Милован Ѓилас

Колумни во „Борба“ (1953 - 1954 година)


Револуцијата

Смрт или живот, да се биде или не - така се раздвижуваат џиновските незаспиени и неуморени сили на Револуцијата при првата сенка на старите класи. Револуцијата веќе стана стварност - преку единството на Југословените, општествената сопственост, независноста - и движењето против сеништата на минатото е полетот на животот кој живее против нешто што било, иако сè уште сосема не умрело.

Всушност, проблемот повеќе не е толку во тоа како Револуцијата да се одбрани или објасни, зашто таа веќе е во крвта, во ткивото на општеството, туку - како таа понатаму да се развие, како да не биде измамена, во стварноста која настанува, во животот кој пробива.

Зошто и нашата Револуција „сакаше“, како и секоја друга стварност, да се прикрива? Без врева околу „крајната цел“, околу социјализмот, таа победи и сè до судирот со Москва, ниту се нарекуваше со вистинското име, туку се криеше зад невините имиња Народноослободителна борба, Народноослободителна војна и слично. Навистина, тоа не беше некорисно. Напротив. Така полесно се движеше. Како и секоја друга стварност - си најде најубав и најсоодветен плашт. А во 1948 година, во борбата против „социјалистичката“ хегемонија, го отфрли и тој нереален плашт. Но зошто денес толку многу зборуваат за неа и во нејзино име, па дури и оние кои не ги опиваше нејзиниот ентузијазам? Дали таа и сега е стварност, или во неа и зад неа се раѓа некоја друга стварност која би сакала да се скрие зад нејзиниот огнен плашт?

Се разбира, Револуцијата - во смисла на насилна борба за власт - веќе одамна заврши. Она што денес се случува всушност е револуција во општествените односи. Општеството не можеше да се движи во односите и облиците во кои излезе од Револуцијата. Тоа имаше два патишта - или претворање на револуционерните, а со тоа и демократски, демократски како револуционерни, облици во бирократски, или претворање на истите тие облици во демократски. Се случува и едното и другото. Зашто ниеден облик не преминува лесно и „чисто“ во друг, дури ниту во подолгите периоди на мирен развој, туку неизбежно настануваат идејни, политички, организациски и други спротивности, збрки и потешкотии. И така денес, кога-тогаш, бирократизмот се маскира со револуционерност, а демократизмот се смета за нејзин наследник. Првиот е донекаде во право во формален поглед, зашто инсистира на формите од Револуцијата (концентрација на сè во рацете на Партијата, отсуство на пишани закони), а вториот сепак е во право содржински, зашто ја смета самата Револуција за највисок облик на демократијата во класното општество, па оттаму и себеси за нејзин наследник.

Партијата во Револуцијата во себе ги обединуваше сите демократски сили и стремежи, а тоа го правеше и можеше да го прави зашто беше претставник на волјата и акцијата на масите, концентриран израз на таа волја и таа акција. Партијата, значи, беше облик на еден објективен процес, облик свесен и организиран, дури и пресуден преку својата свест и организација за понатамошниот развиток. Но, ако тоа и таква беше и мораше и требаше да биде тогаш, со тоа не доби пропусница за вечноста во истиот облик и само со него и преку него, онаков ист, и во понатамошниот развој да биде израз на волјата и акцијата на масите. Демократијата во Револуцијата се изразуваше преку акцијата на масите, но и преку своите најсвесни јадра, преку револуционерните штабови, а Партијата беше токму тоа, пред и над сè. Не е случајно што тогаш партиските форуми и комунистите беа не само жаришта на востанието, туку и извор на правдата, праведноста, несебичноста и човечноста.[1]

Но денес односите значително се променети. Денес тоа не е истата партија како во Револуцијата, барем не сосема и во сè. Стариот револуционерен и демократски дух во неа сè уште e силен и преовладува во водечкиот кадар, но не е и единствен. А таков е, по својата прилика, и нејзиниот состав. Таа ниту може како таква сега да ја игра истата улога и во истиот облик како во Револуцијата, ниту тоа и’ го дозволуваат објективните услови. Сега таа улога во секој случај мора да биде поинаква и во поинаков облик.

Демократијата денес не се остварува преку вооружена борба и преку неа. Таа борба ја нема и не може да ја има. Демократијата денес се остварува по мирен пат, преку развивање на демократски општествени односи. Во Револуцијата законите беа израз на волјата и акцијата на масите или на субјективната волја на форумите и комунистите - што, и едното и другото, беше речиси едно исто. Но субјективната волја тогаш беше нешто друго од денес. Тогаш таа беше револуција и демократија и - волја на масите. Денес таквото субјективно одлучување, кога веќе имаме демократски закони и социјалистичко општество - слабо и неразвиено, но сепак социјалистичко во градот и индустријата - мора да се преврти во недемократизам, произволност и површност.

Да се продолжи денес револуцијата значи - да се отфрлат нејзините изживеани облици поради развивање на нејзината содржина - демократијата, преку нови облици, се разбира. Револуцијата денес - тоа всушност е реформата, мирното движење, но движењето напред. Движењето денес е можно единствено во демократски облици.

Поради променетата стварност и поради променетиот облик на движење, кај нас мора да дојде и веќе доаѓа до промена во сфаќањата - и во политичките и во културните и во сите други. А тие промени во сфаќањата потоа суштински ќе влијаат и веќе влијаат врз самата стварност, врз општествените облици и врз нивното движење.

Токму поради сите тие промени, токму поради мирниот, реформски карактер на сегашниот развој на нашата Револуција, неостварливи се сите настојувања Сојузот на комунисти да се „подигне“ на нивото на предвоената и воената Комунистичка партија и тоа не толку поради тоа што е невозможно стотините илјади да дојдат на нивото на десетиците илјади, туку поради тоа што е невозможно да се измислат оние - револуционерни - услови. Ако некој навистина сака денес да биде револуционер, да се одвои од минатото и конзервативното, тој тоа може да биде само ако се бори за демократија, за нови и конкретни демократски облици. Но денес да се бори „револуционерно“ за власт - тоа е бесмислено, не само поради тоа што е нереално, туку и поради тоа што е контрареволуционерно. И кога денес се поставуваат револуционерни, всушност, „револуционерни“ задачи,[2] тогаш тоа не е само отсуство на реалност, што не би имало посебна важност, туку и враќање на преживеаните облици, кои во дадените околности мора да го задржуваат развојот и да им користат на недемократските стремежи.

Би било многу покорисно да се мисли на тоа што може да се направи со овој Сојуз на комунисти каков што е и со развојот на оние, макар и сиромашни, но вистински демократски форми, отколку да се живурка во старите облици и да се сонува по нешто што било, макар и било големо, но - било, и не може да се повтори, како ништо друго што било.

Демократската практика, тоа денес е револуцијата, тоа е револуционерното звање и жар.

Ништо не може да го намали значењето на една Револуција, ниту пак нешто може, досега, да се спореди со неа. Но нејзината душа е можно да се сочува само во вистинската слобода, зашто неа и ја изврши слободниот човек за слободата и во име на слободата.

7.1.1954


Фусноти

[1] А тоа и денес се, мнозинството, старите револуционери и вистинските комунистички и демократски кадри.

[2] На пример, во „Борба“ од 4 октомври 1952 година: „Ако се сфати основната мисла која ја кажа другарот Кардељ на Вториот пленум, дека основната и секојдневна работа на еден комунист е политичката работа - тогаш претстои една напорна работа од секој член на СКЈ да се изгради револуционер кој ќе биде свесен дека припаѓа на едно револуционерно движење и кој, како припадник на тоа движење, ќе сфати дека неговата основна задача е политичката активност.“

Меѓутоа, ова не е ниту основната ниту споредната мисла на другарот Кардељ, а уште помалку начинот да се „изгради еден револуционер“. А што се однесува до „напорната работа“, од тоа нема и не може да биде ништо друго освен најдосадно гњавење.


Содржина

Архива на Милован Ѓилас