Милован Ѓилас

Колумни во „Борба“ (1953 - 1954 година)


Важноста на облиците

Не постои ништо што би било ништо. Зашто со тоа ништото би било нешто, ништото би постоело. А ништото не постои. Постоењето и ништото се исклучуваат и во стварноста и како поими. Зашто нема простор во кого не би имало нешто. Единствено нештото трае. Зашто нема ниту траење без нешто. Единствено материјалниот свет постои во просторот и траењето. Нема простор и време без материја, ниту материја вон времето и просторот (зашто вон времето и просторот би можела да биде само ништо, а бидејќи тоа не постои, туку постои само нештото, тоа нешто е секогаш стварно, материјално).

Веќе античките мислители (Демокрит, Аристотел) сето тоа, помалку или помалку, го сфатија. Тие веќе знаеја и за движењето како за важна особина на материјата. Современата наука не само што го потврдува сето тоа, туку и докажува дека светот, кому му е својтвена материјалноста, просторот и времето, не постои без какво било движење, какво било менување, а ниту пак лишен од некој - поточно: од некои, многу, а можеби и неброени - облици на енергија. Движењето, енергијата итн., тоа се облици на постоење на материјата. Материја без облик нема, како и без простор, време, движење и слично. Ништо не постои, ништо не се движи, освен во некој облик. Облиците - или како што тоа често се кажува: формите - се начин на живот, начин на постоење на материјата. (А во материјалното, материјата, светот и слично - најшироко сфатени - спаѓа и човечкото општество, бидејќи го прават стварни луѓе, минати и сегашни, а и мислењето, мислата, чувствата, бидејќи и тие се „производ“ на материјата, бидејќи не постојат без неа). Цвеќето не постои без одредена боја и мирис. Ниту песна без облик. Сè она што е големо е создадено во совршена - и секогаш поинаква - форма. Нема содржина без форма и да се претпоставува едното на другото е бесмислено, зашто тие во стварноста не се претпоставуваат, туку одат заедно, нераздвојно, дури и спротивни, и токму бидејќи се спротивни, еден на друг. Нештото - па и животот - е убаво кога формите и содржината се во најголем судир, кога едното во другото се изразуваат најцелосно, односно - кога се во најголем склад.

Во човечката пракса секое запоставување не потекнува - како што би можело да изгледа - од некоја претерана ревност и љубов кон содржината, туку - по правило - од потајната, можеби и невидлива и несвесна, но реална намера да се изигра, измами, потчини и силува самата содржина. Всушност, потценувањето било на формата било на содржината погубно се одразува не само на едното. Не може ниту да се потценува ниту да се преценува само едното или другото, зашто во стварноста тие се нераздвојни, живеат едно од другото и едното во другото.

Луѓето отсекогаш - откако се во општество - живеат и мораат да живеат. Но луѓето живеат само на одреден начин, во одредени - општествени - облици (форми). Надвор од општеството, без општествените начини, облици, тие не би ни биле луѓе (општествени животни). Тие облици на живот постојано се менуваат, менувајќи го со тоа и начинот на живот на луѓето. Она што не се менува - односно, се менува и тоа, но бавно и независно од свеста на лужето - се биолошките закони на животот (како одредени живи суштества). Својот живот во општеството, како и животот на општеството, луѓето го градат самите, се разбира, во зависност од материјалните и духовните можности на својата епоха.

Животот на општеството секогаш има - како и сè - и содржина и форма и тоа нераздвојни една од друга.

Југословенските комунисти долго, многу долго мораа да се борат, во различни и постојано нови облици, за нова содржина (нова сопственост, нова власт, нова идеологија). Тие долго се држеа до сфаќањето дека содржината е главното, а формата споредното. Иако таа поставка е еднострана и, поради тоа, во голема мера и неточна, можеби токму цврстото држење за неа беше не само неизбежно, туку дури и корисно за да можеа да се уништат старите содржини и старите облици.

Но денес повеќе не е така.[1]

Сега, кога новата - социјалистичка - содржина, освен на село, главно веќе е тука, изгледа дека нема друг начин таа да се зачува освен ако барем подеднакво, ако не и повеќе, и' се укажува внамание и љубов и на презрената и запоставена форма.

Зашто што е формата (обликот)? Тоа, пред сè, се законите, бидејќи тие во голема мера го регулираат начинот на живот на луѓето. Понатаму, тоа се моралните општествени норми, утврдените навики во односите помеѓу луѓето, начинот на дискутирање, донесување одлуки и сл. Накратко, се работи за тоа како ќе живееме, како ќе ги решаваме споровите и несогласувањата помеѓу себе. Негувањето и развивањето на формата, бидејќи веќе имаме социјалистичка содржина, значи: доведување во склад на начинот на живот (всушност - општествените односи) со општествената основа (со сопственоста). Доведувањето во склад на формата и содржината е постојан процес, зашто и рушењето на тој склад е постојан процес. А да се доведуваат тие во склад денес значи - да се негува и развива демократијата. А и нешто повисоко и потрајно од демократијата - да се негуваат и развиваат очовечени, природни односи помеѓу нормалните, обични природни луѓе. Тоа значи - да се зачекори во нова, социјалистичка култура, во култура на нови односи помеѓу луѓето. Тоа значи - да се овозможи дискусија и критика и тоа на денес единствено можниот - демократски, цивилизиран - начин. Тоа значи... значи сè - да се очовечува, постојано да се придвижува содржината на социјализмот и демократијата, онаа содржина што за обичните луѓе и за нивниот живот всушност и е единствено важна, право кон меѓусебните односи, општествените односи всушност да се уредуваат сè послободно и посамостојно.

Некогаш беше и важно и неизбежно со сите средства и облици да се бори - за содржина. И' се чинеше на свеста наша - да, и за форма - за нова форма на власта, за нова форма на сопственоста, за нови форми на сè. Сега... иако се знае дека формата не може да се одвои од содржината, дека тие се единство на спротивности, дека меѓусебно се борат, уништуваат и одново се создаваат, не можејќи една без друга... сега изгледа дека борбата за формата, за негувањето и развивањето на демократските облици на живот - или, уште подобро, на обичните, човечни облици на живот - моментално нешто најважно, најнужно и најпрогресивно. Тоа е борба за содржина, за демократски, социјалистички, човечни односи помеѓу луѓето. Бидејќи зошто е денес национализираната индустрија и трговија - тоа го има и СССР и останатите државни капитализми - ако и општествените односи не се „национализирани“, ако обичните луѓе не ги уредуваат меѓусебните односи и односите во власта и економијата на слободен начин, ако со сила и измама би им била наметната формата на општествени односи?

Така и мора да биде. Секое општество, штом влегуваше во своите нормални и стварни облици, облици за кои беше свесно, свесно се свртуваше кон формата. Зошто социјалистичкото општество да биде исклучок? Можеби само дотолку што во него формата уште посилно т.е. - послободно, треба да дојде до израз, зашто на тој начин единствено и можат да се движат основите на содржината на социјалистичкото општество.

8.11.1953

_______________________

Фусноти

 [1] На пример, јазикот и стилот кои израснаа од борбата на комунистите против буржоазијата и различните антисоцијалистички струи во самото работничко движење, денес не само што не се соодветни за расправата во рамките на социјалистичките сили, туку дури и против буржоазијата. Некогаш реален и природен во огнот на борбата на живот и смрт, денес и тој јазик и тој стил звучат како некултурна навреда, која ги поткопува дури и вистинските аргументи на оној што се служи со нив.


Содржина

Архива на Милован Ѓилас