Клара Цеткин

Уметноста и пролетаријатот


Напишано: 1911
Извор:Современост“, 1960/3, 231-245 стр.
Превод: А. Е. (Александар Ежов), од српскохрватски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2023


Кога човек говори истовремено за уметноста и за пролетаријатот би можело да изгледа како да се руга. Животните услови што им ги создава капиталистичкиот поредок на своите робови на надницата ѝ се непријател на уметноста, тие се дури и смрт за уметноста. Претпоставка за уживање во уметноста и уште повеќе за создавање на уметноста е просторот на материјалната и културната слобода на движењето, вишокот на материјалните добра, на телесните, духовните и моралните сили над нужното, само материјалното. Но материјалната нужда и, поради неа, сиромаштвото на културата биле судбина на експлоатираните и подвластените, откако класните спротивности создаваат јаз во општестото. Затоа одново се појави прашањето дали уметноста воопшто има морално, општествено оправдание, дали уметноста го унапредува развитокот на човештвото или пак го спречува.

Жан-Жак Русо, голем филозоф и апостол на враќањето кон природата, изјави во средината на осумнаесеттиот век во својата позната расправа за Академијата во Дижон дека уметноста е луксуз и дека води кон морално пропаѓање на човештвото. Во седумдесеттите години на минатиот век филозофскиот нихилизам во Русија ја создаде изреката дека чевларот е од поголема вредност за општеството од Рафаело, зашто чевларот врши општествено потребна и неопходна работа, додека Рафаело сликал портрети на мадони без кои човекот може да живее. Слични, но социјално продлабочени мисли како што се оние на Русо го наведоа на границата на деветнаесеттиот и дваесеттиот век еден од најголемите уметници, Лав Толстој, да ја даде својата оцена на уметноста. Толстој ја осудува со нему својствената неумолива логика не само модерната уметност, туку секоја уметност воопшто, доколку таа се јавува како привилегија и уживање на сопствениците и доколку е таа самата на себе цел. Како што младиот Шилер тргнал од сфаќањето дека сцената, драмата е „морална установа“, така стариот Толстој заврши со убедувањето дека оправдание има само онаа уметност која свесно оди кон целта да го издигне целиот народ до една повисока моралност. И доследно на самиот себеси Толстој на својата сопствена бесмртна уметност ѝ придава предност само како средство кон целта, да ги носи неговите идеи во најшироките кругови на народот и со тоа да го воспита во својата смисла.

Привидените погрешни, парадоксални гледишта во едно се сродни. Тие потекнуваат од преодни времиња во кои стариот општествен поредок е на умор а почнуваат со борба да се издигаат нови облици на социјалниот живот. Во такви времиња уметноста има упадливо обележје на слугинка, па дури и печат на проститутка на малцинството што ги држи поседите и власта, уметноста тука често се јавува само како луксуз, како играрија на тоа малцинство, и затоа е со својата содржина, со својата суштина во остра спротивност спрема потребите и гледиштата на напредните класи. Тоа важи за времето во кое Русо ја пишувал евојата расправа, како и за времето кога филозофскиот нихилизам цутеше во Русија, тоа важи и за овој наш ден кога Толстој со талент на голем уметник и фанатизам на силен моралист, кој би сакал да го обнови светот, остро се нафрли на уметноста. Поради истакнатите обележја на пропаѓање на едната страна, во такви времења лесно се испуштаат од предвид знаците на новиот, напреден живот на другата страна. На животот кој и уметноста ја спасува од пропаст и ѝ создава нови можности за развиток и нова здрава, повисока смисла. Зашто во животот на народот, за човештвото напоредно тече одумирањето и цутењето. Кога смртта ќе ги зафати старите облици на стопанството и политичките, правните и уметничките прилики кои се во врска со нив, тогаш почнува раѓањето на нови облици. Кога Жан-Жак Русо ѝ изрече осуда на уметноста, зашто таа го расипува моралот, француската филозофија беше се залетала – како отсјај на изменетите стопански, социјални услови – на смели летови на мислата, кои додуша не го најдоа својот врв во периодот на класичната уметност, но го најдоа во класичното дело на политиката: во големата Француска револуција. Но социјалните борби од тоа време влијаеја на решителен начин врз натамошниот развиток на уметноста. Во самата Франција и во значителна мера во Германија. Истиот стопански развиток – напредувањето на капиталистичкото производство – не доведе овде до политичка власт на буржоазијата, но затоа таа ја извојува битката за еманципација во областа на филозофијата и уметноста, кои прекрасно се расцветаа.

Но гледиштето на Русо и Толстој мора да се отфрли не само заради истакнатата историска врска. Факт е дека уметноста е стара, првобитна духовна животна манифестација на човештвото. Како мислењето, па дури можеби и уште порано од апстрактното мислење, се развил нагонот за уметничко создавање во активноста, заради примитивниот човек, и тоа на општествената работа. Штом човекот почнува да се ослободува од животинското, кога духовниот живот во него почнува да ги отвори очите, во него се јавува нагонот за уметничко создавање и тој раѓа сосема едноставна, сурова уметност. За тоа зборуваат предисториските откритија коишто нѐ запознаа со пештерските цртежи на ловците на слонови и ирваси од камената доба. Тоа ни го потврдува етнографијата којашто ни ги покажува играта, музиката, поезијата како фигуративни и пластични прикази, како израз на првобитната смисла за уметност. Пред да се развие нивната способност во апстрактно мислење, тие нашле изразни средства за сетилно прикажување и на она што го виделе и почувствувале.

Затоа не е никакво чудо што во сите времиња постоел жив копнеж за уметничко уживање и создавање во експлоатираните и подвластените општествени слоеви. И во тоа блескал огнот на оној прометејски пркос којшто им довикнува на сите поробувачки сили: „Вие сепак не можете да ме убиете!“ Така од најшироките народни маси за уметноста постојано се раѓале проникливи приврзаници и зголемувачи на нејзините богатства. Но притоа мораме едно да утврдиме. Сѐ додека подвластените класи не се наполно свесни за својата спротивност спрема властодршците и сѐ додека тие не се трудат таа спротивност да ја премавнат, не можат тие ни за уметноста да создадат никакви нови општествени можности за развиток, никаква нова далекусежна содржина. Нивните уметнички копнежи се хранат од уметноста на нивните господари, а уметноста на нивните господари е таа што го обогатува нивниот страстен, уметнички нагон за создавање. Дури кога подвластените како напредна, бунтовна класа ќе добијат сопствена духовна животна содржина, дури кога тие ќе земат да се борат за да би ги раскинале тешките социјални, политички, духовни окови: дури тогаш нивното влијание врз уметничкото културно наследство на човештвото ќе се осамостон и со тоа ќе стане навистина плодно, решително влијание. Нивното учество во тоа не оди само во широчина, туку и во длабочина, тоа се движи спрема нови, широки хоризонти. Тоа се маси што неодоливо надираат од ропство кон слобода, што го издигаат и го унапредуваат развитокот на уметноста, од кои се развива сила за да се совладаат периодите на застој, па дури и пропаѓањето на уметноста.

Овие општи односи важат и за односот на пролетаријатот спрема уметноста. Се лажат оние што во пролетерската класна борба гледаат само желба да се наполни стомакот. Во оваа светскоисториска борба станува збор за сето културно наследетво на човештвото, за развивањето и активирањето на полна човечност за сите. Пролетаријатот не може како класа да ги тресе портите на капиталистичката тврдина, тој не може да се искубне од ноќта и бедата на фабриките, а да не ги доведе во согласност своите уметнички стремежи со уметноста на нашето време.

Како пролетаријатот ја наоѓа својата уметност? Има ли уметноста слобода којашто е предуслов за нејзиното цутење и созревање? Ние ова го слушаме одвреме навреме, но работата не стои така. Кога во пазувите на феудалниот поредок се разви граѓанското општество, почна и борбата на уметникот за својата слобода, за слобода на уметноста. Историјата ни покажува колку тешка и жилава борба издржале уметниците за да би се ослободиле од оковите на еснафскиот занает, но и за да би ги скинале ропските синџири што ги врзувале за племството и за световните и духовните господари и го унижувале нивното создавање до дворска лакејска служба. Уметниците победиле, нивниот успех бил дел од триумфот на граѓанското општество кое се беше навестило и во нивните стремежи. Уметноста станала таканаречен „либерален позив“.

Но што значи тоа во поредекот на капиталистичкото стоковно производство коешто е стопанска плодна почва на граѓанското општество? Ништо друго освен дека уметноста е зависна од цврстите закони токму на тоа стоковно производство. Темелот на капиталистичкото стоковно производство е ропството на човечкиот труд. Сѐ додека е човечкиот труд воопшто неслободен, интелектуалниот труд како и мануелниот труд останува потиснат, науката и уметноста мораат да бидат неслободни. Покрај пролетерот со тврда плускава тупаница, јаремот на капиталистичкиот поредок го носи и научникот-истражувач, и уметникот-творец. Уметноста оди по лебот, мора да оди по лебот, зашто уметникот сака да живее. За да може да живее принуден е да го продава она што му наредил неговиот гениј да го создаде. Капиталистичкиот поредок знае само за стока што може да се купи и што може да се продаде. Стока станува и она што го создава уметноста. Уметничката стока мора да го освои пазарот како и штофовите за облека и кафето. А кој е тој што владее над тоа? Не малиот круг луѓе што се разбираат во уметноста, не, туку некултурата и полукултурата, луксузот, потребата за разонода и омамување на „џганта што може да плаќа“, да употребиме груб израз.

Таа тешка состојба на работите ја крши високиот идеализам на по некој уметник кој во својот фаустовски нагон сакал да ги сврзе во своите дела небото и земјата, кој со копање страсно го барал златното богатство на уметноста и најпосле се задоволил со тоа да ги собере отпадоците на угледна и доходна положба во општеството. Животот гази бескрајно многу од оние за кои уметноста останува „висока, небеска богиња“ и не се нижува до „крава молзница“ којашто снабдува со путер. Само миогу силните што можат да чекаат ја чуваат слободата за уметнички да го изразат она што им дал господ да го кажат. А каква е судбината на оние што се наведнале пред барањата на пазарот и го обрале плодот на дневниот успех? Тие подлегнуваат на занаетскиот шаблон или на ропството на дневната сензација. Неспокојството на капиталистичкиот уметнички пазар, осилото на конкуренцијата тера напред, ги уништува надворешните и внатрешните предуслови за созревање на големи дела. Ликовните уметници произведуваат во морничава забрзаност за големите базари на својата уметност, наречени изложби; композиторот создава исто така „клу“ [прекрасна точка] на новата сезона, писателот се сотира за божикниот пазар. Уметникот пропаѓа во работлив индустријалец и трговец со уметничка стока, неговиот уметнички капитал набрзо е проплескан, од зголемувач станува фалсификатор на културните вредности. Во изнесените односи треба да се бара и причината зашто во нашево време толку брзо се сменуваат уметничките правци, зошто „прочуените“ уметнички величини на денот толку извонредно брзо се трошат. Она што денеска се издигало до звездите како најголемо откритие на уметничкиот гениј ќе се заборави најмногу по десет години и ќе има уште само историска вредност. Се шири и една друга карактеристична појава. Спомнатите околности родија кутра уметност. Капитализмот создава претприемачи што ја експлоатираат таа уметност и експлоатирани сили, кои делум ги дава уметнички бедниот пролетаријат; тој е вистинско дете на денешниот поредок и тој создава најпосле публика, купувачи и богати и сиромашни. Во појавите на оваа кутра уметност спаѓаат тинглтангл, премногуте вариетеи, порнографските производи на литературата и графиката, но и династиските и патриотските споменици на отплата.

Се наметнува прашањето: зар не би можела денешната држава, како најголем налогодател, да ја подигне уметноста од нејзината беда? Таа тоа не го може, зашто тоа е држава на малцинството поседници и сопственици, и не е израз на единствената целина на народот и на волјата на народот. И таа подлегнува на законите на капиталистичкиот поредок зашто е негово создание. Таа околност е порешавачка за нејзиниот однос спрема уметноста, отколку што можат да бидат тоа желбите и специјалните наклоности на еден монарх. Кај нас во Германија состојбата на работите се влошува со тиранството на Вилјем II, на кого треба да му заблагодариме за Лауфовите драми, за спомениците на Хоенцолерните во каменитиот Дрворед на тополите и за другите уметнички грозотии и накази... Но она што се открива во нив не е на крај краишта огромното и присилно влијание на монархот, туку капитулацијата на германската буржоазија пред личниот режим и во областа на уметноста.

Само кога ќе се ослободи трудот од јаремот на капитализмот, само кога со самото тоа ќе се премавнат класните спротивности во општеството, слободата на уметноста прима живот и облик, уметничкиот гениј може слободно да се пушти во највисоки летови. Пред социјалдемократијата тоа го виде и го објави еден повикан во царството на уметноста: Рихард Вагнер. Неговата расправа „Уметноста и револуцијата“ останува класично сведоштво на тоа сфаќање. Таму се вели: „Да се издигнеме од бедата на занаетството со неговата бледа еснафска душа до слободно уметничко човештво со озарувачка хумана душа; од мачно оптоварени надничари на индустријата сите ние сакаме да станеме убави, силни луѓе, на кои им припаѓа светот, како непресушен извор на најголемото уживање“. Вагнер јасно укажа на коренот од кој расте „бедата на занаетството“, „надничарството на индустријата“. Да го чуеме него: „Сѐ додека во некој народ сите луѓе не можат да бидат еднакво слободни и среќни, сите луѓе мораат да бидат еднакво робови и еднакво бедни“. Вагнер одговори недвосмислено и на прашањето како може да се совлада истото ропство за сите и како може да процвета слободната човечност за сите. Тој вели: „Целта на историскиот развиток е силен човек, убав човек: револуцијата му дава сила, уметноста убавина“. Од оваа изјава произлегува – патем речено – дека убавиот и силен човек, за кој Вагнер копнееше, не е русата бестија на надчовекот, туку хармонично развиената личност којашто чувствува дека е неразделно сврзана со целината, којашто чувствува дека е нејзин составен дел. Револуцијата е дело на масите, а највисоката уметност секогаш ќе остане израз на духовниот масовен живот.

Знаеме дека социјалната револуција, која освен трудот ја ослободува и уметноста, мора да биде дело на пролетаријатот што се бори. Но пролетаријатот што се бори ѝ дава на уметноста повеќе од тоа ветување на иднината. Неговата борба, којашто постојано создава пукнатини во граѓанскиот поредок, пробива патишта кон нови уметнички развојни можности и ја подмладува уметноста со нова содржина на мислата, содржина што го надминува духовниот живот на граѓанскиот поредок и го сочинува живото на идното човештво. Содржината на пролетерската класна борба никако не се исцрпува во економските и политичките барања. Таа е носител и на нов поглед на светот којшто сочинува единствена, во себе затворена целина. Тоа е социјалистичкиот поглед на светот, поглед што се изградува врз резултатите на природните и општествените науки коишто – врзувајќи се за имињата на Дарвин и Маркс – ги резимира филозофијата. Тој поглед на светот се развива и созрева во пламенот и бурите на класните борби во нашите дни. Тој се развива дотолку повеќе, доколку капитализмот го пресвртува општественото стопанство и го тера во пресрет на комунистичкиот поредок на слободни работници; доколку со тоа се менуваат социјалните институции и се револуционизира чувството, мислењето, сакањето на луѓето. Најдлабоко мора да се преора психата и светот на мислите на онаа класа којашто поради своите животни услови доаѓа во непомирлива, трајна спротивност спрема постојниот стопански поредок и неговата идеолошка надградба: таа класа е пролетаријатот. Неговото мислење и стремежите не отстапуваат пред мислењето и стремежите на буржоазијата веднаш пред границите на граѓанското општество, туку напротив, тоа се стреми: да излезе преку тие граници, зашто знае дека мора да ги разурне. Затоа работничката класа што се бори ги прима без предрасуди и смелите заклучоци на сите резултати од истражувањата. Доколку нејзината борба против капиталистичкиот поредок е посвесна и посилна, дотолку посилно доаѓа нејзината духовна содржина на животот во спротивност спрема духовниот живот на граѓанскиот свет. Пролетерската класна борба станува носител на нови духовни и морални идеали, нов сопствен културен живот почнува да цути меѓу исклучените од наследството. Силното пулсирање на тој живот ги шири крилата на копнежот за уметничко уживање и создавање. Ако стане тоа стварност, тогаш е тоа највисоката историска битна содржина на неговата класа, содржина во која пролетерот сака, по уметничката преработка, да се вживее, уметнички сам да ја создаде.

Пролетаријатот копнее за уметнички дела на кои социјалистичкото гледање на светот им дава душа и јазик. Со тоа тој доаѓа во спротивност спрема граѓанската уметност од нашиве дни. Тоа не е здрава, ведра, напредна уметност на младешки свежа класа што се бори за својата полна слобода и затоа се чувствува како носител на највисоките идеали на човештвото. Тоа е уметност на класа што владее, што се движи по надолната врвица на својот историски развиток, на класа што чувствува дека почвата на нејзината моќ потреперува под вулкански сили. Така нашата современа граѓанска уметност се раѓа од штимунгот на самракот на боговите. Натурализмот кој сакаше да ја врати уметност кон нејзиниот вечен праизвор, природата, кој во врска со тоа и мисловно, како општествена критика, создаде значителни вредности, се урна до плитка, празна копија на стварноста. Тој ја дава само стварноста без големи созависни идеи. Идеализмот на нашето време, напротив, ја бара својата духовна содржина во малограѓанските идеи на „уметноста за родниот крај“ и, таму каде што поставува пошироки хоризонти, во одвратувањето од општеството и сегашноста. Тој бега во минатото или над облаците и се изопачува како религиозен, па дури и богомолечки нов мистицизам, како неоромантизам итн. Накратко, тој дава идеи без стварност. А и од каде би можела граѓанската уметност да земе спој на идејата и стварноста? Во светот на историското збивање на граѓанските класи денеска постои голем јаз меѓу идејата и стварноста. Затоа погледот на светот и расположението на овие класи се песимистички. Грубиот, ситничарски материјализам кај едната, мистичното бегање од светот кај другата стануваат белег на времето, а со тоа и на уметноста. Како би можела ваквата содржина да го задоволи пролетаријатот. Тој мора спрема целото свое историско битие оптимистички да чувствува и да мисли. Со радосна надеж кликтаат активните сили во ексномскиот живот за приближувањето на новото време, за часот на спасението, за тоа силно говори и неговиот сопствен духевен живот. Тука се обединети идејата и стварноста како што тоа може да се оствари денеска само со помошта на идеологијата на масите што си поставуваат највисоки цели. Идејата: социјализмот, највозвишената мисла за слобода за која некогаш сонувало човештвото. Стварноста: класата која со зрело сознание и челична волја се подготвува за најсилното дело што го познава историјата: „да се измени светот, наместо поинаку да се објаснува“, да се изразиме со Марксовите зборови.

Од таа врска на работите се раѓа кај пролетаријатот страсна потреба за уметност чија содржина е духот на социјализмот. Значи, тенденциозна уметност – ни велат противниците. Да, дури и „политичка“ уметност. „Политичката песна е гадна песна“. Пролетаријатот не треба да се плаши од ова дрдорење. Татко на тоа дрдорење е, на крај краишта, помалку желбата експлоатираните маси да се воспитаат за уживање на уметноста, ами многу повеќе нешто друго: тие, онака во духовно туторство, да се држат под влијанието на граѓанскиот свет на идеи. Каде што не ќе успее религијата треба да помогне уметноста. Во името на уметноста се прогонува не „тенденцијата“ воопшто, туку само онаа „тенденција“ што се бори против „тенденцијата“ на владеачките класи. Меѓу другото, тука е историјата за да ја покаже неодржливоста на осудата на „тенденцијата“ во уметноста. Силните, величествени уметнички дела од сите времиња исполнети се со врел дах на тенденција. А што е друго тенденцијата ако не идеја? Уметноста без идеја станува извештаченост, уметнички формализам. Уметничкото дело не го обесчестува и не го валка идејата, ниту пак тенденцијата. Напротив, таа треба и може да создава уметнички дела и да им ја зголемува вредноста. Тенденцијата во уметноста станува штетна само тогаш кога необработено ќе се накалеми однадвор, кога говори со уметнички недоволни средства. Напротив, таму каде што идејата станува творечка, со уметнички зрели внатрешни средства на прикажување, таа создава бесмртни дела. Пролетаријатот не само што може туку и мора, наместо да се поведува по секоја уметничка модна лудост на граѓанскиот свет, да оди и по свои сопствени патишта за да би можела уметноста од бедата на овие времиња да добие повисока содржина.

Во самиот пролетаријат се забележуваат сѐ повеќе знаци дека тој како напредна класа не само што сака да ужива во уметноста, туку и уметнички да создава. Тоа го докажуваат пред сѐ работничките пеачи и работничките поети. Светот на граѓанските пријатели на уметноста и познавачи на уметноста, кој паѓа во екстаза при читањето на примитивните уметнички творби од прастарите времиња и дивите народи како откривања на генијот на човештвото, само се подбива и го сожалува она што се обидуваат да го создадат пролетерите често уште со невешта рака, но со врела, растреперена душа. Тој свет нема органи за вистинско сфаќање и оценување на оваа уметност на „примитивните“, чии дела се симптоми со кои се навестува една пресвртница на светот, пресвртница која во своите пазуви носи ренесанса на уметноста. Таквата ренесанса произлегува исто така малку уметнички како и социјално од ништо. Таа се надоврзува на претходното, на она што е дотогаш создадено. Но на таа уметност на класата што се искачува кон светлоста на културата не можат да ѝ бидат излезните точки и обрасците во уметноста на класата којашто историски пропаѓа. Тоа го потврдува историјата на уметноста. Секоја напредна класа бара свои уметнички обрасци во врвните достигања на поранешниот развиток. Ренесансата се надоврзува на уметноста на Грција и Рим, германската класична уметност на антиката и ренесансата. При сето ценење на уметничките побуди и изразните средства со кои современите уметнички струења го богатат уметничкото наследство, уметноста на иднината во барањето на свои патокази, и покрај нив, ќе се врати кон класичната уметност на граѓанството. Социјализмот е консеквентно натамошно развивање и преобразување на светскиот граѓански либерализам, којшто беше негова духовна содржина. Неговата уметност – така да речеме – ќе биде и продолжување на големата класична граѓанска уметност којашто беше производ на оваа либерална мисла. Зар не е тоа најбогатото, најживото уметничко битие, коешто нѐ поздравува од Гетеовата „Велигденска прошетка“, во која копнежот за излегување од мачните граници на феудалното општество најде една совршена уметничка преобразба? Од Шилеровиот восхитен поклик за збратимување на светот: „Прегрнете се, милиони, со бакнеж кон целиот свет!“ Од огромната восторжена веселба на ослободеното човештво во Бетовеновата Деветта симфонија што џиновски пробива во хорот: „Ти радост, убава искро на боговите!“

Фридрих Енгелс искажа горд збор кога рече дека германската работничка класа е наследница на класичната филозофија. Таа во истата смисла ќе биде и наследница на класичната уметност на својата земја. Далечен е патот што таа уште треба да го помине пред да одговори потполно на својата историска задача. На тоа укажува еден од многуте факти. Просториите кои треба да бидат дом на пролетаријатот што се бори, во кои се одвива важен дел од неговиот историски живот, кои служат за целите на неговата организација и ги примаат неговите собири, тие куќи не се уметнички создадени од неговиот социјалистички поглед на светот. Нашите синдикални, народни и деловни куќи не се разликуват по својот стил – стил во смисла на надворешен облик за внатрешен живот – во ништо од кои било граѓански деловни и општествени куќи. Внатрешниот уметнички однос спрема содржината на животот што пулсира во нив навистина не се создава со тоа што една или друга просторија ќе се украси со ледена алегорија на слободата итн. Накратко, духовниот живот на работничката класа досега уште нема најдено ни најмал израз во архитектонскиот јазик на облиците. Но самиот пролетаријат уште и не ја почувствувал толку силно и свесно спротивноста, лошиот однос помеѓу облиците и своето сопствено внатрешно битие за да би почнала неговата уметничка потреба да врши решително влијание. Несомнено: архитектурата е највисока и најтешка од сите уметности, но таа е и најсоцијална од сите, најсилен израз на животот на заедницата. Да се присетиме на готските цркви, во кои највисокото духовно битие на еснафското градско население на феудалното општество нашло свој уметнички израз.

Но да се вратиме кон исходната точка! Ако е патот далечен и особено тежок поради неблагонаклоноста на граѓанското општество во управувањето – патот по кој пролетаријатот мора да оди за да стане во вистинската смисла наследник на класичната уметност – тогаш е дотолку попотребно да го приготвуваме за таа негова мисија. Во таа смисла и „Просветниот одбор“ се труди да дејствува со своите скромни средетва. Притоа не може да станува збор за слепо, некритично чувствено примање и обожавање на граѓанската уметност. Станува збор за тоа да се разбуди и да се одгледува чувството за уметност и разбирањето на уметност чија цврста основа е социјализмот како поглед на светот, силната идеологија на пролетаријатот што се бори, а еден ден и идеологија на сето ослободено човештво. Се разбира дека таквото чувство и разбирање на уметноста нема да најде свој богат творечки израз во ѕидовите на занданата на овој капиталистички поредок. Пламено желаната ренесанса на уметноста – тоа е мое лично мислење – возможна е дури надвор од тие ѕидови, на оној остров на блажените, во социјалистичкото општество. Историскиот удар на чеканот на социјалистичката револуција ќе стане и во тој поглед спасоносно дело.

Позната е Аристотеловата изрека дека ропството како темел за повисок живот на слободните луѓе е излишно ако ткаечките совалки и млинските камења сами се вртат. Тој предуслов денеска е исполнет. Времето на машините создаде робови од железо и челик, коишто се покоруваат на намигнувањата од луѓето. Да ги поведеме овие робови, коишто денеска му служат на богатството и културата на малцинството, од приватната сопственост во општествена сопственост. Тогаш, со безбедноста на материјалниот живот и можноста за културен развиток за сите, и уметноста од привилегија на релативно мал број ќе стане општо богатство за сите луѓе. Тогаш таа не ќе може да се понижи до празна пијаност на сетилата за грубите уживачи, до играрија за безделници што се здодеваат, до наркотик за слабите што бегаат од животот. Тогаш таа ќе стане највисок израз на творечката сила на народот, бистар и силен извор на најчиста радост и издигање, силна воспитна моќ, за поединецот и за целината. Не во смисла дека секој поединец ќе стане уметнички творец, туку дотолку што масите ќе можат да ја разбираат уметноста и да уживаат во неа. Така уметноста ќе помогне да се исполни зборот на естетичарот Фишер кој над сите уметности ја става убавата уметност на живеењето. Поединецот во својата личност, во својата животна работа ќе биде тогаш уметничко дело, една хармонична целина за себе којашто се создава од најдлабока нужност. Народот на иднината на слободниот труд ќе биде народ на слободна уметност. Тој ќе има големи творци кои индивидуално уметнички го сфаќаат и го обликуваат она што е чувство на заедницата, мислење на заедницата, волја на заедницата. Зашто секоја голема уметност живее од духовната крв на срцето на голема заедница.