XXVIII

На крајот од улицата — мајката виде — затворајќи го излезот на плоштадот, стоеше сив ѕид од еднолични луѓе без лице. Над рамената на секој од нив студено блескаа острите, танки линии на штиковите. И од тој ѕид, молчелив, неподвижен, кон работниците вееше студенина, таа се опираше во мајчините гради, и проникнуваше во срцето.

Таа се пикна во народот, таму, каде што нејзе познатите луѓе кои стоеја напред до знамето се слеваа со непознатите, како да се навалуваат на нив. Таа цврсто се прилепи со страната до високиот, избричен човек кој беше куц и силно ја имаше искривено главата за да гледа.

—  Што ти? Чија си? ... — праша тој.

—  Мајката на Павел Власов! — одговори таа чувствувајќи дека колената и’ треперат и дека долната усна и се спушта сама од себе.

—  А ха! — рече куциот.

—  Другари! — зборуваше Павел. — Цел живот напред — немаме друг пат!

Стана тивко, замолчано. Знамето се поткрена, се завеа и бранувајќи се замислено над главите на луѓето, полека се движеше кон сивиот војнички ѕид. Мајката затрепере, ги покри очите и офна — Павел, Андреј, Самојлов и Мазин, вкупно тие четворица се одделија од народот.

Но во воздухот полека затрепери јасниот глас на Феѓа Мазин:

—    Вие паднавте жртви ...— запеа тој.

Во борбата ... судбоносна ...

—  со две тешки воздишки се одѕваа ниски, понижени гласови. Луѓето пречекорија напред ситно удирајќи со нозете по земјата. И потече нова песна решителна и цврста.

—  И дадовте сè ... Што можевте, за него ... —  како светла лента се извиваше гласот на Феѓа...

—  За слободата... —  заедно пееја другарите.

—  Аха-а! — злобно извика некој отстрана. — Помен запеаја, кучешки синови!...

—  Удри го! — се разнесе налутен извик.

Мајката се фати со рацете за гради, се сврте и виде дека народот, кој порано толку густо ја исполнуваше улицата, стои нерешително, се премислува и гледа како од него се одделуваат луѓето со знамето. По нив одеа неколку десетини и секој чекор напред по некого ќе натераше да се тргне настрана како да беше патот кон средината на улицата вжештен и како да им ги палеше табаните.

—  Ќе се сруши самоволието ... — претскажуваше песната во устата на Феѓа...

—  И ќе се крене народот!... — убедено и заплашувачки се одѕиваше хор од силни гласови.

Но низ хармоничниот тек на песната продираа тивките зборови:

—  Командува ...

—  Готовс! — се разнесе напред остар извик.

Во воздухот кружно се завиорија штиковите, се спуштија и се навртеа кон знамето смешкајќи се итро.

—  Ма-арш!

—  Тргна — рече куциот и откако ги пикна рацете во џебовите, со крупни чекори се тргна настрана.

Мајката не мигнувајќи гледаше. Сивиот куп војници се помести и растегнувајќи се пред целата широчина на улицата, тргна одмерено, студено, носејќи го пред себе реткиот чешел на сребренесто-светликавите челични запци. Мајката со крупни чекори застана поблизу до синот, виде како Андреј исто така пречекори пред Павела и го засолни со својата висока става.

—  Оди напоредно, другар! — остро викна Павел.

Со рацете зафрлени на грбот, со крената глава пееше Андреј. Павел го турна со рамото и повторно викна:

—  Напоредно! Немаш право! Напред — знамето!

—  Одби! — со танок глас врескаше малото офицерче размавнувајќи со белата сабја. Нозете ги креваше високо и, не превиткувајќи ги во колената, задирливо удираше со топуците по земја. На мајката и паднаа в очи неговите сјајно светнати чизми.

А отстрана и малку зад него тешко чекорише висок, избричен човек, со дебели побелени мустаќи, во долг сив шинел со црвена постава и жолти лампаси на широките ногавици. Тој исто како Хохолот ги држеше рацете на грбот, густите, побелени веѓи му беа високо кренати и го гледаше Павела.

Мајката виде неизмерно многу, во градите неподвижно и застана гласен вик готов да се откине од неа со секој здив, ја давеше, но таа сепак го задржуваше фаќајќи се со рацете, за градите. Ја туркаа, таа се нишаше на нозе и одеше напред без мисли, речиси без свест. Чувствуваше дека зад неа луѓето се се помалку, студениот бран одеше право на нив и ги растураше.

Сè повеќе се приближуваа луѓето со црвеното знаме и цврстиот синџир сиви луѓе, јасно се гледаше лицето на војниците, раширено преку целата улица, нагрдено сплескано во калливо-жолта тесна линија — во која онде-овде беа закачени разнобојни очи, а пред неа сурово светкаа танките врвови на штиковите. Упатени кон градите на луѓето тие, уште недопрени до нив, отсечуваа еден по еден од купот разбивајќи го.

Мајката го чу зад себе топотењето на бегалците. Задавени, потплашени гласови довикнуваа:

—  Одете си, момци ...

—  Власов, бегај!...

—  Назад, Павлуша!

—  Фрли го знамето, Павел! — мрачно рече Вјесовшчиков. — Дај го ваму да го скријам!

Тој со рака го дофати копјето, знамето се навали назад.

—  Остави! — викна Павел.

Николај ја тргна раката како да се опекол. Песната згасна. Луѓето застанаа, тесно се собраа околу Павела, но тој се проби напред. Настапи молчење, одеднаш нешто невидливо како да се спушти одозгора и ги опфати луѓето како проѕирен облак.

Под знамето стоеја не повеќе од дваесетина души, но цврсто стоеја додека мајката со нив ја сврзуваше чувството на страв за нив и немирната желба да им каже макар што ...

—  Одземете му го тоа, поручниче! — се чу решителниот глас на високиот старец.

Подавајќи ја раката, покажа на знамето.

На Павела му прискокна малото офицерче, се фати со раката за копјето и пискотливо свика:

—  Фрли го!

—  Истави ги рацете! — гласно рече Павел.

Црвеното знаме потреперуваше во воздухот нишкајќи се надесно и налево и пак се исправи — офицерчето отскокна, падна на земја. Крај мајката необично брзо се провлече Николај, подавајќи ја пред себе стегнатата тупаница.

—  Фатете ги! — се развика старецот удирајќи со ногата в земја.

Неколку војници истрчаа напред. Еден од нив замавна со кундакот — знамето затрепере, се наведна и се изгуби во сивиот куп војници.

—  Ех! — тивко извика некој.

И мајката вресна со ѕверски, завивачки звук. Но во одговор од купот војници и достигна јасниот глас на Павела:

—  Довидување, мамо! Довидување, мила ...

—  Жив! Се сети! — двапати затрепере срцето на мајката.

—  Довидување, мајчице моја!

Таа поткревајќи се на прсти, размавтувајќи со рацете, се трудеше да ги види. И над војничките глави го забележа тркалестото лице на Андреј — тоа се смешкаше и и се поклонуваше.

—  Милиот мој ... Андрјуша! ... Паша! ... — извикуваше таа.

—  Довидување, другари! — извикаа од купот војници.

Им одговори многукратно, испокинато ехо. Тоа одекнуваше од прозорците, од некаде одозгора, од покривите.