XI

Целиот следен ден мајката го мина во загриженост готвејќи го закопот, а вечерта, кога таа, Николај и Софија пиеја чај, дојде Сашенка необично вревна и жива. На образите и гореше руменило, очите весело и светеа, целата, и се чинеше на мајката, беше исполнета со некоја радосна надеж. Нејзиното расположение остро и бурно навлегуваше во тажниот тон на спомените за покојниот и не слевајќи се со него, ги вознемири и ги заслепи сите — како пламен што неочекувано ќе избувне во темнината. Николај, замислено тропајќи со прстите по масата, рече:

—  Денеска не личите на себеси, Саша...

—  Да? Можеби! — одговори таа и се расмеа со среќно смеење.

Мајката ја погледна молчешкум и со прекор, а Софија, нагласувајќи, забележа:

—  А ние зборуваме за Егор Иванович ...

—  Колку прекрасен човек, зарем не? — извика Саша. — Јас не сум го видела без насмевка на лицето, без шега. И колку работеше! Тој беше — уметник на револуцијата, владееше со револуционерната мисла како голем мајстор. Со каква едноставност и сила секогаш ги сликаше лагата, насилието, неправдите.

Зборуваше полека, со замислена насмевка во очите, но таа насмевка не го гаснеше пламенот на ликувањето во нејзините очи што на никому не му беше разбирлив, но за сите беше очигледен.

Ним не им се сакаше да го заменат тажното расположение поради мртвиот другар со чувството на радост што го внесе Саша и несвесно го бранеа своето тажно право да му се предадат на болот. И неволно се трудеа девојката да ја воведат во кругот на своето расположение...

—  И, ете, умре! — гледајќи ја внимателно и упорно рече Софија.

Саша ги погледна со брз, прашален поглед, мрштејќи ги веѓите. И наведнувајќи ја главата, замолче и со лесно движење ја поправи косата.

—  Умре! — по пауза гласно рече и повторно им фрли предизвикувачки поглед. — Што значи — умре? Што умре? Зарем умре моето почитување кон Егора, мојата љубов кон него, кон другарот, споменот за работата на неговата мисла, зарем таа работа умрела, ги снема ли чувствата што тој ги предизвикуваше во моето срце, зарем е разбиена претставата за него како за јуначен, чесен човек? Зарем сето тоа умрело? Тоа никогаш за мене нема да умре, знам. Мене ми се чини дека премногу брзаме за да речеме за човека — умре. „Мртва е устата негова, но зборот вечно нека живее во срцата на живите!“

Возбудена, таа повторно седна до масата, се налакти на неа и потивко, позамислено, со насмевка, продолжи да ги гледа другарите низ замаглените очи.

—  Можеби зборувам глупаво но — верувам, другари, во бесмртноста на чесните луѓе, во бесмртноста на оние кои ми дадоа среќа за да живеам со тој прекрасен живот со кој живеам и кој радосно ме опијанува со својата чудна сложеност, со разновидноста на појавите и со ширењето на идеите што ми се мили како роденото срце. Ние, можеби, сме премногу штедливи во трошењето на своите чувства, многу живееме со мислата и тоа донекаде не расипува, оценуваме, а не чувствуваме...

—  Вам ви се случило нешто убаво? — ја праша Софија насмевнувајќи се.

—  Да! — потврдувајќи со главата рече Саша. — Ми се чини нешто многу добро! Цела ноќ разговарав со Вјесовшчиков. Порано не му обраќав внимание, ми се чинеше груб и мрачен. Таков и беше, несомнено. Во него живееше неподвижно, мрачно незадоволство од сешто, секогаш отепувачки тешко се ставаше себеси во центарот на сешто и грубо, пакосно велеше — јас, јас, јас! Во тоа имаше нешто малограѓанско, нешто што предизвикува лутина.

Се насмевна и повторно ги погледна сите со светол поглед.

—  Сега тој вели — другарите! И треба да се чуе како тој тоа го вели. Со некоја вџашена, блага љубов— тоа не може да се искаже со зборови! Станал необично едноставен и искрен, преполн со желба на работи. Се нашол себеси, ја согледал својата сила, знае што нема во него и, што е главно, во него се родило вистинско другарско чувство...

Власова го слушаше зборувањето на Саша и и беше мило што секогаш суровата девојка сега ја гледа мека, весела. Но во исто време длабоко во душата и се пораѓаше љубоморна мисла:

—  Ами Паша? ...

— Вјесовшчиков — продолжуваше Саша — целиот е опфатен од мисли за другарите и, знаете ли, во што ме уверуваше? Во неодложната потреба да им се уреди да побегнат — да! Тој вели дека е тоа многу просто и лесно...

Софија ја поткрена главата и живо рече:

—  А што велите вие, Саша? Добра мисла!

Чашата со чај во раката на мајката затрепере, Саша ги набра веѓите, ја сопре својата живост, помолче и со сериозен глас, но со весела насмевка збунето одговори:

—  Ако всушност е се така како што вели тој — треба да се потрудиме! Тоа ни е должност! ...

Таа поцрвене, седна на столот, замолче.

—  Мила моја, мила! — насмевнувајќи се мислеше мајката. Софија исто така се насмевна, а Николај гледајќи ја Саша меко, тивко се расмеа. Тогаш девојката ја крена главата, остро погледна по сите и бледа, молскајќи со очите суво, навредено рече:

—  Вие се смеете, — ве разбирам... Сметате дека сум лично заинтересирана?

— Та зошто, Саша? — итро праша Софија станувајќи и приближувајќи и се. Тоа прашање на мајката и се стори одвишно и навредливо за девојката, воздивна и, поткревајќи ја веѓата, прекорно ја погледна Софија.

—  Но — јас откажувам! — извика Саша. — Јас нема да земам удел во решавањето на прашањето, ако расправате за тоа ...

—  Престанете, Саша! — мирно рече Николај.

Мајката исто така и се приближи и внимателно наведнувајќи се ја погали по главата. Саша ја зеде за рака и поткревајќи го поцрвенетото лице вџашено погледна во мајката. Таа се насмевна и не наоѓајќи што би и рекла на Саша, тажно воздивна. А Софија седна на столот покрај Саша, ја прегрна и загледувајќи и се со љубопитна насмевка во очите, рече:

—  Чудни сте вие! ...

—  Да, ми се чини дека направив глупост...

—  Како можете да помислите... — продолжи Софија. Но Николај деловно и сериозно ја прекина:

—  За организирањето на бегање, ако тоа е можно, — не може да има две мислења. Но пред се — треба да знаеме дали го сакаат тоа затворените другари...

Саша ја наведна главата.

Софија, палејќи цигара, го погледна брата си и со широко движење го фрли чкорчето некаде во аголот.

—  Како не ќе сакаат! — воздивнувајќи рече мајката. — Само не верувам дека тоа е можно...

Сите молчеа, а таа очекуваше да чуе уште нешто за можноста на бегството.

—  Морам да го видам Вјесовшчиков! — рече Софија.

—  Утре ќе ви кажам кога и каде! — полека одговори Саша.

—  Што ќе работи тој? — праша Софија преминувајќи преку одајата.

—  Решија да го наместат за слагач во новата печатница. А дотогаш ќе поживее кај шумарот.

Веѓите на Саша се намрштија, лицето и доби обичен, суров израз, гласот суво и ѕвонеше. Николај пријде кон мајката, и ја зеде чашата и рече:

—  Вие задутре ќе одите на виѓавање — и така на Павела треба да му се предаде една белешка. Разбирате? — потребно е да се знае...

—  Разбирам, разбирам! — брзо одговори таа. — Ќе му ја предадам ...

—  Јас одам! — изјави Саша и брзо, молчешкум ракувајќи се со сите, чекорејќи некако цврсто, излезе права и сува.

Софија ги положи рацете на рамената на мајката и, нишајќи ја на столот, со насмевка ја праша:

—  Дали би сакале ваква ќерка, Ниловна? ...

—  О, господе! — да можам само еден ден да ги видам заедно! — извика Власова готова да заплаче.

—  Да, малку среќа — тоа е добро за секого! — тивко забележа Николај. — Но нема луѓе кои би сакале малку среќа. — А кога ја има многу — евтина е...

Софија седна до клавирот и почна да свири нешто тажно.