XXVI

Тоа што го зборуваше синот за неа не беше ново, ги знаешо таа тие мисли, но првпат овде, пред судот ја почувствува чудната, привлечна сила на неговата вера. Ја восхити Павеловиот мир, неговиот говор и се слеа во градите во ѕвездолична, сјајна грутка на цврста убеденост во неговата правда и во неговата победа. Сега очекуваше судиите сурово да се препираат со него, налутено да му одговараат истакнувајќи ја својата вистина. Но ете стана Андреј, се заниша, ги погледна судиите под око и проговори:

—  Господа бранители...

—  Пред вас е суд, а не одбрана! — налутено и гласно му забележа судијата со болно лице. По изразот на лицето на Андреј мајката виде дека тој сака да се шегува, мустаќите му трепереа, во очите му светкаше нејзе веке познатата итра мачешка милкавост. Силно ја протре главата со долгата рака и воздивна.

—  Зарем? — рече тој мавтајќи со главата. — Јас мислам — вие не сте судии, туку само бранители...

—  Ви се молам да зборувате за суштината на работата! — суво забележа старчето.

—  За суштината? Добро! Јас веќе се натерав себеси да мислам дека вие навистина сте судии — луѓе независни, чесни...

—  Судот нема потреба од вашата карактеристика за него!

—  Нема ли? Хм — па сеедно, јас сепак ќе продолжам... Вие сте луѓе за кои нема ни свои, ни туѓи, вие сте — слободни луѓе. Пред вас стојат две страни; и едната се жали — тој ме ограби и ме претепа на мртво име! А другата одговара — имам право да грабам и да претепувам оти имам оружје...

—  Имате ли вие да кажете нешто за суштината на работата? — со повишен глас праша старчето. Раката му трепереше и на мајката и беше пријатно да види како тој се лути. Но држењето на Андреј не и се допаѓаше — тоа не се сложуваше со говорот на сина и— таа сакаше да чуе сериозна и строга препирка.

Хохолот молчешкум го погледна старчето, потоа триејќи ја главата, сериозно рече:

—  За суштината? Но зошто со вас да зборувам за суштината на работата? Тоа што требаше да знаете — го рече другарот. Другото ќе ви го дораскажат други, има време. ..

Старчето се поткрена и објави:

—  Ви го одземам зборот! Григориј Самојлов!

Хохолот ги стегна усните и мрзеливо се спушти на столот, во исто време со него се крена Самојлов растресувајќи ја кадравата коса.

—  Јавниот обвинител другарите ги наречуваше дивјаци, непријатели на културата...

—  Треба да се зборува само за она што се однесува на вашата постапка!

—  Тоа се однесува. Нема ништо што не би се однесувало на чесни луѓе. И јас ве молам да не ме прекинувате. Ве прашувам — што е вашата култура?

—  Ние не сме овде за да дискутираме со вас! Зборувајте за работата! — откривајќи ги забите велеше старчето.

Држењето на Андреј отворено ги промени судиите, неговите зборови како да збришаа нешто од нив, на сивите лица им се појавија дамки, во очите им гореа студени, зелени искри. Говорот на Павела ги раздразни, но со својата сила ја зауздуваше раздразнетоста неволно влевајќи почитување кон него; Хохолот ја прекина таа заузденост и лесно го откри она што беше под неа. Тие си шепотеа со чудно кривење и со оглед на нивните години почнаа премногу брзо да се движат.

—  Вие воспитувате шпиони, ги развратувате жените и девојките, човекот го поставувате во положба на крадец и убиец, го труете со вотка, — меѓународни кланици, сенародна лага, разврат и дивјаштво — тоа е вашата култура! Да, ние сме непријатели на таа култура!

—  Ви се молам! — викна старчето, а брадата му затрепери. Но Самојлов, целиот црвен, светкајќи со очите, исто така викаше:

—  Но ние цениме и уважуваме друга култура чии творци сте ги фрлиле во затворите да гнијат, ги донесовте до лудило...

—  Ви го одземам зборот! Фјодор Мазин!

Малиот Мазин се поткрена чиниш одеднаш се подало шило и со изнемоштен глас рече:

—  Јас... јас се колнам! Јас знам — дека сте ме осудиле.

Тој се задиши, пребледна, на лицето му блескаа само очите, ја подаде раката и викна:

—  Јас — чесен збор! Макар каде да ме пратите — ќе побегнам, ќе се вратам, ќе работам секогаш — цел живот. Чесен збор!

Сизов гласно се накашла, се размрда. И целата публика, подавајки му се се повеќе на поројот од возбуденост кој растеше, вревеше чудно и глуво. Една жена плачеше, некој задавено кашлаше. Џандарите ги посматраа обвинетите со тапо чудење, публиката — со злоба. Судиите се размрдаа, старчето танко викаше;

—  Иван Гусјев!

—  Не сакам да зборувам!

—  Василиј Гусјев!

—  Не сакам!

—  Фјодор Букин!

Бледоликиот младич со бела кожа тешко се поткрена и мавтајќи со главата полека рече:

—  Засрамете се! Јас сум прост човек, но сфаќам што е правдата! — тој ја крена раката над главата и замолче со полузатворени очи како да посматра нешто во далечината.

—  Што е тоа? раздразнето, избезумено, извика старчето вртејки се во фотелјата.

—   Ѓавол нека ве...

Букин тешко се спушти на столот. Во неговите мрачни очи имаше нешто огромно, важно, имаше нешто тажно, прекорно и наивно. Тоа сите го почувствуваа, дури и судиите наслушнаа како да чекаат нема ли да се чуе одзив појасен од тие зборови. И на столовите за публиката се замрзна, само во воздухот шумеше тивок плач. Потоа јавниот обвинител, кревајќи ги рамената, се насмевна, претставникот на благородниците бучно се накашла и повторно секаде настана шепотење коешто возбудливо се носеше низ салата.

Мајката, наведнувајќи се кон Сизов, праша:

—  Ќе зборуваат ли судиите?

—  Сè е готово... Само пресудата ќе се објави...

—  Ништо повеќе?

—  Да...

Таа не му поверува.

Самојлова немирно се мрдаше по столот туркајќи ја мајката со рамото и лактот и тивко му зборуваше на мажот:

—  Како тоа? Зарем може така?

—  Гледаш — можело!

—  Што ќе стане со него, со Гриша?

—  Остави го...

Кај сите чувствуваше како да има нешто поместено, нарушено, разбиено; луѓето во недоумица подзамижуваа со засенетите очи, чиниш пред нив е запалено нешто светло, со нејасни контури, со непојмливо значење, но полно со привлечна сила. И не разбирајќи го тоа големо нешто што одеднаш пред нив се покажа, луѓето тоа за нив ново чувство брзо го претворија во мало, очевидно, за нив разбирливо. Стариот Букин, не стеснувајќи се, гласно шепотеше:

—  Дозволете — зошто не даваат да се зборува? Јавниот обвинител може да зборува се и колку што сака...

Крај столбовите стоеше службеник и мавтајќи им на луѓето со рацете полугласно велеше:

—  Потивко! Потивко...

Самојлов се наведна назад и вревеше зад грбот на жената отсечено потфрлувајќи збор по збор:

—  Се разбира — тие се виновни, да речеме. Но дај, објасни. Против што тргнале? Јас сакам да разберам! Јас исто така имам свој интерес...

—   Потивко! — заплашувајќи го со прстот извика службеникот.

Сизов невесело потврди со главата.

А мајката постојано ги гледаше судиите и виде — сè повеќе се возбудуваа, разговараа еден со друг со нејасен глас. Звукот на нивното зборување, студен и лизгав, се допираше до нејзиното лице и со својот допир предизвикуваше треперење на образите и болен, гаден вкус во устата. Поради нешто на мајката и се чинеше дека сите зборуваат за телото на нејзиниот син и на неговите другари, за мускулите и за членовите на младичите полни со огнена крв, со жива сила. Тоа тело во нив распалува грда завист на просјаци, леплива алчност на исцедени и болни. Тие мласкаат со усните и жалаат по тие тела способни да работат и да богатеат, да се насладуваат и да создаваат. Сега тие тела излегуваат од работниот тек на животот, се одречуваат од него, со себе ја понесуваат и можноста тие да владеат со нив, да ја искористат нивната сила, да ги голтнат. И затоа младичите кај старите судии предизвикуваат одмаздничка, мрачна раздразнетост на доодена ѕверка која гледа свежа храна но нема веќе сила да ја дофати, ја изгубила способноста да се наситува од туѓа снага и болно рика гледајќи дека и се истргнува изворот на ситоста.

Таа мисла, груба и чудна, добиваше до толку појасна форма до колку мајката повнимателно ги посматраше судиите. Тие, и се чинеше, не ја кријат возбудената алчност и немоќната пакост на гладници кои некогаш многу можеле да изедат. Нејзе — жена и мајка — на која телото на синот сепак секогаш и е помило од она што се вика душа — и беше страшно да гледа како тие изгаснати очи се лизгаа по неговото лице, му ги гибаа градите, рамената, рацете, се триеја по горештата кожа како да бараа можност да пламнат, да се разгорат и да ја затоплат крвта во стврднатите жили, во исцрпените мускули на полумртви луѓе, сега малку живнати од бодежот на алчноста и завидливоста кон младите животи кои мораа да ги осудат и да ги грабнат од самите себе. И’ се чинеше дека синот ги чувствува тие влажни, непријатно скокотливи допири и, треперејки, гледа во неа.

Павел ја гледаше мајка си в лице со малку капнати очи, мирно и миложливо. Понекогаш и климкаше со главата насмевнувајќи се.

—  Скоро ќе дојде слободата! — велеше таа насмевка и на мајката како да и го галеше срцето со меки допири.

Одеднаш сите судии станаа. Мајката исто така неволно стана.

—  Излегуваат! — рече Сизов.

—  За пресудата? — праша мајката.

—  Да...

Нејзината напнатост одеднаш попушти, телото и го опфати премаленост и капнатост, веѓата и затрепери и на челото и изби пот. Тешкото чувство на разочараност и навреденост коишто и ја притискаа душата и јурна во срцето и брзо се претвори во презир кон судиите и судот. Чувствувајќи бол во веѓите, силно мина со дланката по челото, разгледа околу — роднините на обвинетите се приближиле кон решетките, салата се исполнила со врева. И таа му се приближи на Павела и откако силно му ја стегна раката, заплака полна со навреда и радост не снаоѓајќи се во хаосот на разновидните чувства. Павел и зборуваше нежни зборови, Хохолот се шегуваше и се смееше.

Сите жени плачеа но повеќе од навика одошто од бол. Бол што поразува со ненадеен, тап удар, што паѓа на главата неочекувано и незабележано, немаше; имаше тажно сознание дека мораат да се разделат од децата, но и тоа тонеше растопувајќи се во впечатоците што ги предизвика тој ден. Татковците и мајките ги гледаа децата со возбудено чувство, каде што недовербата кон младоста, вкоренетата свест за својата надмоќ над децата, чудно се слева со друго чувстзо, чувство блиско на почитување кон нив и со болната наметлива мисла за тоа како ќе живеат, сега се поднесуваше полесно крај љубопитноста што ја буди младоста која смело и без страв зборуваше за можностите на друг, подобар живот. Чувствата ги придушуваа оти не умееја да ги изразат; зборовите обилно ги трошеа, но зборуваа за прости работи, за преоблекување и алишта, за потребата да се чува здравјето.

А братот на Букин, мавтајќи со рацете, го убедуваше помладиот брат:

—  Навистина правда! Ништо повеќе!

Помладиот Букин одговараше:

—  Чувај ми го сколовранецот...

—  Ќе биде здрав и негибнат!...

А Сизов го држеше внучето за рака и полека му зборуваше:

—  Така, Фјодоре — значи, одиш...

Феѓа се наведна и нешто му прошепти на увото, ѓаволски насмевнувајќи се. Војникот од спроводот исто така се насмевна, но веднаш лицето го намурти и се поднакашла.

Мајката како и другите со Павела зборуваше за истото — за алиштата, за здравјето, а во градите и се тискаа десетина прашања за Саша, за себе, за него. Но под сето тоа лежеше и полека растеше чувството на изобилна љубов кон синот, напнатата желба да му се допадне, да му биде поблиска кон срцето. Очекувањето иа страшното угасна оставајќи го зад себе само непријатното треперење при сеќавањето за судиите и некаде во аголот мрачната мисла за нив. Во себе чувствуваше никнување на голема, светла радост, не ја сфакаше и поради тоа се збунуваше. Гледајќи дека Хохолот зборува со сите, знаејќи дека нему нежност му е попотребна одошто на Павела, почна да зборува со него:

—  Не ми се допадна судот!

—  А зошто, мајче? — насмевнувајќи се благодарно извика Хохолот. — Стара воденица, а — не безработица...

—  И не е страшно, не им е разбирливо на луѓето— на чија страна е вистината? — колебајќи се рече таа.

—  Охо, што ви се присакало! — извика Андреј. — Зарем овде се води спор околу вистината?...

Откако воздивна со насмевка, таа рече:

—  Мислев — страшно е...

—  Доаѓа судот!

Сите брзо ги зазедоа своите места.

Потпирајќи се со едната рака на масата, најстариот судија, закривајќи го лицето со хартијата, почна да чита со слаб глас како бумбар да ѕуни.

—  Ја чита пресудата — рече Сизов наслушнувајќи.

Настана тишина. Сите станаа гледајќи го старчето. Ситно, суво, право, имаше нешто слично на стап што го држи некоја невидлива рака. Судиите исто така стоеја: обласниот — со главата накривната кон рамото и гледајќи во таванот; управникот — со рацете прекрстени на градите; претставникот на благородниците си ја галеше брадата. Судијата со болно лице, неговиот дебелкав другар и јавниот обвинител ги гледаа обвинетите. А зад судијата, преку нивните глави од портретот гледаше царот во црвен мундир, со безизразно бело лице и по лицето му лазеше некаков инсект.

—  Прогонство! — воздивнувајќи со олеснување рече Сизов. — Значи свршено е, сполај ти тебе, господи! Велеа — робија! Ништо, мајко. Ништо не е тоа!

—  Та јас — знаев — одговори таа со капнат глас.

—  Сепак! Сега веќе е сигурно! А кој ги знае? — Тој се сврте кон осудените кои веќе ги изведуваа и гласно рече:

—  Довидување Фјодоре! И сите! Господ нека ве чува!

Мајката молчешкум ги поздрави со главата и синот и другите. И’ дојде да се расплаче, но се срамеше.