Милован Ѓилас

Колумни во „Борба“ (1953 - 1954 година)


За сите?

Често се слуша: нашата демократија не е за сите, не е за нејзините непријатели, за нив нема демократија. Обично, под ова се сфаќа: непријателите на демократијата - буржоаските реакционери и информбировците - не можат непречено да роварат против постојниот поредок и врз нив мора да се спушти раката на законот. Таквото сфаќање на горните изрази го прифаќа и одобрува огромното мнозинство од нашите граѓани. Изгледа дека околу тоа нема ниту пак може да има забуна...

Но сепак, забуни има, и покрај јасните и зборови и сфаќања, а и самата практика, зашто и првото и второто и третото, како што обично бидува во класните општества, бидејќи се прифаќа од различни сили - и социјалистички, и бирократски и капиталистички - различно се третира.

Капиталистичките остатоци не признаваат никаква слобода која не е слобода за нив. Тие само таквата, само за нив, слобода и ја викаат слобода за сите. Секоја класа, поточно, политичко движење, дотолку е понекритичко доколку своите интереси, сфаќања, морал, идеали итн. ги прикажува како желби и интерес на целото општество (народ). А таквата некритичност настапува, како што се знае, штом класата, движењето, дојдат во судир со објективниот развој, односно - со желбите, свеста и животот на масите. Тоа веќе одамна се случи со нашата буржоазија и нејзините движења. Слично се случува и со бирократијата и бирократизмот, со таа разлика што тие сметаат дека слободата не е за сите, туку само за нив, бидејќи себеси се сметаат - а особено сакаат другите така да сметаат - за најнапредна, водечка и слично сила на општеството (народот). Свесните социјалистички сили само наизглед се согласуваат и со едните и со другите. Но, тоа согласување може да биде само привидно и многу, многу условно. Свесните социјалистички сили не би можеле да ја присвојуваат демократијата само за себе, зашто не е лесно јасно да се одреди што е социјалистички свесно, а што не е, а уште помалку каде тие свесни сили престануваат, а каде почнува буржоаско-бирократската реакција. Да се најде таквата граница е тешко и поради тоа што бирократските сили своето самоволие и господство над народот токму и го правдаат со опасноста од контрареволуцијата, макар што тие со притисокот и деспотизмот предизвикуваат отпор и негодување и на обичните работни луѓе (кој може точно да знае, на пример, при принудна колективизација, откуп и слично кога негодува кулак, а кога селанец?). Оттука изгледа дека за комунистот-демократ, за социјалистот, наједноставно и најприродно е да биде - за демократија за сите. Но, таквиот став во практиката - особено во земја во која работничката класа сè уште е малубројна - веднаш и лесно ќе го искористат реакционерните сили, особено на село, и - претворајќи ја демократијата за сите во демократија за нив - да ги изигруваат пукнатините во законот за да развијат назадна, а во наши услови неизбежно и предавничка акција. Да се биде за демократија за сите во наши услови е можно само под услов свесните социјалистички сили истовремено да водат и активна борба против реакцијата... Социјалистичкиот борец, вистинскиот комунист, денес всушност се разликува од бирократот или декласираниот малограѓанин токму по тоа што умее да се движи, да се бори во новите спротивности (буржоазија - бирократија - демократија), што настојува да ги совлада и потисне антисоцијалистичките сили развивајќи конкретни демократски облици и подигајќи ја свеста на масите за демократијата. Зошто свеста на масите и зошто конкретни облици? Ако демократските облици навистина постојат, ако навистина ги развиваме од стварноста, тогаш тие ќе навлезат во свеста, во навиките на масите и ќе бидат вистинска гаранција против капитализмот и бирократизмот. Кога некоја идеја ќе ги зафати масите, таа станува материјална сила способна да ја менува стварноста...

И тоа е јасно и едноставно.

Но сепак останува прашањето: зошто демократија и за буржоазијата? И во кој облик и за неа? Обликот кој важи и за буржујот е и единствено може да биде - законот да важи за него, и нему да не може да му се случи ништо настрана од законот. Значи: стварна еднаквост (формална постои во сите наши закони) пред законот, тоа е обликот кој единствено може да го спречи субјективното и самоволно одредување - а со тоа и разорување - на границата помеѓу социјалистичките и реакционерните сили.

Веќе капитализмот - таму каде што имаше политичка демократија - оствари еднаквост на граѓаните пред законот. Но, капиталистичката сопственост оневозможуваше ова право да стане и стварно (на пример, околу прашањето на печатот - сопственици буржуи; околу прашањето на слободата на организирањето - буржуите имаат пари за професионален политички апарат итн.). Социјалистичката сопственост - во веќе развиениот и зацврстен социјализам - би им давала предност на социјалистичките сили дотолку што би ја лишувала буржоазијата од материјалните средства на политичката борба. Законите исто така делуваат во тој правец. А останатото се - главно - агитациски, воспитни и слични средства.

Кај нас на буржоазијата и стварно и формално и’ е оспорена рамноправноста. Таа всушност е рамноправна само ако не делува како класа и преку своите класни организации, т.е. секој буржуј е рамноправен само како поединец, како граѓанин. Таа е стварната состојба. И не е идеална, од гледиште на апстрактната, неостварлива демократија. Противречно е: рамноправност на поединците пред законот, а стварно оспорување на тие поединци како припадници на класа да бидат рамноправни. Ликвидацијата на таа противречност всушност води кон укинување на самата демократија, како облик на класно насилство (на мнозинството над малцинството, во најидеален случај). И таа противречност раѓа секакви антидемократски испади, самоволија и незаконитости. Но ние мораме да живееме токму во него - поради социјализмот и демократијата, поради укинувањето на класичните класни облици и методи на политиката и политичката борба, а со тоа и на сите разлики помеѓу граѓаните. Вистинскиот комунист-демократ денес се разликува од бирократот и малограѓанинот залутан во комунизмот според тоа што не ја негира оваа противречност, туку се бори да ја укине во корист на социјализмот т.е. се бори за рамноправност на сите - и на буржуите - пред законите, а истовремено води идејна борба против буржоаските сфаќања и воскреснувањето на капитализмот.

Таа и таквата борба, во дадени околности, се еден од важните облици на социјалистичката демократија.

Самоволието, недемократизмот, произволното и лежерно и монополистичко толкување што е, а што не е буржоаско, разорувањето на сè уште неоднегуваните облици на демократија - сето тоа ги унакажува, изопачува социјалистичките сили и социјализмот, ги засекува, дури и ако ја слабее буржоазијата. А токму за тој демократски развој внатрешната чистота, културноста, вистинољубивоста, дискусијата и критиката, согласието помеѓу зборовите и делата (односно - почитувањето на сопствените закони) се поважни од сè останато кога власта и индустријата во рацете на буржоазијата мораа да траат и подолго. Зашто тоа се облици кои водат кон исчезнување на капитализмот, и на оној државниот, а не само исчезнувањето на една класа која, на крајот, беше единствено способна да биде слуга и предавник.

22.11.1953



Содржина

Архива на Милован Ѓилас