XVI

Кон масата луѓе доаѓаше полицискиот писар, висок, крупен човек со тркалезно лице. Капата му беше накривната, еден од засуканите мустаќи му беше кренат нагоре, а другиот му беше наведнат надолу, та поради тоа лицето му изгледаше криво, нагрдено од тапа, мртва насмевка. Во левата рака ја држеше сабјата, а со десната широко размавнуваше низ воздухот. Се слушаа неговите тешки и цврсти чекори. Луѓето се растргнуваа пред него. На лицата на луѓето се појави нешто невесело, вревата полека стивнуваше, спласнуваше како да потонува в земја. Мајката чувствуваше дека кожата на челото и трепери и дека очите и стануваат врели. И се присака пак да отиде во купот луѓе, се наведна напред и замре во тој напнат став.

—  Што е тоа? — праша полицискиот писар застанувајќи спроти Рибина и мерејќи го со очите. — Зошто не му се врзани рацете? Стражари! Да се врзе!

Гласот му беше висок и ѕвонлив, но безизразен.

—  Врзани беа, — народот му ги одврза! — одговори еден од стражарите.

—  Што? Народот? Кој народ?

Писарот ги погледна луѓето кои во полукрут стоеја пред него. И со истиот тој едноличен, безбоен глас којшто ниту се креваше ниту се спушташе, продолжи:

—  Кој е овде — народ?

Го удри синоокиот селанец со балчакот в гради.

—  Ти ли си народ, Чумаков? Де, кој е уште? Да не си ти, Мишин?

И тргна некого со десната рака за брада.

—  Разотидувајте се, неранимајковци! ... Инаку јас— ќе ви покажам јас вам!

Во гласот и на лицето немаше лутина, ниту заплашување, зборуваше мирно и луѓето ги тепаше со еднолично движење на силните, долги раце. Луѓето отстапуваа пред него наведнувајќи ги главите, вртејќи ги лицата настрана.

—  Но, а вие што? — им се обрна на стражарите.

—  Врзете го!

Цинично опцу, го погледна Рибина повторно и гласно му рече:

—  Рацете назад, — ти!

—  Не сакам да ми ги врзувате рацете! — рече Рибин. — Немам намера да бегам ниту да се тепам — зошто да ме врзувате?

—  Што? — праша писарот приближувајќи му се.

—  Доста сте го мачеле народот, ѕверови! — со уште посилен глас продолжи Рибин. — Скоро и вам ќе ви дојде црниот петок ...

Писарот стоеше и го гледаше мрдајќи со мустаќите. Потоа се тргна настрана за еден чекор и со пискотлив глас изненадено запеа:

—  Аа-ах, кучкин сине! Ка-акви зборови се тие?

И одеднаш брзо и силно го удри Рибина по лицето.

—  Со тупаница вистината не ќе ја отепаш! — извика Рибин приближувајќи му се. — И немаш право да ме тепаш, куче краставо!

—  Немам? Јас? — натегнато испиште писарот.

И повторно замавна со раката да го удри Рибина по глава. Рибин се наведна, раката не го зафати и писарот, занесувајќи се, одвај се додржа на нозете. Во купот некој се расмеа и повторно се зачу гневниот извик на Михаил:

—  Не смееш, велам, да ме тепаш, сотоно!

Писарот се огледа — луѓето намрштено и молчешкум беа збрани во тесен, мрачен обрач ...

—  Никита! — силно повика писарот огледувајќи се. — Еј, Никита!

Од купот излезе широкоплеќест, снизок селанец во кус кожув. Гледаше в земја наведнувајќи ја големата, влакнеста глава.

—  Никита! — сучејќи го мустаќот и без да брза рече писарот. — Залепи му шлаканица — но добра!

Селанецот пречекори напред, застана пред Рибина, ја крена главата. Право в лице Рибин му фрли тешки, вистински зборови.

—  Ете, гледајте, луѓе, како ѕверовите ве дават со вашите сопствени раце! Гледајте, мислете!

Селанецот полека ја крена раката и мрзеливо го удри по главата.

—  Зарем така, кучешки сине?! — извика писарот.

—  Еј, Никита! — тивко се јавија од купот. — Не заборавај го бога!

—  Удри, кога ти велам! — рикна писарот удирајќи го селанецот по вратот.

Селанецот пречекори настрана и намуртено рече наведнувајќи ја главата:

—  Не сакам повеќе ...

—  Што?

Лицето на писарот затрепере, затупка со нозете и пцуејќи се нафрли на Рибина. Ударот тапо одекна, Михаил се заниша, замавна со раката, но со вториот удар писарот го кутна на земја и потскокнувајќи наоколу, со викотници почна да го тепа Рибина со нозете в гради, в слабини, по главата.

Народот непријателски завреви, се разбранува, навали на писарот; тој го забележа тоа, отскокна и ја извади сабјата од кориците.

—  Зарем така? Се бунтувате? А-а? ... Види ги ти нив?

Гласот му затрепери, писна и како да се прекрши, загргори. Заедно со гласот одеднаш ја изгуби силата, ја собра главата во рамениците, се наведна и џарејќи се околу себе, со празни очи почна да отстапува внимателно испитувајќи ја со нозете земјата зад себеси. Отстапувајќи, тој зарипнато и вознемирено врескаше:

—  Добро! Земете го, јас одам — де — сега? Знаете ли вие, проклети неранимајковци, дека тој е политички виновник, оди против царот крева бунтови, знаете ли? А вие го браните, а? И вие ли сте бунтовници? А ха-а!...

Мајката не мрдајќи, не трепнувајќи, без сила и мисли стоеше како во тежок сон притисната од страв и жал. Во главата како бумбари и ѕунеа навредените, тажни и налутени извици на луѓето, трепереше гласот на писарот, нечии шепоти шумеа...

—  Ако е крив — судете го! ...

—  Помилувајте го, ваше благородие ...

—  Што вие, на своја рака, без закон? ...

—  Зарем е можно? Ако почнат сите така да тепаат— што ќе биде?...

Луѓето се поделија на два дела — едните се собраа околу писарот, викаа и го наговоруваа, другите, помалкуте, останаа околу истепаниот и тапо, мрачно мрмореа. Неколкумина го кренаа од земја и стражарите повторно сакаа да му ги врзат рацете.

—  Чекајте, ѓаволи! — им викаа.

Михаил ја бришеше калта и крвта од лице и брадата и молчеше огледувајќи се. Погледот му се слизна по лицето на мајката — таа се тргна правејки движење кон него, неволно одмавна со раката — но тој се сврте. По неколку минути очите пак му се задржаа на нејзиното лице. Нејзе и се стори — дека се исправил, ја поткренал главата, дека раскрвавените образи му затреперија ...

—  Ме позна — можно ли е да ме познал? ...

И му одмавна со главата потреперувајќи од невесела и плашлива радост. Но веднаш потоа забележа дека до него седи синоокиот селанец и исто ја гледа. Нејзиниот поглед за момент и ја разбуди свеста за опасност...

—  Што правам јас? Та и мене можат да ме фатат!

Селанецот нешто му рече на Рибина, но тој веднаш одмавна со главата и со растреперен глас, но јасно и силно, проговори:

—  Ништо! Не сум јас единствениот на земјата — сета вистина не можат да ја испофаќаат! Каде што бев јас, таму ќе останат спомени за мене, — ете! Макар што го растурија седелото, иако таму нема повеќе пријатели — другари ...

—   Тоа за мене го вели! — брзо сфати таа.

—  Ќе дојде ден кога орлите ќе излетаат на слобода, — ќе се ослободи народот!

Некоја жена донесе ведро вода и воздивнувајќи и офкајќи почна да му го мие лицето на Рибина. Нејзиниот танок, жален глас се мешаше со зборовите на Михаил и на мајката и пречеше да ги разбере. Пријде кон купот селани кои беа со писарот, некој, гласно викаше:

—  Дајте кола за апсениот, еј! Кој е на ред?

Потоа се чу гласот на писарот, но нов и чиниш навреден:

—  Јас тебе можам да те удрам, а ти мене не можеш, не смееш — глупаку!

—  Така! А кој си ти — господ? — извика Рибин. Нескладен и потивок бран од извици му го заглуши гласот.

—  Не инати се, чичко! Тоа е — власт!...

—  Не лутете се, ваше благородие! Човекот не е на себе...

—  Та молчи, занесенко!

—  Ете, сега в град ќе те однесат...

—  Таму повеќе закон има!

Извиците на купот ѕвонеа смирувачки, молежливо, се слеваа во нејасно шумење, се во него беше безнадежно, жално. Стражарите под раце го однесоа Рибина на скалите од општината, ги снема зад вратата. Селаните полека се растурија по плоштадот, мајката забележа дека синоокиот доаѓа право кон неа и ја гледа под око. Нозете во колената и затреперија — тажно чувство ја касна за срце предизвикувајќи гадење.

—  Не треба да одам! — помисли таа. — Не треба!

И држејќи се силно за оградата од скалите, очекуваше.

Писарот, стоејќи на скалите од општината, зборуваше мавтајќи ги рацете со прекорен, пак безбоен, бездушен глас:

—  Вие будали, кучешки синови! Ништо не разбирате, а влегувате во таква работа — во државна работа! Животни! Треба да ми заблагодарите и до нозете да ми се поклоните за мојата добрина! Да сакам — сите ќе одите на робија ...

Дваесетина селани стоеја со симнати капи и слушаа. Се смрачуваше, облаците се спуштаа пониско, Синоокиот се приближи до скалата и воздивнувајќи рече:

—  Ете, така ти е кај нас...

—  Да-а — тихо се одзва таа.

Тој ја погледна и отворено ја праша:

—  Со што се занимавате?

—  Тантели купувам од жените, и платно...

Селанецот полека ја погали брадата. Потоа, гледајќи кон општината, со здодевност и тивко рече:

—  Тоа кај нас не се наоѓа...

Мајката го погледна од главата до петиците и очекуваше момент кога ќе биде згодно да се врати во собата. Лицето на мужикот беше замислено, убаво, очите тажни. Плеќест и висок, тој на себе имаше кафтан целиот покриен со крпи, носеше чиста цицана кошула, беше со црвеникави, селански платнени панталони, со опинци на босите нозе.. .

Мајката воздивна како да симнала некој товар. И одеднаш, под притисокот на претчувството што и претходеше на нејасната мисла, неочекувано за самата неа, го праша:

—  А дали можам да спијам кај тебе?

Праша — а се во неа се затегна силно, мускулите, коските. Се исправи гледајќи го селанецот право в очи. Во главата брзо и се меткаа бодливи мисли:

—  Ќе го пропастам Николај Иванович. Паша не ќе го видам — долго! Ќе ме претепаат!

Гледајќи в земја и не брзајќи, селанецот, поднаместувајќи го кафтанот на градите, одговори:

—  Да спиете? Можете — зошто да не? Само одајата не ми чини ...

—  Не сум разгалена!—не мислејќи одговори мајката.

—  Можете! — повтори селанецот мерејќи ја со испитувачки поглед.

Веќе се смрачуваше и во самракот очите му светкаа студено, лицето му изгледаше премногу бледо. Мајката, како да се симнува од рид, тивко рече:

—  Значи, јас сега ќе дојдам — а ти, земи го мојот куфер ...

—  Добро.

Тој ги крена рамената и, повторно поднаместувајќи го кафтанот, тивко проговори:

—  Еве — доаѓа колата ...

На скалите се појави Рибин, рацете повторно му беа врзани, главата и лицето завиткани со нешто сиво.

— Збогум, добри луѓе! — ѕвонеше неговиот глас во студениот вечерен самрак. — Барајте ја вистината, чувајте ја, верувајте му на човекот што ви донесува чист збор, себеси не жалајте се заради вистината! . . .

—  Молчи, кучиште! — извика од некаде гласот на писарот. — Стражар, терај ги коњите, будала!

—  Што да жалите? Каков ви е животот?

Колата тргна. Седејќи на неа со двајца стражари од страните, Рибин глуво викаше:

—  Зошто гинете во глад? Погрижете се за слободата, таа ќе ви даде и леб и вистина, — збогум, добри луѓе! ...

Забрзаното тропање на тркалата, тупотот на коњите, гласот на писарот, го надвија неговото зборување, го сопнаа, го задавија.

—  Свршено е! — рече селанецот откако одмавна со главата и, обрнувајќи и се на мајката, полека продолжи: — Вие почекајте на станица, — јас малку попосле ќе дојдам ...

Мајката влезе во собата, седна на масата пред самоварот, зеде парче леб, го погледна и полека пак го остави во чинијата. Не можеше да јаде, под градите повторно пак и се ширеше чувството на гадење. Непријатна горештина и ја одземаше силата цицајќи и крв од срцето и удирајќи и в глава. Пред неа стоеше лицето на синоокиот селанец — чудно, некако безизразно, не предизвикуваше доверба. Се бранеше од отворената помисла дека ќе ја предаде, но таа мисла веќе никна во неа и тешко и го притискаше срцето тапо и неподвижно.

—  Ме забележа! — мрзеливо и без сила помислуваше. — Ме забележа — се сети...

А понатаму мислата не се развиваше, тонеше во тешка мака, во непријатно чувство на гадење.

Тишината што настана во вревата, плашлива, притаена зад прозорците во селото, откриваше нешто потиснато и заплашено, во градите го зголемуваше чувството на осаменост полнејќи ја душата со самрак сив и мек како пепел.

Влезе девојчето и, откако застана на вратата, праша:

—  Кајгана да донесам ли?

—  Не треба. Веќе не ми се сака, ме исплашија со викањето.

Девојчето се приближи кон масата возбудено, но тивко прикажувајќи:

—  Како тепаше писарот! Стоев близу, видов, сите заби му ги искрши, — плука, а крвта густа, густа, темна!... Очи скоро нема! Катранџија е тој. Наредникот таму кај нас лежи, нацврцкан и постојано бара уште вино. Вели — цела чета биле, а овој, брадестиот, најстар, сигурно главатар. Тројца фатиле, а еден побегнал, така се слуша. И учителот го фатија исто со нив. Во бога не веруваат и други наговараат црквите да ги грабаат, ете какви се! А нашите селани — има што го пожалија тој човек, а другите велат — требаше да го дотепаат! Кај нас има такви лоши селани — ај-ај!

Мајката внимателно го слушаше брзото прикажување без врска, трудејќи се да го задави својот немир, да го растера тажното очекување. А девојчето сигурно задоволно поради тоа што го слушаат, задавувајќи се во зборувањето, снижувајќи го гласот, брбореше со уште поголема живост:

—  Тате вели — сето тоа е поради нероднава година! Еве втора година како кај нас земјата не раѓа, се намачила? Сега поради тоа се намножиле такви селани — несреќа! Викаат на соборите, се тепаат. Оној пат кога поради неплатениот данок се распродаваше имотот на Васјуков, како ли го лупна кметот по муцка. Ете ти ги моите неплатени даноци, вели .. .

Зад вратата се чуја тешки чекори. Потпирајќи се со рацете на масата, мајката се поткрена на нозе ...

Влезе синоокиот селанец и, не симнувајќи ја капата, праша:

—  Каде ти е багажот?

Како ништо го крена куферот, го затресе и рече:

—  Празен! Марјка, однеси ја дојденката до мојата куќа.

И отиде не огледувајќи се.

—  Овде ли ќе спиете? — праша девојчето.

—  Да! Дојдов по тантели, купувам тантели...

—  Кај нас не плетат! Тоа има во Тинково, во Дарјина, а кај нас — нема! — објасни девојчето.

—  Утре јас таму ...

Откако му плати на девојчето за чајот, му даде три копејќи и со тоа многу го израдува. На улица, шлапкајќи брзо со босите нозе по влажната земја, девојчето зборуваше:

—  Сакате ли да претрчам до Дарјино и да им речам на жените да ви донесат тантели овде? Тие ќе дојдат та не ќе треба да одите таму. Дванаесет врсти е сепак...

—  Не треба, мила моја! — одговори мајката чекорејќи крај неа. Студениот воздух ја освежи и нејзе полека и никнеше нејасно решение. Неопределено, но и како да ветува нешто, тоа никнеше полека и жената, сакајќи да го забрза, постојано се прашуваше себеси:

—  Како да постапам? Ако право, по совест...

Беше мрачно, влажно и студено. Нејасно светкаа прозорците на куќичките со црвеникава, неподвижна светлина. Во тишината дремливо мукаше добитокот, се слушаа куси подвикувања. Мрачна, задавена замисленост го имаше прекриено селото ...

—  Тука, — рече девојчето. — Лошо преноќевалиште сте избрале, — многу е сиромав овој селанец...

Таа ја набара вратата, ја отвори и живо викна во куќата:

—  Тетко Татјано!

И си отиде. Од мракот долета нејзиниот глас:

—  Збогум!...