XXII

Во неделата, поздравувајќи се со Павела во канцеларијата на затворот, во својата рака осети топче од хартија. Затрепери како да и ја опали кожата на дланката, му погледна на синот в лице молежливо и прашално, но одговор не доби. Сините очи на Павела се насмевнуваа со обичната, нејзе позната насмевка, мирна и цврста.

—  Збогум! — рече воздивнувајќи.

Синот повторно и’ ја подаде раката и на неговото лице затрепери нешто нежно.

—  Збогум, мајко!

Таа чекаше не пуштајќи му ја раката.

—  Не грижи се, не лути се! — рече тој.

Тие зборови и упорната жубра на челото и’ одговорија:

—  Та што ти? — мрмореше таа наведнувајки ја главата. — Поради што...

И брзо излезе не гледајќи го за да не и ги забележи солзите во очите и треперењето на усните. Патем и се чинеше дека коските од раката во која силно го стиснала одговорот на синот ја болат и дека целата рака и натежнала како да ја удрил некој по рамо. Дома, откако му ја тутна белешката на Николај в рака, застана пред него и очекувајќи да ја отвори свитканата хартија, одеднаш повторно почувствува треперење на надеж. Но Николај рече:

— Се разбира! Еве што пишува: “Ние нема да избегаме, другари, не можеме. Никој од нас. Би го изгубиле почитувањето кон себеси. Обрнете внимание на селанецот кој беше неодамна уапсен. Тој го заслужува вашето внимание, достоен е да се помачите околу него. Нему овде му е многу тешко. Има секојдневни судирања со управата. Веќе имаше дваесет и четири часа тежок затвор. Него смртно ќе го измачат. Сите ние молиме за него. Утешете ја мојата мајка, бидете нежни кон неа. Објаснете и’, таа се ќе разбере.“

Мајката ја крена главата и тивко, со растреперен глас рече:

—  Та — што да ми објаснувате? Јас разбирам!

Николај брзо се сврте настрана, го извади шамичето, силно се исекна и промрморе:

—  Сум добил рема, гледате ли...

Потоа, засолнувајќи ги очите со рацете за да ги поднамести очилата и шетајќи низ собата, рече:

—  Видете, сепак не би успеале ...

—  Ништо! Нека ги судат! — велеше мајката со набрани веѓи, а во градите и се вовлекуваше влажна, маглена тага.

—  Еве, добив писмо од еден другар од Петроград ...

—  Та тој и од Сибир може да побегне... Може ли?

—  Се разбира! Другарот пишува — работата наскоро ќе биде готова, осудата е позната — сите ќе ги протераат. Гледате? Тие ситни никаквеци својот суд го претвораат во одвратна комедија. Разбирате ли — пресудата е донесена во Петроград, пред судењето ...

—  Оставете го тоа, Николај Иванович! — решително рече мајката. — Не треба мене да ме тешите, не треба да ми објаснувате. Паша нема да стори лошо. Попусто нема да се мачи ни себеси ни другите. Не! И мене ме сака, — да! Гледате ли — мисли за мене. Објаснете и, пишува, утешете ја, а? ...

Срцето брзо и’ тупкаше, а главата и’ се вртеше од возбуденост.

—  Вашиот син е — красен човек! — извика Николај преку обичајот гласно. — И јас многу го почитувам!

—  Знаете ли што, ајде да размислиме за Рибин!— предложи таа.

Во истиот момент сакаше да прави што било, да оди каде и да било, да оди се додека не постане.

—  Да, — добро! — одговори Николај шеткајќи по собата. — Би ни била потребна Сашенка ...

—  Таа — ќе дојде. Секогаш доаѓа оној ден кога јас се виѓавам со Паша ...

Николај замислено ја наведна главата, си ги поткаснуваше усните и ја сучеше брадата, потоа седна на диванот крај мајката.

—  Жалам — ја нема сестра ми...

—  Добро би било тоа да се нареди додека е таму Паша — нему ќе му биде пријатно! — велеше мајката.

Помолчеа и одеднаш полека и тивко мајката рече:

—  Не знам — зошто не сака? ...

Николај скокна на нозе, но се зачу ѕвончето. Брзо погледнаа еден во друг.

—  Таа е — Саша, — хм! — тивко рече Николај.

—  Како да и’ се каже? — исто така тивко праша мајката.

—  Да — а, знаете...

—  Жал ми е за неа, многу...

Ѕвонењето се повтори но потивко, чиниш оној пред вратата исто така се премислува. Николај и мајката станаа и заедно тргнаа, но на вратата од кујната Николај се тргна настрана велејќи:

—  Подобро — вие...

—  Не се согласува? — цврсто праша девојката кога мајката и ја отвори вратата.

—  Не.

— Знаев! — просто изговори Саша, но лицето и побледна. Таа го раскопча палтото и, повторно закопчувајќи две копчиња, се обиде да го соблече. Тоа не и тргна по рака. Тогаш рече:

—  Дожд, ветар — гадно! Здрав ли е?

—  Да.

—  Здрав и весел — полека рече Саша посматрајќи ја својата рака.

—  Пише Рибина да го ослободиме! — соопшти мајката не гледајќи ја девојката.

—  Зарем? Мене ми се чини — треба да го искористиме планот! — полека изговори девојката.

—  И јас така мислам! — рече Николај појавувајќи се на вратата. — Здраво, Саша!

Подавајќи му ја раката, девојката праша:

—  Во што е работата? Се сложуваат ли сите дека планот треба да успее?

—  А кој ќе организира? Сите се зафатени ...

—  Еве јас! — станувајќи брзо рече Саша. — Јас имам време.

—  Нафатете се! Но треба да се прашаат и другите ...

—  Добро, — ќе прашам! Веднаш ќе одам.

И повторно почна да се закопчува со сигурни движења на танките прсти.

—  Да се починевте! — и’ понуди мајката.

—  Не грижете се, не сум уморна ...

И откако молчешкум им ги стегна рацете, отиде повторно студена и сериозна

Мајката и Николај се приближија кон прозорецот, гледаа како девојката мина преку дворот и ја снема во вратата. Николај тивко свиркаше, седна до масата и почна нешто да пишува.

—  Ќе се зафати со оваа работа и ќе и’ биде полесно! — замислено и тивко рече мајката.

—  Да, се разбира! — се одзва Николај и, свртувајќи се кон мајката, со насмевка на доброто лице, праша: — А вас, Ниловна, ве одмина таа чаша. — Вие не сте знаеле за тага по љубениот човек?

—  Ех! — извика таа, одмавнувајќи со раката. — Каква тага е таа? Тоа беше само страв — да не ме омажат за овој или за оној.

—  И никој не ви се допаѓал?

Таа се замисли и одговори:

—  Не се сеќавам, драги мој. Како да не ми се допаѓал? Сигурно некој ми се допаѓал но — не се сеќавам!

Го погледна просто и со мирна тага заврши:

—  Мене мажот многу ме тепаше и сè што било пред него — некако се избришало од сеќавањето.

Тој се сврте кон масата, а таа за момент излезе од собата и кога се врати, Николај, нежно погледнувајќи во неа, проговори милувајќи ги своите спомени со тивките зборови полни со љубов:

—  А јас, видете, исто како и Саша, имав историја! Љубев девојка — беше извонредно создание, прекрасно. Кога имав дваесет години, ја запознав, и од тој момент ја сакам, и сега ја сакам, право да си кажам. Ја сакам исто — со целата душа, благодарно и за секогаш ...

Стоејќи крај него мајката му ги виде очите осветлени од топла и јасна светлина. Откако ги положи рацете на навлаката од столот, и на нив својата глава, гледаше некаде далеку и целото негово тело, мршаво и танко, но силно како да се стремеше напред како стебло на растение кон светлоста на сонцето.

—  Та што — оженете се! — го посоветува мајката.

—  О! Таа веќе пет години како е мажена ...

—  А што не сте го сториле тоа порано?

Откако размисли, тој одговори;

— Видете, кај нас се така некако одеше — таа в затвор — јас на слобода, јас слободен — таа в затвор или во прогонство. Тоа е многу слично на положбата на Саша, навистина! Најпосле ја пратија на десет години во Сибир, страшно далеку! Јас сакав да одам по неа. Но ми беше срам — и нејзе и мене. А таа таму се нашла со друг човек — мој другар, многу добро момче! Потоа побегнаа заедно и сега живеат во странство, да ...

Николај престана да зборува, ги симна очилата, ги протре, ги погледна стаклата спроти светлината и повторно почна да ги брише.

—  Ех, мили мои! — мавтајќи со главата и со љубов извика жената. И беше жал за него и нешто во него ја тераше истовремено да се насмевне со топла мајчинска насмевка. А тој ја промени позата, повторно го зеде перото в раце и почна да зборува обележувајќи го ритмот на своите зборови со замавнувања:

—  Фамилијарниот живот ја намалува енергијата на револуционерот, секогаш ја намалува! Деца, необезбеденост, потреба многу да се работи за леб. А револуционерот својата енергија треба да ја развива неуморно, се подлабоко и пошироко. Тоа го бара времето— ние секогаш мораме да одиме пред сите затоа што ние, работниците, сме повикани од силата на историјата да го урнеме стариот свет, да создадеме нов живот. Ако ние заостанеме подавајќи му се на уморот или занесени од блиската можност на некоја ситна победа — тоа е лошо, тоа е скоро предавство на делото. Нема никого со кого ние би можеле да одиме заедно, а за да не ја изопачиме нашата вера и никогаш не смееме да заборавиме дека нашата задача е — не ситни освојувања, туку само целосна победа.

Гласот му стана силен, лицето му пребледна, а во очите пламна обична, воздржана и секогаш еднаква сила. Повторно гласно заѕвони прекинувајќи го Николај насреде збор — беше дојдена Људмила, облечена во лесно палто што не одговара на времето и со образите поцрвенети од студ. Собувајќи ги искинатите галоши, таа со налутен глас рече:

—  Судењето е закажано — по една недела!

—  Вистина ли? — извика Николај од собата.

Мајката брзо тргна кон него не разбирајќи дали ја возбудува страв или радост. Људмила, одејќи крај неа, со својот снижен глас зборуваше иронично:

—  Вистина е! Во судот сосем отворено зборуваат дека пресудата веќе е готова. Но што е тоа? Владата се плаши нејзините службеници да не постапат благо со нејзините непријатели! Толку долго, толку усрдно ги развратува своите слуги и сè уште никако не е уверена во нивната готовност да бидат неранимајковци? ...

Људмила седна на диванот триејќи ги мршавите образи со дланките, во нејзините загасити очи гореше презир, гласот се погневно и ѕвонеше.

—  Попусто трошите барут, Људмила! — ја смируваше Николај. — Та тие не ве слушаат...

Мајката напнато го слушаше нејзиното зборување, но ништо не разбираше, неволно повторувајќи за себе едни исти зборови:

—  Судење — по една недела судење!

Таа одеднаш почувствува дека се приближува нешто неумоливо, нечовечки строго.