VIII

Малата куќа на крајот од предградието го привлекуваше вниманието на луѓето, а нејзините ѕидови веќе почнаа да ги испитуваат десетини недоверливи очи. Над неа вознемирено трепереа шарените крила на шепотењето — луѓето се трудеа да го потплашат и да го откријат она што се крие зад ѕидовите на оваа куќа над долот. Ноќе се загледуваа во прозорците, понекогаш ќе тропнеа на окното и брзо, плашливо бегаа во темницата.

Еднаш Власова ја запре на улица крчмарот Бјегунцов, пристојно старче кое секогаш носеше црна свилена шамија околу црвениот, слаб врат, а на градите дебела кадифена жилетка во лилава боја. На неговиот нос, остар и блескав, стоеја очила опточени со коска од желка, и затоа го викаа — „Коскени очи“.

Кога ја застана Власова, без прекинувања и не чекајќи одговори, со избувливи и суви зборови почна:

—  Пелагија Ниловна, како живеете! Како синчето? Не мислите ли да го жените, а? Момче е во полна сила за женење. Ако го оженат синот порано — родителите се поспокојни. Во фамилијата човек подобро ќе се сочува и душевно и телесно, во фамилијата тој е како печурка во киселина! Јас, да сум на ваше место, ќе го женам. Нашето време бара да се води строг надзор над сиот човеков живот, луѓето почнуваат да живеат по свој ум. Во мислите се појавува разногласие, постапките се достојни за осуда. Црквата господова младината ја одминува, од јавните места се држи настрана и собирајќи се тајно по аглите — шепоти. Зошто шепотат, би сакал да знам? Зошто ги избегнуваат луѓето? Сето она што човек не смее да го каже пред луѓето — в кафеана на пример — што е тоа? Тајна? Тајно место е — нашата света апостолска црква. Сите други тајни што се прават по аглите доаѓаат од заблуда на умот! Ви пожелувам добро здравје!

Со претерано учтиво движење на раката тој ја симна капата, одмавна со неа низ воздухот и си отиде, оставајќи ја мајката во недоумица.

Сосетката на Власови, Марија Корсунова, вдовицата на ковачот, која пред фабричката врата продаваше јадење, исто така и’ рече на мајката кога се сретна со неа на пазарот:

—  Внимавај на синот, Пелагија!

—  А зошто? — праша мајката.

— Гласови се носат! — таинствено и’ соопшти Марија. — Лоши, мајчице моја! Велат дека тој основа некакво здружение, слично на здружението на хлистите [верска секта]. Секти се викаат тие. Ќе се тепаат еден со друг, како хлистите...

—  Доста, Марија, сите тие се глупави лаги!

—  Баба лаже, трап не лаже! — рече продавачката.

Мајката му ги раскажа на синот сите тие разговори. Тој молчешкум ги крена рамената, а Хохолот се смееше со своето длабоко, меко смеење.

—  Девојките исто така многу се лутат на вас! — велеше таа. — Секоја девојка ве смета како добри момчиња за женење и сите сте добри работници, не сте пијаници, а на девојките не обраќате внимание! Велат дека од градот ви доаѓале госпоѓици со лошо поведение ...

—  Се разбира! — со гадење извика Павел и го намурти лицето.

—  Во блатото се мириса на гнило! — со воздивка забележа Хохолот — А вие, мајче, би требало да им објасните, на тие будали, што е тоа мажење, и тогаш тие не би брзале да си ги скршат себеси коските ...

—  Ех, братко! — рече мајката. — Го гледаат тие злото, го сфаќаат, но немаат каде освен таму.

—  Лошо го сфаќаат, а инаку би го нашле патот! — забележа Павел.

Мајката погледна во неговото строго лице.

—  А вие! Поучете ги! Викнете ги кај себе некои од поумните помеѓу нив.

—  Тоа е незгодно! — суво одговори синот.

—  А да се обидеме? — праша Хохолот.

Павел помолче и одговори:

—  Би почнале да шетаме два по два, потоа некои ќе се испооженат, и тоа ќе биде сè!

Мајката се замисли. Калуѓерската суровост на Павела ја вознемируваше. Гледаше дека неговите совети ги слушаат дури и оние другари кои, како на пример Хохолот, се постари од него по години, но и се чинеше дека сите му се плашат и дека никој не го сака поради таа сувопарност.

Еднаш, кога легна да спие, а синот и Хохолот сè уште читаа, низ танката преграда го слушаше нивниот тих разговор.

—  Мене ми се допаѓа Наташа, знаеш ли? — одеднаш тивко извика Хохолот.

—  Знам! — по мала пауза одговори Павел.

Чу како Хохолот полека стана и почна да шетка. По душемето тупкаа неговите боси нозе. И се чу тивко, придушено свиркање. Потоа повторно забуче неговиот глас:

—  А го забележува ли тоа таа?

Павел молчеше.

—  Што мислиш ти? — спуштајќи го гласот праша Хохолот.

—  Забележува! — одговори Павел. Затоа и престана да доаѓа на часови кај нас ...

Хохолот тешко ги влечкаше нозете по душемето и повторно во одајата се слушаше неговото тивко свиркање. Потоа праша:

—  А ако и’ речам?

—  Што?

—  Дека, ете, јас ... — тивко почна Хохолот.

—  Зошто? — го прекина Павел.

Мајката чу како Хохолот застана и почувствува дека се насмевнува.

—  Види, јас мислам дека на девојката, ако ја сакаш, тоа треба да и’ се рече, инаку нема никаква смисла!

Павел силно ја затвори книгата. Се чу неговото прашање:

—  А каква смисла очекуваш?

Двајцата долго молчеа.

—  Но? — праша Хохолот.

—  Андреј, треба јасно да си претставиш што сакаш... — полека почна Павел. — Да претпоставиме дека и таа тебе те сака. — Јас тоа не го мислам — но, да претпоставиме. И вие, — ќе се земете. Интересен брак: интелектуалка и работник! Ќе се родат деца. Ти сам ќе мораш да работиш, сам ... и — многу. Животот ќе ви стане обичен живот за парче леб, за децата, за станот; за нашата работа — вас веќе ќе ве нема. Двајцата ќе ве нема!

Настана тишина. Потоа Павел продолжи малку помеко:

—  Подобро е да го мавнеш тоа, Андреј. И не збунувај ја ...

Тишина. И јасно удира амкалото на часовникот рамномерно откинувајќи ги секундите.

Хохолот рече:

—    Половината од срцето — сака, половината мрази, зарем тоа е срце, а?

Зашумеа листовите на книгата — сигурно Павел повторно почна да чита. Мајката лежеше со затворени очи и се плашеше да се помрдне. До солзи и’ беше жал за Хохолот, но уште повеќе за синот. За него мислеше:

—  Милиот мој ...

Одеднаш Хохолот праша:

—  Значи — да молчам?

—  Тоа е почесно ... — тивко рече Павел.

—  По тој пат и ќе одиме! — рече Хохолот. — И по неколку секунди невесело и тивко продолжи:

—  И тебе, Паша, ќе ти биде тешко кога и самиот ете така ...

—  Мене веќе ми е тешко ...

На ѕидовите од куќата удираше ветерот. Амкалото на часовникот јасно го пресметнуваше одот на времето.

—  Тоа не е за шега! — полека одврати Хохолот.

Мајката ја зари главата во перницата и безгласно заплака.

Утрината Андреј на мајката и’ се стори понизок и некако помил. А синот, како и секогаш, мршав, сериозен и молчелив. Порано мајката Хохолот го викаше Андреј Онисимович, а сега, не забележувајќи ни самата, му рече:

—  Би требало, Андрјуша, да си ги закрпите скорните. — Така ќе ви замрзнат нозете!

—  А јас кога ќе ни исплатуваат ќе купам нови! — одговори тој, се насмевна и одеднаш, ставајќи и ја на рамото својата долга рака, праша:

—  А можеби вие сте мојата родена мајка? Само не сакате да признаете пред луѓето оти сум многу грд, а?

Таа молчејќи го потупка по раката. Сакаше да му рече многу нежни зборови, но срцето и’ беше стегнато од жал и зборовите и’ застанаа во грлото.