XXIX

На улица мразниот воздух суво и силно го опфаќаше телото, навлегуваше во грлото, заштипуваше во носот и за момент го стегнуваше дишењето во градите. Откако застана, мајката се огледа околу себе: близу неа на аголот стоеше колар со кожена шапка, далеку таму — одеше некој човек, наведнат, вовлекувајќи ја главата во рамената, а пред него, потскокнувајќи, трчаше војник криејќи ги ушите.

—  Сигурно војникот го пратиле на дуќан! — помисли и тргна слушајќи со задоволство како свежо и ѕвонливо крцка снегот под нејзините нозе. На станица дојде рано, нејзиниот воз сè уште не беше готов, но во нечистата, зачадена чекална на третата класа веќе се собрале многу луѓе — зимата ги натерала тука, дошле да се огреат сообраќајните работници, коларите и некои лошо облечени луѓе, бескуќници. Имаше и патници, неколку селани, дебел трговец во мечешка бунда, поп со ќерка си, сипаничава девојка, пет војници, беспокојни еснафи. Луѓето пушеа, разговараа, пиеја чај, вотка. Во бифето некој громогласно се смееше, над главите се извиваа облаци чад. Со крцкање се отвораше вратата, се тресеа и ѕвонеа прозорските окна, кога вратата ќе ја затвореа со тресок. Задувот од тутун и солена риба силно удираше в нос.

Мајката седна крај влезот и очекуваше. Кога вратата ќе се отвореше — на неа налетуваше облак студен воздух; тоа и годеше, и таа го вдишуваше со полни гради. Влегуваа луѓе со бовчи во рацете — тешко облечени, несмасно заглавувајќи ја вратата, пцуеја и откако ќе ги фрлеа своите работи на душеме или на клупа, го тресеа сувиот снег од јаките и ракавите, го сотираа од брадата, мустаќите, стенкаа.

Влезе млад човек со жолт куфер во рацете, брзо разгледа наоколу и тргна право кон мајката.

—  Во Москва? — полека праша тој.

—  Да. Кај Тања.

—  Еве!

Тој го пушти куферот на клупата до неа, брзо извади цигара, ја запали и, поткренувајќи ја капата, молчешкум отиде кон другата врата. Мајката ја погали со рака студената кожа на куферот, се налакти на него и задоволно почна да ја посматра публиката. По една минута стана и премина на друга клупа, поблизу до излезот на перонот. Куферот лесно го држеше в раце, беше мал; одеше со крената глава и ги разгледуваше лицата што одминуваа крај неа. Еден млад човек во куса наметка, со поткрената јака се судри со неа и молчешкум се настрани замавнувајќи со раката кон главата. И’ се пристори дека го познава, се сврте и виде како зад јаката ја гледа со едното светло око. Тоа внимателно око ја боцна, раката во која го држеше куферот и затрепери и товарот наеднаш натежна.

—  Некаде сум го видела! — помисли давејќи го со таа мисла непријатното и вџашено чувство во градите, не допуштајќи на други зборови да го определат чувството кое полека, но неоттргливо, со морничавост и го стегаше срцето. А тоа растеше и се поткреваше кон грлото, полнејќи и ја устата со сува горчина, нестрпливо пожела да се сврти, да го погледа уште еднаш. Таа тоа и го стори. — Човекот, внимателно преместувајќи се од нога на нога, стоеше на истото место, како да сака нешто, но не се решава. Десната рака ја имаше вовлечено помеѓу копчињата на наметката, другата ја држеше в џеп, затоа десното рамо му изгледаше повисоко од левото.

Не брзајќи, таа се приближи кон клупата и седна, претпазливо, полека, како да се плаши да не скрши нешто во себе. Сеќавањето, разбудено од острото претчувство на несреќа, двапати го поставува пред неа тој човек — еднаш в поле, зад градот, по бегањето на Рибин, друтпат — во судот. Таму крај него стоеше оној надгледник кому лажно му го покажа патот на Рибин. Неа ја знаеја, ја следеа — тоа беше јасно.

—  Наседна ли? — се праша таа себеси. А во следниот момент затреперувајќи одговори:

—  Можеби уште не... — и тука, совладувајќи се себеси, остро рече:

—  Наседнав!

Се огледа и ништо не гледаше, а мислите една по друга како искри се палеа и се гаснеа во мозокот.

—  Да го оставам куферот — да одам!

Но појасно светна друга искра:

—  Да го фрлам говорот на синот? Во такви раце ...

Таа го привлече куферот кон себе.

—  А да одам со него? ... Да бегам . . .

Тие мисли и’ се присторија туѓи, некој како да и ги нафрлал насилно, отстрана. Тие ја печеа, нивните изгоретини болно го параа мозокот, шибаа по срцето, како огнени нишки. И разбудувајќи бол, ја навредуваа жената, бркајќи ја од самата себе, од Павела и од се што веќе сраснало со нејзиното срце. Чувствуваше дека упорно ја стега непријателска сила, и ги притиска плеќите и градите, ја понижува, ја топи мртовечки страв; жилите на слепоочниците почнаа силно да бијат, а косата во коренот и стана топла. Тогаш, со едно големо и остро напнување на срцето, коешто целата ја потресе, таа ги изгасна сите тие итри, ситни, слаби пламење, заповедно велејќи си:

—  Срами се!

Одеднаш и’ стана подобро и таа, наполно бодра, додаде:

—  Не срами го синот! Никој не се плаши.

Очите и’ сретнаа нечиј невесел, плашлив поглед. Потоа низ сеќавањето и мина лицето на Рибин. Неколкуте моменти колебање како да зацврснаа се во неа. Срцето почна помирно да и тупка.

—  Што ли ќе биде сега? — мислеше таа разгледувајќи.

Шпионот повика стражар и нешто му шепотеше покажувајќи со очите на неа. Стражарот гледаше и се тргаше назадечки. Му се приближи друг стражар, наслушна, набирајќи ги веѓите. Беше стар, крупен, побелен, неизбричен. Тој му климна со главата на шпионот и тргна кон клупата на која седеше мајката, а шпионот брзо го снема некаде.

Старецот чекореше без да брза, внимателно испитувајќи го нејзиното лице со налутени очи. Таа се помести кон крајот на клупата.

—  Само да не тепаат...

Тој застана пред неа, помолче и полугласно, сурово праша:

—  Што гледаш?

—  Ништо.

—  Тука ли си — крадло! Веќе стара, а — таква!

И’ се пристори дека тие зборови ја фраснаа по лицето, еднаш, двапати; зли, подмолни, тие и нанесуваа бол како да ги распаруваат образите, како да ги корнат очите...

—  Јас? Јас не сум крадла, лажеш! — извика таа од длабочината на градите и се пред неа се занесе во виорот на возбудата, опијанувајќи и го срцето со горчлива навреда. Таа го тргна куферот, и тој се отвори.

—  Гледај! Гледајте сите! — викаше станувајќи, замавнувајќи над главата со свиокот извадени летци. Низ шумот во ушите таа чу извици на насобраниот свет и виде како сите од сите страни трчаат.

—  Што е тоа?

—  Ете, шпион ...

—  А ова?

—  Украла, велат ...

—  Таа?

—  Толку чесна — леле, леле, леле!

—  Не сум крадла! — велеше мајката со длабок глас, малку смирена кога ги виде луѓето коишто се тискаа околу неа од сите страни.

—  Вчера судеа политички обвинети, таму беше мојот син — Власов, тој држеше говор — еве го! Им го носам на луѓето, за да го читаат, да мислат за вистината...

Некој внимателно ги тргна хартиите од нејзината рака, таа размавна со нив низ воздухот и ги фрли во народот.

—  За тоа исто така не ќе те пофалат! — извика нечиј плачлив глас.

Мајката виде како хартиите ги фаќаат, ги пикаат в пазуви, в џебови — тоа и’ ја поврати храброста. Помирна и појака, напнувајќи се целата, чувствуваше како во неа расте разбудената гордост, се разгорува придушената радост, зборуваше вадејќи од куферот свиоци хартија и расфрлувајќи ги лево и десно во нечии брзи, жедни раце.

—  Знаете ли зошто го судеа мојот син и сите оние што беа со него? Јас ќе ви кажам и верувајте му на срцето мајчино, на белите влакна нејзини, — вчера луѓето ги судеа затоа што ви носат на сите вас вистина! Вчера дознав дека е тоа вистина. ... Никој не може да и противречи нејзе, никој!

Масата народ замолче и растеше, стануваше сè погуста и тесно ја окружи жената со прстен од живо тело.

—  Сиромаштија, глад и болест, ете, што им дава на луѓето нивната работа. Сè е против нас — ние издивнуваме целиот свој живот од ден на ден во работата, секогаш во нечистотија, во измами, а со нашата пот се сладат и се прејадуваат други, и не држат како кучиња на синџир, во незнаење — ништо не знаеме и сме во страв — од сешто се плашиме! Нашиот живот е — ноќ, мрачна ноќ!

—  Така е! — се чу тап одговор.

—  Затвори и’ ја устата!

Зад масата народ мајката го забележа шпионот и двајцата џандари, и брзаше да ги раздаде и последните свиоци, но кога раката и се спушти во куферот, таму сети нечија туѓа рака.

—  Земајте, земајте, — рече таа наведнувајќи се.

—  Растргнете се! — викаа џандарите разбркувајќи ги луѓето. Тие нерадо се настрануваа, ги потиснуваа џандарите со својата маса, им пречеа, можеби и неволно. Нив моќно ги привлекуваше жената со побелена коса, со големи чесни очи на добрбто лице и, разделени од животот, откинати еден од друг, тие сега се слеваа во нешто цело, затоплено од пламенот на зборот што можеби одамна го барале и по кого жедуваа многу срца навредени од неправдите на животот. Оние околу неа молчеа; мајката ги гледаше нивните очи, полни со напнато внимание и го чувствуваше на своето лице топлото дишење.

—  Бегај, бабо!

—  Сега ќе те фатат!...

—  Ах, дрска!

—  Мавнете се! Растргнете се! — сè поблизу се слушаа извиците на џандарите. Луѓето пред мајката се клатеа на нозе фаќајќи се еден за друг.

Нејзе и’ се чинеше дека се сите готови да ја разберат, да и’ поверуваат, таа сакаше, брзаше да им каже на луѓето се што знаеше, сите мисли чијашто сила ја чувствуваше. Тие лесно извираа од длабочината на нејзиното срце и се слеваа во песна, но со жалење чувствуваше дека и се губи гласот, дека зарипнал, трепери, се кине.

—  Говорот на мојот син — е чист збор на работник, човек со непоткупена душа! Запознајте ја непоткупливоста по нејзината смелост.

Нечии млади очи одушевено и со страв ја гледаа в лице.

Ја турнаа в гради, таа се заниша и седна на клупата. Над главите на луѓето мавтаа рацете на џандарите, тие фаќаа за јаките и рамената, ги туркаа телата настрана, им ги грабаа капите отфрлувајќи ги далеку. Се поцрне, се заниша во очите на мајката, но совладувајќи ја својата капнатост, таа упгге викаше со остатокот од гласот:

—  Собирај ги, народе, своите сили во една единствена сила!

Џандарот со голема црвена рака ја фати за врат, ја затресе.

—  Молчи!

Таа се удри со потилокот во ѕидот, срцето за момент и го опфати зајадлив чад од страв и тоа повторно јарко пламна, разбркувајќи го чадот.

—  Тргај! — рече џандарот.

—  Не плашете се од ништо! Нема поголема мака од онаа што ја поднесувате целиот живот ...

—  Молчи, кога ти велам! — џандарот ја зеде под рака, ја повлече. Другиот ја фати за другата рака и ја поведоа мајката крупно чекорејќи.

—  Којашто секој ден ви го глода срцето, ви ги суши градите!

Шпионот се стрчна пред неа, заплашувајќи и ја покажа тупаницата пред лицето и пискотливо свика:

—  Молчи ти, никаквице!

Очите и’ се раширија, светнаа, вилиците и затреперија. Опирајќи се со нозете на лизгавиот камен на душемето, таа викна:

—  Нема да ја убиете душата што воскреснала!

—  Куче!

Шпионот со краток замав на раката ја удри по лице.

—  Така и’ треба на старата стрвина! — се чу злобен извик.

Нешто црно и црвено одеднаш и ги заслепи очите на мајката, солен вкус на крв и ја наполни устата.

Зачестениот, јасен избув на извиците ја оживе.

—  Не смееш да тепаш!

—  Момци!

—  Ах, ти, никаквец!

—  Удри го!

—  Со крв разумот нема да го удави!

Ја туркаа во вратот, в грб, ја тепаа по рамена, по глава; сè и се заврте, се завиори како темен виор од извици, лелеци, свиркања; нешто густо, заглушено и влегуваше во ушите, се собираше во грлото, давеше, подот и тонеше под нозете, се лееше, нозете и се тресеа, телото трепереше во маките на болот, натежнуваше и се нишаше, премалена. Но очите не и гаснеа, гледаа многу други очи — тие гореа со нејзе познатиот смел, остар пламен — пламен близок на нејзиното срце.

Ја турнаа во вратата.

Таа  ја опна раката, се фати за черчевето од вратата.

 —  Со мориња крв нема да угасне вистината...

Ја удрија по рака.

—  Само омразата ја зголемувате, безумници! На вас таа ќе падне!

Џандарот ја фати за гуша и почна да ја дави. Таа кркореше.

—  Несреќници...

Некој и’ одговори со гласно липање.