XXIII

Се приближуваше пролетта, снегот се топеше откривајќи ги калта и гаровината скриени во неговата длабочина. Со секој ден нечистотијата сè поупорно паѓаше в очи, целото предградие се чинеше како облечено во партали, неизмиено. Дење од стреите капеше, капнато и потливо се испаруваа сурите ѕидови на куќите, а во квечерината секогаш се белееја мразулки. Сè почесто на небото се појавуваше сонцето и најпосле почнаа да шумат поточиња брзајќи кон мочуриштето.

Се приготвуваше прославата на Први мај.

Низ фабриката и предградието летаа ливчиња кои го објаснуваа значењето на тој празник, дури и младината, незафатена од пропагандата, читајќи ги, велеше:

—  Тоа треба да се приготви!

Вјесовшчиков мрачно се потсмевнуваше и извикнуваше:

—  Време е! Доста игравме мижитатара!

Се радуваше и Феѓа Мазин. Многу омршавен, тој поради нервозните треперења во движењата и во говорот личеше на сојка во кафез. Секогаш го придружуваше молчеливиот и за своите години сериозен Јаков Сомов, кој во тоа време со работа беше во градот. Самојлов, кој во затворот стана уште поцрвенокос, Василиј Гусјев, Букин, Драгунов и уште некои докажуваа дека треба да се излезе со оружје, но Павел, Хохолот, Сомов и другите го докажуваа спротивното.

Доаѓаше и Егор, секогаш капнат, испотен и задишен, па ќе се шегуваше:

— Работата на менувањето на сегашниот општествен поредок — голема работа е, другари, но — за да биде поуспешна, морам да си купам нови чизми! — велеше покажувајќи ги своите искинати и влажни чевли. — Галошите исто неизлечиво ми се искинати и секој ден нозете влажни. — Нема да легнам во прегратките на земјата додека од стариот свет не се откажеме публично и јавно, та затоа го отфрлам предлогот на другарот Самојлов за оружена демонстрација и предлагам да ме вооружате со здрави чизми, оти сум длабоко уверен дека е тоа покорисно за победата на социјализмот одошто и најголемото удирање по муцките! ...

Со истиот извештачен јазик тој на работниците им говореше за тоа како народот во разни земји се обидувал да си го олесни својот живот. Мајката сакаше да ги слуша неговите зборови и од нив доби необичен впечаток — дека најитрите непријатели на народот, тие кои најмногу и најчесто го лажеле, биле маленкави, мешести човечиња со црвени муцки, несовесни и лакоми, итри и сурови. Кога животот под царската власт им станувал тежок, го туткале кутриот народ против царската власт, а кога народот ќе се побунел и ќе ја грабнел власта од царските раце, тие маленди луѓе со измама ја земале власта во свои раце и го растерувале народот во дупките, а ако се случело народот да се спречка со нив — отепувале стотини илјади.

Еднаш таа собра сила и му ја опиша таа слика на животот создадена по неговите говори и смеејќи се збунето праша:

—  Така ли е, Егоре Иванич?

Тој се закикоти превртувајќи ги очите, се задува и почна да се трие со рацете по градите.

—  Навистина така е, мајко! Го фативте бикот на историјата за рогови. На таа жолтеникава заднина има неколку украси, то ест везови но — тие ништо не ја менуваат работата! Токму тие дебелкави човечиња се главните грешници и најотровните инсекти што го гризат народот. Французите добро ги викаа буржуи. Запаметете, мајко, буржуи! Нè молзат тие нас, нè молзат и нè цицаат...

—  Значи — богатите? — праша мајката.

— Токму тие. Во тоа е нивната несреќа. Видете, ако ставате во храната на детето по малку бакар, тоа го сопира растењето на неговите коски и детето ќе стане џуџе, а ако човека го отруеш со злато, душата ќе му остане мала, млака и сива, исто како гумена топка од петаче...

Еднаш во разговорот за Егор Павел рече:

—  А знаеш ли, Андреј, најмногу се шегуваат оние луѓе чие срце секогаш пати ...

Хохолот премолче и подзамижувајќи одврати:

—  Кога тоа би било вистина — цела Русија би умирала од смеење ...

Дојде и Наташа, и таа лежеше в затвор, во некој друг град, но тоа не ја измени. Мајката забележа дека Хохолот во нејзино присуство стануваше повесел, сипеше шеги, ги задираше сите со своите питоми досетки и кај неа предизвикуваше весело смеење. Но кога ќе си отидеше, жално ги свиркаше своите бескрајни песнички и долго шеткаше низ одајата тажно влечкајќи ги нозете.

Често ќе дотрчаше Саша, вечно намуртена, вечно забрзана и некако се повеќе аглеста и остра.

Еднаш, кога Павел излезе во ходникот да ја испрати, а не ја имаше затворено вратата, мајката чу брз разговор:

—  Вие ќе го носите знамето? — тихо прашуваше девојката.

—  Да.

—  Решено ли е тоа?

—  Да. Тоа е мое право.

—  Пак в затвор?

Павел молчеше.

—  Зарем не би можеле... — почна и застана таа.

—  Што? — праша Павел:

—  Да му го отстапите на друг...

—  Не! — рече тој гласно.

—  Размислете — вие сте толку влијателен, вас ве сакаат!... Вие и Нахотка овде сте први — колку можете да сторите на слобода — размислете! А вака веднаш ќе ве протераат — далеку, за долго!

На мајката и’ се пристори дека во гласот на девојката звучат познатите чувства — тагата и стравот. И зборовите на Саша и’ паѓаа на срце како големи капки студена вода.

—  Не, решив! — рече Павел. — Од тоа не остапувам за ништо.

—  Дури и јас ако молам? ...

Павел одеднаш почна да зборува брзо и некако необично строго.

—  Вие не треба да зборувате така, што правите? Не треба!

—  Та човек сум! — рече таа со шепот.

—  Добар човек! — исто така тивко, но некако необично, како да му недостигаше здив, одговори Павел.

—  Човек за мене драг. И токму затоа, токму затоа не смеете така да зборувате.

—  Збогум! — рече девојката.

По тропкањето на нејзините потпетици мајката знаеше дека отишла брзо, скоро побегнала. Павел излезе по неа во дворот.

Тешкиот страв што ја задавуваше, ги стегаше нејзините гради. Не разбра за што се зборуваше, но насетуваше дека пак ја чека ново зло.

—  Што ли сака да прави?

Павел се врати заедно со Андреј — Хохолот зборуваше клатејки ја главата:

—  Еј, Исајко, Исајко — што ќе правиме со него?

—  Треба да се советува да се откаже од своите потфати! — намрштено рече Павел.

—  Паша, што сакаш ти да правиш? — праша мајката и ја наведна главата.

—  Кога? Сега?

—  На Први... На Први мај?

—  Аха! — извика Павел спуштајќи го гласот. — Ќе го носам нашето знаме — ќе тргнам со него пред сите. Затоа по сите изгледи пак ќе ме пикнат в затвор.

Мајката почувствува топлина во очите и во устата, и стана непријатно суво. Тој ја зеде за рака и ја погали.

—  Морам така, сфати ме!

—  Ништо не велам! — рече таа полека кревајќи ја главата. И кога очите и се сретнаа со упорниот сјај на неговите очи, повторно ја наведна главата.

Тој и’ ја пушти раката, воздивна и со прекор рече:

—  Не треба да тажиш, туку да се радуваш. Кога ќе има такви мајки кои своите деца во смрт ќе ги праќаат со радост? ...

—  Оп, оп! — промрмори Хохолот. — Потскокна панот, му се крена кафтанот!...

—  Зарем велам јас нешто? — повтори мајката. — Јас не ти пречам. А ако те жалам — мајка сум!

Тој се тргна од неа и таа ги чу тврдите, остри зборови:

—  Има љубов која на човека му пречи да може да живее...

Се стресе и се исплаши да не каже уште нешто што ќе и’ го оттргне срцето и брзо проговори:

—  Немој, Паша! Јас разбирам, ти поинаку не можеш — поради другарите ...

—  Не! — рече тој. — Јас тоа — поради себе.

На вратата стоеше Андреј — беше повисок од вратата и сега, стоејќи во неа како во рамка, необично ги собрал колената, навален со едното рамо на черчевето додека другото, вратот и главата ги надал напред.

—  Кога би сакале, господине, да престанете со тоа брборење! — рече тој мрачно загледувајќи се во лицето на Павела со своите кокорави очи. Беше сличен на гуштер во пукнатината на некоја карпа.

На мајката и’ дојде да се расплаче. Не сакајќи синот да и ги види солзите, одеднаш промрмори:

—  Леле, луѓе, заборавив ...

И излезе во ходникот. Таму, мушнувајќи ја главата во катот, им даде простор на солзите на нејзината мака и плачеше молчејќи, безгласно, та од солзите толку премале, чиниш заедно со нив и се источи и крвта од срцето.

А низ подотворената врата до неа долетуваа глуви гласови на кавга.

—  Ти што — се љубуваш на себе та ја мачиш и неа? — прашуваше Хохолот.

—  Немаш право да зборуваш така? — викна Павел.

—  Прекрасен другар би ти бил кога би молчел гледајќи го твоето глупаво јарешко скокање! Зошто го рече тоа? Знаеш ли?

—  Секогаш треба да се зборува тврдо и решително: и да, и не!

—  Па и нејзе?

—  На сите! — не сакам ни љубов, ни пријателство што се плеткаат околу нозете и сопинаат.

—  Јунак! Избриши си го носот! Избриши се — и оди, речи и’ го сето тоа на Сашенка. Тоа требаше нејзе да и’ го речеш...

—  И го реков!...

—  Така? Лажеш! Нејзе си и’ го зборувал благо, нејзе си и зборувал нежно, не сум чул но — знам! ... А пред мајката се фалиш со јунаштво ... Знај, јарешка главо, твоето јунаштво е за грош!

Власова брзо почна да ги брише солзите од лицето. Се плашеше Хохолот да не го навреди Павела, одеднаш ја отвори вратата и влегувајќи во кујната, целата затреперена, полна со бол и страв, гласно почна:

—  У-у, — студено! А пролет.

Без потреба преместувајќи во кујната од едно место на друго разни нешта, трудејќи се и онака тивките гласови во одајата да ги заглуши, продолжи и уште погласно:

—  Сè се мени, — луѓето станаа потопли, а времето постудено. Порано во ова време веќе беше топло, небото ведро и сонцето ...

Во одајата замолчеа. Застана среде кујната и чекаше.

—  Чу ли? — достигна тивкото прашање на Хохолот. — Тоа мораш да го сфатиш — ѓаволе! Тука има — поголемо богатство одошто во тебе...

—  Сакате ли малу чај? — праша мајката со затреперен глас. И не чекајќи одговор, само да го скрие своето треперење, извика:

—  Што ми стана та толку што ми студи?

Полека кај неа влезе Павел. Ја гледаше под око, со насмевка во која потреперуваше чувство на вина.

—  Прости ми, мајко! — рече тивко. — Уште сум детиште! Будала...

—  Не гибај ме! — тажно викна таа стегајќи му ја главата на своите гради. — Ништо не зборувај. Господ да е со тебе — твојот живот е — твоја работа! Но — не гибај во срцето! Зарем може да биде мајка да не жали? Не може. Сите вас јас ве жалам! Сите сте ми како родени, сите сте — достојни! А кој ќе ве пожали освен мене? Ти одиш, а другите — по тебе, се оставаат и одат ... Паша!

Во градите и растеше голема огнена мисла и таа и го покри срцето со заносно чувство на тажна, маченичка радост, но мајката не наоѓаше вистински зборови и во немата мака мавташе со раката гледајќи го синот в лице со очи, кои гореа од горешта, остра болка ...

—  Добро, мамо! Прости — гледам и самиот! — тивко мрмореше тој со наведната глава и со насмевка фрли поглед на неа, па збунет но израдуван, вртејќи ја главата настрана од неа, додаде:

—  Ова нема да го заборавам — чесен збор!

Таа лесно го тргна од себе и наѕирајќи во одајата благо го замоли Андреја:

—  Андрјуша! — Не викајте на него! Вие, се разбира, сте постари ...

Хохолот седеше свртен со грбот кон мајката и не поместувајќи се чудно и смешно викна:

—  У-у-у! И тоа уште како ќе викам на него! Дури и ќе го тепам!

Таа полека му се упати и подавајќи ја раката кон него рече:

—  Мил човек сте вие ...

Хохолот се сврте и ја наведна главата како бик, стегајќи ги рацете на грбот помина крај неа и отиде во кујната. Оттаму му одекна гласот глув и потсмешлив:

—  Мавни се, Павел, да не ти ја скршам главата! Јас се шегувам, мајче, не верувајте! Еве, ќе го стоплам самоварот. Да! Јагленот ни е... влажен, по ѓаволите со него!

Замолче. Кога мајката дојде во кујната, тој седеше на душемето, распалувајќи го самоварот. Не гледајќи ја, Хохолот пак почна:

—  Не плашете се — не го гибам! Мек сум! Како варена репа! И јас ... еј ти, јунак, не слушај — и јас го сакам! Но не го сакам неговиот елек! Видете, облекол нов елек и тој многу му се допаѓа, та сега се перчи и секого го турка: а погледнете каков е мојот елек! Добар е — се разбира, но — зошто се турка? И без тоа е тесно.

Павел се насмевна и праша:

—  Ќе брбориш ли уште долго? Една молитва ми прочита — доста, е!

Седејќи на душемето Хохолот ги испружи нозете од двете страни на самоварот и гледаше во него. Мајката стоеше крај вратата со нежниот и тажен поглед сопрен на тркалестиот тил на Андреј и на неговиот долг, подведнат врат. Телото го имаше зафрлено назад, се потпрел со рацете на душемето, погледнал во мајката и во синот со очите малку поцрвенети и, клепкајќи, тивко рече:

—  Добри луѓе сте вие — да!

Павел се наведна и го фати за рака.

—  Не тргај! — глуво рече Хохолот. — Така ќе ме кутнеш ...

—  Што се срамите — разнежено рече мајката. — Бакнете се, прегрнете се силно, силно ...

—  Сакаш ли? — праша Павел.

—  Можам! — одврати Хохолот и потстана.

Силно се прегрнаа и за момент како да замреа — две тела, една душа распламенета од чувство на другарство.

На мајката низ образите и потекоа солзи на олеснување. Бришејќи ги, збунето рече:

—  Бабата сака да плаче — плаче од јад, а плаче и од радост ...

Хохолот со благо движење го турна Павела настрана и исто, бришејќи ги со прстите очите, рече:

— Доста! Се избодиле телињата — треба да ги навреме на ражен! А овој ѓаволски јаглен! Дував, дував, — си ги нарасив очите...

Павел со наведната глава седна крај прозорецот и рече:

—  За такви солзи не треба срам...

Мајката му се приближи и седна крај него. Срцето, топло и нежно, и се исполни со бодро чувство. Се чувствуваше тажна, но некако пријатно и спокојно.

—  Јас ќе ги соберам садовите — вие само седете, мајче! — рече Хохолот одејќи во одајата. — Починувајте! Ви го намачивме срцето...

И од одајата одекна неговиот мелодичен глас:

—  Во овој момент прекрасно го почувствувавме животот — вистински човечки живот!...

—  Да! — рече Павел погледнувајќи во мајката.

—  Сè стана поинакво! — одговори таа. — Жалоста е поинаква, радоста — поинаква ...

—  И така треба да биде! — зборуваше Хохолот. — Оти расте новото срце, мајчице моја мила, новото срце расте во животот. Човекот оди и го осветлува животот со пламенот на разумот и вика, повикува: — Еј вие, луѓе од сите земји, обединете се во една фамилија — и на неговиот повик сите срца се сврзуваат со своите здрави делови во едно огромно срце, силно и ѕвонливо како сребрена камбана ...

Мајката грчовито ги стегаше усните само да не затреперат и силно ги стисна очите, само да не се расплачат.

Павел ја крена раката, сакаше нешто да рече, но мајка му го фати за другата рака и го тргна надолу со шепот:

—  Не пречи ми ...

—  Знаете ли? — продолжи Хохолот стоејќи крај вратата. — Уште многу зло има пред луѓето, уште многу крв ќе се исцеди од нив. Но сето тоа, целото лошо и крвта моја — е малечка цена за она што веќе е во моите гради, во мојот мозок. Јас веќе сум богат како ѕвезда со зраци — сè ќе поднесам и сè ќе претрпам — затоа што — во мене има радост која никој, ништо, никогаш не ќе ја убие! Во таа радост е — силата!

Пиеја чај и седеа околу масата до полноќ, водејќи срдечен разговор за животот, за луѓето и за иднината.

И кога мислата и стана јасна, мајката, со воздишка земаше што било од своето минато секогаш тешко и грубо, и со тој камен од своето срце ја зацврстуваше таа мисла.

Во топлиот порој на разговорот, нејзиниот страв сега опаѓаше, се чувствуваше онака како тогаш кога татко и’ сурово и’ рече:

—  Што се кривиш? Си нашла будала да те земе за жена — оди! Сите девојки се мажат, сите жени раѓаат деца, на сите родители децата им се — невола! Зарем не си и ти — човек?

По тие зборови пред себе го догледа патот што не може да го одмине и што немо се спростира околу пустото и мрачно место. И неизбежноста што мора да тргне по тој пат градите и ги исполни со слеп мир. Така и сега. Но насетувајќи дека доаѓаат нови зла, на некого во себе му велеше:

—  На ви, земете!

Тоа и’ ја олесни тивката болка на срцето која потреперувајќи и пееше во душата како растегната жица.

И во длабочината на душата, вознемирена од тажно очекување, сјаеше надежта, слаба но постојана, дека нема да и’ земат сè, не ќе го ограбат! Барем нешто ќе остане ...