Робин Ханел

Митовите на Милтон Фридман


Извор: Robin Eric Hahnel, Milton's Myths, www.socialisteconomist.com.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: април 2023


Општ вовед

Кога Милтон Фридман ја објави Капитализмот и слободата во 1964 година, слободно-пазарниот капитализам[1] не беше сè уште доминантен. Во периодот по Втората светска војна, кејнзијанскиот, социјалдемократски капитализам беше уште повеќе доминантен, а владината регулатива и менаџирање на економијата генерално се сметаа за неопходни, разумни и пожелни. Така што Фридман пишуваше како дисидент кога тврдеше дека само слободно-пазарниот капитализам може да обезбеди економска слобода, да промовира политичка слобода, да ги распределува ресурсите ефикасно, да ги мотивира луѓето успешно и да ги наградува луѓето праведно, а интервенцијата на владата вообично била непотребна и контрапродуктивна.

Во 2002 година, кога беше објавено првото издание на Основи на политичката економија, неолибералниот капитализам стоеше триумфално по падот на не само централно планираниот комунизам[2], но и на социјалдемократскиот, кејнзијански капитализам. Учениците на Фридман беа посигурни од кога и да било дека слободно-пазарниот капитализам е најдобрата можна економија. Дерегулацијата, приватизацијата и распуштањето на мрежата за социјално осигурување станаа правило на денот. Кејнзијанците беа успешно изолирани и замолчени, а само распрскано племе на „хетеродоксни економисти“ ги оспоруваше тврдењата на Милтон Фридман за вредностите на слободно-пазарниот капитализам.

Каква разлика можат да направат дванаесет години! Иако неолибералниот капитализам сè уште се држи на власт скоро секаде во 2014 година, а особено во рамките на економската професија, сега има многумина кои се сомневаат дека слободно-пазарниот капитализам е навистина најдобриот економски систем за огромното мнозинство. Шест години по најострата финансиска криза во четири генерации, глобалниот финансиски систем останува без соодветна регулатива и е исто толку опасен како и пред пропаѓањето на инвестиционата банка и финансиски конгломерат од Њујорк „Леман Брадрс Холдингс“. Пет години по најголемиот пад на БДП по Големата депресија, невработеноста останува висока во сите развиени економии без крај на повидок. И покрај огромните докази дека сме на пат да предизвикаме катастрофални климатски промени, емисиите на јаглерод продолжуваат да растат насекаде. Додека јазиците на сите, но неколку критичари, беа врзани во 2002 година, сега има многу гласови што го оплакуваат губењето на тешко освоените реформи за кои неолибералите нè уверија дека се контрапродуктивни, веќе непотребни или неприуштливи. Секој ден сè повеќе луѓе сфаќаат дека сме на пат кон еколошка катастрофа од библиски размери. Како што нашите „стари економии“ продолжуваат да нè разочаруваат, постои зголемен интерес за една мешавина од иницијативи кои се самосвесно не бизнис- вообичаена економија, наречена „нова“ или „идна“ економија. И, конечно, се забележува реафирмиран интерес за алтернативи на капитализмот. Како и да е, сè уште е поучно да се започне внимателна проценка на слободно-пазарниот капитализам со детален одговор кон тврдењата на Милтон Фридман за неговите наводни вредности кои станаа популарни митови за капитализмот. После што ние можеме да видиме каде критиките покренати од протестните движења во Европа и САД. во текот на изминатите пет години се вклопуваат во долгата, историска дебата за и против laissez faire капитализмот.


Мит #1: Слободното претприемништво е исто што и економската слобода

Фридман рече дека најважната вредност на слободното претприемништво е тоа што тоа обезбедува економска слобода, со кое тој мисли на слободата да располагате како сакате со себе и својот имот – вклучително и правото на договор со други луѓе околу нивната употреба на вашата личност или имот. Тој вели дека економската слобода е важна по себе и за себе, но исто така е важна затоа што ја ослободува економската креативност на луѓето и промовира политичка слобода.

Политичките економисти веруваат дека луѓето треба да го контролираат својот економски живот и само кога тоа го прават можно е да го искористат целокупниот економски потенцијал. Ние исто така веруваме дека економската демократија промовира политичка демократија. Но, сметаме дека концептот на Фридман за економска слобода е несоодветен, неговиот аргумент дека слободното претприемништво им овозможува на луѓето да го контролираат својот економски живот е мошне погрешен, неговото тврдење дека слободното претприемништво е ефикасно, е само енергично, неубедливо, а неговиот заклучок дека слободното претприемништво промовира политичка демократија е апсурден.

Во Поглавје 2, јас аргументирав дека е важно луѓето да го контролираат својот економски живот без оглед на квалитетот на одлуките што ги донесуваат. Со други зборови, покрај ефикасни и правични исходи, ние сакаме работниците и потрошувачите да имаат придонес во економските одлуки сразмерно со степенот до којшто тие се под влијание на одлуките – ние сакаме економско самоуправување. Фридман игра на картата на очигледната вистина дека е добро кога луѓето се слободни да го прават она што сакаат со цел да го замени концептот „економска слобода“ со позначајна дефиниција за економска демократија. Бидејќи ова изобличување е во суштината на капиталистичката митологија, важно е да се третира сериозно.

Првиот проблем со концептот на Фридман за економска слобода е тоа што во капитализмот има важни ситуации кога економската слобода на едно лице се коси со економската слобода на друго лице. Ако oние што загадуваат се слободни да загадуваат, тогаш жртвите на загадувањето не се слободни да живеат во околини без загадување. Доколку работодавците се слободни да ја користат својата продуктивна сопственост како што сметаат дека е соодветно, тогаш нивните вработени не се слободни да ги користат своите работни капацитети како што сметаат дека се соодветни. Ако богатите се слободни да им остават на своите деца големи наследства, тогаш новите генерации нема да можат да уживаат еднакви економски можности. Ако оние што имаат свои банки се ослободени од задолжителна минимална резерва наметната од владата, обичните штедачи не се слободни да штедат безбедно. Значи, не е доволно едноставно да се извикува „нека ѕвони економската слобода“ – колку и привлечно тоа да звучи.

Во капитализмот чија економска слобода преовладува над чија друга е решено со системот на сопственички права. Откако ќе сфатиме дека економската слобода како што е дефинирана од Фридман е бесмисленa без спецификација на сопственичките права - тоа е системот на сопственички права во капитализмот кој диктира кој треба да одлучува што - фокусот на вниманието се префрла онаму каде што требаше да биде на прво место: Како системот на сопственички права дистрибуира овластување за донесување одлуки? Дали системот на сопственички права правично ја дистрибуира контролата над економските одлуки? Дали им дава на луѓето овластување за донесување одлуки во однос на тоа колку тие се под влијание на одредена економска одлука? Или, со давање приоритет на сопственичките права над човековите права, и со нееднакво распределување на сопственоста, дали системот на сопственички права им остава на повеќето луѓе малку контрола над нивните економски судбини и наградува малкумина со контрола над економските судбини на многумина?

Значи, првиот проблем со начинот на концептуализирање од страна на Милтон Фридман на идејата дека луѓето треба да го контролираат сопствениот економски живот е дека тој само го поставува прашањето и ги одложува сите проблеми на неодреден систем на сопственички права. Вториот проблем е што, иако Фридман и другите бранители на капитализмот пишуваат поетично на темата за економска слобода, тие имаат неверојатно малку што да кажат за тоа кој е подобар или полош систем на сопственички права. Повеќето од она што малку тие го кажуваат се сведува на две опсервации: (1) Без оглед на распределбата на сопственичките права, клучно е сопственичките права да бидат јасни и целосни, бидејќи во спротивно ќе има неефикасност поради „двосмисленостa на сопственичките права“. (2) Бидејќи, според нивно мислење, тешко е да се тврди дека какво било распределување на сопственичките права е подобро од некое друго распределување врз морална или теоретска основа, нема никаква причина според нивното мислење да се смени распределбата на сопственичките права што историјата ни ја оставила, освен можеби, во случаи на кражба или отворена измама. Накратко, Фридман го брани статус-квото на сопственичките права и смета дека само разјаснување на нејаснотиите е легитимна област за јавна политика. Она што во целост недостасува е било каков обид да се развијат критериуми за подобра и полоша распределба на сопственичките права, а камоли да стане збор за дискусија за тоа како сопственичките права може да бидат дистрибуирани за најдобро да се приближиме до економско самоуправување.

Сепак, молчењето на конзервативците за прашањето за тоа што, освен јасност и почитување на статус квото, претставува посакуван систем на сопственички права, не се однесува на прашањето на работодавачот наспроти правата на вработените. Според Фридман, нема конфликт помеѓу економските слободи на вработените и работодавачите сè додека договорите за вработување се усогласени од обете страни под услови на конкуренција. Сè додека работниот однос е доброволен, и сè додека пазарите на трудот се конкурентни, сè дотогаш никој не е присилен да работи за одреден работодавец, или е принуден да вработи одреден работник, економските слободи на сите се зачувани според Фридман и неговите конзервативни следбеници . Во нивните очи, кога некое вработено лице се согласи да работи за работодавец, тој/таа само ја практикува својата економска слобода да прави со своите работни капацитети како што смета дека е соодветно. Работничката би можела сама да го искористи својот „човечки капитал“ ако сака. Но, ако ѝ се понуди она за што таа одлучила дека е подобра зделка - да се одрекне од нејзиното право да ги искористи своите работни капацитети за друго лице за договорена плата - таа треба да биде слободна да го стори тоа. Уште повеќе, ако ѝ е забрането да го направи овој избор, нејзината економска слобода ќе биде нарушена, исто како што ќе се наруши економската слобода на работодавачот да го користи својот капитал како што смета дека е соодветно, доколку му се забрани да ангажира вработени да работат на тој имот под негова команда. Според тоа, Фридман заклучува дека синдикатите, каде мнозинството вработени гласале дека сите вработени мора да станат членови на синдикатот, што ги претставува колективно во договарање со нивниот работодавец, се кршење на економската слобода на вработените, како и економската слобода на работодавачот под капитализам. И уште полоша е забраната на социјализмот за приватно претприемништво, кое Фридман го критикува како крајно кршење на економската слобода на луѓето да се ангажираат и да бидат ангажирани еден од друг, доколку го изберат тоа.

Првиот проблем со оваа одбрана на приватното претприемништво како камен-темелник на економската слобода е тоа што не сите луѓе имаат, или би можеле некогаш, да имаат еднаква можност да станат работодавци, отколку вработени. Во реалните капиталистички економии, малкумина ќе станат работодавци, огромното мнозинство ќе работи за некој друг, а некои ќе бидат самовработени. Освен тоа, кои ќе бидат работодавци, вработени или самовработени, во најголем дел е определено ни случајно ни од желбите на луѓето за самоуправна или работа диригирана од друго лице. Во моделот на единечна стока во Поглавје 3 откривме дека само под егалитарна дистрибуција на старт-ап капиталот, преференциите за самоуправно работење ќе утврдат кои ќе станат работодавци, а кои ќе станат вработени. Под неегалитарна дистрибуција, оние со повеќе старт-ап капитал ќе станат работодавци, а оние со помалку ќе станат вработени без оглед на преференциите на луѓето за самоуправување или одвратноста да им биде наредувано наоколу. Еден од најдлабоките сознанија што ги дава едноставниот модел на единечна стока е дека иако е точно, во извесна смисла, дека вработените „избираат“ отуѓен труд, тие не го прават тоа нужно затоа што имаат послаба желба за самоуправување од оние за кои одлучуваат да работат. Распределбата на богатството го „навалува“ полето на игра во приватно претприемништво, така што некои ќе имаат поголема корист со тоа што ќе станат работодавци, а други ќе имаат поголема корист со тоа што ќе станат вработени независно од работните преференции.

Одговорот на оваа критика од страна на бранителите на приватното претприемништво е дека секој што сака да работи толку многу за себе може да се задолжи на кредитниот пазар колку што е потребно за да стане самовработен или работодавец. Но, оваа линија на расудување (1) претпоставува повеќе отколку што може да понуди секој вистински капитализам – кредит под еднакви услови за сите – и (2) игнорира дека дури и конкурентните кредитни пазари можат да им наметнат висока цена на сиромашните за самоуправување која од богатите не се бара да ја платат. Во свет со неизвесност и несовршени информации – да не зборуваме за патенти и технолошки и финансиски економии на обем[3] – оние со повеќе акредитивност ќе добијат кредит по повластени услови, додека остатокот од нас ќе бидеме подложни на рационализирано кредитирање во една или друга форма[4]. Да се очекува нешто друго е да се очекува кредиторите дека ќе бидат будали. Значи, потпирањето на кредитниот пазар нема да го израмни полето на игра за сиромашните.

Но, дури и ако капиталистичкото поле на игра би било рамномерно, па дури и ако веројатноста да станете работодавец, а не вработен, беше иста за сите, тоа не значи дека односот работодавец–работник е пожелен. Се разбира, случајниот пренос на права ќе биде далеку подобро нешто отколку богатството да одредува кој ќе биде шеф, а на кого ќе биде наредувано. Но, дали е подобро од тоа да немаме шефови, ниту вработени на кои ќе им биде наредувано, и наместо тоа, сите да уживаат во самоуправувањето? Еве една корисна аналогија: Робовладетелски систем каде што робовите аплицираат да бидат робови за робовладетели по нивни избор е подобар систем од оној каде што сопствениците на робови тргуваат робови меѓу себе. Робовладетелски систем каде што луѓето се распоредени случајно да бидат робови или робовладетели, е подобар систем од оној каде што црнците се робови, а белците се сопственици на робови. Но, аболицијата на ропството е подобро нешто од дури и најмалку посакуваниот вид на ропство. Истото важи и за наемното ропство: Пазарот на труд каде вработените се слободни да аплицираат да работат за работодавците по нивен избор е подобар од оној каде работодавците ги тргуваат вработените меѓу себе, како што тврдеше Курт Флуд во неговата историска тужба против Главната бејзбол лига во 1970 година. Систем во којшто кои ќе станат работодавачи а кои ќе станат вработени навистина е случајност е подобар систем од оној каде што богатите предвидливо ќе станат работодавци, а сиромашните предвидливо ќе станат вработени. Но, укинувањето на наемното ропство – заменувањето на улогите на работодавачот и вработениот со самоуправување за сите – е подобро нешто од дури и најмалку посакуваниот систем на приватно претприемништво.


Мит #2: Слободното претприемништво промовира политичка слобода

Фридман продолжува да тврди дека освен што економската слобода е добра сама по себе, таа промовира и политичка слобода. Неговиот прв аргумент е дека во слободно-претприемничка економија луѓето имаат избор да станат невладини работодавци. Ова значи дека луѓето не се потпираат на владата за својата економска егзистенција и затоа ќе бидат слободни да го кажат своето мислење, а особено, слободно да се спротивстават на владините политики. Вториот аргумент на Фридман е дека ако богатството се распределува подеднакво, никој нема да има доволно дискреционо богатство за да ги финансира политичките каузи. Бидејќи богатството се распределува нееднакво во капиталистичките економии, Фридман заклучува дека секогаш постојат повеќе извори на финансирање достапни за сите политички каузи.

Економската демократија е најдобар пријател на политичката демократија, а авторитарните економии се најголемиот непријател на политичката демократија. Но, тоа не значи дека приватното претприемништво промовира политичка слобода и демократија. Еден проблем со првиот аргумент на Фридман е дека приватните работодавци можат да ги заплашат вработените кои се плашат да ги загубат своите работни места ако поддржуваат политички каузи со кои нивните работодавци не се согласуваат – исто како што тоа може да го направи владиниот работодавец. Со други зборови, Фридман е слеп за диктатурата на имотните, и ја гледа владата како единствениот можен извршител на принуда. Втората заблуда со неговиот прв аргумент е дека монолитен државен работодавач не е единствената алтернатива на богатиот капиталистички работодавач. Државниот монопол врз можностите за вработување во економиите од советски тип беше сериозна пречка за слободата на политичкото изразување во тие општества. Но, во следното поглавје ќе видиме дека никој нема причина да се плаши за своето работно место поради своите политички ставови во партиципативна економија, или во пазарно-социјалистичка економија управувана од работници, бидејќи државата не врши никакво влијание врз тоа кој ќе се вработи или отпушти во ниту една од овие економии. Споредувањето на капитализмот само со комунизмот и индиректната претпоставка дека нема други алтернативи е најстарата стратегија во капиталистичката книга на стратегии.

Очигледниот проблем со вториот аргумент на Фридман – дека нееднаквото богатство обезбедува алтернативни извори на финансирање за политички каузи – е тоа што според неговo лично признание, оние со многу поголемо богатство ќе го контролираат пристапот до средствата за политичко изразување. Ова практично ги обесправува сиромашните кои немаат ресурси освен да апелираат до богатите да ги финансираат нивните политички цели. Џери Браун беше во право кога на демократските претседателски прелиминарни избори во 1992 година тврдеше дека политичарите во двете најголеми партии во САД. во суштина се купени и платени од богатите финансиски интереси кои однапред избираат кои кандидати можат да организираат остварливи првични кампањи. Ралф Надер беше во право кога за време на општите избори во 2000 година тврдеше дека и Републиканската и Демократската партија биле практично купени од корпорациите и треба да се гледа на нив какви што всушност се, две фракции на една единствена капиталистичка партија, Републикрати. И движењето Окупирај е во право кога посочува дека одлуката на Врховниот суд Здружени граѓани против Федералната изборна комисија во 2010 година ги отвори вратите за корпоративните пари на изборите и ја исмеа политичката демократија во САД.

Секој политичар треба да праша како неговиот став за некое прашање ќе влијае и на неговиот повик кај гласачите и на неговиот повик за финансирање, имајќи предвид дека донациите од богатите приложувачи се сè поважни, бидејќи телевизиските реклами се сè поважни за „можноста да се биде избран“. Иако не треба да ги жалиме, сè повеќе американски сенатори избираат пензионирање соочени со застрашувачката задача да собираат буквално десетици илјади долари дневно почнувајќи од денот откако ќе бидат избрани за да бидат сериозни кандидати за реизбор по шест години. Фактот дека Рос Перот и Стив Форбс Џуниор би можеле да добијат сериозно внимание во јавноста за нивните претежно глупави политички идеи финансирајќи ги претседателските кандидатури од своите длабоки џебови, додека 99% од населението не може да плати за ниту една реклама во Њујорк Тајмс, а уште помалку да финансира кредибилна претседателска кампања, едвај е доказ дека капитализмот овозможува сите политички мислења да добијат медиумски простор, уште помалку доказ за еднакви политички можности во капитализмот. Освен тоа, зошто Милтон Фридман мисли дека економски моќните и богати луѓе ќе финансираат политички каузи насочени кон намалување на нивното богатство и моќ? Во најдобар случај, ставот на Фридман за богатите како „покровители на политичките уметности“ предвидливо би обезбедил посоодветно финансирање за некои школи за „политичка уметност“ отколку другите. Едноставно кажано, обидот на Фридман да создаде политичка вредност од големите разлики на економската моќ што ги создава капитализмот е смешен. Нееднаквата економска моќ раѓа нееднаква политичка моќ – а не политичка демократија – како што знае секој основец.


Мит #3: Слободното претприемништво е ефикасно

Фридман и мејнстрим економистите тврдат дека слободното претприемништво промовира технолошка и мотивациска ефикасност. Тие истакнуваат дека секој капиталист кој ќе открие начин да го намали количеството на инпутот неопходен за да направи аутпут, ќе може да ги намали трошоците за производство под оние на своите конкуренти, а со тоа да заработи поголем профит од просечниот. Згора на тоа, другите производители ќе бидат поттикнати да ја усвојат новата, попродуктивна техника поради страв дека ќе бидат исфрлени од бизнисот од страна на поиновативните конкуренти. На овој начин тие тврдат дека конкуренцијата за профит ја промовира потрагата и усвојувањето на поефикасни технологии. Додека конкуренцијата понекогаш ги поттикнува претприемачите да бараат и имплементираат технолошки подобрувања, Фридман не успева да покаже дека има убедливи причини да поверуваме дека конкуренцијата за профит, исто така, ги поттикнува фирмите да донесуваат технолошки избори спротивни на општествениот интерес.

Монополските и олигополските пазари не само што предизвикуваат статична неефикасност со ограничување на понудата со цел да се зголеми пазарната цена, туку промовираат и динамична неефикасност. Примери на големи компании кои заговараат да ги потиснат технолошките иновации затоа што би го амортизирале нивниот фиксен капитал или затоа што би ги намалиле можностите за периодичните продажби, бидејќи производите кои се продаваат подолго време претставуваат легија. Иако оваа причина за технолошка неефикасност во реалните капиталистички економии преполни со неконкурентни пазарни структури е важна, подолу се концентрирам на еден посуптилен проблем, имено дека дури и кога пазарите се конкурентни, капиталистите често ќе донесуваат општествено контрапродуктивни избори на технологија.

Субјективни ценовни сигнали

Во Поглавје 4 од Основи на политичката економија: Современ пристап (2003) откривме дека екстерналиите произведуваат пазарни цени кои не ги одразуваат точно вистинските општествени трошоци и придобивки. Бидејќи капиталистите разбирливо ги користат пазарните цени, а не реалните општествени трошоци, кога одлучуваат дали една нова технологија ги намалува трошоците, неточностите поради надворешни ефекти може да доведат до општествено контрапродуктивни одлуки во врска со технологиите. На пример, нашиот денешен ценовен систем одредува нулта цена на емисиите на јаглерод и покрај фактот што Агенцијата за заштита на животната средина вели дека општествената цена на јаглеродот е најмалку 12 долари по ослободен тон и може да биде висока до 109 долари. Како резултат на тоа, ние не само што произведуваме премногу од нашата енергија од фосилни горива и многу малку од обновливи извори, туку и приватното финансирање за истражување за подобрување на нашата способност за пронаоѓање и согорување фосилни горива е премногу обилно, додека приватното финансирање за истражување на подобрување на соларни панели и турбини на ветер е премногу скудно. Моделот на Срафа за одредување цена и приход во Поглавје 5 открива сосема поинаква причина зошто цените во капитализмот се субјективни на начин што ги наведува капиталистите кои го максимизираат профитот да донесуваат неефикасни избори во однос на технологијата. Колку е повисока стапката на профит во економијата и колку е пониска стапката на платите, толку е поголема веројатноста капиталистите да имплементираат нови технологии за заштеда на капитал, кои користат труд, кои се профитабилни, но општествено неефикасни, и да отфрлат нови технологии кои користат капитал но штедат работна сила иако истите се општествено ефикасни, но непрофитабилни. Накратко, колку е поголема распространетоста и големината на надворешните ефекти и колку е поголема преговарачката моќ на капиталот над трудот, толку е поголема веројатноста ценовниот систем да продуцира лажни сигнали што ќе водат до општествено контрапродуктивни избори на технологии.

Конфликтна теорија на фирмата

„Конфликтната теорија на фирмата“ објаснува зошто максимизирањето на профитот бара од капиталистите да избираат помалку ефикасни технологии доколку поефикасните технологии доволно ја намалуваат нивната преговарачка моќ над своите вработени. Логиката неформално разгледана овде е илустрирана формално во примената на моделот 5.2, Цената на играта за моќ, врз конфликтната теорија на фирмата во Поглавје 5. Постои вроден конфликт на интереси помеѓу работодавците и вработените околу тоа колку висока или ниска платата ќе биде, и колку труд ќе треба да вложат вработените за таа плата. Ако ја дефинираме реалната плата во компензација од долари по вложена единица труд, ова се сведува на борба околу реалната плата. Во најголем дел, работодавачите се слободни да изберат меѓу достапните алтернативни технологии и слободни да спроведат какви било внатрешни кадровски политики коишто ги сакаат. Или барем, работодавците имаат значителна дискреција во овие сфери. Политичките економисти од школата за конфликти истакнуваат дека би било ирационално работодавците да го земат предвид влијанието на технолошките избори и кадровските политики врз продуктивноста само кога овие избори влијаат и на преговарачката моќ на работодавачите во однос на своите вработени. Бидејќи профитот не зависи само од големината на нето-аутпутот, туку и од тоа како нето-аутпутот е поделен помеѓу платите и профитот, рационалните работодавци ќе размислат како нивните избори влијаат и на големината и на распределбата на нето-аутпутот на фирмата.

Да претпоставиме дека технологијата А е незначително помалку продуктивна од технологијата Б, но технологијата А значително ја намалува преговарачката моќ на вработените додека технологијата Б значително ја зголемува преговарачката моќ на работодавачот. Работодавецот што го максимизира профитот не би имал друг избор освен да се определи за помалку продуктивната технологија А. На пример, земете го предвид изборот на автомобилските производители помеѓу технологиите на лента за склопување наспроти тимската работа. Да претпоставиме дека кога се земаат предвид квалитетот и сигурноста, правењето автомобили во работни тимови е малку попродуктивно од правењето автомобили на лента за склопување. Но, да претпоставиме дека тимското производство повеќе ги подобрува вештините и ја гради солидарноста на вработените, додека производството на лента за склопување ја намалува компонентата на знаење во работата за повеќето вработени и ја намалува солидарноста на вработените со тоа што ги изолира вработените еден од друг. Ако „ефектот на преговарачка моќ“ го надминува „ефектот на продуктивноста“, конкуренцијата за профит ќе ги натера производителите на автомобили да се одлучат за производство на лента за склопување иако тоа е помалку ефикасно.

Несогласувањето меѓу политичките економисти од конфликтната школа и нашите мејнстрим колеги не е дали работодавачите и вработените имаат или немаат конфликт на интереси во однос на платите и вложениот труд – бидејќи сите го препознаваат тоа – туку дали овој конфликт води до економска неефикасност или не. Покрај тоа што води кон неефикасни технологии, овој вроден судир на интереси меѓу работодавците и вработените за тоа како да се дистрибуира нето-производот, или додадената вредност, исто така троши вредни ресурси и персонал за надзор, создава стимулации за вработените да се спротивстават на иновации и технички промени, и најважно ги троши креативните економски потенцијали на огромното мнозинство од населението чиишто способности да се сфатат сложени идеи и да смислат одговори за тешките проблеми се недоволно искористени и потиснати од нивните работодавци кои не можат да им веруваат, бидејќи иако работодавците и нивните вработени имаат заеднички интерес за поголема ефикасност, тие имаат конфликтни интереси во однос на ефектите од политиките на фирмата за преговарачката моќ.


Мит #4: Слободното претприемништво ја намалува дискриминацијата

Мејнстрим економистите инсистираат на тоа дека конкуренцијата за профит меѓу работодавците ќе ја намали дискриминацијата. Тие посочуваат дека ако работодавачот има дискриминаторски профил и инсистира да им плаќа на белите вработени повеќе од еквивалентните темно обоени вработени, или на вработените мажи повеќе од еквивалентните вработени жени, работодавачот што дискриминира ќе има повисок платен биланс од работодавачот кој не дискриминира и подеднакво ги плаќа своите еквивалентни вработени. Мејнстрим теоретичарите заклучуваат дека на крајот работодавците кои не дискриминираат треба да ги исфрлат оние кои дискриминираат од бизнисот. Слично, тие посочуваат дека бизнисот на секој работодавач кој нема да ги вработи или унапреди најквалификуваните луѓе поради отворена или несвесна дискриминација ќе биде помалку продуктивен од бизнисите кои вработуваат и унапредуваат чисто по заслуга. Така, според мејнстрим економистите, фирмата што се занимава со дискриминаторски практики за вработување или унапредување, исто така, треба да се се исфрли од бизнисот од страна на фирми кои не го прават тоа. Иако мејнстрим теоријата брзо ги согледува аспектите на економската дискриминација од страна на работодавачите што го намалуваат профитот, таа е слепа за ефектите од дискриминацијата што го зголемуваат профитот. Препознавајќи ја важноста на преговарачката моќ во тековната борба помеѓу работодавците и нивните вработени околу распределбата на додадената вредност, конфликтната теорија на фирмата ни помага да сфатиме зошто максимизирањето на профитот не исклучува, туку всушност бара економска дискриминација дури и кога работодавачите делуваат на конкурентни пазари на труд, стоки и капитал.

Дискриминацијата при вработување, распоредување, унапредување и плаќање се користи за да се засилат сомнежите и антагонизмите кои веќе постојат меѓу луѓето од различна раса и етничка припадност, како и меѓу мажите и жените, и луѓето со различна сексуална определеност. Историскиот контекст во којшто веќе постојат многу причини за сомневање и недоверба продуцира готови точки на притисок кои работодавците можат да ги манипулираат за да ги „поделат и владеат“ своите вработени. Кога вработените се сомневаат еден во друг, тие можат полесно да се убедат да се шпионираат еден со друг за безволното работење – што ќе му олесни на работодавачот да извлече повеќе „вложен труд“ од „најмениот труд“. Кога вработените не се поддржуваат еден со друг, на нивниот работодавец ќе му биде полесно да се договори со нив за платите кога ќе треба да се склучи нивниот договор. Она што го открива теоријата на конфликт е дека бидејќи дискриминаторските практики на некој работодавач ги имаат овие позитивни ефекти врз профитот, максимизирањето на профитот бара ангажирање во дискриминаторски практики до степен до кој негативните ефекти од дискриминацијата врз профитот – кои се ексклузивен фокус на мејнстрим теоријата – ги надминуваат ефектите за зголемување на профитот – што ги идентификуваат само политичките економисти. Со други зборови, конкуренцијата за профит ќе ги натера работодавците да се вклучат во дискриминаторски практики до точка каде што редистрибутивниот ефект на дискриминацијата – зголемување на уделот на работодавачот во додадената вредност со намалување на преговарачката моќ на вработените – се изедначува со негативното влијание на дискриминацијата врз продуктивноста или врз платниот биланс.

Последиците од откритието дека економската дискриминација е дел од максимизирањето на профитот се огромни. Прво, бидејќи мејнстрим теоретичарите се во право дека дискриминацијата често ја намалува економската ефикасност, тоа дава уште една причина да се верува дека капитализмот нема да биде ефикасен. Но, што е уште поважно, ова значи дека дискриминаторските работодавачи не се тие што на крајот ќе бидат исфрлени од бизнисот од страна на оние што не дискриминираат, туку обратно. Работодавците кои упорно одбиваат да дискриминираат ќе бидат исфрлени од бизнисот од страна на оние кои обрнуваат внимание само на профитот – и затоа се впуштаат во дискриминаторско однесување кое го зголемува профитот. Последицата за јавната политика е огромна. Доколку мејнстрим економистите беа во право, конкурентните пазари на труд, стоки и капитал ќе имаа тенденција да ги елиминираат дискриминаторските практики за вработување, барем на долг рок. Во тој случај, ако малцинствата и жените сакаа да продолжат да ја плаќаат цената за трпението на општеството, би можеле да очекуваме дискриминацијата да се намали без вмешување на владата. Но, теоријата на конфликти покажува дека дури и да нема заговор меѓу работодавците против работниците, профитабилно е за поединечните работодавци да ги влошат расните антагонизми меѓу своите вработени до степен до кој трошоците за тоа ги надминуваат дополнителните профити кои доаѓаат од преговорите со помалку моќна група вработени. Затоа, глупаво е да се чека капитализмот сам по себе да ја елиминира дискриминацијата. Наместо тоа, законите што ја забрануваат дискриминацијата и програмите за позитивна дискриминација се апсолутно неопходни за да се намали дискриминацијата во капиталистичките економии. Згора на тоа, борбата против дискриминацијата преку активна интервенција мора постојано да оди по потешкиот пат во капитализмот бидејќи работодавачите кои дискриминираат се наградени со поголем профит, а работодавачите кои одбиваат да дискриминираат се казнети од акционерите кои се грижат само за својот профит.[5]

Сè попопуларното гледиште во САД. дека владината заштита и позитивните дискриминации ја завршиле својата работа и дека повеќе не се потребни, не може да биде подалеку од вистината.[6] Како што слабееа антидискриминаторските напори на владата, несовпаѓањето помеѓу платите на еквивалентните темно обоени и бели работници се зголеми за 50% од 10,9% во 1979 година на 16,4% во 1989 година.[7] Студијата на Владиното сметководствено биро објавена во јануари 2002 година откри дека јазот во платите на жените повеќе не се намалува, туку значително се зголемил помеѓу 1995 и 2000 година. Шенон Хенри објави во написот со наслов „Расте јазот во платите кај мажите и жените, вели студијата“, објавена во Вашингтон пост на 24 јануари 2002 година:

Жените менаџери не само што заработуваат помалку пари од мажите во многу индустрии, туку и јазот во платите се зголеми за време на годините на економскиот бум од 1995 до 2000 година, според студијата на Конгресот што ќе биде објавена денес. Студијата покажа дека една жена менаџер за комуникации со полно работно време заработувала 86 центи за секој долар заработен од маж во нејзината индустрија во 1995 година. Во 2000 година таа заработила само 73 центи од доларот на мажот.

Теоријата на конфликти само го објаснува она што е веќе очигледно за секој оној што сака да го види.


Мит #5: Слободното претприемништво е фер

Замислете капиталистичка економија каде што дискриминацијата е успешно забранета, а пазарите на труд се конкурентни. Дури и под овие најдобри околности пазарните економии на приватните претпријатија би ги распределиле товарите и придобивките од економската активност според конзервативната максима 1: на секој според пазарната вредност на придонесот на неговиот труд и капиталот.[8]

Но, веќе видовме зошто капиталистичката дистрибуција е неправедна. Дистрибуцијата, според конзервативната максима, значи дека внукот на Рокфелер кој никогаш не работел ниту еден ден во животот ќе троши илјада пати повеќе од трудољубив лекар, едноставно затоа што првиот наследил голем капитал. Во свет каде што 85-те најбогати луѓе имаат повеќе богатство од најсиромашните 3,5 милијарди,[9] капиталистичките нееднаквости тешко можат да се отфрлат како мала одговорност, што го прави Фридман. Сè додека постојат функционални економии кои ги распределуваат дополнителните трошоци и придобивките од економската активност поправедно од капитализмот – а во следното поглавје ќе видиме дека има – оние кои нудат рационализации за нееднаквостите во капитализмот не се ништо повеќе од соучесници во криминалот на економската неправда.


Мит #6: Пазарите се еднаквост за економска слобода

Милтон Фридман тврди дека главна вредност на пазарите е што тие промовираат економска слобода. Ова тврдење е толку важен дел од капиталистичката митологија што вреди да се цитира аргументот на Фридман со долг пасус:

Основниот проблем на општествената организација е како да се координираат економските активности на голем број луѓе... Предизвикот за верникот во слободата е да ја усогласи оваа широко распространета меѓузависност со индивидуалната слобода. Во основа, постојат само два начина за координирање на економските активности на милиони луѓе. Еден од нив е централна команда која вклучува употреба на принуда – техника на армијата и на модерната тоталитарна држава. Другиот е доброволна соработка на поединци – техниката на пазарот. Можноста за координација преку доброволна соработка почива на елементарнoто, но често негиранo, тврдење дека двете страни во економската трансакција имаат корист од неа, под услов трансакцијата да биде билатерално доброволна и информирана. Сè додека се одржува ефективна слобода на размена, централната карактеристика на пазарната организација на економската активност е тоа што спречува едно лице да се меша со друго во однос на повеќето негови активности. Потрошувачот е заштитен од принуда од страна на продавачот поради присуството на други продавачи со кои може да соработува. Продавачот е заштитен од принуда од страна на потрошувачот поради други потрошувачи на кои може да им продава. Работникот е заштитен од принуда од страна на работодавачот поради други работодавци за кои може да работи итн. И пазарот го прави тоа безлично и без централизирана власт.

(Capitalism and Freedom: 12–13)

Првиот проблем е што не се работи овде за еден човек еден глас, туку за еден долар еден глас на пазарот. Некои тврдат дека ова е вредност: Ако јас имам особено силна склоност за некоја стока, можам да уфрлам повеќе гласачки ливчиња од долари за да го одразат интензитетот на мојата желба. Но, ова помешува две прашања. Нема ништо лошо во системот на општествен избор кој им дозволува на луѓето да го изразат интензитетот на нивните желби. Всушност, ова е неопходно ако сакаме да постигнеме самоуправно одлучување. Но, нешто не е во ред кога луѓето имаат многу различен број гласачки ливчиња од долари за да гласаат на пазарните избори. Малкумина би го сметале како пример за слобода политички избори на кои на некои им било дозволено да гласаат илјадници пати, а на други им било дозволено да гласаат само еднаш, или воопшто не. Но, токму таква слобода обезбедува пазарот. Оние со поголем доход имаат поголемо влијание врз тоа што ќе им биде сигнализирано да обезбедат добавувачите на пазарите отколку оние со помал доход, што објаснува зошто „слободата на пазарот“ често води до резултати за кои знаеме дека не го одразуваат она што им треба или го сакаат повеќето луѓе. Зошто има толку многу пластични хирурзи кога многу општини страдаат од недостаток на примарни матични лекари? Како може побарувачката за естетска пластична хирургија да биде толку голема, а побарувачката за основна семејна здравствена заштита толку мала? Има многу повеќе кои гласаат на здравствениот пазар за основна здравствена заштита отколку за пластична хирургија. И интензитетот на желбите на луѓето за основна здравствена заштита е поголем од интензитетот на желбите за пластична хирургија. Но, оние што гласаат за пластична хирургија имаат многу повеќе гласови за да дадат дури и за нивните понегорливи желби отколку што имаат повеќето гласачи за основна здравствена заштита дури и за потреби кои значат живот или смрт. Оттука и обезбедувањето медицински услуги од маргинална корист, како што е пластичната хирургија, и необезбедувањето основни медицински услуги за сиромашните, кога одлуките за здравствената заштита се препуштени на пазарот.

Второ, во едноставниот модел на единечна стока во Поглавје 3 од Основи на политичката економија видовме како размената на пазарите на труд и кредити кои се билатерално доброволни и информирани сè уште може да доведат до растечки нееднаквости – дури и кога вработените и заемопримачите се наводно „заштитени од принуда“ од мноштвото работодавци и заемодавачи кои можат да ги бираат. Лагата зад Фридмановото прикажување на пазарната размена како неприсилна е дека тој ја игнорира важноста на она што им се случува на оние кои се соочуваат едни со други на пазарот. Како што видовме во моделот на единечна стока, кога некои пристигнуваат на пазарот на труд со старт-ап капитал, а други немаат, сосема е предвидливо дека оние со старт-ап капитал ќе завршат како работодавци, а оние без старт-ап капитал ќе станат нивните вработени. Згора на тоа, сè додека старт-ап капиталот е дефицитарен, може да се предвиди дека работодавците со старт-ап капитал ќе го земат најголемиот дел од работата со помали трошоци од размената на трудот како профит, иако работодавците воопшто не работат. Слично на тоа, оние кои настапуваат на кредитниот пазар со повеќе старт-ап капитал ќе им позајмуваат на оние со помалку, и сè додека старт-ап капиталот е дефицитарен, заемодавачите ќе го преземат најголемиот дел од резултантното зголемување на продуктивноста на заемопримачите како камата, иако заемодавачите воопшто не работат. Фридман може да ги нарече овие резултати неприсилни ако сака, со образложение дека оние без старт-ап капитал доброволно се пријавиле да ги заменат своите работни капацитети за плата, а должниците се согласиле да платат камата знаејќи добро какви ќе бидат последиците. Но, ова само го поместува изворот на принуда. Нивното непоседување на старт-ап капитал е тоа што ги „принудува“ вработените и позајмувачите да „волонтираат“ за да бидат ограбени. Дали треба да веруваме дека тие ќе „доброволно се пријавиле“ да бидат оние кои на прво место се појавиле на пазарот на трудот или кредитот без старт-ап капитал?

Фридман ја „отвора вратата“ кога признава дека размената под неконкурентни услови е принудна. Сепак, размената под неконкурентни услови е билатерално доброволна, информирана и заемно корисна. Затоа, треба да се запрашаме зошто Фридман се согласува дека размената на неконкурентни пазари е принудна и непожелна. Во град со една компанија[10] бидејќи сум слободен да останам невработен, веројатно подобро ми е да работам отколку да не работам доколку ме затекнете во работен однос. Во град со една банка, бидејќи сум слободен воопшто да не позајмувам, веројатно ми е подобро ако позајмувам отколку што би бил ако не позајмувам. Но, дури ни Милтон Фридман нема храброст да ги нарече овие неконкурентни пазарни резултати како неприсилни – иако договорот е доброволен и може да биде взаемно корисен во двата случаи. Откако ќе сфатиме дека доброволната размена под неконкурентни услови е принудна, бидејќи само една страна во размената има можност да избира меѓу различни партнери, лесно е да се разбере како размената под конкурентни услови може да биде и присилна. Кога првичните услови се нееднакви, доброволните, информирани и заемно корисни размени ќе бидат принудни и ќе доведат до неправедни резултати дури и ако размената се одвива под конкурентни услови.

Третиот проблем со тврдењето на Фридман дека пазарните одлуки се ослободени од принуда е тоа што купувачите и продавачите често доаѓаат до договори со неповолни последици за трети страни кои немаат никакво право на збор за ова прашање. Фридман признава дека жртвите на, како што ги нарекува, „ефектите од соседството“ се принудени, но претпоставува дека тоа се мали непријатности што ретко се случуваат. Како што видовме во Поглавје 4, политичките економисти веруваат дека надворешните ефекти се правило, а не исклучок во пазарната размена, со што многумина оќе станат обесправени и „принудени“ кога купувачите и продавачите донесуваат одлуки што ги засегаат без да размислуваат за консултирање со нивните интереси.

Четвртиот проблем е што Фридман го претпоставува најдоброто решение за координирање на економските активности. Тој едноставно тврди дека „постојат само два начина за координирање на економските активности на милиони луѓе – централна команда која вклучува употреба на принуда – и доброволна соработка – техниката на пазарот“. Во следното поглавје ќе истражиме како функционира партиципативното, демократско планирање и ќе видиме како тоа им дозволува на сите да учествуваат во донесувањето економски одлуки пропорционално на степенот со кој се засегнати од резултатите. Според Фридман, партиципативното планирање мора да спаѓа во категоријата „централна команда што вклучува употреба на принуда“. Но, како што читателите ќе видат, тоа сигурно не е така, поништувајќи го тврдењето на Фридман дека постојат само два начини за координирање на економските активности – клучна претпоставка за која Фридман не нуди никаков аргумент.


Мит #7: Пазарите се фер

Дали капитализмот е неправеден само затоа што луѓето добиваат неоправдани приходи од поседувањето на капитал? Или, дали и пазарите на трудот се нефер? Дури и ако платите беа утврдени на конкурентни пазари на трудот ослободени од дискриминација, хирург кој е на голф игралиште до 14 часот би трошел десет пати повеќе од собирач на ѓубре што работи педесет часа неделно, бидејќи хирургот бил генетски надарен и имал корист од огромни размери на социјално скапо образование. Слободниот пазар на труд и капитал значи дека повеќето богати не се богати затоа што работеле понапорно или се жртвувале повеќе од другите, туку затоа што наследиле богатство, талент или едноставно имале среќа.

Во поглавјето 2 заклучивме дека распределбата според максимата 2 – на секој според вредноста на придонесот на неговиот/нејзиниот труд – е неправична бидејќи приходот од човечкиот капитал е неправеден од истите причини приходот од физички капитал е неправеден: Разлики во вредностите на придонесите на луѓето поради други причини освен разликите во напорите или жртвувањата се надвор од способноста на луѓето да ги контролираат, и во секој случај немаат морална тежина.

Но, платите во капитализмот од реалниот свет се понеправедни отколку што би биле платите според продуктите со маргинален приход. На малцинствата и на жените не им се плаќа пазарната вредност на придонесот на нивниот труд. Поради економската дискриминација при вработување, унапредување и плаќање, поради професионалните гета и поради нееднаквите образовни можности, нееднаквостите во капитализмот од реалниот свет се многу полоши отколку што би биле во идеалните модели.


Мит #8: Пазарите се ефикасни

Во поглавјето 4 од Основи на политичката економија ги истраживме сите причини да веруваме дека пазарите се водени од злонамерна невидлива нога исто толку често колку и од добрата невидлива рака кога ги распределуваат нашите оскудни продуктивни ресурси. Откривме дека Милтон Фридман добил мудрост и покрај тоа, кој вели дека постојат добри причини да веруваме дека пазарите ги распределуваат ресурсите многу неефикасно и заклучува:

Погодните зделки со взаемна корист за купувачот и продавачот не треба да се мешаат со економската ефикасност. Кога некои видови преференции постојано се недоволно застапени поради трансакционите трошоци и проблемот со слободен возач[11], кога потрошувачите ги приспособуваат своите преференции на пристрасност во системот на пазарните цени и со тоа ги влошуваат тие предрасуди, и кога профитот може да се зголеми толку често со екстернализирање на трошоците на страните надвор од пазарната размена колку и како резултат на продуктивното однесување, теоријата предвидува дека размената на слободниот пазар често ќе резултира со погрешна распределба на дефицитарните продуктивни ресурси. Освен тоа, кога пазарите се помалку од совршено конкурентни – што речиси секогаш се – и не успеваат да ги изедначат понудата и побарувачката моментално – што секогаш го прават – резултатите се многу полоши.

Кога се притиснати, сите економисти признаваат дека екстерналиите, неконкурентните пазарни структури и пазарните нерамнотежи водат до алокативна неефикасност. Бидејќи мејнстрим економистите го земаат капитализмот здраво за готово, дебатата меѓу нив е дали „неуспехот на пазарот“ или „неуспехот на владата“ е полош. Односно, мејнстрим економистите меѓусебно се расправаат околу тоа дали владините политики насочени кон намалување на неефикасноста поради екстерналиите, неконкурентни пазарни структури и нерамнотежа создаваат уште поголема неефикасност од оние што ги елиминираат. Конзервативните мејнстрим економисти ја нагласуваат опасноста од неуспех на владата кога политичарите и бирократите ја жртвуваат ефикасноста на нивните лични агенди. Либералните мејнстрим економисти нагласуваат колку неефикасноста поради неуспесите на пазарот може да се намали со одговорни владини политики, ако може да се надмине само противењето на деловните посебни интереси.

Не е изненадувачки што политичките економисти обично се на страната на либералите во мејнстримот во нашите обиди да ги подобриме неефикасностите и нееднаквостите на капитализмот. Но, политичките економисти, исто така, нагласуваат дека колку што се обидуваме да ги намалиме лошите ефекти од неуспесите на пазарот, дури и најдобрите напори веројатно нема да го постигнат она што една навистина посакувана економија би можела да го даде поради мноштво теоретски и практични причини. Додека анти-монополната политика може да се користи за да се направат индустриите поконкурентни, тие често ги жртвуваат економиите на обем и динамичната ефикасност во служба на распределувачката ефикасност кога ги распарчуваат големите фирми. Освен тоа, дури и кога очигледно се служи на јавниот интерес, тешко е да се добијат анти-монополните случаи кога ќе се спротивстават на корпоративната моќ, како што сведочи неодамнешниот анти-монополен случај на Microsoft. Употребата на фискални и монетарни политики за „фино дотерување“ на реалните економии инфилтрирани со несигурности и шпекулативна динамика што е невозможно да се предвидат дури и во најанализирачките модели на макроекономски прогнози е многу потешко отколку што теоретските модели би довеле до тоа да се посомневаме. Политичките економисти исто така нагласуваат дека сè поинтегрираната глобална економија и моќните домашни бизнис интереси често ја попречуваат ефективната фискална и монетарна политика.

Секторските нерамнотежи претставуваат поинаков вид на нерамнотежа и неефикасност. Кога индустријата расте помалку брзо од индустриите од кои купува и на кои продава, таа може да стане блокада што го забавува севкупниот раст и недоволно ги искористува продуктивните капацитети во сродните индустрии. Индикативното планирање или индустриската политика се обидува да ја намали неефикасноста што произлегува од секторските нерамнотежи преку нивно предвидување и намалување преку диференцијални даночни и кредитни политики. Индустриите идентификувани како блокади се фаворизираат со пониски деловни даноци и повластени кредити за да се стимулира нивниот раст, додека „вишокот индустрии“ што растат побрзо од сродните индустрии се обесхрабрени со повисоки даноци и кредитно рационализирање во една или друга форма. Дали владата може да проценува подобро од пазарот, дали диференцијалните даночни и кредитни политики се отворена врата за корупција и дали индикативното планирање ја намалува економската демократија, бидејќи економските елити доминираат во процесот на планирање, се прашањата што ги поставуваат мејнстрим и политичките економисти.

Накратко, сосема спротивно од она во што Милтон Фридман би сакал да поверуваме: и приватните претпријатија и пазарите предизвикуваат неприфатливи нееднаквости. И приватните претпријатија и пазарите предизвикуваат значителна неефикасност. И приватните претпријатија и пазарите го обесправуваат огромното мнозинство од учество во донесувањето економски одлуки пропорционално на степенот на кој тие се засегнати, и претставуваат растечка опасност, а не како бедем, за политичката слобода. Како што истражуваме во следното поглавје, може многу да се направи за да се подобрат овие недостатоци и кога се применуваат добро осмислени интервенции, резултатите може значително да се подобрат. Но, ублажувањето на штетата не е исто што и решавањето на основната причина за проблемите, а ублажувањето добиено преку херкулашки напори и жртви секогаш е изложено на ризик да биде поништено кога реформаторските движења ќе попуштат, ќе ослабеат или едноставно ќе исчезнат.

 


Фусноти

[1] Laissez faire капитализам, слободно-пазарен капитализам и неолиберален капитализам се различни термини што се користеле во различни епохи и контексти за ист вид капитализам. Јас ќе ги користам овие термини наизменично, иако признавам дека понекогаш има разлики.

[2] Неуспехот на советскиот модел не може да се смета за синоним на неуспехот на социјализмот: она што не успеа во С.С.С.Р. беше посебна форма на планирање, додека, како што докажаа Кокшот и Котрел во својата книга Кон нов социјализам (1993), можни се други, супериорни облици на планирање. (Заб. на прев.)

[3] Економија на обем (исто така и економии на обем) е намалување на единечните трошоци за производство како резултат на зголемено производство. (Заб. на прев.)

[4] Рационализирано кредитирање е ограничување од страна на заемодавците на понудата на дополнителен кредит за должници кои бараат средства, дури и ако тие се подготвени да платат повисоки каматни стапки. (Заб. на прев.)

[5] Види Michael Reich, Racial Inequality (Princeton University Press, 1981): 204–215 за едноставен, но моќен модел кој докажува дека дискриминацијата со платите е неопходен услов за максимизирање на профитот за индивидуалните капиталистички работодавци кои делуваат на конкурентни пазари.

[6] Види Barbara Bergman, In Defense of Affirmative Action (Basic Books, 1996) за убедливи докази дека програмите за позитивна дискриминација навистина им помагаат на групите кои се дискриминирани и дека дискриминацијата брзо се појавува во нивно отсуство.

[7] Lawrence Mishel and Jared Bernstein, The State of Working America: 1994–95 (M.E. Sharpe, 1994): 187. „Еквивалентни“ значи споредба на црните и белите работници со исто ниво на образование, работно искуство итн.

[8] Во поглавје 2 од книгата Основи на политичката економија, Ханел дискутира и споредува три различни „концепции за економската правда“ (и објаснува зошто ја фаворизира третата): Конзервативна максима 1: Плаќање според вредноста на личниот придонес и придонесот на капиталот што се поседува. Либерална максима 2: Плаќање само според вредноста на личниот придонес. Радикална максима 3: Плаќање според трудот или личните придонеси што се даваат.

[9] Податоци од 2013 Global Wealth Report на Credit Suisse.

[10] Место каде практично сите продавници и станови се во сопственост на една компанија која е и главен работодавач. (Заб. на прев.)

[11] Во економијата, проблемот со слободен возач се случува кога оние што користат ресурси, стоки и услуги не плаќаат за нив. Ова води кон фактот дека нивниот број се намалува. Сите останати се принудени да платат за нив уште повеќе. Доколку бројот на заплашување продолжува да расте, тогаш можно е целосно да се престане производството на доброто. Главното прашање е да се ограничи слободното движење и негативните ефекти од него. Проблемот со слободен возач се јавува кога сопственичките права се нејасни и неефикасно регулирани. (Заб. на прев.)

 


Економија | марксистичка интернет архива