XVIII

Вечерта Хохолот излезе, таа ја запали ламбата, седна до масата и почна да плете чорап. Но наскоро стана, нерешително тргна низ одајата, излезе в готварница, го стави резето на вратата и кревајќи ги веѓите со сила, се врати в одаја. Ги пушти завесите на прозорците и, земајќи книга од полицата, повторно седна до масата, се разгледа, се наведна над книгата, усните почнаа да и мрдаат. Кога на улицата ќе се чуеше шум, треперејќи, ја засолнуваше книгата со рака, внимателно наслушнувајќи ... И повторно де затворајќи ги, де отворајќи ги очите шепотеше:

—  Живете, иже — жи, земља, наш ...

Некој тропна на вратата, мајката скокна, ја фрли книгата на полица и вознемирено праша:

—  Кој е таму?

—  Јас ...

Влезе Рибин, крепко ја погали брадата и забележа:

—  Порано луѓето ги пуштавте без прашање. Сама си? Така. А јас мислев — дека Хохолот е овде. — Го видов денеска... Затворот човека не го расипува.

Седна и и’ рече на мајката:

—  Ајде да поприкажуваме ...

Гледаше значајно, таинствено, предизвикувајќи кај мајката нејасно неспокојство.

—  За сè требаат пари! — почна со својот тежок глас. — Без пари не се раѓа и не се умира, ете. И книгите и летците чинат пари. Знаеш ли од каде доаѓаат пари за книгите?

—  Не знам, — тивко рече мајката чувствувајќи нешто опасно.

—  Така. Ни јас не знам. Друго — кој ги пишува книгите?

—  Учени луѓе ...

—  Господа! — промрморе Рибин, а брадестото лице му се напна, поцрвене. — Значи, — господата пишуваат книги, тие ги растураат. А во тие книги се пишува — против господата. Сега — речи ми ти мене — каква полза имаат да фрлаат пари за да го кренат народот против себеси — а?

Мајката трепна и плашливо извика:

—  Што мислиш? ...

—  Аха, — рече Рибин и и се сврте на столот како мечка. — Ете. И мене, штом дојдов на таа мисла — ми стана студено.

—  Да не си дознал нешто?

—  Измама! — одговори Рибин. — Чувствувам — измама. Ништо не знам но — измама е. Ете. Господата нешто мудруваат. А мене ми е потребна вистината. И јас ја разбрав вистината. А со господата нема да тргнам. Тие, кога ќе притреба, ќе ме турнат мене напред — по моите коски, како по мост, да отидат понатаму ...

Тој како да го ограничуваше срцето мајчино со мрачните зборови.

—  Господе! — со тага извика мајката. — Можно ли е Паша да не го гледа тоа?!... И сите кои...

Пред себе почна да ги гледа сериозните чесни лица на Егор, Николај Иванович, Сашенка и срцето и’ претрпна.

—  Не, не! — продолжи таа одречно одмавнувајќи со главата. — Јас тоа не можам да го верувам. Тие работат по совест.

—  За кого зборуваш? — замислено праша Рибин.

—  За сите... За сите до еден што сум ги видела.

—  Не гледаш како што треба, мајче, погледни подалеку! — рече Рибин наведнувајќи ја главата. — Тие што ни се приближија, тие, можеби и самите ништо не знаат. Тие — веруваат дека така треба. А можеби — зад нив стојат други кои — ја гледаат само својата корист? Човекот не оди попусто против себеси ...

И со тешка убеденост на селанец додаде:

—  Никогаш од господата за нас не ќе има ништо добро!

—  Што си намислил? — праша мајката повторно опфатена од сомнение.

—  Јас? — Рибин ја погледна, помолче и повтори:

—  Од господата треба што подалеку. Ете.

Потоа повторно помолче, невесел.

—  Сакав да им се прилепам на младичите та да бидам со нив. Јас во таа работа — се разбирам — знам што треба да им се рече на луѓето. Ете. Е, а сега ќе си одам. Не можам да верувам, треба да одам.

Ја наведна главата, се замисли.

—  Ќе тргнам сам по селата, мали и големи. Сакам да го бунам народот. Народот треба сам да се заземе. Ако сфати — сам ќе си отвори пат. Ете, јас и ќе се грижам — да сфати, — дека нема друга надеж освен во самиот него, дека нема разум, освен неговиот. Така е тоа!

Нејзе и’ беше жал за него, почувствува страв за тој човек. Секогаш непријатен, сега одеднаш и стана поблизок — тивко рече:

—  Ќе те фатат ...

Рибин ја погледна и мирно одговори:

—  Ако ме фатат — ќе ме пуштат. А јас пак...

—  Селаните сами ќе те врзат... И ќе мораш в затвор да седиш ...

—  Ќе поседам — и ќе излезам. Пак ќе отидам. А што се однесува до селаните — ќе ме врзат еднаш, вторпат, па и ќе сфатат — дека не треба да ме врзуваат туку — да ме слушаат. Ќе им речам: — не морате да ми верувате, само слушајте ме. А ако ме слушаат — ќе поверуваат!

Зборуваше полека како да го одмерува секој збор пред да го каже.

—  Тука, во последно време, многу се наголтав. Разбрав по нешто.

—  Ќе пропаднеш, Михаил Иванович! — зборуваше таа, грижливо мавтајќи со главата.

Со темните длабоки очи ја гледаше, прашувајќи и очекувајќи. Со крупната става се наведна напред, со рацете се потпре на столот, а црномурестото лице се чинеше бледо, врамено во црната брада.

—  А си слушала ли што рекол Христос за семето? Ако не умреш — нема да воскреснеш во нов клас. Уште сум далеку јас од смртта. Јас сум — итар!

Тој се размрда на столот и полека стана.

—  Одам в кафеана, ќе поседам таму со луѓето. Хохолот изгледа не ќе дојде. Се фрли ли на работа?

—  Да! рече мајката насмевнувајќи се.

—  Така и треба. Ти кажи му за мене ...

—  Полека тргнаа еден крај друг кон кујната и не гледајќи еден на друг, со куси зборови се прекинуваа.

—  Е па, збогум!

—  Збогум. Кога ќе си ја земеш пресметката? ...

—  Ја зедов.

—  А кога одиш?

—  Утре. Рано изутрина. Збогум!

Рибин се наведна и некако без волја, несмасно излезе во ходникот. Мајката еден момент стоеше пред вратата и ги наслушнуваше тешките чекори и сомненија што и се разбудија во градите. Потоа тивко се сврте, премина во одајата и, кревајќи ја завесата, погледна во прозорецот. Надвор неподвижно стоеше црна темнина.

—  Ноќе живеам! — помисли таа.

И’ беше жал за угледниот селанец — беше толку широк, силен.

Дојде Андреј, живикав и весел.

Кога му раскажа за Рибин, тој извика:

—  Па нека оди по селата, нека ѕвони за вистината, нека го разбудува народот. Нему му е тешко со нас. Во главата му никнале сопствени, селски мисли, на нашите таму — им е тесно ...

—  Знаеш — за господата зборуваше — има тука нешто! — внимателно забележа мајката. — Да не измамат!

—  Задева? — смеејќи се извика Хохолот. — Ех, стринче, пари! Кога би ги имале! Ние сè уште на туѓа сметка живееме. Ете, Николај Иванович добива седумдесет и пет рубли на месец, нам ни дава педесет. Така и други. Дури и гладните студенти понекогаш ни праќаат по малку, собирајќи по копејка. А господа, се разбира, има различни. Едни — ќе измамат, други — ќе заостанат, а со нас ќе тргнат најдобрите.

Ги плесна рацете една од друга и силно продолжи:

—  До нашиот празник — орелот не ќе долета, но, ете, ние на Први мај сепак нешто ќе приредиме. Ќе биде весело!

Неговата живост го растураше немирот што го посеа Рибин. Хохолот шеташе низ одајата, со раката ја триеше главата и гледајќи во душемето велеше:

—  Знаете, понекогаш во срцето живее така нешто — прекрасно! Ти се чини, секаде каде што чекориш, има другари, сите горат со еден пламен, сите весели, добри, красни. Без зборови еден со друг се разбираат ... Сите живеат во хор, а секое срце ја пее својата песна.

Сите песни, како и потоците, јурат, се слеваат во една река, а реката тече широко и слободно во морето на светлите радости на новиот живот.

Мајката се грижеше да не направи ни едно движење, за да не му пречи, да не му го пресече зборувањето. Таа секогаш го слушаше со поголемо внимание одошто другите, — зборуваше попросто одошто сите други и зборовите посилно и го трогнуваа срцето. Павел никогаш не зборуваше за тоа што гледа пред себе. А овој, и се чинеше, со дел од своето срце секогаш е таму, секогаш во неговото зборување се насетува приказна за идниот празник за сите на земјата. Таа приказна на мајката и ја осветлуваше смислата на животот и работата на нејзиниот син и на сите негови другари.

—  А кога ќе се освестиш — велеше Хохолот затресувајќи ја главата — кога ќе погледаш наоколу — студено е и нечисто! Сите се премалени, јадосани ...

Со длабока тага продолжи:

—  Навредливо е тоа — но на човека не треба да му се верува, треба да се плашиш од него дури — да го мразиш! Човекот е надве. Би сакал само да љубиш, но како е можно тоа? Како да му простиш на човекот ако тој навалува на тебе како див ѕвер, не гледа во тебе жива душа и удира со ногата по твоето човечко лице? Не треба да се проштава! Не дека не треба поради себе — јас, поради себе, ќе ги поднесам сите понижувања, но на насилниците нема да им гледам низ прсти, не сакам на мојот грб други да се учат да тепаат.

Сега очите му светнаа со студен оган, упорно ја наведна главата и зборуваше потврдо:

—  Јас не треба да проштавам ништо што е штетно, па макар тоа мене и да не ми нанесува штета. Не сум јас сам на земјата! Денеска јас ако допуштам да ме понижат и, можеби, само да се насмевнам на навредата, да не ме доболи — утре, откако ќе ја испита својата сила на мене, насилникот ќе оди на друг да му ја дере кожата. И на луѓето мора да се гледа на разни начини, срцето треба да се држи строго, треба да се делат луѓето: овие се — свои, оние — туѓи. Праведно — но не и утешно!

Мајката, којзнае зошто, си спомни за офицерот и за Сашенка. Воздивнувајќи, рече:

—  Та таков може да биде лебот од неотсеано брашно! ...

—  Тука е лошото! — извика Хохолот.

—  Да-а! — рече мајката. Во сеќавањето сега и излезе образот на мажот, мрачен и тежок, како голем камен покриен со мов. Таа си го замисли Хохолот како маж на Наташа, а синот оженет со Сашенка...

—  А зошто? — праша Хохолот распалувајќи се. — Тоа е толку очигледно, што е дури и смешно. Само затоа што меѓу луѓето нема еднаквост. Тогаш ајде да ги изедначиме сите! Еднакво да поделиме се што е создадено со разумот, се што е градено со раце! Да не се држиме еден со друг во ропство на страв и завист, во прангите на лакомоста и глупоста!...

Тие почнаа често да зборуваат така.

Нахотка повторно го примија во фабриката, тој на мајката и’ ја даваше целата своја заработувачка, а таа ги земаше тие пари толку мирно, како да ги прима од рацете на Павела.

Понекогаш Андреј со насмевка во очите ќе и предложеше:

—  Да читаме, мајче, а?

Таа шеговито но упорно одбиваше, — ја збунуваше таа насмевка и по малку навредена мислеше:

—  Ако се смееш — тогаш зошто?

И сè почесто го распрашуваше што значи овој или оној литературен збор, нејзе непознат. Кога прашуваше, гледаше настрана и гласот и беше неопределен. Тој се сети дека таа насамо учи, ја сфати нејзината срамежливост и престана да ја тера да чита со него. Наскоро таа му рече:

—  Очите ми се слаби, Андрјуша. Ми требаат очила.

—  Се разбира! — одговори тој. — Ете, в недела ќе одам со вас в град, ќе ве одведам на доктор и очила ќе имате ...