Ноам Чомски

Советскиот Сојуз против социјализмот


Напишано: 1986
Извор: Our Generation, Spring/Summer, 1986.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2010


Кога двата големи светски пропагандни системи се согласуваат околу некоја доктрина, потребен е одреден интелектуален напор за да избегнат нејзините окови. Една таква доктрина е онаа дека општеството создадено од Ленин и Троцки и понатаму обликувано од Сталин и неговите наследници има одредена врска со социјализмот во одредена значајна или историски точна смисла на овој концепт. Всушност, ако има некоја врска, тоа е врска на противречност.

Доволно е јасно зошто и двата главни пропагандни системи инсистираат на оваа фантазија. Уште од своите почетоци, Советската држава се обидуваше да ја впрегне енергијата на своето сопствено население и на угнетените народи во другите земји во служба на луѓето што го искористија народното вриење во Русија во 1917 година за да ја освојат власта. Едно од главните идеолошки оружја што се употребуваат за таа цел е тврдењето дека Државните управители го водат нивното општество и светот кон социјалистичкиот идеал; што е невозможност, како што секој социјалист – а сигурно, секој сериозен марксист – би требало веднаш да разбере (а многумина и разбраа), а исто така и лага со мамутски размери, како што покажа историјата од најраните денови на болшевичкиот режим. Надзорниците се обидоа да се стекнат со легитимитет и поддршка преку искористување на аурата на социјалистичките идеали и почитта што со право им се припишува ним, за да ги сокријат своите ритуални практики преку кои го уништија секој белег на социјализмот.

Што се однесува до вториот главен пропаганден систем во светот, поврзувањето на социјализмот со Советскиот Сојуз и неговите клиенти му служи како моќно идеолошко оружје за да се наметне сообразност и покорност кон државните капиталистички институции, да се осигури дека неопходноста од себе-најмување на сопствениците и управителите на овие институции ќе се смета речиси за природен закон, единствената алтернатива на „социјалистичката“ зандана.

Така, советското раководство се прикажува како социјалистичко за да го заштити своето право да ја има в раце палката, а западните идеолози го прифаќаат истото глумење со цел да ја спречат заканата од послободно и поправедно општество. Овој заеднички напад врз социјализмот е крајно успешен при неговото поткопување во модерниот период.

Некој би можел да забележи уште еден начин што успешно се применува од страна на државните капиталистички идеолози при нивното служење на постојната моќ и привилегираност. Ритуалната осуда на таканаречените „социјалистички“ држави е презаситена со искривувања, а често и со целосни лаги. Ништо не е полесно од тоа да се осуди официјалниот непријател и да му се припишат секакви злосторства: нема потреба од оптоварување со барањата за докази или логика кога некој маршира на паради. Критичарите на западното насилство и злодела често се обидуваат да го исправат работите, признавајќи ги криминалните злодела и репресијата што постојат, истовремено разобличувајќи ги прикаските што се измислуваат во служба на западното насилство. Со предвидлива регуларност, овие потези веднаш се толкуваат како апологетика на империјата на злото и неговите потрчковци. Така, се зачувува клучното Право да се лаже во служба на државата и се поткопува критиката на државното насилство.

Исто така вреди да се забележи големата привлечност на ленинистичката доктрина за модерната интелигенција во периодите на судири и бунтови. Оваа доктрина на „радикалните интелектуалци“ им го пружа правото да ја поседуваат Државната власт и да го наметнуваат суровото владеење на „Црвената бирократија“, на „новата класа“, според термините на Бакуниновата далекувидна анализа пред еден век. Како и во бонапартистичката држава осудена од Маркс, тие стануваат „државни свештеници“ и „паразитски израсток врз граѓанското општество“ со кое владеат со железна рака.

Во периодите кога има малку предизвици на државните капиталистички институции, истата суштинска посветеност ја води „новата класа“ да служи како Државни управители и идеолози, „тепајќи го народот со народниот стап“, според зборовите на Бакунин. Малку зачудува што интелектуалците го сметаат толку лесен преминот од „револуционерен комунизам“ во „славење на Западот“, повторувајќи го сценариото што еволуира од трагедија во фарса во текот на последниот половина век. Во суштина, сето она што се промени е проценката каде лежи моќта. Лениновата изрека дека „социјализмот не е ништо друго освен државно-капиталистички монопол кој работи во корист на целиот народ“, кој, се разбира, мора да верува во добронамерноста на своите водачи, го изразува изопачувањето на „социјализмот“ за потребите на Државните свештеници и ни овозможува да го сфатиме брзиот премин помеѓу позициите што вештачки изгледаат како дијаметрално спротивни, иако фактички се доста блиски.

Терминологијата на политичкиот и општествениот дискурс е неодредена и непрецизна и е постојано девалвирана од прилозите на идеолозите од една или друга боја. Сепак, овие термини имаат барем одреден резидуум на значење. Од своите почетоци, социјализмот значеше ослободување на работниот народ од експлоатацијата. Како што забележа марксистичкиот теоретичар Антон Панекук, „оваа цел не е постигната и не може да се постигне преку некоја нова насочувачка и владејачка класа која ја заменува буржоазијата“, туку може само да биде „остварена од самите работници кои станале господари над производството.“ Господарењето со производството од страна на производителите е суштината на социјализмот и средства за постигнување на оваа цел редовно се изнаоѓаа во периодите на револуционерна борба, наспроти огорченото противење на традиционалните владејачки класи и „револуционерните интелектуалци“ водени од заедничките принципи на ленинизмот и западниот менаџеризам, прилагодени на променливите околности. Но, суштинскиот елемент на социјалистичкиот идеал останува: средствата за производство да преминат во сопственост на слободно здружените производители и на таков начин да бидат општествена сопственост на народот што се ослободил себеси од експлоатацијата на своите господари, како фундаментален чекор кон пошироката сфера на човековата слобода.

Ленинистичката интелигенција има поинаква агенда. Тие се вклопуваат во Марксовиот опис на „завереници“ кои „го попречуваат развојниот револуционерен процес“ и го искривуваат за своите цели на доминација. „Оттука нивниот најдлабок презир за потеоретското просветување на работниците за нивните класни интереси“, што подразбира соборување на Црвената буржоазија и создавање на механизми на демократска контрола над производството и општествениот живот. Според ленинистот, масите мора да бидат строго дисциплинирани, додека социјалистот ќе се бори за да оствари општествен поредок во кој дисциплината „ќе стане одвишна“ на таков начин што слободно здружените производители „работат врз основа на своја согласност“ (Маркс). Покрај тоа, слободарскиот социјализам не ги ограничува своите цели на демократска контрола на производителите над производството, туку се стреми да ги укине сите облици на доминација и хиерархија во секој аспект на општествениот и личниот живот, што претставува борба без крај, бидејќи напредокот во остварувањето на поправедно општество ќе води до нови согледби и разбирања на облиците на угнетување што можат да бидат скриени во традиционалните практики и свест.

Ленинистичкото спротивставување на најсуштинските карактеристики на социјализмот беше очигледно уште од самиот почеток. Во револуционерна Русија, советите и фабричките комитети се развија како средства за борба и ослободување, со многу недостатоци, но со богат потенцијал. Ленин и Троцки, по освојувањето на власта, веднаш се посветија на уништувањето на ослободувачкиот потенцијал на овие средства, воспоставувајќи владеење на Партијата, во практиката, на нејзиниот Централен комитет и на нејзините Врховни водачи – токму како што Троцки предвиде години претходно, како што Роза Луксембург и другите леви марксисти предупредуваа во тоа време и како што анархистите отсекогаш разбирале. Не само масите, туку дури и Партијата мора да биде подложена на „будна контрола од горе“, така сметаше Троцки во текот на својот премин од револуционерен интелектуалец во Државен свештеник. Пред освојувањето на Државната власт, болшевичкото раководство прифати многу од реториката на народот што беше вклучен во револуционерната борба од долу, но неговата вистинска посветеност беше доста поразлична. Ова беше очигледно претходно, а стана кристално јасно откако ја освои Државната власт во октомври 1917 година.

Еден историчар благонаклонет на болшевиците, Е. Х. Кар, пишува дека „спонтаната склоност на работниците да организираат фабрички комитети и да се вклучат во управувањето со фабриките беше неизбежно охрабрена од револуцијата, што ги наведе работниците да веруваат дека производната машинерија на земјата им припаѓа ним и дека би можела да биде управувана од нив според нивно сопствено наоѓање и во нивна сопствена корист“ (мое подвлекување). За работниците, рече еден анархистички делегат, „фабричките комитети беа ќелии на иднината... Тие, а не Државата, сега треба да раководат.“

Но, Државните свештеници знаеја подобро и веднаш тргнаа кон уништување на фабричките комитети и кон сведување на советите на органи на нивната власт. На 3 ноември Ленин во „Нацрт декретот за работничката контрола“ прогласи дека делегатите избрани да ја вршат таквата контрола треба да бидат „одговорни пред Државата за одржување на најстрог ред и дисциплина и за заштита на сопственоста.“ На крајот од годината Ленин забележа дека „преминавме од работничка контрола на создавање на Врховен совет на националната економија“, кој требаше да ја „замени, апсорбира и наследи машинеријата на работничка контрола“ (Кар). „Самата идеја на социјализмот е вткаена во концептот на работничка контрола“, се жалеше еден меншевички синдикалец; болшевичкото раководство го изрази истото жалење на дело, преку уништување на самата идеја на социјализмот.

Наскоро Ленин објави декрет според кој раководството треба да се стекне со „диктаторски овластувања“ во однос на работниците, кои мора да го прифатат „беспоговорното потчинување на единствената волја“ и „во интерес на социјализмот“ мора „беспоговорно да се покоруваат на единствената волја на раководителите на работниот процес.“ Ленин и Троцки продолжија со милитаризацијата на трудот, односно со преобразбата на општеството во работна војска подложена на нивната единствена волја, при што Ленин објасни дека потчинувањето на работникот на „индивидуалниот авторитет“ е „систем кој повеќе од секој друг осигурува најдобро искористување на човековите ресурси“ – или, како што Роберт Макнамара ја изрази истата идеја, „виталното донесување одлуки... мора да остане на врвот... вистинската закана за демократијата не доаѓа од преголемото управување, туку од премалото управување“; „ако разумот не е оној што владее со човекот, тогаш човекот потфрла под својот потенцијал“, а управувањето не е ништо друго освен владеење на разумот, кој нè одржува слободни. Истовремено, „фракционерството“ – т.е. секој минимум слободно изразување и организирање – се уништуваше „во интерес на социјализмот“, како што беше редефиниран терминот за нивните цели од страна на Ленин и Троцки, кои продолжија да ги создаваат прото-фашистичките структури кои Сталин ги претвори во еден од најголемите ужаси на модерното време.[1]

Неуспевањето да се разбере силното непријателство кон социјализмот од страна на ленинистичката интелигенција (несомнено, со корени во Маркс) и соодветното погрешно разбирање на ленинистичкиот модел, имаше опустошувачко влијание врз борбата за подостојно општество и за живлив свет на Запад и не само таму. Неопходно е да се најде начин за социјалистичкиот идеал да се спаси од неговите непријатели во двата главни центри на моќ во светот, од оние кои секогаш ќе се стремат да бидат Државни свештеници и општествени управувачи, уништувајќи ја слободата во името на ослободувањето.


Фусноти

[1] За раното уништување на социјализмот од Ленин и Троцки, види Maurice Brinton, The Bolsheviks and Workers' Control. Montreal: Black Rose Books, 1978 и Peter Rachleff, Radical America, Nov. 1974, помеѓу многуте други дела.


Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива