Љубен Георгиевски - Љупта

Првомајско изненадување


Напишано: 1994
Извор: Љубен Георгиевски - Љупта „Тарцан“, „Студентски збор“, Скопје, 1994, 47-50 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2014


Речиси секоја година во Прилеп се прославуваше Први мај. Тоа беше навика. Некогаш со песна, некогаш со приредба или другарска веселба. Најчесто на овој ден се излегуваше на Северџик и таму во веселба луѓето раскажуваа за еден слободен мај. Сепак, најзабележаната прослава беше онаа во 1936 година.

За прослава на овој ден, Месниот комитет [на КПЈ] почна да се подготвува од порано. На еден партиски состанок беше поставено и тоа прашање на дневен ред. На состанокот одржан во куќичката на лозјето од Мицко Козар, на кој беше присутен и Ѓорѓе Лопиќиќ, професор во гимназијата во Прилеп (по казна преместен од Врање), беше одлучено на највисокиот врв од Марковите Кули, на Тапанче, да се истакне црвено знаме. За извршување на оваа акција беа ангажирани сите членови на МК. Потребните материјали за изработка на знамето требаше да се набават незабележително. Еден беше задолжен да купи црвена боја, друг платно, а Мицко Козар да го истакне знамето.

Во 1936 година Први мај се совпаѓаше со Велипеток, петокот по [пред] Велигден. На тој ден народот од Прилеп и Прилепско се собираше над Варош, во манастирот Свети Аранѓел. Доаѓаа луѓе од Прилеп и од селата, па дури и од другите градови. Тој велигденски народен обичај требаше да се искористи за популаризација на класната борба на пролетаријатот и на Партијата. За оваа смела акција Мицко го одбра Трајко [Бошкоски - Тарцан], кого добро го познаваше и кој ја знаеше неговата подготвеност за смели антидржавни акции. На Трајка му рече:

- Решивме да истакнеме црвено знаме на Тапанче за Први мај. Што мислиш ти?

- Како ништо ќе го „насадиме“. За тоа, па и за што друго да биде, немај гајле, Мицко. Готов сум.

Трајко се чувствуваше почестен што му се доверува една смела акција во борбата против класниот непријател. Тој мошне многу го сакаше црвеното знаме. За него тоа значеше слобода и правда во животот на работникот. Поканата на Мицко, да го „насади“ знамето на пролетерската борба, да се вее над неговиот роден град, беше за него добар начин достоинствено да се отпразнува празникот на работничката класа.

За Мицко и Трајко, како со смола да беа залепени, деновите бавно се влечеа. Им се чинеше дека 30 април е многу далечен датум, иако во сè убаво и детално ја испланираа акцијата. Знамето беше готово. Беше убаво, црвено, а на него беа сошиени симболите на работничката класа: срп и чекан.

Последниот ден од април, кога се смрачи, Трајко стигна кај Мицко дома. Отпочнаа со последните подготовки и договор. Тргнаа околу 10 часот ноќта. Одеа внимателно кон Марковите Кули. Поминаа покрај полициската станица, па нагоре кон Сенарникот, а оттаму низ варошките нивја под Марковото Кале. Одејќи, Трајко почна да ги трие дланките:

- Кога ме скокоткаат дланките, некого го јадат плеќите. Душава ми е изгорена да здиплам некого.

Мицко го погледна и кусо му рече:

- Па, во оваа работа, Трајко, можеби ќе нè скокоткаат и плеќите.

- Па и така бидува. Или тие мене, или јас некого од нив!

- Сега засега, Трајко, сепак тие се посилни.

- Сакаш да речеш помногубројни - се обрна Трајко кон него. Во очите му светнаа искри. Во длабочината на тие две мориња, под ресестите и стишни црни веѓи, се наѕираше незгаслива верба во она што го зборуваше.

- Од која страна ќе се качуваме, Мицко? Али од Дебоич, али од кај Чешмата? - праша Трајко.

- Не бери гајле. Јас сите врвици на Маркукуле ги знам како својот џеб што го познавам, Трајко.

- И јас добро го познавам!

Почнаа да се качуваат нагоре. Жива душа немаше. Двете сенки се качуваа од кај двете тополи во самото подножје на Марковото Кале. Брзаа нагоре. Иако патот беше нагорен, желбата акцијата да успее ги тераше да брзаат. Го одминаа Слонот и седнаа.

- Да здивнеме малку, Трајко. Овдека нагоре нема никаква опасност.

Седнаа да вечераат. Започнаа разговор за утрешниот ден, за значењето на нивната акција, за положбата во градот кој беше обвиткан во темнилото од ноќта и од режимот што владееше во него.

- До кога ќе го завиткува оваа темница овој наш град, мајката!

- еее, гледаш, Мицко, јас би го исекол целиот Прилеп со светилки. И ќе го исечам! Да знаеш, на локуми, на локуми ќе го исечам - со занес зборуваше Трајко.

- Ееее! Ние би можеле да си пцаламе вака и до други ден сабајле. Работа нè чека, и пат. Ајде!

- Тргнуваме, мајсторе. Ти како ќе речеш - и тргна без да чека Мицко нешто да каже.

За четириесетина минути стигнаа на Тапанче.

Звукот на теслите не се слушаше подалеку од првите карпи наоколу. Тука се придушуваше. И карпите како да знаеја дека треба да скријат нешто во оваа убава пролетна вечер. Двајцата молчеа и работеа без почин. Кога во тихата полноќ, на планинскиот вис, се развеа и затрепери црвениот бајрак, и двајцата почувствуваа радосен трепет опиени од успехот. Си ги стегнаа силно рацете, братски се прегрнаа и си го честитаа својот најголем празник.

- Нека ни е среќен празникот!

- Нека е среќен - одговори другиот.

Брзо започнаа да слегуваат кон градот, од каде се чувствуваше миризбата на тутуновиот расад. Се чувствуваа олеснето и радосно заради исполнетата задача, чија големина се покажа на тој велигденски петок, кога над Прилеп се вееше знамето на социјалистичката револуција. Трајко и Мицко се разделија пред мостот Ќемерлија.

Утрото, убаво облечени, заедно со првите велигденци, тргнаа кон Варош, под Марковите Кули, каде беше местото на традиционалниот собир. Весели, од успешно завршената работа, двојно се радуваа: за Велигден и за својот голем ден Први мај.

Уште изутрината беше забележано црвеното знаме што се вееше на врвот под Марковите Кули. Додека огромната река прилепчани одеа радосни кон Варош, вчудоневидени застануваа пред глетката на развиореното црвено знаме. Полицијата многу доцна го забележа. Полицајците растревожени растрчуваа низ градот барајќи начин што побрзо да го симнат знамето, кое пркосеше гордо, бунтовно, и на овој традиционален народен велигденски собир му даде ново значење: класно, пролетерско.

- Погледни го орелот како се надвиснал над Прилеп! - му рече Трајко на Круме, со кого беше добар другар и кого прв го сретна од другарите.

Круме веднаш сфати за кој орел му зборува Трајко. Заедно го гледаа и скриено му се радуваа, но таа радост ја криеја од другите, зашто никој не смееше да го насети она што двајцата револуционери го извршија таа ноќ.

За црвеното знаме на Маркови Кули во Прилеп се зборуваше долго време. Напорите на полицијата, да ги откријат оние што го истакнаа, останаа без резултат. Мицко и Трајко беа горди на своето дело. Симболот на работните луѓе и на нивната класна борба се вееше на убавото мајско сонце. Го гледаа сите: и оние што го сакаа, кои беа многубројни во Прилеп, и оние што не го сакаа, додека полицијата со грст луѓе беше лута, зашто се почувствува победена и надитрена. Во својата вознемиреност полицијата работеше многу бавно и успеа да го симне знамето дури во единаесет часот. Прилепчани и’ се смееја в лице. Мицко и Трајко со право се гордееја за извршената задача. Тоа признание им го оддаде и Месниот комитет.