XXI

Животот минуваше брзо, деновите беа шарени, разновидни. Секој со себе донесуваше по нешто ново и тоа веќе не ја вознемируваше мајката. Се почесто навечер навраќаа непознати луѓе, тие деловно, полугласно зборуваа со Андреј и доцна ноќе, кревајќи ги јаките, навлечувајќи ги капите ниско над очи, си одеа во темнината внимателно, без шум. Во секого се чувствуваше воздржана возбуденост, се чинеше — дека сите сакаат да пеат и да се смеат, но немаат време, секогаш брзаат. Едни потсмешливи и сериозни, други весели, блескаа со силата на младоста, трети замислени и тивки, сите тие во очите на мајката имаа нешто еднакво енергично, самоуверено и макар што секој имаше поинаков израз на лицето — таа сите лица ги слеваше во едно: мршаво, мирно — решително, јасно лице со длабок поглед на темни очи, пријателско и строго како Христовиот поглед на патот за Емаус.

Мајката во мислите сите ги собираше на куп околу Павела — во тој куп тој стануваше незабележлив за непријателските очи.

Еднаш од градот дојде подвижна кадрава девојка, му донесе на Андреј некаков пакет и на одење, блескајќи со веселите очи, и рече на Власова:

—  Довидување, другарке!

—  Збогум! — воздржувајќи го смеењето одговори мајката.

Кога ја испрати девојката, отиде до прозорецот и смеејќи се посматраше како по улицата, ситно чекорејќи со малите ножиња, оди нејзината другарка, свежа како пролетно цветче и лесна како пеперутка.

—  Другарка! — рече мајката откако гостинката ја снема. — Ех ти, мила! Нека ти даде господ добар другар за цел живот!

Често кај сите луѓе од градот забележуваше нешто детинесто и’ се насмевнуваше снисходливо, но ја трогнуваше и радосно ја зачудуваше нивната вера чија длабочина се појасно ја чувствуваше, и годеа и ја грееја нивните соништа за победата на правдата, слушајќи ги без да сака, воздивнуваше со неизвесна тага. Но особено ја трогнуваше нивната едноставност и прекрасната, бескрајна негрижливост кон себеси.

Веќе многу разбираше од она што го зборуваа за животот, чувствуваше дека го пронашле точниот извор на несреќата на сите луѓе и навикна да се сложува со нивните мисли. Но во длабочината на душата не веруваше дека можат да го преуредат животот на свој начин, дека имаат сила со својот пламен да го привлечат целиот работен народ. Секој денеска сака да биде сит, никој не сака да го одложи својот ручек дури ни до утре, ако може да го изеде веднаш. Многумина не ќе тргнат по тој долг и мачен пат, многу очи на крајот од тој пат не ќе го здогледаат приказното царство на човечкото братство. Ете, зошто сите тие, тие добри луѓе, без оглед на нивната брада и понекогаш намачени лица, и се чинеа како деца.

—  Мили мои! — мислеше таа вртејќи ја главата.

Но сите тие уште сега живееја со добар, сериозен и умен живот, зборуваа за доброто и сакајќи да ги научат луѓето на она што го знаеја, го правеа тоа не штедејќи се себе. Разбра дека тој живот може да се сака, не водејќи сметка за неговата опасност, и воздивнувајќи се осврнуваше назад каде што како мрачна и танка линија еднолично се спростираше нејзиното минато. Во неа незабележано се изгради свеста дека на тој нов живот му е потребна, — порано никогаш не чувствувала дека макар кому му е потребна, а сега јасно гледаше дека им е потребна на многумина; тоа и беше ново, пријатно, тоа и ја поткреваше главата ...

Таа редовно носеше летци во фабриката, гледаше на тоа како на своја должност, за агентите стана обична, навикнаа на неа. Неколку пати ја претресуваа, но секогаш утредента, откако летците ќе се појавеа во фабриката. Кога немаше ништо, умееше да го предизвика вниманието на агентите и стражарите, ја задржуваа, ја пребаруваа, таа се преправаше дека е навредена, се препираше со нив и засрамувајќи ги си одеше горда од својата итрина. Нејзе таа игра почнуваше да и се допаѓа.

Вјесовшчиков не го примија во фабриката; стапи на работа кај трговецот за дрва и низ предградието носеше греди, штици и дрва. Мајката речиси секој ден го гледаше: опирајќи се здраво на нозете растреперени од напор, чифт црни коњи, двата стари, мршави, одеа, а главите капнато и тажно им се нишаа, изгаснатите очи измачено им се заклопуваа. По нив, отскокнувајќи, се влечкаше долга, влажна греда или куп штици коишто со своите краишта тропаа, а отстрана, попуштајќи ги уздите, чекореше Николај, парталав, извалкан, во тешки чизми, со капата на тилот, несмасен како чкор тукушто откорнат од земјата. Тој исто така климкаше со главата гледајќи си в нозе. Неговите коњи слепо налетуваа на колите, на луѓето што доаѓаа во пресрет, околу него како оси се виеја налутени пцости, го цепеа воздухот лути извици. Тој, не кревајќи ја главата и не одговарајќи, свиркаше толку силно, што можеше човек да оглуши, и тапо им мрмореше на коњите:

—  Дии, побрзо!

Секогаш кога кај Андреј се собираа другарите за читање на новиот број странски весник или брошура, доаѓаше и Николај, седеше во аголот и молчешкум слушаше час, два. Кога ќе го завршеа читањето, младите долго расправаа, но Вјесовшчиков во тоа не земаше учество. Тој остануваше повеќе од сите и насамо со Андреј, ќе му поставеше тажно прашање:

—  А кој е повиновен од сите?

—  Виновен е, гледаш, тој што рекол прв: — ова е мое! Тој човек умрел пред неколку илјади години и да се лутиме на него нема смисла! — шегувајќи се зборуваше Хохолот, но очите му гледаа немирно.

—  А — богатите? А тие што се со нив?

Хохолот се фаќаше за глава, ги штипкаше мустаќите и долго, со прости зборови зборуваше за животот и за луѓето. Но неговиот говор секогаш излегуваше како да се виновни сите луѓе воопшто и тоа Николаја не го задоволуваше. Цврсто собирајќи ги дебелите усни одречно мавташе со главата и недоверливо изјавуваше дека не е така и незадоволен и мрачен заминуваше.

Еднаш рече:

—  Не, виновници мора да има — тука се! Ти велам— треба целиот живот да го преораме како неплодно поле — без поштеда!

—  Ете, еднаш така вратарот Исај зборуваше за вас! — си спомни мајката.

—  Исај? — праша Вјеоовшчиков премолчувајќи.

—  Да. Лош човек! Ги следи сите, се распрашува.— По нашата улица почна да оди и во прозорците да ни се загледува...

—  Се загледува? — повтори Николај.

Мајката веќе лежеше в постела и не му го гледаше лицето, но разбра дека рече нешто непотребно штом Хохолот брзо и помирливо се замеша во разговорот:

—  Та пуштете го нека оди и нека загледува! Има слободно време — и шета...

—  Не, чекај! — тапо рече Николај. — Ете, тој е виновен!

—  Во што? — брзо праша Хохолот. — Затоа што е глупав?

Вјесовшчиков си отиде без да одговори.

Хохолот полека и капнато шеташе низ одајата тивко влечејќи ги нозете, танки како на пајак. Чизмите ги собу — тоа го правеше секогаш за да не тропа и да не ја вознемирува Власова. Но таа не спиеше и кога Николај излезе, загрижено рече:

—  Се плашам од него!

—  Да-а!... — полека процеди Хохолот. — Луто момче. Вие, мајче, за Исај со него не зборувајте, тој Исај навистина шпионира.

—  Што има во тоа чудно? Кумот му е — полицаец!— забележа мајката.

— Може Николај да го намерда! — внимателно продолжи Хохолот. — Ете, гледате, какви чувства господа командантите на нашиот живот воспитале кај подолните чинови? — Кога таквите луѓе како што е Николај ќе се почувствуваат навредени и кога ќе го изгубат трпението — што ќе биде? Небото со крв ќе го попрскаат и земјата во неа ќе запенави како сапун...

—  Страшно, Андрјуша! — тивко извика мајката.

—  Кој ветар сее — бура жнее! — премолчувајќи рече Андреј. — И најпосле, мајче, секоја капка на нивната крв испрана е уште од порано со езеро народни солзи...

Наеднаш тивко се насмевна и додаде:

—  Праведно но — не и утешно!