јас преку него контактирав со Обласниот комитет, ме извести (а мислам дека тоа го стори и со некои други членови на Партијата), дека тоа што го зборувала Лена за односите со Узуновски не е точно, дека тоа е плод на нејзината фантазија, дека тоа прашање треба веднаш да го разгледа нашата партиска организација и таа да биде најстрого казнета.

Ние свикавме партиски состанок. И на овој состанок Лена го повтори истото што веќе го искажала на другарките. Во тоа беше категорична. Дури и побара да и’ се овозможи да се сретне со Узуновски и лично да разговара со него околу ова прашање. По подолга дискусија на состанокот, во која учествуваа речиси сите членови, на крајот едногласно донесовме заклучок Лена да се казни со партиска опомена поради малограѓанско однесување. За определување на ваква блага, речиси симболична казна, влијаеше тоа што сите не бевме убедени дека нејзините искази не се точни.

По овој состанок на партиската организација при печатницата, случајот со Лена, како што бев известен, го презел да го решава Обласниот комитет. По неколку денови таа беше повлечена од печатницата. Ја повлече Ванчо Бурзевски. Но, набргу потоа во базата дојде тој и пред целиот колектив соопшти дека случајот со Лена го разгледал Обласниот комитет (во што јас се сомневав) и утврдил дека таа, како народен непријател, намерно била вовлечена во народноослободителното движење, со цел од внатре да ровари и да го разбива единството на движењето, а преку компромитирање на некои наши високи партиски функционери да се губи довербата во раководството. Поради сето ова Обласниот комитет ја осудил на смрт, а егзекуцијата е извршена. Тоа се случи во втората половина на јули 1944 година.

Бидејќи не верував дека Лена можела да биде наш непријател, на Ванчо Бурзевски отворено му кажав дека не се согласувам со донесената одлука и со извршувањето на егзекуцијата. Ова мое несогласување да го пренесе во Обласниот комитет. Мислам дека и Јаким Синадиновски му рече нешто слично.

За овој трагичен настан знаат сите наши другари и другарки кои во тоа време работеа во печатницата. Од нив не мал број сè уште се живи. Тоа се: Јаким Синадиновски, првоборец, универзитетски професор во пензија, живее во Скопје, Рада Стојковска – Мабус, првоборец, живее во Тетово, Злата Стојковска, учесник во НОВ, живее во Скопје, Славе Василевски, учесник во НОВ, живее во Гостивар, Стојанка Зафировска, учесник во НОВ, живее во Градско и Благица Ивановска – Дебарлиева, учесник во НОВ, живее во Скопје.

За случајот со Лена Стојчевска поопширно усно и писмено го известив Лазар Колишевски – политички секретар на ЦК КПМ уште во јануари 1945 година. Исто така, по негово барање, усно и писмено го запознав и Крсте Црвенковски, член на Политбирото на ЦК КПМ, во 1953 година.


В. Бурзевски

Уште еднаш за Лена Стојчевска

17 март 1990

Во текот на суровата борба за конечно ослободување на Југославија и на Македонија, имаше многу тешки жртви. Гинеа луѓе не само на отворените фронтови и врз основа на одлуките на непријателот. Гинеа и луѓе во нашите сопствени редови според критериумите и принципите без кои не би можело успешно да се води ослободителната борба.

Од гледна точка на сегашните услови – значи далеку од пеколот во кој се одвиваше таа борба – може релативно лесно да се оценува дали некоја од тие одлуки била доволно оправдана или не била. Но, тогаш ги немало овие денешни услови, а опасноста за целата организација, за цели борбени или здравствени организации (на пример, партизанската болница) – буквално висела во воздух и се заканувала од сите страни. Во такви услови будноста морала да биде до крајност заострена, а мерките на безбедност посурови. Во такви услови многу елементи влијаеле некоја одлука да се прифати без поговор.

За Лена Стојчевска прашањето не се постави со написите во „Нова Македонија“ во последните денови. Го постави Богоја Фотев кон средината на 50-тите години. За да го испита сериозно случајот, ЦК КПЈ формира посебна комисија на чело со Милош Миниќ, тогаш најпознат иследник. (Тој ја водеше истрагата и судењето на Дража Михајловиќ). Колку што ми е мене познато, таа комисија детално го сослушуваше секого кој би можел макар со нешто да придонесе да се расветли овој случај. Колку време работела комисијата – не ми е познато. Не ми е познат ниту текстот на нејзините наоди, иако тоа го барав со писмо до ЦК КПЈ, приближно еден месец по заминувањето на комисијата од Македонија. Можев да добијам само општ заклучок според кој (моја слободна интерпретација) „во тоа воено време – на друг начин и не можело да се постапи“. Во секој случај, тој извештај мора да постои во Архивот на ЦК КПЈ (СКЈ).

Да бидам конкретен: морално-политичката оценка на целиот случај ја даде таа комисија пред околу 45 години, што значи во време кога сите сведоци беа живи и кога сеќавањата беа неспоредливо посвежи отколку што можат да бидат денес. Затоа не е чудно што во некои денешни сведоштва има по малку фантазија, па и извесна доза на инсинуации.

Останува, се разбира, недокрајчено прашањето дали случајот доволно е испитан од правна гледна точка, а со тоа – веројатно – и некои морално-политички квалификации. Ако има поединци кои мислат така и ако за тоа имаат доволно елементи – најдобро ќе биде случајот со Лена да го предадат на некој надлежен судски орган. На тој начин секој денешен сведок ќе се чувствува одговорен за она што ќе го напише или изјави. Секако, би било корисно, исто така, судски да се споредат текстовите на изјавите кои сведоците ги дале пред комисијата на Миниќ и нивните текстови кои сега им се нудат на читателите. Низ таквата проверка ќе се согледа суштината на случајот за кој станува збор, но веројатно и моралните вредности на некои денешни сведоштва.


Вистината за стрелањето на Лена Стојчевска

Вовед во серијата сведоштва објавени на 23 март 1990

„Нова Македонија“ на 23 март 1990 година објави повеќе сведоштва за убиството на Лена Стојчевска, со наднаслов „Вистината за стрелањето на Лена Стојчевска“ и со следниот воведен коментар: 

„И по 45 години од Револуцијата, некои настани што се случувале во тие тешки години сè уште се под превезот на тајната и сè уште не се докрај расветлени. Тоа биле години да се биде или не, во кои што по силата на приликите владееле посебни закони примерени на сите револуции. Сите оние идеали за коишто се бореле и во коишто верувале илјадници револуционери пред тоа станале траен патоказ и во Народноослободителната борба. Од тоа време се познати разни примери кога, за да се зачуваат светите идеали на револуцијата, за една украдена слива или шал, партизаните ги жртвувале своите соборци, а воените услови често налагале некои одлуки да бидат донесувани по брза постапка и без вообичаената процедура, карактеристична за мирновременските услови. Вакви примери има многу во историјата. Меѓутоа, има и сосема спротивни случаи, кога од името на Револуцијата се злоупотребени цврстите револуционерни правила за лични пресметки, кои фрлаат сенка врз Револуцијата.

Овие бели петна особено доаѓаат до израз во постреволуционерниот период, кога тие темни случаи остануваат нерасветлени и нејасни, па во сегашните поизразени демократски процеси се доживуваат многу бурно и со емоции.

Еден од настаните од тоа време е случајот на Лена Стојчевска, кој еве, и по четири и пол децении, сè уште предизвикува различни коментари во јавноста. Многу прашања сè уште се без одговор, а „Нова Македонија“, со цел да фрли повеќе светлина на овој случај од минатото, замоли неколкумина соборци и сведоци на тој настан, да го кажат своето видување на драматичниот крај на Лена Стојчевска.

Ако навреме и достоинствено беше расветлен овој случај, секако дека денес немаше да добие сензационалистички призвук.“


Јаким Синадиновски

Не можела да биде непријател

23 март 1990

Сметам дека постои доза на сензационализам околу случајот на Лена Стојчевска. Што сакаме да постигнеме? Отвораме „бели петна“. Не сум против. Секогаш треба „белите петна“ да се осветлуваат, но, само со автентична документација. Меѓутоа, дали на овој начин, доколку Лена била невина, во што сум јас убеден, ќе обезбедиме нејзина рехабилитација на соодветно место, со обновување на целиот процес, заедно со егзекуторот, и заедно со оној кој седи зад егзекуцијата на Лена. Клучно прашање е како дојде до тоа Лена да биде стрелана?

Во илегалната печатница „Гоце Делчев“, во атарот на кичевското село Ехлоец, дојдов како ранет борец и несуден интелектуалец, за да помогнам во работата на печатницата. Лена дојде подоцна, во средината на мај 1944 година, како борец на Првата македонска бригада. Таа не беше ниту ранета, ниту пак интелектуалка која би можела според природата на нештата да работи во печатницата. Подоцна самата Лена при миењето на садовите на чешмичката под колибата на печатницата им се пофалила на своите другарки (Рада Стојковска, Злата Стојковска, Стојанка Ивановска, Благица Ивановска) дека има некакви интимни односи со Цветко Узуновски. Тоа се прошири и меѓу нас машките, а дојде и до ушите на погорните форуми и фактори во бригадата и слично.

Со курирот Василко Јовановски до Главниот штаб носевме материјали и таму мои соборци, покојниот Панче Поповски и Пере Јовановски, ме прашаа што се случува тоа кај нас, бидејќи слушнале дека Лена имала нешто со Цветко Узуновски. А како разбрале за случајот?

Ако беше жив курирот Василко, многу ќе помогнеше во расветлувањето на случајот. Како курир, отпечатените материјали со една мазга ги носеше во базата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и штабот на Првата македонска бригада во Караорман на Славеј планина, а од таму често носеше облека правена од англиски падобрани, како и англиски месни конзерви. Меѓутоа, со сигурност знам дека на двапати донесе, специјално за Лена, пакетче. Еднаш, кога бев заедно со Василко, при враќањето од Главниот штаб, кога седнавме да јадеме кај едно чешмиче под планината Славеј, ме замоли како постар, бидејќи не можеше да чита, да му прочитам едно писмо што го носеше за Лена од Цветко Узуновски. Пишуваше: „Драга Лено, наскоро ќе се ослободиме... ќе живееме заедно...“ Носевме и посебно пакетче и посебна конзерва за неа и ми стана јасно сè, бидејќи веќе и чувме од другарките, поконкретно од Стојанка, која ја знам од порано, бидејќи бев комесар на одред во Славеј и од Благица, сестра на Стоилко Ивановски – Планински, со кого од пред војната бев многу близок, се знаевме од учителската школа.

Во тие денови, кога мене ми стана јасно дека нешто не е в ред, се случува доаѓањето на Ванчо Бурзевски во базата (во печатницата).

Пред тоа се случија два битни настани, важни за расветлување на случајот.

Додека ние бедно се храневме, од тоа што нè снабдуваа селаните од Ехлоец, село повеќепати пљачкосувано од балистите, двапати со коњи доаѓаше Цветко Узуновски, со покојниот Панче Неделковски – началник на Главниот штаб и курирот Петко од Крушево. Јасно беше дека Цветко доаѓа да ја види Лена. Така ни беа уривани идеалите, што како млади ги имавме во Револуцијата.

Еднаш Лена ми се довери дека има и вереник, и името ми го кажа.

Да е жив Василко, би ни кажал повеќе за врската Цветко – Лена. За мене битно прашање е кој ја испрати Лена да работи во печатницата? Лично сметам дека ја испратил Цветко.

Друго битно прашање е дали постои одлука на Обласниот комитет за нејзино стрелање?

Поради околностите, случајно се знаев добро со тогашниот секретар на Обласниот комитет, покојниот Тодор Циповски – Мерџан,[5] со кого заедно и во затвор во Тирана сме лежеле, а кој беше голем хуманист и моралист, принципиелен, класно високо свестен и слично. Не е можно тој да дозволил во Обласниот комитет да се донесе таква одлука. Од ова мое уверување не отстапувам ни денес, по цели 46 години. И не само тој, туку и другите тогашни членови на Обласниот комитет, кои добро ги познавав, не би го дозволиле тоа. Еден од нив, како младинец, беше и Крсте Марковски, кој беше секретар на Обласниот комитет на младината, кој исто, не би го дозволил стрелањето додека не се испита случајот.

Сметам дека и Цветко Узуновски не дал таков налог. Како социолог и антрополог, а и како човек кој добро ја познава психологијата, сметам дека едно суштество кое се сака, за кое посебна грижа се води да не загине (зашто како борец на Првата македонска бригада се праќа во печатницата) и се испраќаат писма во кои се говори за нивниот иден заеднички живот, не е можно тој да даде налог за една брутална ликвидација.

Значи, треба да се утврди, а егзекуторот е жив, по чиј налог е стрелана Лена? Негов личен, или постоела некаква комисија.

Изјавата на Ванчо Бурзевски (неговото писмо во „Нова Македонија“ од 17 март 1990) не ја кажува вистината. За мене се главни вистини овие: Кој ја прати Лена во печатницата? Какви беа односите на релација Цветко – Лена? Кој и зошто ја стрела? И тогаш беше загадочна и сега е: Дали таа навистина беше шпионка, како што на Митре [Инадески] му рекол Ванчо [Бурзевски]? Како тогаш Лена во 1950 година добива споменица од ЦК КПМ: Како е тоа можно кога Лена потекнува од едно револуционерно семејство, а самата е скоевка од 1941 година?

Во 1945 година бев заменик политички комесар, односно агитационен инструктор во 12-та бригада, бев викнат да дадам изјава. Тогаш, министер за внатрешни работи беше Цветко Узуновски. Дадов изјава во ЦК, директно на дактилографка. Мора да се најдат документите од Миниќевата комисија, формирана за случајот Лена. Кардељ бил присутен три дена и три ноќи кога го сменувале Цветко од функција во 1953 година.

Самиот чин на стрелање го доживеав доста потресно. Еве како беше. Ванчо Бурзевски ја поведе со себе, над колибата на едно стотина метри, каде имаше паднато една бука. Ја седнал кутрата Лена на буката и имаше пукано со шмајзер. Беше падната, згрчена, со лицето покриено со рацете. Јас и Василко, како што бевме потресени од убивањето на Лена, дури сакавме да дезертираме од партизани. Ја закопавме другиот ден изутрината. Цела ноќ телото на Лена лежеше на истото место каде што и падна мртва. Сите бевме многу потресени, плачењето на Благица Ивановска и Славе Василевски не можам да го заборавам. Подоцна, кога ми се залечи раната, молев да ме вратат во Првата македонска бригада. Не можев и не сакав повеќе да останам во печатницата. Станав раководител на Агитпроп на таа бригада и се најдов заедно со моите соборци од Гостивар и Мариовско.

Пред тоа, еднаш отидов во бригадата заедно со Васил курирот. Борците нè дочекаа со викање: „Што сте направиле, зошто ја убивте Лена, како дозволивте, кој ја уби“ итн. Одвај успеав да им објаснам дека тоа не сме го сториле ние, ниту пак ние сме донеле таква одлука. Им кажав дека Лена ја стрелал Ванчо Бурзевски. Кога им го кажав тоа, борците се смирија, завладеа штама, а раководството беше вознемирено. Сите ја знаеја Лена како голем другар, паметна и убава девојка, која, и според нив, никако не можела да биде непријател на Револуцијата.


Г. Каревски

Методија Стојчевски, татко на Лена: Мојата најтешка болка

23 март 1990

- Несреќно од лулка до дупка беше моето момиче Лена – вели овие денови 85-годишниот Методија Стојчевски, сумирајќи го во една единствена реченица кусиот век на својата ќерка Лена Стојчевска, премногу очигледно не можејќи до крај да ги „свари“ и да ги сфати причините поради кои, некаде кон крајот на летото 1944 година, насилно беше прекинат нејзиниот живот. Ниту да прости. Вели дека таа му е најтешката болка.

Во 1936 година од Грција стигнав во селото Бистрица, крај Битола, каде што живееја и други мои роднини. Во Бистрица, во прво време, повеќе бев аргат отколку некаков домаќин, од соседите и роднините морав буквално да питам ветви фустанчиња и некако да ја облекувам мојата Ленче, која заедно со нејзината маќеа и со братот во новата средина стигнаа точно за новата 1937 година. Дури подоцна успеавме заедно некако да купиме некое нивче, па веќе беше и полесно.

- Можеби точно во 1940 година, токму јас, без да знам, и’ ја решив судбината на Лена – го продолжува своето кажување Методија Стојчевски, додека низ очите без прекин течат тенки рекички солзи. Токму таа година, вели Методија, јас и’ пристапив на Партијата, и тоа заедно со жена ми. И двајцата од Лена не криевме ништо, па и таа брзо се вклучи во нашата илегална работа. Јас бев задолжен да водам сметка за оружје и храна. Инаку, во нашата куќа во Бистрица доаѓаа мнозина илегалци. Се сеќавам, еднаш дојдоа Лазо Хаџи Попов, Анести Панов и Трајче Грујовски, кои потоа Геро Фотев ги испрати во селото Лавци. Беше и Вера Ацева, која овде одржа состанок со членовите на СКОЈ, а беше и во Лавци. Една ноќ спиеше кај нас, и тоа заедно со Лена. Меѓутоа, по една провала, есента 1942 година, мене и уште неколкумина комунисти, нè фатија бугарски војници и полицајци, а во ноември истата година бевме осудени – некои на доживотна робија, а некои, меѓу нив и јас, на 15 години строг затвор. Тогаш, непосредно пред моето апсење, последен пат ја видов Лена. По моето заминување во затвор, моите задолженија во партијата ги презела жена ми и Лена.[6]

- Од затворот излегов дури во 1944 година. Лена ми кажаа дека уште во јуни или јули 1943 година, по провалите на партиските ќелии во Велушина и Бистрица, заминала во партизани. Поради честите навалувања и провокации од страна на бугарските војници, бидејќи нашата Лена израсна во убавица каква што ретко можеше да се види. Ете, таа своја убавина подоцна ја платила и со главата. Некаде околу септември [1944 година], ми се чини, во Бистрица почнаа да се враќаат речиси сите што успеале да ја преживеат војната. Нашата Лена – не. Тоа тешко нè погоди, нормално, но ја изжаливме човечки, достоинствено. Си реков, не загина само моето дете, војна е. Меѓутоа, подоцна од мојот братучед Богоја Фотев, а и од други, ја научив вистината за смртта на мојата несреќна ќерка. Ме заболе до срцето и никогаш нема да ја преболам таа вистина, дека ја убија луѓе на кои неизмерно им веруваше. Бидејќи беше Егејка, бидејќи убаво зборуваше грчки јазик, ја распоредиле во штабот на бригадата, во која на Цветко Узуновски – Абаз сигурно во секојдневните контакти не му било тешко да го заведе тоа мало, наивно девојче.

Денес некои во светот дури и на кучињата им прават гробови, вели Стојчевски, а мене не сакаат да ми дадат конечно еднаш да ги приберам коските на моето дете и да ги закопам како доликува.

Над расплаканиот, побелен, ковчест старец, во резбана дрвена рамка, на ѕидот, веднаш до сликата на Лена, стои споменица. Пишува: „На предлог на СТБ од НОВ Министерството за народна одбрана на Владата на Федеративна Народна Република Југославија ја издава оваа споменица за Лена Стојчевска од с. Бистрица, која што одзивајќи се на повикот на КПЈ во борба против фашистичките окупатори и нивните домашни слуги, го даде својот живот за слободата и независноста, за братството и единството на народите на Југославија, за власта на работниот народ и победата на народната револуција. Вечна слава на паднатиот народен борец. 29.11.1950.“ Долу – печат со потписот на Врховниот командант и министерот на народната одбрана на ФНРЈ, Јосип Броз Тито.


Митре Инадоски

Битно прашање е врската Лена – Абаз

23 март 1990

Во печатницата, воопшто, добро живеевме. И партиски. Барем еднаш неделно држевме состаноци, кои беа поделени на два дела: теоретски и организациски. Имаше и критика и самокритика. Сме разгледувале и прашања од лична природа на поединци. Меѓутоа, прашање е дали интимните врски на Лена (најпрво укорот што го имала од порано за некаков неморален испад, а потоа и интимните односи што ги имала со некој другар од агитпроп на Првата македонска бригада, кога тие беа на два дена дојдени во печатницата, а за што самата се пофали, односно се довери на другарките) се причина за нејзиното погубување, или пак во прашање е нешто друго. Јас мислам дека причината за стрелањето на Лена е нешто друго.

Битно е прашањето за односите меѓу Лена и Цветко Узуновски – Абаз.

Впрочем, пред стрелањето, по враќањето на Ванчо Бурзовски од Главниот штаб, претпоставувам по средбата со Цветко, Лена бараше да се соочат со Цветко Узуновски. Бараше да и’ се овозможи да појде во Главниот штаб и, на состанок, на кој ќе присуствува и Цветко, да докаже дека Цветко и’ е навистина другар. Меѓутоа, тоа не и’ беше овозможено.

Ние и му рефериравме на Ванчо Бурзевски за молбата на Лена. Кога Ванчо ја зеде Лена со себе, да ја носи некаде, како што самиот рече, мислевме дека ќе ја однесе во Главниот штаб.

Но, ете, како е стрелана Лена?

Ванчо ја поведе со себе, на едно стотина метри над печатницата. Подоцна слушнавме рафал од шмајзер. Јас, како одговорен за печатницата, бидејќи не знаев што се случува, прогласив тревога, се распоредивме и тргнавме кон местото од каде што се слушна рафалот. Патем, го сретнавме Ванчо, кој се враќаше назад. Ни рече дека нема потреба да се оди нагоре, да се вратиме и сè ќе ни каже. Ни кажа дека Обласниот комитет, откако го испитал случајот, донел одлука Лена да се стрела. Бевме шокирани.

Наредните денови во печатницата владееше една мачна ситуација. Местото го сметавме за проклето.

И по толку многу години, кога ќе се присетам на Лена и на страшната глетка, многу ми е тешко. Сметам дека загина една невина жртва. Лена не беше непријател, шпион или слично. Исто така, не верувам дека Обласниот комитет решавал за случајот Лена.


Славе Василевски

Видов страшна глетка

23 март 1990

Во 1944 година, кога настрада Лена Стојчевска, кај печатницата во Кичевско, имав само 14 години. Лена ја запознав во печатницата, каде што дојде кон крајот на војната, најверојатно за да се обучи за секретарка и за дактилографка, бидејќи беше подготвувана да работи во Главниот штаб.

Лена беше убава девојка, каква што убавина може само природата да подари. Секогаш беше весела, комуникативна, но и многу паметна и горделива девојка. Сите многу ја сакавме и ни беше пријатно во нејзино друштво. Јас, а и многу мои другари и другарки не верувавме, а и сега не верувам во тоа што беше речено тогаш, дека таа, наводно, била шпион и го компромитирала Цветко Узуновски – Абаз. Тоа беа измислици.

Критичниот ден, кога во печатницата дојде Ванчо Бурзевски, јас бев на стража. На 80-тина метри од стражарското место, по патеката поминаа Ванчо Бурзевски и Лена Стојчевска. По 15-тина минути, чув истрели. Не поминаа ни пет минути, а по истата патека го забележав Ванчо Бурзевски, кој се враќаше сам. Од љубопитство го напуштив стражарското место за цели 120-130 метри и видов страшна глетка. Покрај една исечена бука, на која најверојатно седела, лежеше убиена Лена, а лицето сè уште и’ беше покриено со рацете. Не можев да поверувам дека глетката е вистинита. По половина час, ми дојде замена и јас заминав на ручек. Сите бевме изреволтирани, никој не го јадеше јадењето. Во тој момент, дојде Ванчо Бурзевски и ни рече дека ја спровел одлуката на Обласниот комитет, бидејќи Лена ги компромитирала раководителите. Лично не ми се верува во точноста на неговото објаснување. Зошто не и’ беше дозволено како што самата, на состанокот со Ванчо, бараше, соочување со Цветко Узуновски – Абаз?

Лена беше убиена, таа беше невина жртва. Животот и младоста не можат никогаш да и’ се вратат. Нејзината смрт ја доживеав како голема трагедија, која никогаш не можам да ја заборавам и која ден-денес, кога се присеќавам на Лена, тешко ја поднесувам.

Сепак, едно не ми е јасно. Зошто другите преживеани сведоци, другари и другарки на Лена, не ја кажуваат вистината?


Рада Стојковска – Мабус

Беше малку несериозна девојка

23 март 1990

Во печатницата „Гоце Делчев“ бевме 11 души. Одвреме навреме навраќаа и други другари.

За состојбата во базата (печатницата) може да се зборува само најдобро.

Беше востановена пракса, секогаш кога во партиската ќелија ќе дојдеше нов член, на првиот состанок новиот член да си ја каже својата лична биографија. Требаше, меѓу другото, да се знае дали е некој оженет, дали има другар, другарка, за да може, поради високите вредности на револуцијата, да се следи и личниот морал на секој поединец. На еден таков состанок, Лена Стојчевска, изнесувајќи ја својата лична биографија, меѓу другото, рече дека носи партиски укор поради еден неморален испад, но не се сеќавам каде, во која единица и со кого. Кажа и дека има свршеник.

Меѓутоа, Лена, барем во базата, до својот крај, имаше фино држење. Се сеќавам, некаде во јуни (Лена е стрелана во јули 1944 година) во печатницата дојде агитпропот на Првата македонска бригада во полн состав. Овие револуционери кај нас дојдоа убаво расположени и весели, донесоа и инструменти. Создадоа доста пријатна атмосфера и Лена нè забавуваше, бидејќи пееше убаво и беше голем другар. Тие останаа кај нас два дена. По нивното заминување, Лена најпрво мене ми се довери, дека со еден другар од агитпропот имала нешто.

Свикавме партиски состанок. Во нејзино присуство го разгледувавме случајот, го кажа и името на другарот со кого имала нешто, но неговото име не сакам да го кажам, а не се работи за Цветко Узуновски – Абаз. Бидејќи Лена веќе носеше една казна за сличен неморален чин, на партискиот состанок донесовме едногласна одлука Лена да биде исклучена од Партијата. На тоа и се остана околу овој случај.

Наскоро во печатницата дојде Ванчо Бурзевски, а другарот Тодор Циповски – Мерџан веќе беше заминат за Тетово. Тврдам дека Мерџан нема никаков удел во случајот со стрелањето на Лена, дури и сигурно би го спречил. Јас како секретар на партиската организација го известив Ванчо. Тој побара да се свика состанок, во присуство на Лена. Ванчо не можеше да се сложи со нашата одлука, сметајќи дека е преостра. Велеше: „Чекајте другари, дајте да ги ставиме на вага позитивните и негативните особини на Лена и да видиме што претегнува.“

Еден ден, Ванчо ја поведе Лена со себе, не знаевме каде ќе ја носи, за да ја расчисти работата, како што рече, во нејзино присуство и во присуство на некого, не ни кажа на кого. Помина едно 4-5 часа, а Ванчо се врати со Лена. Рече дека ќе замине и тоа сам. И навистина си отиде. Каде отиде не знаевме, но се врати по 4-5 дена. Сметам дека таму каде што бил добил директива да ја ликвидира Лена. Разговараше поединечно и на само со сите нас, членови на Партијата. Овој пат, за разлика од претходниот, нè убедуваше во спротивното – дека Лена треба да се стрела. Сите се препотувавме, бидејќи никој од нас не можеше да замисли дека таа за една таква работа може да биде стрелана. Ни велеше дека била шпионка, непријател на Револуцијата и дека не и’ е местото во нашите редови. Никој од нас не му даде согласност за таквата казна и поради тоа, како што велеше, беше принуден сам да го изврши чинот на стрелањето. Тоа го стори без повторно да свика партиски состанок, што беше редно, за да може и партиската организација да се изјасни.

По војната, еднаш во 1945 година во ЦК КПМ (тогаш беше претседател Лазар Колишевски) давав изјава за овој случај, а другпат во 1953 година (претседателот Крсте Црвенковски), кога во немилост беше Цветко Узуновски – Абаз. Меѓутоа, немавме никакво соочување ниту со Ванчо, ниту пак со Цветко.

Инаку, Лена беше на извесен начин повластена меѓу нас, што не нè тангираше. Василко – курирот кога ќе дојдеше донесуваше за неа пакетчиња, облека. Знаевме дека му е другарка на Цветко, за кого знаевме дека е некој големец.

Сметам дека Лена беше малку сериозна. Ние самите од Лена дознавме за два нејзини испади. Револуцијата беше, условите беа такви, што моравме и заедно да спиеме, машки и женски. Па, сепак, на прашањето дали требаше да се стрела Лена, сметам дека одговорот е дека не требаше, а таквото мислење го делат и другите сведоци.


Стојанка Зафировска

Не требаше да биде стрелана

23 март 1990

Пред да дојде кај нас во печатницата не ја познавав. Подоцна разбрав дека беше од Бистрица, Битолско, и тоа од семејство кое, така да речам, беше за нашата револуција. Со неа, всушност, се сретнав во базата на Лопушник. Беше млада со долги убави коси. Беше навистина многу убава девојка. За Лена не можам да помислам дека била непријател. Заедно бевме по цели вечери, иако таа кај нас во базата, односно печатницата, дојде кон крајот на војната. Беше весела девојка, пееше, зборуваше. И тој ден утрината околу девет часот нè викнаа на состанок. Всушност, Ванчо Бурзевски прво ја викна Лена. Не знам што зборуваше со неа. Откако се врати, рече дека сака да ме запознае со случајот на Лена. Мислам дека не е фер што Лена е осудена за неморал. За Абаз пак не се сеќавам и никогаш не сум го видела.

Меѓу нас дваесетмина, од кои петмина бевме жени, имаше млади момчиња. Меѓутоа, во тоа време никој не помислуваше на љубов. Пред нас беше работа, задачи, што требаше да се исполнат. Затоа, бев изненадена од искажувањето на Бурзевски дека Лена била неморална. Мислам дека моето мислење го делат и другите другарки, иако Лена кај нас беше месец, можеби и малку повеќе.

По состанокот, Бузевски рече: - Ајде, Лено.

- Чекај да го земам ранецот и шмајзерот – рече таа.

- Не треба – одговори Ванчо.

Додека се случуваше ова, забележав дека Лена плачеше. И нам не ни беше сеедно. Ја сакавме, работевме заедно. Бевме како сестри. Меѓутоа, меѓу себе некои си кажувавме повеќе, но за себе знаевме сè. Мислам дека Лена не требаше да ја стрелаат дури и да имала некоја грешка за која јас не знам, можеше да биде само опомената.


Веце Брајковски

Зарем и тоа може?!

14 април 1990

Деновиве во „Нова Македонија“ читаме грозотии за нашата славна НОВ 1941-1945 година. Едната се однесува на сè уште загадочното загинување на нашиот Кочо Рацин,[7] настан што дури и оние што биле непосредни сведоци, го интерпретираат различно, постојано нешто „заборавајќи“ да кажат.

...

Другата грозотија за која деновиве читаме во „Нова Македонија“ е ликвидацијата на Лена Стојчевска, храбрата и млада партизанка, која била не само добар комунист, туку и голема другарка во партизанските редови, единствена по својата убавина. Таа и таква партизанка во јули 1944 година е стрелана од Ванчо Бурзевски, тогашен член на Обласниот комитет на КПМ, нарекувајќи ја грчки шпион. Ванчо Бурзевски ни во 1990 година не и’ поднесува докази на македонската јавност за таа шпионска дејност на Лена Стојчевска, зашто нема такви докази. Таа, се чини, е стрелана само затоа што Ванчо Бурзевски си градел своја лична кариера. Никој не може да му забележи на еден Цветко Узуновски Абаз, што ете, и тој фрлил око на една партизанка во летото 1944 година. А за шпионажа не станува збор. Само зошто молчи за ова Узуновски, чие име е вплеткано во овој немил случај. Бурзевски е должен многу посериозно да се однесува кон својата одговорност за смртта на Лена.


Лазе Стојчевски

Лена - наш непребол

26 април 1990

Поминаа 46 години од трагичната смрт на нашата непрежалена Лена. Со смртта на Лена, загубивме драго девојче - гордост на нашето семејство. Нејзиното семејство, покрај тагата, е навредено од начинот на кој нејзините злосторници и’ го одзедоа младиот живот.

Беше есен, во 1944 година, кога се ослободуваше Македонија од окупаторите. Сите со нетрпение ги очекуваат своите најмили. Така, и нашето семејство ја очекуваше Лена да дојде дома. Меѓутоа, наместо радост, ни пристигна вест дека Лена е стрелана како неморална и дека била уфрлена во партизанските редови за да го дискредитира македонското раководство, а со тоа и НОБ. Губењето на Лена и исконструираната лага до срце нè заболе. Целото село ја исплака Лена, зашто беше и гордост на селото.

Нашето семејство има долга револуционерна традиција. Уште во Илинденското востание, нашата баба Мара, со нејзиниот брат Наум Војвода активно учествуваше. Ги преживеа сите тортури на Турците и на другите окупатори што ја поробуваа Македонија. Меѓутоа, слободарската традиција не згасна. Ја пренесе на своите два сина и на целото наше семејство. Во континуитет, моето семејство активно учествуваше во напредното движење на комунистите, за време на стара Југославија, уште од далечната 1939 година. Нашата куќа беше собиралиште на комунисти и на напредни младинци. Активноста продолжи и за време на бугарската окупација. Нашата куќа беше база за собирање храна и оружје за НОБ. Нема партизан, што излезе од 1942 до 1944 година, да не беше во нашата куќа по задача или да земе храна. Ние бевме сиромашно семејство, тутунари и надничари. Нашиот пченкарен леб го делевме со партизаните, или ние останувавме гладни.

Во 1942 година, излезе во партизани татко ми Методија Стојчески, со уште двајца бистричани. Набргу беа фатени од бугарската војска и осудени на по 15 години строг затвор. И со овие апсења, не престана илегалната работа. Лена работеше и одржуваше врски со активистите во селото и во околните села, придружувана од нејзиниот братучед, кој тогаш имаше 13 години. Лена работеше илегално до одењето во партизани, во почетокот на август 1943 година. Лена беше член на СКОЈ од 1941 година.

При крајот на 1942 година, Лена се сврши. И свршеникот [Борис Стојановски] беше скоевец, исто така, партизан. Пред 9 септември 1943 година, добива наредба од својот командант на одредот, Коле Канински, да се јави во Главниот штаб на НОВ, по барање на Цветко Узуновски - Абаз, за толкувач на грчки јазик. Лена е родена во селото Герман, Преспа, Егејска Македонија и имаше завршено основно училиште на грчки јазик. Кога отиде во селото Герман, за да се јави во Главниот штаб, ја сретна Вера Ацева и и’ се пожали дека не сака да биде кај Абаз и дека сака да ја вратат во одредот. Додека беше во Егејска Македонија, му испрати писмо на својот свршеник, во кое го моли да ја земе назад. Абаз, иако можел да и’ биде татко по возраста, успева со додворувања, со ветувања и со разни подароци да ја скрши и да ја придобие. За цело време, Абаз живее интимно со Лена. При враќањето на територијата на Дебарца, останува бремена од него. Како што напредуваше бременоста, да не се расипува „декорот“ на Главниот штаб, ја испраќа во партиската печатница „Гоце Делчев“, кај селото Ехлоец. Тука постојано и’ испраќа писма и податоци, а двапати и лично ја посетува. Сето ова го забележале нејзините соборци, а веројатно и другарките, кои за тоа ја задевале. Таа беше отворена и кога сè беше очигледно, таа призна дека е другарка на Абаз. Веројатно и се пофалила дека носи негово дете. Ова беше доволно нејзиниот партиски секретар, Рада Стојковска, да го извести по партиска хиерархија Злате Тренески, кој беше секретар на КПМ за Кичевската околија, тој, пак, членот на Обласниот комитет на КПМ, Ванчо Бурзевски, а тој - комесарот на Главниот штаб на НОВ и на ПОМ, Цветко Узуновски - Абаз. При тоа, Абаз рекол дека со Лена нема ништо, иако носел подароци и нови униформи за Лена. Курирот, од љубопитство, едно писмо го дал да се прочита, во кое пишувало: „Драга Лено, наскоро ќе се ослободиме... ќе живееме заедно.“ Кога дозна Абаз за сето тоа, му нареди на Ванчо Бурзевски да свика партиски состанок, на кој ќе бара да се откаже Лена од изјавата дека му е другарка на Абаз. На состанокот, Лена беше категорична во својата изјава и побара да се соочат со Абаз. Меѓутоа, нејзиното барање не беше задоволено, веројатно зашто Абаз и Бурзевски се плашеа да не рече нешто што знаат сега тие двајцата. 

Кога намерата на Абаз и на Бурзевски не се оствари, решија Лена да ја ликвидираат, под оправдување дека е неморална и дека, како непријател на НОБ, ја уфрлиле непријателите на НОБ, заради дискредитирање на раководството. Ванчо Бурзевски пројави, во таа смисла, активна улога, убедувајќи го секој член на Партијата дека Лена треба да се стрела. Кога членовите не се согласија со неговиот предлог, во една пригода доаѓа во печатницата и изјавува дека Обласниот комитет на КПМ ја осудил Лена на смрт. Во исто време, оди во бараката, каде што спиела Лена и ја буди со зборовите: „Лено, стани, ќе одиме на едно место.“ Таа го прашала: „Дали да ги понесам шмајзерот и ранецот.“ Тој и’ одговорил: „Нема потреба, веднаш се враќаме.“ Ја зел пред себе и на стотина метри од печатницата, ја седнал на една соборена бука и со рафал од шмајзерот ја убил. Сите нејзини со солзи во очите ја испратија на нејзиниот последен пат. Така, Ванчо Бурзевски, по наредба на Цветко Узуновски - Абаз, уништи два живота, Лена и нејзината неродена рожба, и со тоа направи воено злосторство, коешто не застарува и е казниво според меѓународните конвенции. И едниот и другиот знаеја дека партиска казна со стрелање нема, тие го злоупотребија името на нашата партија и ги извалкаа нејзините цели и идеали.

Во 1945 година, од страна на политичкиот секретар на КПМ, Лазар Колишевски, оформена е комисија за да го испита случајот. Комисијата не донесе правилно решение. Во друга прилика, пак, Лазар Колишевски на Александар Ранковиќ (во присуство на Киро Миљовски) ќе му рече дека Богоја Фотев имал право дека Абаз е виновен за Лена.

Во 1950 година, Лена посмртно е рехабилитирана и и’ се доделува споменица на паднат борец, каде што пишува дека Лена го дала својот живот за слободата и независноста, за братството и единството на народите на Југославија, за власта на работниот народ и за победата на народната револуција. Дотогаш, Цветко Узуновски - Абаз стана генерал-полковник, а Ванчо Бурзевски стана професор и декан на факултет, а потоа и амбасадор. Сè според народната: и волкот сит и овците на број.

Ванчо Бурзевски во своето писмо во весникот „Нова Македонија“ [од 17 март 1990 година] ја објаснува воено-политичката ситуација за време на НОБ и дава свои оценки. За убиството на Лена вели: „Во тоа време не можело да се постапи на друг начин“, не наведувајќи подробности зашто беше нејзин егзекутор. Го прашувам, кој обласен комитет на КПМ имал право да изрекува смртна пресуда? Смртната казна е извршена на слободна територија, каде што постоеја органи на народната власт и народни судови, Лена беше војник на НОВ, па според тоа, меродавен да и’ суди беше Воениот суд. Ако беше народен непријател, како што ја крстија Абаз и Бурзевски, зошто не е разоружена и притворена? Зошто не и’ е соопштена пресудата на Обласниот комитет, туку на подмолен начин е изведена на стрелање, без да знае зошто.

И по 46 години, ние не знаеме каде е погребана нашата Лена. Не знае и Сојузот на борците од Кичево. Со ништо не е обележан нејзиниот гроб.

Ме чуди молчењето на Светозар Вукмановиќ - Темпо. Лена беше преведувач во преговорите на Темпо со грчките партизани. Дури и во својата книга „Револуцијата што тече“, на сликата со група членови на Главниот штаб, каде што е сликана и Лена, за неа ништо не зборува.


Ванчо Бурзевски

И тоа можело

12 мај 1990

Се добива впечаток дека Веце Брајковски се обидува да биде судија, а не ги прочитал внимателно ниту мојот напис од 17 март ниту изјавите на сведоците на овој трагичен настан.

Што кажуваат сведоштвата?

Во печатницата настанал проблемот со Лена Стојчевска. Кога бил запознат со тоа, Ванчо Бурзевски разговарал со сите присутни, но не можел да најде никакво решение. Наскоро отишол во Главниот штаб. Тогашниот секретар на партиската организација, Рада Стојковска – Мабус, оценила дека отишол „таму, каде што добил директива да ја ликвидира“ (Лена). Сепак, некои сведоци сметаат дека е нејасно кој ја донел одлуката за стрелањето. Јаким Синадиновски, според некои (нему својствени) критериуми (и заради свои политички комбинации) претпоставува дека одлуката сум ја донел јас „најмногу затоа да не се разоткрие полит-комесарот на Главниот штаб“. Веројатно врз таа претпоставка (зашто другите сведоштва не му даваат за тоа никаква основа), Веце Брајковски заклучува дека „Лена била стрелана, Ванчо Бурзевски да си ја гради својата лична кариера.“ На тој начин сугерира дека Јаким има право, а како противуслуга Цветко Узуновски му обезбедува на Ванчо кариера.“

Меѓутоа, фактите го говорат спротивното. Ванчо Бурзевски не направил никаква кариера, додека бил под раководство на Цветко Узуновски, односно до крајот на војната. По завршувањето на војната имале разни задолженија или функции, но Цветко Узуновски немал никаква врска со секторите во кои напредував јас. Кадровската политика во тоа време беше во рацете на Видое Смилевски. Ни тука не се работеше за некаков кариеризам. Секој (дури и најнеквалификуваниот) истражувач може да види дека не сум бил под просек на кадровскиот состав на органите во кои сум бил избиран или именуван. Освен тоа, во тоа време се водеа детални стенографски белешки од сите тие состаноци. Секој, макар и најбегол преглед на тие белешки, докажува дека на тие состаноци натпросечно сум учествувал во согледувањето на проблемите што беа на дневен ред и во изнаоѓањето на најдобри можни решенија. Тоа нема врска со никаков кариеризам – ако некој знае што е кариеризам.

Од мојата изјава во „Нова Македонија“ (17 март) може да се види дека одлуката за стрелањето не сум ја донел јас. Реагирањето на читателите покажува дека сум погрешил што појасно не сум кажал кој ја донел одлуката. Па да дообјаснам.

Како што се гледа од сведоштвата, јас не сум можел да заземам дефинитивен став. Кога отидов во Главниот штаб, за целиот случај (колку што знаев) го запознав Цветко Узуновски, како политички комесар на Главниот штаб и член на ЦК КПМ. Притоа реков дека во печатницата постои мислење според кое однесувањето на Лена „ги компромитира сите борци“. (Дека такво мислење постоело се сеќаваат и некои денешни сведоци). Според партиските критериуми и принципи, тоа би можело да значи провокација, која оди во корист на непријателската пропаганда. Од тогашниот политички комесар на Главниот штаб добив јасен став и директива: „Работата е јасна. Станува збор за провокатор, кој треба да се ликвидира.“ Како и секоја директива во тоа време, и оваа мораше да се спроведе без поговор.

Што разговаравме потоа, не се сеќавам. Во главата постојано ми брмчеше дека во печатницата, односно во базата, која имаше стратегиско значење за нашата НОБ, за чие функционирање и безбедност одговараше Обласниот комитет, односно лично јас како негов член, кој дејствува на таа територија - според оценката од највисоко и најквалификувано место, постои провокатор, кој мора да се ликвидира.

2. Кога се испитува трагичниот случај на Лена, мора да се има предвид и општата политичка ситуација во тоа време. Бевме притиснати од сите страни. Имавме информации дека Германците и балистите подготвуваат офанзива врз територијата на која дејствувавме. Јас не можев да се сомневам во оценката на политичкиот комесар, според која во нашите редови постои провокатор. Никој не можеше да предвиди какви материјални и човечки жртви може да предизвика еден провокатор, кој е така опасен што „мора да се ликвидира“. Мора, значи, да дејствувам брзо и ефикасно.

Зошто не сум одржал партиски состанок потоа? Причината е јасна: за директивите добиени од највисокиот форум не може да се дискутира ниту во Обласниот комитет, а особено не во една партиска организација. Директивата може и мора само да се спроведе. Затоа, морав да се задоволам со тоа поединечно да ги известам членовите на партијата. На Лена, директивата - одлуката и’ ја соопштив непосредно пред стрелањето.

3. Миниќевата комисија, бездруго, сето тоа го имала предвид и добро го проверила, па затоа извела заклучок, според кој „во тоа време на друг начин не можело да се постапи“. Кога тоа ми го соопштува мене, тоа значи дека утврдила дека јас не сум можел да постапам на друг начин. затоа, согласно со наодите на таа комисија, јас не бев казнет ниту со партиска опомена, како најблага казна во тоа време. Што согледала и што решила комисијата за Цветко Узуновски - мене не ми е кажано.

4. Се разбира дека наодите на Миниќевата комисија и консеквенциите што произлегле оттука, можат да се оспоруваат. Меѓутоа, за да се оспоруваат, мораа добро да се познаваат - самите наоди и фактите, врз кои дошле до нив. Токму тоа, најодговорно, го сугерирав во мојот напис од 17 март.

5. Во мојата револуционерна практика често сум добивал директиви кои значеле живот или смрт. Секогаш бил во прашање мојот сопствен живот, па не можело негативно да се одрази врз други. Во конкретниов случај, во прашање беше туѓ живот. Затоа сум размислувал најодговорно - но во рамките на моите сознанија. Дополнително се покажува дека тие сознанија не биле целосни. Сето тоа довело до штетен ефект. Убеден сум дека дејствувам во корист на НОБ, јас сум станал инструмент за уништување на еден невин живот. Тоа е како да згазиш човек не по своја вина. Не си виновен, но пред тебе лежи жртва. Тркалото на револуцијата згазило многу невини луѓе.

Се разбира, денес може да се размислува дека сум можел да одбијам да извршам една таква директива. Денес и јас така мислам. Но, тогаш не сум можел така да размислувам. Не само поради партиската дисциплина и принципите на револуционерната работа. Многу елементи што избиваат на видело денес јас тогаш не сум ги знаел. За пакетчињата што и’ ги праќал Абаз на Лена - јас разбрав, откако веќе беше доцна. За писмото што и’ го пратил Узуновски на Лена - за кое денес говори Јаким Синадиновски - не говори ниеден друг сведок.

Објективниот читател на овие сведоштва може да види дека дури и партиската организација не знаела за некои работи, па затоа не можела да ме извести. Три сведока денес кажуваат дека Лена барала да ја соочам со Абаз, за да покаже дека нејзините кажувања за интимните односи со него биле основани. Тие ми забележуваат што не сум обезбедил такво соочување. Да бидеме на чисто: јас сум можел таквото барање да го пренесам како желба на Лена, но не сум можел и да обезбедам такво соочување. Ниту, пак, некој друг на мое место би можел да го обезбеди тоа. Меѓутоа, кога внимателно се читаат овие сведоштва, таквото соочување практично било непотребно. Ако Абаз и’ праќал пакетчиња и слично, и одделно, ако партиската организација била запозната со тоа дека постои такво писмо (ако Јаким Синадиновски ги запознал со тоа), тие претставуваат материјални докази, кои во секој случај се позначајни од какво било соочување. Тие му даваат на целиот случај не само друга светлина, туку и друго значење. Да сум ги знаел тие работи навреме - директивата за стрелање не би ја прифатил ниту по цена на сопствениот живот.

6. Ако внимателно се чита мојот напис во „Нова Македонија“, ќе се види дека тој претставува потврда и дополнение на белешките на Богоја Фотев, објавени во истиот весник на 16 јануари. На тој начин, трагичниот случај со Лена Стојчевска станува доволно јасен. Затоа одбив да учествувам на тркалезната маса што ја предлагаше „Нова Македонија“ и во анкетата што ја води „Млад борец“. Се покажа дека некои работи, сепак, не биле доволно разјаснети. Се надевам дека сега се јасни.


Јагнула Паскал Куновска

Отворено писмо до окружниот јавен обвинител во Скопје

12 мај 1990

Почитуван колега Г.[лигор] Серафимовски,

Како вистински и месен надлежен обвинител, врз основа на чл. 45 ст. 1 од ЗКП, кој гласи: „Основно право и основна должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела“, должни сте да поднесете барање за спроведување на истрага против (во барањето осомничени) Ванчо Бурзевски и Цветко Узуновски - Абаз, двајцата од Скопје, поради основано сомневање дека и двајцата, по претходен договор, на неутврдена дата 1944 година, во ослободената територија Ехловец-Кичевско, без повод и причина ја убиле партизанката Лена Стојчевска од Леринско, на начин што осомничениот Бурзевски ја повикал и повел над партизанската печатница и без никакво образложение, со личното оружје - шмајзер, ја убил, со што секој од осомничените за себе, како соизвршители, сториле кривично дело - убиство според чл. 37 ст. 1 т. 4 (од ниски побуди), од КЗ на СРМ.

Во горната смисла, да бидат повикани како сведоци сите оние што се огласија со своите изјави преку печатот, а во својство на оштетени, роднините на жртвата.

Широката македонска јавност, посебно низ повоената генерација во која спаѓате и Вие, потресени сме од злосторството на овие двајца „револуционери“ и „комунисти“, кое го сторија врз невината жртва Лена, „од името на партијата, правдата и општонародниот интерес“, по лична кратка постапка, без да биде осудена од судот кој постоел во Народноослободителниот одбор на тогаш слободната територија Ехлоец.


Забелешки на транскриберот

[1] Стрелањето на Лена Стојчевска од страна на Ванчо Бурзевски во јули 1944 година е еден од најконтроверзните настани во НОВ. Во моментите на распад на комунистичкиот систем во Југославија и Македонија, почнаа да се отвораат теми кои со децении беа табу. Лавината реакции во јавноста и серијата писма и статии во „Нова Македонија“ во врска со стрелањето на Лена започна во јануари 1990 година, со објавувањето на фељтонот на Богоја Фотев, во кој тој, меѓу другото, зборува и за овој случај. По отворањето на овој случај, во август 1990 година „Нова Македонија“ објави фељтон во неколку продолженија посветен на уште една контроверзна смрт на друга партизанка, Панде Чесноска, во јули 1945 година.

Инаку, за Лена Стојчевска во „Зборникот на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и револуцијата 1941-1945“ ги има следните информации: Родена е во село Герман, Леринско, на 14 октомври 1925 година. Учествувала во народноослободителното движење од 1941 година. Кон крајот на истата година била примена за член на СКОЈ. Од јули 1943 стапила во единиците на НОВ и ПОМ. Била борец во Првата македонско-косовска ударна бригада и во баталјонот „Стив Наумов“. Загинала во Дебарца во август 1944. (Види Вера Весковиќ – Вангели и Марија Јовановиќ (ур.) „Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и револуцијата 1941-1945“, ИНИ, Скопје, 1976, 276 и 1256 стр.).

[2] Богоја Фотев е роден во селото Герман, Леринско во 1900 година. Во 1914 година со семејството се преселува во селото Бистрица, Битолско. Бил член на МАНАПО и на КПЈ. Во 1940 година е уапсен и осуден на петгодишна затворска казна. Окупацијата на Југославија ја дочекува во затворот во Сремска Митровица, каде, заедно со другите затвореници, на 22 август 1941 година организира бегство. Учествува во НОВ на Македонија. Бил член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и делегат на Првото заседание на АСНОМ. Избран е во Президиумот на АСНОМ како прв повереник за финансии, а потоа и за земјоделство и шумарство во првата влада на НР Македонија. По оставката на Методија Андонов - Ченто, од април 1946 година до 1950 година е претседател на Президиумот на Народното Собрание. По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото Фотев се колеба помеѓу советската и југословенската позиција. Соочен со таа дилема, посега по својот живот, но сепак не успева да се самоубие. Паѓа во немилост кај партиското раководство на чело со Лазар Колишевски и е сменет од функцијата и пензиониран. На почетокот на 1951 година се враќа во Бистрица, каде живее повлечено, без да се вклучува во политиката. Починал во јануари 1993 година.

[3] Цветко Узуновски - Абас е роден во 1912 година во Царев Двор, Ресенско. Пристапува кон комунистичкото движење во 1934 година. Учествува во Шпанската граѓанска војна од јуни 1937 година до 1939 година. Во септември 1941 година станува член на Покраинскиот воен штаб на Македонија. Во мај 1942 година влегува во составот на Привремениот покраински комитет на КПЈ за Македонија. При формирањето на Комунистичката партија на Македонија во март 1943 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Од пролетта 1943 година е политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избран за член на неговиот Президиум. По ослободувањето е прв началник на УДБА, а од 1946 до 1953 година е министер за внатрешни работи на НР Македонија. Во 1953 година паѓа во немилост. Во 1990 година, кога се отвора прашањето околу стрелањето на Лена, е жив. Почина во 1993 година.

[4] Се мисли на Ванчо Бурзевски. Тој е роден во 1916 година во село Немањици, Свети Николско. Бил учесник во НОВ и делегат на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето, врши повеќе државни и општествени функции. Меѓу другото, бил помошник-министер за аграрна реформа и колонизација на Југославија; министер за земјоделство на НР Македонија (1948), генерален секретар на Владата на НР Македонија (1950) и член на Сојузното собрание од 1945 до 1953 година. Од 1965 до 1969 година бил амбасадор на Југославија во Замбија. Бил избран за прв декан на Економскиот факултет во 1950 година и повеќе од 15 години бил директор на Економскиот институт. Во 1990 година, кога се отвора прашањето околу стрелањето на Лена, е жив. Почина во мај 2007 година.

[5] Тодор Циповски - Мерџан е роден во 1920 година во Тетово. Во 1940 година станува член на СКОЈ, а во 1942 година станува член на КПЈ. Во јули 1942 година станал член на Околискиот комитет на Партијата во Тетово, а подоцна и негов секретар. На 19 март 1943 година во неговата куќа е одржана првата седница на ЦК на КПМ. Во август 1944 година е делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загинал набрзо по стрелањето на Лена, на 19 септември 1944 година при нападот на балистите на селото Беличица, Мавровско. Прогласен е за народен херој на Југославија.

[6] Повеќе за активноста на Лена Стојчевска и на нејзината мајка пред заминувањето на Лена во партизани во сеќавањето на Ристосија Стојчевска „Од илегалната работа во Бистрица (1943-1944)“, објавена во зборникот „Битола и Битолско во НОВ 1943 и 1944 година“, Битола, 1982, I, 401-403 стр.

[7] Се мисли на фељтонот „Како загина Кочо Рацин“ од Глигор Стојковски, кој одеше во „Нова Македонија“ од 16 до 30 март 1990 година.


Архива на Народноослободителната борба

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива