Људо Мартенс

Измама, глад и фашизам: митот за украинскиот геноцид


Првпат објавено: Un autre regard sur Staline (Друго видување на Сталин) (EPO, 1994);
Извор: https://web.archive.org/
Превод: Томислав Захов (англиски)
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: декември 2023


Колективизација и „украинскиот холокауст“

За буржоазијата, лагите за колективизацијата отсекогаш биле моќно оружје во психолошката војна против Советскиот Сојуз.

Го анализираме развојот на една од „најпопуларните“ лаги, холокаустот[1] наводно извршен од Сталин врз украинскиот народ. Оваа брилијантно разработена лага ја создаде Хитлер. Во неговата книга Mein Kampf од 1926 година, тој веќе посочи дека Украина припаѓа на германскиот „lebensraum“.[2] Кампањата што ја водеа нацистите во 1934-1935 година за болшевичкиот „геноцид“ во Украина требаше да ја подготви свеста на луѓето за планираното „ослободување“ на Украина. Ќе видиме зошто оваа лага ги надживеа своите нацистички креатори и стана американско оружје. Еве како се раѓаат измислици за „милиони жртви на сталинизмот“.

На 18 февруари 1935 година, медиумскиот конгломерат Херст во САД започна со објавување на серија статии од Томас Вокер. (Херст беше огромен медиумски магнат и нацистички симпатизер.)[3] Големиот патник и новинар, Вокер наводно го пропатувал Советскиот Сојуз за време од неколку години. Насловот на весникот The Chicago American од 25 февруари гласеше: „Шест милиони загинаа во советската глад: родот на селаните запленет, тие и нивните домашни животни гладуваат“. Во средината на страницата, друг наслов гласеше: „Репортер го ризикува животот за да добие фотографии на кои се гледа гладување“. На дното на страницата, „Глад – Злосторство против човештвото“.[4]

Во тоа време, Луис Фишер работел во Москва за американскиот весник The Nation. Оваа вест објавена од сосема непознат колега многу го заинтригирала. Тој направил одредени истражувања и ги споделил своите наоди со читателите на весникот:

„Г-дин Вокер, како што сме информирани, „влегол во Русија минатата пролет“, тоа е пролетта 1934 година. Видел глад. Тој ги фотографирал нејзините жртви. Тој добил потресни, од прва рака извештаи за пустошот на општата глад. Сега општата глад во Русија е „жешка“ вест. Зошто г-дин Херст ги чуваше овие сензационални статии десет месеци пред да ги испечати... Јас се консултирав со советските власти кои имаа официјални информации од Москва. Томас Вокер еднаш бил во Советскиот Сојуз. Тој добил транзитна виза од советскиот конзул во Лондон на 29 септември 1934 година. Тој влегол во СССР од Полска со воз во Негорелое на 12 октомври 1934 година. (Не пролетта 1934 година како што вели тој.) Бил во Москва на тринаесетти. Останал во Москва од сабота, тринаесетти, до четврток, осумнаесетти, а потоа се качил на транссибирски воз кој го довел до советско-манџурската граница на 25 октомври 1934 година... Тоа би било физички невозможно за г-дин Вокер, во петте дена помеѓу 13 и 18 октомври, да покрие една третина од местата што ги „опишува“ од лично искуство. Мојата хипотеза е дека тој останал доволно долго во Москва за да ја собере од огорчените странци украинската „локална боја“ што му беше потребна за да им ја даде на своите статии лажната веродостојност што ја поседуваат.“

Фишер имал пријател, Линдзи Парот, исто така Американец, кој ја посетил Украина на почетокот на 1934 година. Тој не забележал никакви траги од глад споменати во весникот на Херст. Напротив, жетвата во 1933 година била успешна. Фишер заклучил:

„Организациите Херст и нацистите почнуваат да соработуваат сè повеќе. Но, не забележав дека печатот Херст ги отпечатил приказните на г-дин Парот за просперитетна советска Украина. Г-дин Парот е дописник на г-дин Херст во Москва.“[5]

Под фотографијата на мало девојче и дете со синдром на каудална регресија, Вокер напишал:

„СТРАШНО – Под Харков, во типична селска колиба, земјен под, сламен покрив и едно парче мебел, клупа, се наоѓаше едно многу слабо девојче и нејзиниот брат од 2 ипол години (прикажани погоре). Ова помладо дете ползеше по подот како жаба и неговото кутро тело беше толку деформирано од недостиг на храна што не личеше на човечко суштество.“[6]

Даглас Тотл, канадски синдикален работник и новинар, ја пронашол сликата на истото дете „налик на жаба“, датирана од пролетта 1934 година, во публикација од 1922 година за општата глад во таа година.

Друга фотографија на Вокер беше идентификувана како онаа на војник во австриската коњаница, покрај мртов коњ, направена за време на Првата светска војна.[7]

Кутриот Вокер: неговото известување беше лажно, неговите фотографии исто лажни, дури и неговото име беше псевдоним. Неговото вистинско име беше Роберт Грин. Тој избегал од државниот затвор во Колорадо откако отслужил две од осум години. Потоа заминал да го направи своето лажно известување во Советскиот Сојуз. По враќањето во САД, тој бил уапсен, каде што пред судот призна дека никогаш не стапнал во Украина.

Мултимилионерот Вилијам Рандолф Херст се сретнал со Хитлер на крајот на летото 1934 година за да го финализира договорот според кој Германија би ги купила своите меѓународни вести од компанијата во сопственост на Херст, International News Service. Во тоа време, нацистичкиот печат веќе започна пропагандна кампања за „украинската глад“. Херст ја започна пропагандата брзо, благодарение на неговиот голем истражувач, Вокер.[8]

Други слични извештаи за општа глад ќе се појават во печатот на Херст. На пример, Фред Бил почнал да пишува. Работник од САД осуден на дваесет години затвор после штрајк, тој побегнал во Советскиот Сојуз во 1930 година и работел две години во тракторска фабрика во Харков. Во 1933 година, тој напишал мала книга наречена Странски работници во советска фабрика за трактори, во која позитивно ги опишува напорите на советскиот народ. На крајот на 1933 година, тој се вратил во САД, каде што го чекале невработеноста и затворот. Во 1934 година почнал да пишува за украинската глад, а набргу затворската казна му била драстично намалена. Кога Херст во јуни 1935 година го објави неговиот „извештај на очевидец“, J. Wolynec, еден друг американски работник кој работел пет години во истата фабрика во Харков, ги разоткрил лагите што се појавија низ целиот текст. Иако Бил се преправал дека слушнал неколку разговори, Wolynec забележал дека Бил не зборува ниту руски ниту украински. Во 1948 година, Бил ги понудил своите услуги на екстремната десница како очевидец против комунистите, пред Комитетот на Макарти.[9]

Книга од Хитлер

Во 1935 година, д-р Евалд Амендe објавил книга, Muss Russland hungern? (1936 англиски наслов: Human Life in Russia) Неговите извори: германскиот нацистички печат, италијанскиот фашистички печат, украинскиот емигрантски печат и „патници“ и „експерти“, цитирани без детали. Тој објавил фотографии за кои тврдел дека „се меѓу најважните извори за вистинските факти за положбата на Русија“.[10]

Има и фотографии кои му припаѓаат на д-р Дитлоф, кој до август 1933 година бил директор на германската влада за земјоделската акционерска корпорација – DRUSAG[11] во Северен Кавказ. Дитлоф тврдел дека ги направил фотографиите во летото 1933 година „и тие ги покажуваат условите... (во) зоната на општата глад.“[12]

Со оглед на тоа што тој тогаш бил државен службеник на нацистичката влада, како можел Дитлоф слободно да се пресели од Кавказ во Украина за да направи фотографии? Меѓу фотографиите на Дитлоф, седум, вклучително и онаа на детето „како жаба“, исто така беа објавени од Вокер. На друга фотографија се претставени две момчиња налик на скелет, симболи на украинската глад од 1933 година. Истата слика беше прикажана и во телевизиската серија на Питер Устинов „Русија“: таа доаѓа од документарен филм за руската глад од 1922 година! Друга од фотографиите на Аменде била објавена од нацистичкиот весник Volkischer Beobachter, датирана на 18 август 1933 година. Оваа фотографија исто така беше идентификувана меѓу книгите кои датираат од 1922 година.

Аменде работел во регионот на Волга во 1913 година. За време на Граѓанската војна од 1917 до 1918 година, тој држел позиции во прогерманските контрареволуционерни влади на Естонија и Латвија. Потоа, тој работел како соработник за владата на Павел Скоропадски, формирана од германската армија во Украина во март 1918 година. Тој тврдел дека учествувал во кампањите за хуманитарна помош за време на руската глад 1921-1922 година, па оттука и неговата запознаеност со фотографиите од тој период. Со години, Аменде служел како генерален секретар на таканаречениот Конгрес за европски националности, близок до Нацистичката партија, во која членуваа прегрупирани емигранти од Советскиот Сојуз. На крајот на 1933 година, Аменде бил назначен за почесен секретар на Меѓуконфесионалниот и меѓународен комитет за помош на руските области погодени од глад, кој беше предводен од профашистичкиот кардинал Иницер од Виена. Затоа, Аменде бил тесно поврзан со нацистичката антисоветска кампања.

Кога Реган ја започна својата антикомунистичка крстоносна војна на почетокот на осумдесеттите, професорот Џејмс Мејс од Универзитетот Харвард сметаше дека е пригодно да ја преуреди и преобјави книгата на Аменде под наслов Human Life in Russia. Тоа беше во 1984 година. Така, сите нацистички лаги и лажни фотографски докази, вклучително и псевдо-известувањето на Вокер за Украина, добија „академско реноме“ поврзано со името на Харвард.

Претходната година, екстремно десничарските украински емигранти во САД ја објавија The Great Famine in Ukraine: The Unknown Holocaust. Даглас Тотл можеше да провери дали фотографиите во оваа книга датираат од 1921-1922 година. Оттука, фотографијата на корицата доаѓа од публикацијата на Меѓународниот комитет за руска помош на д-р Ф. Нансен, Информации 22, Женева, 30 април 1922 година, стр. 6! [13]

Неонацистичкиот ревизионизам ширум светот ја „ревидира“ историјата за да ги оправда, пред сè, варварските злосторства на фашизмот против комунистите и Советскиот Сојуз. Прво, ги негира злосторствата што тие самите ги извршиле против Евреите. Неонацистите го негираат постоењето на логори за истребување каде што биле заклани милиони Евреи. Потоа измислуваат „холокаусти“, наводно извршени од комунистите и од другарот Сталин. Со оваа лага ги оправдуваат ѕверските злосторства што нацистите ги извршиле во Советскиот Сојуз. За овој ревизионизам во служба на антикомунистичката борба, тие добиваат целосна поддршка од Реган, Буш, Тачер и компанија.

Книга од Макарти

Илјадници украински нацистички соработници успеале да влезат во САД по Втората светска војна. За време на периодот на Макарти, тие сведочеа како жртви на „комунистичкото варварство“. Тие одново го измислија митот за геноцид со глад (гладомор) во книгата во два тома, Црните дела на Кремљ, објавена во 1953 и 1955 година од Украинската асоцијација на жртви на рускиот комунистички терор и Демократската организација на Украинците порано прогонувани од советскиот режим во САД. Оваа книга, oмилена на Роберт Конквест, кој редовно ја цитира, содржи глорификација на Симон Петљура, одговорен за масакрот на десетици илјади Евреи во 1918-1920 година, како и почит на Роман Шухевич, фашистичкиот командант на баталјонот Нахтигал – организиран од нацистите, а подоцна и Украинската востаничка армија (UPA).

Црните дела на Кремљ содржи и серија фотографии од гладоморот од 1932-1933 година. Сите тие се фалсификати. Намерни фалсификати. Една слика е насловена како „Мал канибал“. Се појави во број 22 од информативниот билтен на Меѓународниот комитет за руска помош во 1922 година, со оригиналниот натпис „Канибал од Запорожје: ја изеде сестра си“. На страница 155, Црните дела на Кремљ содржи слика на четворица војници и офицер кој штотуку погубил некои мажи. Насловот гласи „Погубувањето на Куркулите [Кулаците]“. Мал детаљ: војниците носат царски униформи! Оттука, царистичките егзекуции се дадени како доказ за „злосторствата на Сталин“.[14]

Еден од авторите на том I од Црните дела на Кремљ беше Александар Хеј-Холовко, кој беше министер за пропаганда на „владата“ на Бандера на Организацијата на украинските националисти (OUN) во Западна Украина. За време на краткото постоење на оваа фашистичка клика, националистичките толпи и украинските помошни трупи убија неколку илјади Евреи, Полјаци и болшевици во регионот Лвов. Хеј-Холовко, кој сега живее во Ванкувер, служел и во Schutzstaffel (Шуцштафел, Безбедносни одреди).

Меѓу лицата наведени како „спонзори“ на книгата е и Анатоле Билоцеркивски, алијас Антон Шпак, поранешен офицер на нацистичката полиција во Била Церква. Според сведоците и документите, Шпак/Билоцеркивски и други лично учествувале во егзекуцијата на две илјади претежно еврејски цивили.[15]

Помеѓу 1 и 15 милиони мртви

Во јануари 1964 година, Дејна Далримпл објави статија во Советските студии, со наслов „Советската глад од 1932-1934 година“. Тој тврдеше дека имало 5.500.000 мртви, што е просек од 20 различни проценки.

Веднаш на ум ми доаѓа едно прашање: кои се овие извори на „проценките“ што ги користи професорот?

Еден од изворите е Томас Вокер, кој го направил познатото „патување“ во Украина, каде што „веројатно можел да зборува руски“, според Далримпл.

Друг извор беше Николај Причодко, соработник на нацистите кој работел за „министерот за култура и образование“ во Киев, контролиран од нацистите. Причодко беше евакуиран на Запад од нацистите за време на нивното повлекување од Украина. Тој ја даде бројката од седум милиони мртви.

По нив следи Ото Шилер, нацистички државен службеник задолжен за реорганизација на земјоделството во Украина окупирана од нацистите. Неговиот текст, објавен во Берлин во 1943 година и во кој се тврди дека загинале 7.500.000, бил цитиран од Далримпл.

Следниот извор беше Евалд Аменде, нацистот кој не бил во Русија од 1922 година. Во две писма објавени во јули и август 1934 година во Њујорк Тајмс, Аменде зборуваше за 7.500.000 мртви и се преправаше дека во јули истата година луѓето умираат на улиците на Киев. Неколку дена подоцна, дописникот на Њујорк Тајмс, Харолд Дени, ја откри лагата на Аменде: „Вашиот дописник беше во Киев неколку дена минатиот јули за времето кога луѓето требаше да умираат таму, и ниту во градот, ниту во селската околина имаше глад.“ Неколку недели подоцна, Дени известува: „Никаде немаше глад. Никаде дури и страв од тоа. На локалните отворени пазари има храна, вклучително и леб. И селаните беа насмеани и дарежливи со своите прехранбени производи.“[16]

Следно, Фредерик Бирчал зборуваше за повеќе од четири милиони мртви во една статија од 1933 година. Во тој момент, тој беше, во Берлин, еден од првите американски новинари што јавно го поддржа режимот на Хитлер.

Други извори се Вилијам Х. Чемберлин и Евгениј Лајонс, и двајцата антикомунистички новинари. По војната и двајцата беа истакнати членови на Американскиот комитет за ослободување од болшевизмот (AMCOMLIB), попознат како Радио Слобода. Средствата на AMCOMLIB беа собрани од „Крстоносна војна за слобода“, која добиваше 90 отсто од своите средства од ЦИА. Чемберлин ја даде првата проценка од четири милиони, а втората од 7.500.000 мртви, вториот број врз основа на „проценката на странски жители во Украина“. Петте милиони мртви на Лајонс, исто така, беа резултат на гласини, засновани на „проценките направени од странци и Руси во Москва“.

Највисоката бројка (десет милиони) беше дадена, без детали, од Ричард Сталет од пронацистичкиот печат Херст. Во 1932 година, украинското население беше 25 милиони жители.[17]

Меѓу дваесетте извори во „академскиот“ труд на Далримпл, три доаѓаат од антисоветски статии во пронацистичкиот печат на Херст и пет доаѓаат од екстремно десничарски публикации од ерата на Макарти (1949-1953). Далримпл користел двајца германски фашистички автори, поранешен украински соработник, десничарски руски емигрант, двајца соработници на ЦИА и новинар на кого му се допаѓал Хитлер. Голем дел од бројките доаѓаат од неидентификувани „странски жители во Советскиот Сојуз“.

Двете најниски проценки, од 1933-та година, дојдоа од американските новинари во Москва, познати по својот професионализам, Ралф Барнс од Њујорк Хералд Трибјун и Волтер Дјуренти од Њујорк Тајмс. Првиот зборуваше за еден милион, а вториот за два милиони мртви од глад.

Двајца професори во спас на украинските нацисти

За да `и помогнат на новата антикомунистичка крстоносна војна и да го оправдаат нивното бесмислено трупање војски, американските десничари во 1983 година промовираа голема комеморативна кампања за „50-годишнината од гладоморот во Украина“. За да се осигура дека застрашувачката закана за Западот беше правилно разбрана, потребен беше доказ дека комунизмот значи геноцид. Овој доказ го дадоа нацистите и соработниците. Двајца американски професори ги покриле со своите академски акредитиви: Џејмс Е. Mej, коавтор на Општа глад во Советска Украина и Волтер Дашник, кој ја напиша Пред 50 години: Холокаустот на општата глад во Украина – Теророт и бедата како инструменти на советскиот руски империјализам, со предговор од Дејна Далримпл. Трудот на Харвард содржи 44 наводни фотографии од општата глад од 1932-1933 година. Дваесет и четири доаѓаат од два нацистички текста напишани од Лаубенхајмер, кој повеќето од фотографиите му ги припиша на Дитлоф и ја започна својата презентација со цитат од Хитлеровата Mein Kampf:

„Ако, со помош на својата марксистичка вера, Евреинот биде победник над другите народи во светот, неговата круна ќе биде погребен венец на човештвото и оваа планета, како што правела пред милиони години, ќе се движи низ етерот без луѓе.“[18]

Поголемиот дел од сликите на Дитлоф–Лаубенхајмер се целосни фалсификати кои доаѓаат од непосредната ера на Првата светска војна и општата глад во 1921--1922 година, или на друго место прикажуваат погрешно претставени и недокументирани сцени кои не ги опишуваат условите на гладомор.[19]

Вториот професор, Дашник, учествуваше како кадар во фашистичката организација на украинските националисти, која стана активна на крајот на триесеттите.

„Научни“ пресметки

Дашник измислил „научен“ метод за пресметување на мртвите за време на „гладоморот“; Мејс го следеше неговиот метод:

„Земајќи ги податоците според пописот од 1926 година ... и пописот од 17 јануари 1939 година ... и просечниот пораст пред колективизацијата ... (2,36 проценти годишно), може да се пресмета дека Украина ... изгубила 7.500.000 луѓе меѓу двата пописи.“[20]

Овие пресметки се бесмислени.

Првата светска војна, граѓанските војни и големата општа глад од 1920-1922 година предизвикаа пад на наталитетот. Новата генерација родени во тој период достигна физичка зрелост, 16-годишна возраст, околу 1930 година. Структурата на населението нужно ќе доведе до пад на наталитетот во триесеттите.

Бесплатниот абортус, исто така, драматично го намали наталитетот во текот на триесеттите, до точка што владата го забрани во 1936 година за да го зголеми населението.

Годините 1929-1933 беа карактеризирани со големи, насилни борби во селата, придружени со периоди на општа глад. Економските и социјалните услови од овој вид го намалуваат наталитетот.

Бројот на лица регистрирани како Украинци се менувал преку меѓуетнички бракови, промени во декларираната националност и со миграциите.

Границите на Украина не беа ни исти во 1926 и 1939 година. Кубанските Козаци, меѓу 2 и 3 милиони луѓе, беа регистрирани како Украинци во 1926 година, но беа прекласифицирани како Руси на крајот на дваесеттите години. Оваа нова класификација сама по себе објаснува 25 до 40 отсто од „жртвите на гладоморот“ пресметани од Дашник-Мејс.[21]

Да додадеме дека, според официјалните бројки, населението на Украина се зголемило за 3.339.000 лица помеѓу 1926 и 1939 година. Споредете ги тие бројки со зголемувањето на еврејското население во реални геноцидни услови, организирани од нацистите.[22]

За да ја тестира валидноста на „методот Дашник“, Даглас Тотл испроба вежба со бројки за провинцијата Саскачеван во Канада, каде што во триесеттите години беа забележани големи борби на фармерите. Репресијата често била насилна. Тотл се обидел да го „пресмета“ бројот на статистички „жртви“ на „геноцидот“, предизвикан од Големата депресија во 1930-тите и сушата во Западна Канада, комплициран од политиките на десничарските канадски влади и употребата на сила.

Овој „научен метод“, кој секој угледен човек би го нарекол гротескна фарса за Канада, е широко прифатен во десничарските публикации како „доказ“ за „сталинистичкиот терор“.

Нискобуџетни филмови

Кампањата „гладомор“ што нацистите ја започнаа во 1933 година го достигна својот врв половина век подоцна, во 1983 година, со филмот Жетва на очај, за пошироката јавност, а во 1986 година, со книгата Жетва на тага од Роберт Конквест, за интелигенцијата.

Филмовите Жетва на очај, за украинскиот „геноцид“, и Полиња на смртта, за „геноцидот“ во Кампучија, беа двете најважни дела создадени од луѓето на Реган за да се всади во главите на луѓето дека комунизмот е синоним за геноцид.

Жетва на очај освои златен медал и наградата Големиот трофеј на 28-миот Меѓународен филмски и ТВ фестивал во Њујорк во 1985 година.

Најважните изјави на очевидци за „геноцидот“ што се појавуваат во филмот се направени од германски нацисти и нивните поранешни соработници.

Степан Скрипник беше главен уредник на нацистичкото списание „Волин“ за време на германската окупација. За три недели, со благослов на хитлерoвските власти, тој беше унапреден од едноставен лаик во епископ на Украинската православна црква, а во име на „христијанскиот морал“ изнесе злобна пропаганда за Die Neue Ordnung, хитлеровскиот нов поредок. Бегајќи од Црвената армија, тој побарал засолниште во САД.

Германецот Ханс фон Херват, друг очевидец, работел во Советскиот Сојуз во службата што го регрутирала, меѓу советските затвореници, платеници за руската нацистичка армија на генерал Власов.

Неговиот сонародник Андор Хенке, кој исто така се појавува во филмот, бил нацистички дипломат.

За да го илустрираат „гладоморот“ од 1932-1933 година, авторите користеле секвенци од новински филмови пред 1917 година, делови од филмовите Царска глад (1921-1922) и Арсенал (1929), потоа секвенци од Опсадата на Ленинград, снимени за време на Втората светска војна.

Кога продуцентите на филмот беа јавно нападнати од Тотл во 1986 година, Марко Цариник, кој стоел зад филмот и го направил најголемиот дел од истражувањето, даде јавна изјава, цитирана во Торонто Стар:

„Цариник рече дека ниту една од архивските снимки не е од општата глад во Украина и дека многу малку фотографии од „32-33“ се појавуваат а кои може да се сметаат за автентични. Драматичната снимка на крајот на филмот на изнемоштено девојче, која исто така е искористена во промотивниот материјал на филмот, не е од општата глад од 1932 до 1933 година, рече Цариник.“

„Ја истакнав поентата дека овој вид неточност не може да се дозволи“, рече тој во едно интервју. „Бев игнориран.“[23]

Жетва на тага: Конквест и преобраќање на украинските нацистички соработници

Во јануари 1978 година, Дејвид Ли објави статија во Лондон Гардијан, во која откри дека Роберт Конквест работел за службите за дезинформации, официјално наречени Оддел за истражување на информации (IRD), на британската тајна служба. Во британските амбасади, шефот на IRD е одговорен за обезбедување „манипулирани“ информации за новинарите и јавните личности. Двете најважни цели беа Третиот свет и Советскиот Сојуз. Ли тврдеше:

„Роберт Конквест, често критички настроен кон Советскиот Сојуз, беше еден од оние кои работеа за IRD. Тој беше во Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелтот [Форин офис] до 1956 година.“[24]

На предлог на IRD, Конквест напиша книга за Советскиот Сојуз; една третина од изданието го купи издавачката куќа Прагер, која редовно издава и дистрибуира книги по барање на ЦИА.

Во 1986 година, Конквест мошне придонесе за пропагандната кампања на Реган кон обичните граѓани на САД за можна окупација на САД од страна на Црвената армија! Книгата на Конквест, коавторизирана од Манчип Вајт, беше насловена Што да се прави кога ќе дојдат Русите: Прирачник за преживување.

Во својата книга Големиот терор (1968, ревидирана 1973), Конквест го процени бројот на мртви за време на колективизацијата од 1932 до 1933 година на пет до шест милиони, од кои, половина во Украина. За време на годините на Реган, на антикомунистичката хистерија `и беа потребни бројки што ги надминуваа оние на шест милиони Евреи истребени од нацистите. Во 1983 година, Конквест сметаше дека е прикладно да ги продолжи условите на глад до 1937 година и да ги ревидира своите „проценки“ на 14 милиони мртви.

Неговата книга Жетва на тага од 1986 година е псевдо-академска верзија на историјата, претставена од украинските крајнодесничарски воини на Студената војна.

Конквест тврди дека украинската екстремна десница водела „антигерманска и антисоветска“ борба, повторувајќи ја лагата што овие криминални банди ја измислија по нивниот пораз додека се обидувале да емигрираат во САД.

Конквест, занимавајќи се со украинската историја, во една реченица ја споменува нацистичката окупација, како период помеѓу два брана на црвениот терор![25]

Тој целосно го избриша од својата историја ѕверскиот терор што го спроведуваа украинските фашисти за време на германската окупација, бидејќи тие се најдобри извори за „гладоморот“.

Роман Шухевич беше командант на баталјонот Нахтигаљ, составен од украински националисти облечени во германска униформа. Овој баталјон го окупираше Лвов на 30 јуни 1941 година и учествувал во тридневниот масакр на Евреите во регионот. Во 1943 година Шухевич беше именуван за командант на Украинската востаничка армија (Бандеровци, или UPA), вооружени послушници на фашистот Степан Бандера, кои по војната се преправаа дека се бореле против Германците и Црвените.[26]

Сите нивни „приказни“ за битките што ги воделе против Германците се покажаа како лажни. Тие тврдеа дека го погубиле Виктор Луце, началникот на Генералштабот на германската организација Штурмабтајлунг – „Јуришен одред“. Но, всушност, тој загина во сообраќајна несреќа во близина на Берлин.[27]

Тие тврдеа дека воделе битка против 10.000 германски војници во Волинија и Полесје, во текот на летото 1943 година. Историчарот Рубен Ајнштајн докажа дека во текот на оваа битка, 5.000 украински националисти учествувале на страната на 10.000 германски војници, во големата кампања на опкружување и обид за уништување на партизанската војска предводена од познатиот болшевик Алексеј Фјодоров![28]

Ајнштајн забележа:

„Бандите на Украинската востаничка армија, кои станаа познати како Бандеровци, беа под команда на Шухевич, сега познат како Тарас Чупринка, најопасниот и најсуровиот непријател на преживеаните Евреи, полските селани и доселеници и сите антигермански партизани.“[29]

Украинската, 14-та гренадирска дивизија 1. галицијска (исто така позната како дивизија Халичина), беше создадена во мај 1943 година. Во својот повик до Украинците да `и се придружат, Владимир Кубијович, шефот на наци-овластениот Украински Централен комитет, изјавил:

„Дојде долгоочекуваниот момент кога украинскиот народ повторно има можност да излезе со пушки да се бори со својот најголем непријател – московјанскиот — еврејскиот болшевизам. Фирерот на Големиот германски Рајх се согласи за формирање на посебна украинска доброволна воена единица.“[30]

Претходно, нацистите ја наметнаа својата директна власт над Украина, не оставајќи автономија на своите украински сојузници. Токму врз основа на ова ривалство меѓу германските и украинските фашисти, украинските националисти подоцна ќе го градат својот мит за „спротивставување на Германците“.

Потиснати од Црвената армија, нацистите ја сменија тактиката во 1943 година, давајќи им поважна улога на украинските убијци. Создавањето „украинска“ дивизија на Вафен СС се сметаше за победа на „украинскиот национализам“.

На 16 мај 1944 година, шефот на СС, Химлер, им честиташе на германските офицери на дивизијата Галиција што ја исчистиле Украина од сите нејзини Евреи.

Васил Верига, ветеран на 14-тата дивизија на Вафен СС, напиша во 1968 година:

„Персоналот обучен во дивизијата [14-та дивизија на Вафен СС] стана столбот на Украинската востаничка армија, командата на Украинската востаничка армија исто така испрати свои групи луѓе во дивизијата за да добијат соодветна обука... Ова ја засили Украинската востаничка армија која била оставена на родната земја [по нацистичкото повлекување], особено нејзините команданти и инструктори.“[31]

Иако тенденциите на Андриј Мелник и Бандера на Организацијата на украинските националисти беа меѓусебно спротивставени, па дури и се бореа меѓу себе, овде можеме да видиме како тие соработувале против комунистите под водство на германските нацисти.

Нацистичкиот офицер Шолце откри пред Нирнбершкиот трибунал дека Вилхелм Канарис, шефот на германското разузнавање, „лично `и наложил на германската воена разузнавачка служба Абвер да формира подземна мрежа за да ја продолжи борбата против советската власт во Украина. Надлежните агенти беа оставени специјално за да го насочуваат националистичкото движење.“[32]

Имајте предвид дека троцкистичката група на Ернст Мандел секогаш ја поддржуваше „антисталинистичката“ вооружена борба што ја водеа фашистичките насилници од Организацијата на украинските националисти помеѓу 1944 и 1952 година.

По војната, Џон Лофтус беше адвокат на Канцеларијата за специјални истраги на Министерството за правда на САД, задолжена за откривање нацисти кои се обидуваа да влезат во Соединетите Држави. Во својата книга Тајната на Белорусија, тој потврдува дека неговата служба била против влезот на украинските нацисти. Но, Френк Виснер, задолжен за Канцеларијата за координација на политиката на американската администрација, особено важна тајна служба во тоа време, систематски дозволуваше влез на поранешни украински, хрватски и унгарски нацисти. Виснер, кој подоцна ќе одигра важна улога на чело на ЦИА, тврдеше: „ОUN (Организацијата на украинските националисти) и партизанската армија што таа ја создаде во 1942 година, UPA, жестоко се бореа и против Германците и против Советските Руси.“[33]

Овде се гледа како американските разузнавачки служби, веднаш по војната, ја прифатија верзијата на историјата на украинските нацисти за да ги искористат антикомунистите во латентната борба против Советскиот Сојуз. Лофтус коментираше:

„Ова беше целосна измислица. Контраразузнавачкиот корпус на САД имаше агент кој фотографирал единаесет тома од тајните внатрешни досиеја на ОUN - Бандера. Овие досиеја јасно покажуваат како повеќето нејзини членови работеле за Гестапо или СС како полицајци, џелати, ловци на партизани и општински службеници.“[34]

Во Соединетите Држави, поранешните украински нацистички соработници создадоа „истражувачки институти“ од кои ја шират својата ревизија на историјата на Втората светска војна. Лофтус напиша:

„Финансирањето за овие „истражувачки институти“, кои беа малку повеќе од фронтовски групи за поранешни нацистички разузнавачи, дојде од Американскиот комитет за ослободување од болшевизмот, сега познат како Радио Либерти. Комитетот всушност беше фронт за Канцеларијата за координација на политиката на американската администрација.“[35]

„Против Хитлер и против Сталин“: токму околу овие зборови поранешните хитлеровци и ЦИА ги обединија своите напори. За неинформираните луѓе, формулата „против фашизмот и против комунизмот“ може да изгледа како „трет пат“, но сигурно не е. Тоа е формулата што ги обедини, по поразот на нацистите, поранешните бранители на распадната Голема Германија и нивните американски наследници, кои се стремат кон светска хегемонија. Бидејќи Хитлер сега беше само дел од минатото, екстремната десница во Германија, Украина, Хрватска итн., се придружи на екстремната десница во САД. Тие ги обединија своите напори против социјализмот и против Советскиот Сојуз, кој го понесе товарот на антифашистичката војна. За да ги соберат буржоаските сили, тие шират лаги за социјализмот, тврдејќи дека тој е полош од нацизмот. Формулата „против Хитлер и против Сталин“ служеше за измислување на „злосторствата“ и „холокаустите“ на Сталин, за подобро прикривање, па дури и негирање на чудовишните злосторства и холокаусти на Хитлер. Во 1986 година, ветераните на Украинската востаничка армија, токму оние кои се преправаа дека се бореле „против Хитлер и против Сталин“, објавија книга со наслов Зошто еден холокауст вреди повеќе од другите?, напишана од поранешен член на UPA, Јуриј Чуматскиј. Жалејќи што „ревизионистичките историчари кои тврдат дека немало план за истребување на Евреите, немало масовни убиства со гасови и дека помалку од еден милион Евреи загинале од сите причини за време на Втората светска војна, се прогонувани“, Чуматскиј продолжува:

„Според изјавите на ционистите, Хитлер убил шест милиони Евреи, но Сталин, поддржан од еврејскиот државен апарат, можел да убие десет пати повеќе христијани.“[36]

Фашистичките извори на Конквест

Насловот на клучниот дел – Поглавје 12 – од книгата Жетва на тага е Општа глад беснее. Содржи импресивна листа од 237 референци. Повнимателен преглед покажува дека повеќе од половина од овие референци доаѓаат од екстремно десничарски украински емигранти. Украинската фашистичка книга Црните дела на Кремљ е цитирана 55 пати! Не е ни чудо што Конквест ја користи верзијата на историјата дадена од украинските нацистички соработници и тајните служби на САД.

Во истото поглавје, Конквест 18 пати ја цитира книгата Деветтиот круг од Алексеј Воропај, објавена во 1953 година од младинското движење на фашистичката организација на Степан Бандера. Авторот презентира детална автобиографија за триесеттите, но не спомнува што правел за време на нацистичката окупација! Едвај сокриено признание за своето нацистичко минато. Тој повторно се занимава со својата биографија во 1948 година, во Минстер, каде што се засолниле многу украински фашисти. Таму интервјуирал Украинци за „гладоморот“ од 1932-1933 година. Ниту еден од „сведоците“ не е идентификуван, што ја прави книгата безвредна од научна гледна точка. Со оглед на тоа што тој не кажа ништо за тоа што правел за време на војната, веројатно е дека оние кои ја „откриле вистината за Сталин“ биле украински нацистички соработници кои побегнале.[37]

Фред Бил, кој пишувал за пронацистичкиот печат на Херст од 1930-тите, а подоцна соработувал со конгресниот Комитет за неамерикански активности на Макарти за време на Студената војна, бил цитиран пет пати.

Виктор Кравченко, антикомунистички емигрант, е извор десет пати; Лев Копелев, уште еден руски емигрант, пет пати.

Помеѓу вклучените „научни“ референци е романот на Василиј Гросман, петнаесет пати цитиран од Конквест!

Потоа, Конквест цитира интервјуа од Проектот на Харвард за интервјуа на бегалци, кој беше финансиран од ЦИА. Тој ја цитира Конгресната комисија за комунистичка агресија од времето на Макарти, како и нацистичката книга на Евалд Аменде од 1935 година. Конквест, исто така, пет пати ги цитира Евгениј Лајонс и Вилијам Чемберлин, двајца мажи кои, по Втората светска војна, беа во Одборот на директори на Радио Либерти, радио мрежата на ЦИА во Централна Европа.

На страница 244, Конквест напишал: „Еден Американец, oколу дваесет милји јужно од Киев, во едно село во една колиба затекнал како тие готвеле во неред што им пркоси на анализите.“ Дадената референца е New York Evening Journal, 28 февруари 1933 година. Всушност, тоа е статија на Томас Вокер во печатот на Херст, објавена во 1935 година! Конквест намерно го сменил датумот на весникот за да одговара на општата глад од 1933 година. Конквест не го именуваше Американецот: тој се плашеше дека некои би можеле да се сетат дека Томас Вокер бил измамник кој никогаш не стапнал во Украина. Конквест е фалсификатор.

За да го оправда користењето на книги од емигранти во кои се запишани гласини, Конквест тврдел дека „вистината може да се исфилтрира само во форма на гласини“ и дека „во основа најдобриот, иако не и непогрешлив, извор се гласините“.[38]

Оваа изјава дава фашистички клевети, дезинформации и претендира академска почит.

Причините за глад во Украина

Во 1932-1933 година во Украина имаше глад. Но, таа беше предизвикана главно од борбата до смрт што украинската екстремна десница ја водеше против социјализмот и колективизацијата на земјоделството.

Во текот на триесеттите, екстремната десница, поврзана со хитлеровците, веќе целосно ја експлоатира пропагандната тема за „намерно предизвикана глад со цел да се истреби украинскиот народ“. Но, по Втората светска војна, оваа пропаганда беше „прилагодена“ со главната цел да се прикријат варварските злосторства извршени од германските и украинските нацисти, да се заштити фашизмот и да се мобилизираат западните сили против комунизмот.

Всушност, од почетокот на педесеттите, фактот за истребување на шест милиони Евреи се наметна на совеста на светската јавност. На светските десничарски сили им требаше поголем број на смртни случаи „предизвикани од комунистичкиот терор“. Така, во 1953 година, годината на триумфалниот макартизам, се случи спектакуларно зголемување на бројот на смртни случаи во Украина, дваесет години подоцна. Бидејќи Евреите беа убиени на научен, намерен и систематски начин, „истребувањето“ на украинскиот народ исто така мораше да има форма на геноцид извршен ладнокрвно. А екстремната десница, која жестоко го негира холокаустот на Евреите, го измисли украинскиот геноцид!

Украинската глад од 1932 до 1933 година имаше четири причини.

Пред сè, таа беше предизвикана од граѓанската војна предводена од кулаците и носталгичните реакционерни елементи на царизмот против колективизацијата на земјоделството.

Фредерик Шуман отпатувал како турист во Украина за време на периодот на глад. Откако станал професор на колеџот Вилијамс, во 1957 година објавил книга за Советскиот Сојуз. Тој зборуваше за глад.

„Противењето од страна на кулаците започна со колење на нивниот добиток и коњи, противејќи се на нивната експропријација. Резултатот беше тежок удар за советското земјоделство, бидејќи повеќето од говедата и коњите беа во сопственост на кулаците. Помеѓу 1928 и 1933 година бројот на коњи во СССР се намалил од речиси 30.000.000 на помалку од 15.000.000; бројот на говеда од 70.000.000 (вклучувајќи 31.000.000 крави) на 38.000.000 (вклучувајќи 20.000.000 крави); бројот на овци и кози од 147.000.000 на 50.000.000; и на свињи од 20.000.000 на 12.000.000. Советската рурална економија не се опорави од оваа неверојатна загуба до 1941 година.“

„Некои кулаци убиваа функционери, го палеа имотот на задругите, па дури и ги запалија сопствените култури и семиња. Повеќето одбивале да сеат или да жнеат, можеби со претпоставка дека властите ќе направат отстапки и во секој случај ќе ги хранат.“

„Последицата беше „украинската глад“ од 1932-33 година... Сензационалистички извештаи, главно измислени, се појавија во нацистичкиот печат во Германија и во печатот Херст во Соединетите Држави, често илустрирани со фотографии кои се покажаа дека биле направени покрај Волга во 1921 година... „Општата глад“ во подоцнежните фази не била резултат на недостиг на храна, и покрај наглото намалување на семињата и жетвата што произлегло од специјалните реквизиции во пролетта на 1932 година, кои очигледно беа предизвикани од страв од војна со Јапонија. Повеќето од жртвите беа кулаци кои одбиле да ги посеат своите ниви или си ги уништиле посевите.“[39]

Интересно е да се забележи дека оваа изјава на очевидец беше потврдена со напис од 1934 година на Исак Мазепа, водач на Украинското националистичко движење, поранешен премиер под Симон Петљура во 1918 година. Тој се пофали дека во Украина, десницата успеала во 1930—1932 нашироко да ги саботира земјоделските работи.

„Најпрво имаше немири во колхозите [колективните фарми] или пак беа убивани комунистичките функционери и нивните агенти, но подоцна беше фаворизиран систем на пасивен отпор кој имаше за цел систематско разбивање на плановите на болшевиците за сеење и собирање на жетвата .... Катастрофата од 1932 година беше најтешкиот удар со кој требаше да се соочи Советска Украина после општата глад од 1921-1922 година. И есенската и пролетната сеидба не успеаја. Цели делови останаа незасеани, а покрај тоа, кога се собираше родот... во многу области, особено на југот, 20, 40, па дури и 50 отсто беше оставен на полињата, и или воопшто не беше собран или беше уништен за време на вршидбата.“[40]

Втората причина за општата глад беше сушата што погоди одредени области на Украина во 1930, 1931 и 1932 година. За професорот Џејмс Е. Мејс, кој ја брани украинската крајнодесничарска линија на Харвард, тоа е басна создадена од советскиот режим. Меѓутоа, во својата Историја на Украина, Михаил Хрушевски, опишан од самите националисти како „најдобар историчар на Украина“, пишувајќи во 1932 година, тврди дека „Повторно година на суша која се совпадна со хаотични земјоделски услови.“[41]

Професорот Николаj Рjaзановскиj, кој предавал во Рускиот истражувачки центар на Харвард, напишал дека во 1931 и 1932 година биле забележани услови на суша. Професорот Мајкл Флорински, кој се борел против болшевиците за време на Граѓанската војна, забележал: „Тешките суши во 1930 и 1931 година, особено во Украина, ги влошија проблемите во земјоделството и создадоа услови речиси на глад.“[42]

Третата причина за глад беше епидемија на тифус што ги опустоши Украина и Северен Кавказ. Д-р Ханс Блуменфелд, меѓународно почитуван урбанистички планер и добитник на Орденот на Канада, работел како архитект во Макеевка, Украина, за време на општата глад. Тој напишал:

„Нема сомнеж дека општата глад однесе многу жртви. Немам основа за да го проценам нивниот број... Веројатно повеќето смртни случаи во 1933 година се должат на епидемии на тифус, тифусна треска и дизентерија. Болестите кои се пренесуваат преку вода беа чести во Макеевка; За малку преживеав напад на тифусна треска.“[43]

Хорсли Грант, човекот кој направи апсурдна проценка од 15 милиони мртви поради општа глад – 60 отсто од етничкото украинско население од 25 милиони во 1932 година – во исто време забележа дека „врвот на епидемијата на тифус се совпадна со општата глад .... не може да се одвои која од двете причини била поважна во предизвикувањето жртви.“[44]

Четвртата причина за општата глад беше неизбежниот неред предизвикан од реорганизацијата на земјоделството и подеднакво длабокиот пресврт во економските и општествените односи: недостиг на искуство, импровизација и конфузија во нарачките, недостиг на подготовка и левичарски радикализам кај некои од посиромашните селани и дел од државните службеници.

Бројките од еден до два милиони загинати поради глад се очигледно релевантни. Овие човечки загуби во голема мера се должат на жестокото противење на експлоататорските класи на реорганизацијата и модернизацијата на земјоделството на социјалистичка основа. Но, буржоазијата ги прави Сталин и социјализмот одговорни за овие смртни случаи. Бројката од еден до два милиони треба да се спореди и со деветте милиони мртви предизвикани од општата глад во 1921-1922 година, во суштина предизвикана од воената интервенција на осум империјалистички сили и од поддршката што тие им ја дадоа на реакционерните вооружени групи.

Општата глад не траела подоцна од периодот пред жетвата во 1933 година. Советската влада презела вонредни мерки за да го гарантира успехот на жетвата таа година. Пролетта, 570,500 тони семиња, храна и сточна храна биле испратени во Украина. Организацијата и управувањето со колхозите биле подобрени и биле испорачани неколку илјади дополнителни трактори, комбајни и камиони.

Ханс Блуменфелд во својата автобиографија даде резиме на она што го доживеал за време на општата глад во Украина:

„Општата глад беше предизвикана од комбинација на голем број фактори. Прво, топлото суво лето од 1932 година, кое го доживеав во северна Вјатка, резултираше со неуспех на културите во полусувите региони на југот. Второ, борбата околу колективизација го наруши земјоделството. Колективизацијата не беше уреден процес што ќе ги следи бирократските правила. Се состоеше од акции на сиромашните селани, поттикнати од Партијата. Сиромашните селани беа желни да ги експроприраат „кулаците“, но помалку беа волни да организираат задружна економија. До 1930 година, Партијата веќе испрати кадри за да ги запре и коригира ексцесите. Откако практикуваше воздржаност во 1930 година, Партијата повторно стапи во акција во 1932 година. Како резултат на тоа, во таа година кулачката економија престана да произведува, а новата задружна економија сè уште не произведуваше целосно. Првиот дел од несоодветниот производ отиде во урбаната индустрија и кај вооружените сили; бидејќи од нив зависи иднината на целиот народ, вклучувајќи ги и селаните, тешко дека би можело да биде поинаку.“

„Во 1933 година врнежите беа доволни. Партијата ги испрати своите најдобри кадри да помогнат во организирањето на работата во колхозите. Тие успеаја; по жетвата од 1933 година ситуацијата радикално се подобри и со неверојатна брзина. Имав чувство дека влечеме тешка количка нагоре, неизвесно дали ќе успееме; но во есента 1933 година го надминавме врвот и оттогаш можевме да се движиме напред со забрзано темпо.“[45]

Ханс Блуменфелд истакна дека општата глад ги погодила и руските региони Долна Волга и Северен Кавказ.

„Ова го побива „фактот“ за антиукраинскиот геноцид споредуван со антисемитскиот холокауст на Хитлер. За секој кој е запознаен со очајниот недостиг на работна сила на Советскиот Сојуз во тие години, идејата дека неговите лидери намерно ќе го намалат тој оскуден ресурс е апсурдна.“[46]

Украина под нацистичка окупација

Јапонските војски ја окупираа Манџурија во 1931 година и зазедоа позиција долж советската граница. Хитлер дојде на власт во 1933 година.

Програмите за индустриска и земјоделска реорганизација спроведени од Советскиот Сојуз во 1928-1933 година дојдоа токму на време. Само нивниот успех, по цена на целосна мобилизација на сите сили, дозволи победнички отпор кон нацистите.

Една од иронијата на историјата е тоа што нацистите почнаа да веруваат во сопствените лаги за украинскиот геноцид и за кревкоста на советскиот систем.

Историчарот Хајнц Хоне напиша:

„Двете отрезнувачки години крвава војна во Русија дадоа суров доказ за лажноста на приказната за подлуѓето. Уште во август 1942 година во своите „Извештаи од Рајхот“, разузнавачката служба на СС (Sicherheitsdienst) забележа дека кај германскиот народ расте чувството дека сме биле жртви на заблуда. Главниот и зачудувачки впечаток е огромната маса советско оружје, нивниот технички квалитет и огромниот советски напор за индустријализација – сето тоа во остар контраст со претходната слика за Советскиот Сојуз. Луѓето се прашуваат како болшевизмот успеа да го произведе сето ова.“[47]

Американскиот професор Вилијам Мендел во 1985 година напиша:

„Во најголемиот источен дел на Украина, кој беше под советска власт дваесет години, лојалноста беше огромна и активна. Имаше половина милион организирани советски герилци и 4.500.000 етнички Украинци кои се бореа во советската армија. Јасно е дека таа армија би била фундаментално ослабена доколку постоеле основни незадоволства меѓу толку голема компонента“.[48]

Историчарот Роман Шпорлук признава дека „зоните на дејствување“ на „организираниот украински национализам... биле ограничени на поранешните полски територии“, т.е. во Галиција. Под полска окупација, фашистичкото украинско движење имаше база до 1939 година.[49]

Лагата за украинскиот холокауст била измислена од хитлеровците како дел од нивната подготовка за освојување на украинските територии. Но, штом стапнаа на украинска почва, нацистичките „ослободители“ наидоа на жесток отпор. Алексеј Фјодоров предводеше група партизани кои елиминираа 25.000 нацисти за време на војната. Неговата книга Подземниот комитет продолжува восхитувачки го покажува односот на украинскиот народ кон нацистите. Нејзиното читање е мошне препорачливо како противотров за оние кои зборуваат за „сталинистичкиот геноцид врз Украинците“.[50]


Забелешки

[1] Гладомор (украински: Голодомор).

[2] Територија за која една група, држава или нација верува дека е нужна за нејзиниот природен развој.

[3] По доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија, нацистите добија позитивно покривање во печатот од медиумскиот конгломерат Херст и платија десет пати повеќе од стандардната стапка на претплата за новинската агенција INS што му припаѓа на Херст. Вилијам Рандолф Херст лично им наложил на своите новинари во Германија да даваат само позитивно покривање на Хитлер и нацистите и ги отпуштил новинарите кои одбивале да пишуваат приказни поволни за германскиот фашизам. Во тоа време, на високо рангираните нацисти им беше даден простор да пишуваат статии во весниците на медиумскиот конгломерат Херст, вклучувајќи ги Херман Геринг и Алфред Розенберг. Повеќе види во Parenti, Michael (1997). Blackshirts & Reds: Rational Fascism and the Overthrow of Communism. San Francisco: City Lights Books.

[4] Douglas Tottle, Fraud, Famine and Fascism: The Ukrainian Genocide Myth from Hitler to Harvard (Toronto: Progress Books, 1987), pp. 5-6.

[5] The Nation140 (36), 13 March 1935, цитирано во Tottle, op. cit., p. 8.

[6] Tottle, op. cit., p. 9.

[7] James Casey, Daily Worker, 21 February 1935, цитирано во Tottle, op. cit., p. 9.

[8] Tottle, op. cit., pp. 13, 15.

[9] Ibid., pp. 19-21.

[10] Ibid., pp. 23-24.

[11] Германска компанија вклучена во развојот на советското земјоделство во соработка со советската влада.

[12] Ibid., p. 25.

[13] Ibid., pp. 4-31.

[14] Ibid., pp. 38-44.

[15] Ibid., p. 41.

[16] New York Times, цитирано во Tottle, op. cit., p. 50.

[17] Tottle, op. cit., p. 51.

[18] Ibid., p. 61.

[19] Ibid.

[20] Ibid., pp. 69-71.

[21] Ibid., p. 71.

[22] Ibid., p. 74.

[23] Ibid., p. 79.

[24] Ibid., p. 86.

[25] Conquest, The Harvest of Sorrow, op. cit., p. 334.

[26] Tottle, op. cit., pp. 111-112.

[27] Ibid., p. 112.

[28] Ibid., p. 113.

[29] Ibid.

[30] Ibid., p. 115.

[31] Ibid., p. 118.

[32] Ibid.

[33] Ibid., pp. 121-122.

[34] Ibid., p. 122.

[35] Ibid., p. 128.

[36] Ibid., p. 129.

[37] Ibid., pp. 58-59.

[38] J. Arch Getty, Origins of the Great Purges: The Soviet Communist Party Reconsidered, 1933-1938 (New York: Cambridge University Press, 1985), p. 5.

[39] Tottle, op. cit., pp. 93-94.

[40] Ibid., p. 94.

[41] Ibid., p. 91.

[42] Ibid., p. 92.

[43] Ibid., p. 96.

[44] Ibid., p. 97.

[45] Ibid.

[46] Ibid., p. 100.

[47] Ibid., p. 99.

[48] Ibid., p. 101.

[49] Ibid.

[50] Alexei Fyodorov, The Underground Committee Carries On. (Moscow: Progress Publishers).