Роза Луксембург
Кон Руската револуција

 

II

Првиот период на Руската револуција, од нејзиниот почеток во март до октомврискиот преврат, според своите општи црти точно кореспондира со текот на развојот како на Големата англиска така и на Големата француска револуција. Тоа е типичниот пат на раѓање на секое прво големо судрување на револуционерните сили создадени во пазувите на буржоаското општество со оковите на старото општество.

Неговиот развој природно се движи по нагорна линија: од скромните почетоци до сè поголемото радикализирање на целите и, паралелно со тоа, од коалиција на класите и партиите до самостојно владеење на радикалната партија.

Во првиот момент, на почетокот од март 1917 година на чело на револуцијата стоеја кадетите т.е. либералната буржоазија. Првото општо подигање на револуционерниот бран повлече сè и секого со себе: четвртата Дума, најреакционерен производ на најреакционерното право на глас поделено во четири класи, одеднаш се претвори во орган на револуцијата. Сите буржоаски партии, дури и оние од националистичката десница, одеднаш формираа фаланга против апсолутизмот. Последниов падна при првиот удар речиси без борба, како орган што умрел и кој треба само да се допре за да падне. И краткотрајниот обид на либералната буржоазија барем да ја спаси династијата и тронот пропадна за неколку часа. Бурниот развој на настаните за денови и часови прескокнуваше далечини за кои порано, во Франција, беа потребни десетлетија да се пропатуваат. При тоа, стана јасно дека Русија го остварува резултатот на еден век европски развој и, пред сè, дека револуцијата од 1917 година беше директно продолжение на онаа од 1905-1907 година, а не подарок од германскиот „ослободувач”. Движењето од март 1917 година директно се надоврза на точката каде, пред 10 години, беше прекинато. Демократската република беше потполниот, внатрешно созреан производ веќе на првиот налет на револуцијата.

Но сега почна втората, потешка задача. Од самиот почеток, движечката сила на револуцијата беше масата на градски пролетаријат. Но неговите барања не се исцрпуваа со политичката демократија, туку се однесуваа на горливото прашање на меѓународната политика - неодложниот мир. Истовремено, револуцијата ја зафати масата на војската, која го истакна истото барање за неодложен мир, и масата на селаните, која го стави во прв план аграрното прашање, кое од 1905 година лежеше во самата основа на револуцијата. Неодложен мир и земја - од овие две цели следеше поделбата во револуционерната фаланга. Барањето за неодложен мир беше во најнепомирлива противречност со империјалистичките тенденции на либералната буржоазија на која гласноговорник ѝ беше Милјуков; аграрното прашање беше застрашувачко сениште за другото крило на буржоазијата: селските земјопоседници, но, како додаток, тоа претставуваше атентат на светата приватна сопственост воопшто, ранлива точка за целата буржоаска класа.

Така, следниот ден по првите победи на револуцијата, започна внатрешна борба во врска со двете горливи прашања - мирот и аграрното прашање. Либералната буржоазија започна со тактика на одолговлекување и заобиколување. Работните маси, војската, селанството, притискаа сè понестрпливо. Не може да има сомнение дека со прашањата за мирот и земјата беше поврзана судбината на самата политичка демократија. Буржоаските класи, кои, понесени од првиот бурен бран на револуцијата, дозволија да бидат повлечени до точката на републикански облик на владеење, сега почнаа да бараат основа за поддршка на враќањето назад и потајно да ја организираат контрареволуцијата. Борбата на Калединовите козаци против Петерсбург беше јасен израз на оваа тенденција. Ако нападот беше успешен, тогаш не само судбината на прашањата на мирот и земјата што ќе беше запечатена, туку и судбината на демократијата, на самата република. Воената диктатура со владеење на теророт против пролетаријатот, а потоа враќањето на монархијата, би биле неизбежни последици.

Од ова можеме да го просудиме утопискиот и во основа реакционерниот карактер на тактиката од која руските социјалисти од кауцкијанскиот правец, меншевиците, дозволија да бидат водени.

Посебно запрепастувачко е да се забележи како овој трудољубив човек[1], за време на четирите години од Светската војна со своите неуморно пишување, мирно и методично прави една теоретска дупка по друга во битието на социјализмот, пишување од кое социјализмот излегува изрешетан како сито, без цело место оставено во него. Некритичката индиферентност со која неговите следбеници гледаат на ова трудољубиво пишување на својот официјален теоретичар и го голтаа секое од неговите нови откритија без да трепнат, наоѓа своја единствена аналогија во индиферентноста со која гледаат следбениците на Шајдеман и Ко. додека последниов во практиката го прави социјализмот полн со дупки. Навистина, двете делувања потполно се надополнуваат себеси и Кауцки, официјалниот чувар на храмот на марксизмот, од избувнувањето на војната навистина само го правеше она во теоријата што Шајдеманците го правеа во практиката: 1) Интернационалата - инструмент за мир; 2) разоружување и Друштво на народите, национализам; на крајот, демократија не социјализам.[2]

Убедени во фикцијата за буржоаскиот карактер на Руската револуција - дека во овој момент Русија не е созреана за општествена револуција - тие очајно се приклонуваат кон коалиција со буржоаските либерали т.е. кон унија на елементи кои беа поделени од природниот внатрешен развој на револуцијата и кои дојдоа до најостар меѓусебен судир. Акселродите и Даните сакаат по секоја цена да соработуваат со оние класи и партии од кои доаѓа најголемата опасност за револуцијата и за нејзината прва придобивка, демократијата.

Во оваа ситуација, на болшевичкиот правец му припаѓа историската заслуга што прогласи уште од самиот почеток и со железна консеквентност ја следеше онаа тактика што единствено можеше да ја спаси демократијата и да ја носи напред револуцијата. Сета власт исклучиво во рацете на работничките и селанските маси, во рацете на советите - ова навистина беше единствениот излез од потешкотиите во кои западна револуцијата; ова беше ударот со мечот со кој тие го пресекоа Гордиевиот јазол, ја ослободија револуцијата од тесниот ќорсокак и отворија за неа непречен пат кон слободните и отворени пространства.

На тој начин партијата на Ленин беше единствената во Русија која го опфати вистинскиот интерес на револуцијата во тој прв период, таа беше нејзиниот погонски елемент што ја придвижи напред револуцијата и на тој начин беше единствената партија што спроведуваше навистина социјалистичка политика.

Ова исто така е она што го прави јасно тоа дека болшевиците, иако на почетокот од револуцијата беа осудувано, клеветено и прогонувано малцинство напаѓано од сите страни, во најкратко време дојдоа на чело на револуцијата и беа способни да ги доведат под своето знаме сите вистински народни маси: градскиот пролетаријат, војската, селаните, како и револуционерните елементи на демократијата, левото крило на социјалистите револуционери.

Вистинската ситуација во која се најде Руската револуција, за неколку месеци беше сведена на алтернативата: победа на контрареволуцијата или диктатура на пролетаријатот, Каледин или Ленин. Таква беше објективната ситуација, како што брзо се покажува во секоја револуција откако ќе заврши првата опиеност, а и како што покажа во Русија како резултат на конкретните, горливи прашања на мирот и земјата, за кои немаше решение во рамките на „буржоаската” револуција.

Руската револуција тука само ја потврди основната поука на секоја голема револуција, чиј животен закон гласи: или мора многу брзо и решително да јуриша напред, со железна рака да ги руши сите препреки и своите цели непрекинато да ги поместува нанапред, или многу брзо ќе биде фрлена зад својата најслаба почетна точка и загрозена од страна на контрареволуцијата. Стоење, тапкање на едно исто место, задоволување со првата цел која е постигната, во револуцијата нема. И кој сака тие зачмаени мудрости од парламентарната борба на жабите и глувците да ги примени на револуционерната тактика, само покажува дека психологијата, самиот животен закон на револуцијата му е исто толку туѓ колку што и историското искуство му е книга со седум печати.

Текот на Англиската револуција од нејзиното избувнување во 1642 година. Како што на тоа тераше логиката на работите, во почетокот слабникавите колебања на презвитеријанците, колебањето во војната против ројалистичката војска во која презвитеријанските водачи вешто ја избегнуваа решавачката битка и победа над Чарлс Први, доведоа до неизбежната нужност индепендистите да ги избркаат презвитеријанците од Парламентот и да ја преземат власта. И исто така потоа во индепендистичката војска пониската ситно-буржоаска маса војници, лилбурнските левелери, ја сочинуваа ударната сила на целото индепендистичко движење, како што на крајот пролетерските елементи на војничките маси, општествено превратнички елементи кои одеа најдалеку и кои најдоа свој израз во движењето на дигерите, од своја страна беа квасот на демократската партија на левелерите.

Без духовното влијание на револуционерните пролетерски елементи врз војничките маси, без притисокот на демократските војнички маси врз граѓанскиот горен слој на партијата на индепендистите, не би било ниту „чистењето” на Долгиот парламент од презвитеријанците, ниту победоносното завршување на војната со војската на витезите и со Шкотите, ниту процесот против Чарлс Први и неговото погубување, ниту распуштањето на Домот на Лордовите и прогласувањето на републиката.

Како беше во Големата француска револуција? Заземањето на власта од страна на јакобинците по четиригодишните борби тука се покажа како единствено средство преку кое би можеле да се спасат придобивките на револуцијата, да се оствари републиката, да се разбие феудализмот, да се организира револуционерната одбрана кон внатре и кон надвор, да се задуши заверата на контрареволуцијата, да се прошири револуционерниот бран од Франција на цела Европа.

Кауцки и неговите руски истомисленици, кои сакаа да видат како Руската револуција ќе го сочува „буржоаскиот карактер” од својата прва фаза, се точен пандан на оние германски и англиски либерали од минатиот век кои во Големата француската револуција разликуваа две фази: „добрата” револуција од првата жирондинска фаза и „лошата” по јакобинскиот преврат. Либералското погрешно сфаќање на историјата, се разбира, не е должно да сфати дека без превратот на „неумерените” јакобинци набрзо под урнатините на револуцијата ќе беа затрупани и првите плашливи и половични придобивки од жирондинската фаза, дека вистинската алтернатива на јакобинската диктатура, како што ја постави неменливиот тек на историскиот развој во 1793 година, не беше „умерената“ демократија, туку - реставрацијата на Бурбоните! „Златниот среден пат” не е одржлив токму во ниту една револуција, нејзиниот природен закон бара брза одлука: или локомотивата со полна пареа ќе дојде до највисоката точка од историското искачување или по силата на сопствената тежа ќе се истркала назад во долината од која тргна и со себе незадржливо ќе ги повлече во бездната сите оние кои со своите слаби сили сакаат да се задржат на половина пат.

Така станува јасно дека во секоја револуција водството и власта може да ја презеде само онаа партија која има храброст да ја исфрли паролата која тера напред и од тоа да ги извлече сите консеквенци. Тоа ја објаснува бедната улога на руските меншевици, на Дан, Церетели и другите, кои, имајќи на почеток огромно влијание врз масите, по подолгото колебање ваму-таму, откако со нозе и раце се противеа на тоа да ја преземат власта и одговорноста, на крајот неславно беа отстранети од сцената.

Лениновата партија беше единствената, која го сфати законот и должноста на една вистинска револуционерна партија и преку паролата: сета власт во рацете на пролетаријатот и селанството го обезбеди продолжението на револуцијата.

Така болшевиците го решија славното прашање на „мнозинството од народот”, кое на германските социјалдемократи им лежи на градите како ноќна мора. Тие, како непоправливи воспитаници на парламентарниот кретенизам, на револуцијата едноставно ѝ ја пренесуваат зачмаената мудрост на парламентарното одгледување деца: за нешто да се постигне најпрво треба да се биде во мнозинство. Исто така и во револуцијата: најпрво да бидеме „мнозинство”. Но вистинската дијалектика на револуцијата ја поставува на глава таа мудрост на парламентарните кртови: патот не води од мнозинството кон револуционерната тактика, туку од револуционерната тактика кон мнозинството. Само партијата која може да се води, т.е. да се тера напред, стекнува приврзаници во јуришот. Решителноста со која Ленин и другарите во пресудниот момент дадоа парола која тера напред: сета власт во рацете на пролетаријатот и селаните, речиси преку ноќ од прогонето, клеветено, илегално малцинство, чии водачи како Мара мораа да се кријат по визби, ги претвори во апсолутни господари на ситуацијата.

Исто така, болшевиците како цел на тоа преземање на власта веднаш поставија потполна и најдалекусежна револуционерна програма: не можеби осигурување на буржоаската демократија, туку диктатура на пролетаријатот со цел остварување на социјализмот. Тие така стекнаа неминлива историска заслуга, зашто за прв пат ги прокламираа крајните цели на социјализмот како непосредна програма на практичната политика.

Сета храброст, делотворност, револуционерна далекувидост и доследност која некоја партија може да ја покаже во еден историски момент, Ленин, Троцки и другарите потполно ја остварија. Сета чест и акциона способност што се скрши кај социјалдемократијата на Запад, беше застапена кај болшевиците. Нивното октомвриско востание не е само вистински спас за Руската револуција, туку ја спаси и честа на меѓународниот социјализам.

________________________

1.  Луксембург овде мисли на Кауцки (заб. на прев.).

2.  Овде, како и на многу места во овој ракопис, пасусот не е довршен. Убиството на Луксембург ја спречи да го доврши и комплетира текстот. Изразот „Интернационалата - инструмент за мир” се однесува на ставот на Кауцки дека „инструментот на мирот не е соодветен во време на војна”, а и останатите од наведените белешки на Луксембург се однесуваат на критика на ставовите на Кауцки по одделни клучни прашања на социјалистичкото движење во тоа време (заб. на прев.).