XIII

Павел слезе долу и застана до мајка си.

Сите наоколу мрмореа препирајќи се еден со друг, се возбудуваа, викаа.

—  Не ќе ти тргне по рака да дојде до штрајк! — рече Рибин приближувајќи му се на Павела. — Макар што народот и жедува за тоа, но плачлив е. Триста ќе застанат на твоја страна, не повеќе. Таков куп ѓубре не ќе го кренеш со една вила ...

Павел молчеше. Пред него огромното, црно лице на масата луѓе се брануваше и, барајќи од него нешто, му гледаше в очи. Срцето вознемирено му тупкаше. На Власов му се пристори дека зборовите без трага му се изгубиле во луѓето како ретки капки дожд што паѓаат на земја испукана од долга суша.

Си отиде дома тажен и капнат. По него одеа мајка му и Сизов, а покрај него чекореше Рибин и на уво му бучеше:

—  Добро зборуваш, но — не на срцето — ете! Треба в срце, во самата длабочина негова да ја фрлиш искрата. Не се придобиваат луѓето со разум, не е таа скорна за таа нога — танка е, тесна!

Сизов и’ зборуваше на мајката:

—  Време е, Ниловна, за нас старците да одиме на гробишта. Нарастуваат нови луѓе. Што живеевме ние? На колена лазевме и дури до земја се поклонувавме. А сега луѓето — можеби се поумни, а можеби — уште полошо грешат но — на нас не личат. Ете, младите, зборуваат со директорот како со на себе рамен . .. Да, а! Довидување, Павел Михаилович — ти, брате, добро се заземаш за луѓето! Господ нека ти даде, можеби ќе најдеш некаков пат и излез — дај боже!

И си отиде.

—  Па умирајте! — мрмореше Рибин. — Вие ни сега не сте луѓе туку — туткал, потребни сте само кога ќе треба да се замачка некоја пукнатина. Виде ли ти, Павел, кој викаше дека тебе треба да те земат за депутат? Тие што велат дека си социјалист, размирник — ете! — тие! Значи, велат, ако го протераат — таму му е патот.

—  Тие, по свое, имаат право! — рече Павел.

—  И волците се прави кога го раскинуваат својот другар...

Лицето на Рибин беше мрачно, гласот необично треперлив.

—  Не веруваат луѓето на голи зборови — треба да се страда, во крв да се натопи зборот...

Павел цел ден се движеше мрачен, капнат, чудно вознемирен, очите му гореа и како да бараа нешто. Мајката, забележувајќи го тоа, внимателно го праша:

Што ти е Паша, а?

—  Главата ме боли, — одговори замислено.

—  Легни — а јас доктор да викнам...

Тој ја погледна и брзо одговори:

—  Не, не треба!

И одеднаш тивко проговори:

—  Млад сум, без сила — ете што е! Не ми поверуваа, не тргнаа по мојата вистина — значи, — не успеав да им ја кажам! Тешко ми е — жал ми е за самиот себе!

Таа го погледна во мрачното лице и со желба да го утеши тивко му рече:

—  Почекај! Денеска не те разбраа — утре ќе те разберат...

—  Мораат да разберат! — извика тој.

—  Ете, дури и јас ја гледам твојата вистина ...

Павел и’ се приближи.

—  Ти си, мајко, — добар човек.

И се сврте од неа. Таа затрепере како изгорена од неговите тивки зборови, го стегна срцето со раката и излезе чувајќи ја грижливо неговата нежност.

Ноќта, кога таа веќе спиеше, а тој лежеше в постела и читаше книга, дојдоа џандарите и налутено почнаа да претураат секаде — по дворот, на таванот. Жолтоликиот офицер се однесуваше како и првиот пат — зајадливо, потсмешливо, уживајќи во навреди, грижејќи се да го засегне срцето. Мајката седејќи во аголот молчеше не симнувајќи ги очите од својот син. Тој се трудеше да не ја оддаде својата возбуденост, но кога офицерот се смееше, прстите чудно му се движеа. Таа чувствуваше дека му е тешко да не му одговори на џандарот, дека му е несносно да ги поднесува неговите шеги. Сега не и беше толку страшно како за време на првиот претрес, чувствуваше повеќе омраза кон тие сиви ноќни гости со мамузи на нозете и таа омраза и го задушуваше немирот.

Павел успеа да и’ шепне:

—  Ќе ме земат ...

Таа ја наведна главата и тивко одговори:

—   Разбирам ...

Таа разбираше — ќе го стават в затвор затоа што денеска им зборуваше на работниците. Но со тоа што зборуваше тој се сложуваа сите и сите сигурно ќе се застапат за него, значи — не ќе можат многу да го држат...

И’ се сакаше да го прегрне, да заплаче, но покрај него стоеше офицерот и гледаше во неа со мижуркавите очи. Усните му трепереа, мустаќите му се мрдаа на Власова и се чинеше дека тој човек ги очекува нејзините солзи, жалби и молби. Ја собра сета своја сила за да зборува што помалку, му ја стегна раката на синот и задржувајќи го дишењето полека, тивко рече:

—  Довидување, Паша. Зеде ли сè што ти треба?

—  Сè. Не грижи се ...

—    Христос со тебе ...

Откако го однесоа, седна на столот и покривајќи ги очите со рацете почна тивко да липка. Навалена со грбот на ѕидот како што некогаш седеше нејзиниот маж, вкоченето сопната од тагата и болната свест за својата немоќ, таа, со зафрлена глава, офкаше долго и еднолично излевајќи го во тие звуци болот на ранетото срце. А пред неа како неподвижна дамка стоеше жолтото лице со ретки мустаќи и мижуркавите очи гледаа задоволно. Во градите, како црно клопче и се свиваше лутината и омразата кон луѓето кои ќе го грабнуваат синот од мајката затоа што синот ја бара вистината.

Беше студено, во прозорците удираше дожд, се чинеше како да вртат околу куќата цела ноќ, демнат сиви фигури со широки, црвени лица без очи, со долги раце. Обиколуваат и ѕвецкаат со мамузите.

—  Барем да ме земеа и мене, — мислеше таа.

Засвире сирената и ги повика луѓето на работа. Сега завиваше глуво, длабоко и несигурно. Се отвори вратата и влезе Рибин. Тој застана пред неа и бришејќи ги капките од дождот по брадата, праша:

—  Го зедоа?

—  Го зедоа, проклетите! — Воздивнувај ки одговори таа.

—  Така е тоа! — рече Рибин насмевнувајќи се. — И мене ме претресуваа, претураа, да-а. Ми се изнавикаа... Сепак — не ме навредија. Значи, Павела го зедоа! Директорот намигна, џандарот скокна и — човекот го нема! Тие живеат братски. Едни го молзат народот, а другите го држат — за рогови...

—  Би требало да се застапите за Павела! — извика мајката станувајќи. — Тој отиде поради сите.

—  Кој да се застапи? — праша Рибин.

—   Сите!

—  Види ти! Не, тоа нема да се случи.

И со насмевка излезе со својот тежок чекор, зголемувајќи ја тагата на мајката со суровата безнадежност на своите зборови.

—  Можеби ќе го тепаат, ќе го мачат?

Си го претставуваше синовото испотепано тело нарането, во крв и како студена карпа на градите и легна страв, ја давеше. Во очите чувствуваше бол.

Не ја запали печката, не си зготви ручек и не се напи чај, само доцна вечерта касна еден залак леб. И кога легна да спие — мислеше како никогаш досега животот не и бил толку осамен, празен. Во последните години имаше навикнато да живее во постојано очекување на нешто важно, добро. Околу неа шумно и крепко се движеше младината и секогаш пред неа стоеше сериозното лице на нејзиниот син, творецот на тој немирен но добар живот. А ете, него го нема и — ништо нема.