Антун Колендиќ

Белите дамки на македонската историја


Извор/првпат објавено: "Start magazin", Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 50-55 str.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2011


Интервјуто на Вера Ацева и објавувањето на нејзиното, иако значително скратено, „писмо до Светозар Вукмановиќ - Темпо“[1] предизвикаа сензација, не само помеѓу историчарите. Имено, Ацева, народен херој и долгогодишен член на ЦК на Југославија и на ЦК на Македонија, остро и директно го отвори прашањето на исправување, всушност на научно утврдување на вистинската историја на најважниот период од развојот и државното формирање на Македонија, оној од 1941 до 1945 година!

Како што кажа македонскиот историчар д-р Иван Катарџиев, нејзините текстови „предизвикаа одредена збунетост, не само во македонската, туку и во југословенската јавност“, а „судирот на информации кои ги нуди Ацева со оние што егзистираат веќе 40 години и кои претставуваат историска свест некои средини го доживеаја како шок“.

Поттикнат од тоа, а уште повеќе од полемичкиот „одговор“ на Лазар Колишевски на отворањето на донеодамнешните табуа, ги актуелизирав од своите поранешни „Забелешки“ записите за двете најважни помеѓу тие спорни прашања:

1) Кој го припои („приклучи“) Покраинскиот комитет на Македонија кон Бугарската комунистичка партија?

2) Дали е преценета улогата на Л. Колишевски во настаните 1941-1945 година?

[Приклучувањето на Покраинскиот комитет на Македонија кон бугарската партија]

Во врска со првото прашање треба веднаш да се каже дека до денес историски-научно не се утврдени сите важни подробности за тоа како дојде до одлуката за одвојување на Покраинскиот комитет на Македонија од ЦК КП Југославија и негово „приклучување“ кон ЦК КП Бугарија.

Официјално важечкиот став на југословенската историографија, заснован на резолуциите на Петтиот конгрес на КПЈ и Првиот конгрес на КПЈ [и двата одржани во 1948 година], накратко гласи: „Секретарот на ПК на Македонија Методија Шаторов - Шарло... ја приклучи во 1941 година македонската партиска организација кон Бугарската комунистичка партија.“

Лазар Колишевски, настапувајќи во својата функција на прв човек на македонската влада и партија, ја дополнува во своите „Сеќавања“ приказната со тврдењето дека „Шаторов двапати одеше од Скопје во Софија т.е. во ЦК на Бугарија.“ При тоа истакнуваше дека тој - Колишевски - и тоа во Софија во август 1941 година, им се спротивстави на Бугарите, кои го оправдуваа Шаторов, говорејќи им: „Шаторов работеше самоволно и на своја рака. Тој ја искористи тогашната ситуација за да ги оствари своите контрареволуционерни и предавнички планови!“

Истакнатата функционерка на бугарските комунисти од тие години, Цола Драгојчева, во својата книга „Сеќавања и размислувања“, пишува дека во текот на април и мај 1941 година пред ЦК на бугарската партија се постави прашањето врз која основа да се воспостави односот со Покраинскиот комитет за Македонија. „Тогаш Методија Шаторов побара врска со нас“ (во фуснота Драгојчева додава: „Некои југословенски историчари тврдат дека М. Шаторов лично доаѓал, веднаш по капитулацијата на Југославија во Софија со намера да ја ‘предаде’ македонската партиска организација на Буг. комунистичка партија. Тоа е чиста измислица! Шаторов дојде во Софија дури на почетокот од октомври 1941 година!“).

„Меѓутоа - продолжува Драгојчева - кон крајот на април и почетокот на мај 1941 година успеа (Шаторов - А. К.) да воспостави врска со своето раководство и да ја добие согласноста на своето раководство привремено, до разјаснувањето на ситуацијата, македонската организација да се стави под раководство на нашиот (бугарскиот - А. К.) Централен комитет... Ние веднаш, со писмо датирано на 10 мај 1941 година, редактирано од Трајчо Костов и Антон Иванов (политичкиот и организацискиот секретар на ЦК КПБ - А. К.), му го јавивме на Задграничниот комитет (т.е. на Политбирото на ЦК КПБ, во Москва - А. К.) следното: ‘Веќе воспоставивме врска со македонскиот Областен комитет кој, во согласност со КПЈ, преминува под наше раководство.’“

Така, според официјалното толкување како на нашата така и на бугарската партиска историја, Македонецот Методија Шаторов - Шарло, член на ЦК КПЈ и секретар на ПК за Македонија, на своја рака го изврши тоа „приклучување“. А тоа во тој историски момент ја одредуваше судбината и иднината не само на партиските организации во Македонија, туку и на македонскиот народ и на Македонија воопшто!

Меѓутоа, има многу факти кои не се согласуваат ниту со таа „вистина“ на нашата официјална историографија ниту со сведочењата на Колишевски и Драгојчева, односно со бугарската политичка историја.

Како прво, постои изјава на Перо Ивановски - Тиквар, организациски секретар на ПК за Македонија во тие дни.

Ивановски пишува дека во април 1941 година Шаторов со писмо беше повикан во Софија, да му се јави на Централниот комитет на бугарската партија. „Шаторов веднаш го извести Покраинскиот комитет за тоа и отпатува во Софија... Откако отпатува, дојде повик од ЦК КПЈ Шаторов веднаш да дојде во Белград, зашто беше избран член на ЦК КПЈ... Ние (т.е. ПК за Македонија) немавме друг избор па го испративме членот на ПК Коце Металец во Белград да види за што се работи и да каже дека Шаторов не е во Скопје, туку дека отиде во Софија. Коце се врати и рече дека другарите инсистирале Шаторов да дојде во Белград. По два дена Шарло се врати од Софија. Му кажавме - Коце и јас - за повикот од Белград. Тој одговори: ‘Завршено е со тоа. Ние сега сме поврзани со ЦК на Бугарија.’“ Понатаму, Ивановски тврди дека во декември 1940 година Иван Милутиновиќ, член на Политбирото на КПЈ, му рекол дека ЦК КПЈ и ЦК КП на Бугарија се договориле дека, во случај на војна, т.е. на прекин на редовните врски помеѓу Белград и Македонија, ПК за Македонија треба да побара и да воспостави врска со Софија, а преку неа со ЦК КПЈ!

Како второ, последните денови од април 1941 година мене во Скопје Петар Богданов, член на ЦК на КП Бугарија, делегиран „за работа во Македонија“, ми соопшти (бидејќи тогаш раководев со студентската партиска ќелија и со младинските скоевски групи) дека „од сега, со одлука на Коминтерната партиските организации во Македонија преминуваат под раководство на ЦК КП на Бугарија“, па дека „СКОЈ ќе биде РЕМС (Работнички младински сојуз)“!

Во мај 1941 година организацискиот секретар на ПК Перо Ивановски - Тиквар ми соопшти дека пристигнал итен повик од ЦК КПЈ Шаторов да дојде на советувањето на ЦК. „Шаторов - ми рече Ивановски - одбива да оди и тврди дека тој е поврзан со ЦК КП на Бугарија.“ Меѓутоа, Тиквар и останатите од ПК (Коце Металец и Мара Нацева) сметаат дека треба да се оди. Тиквар ми предлага мене да одам во Белград и да ја изложам пред ЦК ситуацијата и да слушнам што порачува ЦК!

Иако прогонет илегалец, стигнав во Белград и имав два долги состаноци со членот на Политбирото Иван Милутиновиќ.

Милутиновиќ ми рече дека ЦК КПЈ знаел за „приклучувањето“, го осуди како штетна акција и ги презел потребните мерки за тоа веднаш да се поправи. Се вратив во Скопје и од тогаш - од крајот на мај 1941 година - иако имав редовни партиски и други контакти со многу партиски ќелии и комунисти од Скопје, Куманово и Велес, никогаш не слушнав дека некој поединец или група се согласува со „приклучувањето“ кон бугарската партија или дека се залага за тоа!

Денес, кога под впечатокот на со децении популаризираната официјална историја - како што тоа го кажува В. Ацева - владее црно-бела слика за Македонија во 1941 година (на едната страна предавник, Шаторов, а на другата - спасител, Колишевски), тешко е да се сфати тогашната стварност.

Меѓутоа, доволно е да се погледнат тогашните партиски документи (а не надокнадните, со ништо недокажани прераскажувања или изјави на „крунските сведоци на Револуцијата“), па да се увери човек во фактите. Го наведувам само циркуларното писмо на делегатот на ЦК КПЈ Д. Павловиќ - Шиљо од 19 август 1941 година во кое, како директива, изречно се кажува дека „прашањето на која партија ќе биде приклучена македонската партиска организација не е ниту централно ниту важно: тоа е прашање кое братски ќе го решат раководствата на двете партии“!

Како трето, Трајчо Костов, секретарот на ЦК БКП, во 1946-1947 ми го повтори неколкупати следното:

„Задграничното биро (т.е. Политбирото на БКП во Москва) со писмо напишано во април 1941 година му нареди на ЦК на бугарската партија (т.е. конкретно нему, на Т. Костов) веднаш да го преземе ‘раководството и контролата’ над сите организации во ‘новоослободените краеви на бивша Југославија и Грција’“! Имено, на Бугарија, по крахот на Грција, и’ припадна и дел од Егејска Македонија.

На моите директни прашања од каде таа идеја и со кои аргументи се правдаше тоа „приклучување“ на македонските комунисти на бугарската партија, Костов сè сведуваше на тогашната проценка на другарите во Москва дека засекогаш е завршено со версајска Југославија.

Тоа го илустрираше со повеќе докази, на пример, Советскиот Сојуз го призна разбивањето на Југославија и го истера југословенскиот амбасадор, а советскиот амбасадор во Бугарија тогаш (во април-мај 1941 година) му го честита на цар Борис „припојувањето на новоослободените краеви“ т.е. на деловите на Југославија и Грција, што дипломатски де факто е признавање! Главниот аргумент, пак, секогаш му беше договорот на претставниците на ЦК на Бугарија и Југославија од првите денови на 1941 година, за соработката на двете партии!

Интересно е тоа што и Костов, како и сите останати бугарски раководители, вклучувајќи го и Г. Димитров, секогаш го истакнуваше и следното:

„Кој тогаш, во април 1941 година, можеше да очекува дека таа слаба и растргната КПЈ ќе крене востание и ќе поведе партизанска војна?“

Како четврто, јас имав многу разговори со Георги Димитров во текот на 1945-1947 година и редовно - за ЦК КПЈ - за тоа праќав детални извештаи, кои сигурно се зачувани. Исказите на Димитров ја негираат „вистината“ на Цола Драгојчева.

Нему, како што се знае, Сталин му дозволи да се врати во Бугарија дури на 6 ноември 1945 година, иако Бугарија имаше отечествено-фронтовска влада веќе од 9 септември 1944 година! Две недели по неговото доаѓање во Бугарија, во вторник, 20 ноември 1944 година, ме повика личниот секретар и ми соопшти дека другарот Димитров одлучи мене, како на Југословен, прв да ми даде интервју!

Тие години интервјуата со важните политички личности не беа информација, туку - политичка акција! Затоа Димитров и ме избра мене, „специјалниот дописник“ на „Борба“, зашто тоа се и деновите на забрзани преговори за федерација (или конфедерација) на Јужните Словени...

Мојата листа на прашања ја прегледа во Белград Ѓилас, па некои отфрли, а други додаде.

Димитров ме прими во својот приватен стан и одговараше многу отворено на сите мои прашања. Имено, тој ме знаеше уште од 1933 година, кога ја водеше Балканската секција во Виена, а јас доаѓав како курир на ЦК КПЈ.

Во разговорот лесно можеше да се забележи дека Димитров не го познава ниту односот на силите ниту стварноста на тогашна Бугарија. Тоа е и разбирливо кога се знае дека тој, во текот на емиграцијата, ги пратеше случувањата во татковината само преку „извештаите“ и пропагандните статии. На прашањето за улогата и положбата на Македонија во идната федерација, рече:

„Кога хитлеровците ја освоија Југославија и ја расчеречија, Секретаријатот на Извршниот комитет на Коминтерната долго и подробно го разгледуваше неочекуваното менување на ситуацијата. Советските другари тврдеа дека новонастанатата ситуација и новоскроените граници ќе останат трајно, дека тоа е апсолутно утврдено и потпишано со договорот Молотов-Рибентроп. Трајни се западните граници на СССР (се мисли на териториите добиени од Полска и Романија - А. К.), како и вклучувањето на Добруџа во Бугарија, а со самото тоа и разбивањето на версајска Југославија! Во врска со Југославија и Грција, посебно се дискутираше за новонастанатата положба на Македонија. За тоа реферираше В. Поп Томов.[2] Го застапуваше ставот дека е неопходно да се активираат големите капацитети кои лежат во националното движење на Македонците. Затоа е потребно да ги води силна и решителна Компартија. На Балканот е најсилна и најдобро организирана Бугарската партија... Затоа предложи македонските организации (и КП и ВМРО (Обединета)) да се стават под контрола на ЦК КПБ и организациски да се поврзат со него.“ Димитров „дополнително се согласил со овој предлог“, иако кажува, „не учествувал во дискусијата“.

По согласноста од Димитров, бугарското Задгранично биро во Москва ја прифати таа одлука и веднаш ја спроведе во живот.

- Меѓутоа - продолжува Димитров - Валтер (Тито) енергично протестираше, најпрво преку кратка телеграма, а потоа со низа надолго објаснети обвинувања. Ние, Извршниот комитет, брзо ја исправивме оваа наша очигледна грешка. Валтер доби сатисфакција. Не смее да се заборави дека до оваа грешка дојде во време кога сè уште дејствуваше пактот Молотов-Рибентроп и кога КП на Југославија беше мала, илегална партија, послаба не само од КП на Бугарија, туку и од КП на Грција!

Кога дојде до Хитлеровиот напад на Советскиот Сојуз и кога почна партизанската војна во Југославија, ние се уверивме дека згрешивме и болшевички ја признавме грешката и ја поништивме погрешната одлука.

Има уште многу факти кои непобитно ја докажуваат вистината: ниту Шаторов беше некој важен фактор ниту Колишевски беше „спасител“. Битката се водеше помеѓу бугарското лоби како истурен фактор на советската политика и Тито со КПЈ како бранител на Југославија! И на крајот, сигурен сум дека, кога најпосле ќе се отворат советските, односно коминтернските архиви, ќе биде непобитно докажано дека Методија Шаторов - Шарло секогаш бил совесен, до смрт верен човек на Коминтерната, комунист кој се трудеше да ги изврши сите задачи и директиви на раководството. Тоа го правеше во Бугарија, СССР, Кина, Шпанија и во својата родна Македонија подеднакво!

Дури и кога ги „приклучи“ партиските организации на Македонија кон Бугарија и кога, исклучен од ЦК КПЈ, му се јави на ЦК со молба да биде испратен во партизани и кога, ден пред ослободувањето на Бугарија, во шумите на Софија, на 8 септември 1944 година беше убиен со куршум во грб...[3]

[Улогата на Лазар Колишевски во настаните 1941-1945 година]

Вера Ацева во своето писмо до Темпо пишува: „Ти, Темпо, во ‘Битката за Балканот’, неслучајно, го префали Колишевски... Морам да ти кажам дека најголемиот дел од она што го напиша за него не е вистина!“ Ваквата категорична, јавна изјава, а уште повеќе одговорот на Лазар Колишевски во „Нова Македонија“ во јули 1989 година, ме предизвикаа да ја прегледам својата документација за Македонија во 1941 година.

„Лазар Колишевски - пишува во „Енциклопедијата на Југославија“ - е роден во село Свети Николе на 12 февруари 1914 година. Потекнува од работничко семејство. Поминал 10 години во сиропиталиште и посетувал нижа гимназија. Во годините 1928-1932 е питомец на Воено-занаетчиската школа во Крагуевац.“

Значи, детството и младите години го поминал во макотрпната положба на „питомец“. Во склад со озаконетата практика помеѓу двете војни во Македонија, големосрпските власти, по свои критериуми, преку полицискиот, управниот и школскиот апарат, собираа сиромашни македонски деца и како „питомци“ и „стипендисти“ ги испраќаа во Србија (Крагуевац, Књажевац, Ниш итн.) во разни занаетчиски или управни школи, подоцна и на универзитет. Тие „питомци“ Македонците ги нарекуваа „јаничари“, алудирајќи на некогашните слични постапки на Турците. И Лазар Колишевски, под посрбеното име Лазар Пантовиќ, го помина тој макотрпен пат на созревање.

Меѓутоа, наспроти очекувањата на големосрпските идеолози и управници, Лазар Пантовиќ - нашиот Колишевски - стана, завршувајќи го стипендираното школување и вработувајќи се во Воено-техничкиот завод во Крагуевац, комунист, а потоа и активист на КПЈ. Повеќето од тие македонски „јаничари“ и’ пријдоа на КПЈ, некои, како Колишевски, Страхил Гигов, Ристо Џунов и Благој Попов, уште пред војната, некои во текот или, како Лазар Мојсов, при крајот на НОБ.

Запознавајќи го Колишевски во текот на партиската работа и сакајќи да го награди за вонредната активност, организацискиот секретар на КПЈ, Александар Ранковиќ, го одредува за делегат на листата на Србија за Петтата земска конференција на КПЈ во 1940 година во Загреб.

Тогаш Колишевски првпат во животот се сретна со комунистите од Македонија: со Шаторов и Ивановски. Колишевски беше во групата која на конференцијата се изјасни против гледиштето на Шаторов дека КПЈ не може да ја озаконува незаконската колонизација во Македонија и Косово, т.е. давањето на најдобрата земја на жандармите, на комитите и полициските доушници, Срби доселеници. Поради тоа Ивановски го критикуваше како тој како Македонец може да биде против животните интереси на македонските селани! Воедно, го повика да се врати во Македонија, зашто таму недостигаат кадри. Според П. Ивановски, Колишевски тогаш одговорил: „Јас сум член на КПЈ. Каде што ќе ме одреди Партијата, таму одам, работам и се борам за Револуцијата!“

Според официјалната партиска историографија и пишувањата на самиот Колишевски, тој во април 1941 година работеше во Окружниот комитет на Крагуевац, каде „на почетокот од мај му е соопштено дека преминува на партиска работа во Ниш“! „Меѓутоа - пишува денес Колишевски - неколку дена подоцна, повикан сум да одам во Белград, каде другарот Александар Ранковиќ ми ја соопшти одлуката дека одам на работа во Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.“

Но, тие записи во важни работи не се согласуваат со сочуваните документи и изјавите на бројни учесници на тие случувања!

Како прво, ниту еден документ не потврдува дека ЦК КПЈ го испратил Колишевски „на работа во ПК КПЈ за Македонија“. Постои само општа одлука комунистите Македонци да се вратат во Македонија за да ги зајакнат тамошните, релативно слаби, партиски организации.

Како второ, Колишевски по своето пристигнување воопшто не му се јави на Покраинскиот комитет, во кој - тврди - бил упатен!

Тој - според сопственото пишување, како и според писмените изјави на повеќе современици, особено на Вера Ацева - доаѓајќи од Белград кон средината на мај 1941 година во непозната средина, не знаејќи македонски, се смести кај свои роднини во родното село, односно кај пријатели во Куманово. Тој немаше, што на почетокот од окупацијата во практиката на ЦК КПЈ беше незамисливо, ниту адреса ниту јавка за Покраинскиот комитет! Така живееше неколку недели и дури тогаш, приватно, преку една пријателка, се поврза не со ПК, туку со Перо Ивановски - Тиквар, својот познајник од Петтата земска конференција.

Како трето, во своите „Сеќавања“ на 4 јуни 1961 година во „Нова Македонија“, Колишевски пишува дека Ранковиќ, соопштувајќи му ја одлуката дека „преминува на работа во ПК за Македонија“, „го запозна со ситуацијата во Македонија... особено во врска со ставовите на тогашниот секретар на ПКМ Шаторов - Шарло во врска со Априлскиот проглас на КПЈ и заклучоците од Мајското советување на ЦК КПЈ. Имено, Шарло одби да присуствува на овие заседанија, а не се одзва ниту на неколкуте повици да дојде во Белград и да ги разјасни своите ставови и своето држење кон ЦК КПЈ.“

Така пишува Колишевски на 4 јуни 1961 година.

Меѓутоа, одговарајќи на предизвикот на Вера Ацева, на 17 јули 1989 година, истиот човек го пишува за истиот настан следново:

„Одлуката за моето заминување на работа во Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија ми ја соопшти, некаде средината на мај, тогашниот организациски секретар на ЦК КПЈ Александар Ранковиќ. Меѓутоа, првите информации за ставовите и политиката на Шаторов ги добив во Куманово од Боро Менков, Мара Нацева и други.“

Како четврто, Колишевски пишува дека преку Перо Ивановски бараше и договорил состанок со Шаторов. За тој состанок кажува: „Најпосле, по моите упорни инсистирања, се сретнав со Шарло... Му ја пренесов одлуката на ЦК КПЈ дека преминувам на работа во Македонија и опширно му ги изложив ставовите на КПЈ во духот на подготовките за вооружена борба. Шарло веднаш го изрази своето несогласување со линијата на КПЈ и почна да ги изнесува ставовите на Бугарската партија... Му се спротивставив на Шарло, напомнувајќи дека јас не припаѓам на Бугарската работничка партија, ниту пак комунистите во Македонија ја прифаќаат линијата на Бугарската партија, ниту воопшто отцепувањето од составот на КПЈ, кое тој (Шарло) го изврши самоволно.“

Меѓутоа, Перо Ивановски за истото го кажува следното:

„Другарот Лазо на овој состанок критикуваше дека немаме станови за состаноци и станови за илегалците, дека немаме добро организирана техника... Јавно изразуваше незадоволство како тоа Партијата да не е способна да најде станови. Тој живееше под впечатоците од Крагуевац, каде има голем комбинат, работници, организирана партија итн., што овде сето тоа е слабо. Значи, судирите помеѓу него и Шарло се заострија околу овие прашања. Шарло тврдеше дека сè се обидуваме, но дека немаме услови за работа, додека Лазо тврдеше дека сме неспособни, дека не работиме ништо, дека ние воопшто не сме партиска организација...“

Истото го тврди и уште еден жив учесник на тој состанок, Боге Кузмановски.

По овој судир со Шарло, Колишевски од Скопје отиде во Куманово, од каде, не јавувајќи му се никому - ниту на ПК во Скопје, ниту на Месниот комитет во Куманово - на 21 јуни 1941 година отпатува во Белград!

Значи, за „првата фаза“ од делувањето на Л. Колишевски во Македонија, од средината на мај до 21 јуни 1941 година, можеме да го утврдиме следново:

а) не исполнил ниту една од задачите за кои тврди дека ги добил од Ранковиќ;

б) не се вклопи во работата ниту на Покраинскиот комитет ниту на која било партиска организација;

в) не учествуваше во ниту една од многубројните тогашни акции, организирани и водени од партијата во Скопје и Куманово;

г) самоволно, наспроти директивата на Централниот комитет, ја напушти Македонија и се врати во Белград.

Колишевски останува во Белград цел месец јули. По лична наредба од Ранковиќ, требаше на 27 јули со вечерниот воз да се врати на партиска работа во Македонија. Меѓутоа, тој ден изутрината Колишевски виде кога беше уапсен Ранковиќ, за што веднаш и’ јави на својата партиска врска, таа пак за тоа го извести Тито, а тој ја нареди - и белградските скоевци ја спроведоа - познатата храбра акција за ослободување.

Во врска со овој среќен случај Ранковиќ подоцна ќе изјави: „Колишевски и јас и порано пријателствувавме, но исклучително нè зближи, така да кажам, мојата неволја во летото 1941 година, кога паднав во заседа на гестаповската полиција и кога тој ме виде раскрвавен, како ме одвлекуваат во автомобил... Тој ја извести Цана Бабовиќ... Можеби кон него сум бил малку сентиментален како човек, но, ете - во прашање беше мојот живот. Било, па се памети!“

Тито тактички умно ја спроведува својата доследна линија за револуционерната концепција на КП на Југославија, па во случајот на Македонија, соочен со антијугословенските махинации на бугарското лоби во Коминтерната, увидува дека задача на моментот е да се ликвидира најпослушниот експонент на Коминтерната: Методија Шаторов - Шарло. Освен писмената одлука, тој, по подробните усни упатства, го праќа на почетокот на август како официјален делегат на ЦК КПЈ Драган Павловиќ за да ја спроведе одлуката за македонскиот ПК и исклучувањето на Шаторов.

На друга страна, во тој ист Белград, Колишевски не отпатува за Македонија, како што одлучи Ранковиќ, со вечерниот воз на 27 јули. Кога дозна дека Ранковиќ е ослободен, тој бараше состанок со него, соопштувајќи му дека сака да остане на работа во Белград. Меѓутоа, Ранковиќ, тешко повреден во Гестапо и во длабока илегала, за молбата на Колишевски дозна дури на 3 август, истовремено кога и за Титовата одлука да го испрати делегатот на ЦК КПЈ Д. Павловиќ. Ранковиќ и’ одговара на врската дека Колишевски мора веднаш назад во Македонија со Шиљо.

Така, Колишевски на почетокот на август 1941 година втор пат доаѓа во Македонија.

Во Архивот на ЦК КПЈ постои подробна документација за тоа како Шиљо на состаноците со Шарло и со неговиот Покраински комитет ја спроведуваше одлуката на ЦК КПЈ, но не постои ниту еден единствен документ во кој макар и би се спомнало името на Лазар Колишевски.

Единствената негова регистрирана активност во тој период е што, по одлука на делегатот на ЦК КПЈ Шиљо, отпатува во Софија, каде го имаше оној познат состанок и судир со претставничката на ЦК на Бугарија Цола Драгојчева.

Откако се врати од Софија, тој од Шиљо дознава дека продолжува нормалната партиска работа, а одлуката за „приклучувањето“, како и за исклучувањето на Шарло, и’ е препуштена на Коминтерната. Исто така дознава дека е потврдена Шарловата одлука за - исклучување на Колишевски од Партијата поради самоволното заминување од Македонија!

Л. Колишевски на делегатот на ЦК КПЈ му ја соопштува својата молба веднаш да замине од Македонија, во која нему му е оневозможена работата!

Сето тоа го пишува во документите во Архивот на ЦК КПЈ. Значи, ниту ова второ доаѓање на Лазар Колишевски не беше баш „историско“. Секако, важен е неговиот придонес во врска со спасувањето на Ранковиќ, а, благодарение на Цола Драгојчева, медиски е многу познат неговиот настап во одбрана на линијата на КПЈ во Софија.

Само неколку дена по т.н. Августовско советување на ПК за Македонија, закажано по повод доаѓањето на Шиљо - кое значеше победа на Шаторов - на 24 август 1941 година доаѓа писмената одлука на Коминтерната со која се осудува „приклучувањето“. Шаторов истиот ден, добивајќи го преку Софија писменото известување од Коминтерната, дава оставка на функцијата политички секретар на ПК и го пишува познатото писмо до Централниот комитет на КПЈ во кое моли да оди во партизански одред! Не чека одговор, туку по десетина дена заминува за Софија!

Како што се гледа, победи Титовата концепција за Југославија и НОБ, тактички вешто спроведена во овој случај против одлуката на Коминтерната за „приклучувањето“.

На 15 или 21 септември 1941 година формиран е нов Покраински комитет, но тешко е денес за историчарот да докаже кој беше политички секретар на тој ПК. Колишевски тврди дека тоа беше тој. Во ред! Тоа, значи, е неговото трето доаѓање во 1941 година. Освен Вера Ацева, и други актери тоа го негираат (мене, на пример, Бане Андреев повеќепати во ноември и декември 1941 година ми тврдеше дека тој „со одлука на ЦК КПЈ“ беше одреден за секретар на ПК). Но, тоа не е важно, зашто Лазар Колишевски сигурно беше член на новиот Покраински комитет. Официјалната историја кажува дека тој кон крајот на септември 1941 година е поставен, како секретар на ПК, за командант на Воениот штаб за „организирање на партизанските одреди“.

Во врска со тоа знам само едно. Како најстар комунист (член на КПЈ од 1932 година, робијаш од Сремска Митровица, логораш од Билеќа) бев одреден за секретар на илегалната партиска организација на нашиот Прв скопски партизански одред. Нашиот одред од август до ноември 1941 година имаше многу и разновидни акции, вклучувајќи вооружен судир со Бугарите, минирање на пруга, масовни собири со селаните итн.

Одеднаш, во октомври 1941 година, добив, во планините на Скопска Црна Гора, каде тогаш престојуваше нашиот одред, не налог за вооружено востание на ден 11 октомври, како што сега се наведува во службената историја, туку ливченце во кое Митре - новиот псевдоним на Л. Колишевски, преземен од Шаторов - наредува нашата партиска ќелија, ќелијата на партизанскиот одред - да се распушти и тоа поради „фракционерство и недисциплина“, зашто наводно ние, вооружените партизани во одредот, сме биле „шарловисти“ и сме подготвувале „терористички провокаторски акции“!

Тоа е таа писмена одлука на Л. Колишевски, која беше главната причина поради која овој активен и во акциите проверен Прв скопски партизански одред наскоро (во ноември 1941 година) донесе одлука привремено, до разјаснувањето на ситуацијата, да се расформира.

Тоа е единственото што од искуството и од документите го знам за активностите на Л. Колишевски во врска со кревањето на востанието во Македонија на 11 октомври. Факт е дека Колишевски никогаш не сакаше да признае дека Првиот скопски одред воопшто постоел, иако во него беа повеќе од 40 партизани, комунисти и скоевци!

Зошто?

Перо Ивановски - Тиквар ми го објасни тоа во јануари 1942 година: „Лазо сметаше дека сите вие во одредот сте ‘шарлоисти’ и фракционери. Знаеше дека токму вашиот одред ги демантираше сите негови ставови дека ние (Тиквар ми зборуваше за Шарловиот Покраински комитет) не сме за партизанска борба.“

Вера Ацева ги оспорува тврдењата на Лазар Колишевски дека тој, додека робуваше во бугарскиот затвор во Плевен, е избран во Тетово, во февруари 1943 година[4] за „политички секретар на Централниот комитет на штотуку основаната Комунистичка партија на Македонија.“ Архивот на ЦК КПЈ и Архивот на ЦК КП на Македонија и’ даваат целосно за право. Никаде не постои ниту еден единствен документ, од тие или подоцнежните дни, кој би го потврдил таквиот избор.

Освен тоа, не е логично за прв човек на штотуку формираниот прв Централен комитет на Компартијата на Македонија, во услови на вооружено востание и почеток на ослободителната борба, да се избере за народот непознат доживотен робијаш во окупаторска робијашница! Па, Бугарите убиваа и обични комунисти, а како не секретарот на компартијата кој им е во рацете.

Ниту во својот прв писмен извештај поднесен до ЦК КПЈ непосредно по формирањето на КП на Македонија и нејзиниот прв Централен комитет, ниту подоцна - до 1944 година - Светозар Вукмановиќ - Темпо никогаш не го спомнуваше името на Лазар Колишевски! Новоизбраниот ЦК КП на Македонија (Гигов, Узуновски, Јосифовски), ниту по изборот ниту подоцна, во поширокиот состав (со В. Ацева, Темелковски и Б. Андреев) никогаш ниту напиша ниту усно и’ соопшти на некоја партиска организација или комитет дека Л. Колишевски е секретар на ЦК на Македонија!

И В. Ацева и други тогашни членови на ЦК КПМ тврдат дека Колишевски во пролетта 1943 година не е избран во првиот ЦК!

Единствено Страхил Гигов во својата книга „Сеќавања“ (1973 година) пишува дека Колишевски е избран за секретар. „И покрај тоа што другарот Колишевски и другарката Нацева беа отсутни - Колишевски беше во затвор во Бугарија и беше осуден на смрт, а Нацева интернирана во Бугарија - ние ги избравме на највисоки функции во Централниот комитет на новоформираната КПМ. Нивниот избор од една страна претставуваше гаранција дека КПМ ќе продолжи да ја спроведува доследно правилната линија на КПЈ, а од друга страна тоа беше признание за нивната доследна револуционерна работа!“ [253-254 стр. Подвлекувањето е додадено.]

Чудно звучат овие аргументи на С. Гигов кога се знае дека Колишевски, доаѓајќи во Македонија, помина на илегална партиско-револуционерна работа до апсењето севкупно (кога ќе се одбијат заминувањата во Белград и Софија) два и пол месеци (од мај до 6 ноември 1941 година). При тоа, според сопственото признание, обиколил десет градови и се сретнал во вкупно триесетина комунисти!

Колишевски тогаш не беше во Македонија познат или популарен за да би требало - или за воопшто да би можело - да се користи неговото име. Впрочем, останува фактот дека новоизбраниот ЦК КПМ на својот „политички секретар“ никогаш не му испрати ниту едно писмо ниту го популаризираше. Дури ниту во двете конспиративни писма, илегално доставени до политичките затвореници Македонци, нема спомен од неговото име.

Лазар Колишевски од мај 1942 до 7 септември 1944 година, како робијаш, осуденик на доживотна робија, е затворен во бугарскиот затвор во Плевен. Таа робијашница не беше ништо налик на нашата некогашна (во Сремска Митровица 1935-1940), „комунистичкиот универзитет“. Тоа беше вистинска робијашница во која сите 800 робови навистина робуваат и гладуваат.

На 7 септември, кога Црвената армија влегува во Бугарија, „ударните групи“ на КП на Бугарија продираат во затворот и ги ослободуваат сите политички затвореници. Групата ослободени комунисти, предводени од Трајчо Костов, со советски коли на 9 септември е префрлена во Софија. Во таа група е и Колишевски. Помеѓу 10 и 15 септември - според непрецизната изјава на Трајчо Костов - со советски автомобил во Софија пристигнува „југословенската делегација“, т.е. Темпо, Михаило Апостолски и Бане Андреев. Тие веднаш го бараат Л. Колишевски, кој дотогаш беше во Софија со останатите ослободени југословенски робијаши од разните затвори. По тој повик Колишевски - како единствен од ослободените македонски робијаши - преминува во хотелот на југословенската делегација.

С. Гигов во своите „Сеќавања“ пишува:

„Непосредно по капитулацијата на фашистичка Бугарија една делегација на нашиот Главен штаб на чело со делегатот на Врховниот штаб Светозар Вукмановиќ - Темпо и командантот на Главниот штаб на Македонија М. Апостолски замина за Софија... Кога нашата делегација се врати од Бугарија, со неа се врати и другарот Лазар Колишевски, кој веднаш по излегувањето од затворот се беше поврзал со Отечествениот фронт... Во селото Жегљане се видов повторно со другарот Колишевски. Беше оној стариот, срдечен и непосреден. Беше облечен во некоја ветва, неугледна облека. Веднаш наредив нашата шивачка работилница да му направи нова, партизанска облека, а чевларската работилница - чизми. Се интересираше за сè. Беше радосен поради големите успеси на НОБ. Веднаш ја презеде функцијата на политички секретар на ЦК на КПМ.“ [485-486 стр.]

Така Гигов!

А во Архивот на ЦК КПЈ и во Архивот на ЦК КП на Македонија нема ниту еден единствен документ - или барем промена - за тоа „преземање на функцијата политички секретар на ЦК КП на Македонија“!

Бане Андреев, долгогодишен член на ЦК КП на Македонија, кој, според многу документи беше и политички секретар како на ПК за Македонија така и подоцна на ЦК КПМ, ми раскажуваше дека Темпо дури во Софија, по 10 септември 1944 година, им соопшти на Апостолски и Андреев дека „Лазо Колишев“ (со кој Темпо веќе се сретнал, но сам) ќе биде политички секретар на ЦК КПМ, „по одлука на другарот Марко“, т.е. Ранковиќ.

Но, да ги оставиме приказните и сеќавањата и да погледнеме како стои работата со документите.

Познато е дека во текот на НОБ имаше многу, понекогаш и ненадејни промени на партиските и воените раководители и раководства (Хрватска, БиХ, Војводина, Црна Гора). Но, познати се (некои порано некои подоцна) главните причини и тековите на сите тие промени, постојат и документи за нив, а само за оваа, најнеобична промена - кога од долгогодишна робија е доведен на народот, Партијата и војската непознат човек - никој никогаш ништо не напиша. Ниту постојат какви било документи! Но, сè уште е жив другарот Темпо, кој пред историјата е обврзан отворено да каже што сè се случувало помеѓу неговиот судир со претседателот на Иницијативниот одбор (подоцна претседател на АСНОМ) Методија Ченто, кога Ченто го избрка Темпо од седницата на Одборот на 1 август 1944 година, и заминувањето на Темпо на Вис и реферирањето на Тито и Ранковиќ и неговото враќање, по престојувањето во Софија, по 9 септември 1944 година, и доведувањето на Лазар Колишевски на слободната територија на Македонија, односно неговото инаугурирање за политички секретар на ЦК КП на Македонија.[5]

Колишевски во одговорот на Ацева инсистира на фактите. Мене, на пример, ме интересираше на кои факти почива биографијата на Л. Колишевски, пишувана по ослободувањето. Имено, во неа стои дека тој во март 1943 година е избран за секретар на Централниот комитет на КП на Македонија, на 29 ноември 1943 година за член на АВНОЈ, а на 2 август 1944 година за член на АСНОМ.

Но, ниту во еден документ на Првото заседание на АСНОМ не се спомнува името на Л. Колишевски. Го нема ниту во тогашниот официјален список на избрани и заверени делегати!

Значително посложено би било утврдувањето на фактите кај списокот на членови на АВНОЈ, избрани на Второто заседание на 29 ноември 1943 година. Имено, збрката ја создаде јубилејната книга за АВНОЈ, во која помеѓу делегатите е внесен и Колишевски, кого го нема на другите списоци.

Самите редактори на изданието објаснија дека „одредената збрка околу бројот на делегати на АВНОЈ настана, зашто списокот на делегати од Македонија е составен според телеграмите. Затоа по војната Моша Пијаде настојуваше да состави ако не целосно точен, тогаш барем веројатен список.“ Меѓутоа, „исправувачите“ направија пропуст, зашто го впишаа името Л. Колишевски, а тој сè до 1945 година - и официјално и во легитимациите и помеѓу другарите на робија во Плевен - се викаше: Лазо Колишев!

Но, како што знаеме, титулата „делегат на Второто заседание на АВНОЈ“, односно во Македонија „делегат на АСНОМ“ во тоа време значеше повеќе од најважниот орден. Тоа беше потврда на револуционерното залагање, вистинско политичко педигре. Затоа Л. Колишевски не беше ниту првиот ниту единствениот кому таа отпосле му беше доделена.

Устоличувањето на Лазар Колишевски - дотогаш непознат партиски работник - во самиот врв на штотуку создадената [Народна] Република Македонија (1945-1950) паѓа во времето на т.н. култ на личноста. Тогаш партиската пропаганда играше решавачка улога во кадровската политика, во славењето или соборувањето на водечките личности. А Агитпропот во Македонија од 1944 година непрекинато го водеше Лилјана Чаловска, жената на Лазар Колишевски!

И уште нешто на крајот.

Лазар Колишевски, одговарајќи и’ на Вера Ацева, самиот отвори едно прашање на кое како историчар морам да реагирам.

Имено, Колишевски во „Нова Македонија“ на 25 јули 1989 година зборува за своето апсење и осуда во времето на окупацијата.

До сега не знаев како Колишевски е уапсен. Вера Ацева за тоа [во „Борба“ од 18 мај 1989 година] го напиша следново: „Полицијата утрото на 7 ноември 1941 година го уапси Колишевски во станот во кој живееше во Скопје. Тој рекол дека чека документи од родното место за да се венча со Лилјана Чаловска, па поради тоа имаше и илегална (фалсификувана) лична карта, а во полицијата беше пријавен под вистинското име. Провален беше од Охрид, од еден другар со кој порано се состанал.“

Во „Нова Македонија“ Колишевски самиот подробно опишува како е уапсен, мачен и префрлен во болницата. Кажува дека добро се држел во полицијата и пред судот. Суден е пред прекиот воен суд во Охрид на 26 ноември 1941 година. Човекот кој го предал добил 12 години затвор,[6] а тој смрт со бесење!

Колишевски додава:

„По изречената пресуда адвокатот на одбраната Демостен Манев од Охрид изјави дека мојата вина не е докажана и дека со официјалниот бранител (тоа беше еден бугарски виш офицер - А. К.) ќе вложат жалба за обновување на процесот. Убеден дека сум невин, Демостен Манев по своја иницијатива презеде акција преку одделни влијателни луѓе во некои места во Македонија да се поведе постапка на обновување на процесот и измена на казната. Без јас да знам бил ангажиран и адвокатот Стефан Стефанов од Скопје [7]... Молбите за помилување што ги пишуваше овој адвокат одбив да ги потпишам и такви, непотпишани, останале во неговата архива. По ослободувањето овие молби се најдени и депонирани во Државниот архив. Потпишувањето на молбите го одбив, зашто тоа ќе значеше дека ја порекнувам својата одбрана и своето држење пред судот, а ќе пречеше и на акцијата што ја водеше Демостен Манев. За сето постои документација: полициски извештај, болничко досие и извештај од јавниот процес, како и судската пресуда.

Кон крајот на јануари 1942 година на 14-мина на смрт осудени лица од Македонија казната им е заменета со доживотен затвор. Тоа всушност беа првите смртни казни во Македонија...“

Помеѓу тие 14-мина е и „ЛАЗАР ПАНЕВ КОЛИШЕВ“, што од 1941 до 1945 година е името на Л. Колишевски.

И самиот бев, како и Колишевски, од прекиот воен суд во Скопје (во мај 1941 година) осуден на смрт со бесење во процесот против борците на Првиот скопски одред (при што С. Пинџур и јас во бегство). Затоа во врска со оваа одбрана на Л. Колишевски морам да го истакнам следното. Прво, ме чуди што Колишевски, пишувајќи го своето разјаснување, не се консултира барем со еден правник, кој би му кажал дека, според општопознатата практика, на пресудите на прекиот воен суд во Бугарија од 7 септември 1941 година немаше ниту можеше да има „правни жалби“ и „правна заштита“. Единствено право на осуденикот беше „молбата за милост“! Затоа отпаѓа целата негова приказна за акциите на адвокатот!

Второ, останува прашањето за помилуваните 14-мина. Да, тие се помилувани, само што Колишевски не го наведува фактот дека 10 од тие 14 помилувани лица беа малолетници, деца и младинци од 16 до 20 години.

И во нашиот скопски процес сите малолетници беа помилувани, но затоа четворица другари - кои одбија да пишат [молба за] помилување до бугарскиот цар Борис - се обесени во подрумите на централниот софиски затвор! Тоа се оние познати херои на првиот, Скопскиот партизански одред, одредот за кој Колишевски никогаш, па дури ниту сега, по предизвикот од В. Ацева, не призна дека воопшто и постоеше. Тие четири херои, со кои помина месеци во затвор на почетокот од 1942 година, не сакаше - иако со децении беше на функција од која можеше - ниту посмртно да ги одликува, а камоли да ги прогласи за херои!

Тие официјално заборавени луѓе беа Васил Антевски, правник со диплома од Сорбона, кој на процесот одржа славен говор, Љубо Лековиќ, командант на одредот, скопскиот работник Чедомир Миленковиќ и студентот Периша Савелиќ, 20-годишник, организатор на одредот и член на ПК за Македонија.

Трето, Колишевски се заплетка во многу сложено прашање - пишување на молба за помилување! Тврди: „Одбив да ја потпишам молбата и тие непотпишани молби лежат сега во Државниот архив“!

Кога веќе самиот ја отвори таа тема, морам да кажам дека имам веќе три запишани варијанти за помилувањето на Л. Колишевски. Тој сега ја објави четвртата.

Еве му го мојот одговор.

На почетокот на 1946 година бев по специјални задачи во Бугарија. Тогаш ми е јавено од ЦК КПЈ, односно од А. Ранковиќ - преку сојузната УДБА - од Бугарите да ги преземам сите строго доверливи архиварии во врска со Југославија. Од министерот за правосудство Нејчев добив фотокопии или заверени преписи со сите политички судски процеси на Југословените во текот на окупацијата, а помеѓу нив и досието на Лазар Колишевски, всушност на Лазар Панев Колишев.

Го имав во раце и ги прегледав извештаите од полициските сослушувања, со потписи на секоја страница, обвинението, судската пресуда и - молбата за помилување, упатена до „Царот на Бугарите“, Борис III.

На таа молба - а тоа не беше никаква колективна молба - засекогаш го запамтив своерачниот запис на воениот министер Михов во горниот десен агол: „Предлагам да се усвои молбата.“ А во долниот агол беа печатите и потписот: „Согласен, Борис III“. Сите тие материјали - и ова досие на Л. Колишевски - беа депонирани во Архивот на ЦК КПЈ! Денес не се таму, ниту во Државниот архив на Југославија, ниту во Архивот на СР Македонија!

Само не треба да се заборави дека оригиналите беа и останаа во БУГАРИЈА!



Забелешки на преведувачот

[1] Се работи за интервју на Вера Ацева за „Млад борец“, објавено во април 1989 година. Тоа следи по објавувањето на книгата на Светозар Вукмановиќ - Темпо „Битка за Балканот“. Целата верзија на „писмото“ т.е. на одговорот на Ацева на тврдењата изнесени од страна на Темпо во врска со НОВ во Македонија е објавена во 1991 година во посебна книга во издание на „Култура“.

[2] Владимир Поп Томов (1890 - 1952) е бугарски политичар по потекло од Пиринска Македонија. Во 1912 година станува член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти). Еден е од раководителите на ВМРО (обединета). Во 1934 година заминува за Москва, каде работи во Комунистичката интернационала. На Второто заседание на АВНОЈ во ноември 1943 година Поп Томов, заедно со Димитар Влахов, е предложен за член на Президиумот на АВНОЈ, но тој, за разлика од Влахов, ја одбива оваа понуда. Во 1944 година се враќа во Бугарија. Од август 1949 до мај 1950 година е министер за надворешни работи, а од јануари 1950 година до својата смрт во 1952 година е потпретседател на Министерскиот совет.

[3] Шарло загинува на 4, а не на 8 септември 1944 година, во близина на Пазарџик, а не во близина на Софија. Околностите под кои е убиен Шарло сè уште не се разјаснети. Според официјалната верзија, тој е убиен од непријателски оган при повлекувањето на бугарските партизани пред непријателот, но подоцнежните истраги посочуваат на моменти кои се во спротивност со првобитната верзија.

[4] Состанокот на кој е формирана Комунистичката партија на Македонија не се одржа во февруари, туку на 19 март 1943 година.

[5] До крајот на својот живот Темпо не ги расвлетли овие подробности на кои упатува Колендиќ.

[6] Колишевски во својот напис не го спомнува неговото име. На судскиот процес во Охрид со казна 12 и пол години затвор се казнети двајца: Кирил Главинчев и Андон Дуков, при што Андон Дуков бил суден во отсуство.

[7] Стефан Стефанов, роден во Кратово, по струка адвокат, во 1927 година ја организира адвокатската заштита на обвинетите активисти на Македонската млада тајна револуционерна организација за време на Скопскиот студентски процес. Во 1941 година, по капитулацијата на Југославија, е еден од раководителите на Бугарските акциони комитети формирани за поддршка на бугарската окупаторска власт. По ослободувањето на Македонија, Стефанов е уапсен и е осуден на 16 години затвор. Застрелан е при обид за бегство од затворот во Идризово.



Архива на Антун Колендиќ

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива