Едвард С. Херман

Баналноста на злото


Првпат објавено: The Banality of Evil, "Z magazine", April 1991.
Извор: Third World Traveler
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2019


Концептот на баналноста на злото стана познат по објавувањето на книгата на Хана Арент од 1963 година, „Ајхман во Ерусалим: извештај за баналноста на злото“, која се темелеше на судењето на Адолф Ајхман во Ерусалим. Тезата на Арент беше дека луѓето што спроведуваат незамисливи злодела, како Ајхман, врвен администратор во машинеријата на нацистичките логори на смртта, можеби воопшто не се луди фанатици, туку само обични поединци кои едноставно ги прифаќаат премисите на нивната држава и учествуваат во секој тековен потфат со енергија на добри бирократи.

Нормализирајќи го незамисливото

Правењето ужасни работи на организиран и систематски начин почива на „нормализацијата“. Тоа е процес во кој грозните, деградирачки, убиствени и незамисливи дејствија стануваат рутина и се прифаќаат како „начин на кој се прават работите“. Обично има поделба на трудот при вршењето и рационализирањето на незамисливото, при што директното брутализирање и убивање се прави од една група поединци; други ја одржуваат машинеријата за смрт во функција (санитација, снабдување со храна); а трети ги произведуваат алатите за убивање, или работат на подобрување на технологијата (подобар гас за гасните комори, подолго горечки и полеплив напалм, фрагменти од бомби што продираат во месото така што не можат да се откријат). Функцијата на интелектуалците на одбраната и на останатите експерти, како и на естаблишментските медиуми, е да го нормализираат незамисливото за општата јавност. Неодамна починатиот Херман Кан го помина целиот живот обидувајќи се нуклеарната војна да ја направи прифатлива („Околу термонуклеарната војна“, „Размислувајќи околу незамисливото“) и овој стрејнџ-лавски измамник добиваше многу добро покривање од медиумите.

Во една одлична статија насловена „Нормализирајќи го незамисливото“, во „Билтенот на атомските научници“ од март 1984 година, Лиза Пити опиша како во нацистичките логори на смртта работата беше „нормализирана“ за долгорочните затвореници и за обичниот персонал: „Затворските водоинсталатери ги поставуваа цевките за вода во крематориумот, а затворските електричари ги електрифицираа оградите. Управителите на логорот ги одржуваа стандардите и непреченото работење. Калдрмата во дворот на крематориумот во Аушвиц мораше да биде совршено чиста.“ Пити се фокусира на паралелата помеѓу рутинизацијата во логорите на смртта и подготовките за нуклеарна војна, каде „незамисливото“ се организира и се прават подготовки за него преку поделба на трудот во која учествуваат луѓе на повеќе нивоа. Дистанцата во однос на извршувањето помага за да се замагли одговорноста. „Адолф Ајхман беше исклучително одговорна личност, според неговото разбирање на одговорноста. За него, беше јасно дека раководителите на државата ја утврдуваат политиката. Неговата улога беше да спроведува и, за среќа, мислеше тој, никогаш не беше дел од неговата работа фактички да мора да убие некого.“

Пити забележа дека раководителот на главната воена истражувачка лабораторија на МИТ во 1960-те тврдеше дека „нивната работа е развојот, а не употребата на технологијата“. Исто како во логорите на смртта, во лабораториите за оружје и во производствените сали, ресурсите се алоцираат врз основа на активно учество во поголемиот систем, работниците добиваат поддршка преку интеракциите со другите во заедничкиот потфат, а соучеството се замаглува преку рутината на работата, меѓузависноста и дистанцата од резултатот.

Пити исто така истакнува како, имајќи ја предвид беспримерната катастрофа што ќе следи по нуклеарната војна, „се прибегнува кон пристапување на системот игриво, преку модели и игри.“ Има и фонд на зборови за да се помогне незамисливото да стане прифатливо: „инциденти“, „индекси на ранливост“, „ефект од оружјето“ и „достапност на ресурсите“. Таа не го спомнува, но нашиот стар пријател „колатерална штета“, употребен во Војната во Персискиот Залив од 1991 година, произлезе од традицијата на нуклеарен новоговор.

Ропството и расизмот како рутина

Кога бев млад, и страстен бејзбол навивач, никогаш не го доведував во прашање, па дури и не го забележував, тоа што нема ниту еден црн играч на бејзбол во големите лиги. Беше така како што беше; расизмот беше толку рутински што беа потребни години на инциденти, акции на движењето, читање и трауми од реалниот живот за да ја надминам мојата длабоко вкоренета пристрасност. Во минатото, ова беше земја во која човечкото ропство беше цврсто институционализирано и рутинизирано, при што на аболиционистите во годините пред Граѓанската војна се гледаше како на насилни екстремисти и од страна на доминантните елити и од страна на масите на Северот.

Рационализациите за ропството се исклучителни. Пред 1860 година на Југот се појави одредена група интелектуалци кои не само што го бранеа ропството, туку тврдеа дека тоа има морална супериорност врз основа на неговата корист за робовите, а на штета на белците сопственици на робови! Книгата „Погрешното мерење на човекот“ од Стивен Џеј Гулд е одличен приказ за тоа како американска наука на највисоките ешалони конструираше и одржуваше „научен“ случај за расизмот во текот на многу децении преку главно невино научно шарлатанство кое не беше свесно создадено. Способноста да се тргнат настрана културните предрасуди е ретка. И се чини дека она што го бараат парите и моќта, науката и технологијата ќе го обезбедат, колку и да е шокантна целта.

Етаблираната историја исто така успешно ги прикажува црнечкото ропство и угнетување во толерантна светлина. Една силна статија од сега веќе покојниот Нејтан И. Хаџинс, „Искривеното огледало на вистината: ропството и наративот на господарот во американската историја“ во бројот од зимата 1991 година на „Радикал хистори ривју“, добро покажува како „наративот на господарот“ во историографијата ги нормализира црнечкото ропство и расизмот по 1865 година. Ропството беше „трагична грешка“ (како Виетнамската војна), а не рационален и институционален избор; тоа е маргинализирано како споредна работа наместо да биде признато како централна и интегрална карактеристика на американската историја; и се прикажува како грешка во процесот на ректифицирање во прогресивната еволуција наместо како трајна лузна што помага да се објасни Јужњачката стратегија [на Републиканската партија], моменталниот напад на афирмативната акција и растечката катастрофа со црнечките гетоа денес.

Профити и работни места преку смрт

До нормализација на незамисливото доаѓа лесно кога се загрозени парите, статусот, моќта и работните места. Секогаш може да се најдат компании и работници за производство на отровни гасови, напалм или средства за мачење, како и интелектуалци, кои ќе се изнајдат за да го оправдаат нивното производство и употреба. Рационализациите стануваат изветвеани со текот на времето: власта знае најдобро, нашиот е строго одбранбен потфат или ако јас не го направам тоа, некој друг сигурно ќе го направи. Го има и повлекувањето во незнаење, вистинско, рафинирано или лажно. Незнаењето на процесот од страна на потрошувачите е важно. Доктор Самјуел Џонсон отворено изјави дека побрзо ќе убиеме крава отколку да се одрекнеме од јадењето месо, но посетите на кланиците многу малку луѓе направија вегетаријанци. Една насловна сторија на „Њусвик“ пред неколку години, која ја илустрира потрошувачката на месо во САД прикажувајќи добиток како влегува во една човечка уста, предизвика многу протести – луѓето не сакаат да бидат потсетувани дека стекот се добива од заклани животни; тие сакаат да мислат дека тој се произведуваат во фабрики, можеби од биомаса.

Бирократизацијата на употребата на животни за човечки цели е голема и контроверзна тема, но потенцијалот за злоупотреба континуирано се сфаќа, како што одгледувачите на добиток, кланиците, Пентагон, Агенцијата за контрола на штетата над животните, хемиските, медицинските и козметичките истражувачи и академските претприемачи изнаоѓаат начини да го разубават основниот факт или да ги пополнат празнините на „знаење“ за кои некој ќе плати. На Универзитетот на Пенсилванија пред неколку години имаше Лабораторија за повреди на главата, финансирана од владата, во која бабуни беа подложени на повреди на главата во наводен интерес да ни помогнат (нам, суштествата со души, врвот на еволутивниот процес и остварувањето на целта на космосот). Лабораторијата беше нападната од Луѓето за етички третман на животните (ПЕТА), кои, меѓу другото, одзедоа неколку снимки и филмови. Документарецот што го направи ПЕТА од овие материјали, што покажа како на овие интелигентни суштества им се кршат главите и се претвораат во зомби, исто така понуди јасен доказ дека биле прекршени официјалните правила за третман на лабораториските животни и, најважно, дека однесувањето на учесниците кон животните беше бесчувствително и грозно. Не е тешко да се помисли на логорите на смртта кога се гледа документарецот за оваа лабораторија. А сепак, научната заедница на Универзитетот во Пенсилванија не само што ја брани употребата на животни од надворешни критики со страст и очигледна едногласност, туку, барем колку што знам, никогаш јавно не призна дека Лабораторијата за повреди на главата излегла вон контрола.

Во изработката на оружје, договорните страни и Пентагон станаа доста успешни во ширењето на бизнисот во многу држави, достигнувајќи критична маса на работни места, профити и законодавци/медиуми по конгресен округ за да ја максимизираат лобистичката база за финансирање. Работа си е работа, без разлика дали станува збор за изградба на училишта или проектили „Миротворец“ или сечење на илјадагодишни дрвја секвои. Ми се гадеше помалку од рекламите на „Боинг“ за време на Виетнамската војна со кои привлекуваа работници за нивната фабрика за хеликоптери прикажувајќи се себеси како „работодавач кој обезбедува еднакви можности“. Можеби и менаџментот на логорот во Дахау исто така беше работодавач кој обезбедува еднакви можности, зашто работата мораше да се заврши, а за неа имаше ефективна побарувачка.

Нормализирањето на убивањето човечки риби во бурето на Персискиот Залив

Во Војната во Персискиот Залив од 1991 година Чичко Сем исто така беше работодавач кој обезбедува еднакви можности и нашите момци и девојки таму си ги вршеа своите работни задачи, одвраќајќи ја голата агресија во уште една Операција „Праведна кауза“ [име на интервенцијата на САД во Панама во 1989 година]. Војната ни беше наметната поради одбивањето од страна на Садам Хусеин на инсистирањето од ОН и „сојузниците“ да се повлече од Кувајт, без разлика што Буш „очигледно“ не сакаше војна (Ентони Луис).

Откако од тоа се направи Операција „Праведна кауза“ бр. 17 и игра со победници и губитници, можевме разумно да навиваме за ние – моралната сила – да победиме. Ние и го браневме Кувајт, па дури и ако повторно страната која се „спасува“ биде „уништена“, на крајот на краиштата, тоа не е наша вина. Впрочем, тука е „принципот“, на ненапаѓањето, на кој ние сме исцело посветени.

Така, медиумите можеа да се фокусираат на нашите храбри момци, девојки и на службените лица кои ни кажуваа за своите планови, потези, реакции и неврзани мисли. Можевме да ги гледаме во нивните акции, како полетуваат, слетуваат, јадат, се шегуваат и ги изразуваат своите чувства за непријателот, времето и за луѓето дома, во татковината. Тие беа дел од едно проширено семејство, вршејќи валкана работа, но со чисти бомби и со морална сигурност поради праведната кауза.

Не се спомнуваше често дека непријателот е релативно беспомошен и по малку во истата позиција како „домородците“ колонизирани, истребени и поробени од Западот во минатите векови преку доблеста на мускетите и митралезите... Нашата техничка супериорност ја одразуваше нашата морална супериорност. Ако сето тоа наликуваше на ловење човечки риби во буре, мора да се има на ум дека имавме работа со пониски суштества (скакулци, двоножни животни, бубашваби), луѓе кои не го ценат животот колку нас, кои дозволија „нов Хитлер“ да владее со нив и кои ни застанаа на патот.

Еден од ефектите од високотехнолошкото војување, како и од исклучивото фокусирање на „нашите“ жртви, плус и од цензурата (официјалната и автоцензурата), е што јавноста е поштедена од глетките на тела кои горат. Дека на жртвите на непријателот им се давало големо значење за време на Виетнамската војна е еден од најголемите, а сега и институционализирани, митови од таа ера. Прикажувањето од страна на Морли Сејфер на американски војник што пали, со запалка за цигари, една виетнамска колиба од трски се користи и се упатува на тоа за да се илустрира смелоста на медиумите во тоа време, бидејќи други случаи тешко можат да се најдат. Тоа предизвика многу проблеми за Си-би-ес и Сејфер (и тој, уште оттогаш, се обидува да надомести за тоа). Енормниот владин притисок и шумот од другите извори предизвика медиумите да даваат грозоморни слики од жртвите на непријателот со најголема внимателност и многу ретко, особено во светлината на грозоморната реалност. Капитално-интензивното војување само по себе овозможува дистанцирање на јавноста од масакрот врз Азијатите и Арапите. Тоа помага за да се нормализира неискажливото и незамисливото.

На 5 февруари 1991 година „Филаделфија Инкваер“ го пренесе извештајот од „Асишиејтед Прес“ на Александер Хигинс, „Бракот наоѓа нов израз во Заливот: ‘Душо, додај ми ги бомбите’“. Тоа е мала романса за една штотуку венчана двојка, лоцирана во една воена база во Саудиска Арабија – и поради тоа, жално, принудена да спие во различни објекти – чија задача е да полни бомби во офанзивните авиони А-10. Тоа е лична приказна за две лица и за нивната врска, кои имаат работа што ја вршат, во една неромантична околина. Одлична студија за рутинизацијата на насилството, за баналноста на злото и за начините како јавноста да се импресионира од тоа.


Архива на Едвард Херман

марксистичка интернет архива