Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


6.

АГРАРНАТА РЕВОЛУЦИЈА

На 25 октомври 1917 (по старо) петроградскиот совет се домогна до власта во престолнината. Веќе следниот ден, на 26 октомври (по старо) Серускиот конгрес на советите, на Ленинов предлог, донесе декрет кој прогласи дека земјопоседничката сопственост над земјата е укината, а нивната земја, како и државните поседи и црковните добра, ги предаде на управување на селанските аграрни одбори. Потоа располагањето со земјата беше регулирано со "Основниот закон за социјализација на земјата", што го донесе Третиот конгрес на советите.[1] Но содржината на овој основен закон не е одредена од болшевичките сфаќања, туку од теориите на левите социјалисти револуционери, кои тогаш беа во коалиција со болшевиците и во таа коалиција беа водачи на селаните.

Револуционерното движење во Русија се разви во време кога во Западна и Средна Европа само уште социјалистичкиот пролетаријат беше револуционерна класа и кога во самата Русија уште од деведесеттите години социјалистичкиот пролетаријат ја сочинуваше авангардата на револуцијата. Затоа социјализмот стана идеологија на Руската револуција. Сите партии кои беа дел од револуционерната борба против царизмот се нарекуваа социјалистички и ги усвоија социјалистичките мисли и барања, иако реалните потреби кои тие ги изразуваа не беа потреби на пролетаријатот, иако реалните цели за кои тие се бореа беа многу поразлични од целите на пролетерскиот социјализам. Тоа важи и за партијата на социјалистите револуционери. Наследници на старото народништво, социјалистите револуционери пред 1905 фатија цврст корен во селската маса, а во текот на револуцијата од 1917 станаа водачи на револуционизираното селско население. Во партијата на социјалистите револуционери се оживотворуваше револуционерната борба на селаните за поделба на земјопоседничката земја на посебните селски стопанства на сметка на поседничката класа. Но бидејќи социјалистите револуционери беа револуционерна партија, ја наметнаа борбата за воспоставување на буржоаски поредок на сопственоста на село со социјалистичка наметка. Со нивната аграрна програма владееше илузијата дека може да се оствари социјализам преку воспоставување на индивидуални селски стопанства врз урнатините на големиот посед. Експропријацијата на земјопоседничката земја во корист на индивидуалните селски имоти требаше да биде споена со укинувањето на стоковниот карактер на земјата, со отстранувањето на селанското ропство на капиталот и со забраната на наемниот труд во земјоделието. Оваа утопија преку "Основниот закон" од 19 февруари 1918 влезе во Збирката закони на Советската република.

"Засекогаш се укинува секоја сопственост над земјата", вели Основниот закон. Секоја сопственост над земјата, значи и онаа на селанецот. Сопственик на целата земја е вкупноста на работниот народ, во чие име селските и градските совети располагаат со земјата која се наоѓа во нивните околии. Земјата им се дава на поедините селани на користење, ако не се задржи за да се образуваат советски стопанства т.е. крупни имоти со сопствена управа од советите. Само оној има право да добие земја на користење што ја обработува сам со членовите на своето семејство; забрането е вработување на наемни работници и тој може да се казни со одземање на правото на користење. Поделбата на земјата се вршеше според потрошувачката и трудот, според "оние што јадат" и според "рацете", според правилата кои историски се развија во поедини области, според правилата кои важеа за поделбата на земјата во мирот.[2] При поделбата најпрво требаше да им се доделува земја на селаните без земја и на оние кои имаа малку земја, и тоа сé додека нивниот земјишен посед не се изедначи со поседот на поимотните селани, додека не се изедначат разликите во големината на поседот и додека сите селански стопанства подеднакво не се снабдат со земја сразмерно на нивниот број на "оние што јадат" и на бројот на нивните "раце". Според овие основни принципи позајменото право на користење на земјата е лично право. Тоа не може да се пренесе на друг, не може да се продаде или да се заложи и згаснува со смртта на оној кој го имаше правото на користење; земјата повторно се враќа на вкупниот народ и советот повторно го издава.

Основниот закон го остава индивидуалното селанско стопанство. Селанското стопанство станува самостоен посед, селанецот останува стоков производител, врзан за општеството само преку купувањето и продавањето стоки. Но Основниот закон сака врз основа на стоковното производство да ги постигне оние последици кои можат да се постигнат само со премин од индивидуално кон општествено производство, од индивидуалното стоковно производство за пазарот кон социјалистичко производство со помош на општеството и за општеството. Токму во тоа се состои и заблудата својствена за социјалистите револуционери, тоа што тие, како водачи на селаните, сакаа да го прошират и зацврстат индивидуалното селанско производство и што веруваа дека со тоа сепак можат да ги постигнат оние резултати кои би можеле да се постигнат само во социјалистичкото производство. Под знамето на оваа илузија нивниот Основен закон се заплеткува во внатрешни противречности кои во едниот дел го прават воопшто неспроведлив, а во другиот дел мораа неговото спроведување да го направат најтежок оков за развитокот на производните сили.

Веќе и самата "социјализација" на земјата, пренесувањето на сопственоста над земјата на "целиот работен народ" е празна фраза. Претпоставувајќи индивидуален земјоделски посед, селско стопанство кое произведува стоки, таа само така ќе стане стварност ако државата би барала земјишна рента од поедините селански стопанства; значи таа да ги оптовари поедините земјишта со земјишни камати, кои би се пресметувале според својствата и положбата на земјиштето; но пренесувањето на земјишната рента на државата не е декретирано во Основниот закон и советската власт не би имала средства за да го спроведе. Ограничувањето на правото на користење на доживотното траење на оној што го има тоа право е само на хартија; советската власт додуша декретира укинување на правото на наследство,[3] но не се ни обиде да го спроведе против селаните. Декретот од 1 мај 1918 изречно одредува дека неговите одредби за укинување на правото на наследство не се однесуваат на селанските добра, што би било бесмислено ако одредбите на Законот за социјализација, кои го исклучуваат пренесувањето на земјата преку наследување, навистина станеа стварност. Всушност, селаните ја оставаат земјата во наследство на своите деца; но советската власт не може да ги спречи ниту во тоа да ја заменуваат земјата помеѓу себе, да ја продаваат и да ја купуваат.[4] Земјата, значи, остана стока и покрај декретот. Заложувањето на селанската земја е забрането уште со царистичкото законодавство од 1893; тоа го ограничи селанецот на личниот кредит, го предаде на шпекулантот и ја оневозможи мелиоризацијата, интензивирањето на селанската економија. Таа забрана мора и сега да произведе исти последици, сé додека советите не можат да го заменат кредитот со непосредната помош во случаите на потреба и со непосредното давање на средства за производство потребни за спроведување на мелиоризацијата. Забраната на наемниот труд воопшто не е спроведлива; таму каде што економијата веќе работи поинтензивно и како што станува поинтензивна, таа не може да се одржи. Зашто интензивното земјоделие е сезонска индустрија која не може цела година да прехранува толку работни сили колку што и’ се потребни во времето на најголемата потреба за труд. Земјоделието кое создава стоки не може да постои без наемен труд; не може и понатаму да се дозволи да постои индивидуално производство на стоки, а при тоа да се сака да се укине наемниот труд. Всушност, декретот од 20 мај 1918 за организирање на "селската сиромаштија" утврдува дека дури и на селаните кои користат наемни работници им припаѓа активно и пасивно избирачко право за одборите на селската сиромаштија, само ако износот на нивното стопанство не ја надминува "нормата на исхрана", сопствената потреба. Ако во мај селаните кои употребуваат наемни работници сé уште се сметаат за "селска сиромаштија", тогаш не може да биде спроведено укинувањето на наемниот труд кое е декретирано во февруари. И така ништо не останува од "социјалистичката" наметка на реформата. Нејзината вистинска содржина не е "социјализирање" на земјопоседот, туку поделба на земјопоседничката земја на селаните; не претворање на земјоделието во општествена сопственост, туку обратно: менување на општествениот труд кај крупниот посед, се разбира, под феудална или капиталистичка команда, со индивидуален труд кај селскиот ситен посед.

Во противречноста помеѓу вистинската содржина и "социјалистичкото" врамување на аграрниот декрет се гледа влијанието на левите социјалисти револуционери врз аграрното законодавство на Советската република: печат на старото народништво на револуцијата што ја водат марксисти. Но ова влијание не е никаква случајност. Во фактот дека победата на болшевиците им овозможи на социјалистите револуционери својата аграрна програма да ја обнародат како закон се изразува тоа дека политичката победа на пролетаријатот му го расчисти патот на селаните да ја остварат својата општествена цел. Во фактот што болшевиците им дозволија на социјалистите револуционери да ја одредат содржината на Основниот закон е изразено тоа дека пролетаријатот можеше да ја освои и да ја одржи власта само така што ќе ги остави селаните да извршат преврат во сопственичките односи на земјата според сопствените потреби, според својата волја, дури и според своите илузии.

Но историското значење на аграрните декрети е сосема независно од нивните поединечни одредби. Уште повеќе, тоа лежи исклучиво во тоа што декретите делумно и' дадоа правна санкција на веќе извршената поделба на земјопоседничката земја, а делумно во тоа што на селаните им дадоа знак конечно да ја зграбат земјопоседничката земја и таму каде што тоа сé уште не беше случај. Заземањето на имотите се вршеше елементарно, диво, со крупни рушења и пустошења, сообразно со културното ниво на необразованите, со голем дел и неписмени, само пред неколку децении ослободени од феудалното ропство и од војната здивени селани. Распашаната маса не се грижеше за содржината на аграрните декрети. Одредбите според кои на ум најпрво беа оние кои немаа земја или кои ја имаа многу малку, според кои требаа да се изедначат разликите во имотноста на селаните, останаа без дејство. Токму богатите и средни селани приграбија за себе поголем дел од пленот, не само поради тоа што на село тие се поактивни, водечки слоеви,[5] туку и поради тоа што селските одбори најчесто на секој селанец му доделуваа онолку земја колку што можеше да обработува; оттука оние што немаа земја или имаа многу малку можеа да добијат само малку земја, бидејќи немаа или имаа многу малку жив и мртов инвентар. Дека поделбата на земјопоседничката земја не е извршена "врз основа на изедначувањето на трудот", како што пропишува Основниот закон, докажува веќе и тој факт што најжестоките борби помеѓу "селската буржоазија" и "селската сиромаштија" се случуваат токму во годината по поделбата. Но колку и диво и без ред да е извршена поделбата, таа е извршена. Дури преку неа рускиот селанец се ослободи од кулачките и каматните обврски, кои во завиткан облик го надживеаја феудалното ропство врз кого беа втемелени. Дури со неа се срушени последните остатоци од феудалното ропство, последните остатоци на феудалниот поредок на трудот. Преткапиталистичките облици на земјишна рента исчезнаа, остана само капиталистичката земјишна рента, скриена во цената на стоките, а таа сега им припаѓа на селаните како слободни стоковни производители. Како и да се толкува правнички односот на селаните кон земјата, економски тој е сопственикот на земјата штом нему, и само нему, му припаѓа земјишната рента. Како и да се маскира новото уредување на сопственоста над земјата, тоа сепак всушност за селаните создава буржоаска сопственост, зашто не го укинува присвојувањето на вишокот на вредноста во обликот на земјишна рента.[6]

А економската сопственост ќе биде следена и од правната. Заедницата на земјата одамна стана пречка за развитокот на производните сили; селаните, кои уште пред револуцијата се противеа на заедницата на земјата, кои сé почесто доделуваа земјишни парцели "за секогаш" и ги прекинуваа периодичните повторни поделби, дури сега ќе се стремат кон цврсто и трајно право врз својата земја, зашто сега многу побогато се снабдени со земја. И овој стремеж мора да биде дотолку посилен доколку ќе биде поинтензивно обработувањето на земјата. Резултатот на аграрната револуција, која не го социјализира земјоделскиот труд, туку - преку раздробување на крупните поседи - го индивидуализира, не може да биде поинаков од селанска приватна сопственост или, во најдобар случај, едно до неа блиско трајно, наследно право на користење на земјата, која не подлежи на нови поделби.

Но оваа суштински буржоаска револуција на сопственичките односи над земјата во Русија не беше извршена во текот на буржоаската револуција, како што се случи во Западна и Средна Европа, туку со револуцијата на пролетаријатот. И токму оттаму пролетерската револуција ја црпи својата сила. Зашто ако селаните ја добија земјата од рацете на пролетаријатот кој се конституира како владејачка класа, тогаш нивната судбина е врзана за власта на пролетаријатот. Зад секоја контрареволуционерна војска која ја загрозува пролетерската република селанецот се плаши од земјопоседниците кои повторно ќе му ја одземат земјата. Затоа селаните се подготвени да ја бранат диктатурата на пролетаријатот од секоја контрареволуционерна опасност. Владеењето на малото пролетерско малцинство се брани преку стравот на сто-милионскиот селски народ од контрареволуцијата.

_______________________

Фусноти

[1] "Собраніе Узаконеній" No. 25, од 4 март 1918. Во германски превод во "Аграрното законодавство на советската република", издание на Општиот секретаријат за проучување на болшевизмот, Берлин, 1919, и кај Клибански "Болшевичкото законодавство", втор том од "Извори и студии" на Бреславскиот источно-европски институт, Лајпциг, 1920.

[2] Мир - колективен земјишен имот на селаните во Русија. Руските народници веруваа дека преку мирот Русија може директно да премине во социјализам, "прескокнувајќи" го капитализмот (заб. на прев.).

[3] "Собраніе Узаконеній" No. 34, од 4 мај 1918. Превел на германски Клибански, исто, 151 стр. "Прва збирка на законите на РСФСР", Петроград, 1919.

[4] Гавронски "Биланс на рускиот болшевизам", Берлин, 1919, 48 стр.

[5] Преображенскій "Крестјанскаја Россия и соціализам", Петроград, 1918, 6 стр.

[6] Државниот монопол над трговијата со жито тоа воопшто нема да го промени, дури и кога би можело да се спроведе против селанското криумчарење. Монополот може со својата политика на цени да ја укине апсолутната земјишна рента, но не може да ја отстрани диференцијалната рента, која е одредена од квалитетот и положбата на земјиштето. Таа не може да се одвои од индивидуалниот земјоделски посед кој произведува стоки.