Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


Трет дел Проблемите на европската револуција

11.

СОЦИЈАЛНАТА РЕВОЛУЦИЈА ВО ИНДУСТРИСКАТА ДРЖАВА

    Во Западна и Средна Европа уште во пазувите на феудалното општество се разви силна буржоазија. Таа уште од втората половина на Средниот век создаде своја сопствена градска култура и се здоби со своја локална слобода преку крвавите борби против феудалните господари. Таа уште од времето на Реформацијата ги спроведе своите идеи како владејачки идеи на нацијата. Таа во времето на мануфактурата беше поткрепа на кралската власт која се издигаше против феудалните господари. Таа во времето на буржоаската револуција го скрши апсолутизмот на кралската власт и ги собори остатоците од феудализмот. Таа беше и остана општествената основа на буржоаската демократија.

Така не е во Русија. Во Русија никогаш не се разви силна буржоазија. Ако во Западна и Средна Европа еснафскиот занает беше основата на модерниот град, во Русија градскиот занает воопшто не се разви. Таму кустарите, селските занаетчии, ја вршеа онаа функција што во Западна и Средна Европа ја вршеше градскиот занает. Поради тоа руските градови не беа ништо друго освен центри на цивилната и воената власт; масата од населението секогаш беше составена од чиновници, војници, слуги, ситни продавачи; на рускиот град секогаш му недостигаше слојот на занаетчиски мајстори и калфи кој во Западна и Средна Европа некогаш беше така самосвесен и подобен за оружје. Поради тоа руските градови од преткапиталистичката епоха никогаш немаа самостојна општествена моќ. Тие не беа, како некогаш што беа во Западна и Средна Европа, потпора на апсолутизмот, туку само негов производ. Тие не беа, како подоцна во Западна и Средна Европа, револуционерната сила која го скрши апсолутизмот, туку само центри на владејачката организација на апсолутизмот. Русија немаше и не можеше да има буржоаска демократија.

Основната разлика на градскиот развиток објаснува зошто во Русија не беше можна буржоаска револуција од западно- и средно-европски вид. Фактот дека во Русија никогаш не се разви бројна, економски самостојна и поради тоа самосвесна буржоазија, објаснува зошто Русија можеше да дојде до својата револуција дури тогаш кога фабриката ги преобрази руските градови и во нив создаде броен пролетаријат. Тој објаснува, значи, од една страна зошто апсолутизмот во Русија можеше толку подолго да се одржи, зошто буржоаската револуција мораше да дојде толку подоцна во споредба со Западна и Средна Европа; од друга страна тој објаснува зошто во Русија буржоаската револуција мораше да биде само предигра на пролетерската револуција. Но оваа основна разлика на градскиот развиток истовремено објаснува и зошто пролетаријатот во Западна и Средна Европа стои наспроти многу побројна, економски многу посилна, духовно многу посамосвесна буржоазија отколку во Русија.[1]

Развитокот на модерниот капитализам уште повеќе ја засили разликата помеѓу руската и европската буржоазија. Во Западна и Средна Европа капиталистичката класа се разви од пазувите на домашната буржоазија. А постоењето на капиталот само стана основа на постоењето на новата средна и ситна буржоазија. Зашто вишокот на вредноста што го присвојува капиталистот е фондот од кој тој го плаќа лекарот и адвокатот, научникот и уметникот, инженерот и трговецот, и од кој троши луксузна стока од секаков вид. Така во западно- и средно-европскиот град со капиталистичката класа се развива средната и ситната буржоазија, чие економско опстојување е непосредно поврзано со опстојувањето на капиталистичката класа. Заедницата на интереси помеѓу нив станува уште потесна преку развојот на финансискиот капитал. Развојот на финансискиот капитал од една страна го “демократизира" поседувањето на капитал: умствениот работник, кој ја вложил својата заштеда во акции на некое индустриско друштво, се чувствува солидарен со крупниот капитал кој владее со индустриското друштво. Од друга страна, развојот на финансискиот капитал го одвојува раководењето на претпријатието од неговото поседување: фабричкиот службеник знае дека изгледите на неговата кариера, можностите за негово напредување зависат од ширењето на акционерското друштво. Така модерниот капитализам во Западна и Средна Европа собира околу себе нови, многубројни слоеви; овие слоеви, чие економско опстојување е врзано за развојот на “националната индустрија", се носители на националистичката и империјалистичката идеологија, во која се изразува нивната потчинетост под водството на капиталистичката класа.[2]

И овој развој едвај да ја зафати Русија. Рускиот капитализам нема домашно потекло. Тој е пресаден во Русија од западно- и средно-европскиот финансиски капитал. Капиталистите на кои им припаѓаа фабриките, рудниците, железниците во Русија не беа Руси, туку Французи и Англичани, Белгијци и Германци. Вишокот на вредноста што го произведуваа руските работници не се трошеше во Петроград и Москва, туку во Париз и Лондон, во Брисел и Берлин. Поради тоа тој не се користеше за плаќање на руските, туку на француските и англиските, белгиските и германските лекари, учители, актери, кокетки, новинари; од вишокот на вредноста што го произведуваа руските работници се трошеше не руската луксузна индустрија, туку француската и белгиската, англиската и германската. Акциите на руските индустриски претпријатија се наоѓаат не кај руската, туку кај француската ситна и средна буржоазија. Странците ги задржаа највисоките места во руската крупна индустрија. Со крупниот капитал, кој завладеа со руската крупна индустрија, значи, толку не се чувствуваше солидарна руската колку западно-европската ситна и средна буржоазија. Фактот што модерниот капитализам во Русија е основан од странскиот капитал и што тој владее со него, значи, објаснува зошто во Русија не се разви, како во Западна и Средна Европа, многубројна ситна и средна буржоазија, која е врзана преку своите економски интереси за капиталот и која стои под водството на капиталот.[3]

Така во Западна и Средна Европа наспроти пролетаријатот стои ситната и средната буржоазија, која сочинува значително поголем дел од населението отколку во Русија и која се чувствува многу посолидарна со крупниот капитал отколку во Русија. Но не само што непријателот, кого пролетаријатот треба да го победи, е далеку поброен и многу покомпактен отколку во Русија; овде и самата општествена револуција, извршена според руските облици, би имала сосема други последици отколку таму. Ненадејната, насилна револуција, експропријацијата извршена без оштета, едноставното уништување на сите хартии кои даваат право на вишок на вредност, на акциите и државните обврзници, на хипотеките и заложувањата во Русија главно го погодуваат само крупниот капитал и тоа пред сé странскиот крупен капитал. Во Западна и Средна Европа таа би ги експроприрала широките маси на ситна буржоазија, интелигенција, службеници и чиновници, селани, кои својата заштеда, својата последна пара, овде ја вложиле во веќе развиените облици од модерниот финансиски капитал, во акции, државни обврзници, заложувања, и со тоа би предизвикала неспоредливо потешки општествени потреси отколку во Русија. Кога во Русија се експроприра капиталот, преку тоа непосредно се погодени акционерите на руските индустриски друштва кои седат во Париз, во Брисел, во Лондон, а посредно се погодени француските, белгиските, англиските луксузни индустрии кои работат за потребите на капиталистите; кога во Западна и Средна Европа би се експроприрале капиталистите, тогаш домашните луксузни индустрии со еден удар би ја изгубиле основата на своето постоење, стотици илјади ситни занаетчии, работници, службеници, интелектуалци од секаков вид, со еден удар би биле лишени од својата заработка, а преминувањето на овие маси на други струки е многу долг и мачен процес, овде, значи, настапува неспоредливо потешка економска криза.

Различноста на руската и европската буржоазија се пројавува и во различната положба на интелигенцијата овде и таму. Под апсолутизмот интелигенцијата насекаде беше револуционерна. Буржоаската револуција насекаде беше извршена под нејзино водство. Во Западна и Средна Европа во епохата на буржоаската револуција интелигенцијата стоеше на чело на буржоаската демократија. Во Русија интелигенцијата не наиде на никаква буржоаска демократија. Таа таму не можеше да најде никакво друго поле за делување за своето револуционерно расположение освен работничкото движење, не можеше да присвои ниту еден друг револуционерен свет на идеи освен светот на идеите на социјализмот. Така, од почетокот на 90-тите целата руска интелигенција помина низ школата на социјализмот. Никаде толку многу интелектуалци не им се приклучија на социјалистичките партии, никаде марксизмот толку силно не влијаеше врз буржоаската наука, никаде социјалните чувства не најдоа таков силен израз како во Русија. Во времето кога интелигенцијата во Западна и Средна Европа целосно падна под влијание на империјализмот, многу голем дел од руската интелигенција целосно стоеше под влијание на социјализмот. Во времето кога брзиот пораст на “националната индустрија" беше гордост и надеж за западно- и средно-европската интелигенција, руската интелигенција во борбата на пролетаријатот против странскиот капитал - кој владееше со руската индустрија и го направи апсолутизмот свој собирач на даноците - гледаше ослободителна борба на руската нација против странскиот угнетувач.[4]

Но дури и оваа интелигенција, која до револуцијата беше под така силно влијание на социјализмот, дури и таа се грози од пролетерската револуција, дури и таа веднаш бидува фрлена во логорот на буржоазијата кога на крајот јасно се гледа себеси наспроти дивото движење на физичкиот пролетаријат. Октомвриската револуција наидуваше на најстрасен, најогорчен отпор од страна на интелигенцијата. Првите недели по Октомвриската револуција инженерите ја саботираат работата во фабриките, учителите ја прекинуваат наставата, лекарите одбиваат да ги лечат болните![5] Ако пролетерската револуција дури и во Русија наидува на таков отпор, иако таа интелигенција цел човечки век се развиваше под силно влијание на социјализмот, тогаш на каков отпор таа ќе наиде во Западна и Средна Европа, каде интересите на интелигенцијата се врзани за капиталот и каде преовладувачкото мнозинство од интелектуалците е под духовно влијание на национализмот и империјализмот! Овде водството на интелигенцијата, вешто при говорот и при перото, е еден од најважните извори на моќта на буржоазијата. Овде отпорот на интелигенцијата, без чие содејство не може да се управува со државата, без чие содејство не може да работат фабриките, овде тој отпор мора да стане една од најстрашните пречки на пролетерската револуција.

Ако капитализмот во Западна и Средна Европа можеше да ја врзи градската буржоазија многу посилно за своите интереси и многу повеќе да ја потчини на своето влијание отколку во Русија, тој овде истовремено на село ја најде својата најцврста потпора во бројниот, економски силниот селски сталеж, исполнет со капиталистички дух. Од буржоаската револуција западно- и средно-европските селани поминаа низ цела низа различни фази на развојот, од кои секоја суштински ги одредуваше и менуваше односите на силите помеѓу класите во капиталистичкото општество.

Во епохата на буржоаската револуција селанецот стои наспроти властелинот. Укинување на наследната феудална потчинетост и на обврската за кулук, укинување на давачките кон властелините, ново регулирање на служењето со шумите и пасиштата на властелинската земја, поделба на самата властелинска земја на селаните - тоа се целите на антифеудалната селска политика од оваа фаза од развојот. Но селанецот сé уште не е зрел да ги постигне овие цели преку самостојна, свесна политика. Селаните се “неспособни да го спроведат својот класен интерес во свое име како преку Парламентот така и преку Конвентот. Тие не можат да се претставуваат, тие мораат да бидат претставувани. Нивниот претставник мора истовремено да се појави и како нивен господар, како авторитет над нив, како неограничена владејачка сила која ги штити од другите класи и одозгора им испраќа дожд и сончева светлина. Политичкото влијание на ситните селани, значи, го наоѓа својот краен израз во тоа што извршната власт си го потчинува општеството."[6] Неограничената владејачка сила, која го ослободува селанецот од феудализмот и при тоа истовремено сепак кон него се појавува како негов господар - тоа е теророт на Конвентот, тоа е војничкиот апсолутизам на Бонапарта, тоа е диктатурата на советите.[7]

Штом феудализмот ќе биде уништен, доаѓа до нов развој. Со развојот на големите градови и на крупната индустрија, на местото на локалниот пазар, каде што селанецот непосредно му го продаваше своето жито на воденичарот, својот добиток непосредно на касапот, стапува националниот и интернационалниот пазар, каде помеѓу селанецот и потрошувачот се вовлекува цела низа трговци. Економски неискусниот селанец, ненавикнат да ракува со пари, гледа дека е ставен наспроти лукавиот трговец. Тој гледа дека цената на неговиот производ ја одредува нему неразбирливата игра на берзата. Истовремено, селската натурална економија сé повеќе пропаѓа, со впрегнувањето на селанецот во паричната економија расти потребата од капитал кај селанецот, тој паѓа во канџите на шпекулантите, на неговата земја се трупаат хипотеките, а хипотекарниот товар стана неподнослив штом од 70-тите години натпреварот помеѓу американското и руското жито почна да ја намалува цената на житото. Сега селанецот својот непријател повеќе не го гледа во феудалниот господар, туку во трговскиот, шпекулантскиот, хипотекарниот и берзанскиот капитал. “Во текот на 19 век на местото на феудалниот господар стапува градскиот шпекулант, на местото на феудалните давачки на земјата - хипотеката, на местото на аристократската земјишна сопственост - буржоаскиот капитал. Парцелата на селанецот е само изговор кој му дозволува на капиталистот да извлекува профит, камата и рента од нивата, а на самите селани да им дозволи да видат како тој ја истерува својата дневница."[8] Со тоа сега почнува антикапиталистичката фаза на селската политика. Нејзините цели се воспоставување на закони против шпекулацијата и воспоставување на правото на наследство, раздолжување на земјата, забрана на трговијата на рокови, организирање на селски кредитни друштва. Но борбената положба против капитализмот не го направи селанецот сојузник на пролетаријатот, туку сојузник на градската ситна буржоазија, пред сé на занаетот покорен на капиталот, кој во оваа епоха водеше слична борба против трговскиот и шпекулантскиот капитал. И ситно-буржоаскиот антикапитализам на занаетчиите и селаните стана средство на моќта на феудалните господари и на црквата, кои ги користеа селаните и занаетчиите, огорчени на “подвижниот капитал", како средство против буржоаскиот либерализам. Тоа беше време на цветање на христијанскиот и феудалниот “социјализам" и антисемитизам, време кога реакционерните партии ги организираа селаните за свои цели. Во тие борби се разбуди политичкиот интерес на селаните и селаните се воспитаа да читаат весници, да водат изборни борби, да ја користат месната самоуправа за своите класни цели. Така, резултатот од оваа фаза од развојот беше значителното подигање на политичкото културно ниво на селаните. Но пред сé борбите од овој период му дадоа најсилен поттик на развојот на земјоделските задруги.

Од средината на 90-тите се забележуваат нови тенденции на развојот. Израсна нова генерација која веќе се стекна со подобро школско образование и воспитание под посилното влијание на градската цивилизација, која веќе не е така силно врзана за традициите, која значително го рационализира селскиот живот. Тоа се покажува и во селскиот приватен начин на живот - нека се помисли, на пример, на исчезнувањето на носијата или на распространувањето на системот на две деца - но пред сé во рационализирањето и интензивирањето на селската економија. Приносите по хектар во овој период покажаа значително зголемување. Интензивирањето на селската економија е олеснето од зголемувањето на цената на житото на светскиот пазар, кое започна од втората половина на 90-тите, и од истовременото зголемување на цената на добитокот, млекото, зеленчукот, кое настапи како резултат на порастот на градовите и индустриските области. Кога цените растат заедно со порастот на приносите по хектар, тогаш хипотеката веќе не е тежок товар. Шпекулантот од селото го избрка Рајфајзеновата[9] каса. Трговијата делумно беше отстранета со задругите, а делумно изгуби од својата стравотност откако селанецот научи подобро да смета. Селанецот повеќе не се жали на берзата, откако таа ги нотира цените кои се зголемуваат. Исчезна антикапиталистичкото расположение на селаните. Сега нив ги раздвижуваат други прашања. Сега пред сé бараат високите цени на аграрните производи да се одржат преку заштитни царини. Во борбата за царините тие стојат наспроти градското работништво рака под рака не само со крупниот посед, туку и со крупната индустрија на која и' требаат заштитни царини. Во царинските борби селаните дефинитивно се стекнуваат со сите методи на политичко претставништво на своите класни интереси, се јавуваат како самостојна и самосвесна класа, а истовремено учат во пролетаријатот да гледаат свој главен непријател. Истовремено, брзиот развој на индустријата ги мами работниците од селата во градовите, зголемената потреба од работна сила поради интензивирањето на селската економија повеќе не може да се задоволи поради бегањето од селото, “оскудноста од луѓе" разбудува “страсти" и кај земјоделските работници. Селанецот сега се противи на секое подобрување на положбата на градските работници, зашто тоа го помага бегањето од селото, па, значи, ги засилува “оскудноста од луѓе" и “страстите" на земјоделските работници. Селанецот повторно во пролетаријатот гледа свој непријател. Селанецот пред сé почнува да се чувствува како сопственик, обединет преку заедничките интереси со крупниот посед и со индустрискиот претприемач. Сé појасно испливува на површината антипролетерската фаза од развојот на селската политика.

Војната го забрзува овој развој. Таа го ослободува селанецот од хипотеките. Селанецот трупа значителен капитал, го пласира во државни обврзници, го вложува во банки; тој станува во голема мерка заинтересиран за неприкосновеноста на сите хартии кои даваат право на вишок на вредност. Истовремено тој се бори рака под рака со градскиот трговски капитал против државното стопанисување со неговите производи, што му е наметнато во интерес на градските потрошувачи и за што градското работништво е многу заинтересирано. Најпосле, војната и револуцијата ги будат и земјоделските работници. Големи маси од нив прв пат го наоѓаат патот до синдикалната организација и спроведуваат успешни борби за надници. Така, прекумерно се заострува спротивноста помеѓу селаните и пролетаријатот.

Крајниот корен на Руската револуција е пренатрупаноста на руското село. Фактот дека во селските куќи живееја повеќе луѓе отколку што можеа да бидат вработени работни сили на селската земја го револуционизира рускиот селанец. Основен факт на селското мислење во Западна и Средна Европа е оскудноста во луѓе, испразнувањето на селото; тоа ги тера селаните во логорот на буржоазијата. Рускиот селанец мораше самиот да работи како наемник на земјопоседничката земја; целиот начин на мислење на западно- и средно-европскиот селанец е одреден од неговите претприемачки интереси. Рускиот селанец треба да му заблагодари на пролетаријатот за земјата; западно- и средно-европскиот селанец го мрази пролетаријатот, кој ја намалува цената на неговите производи и ја зголемува надницата на неговите работници. Рускиот селанец е политички незаинтересиран и непосвижен; западно- и средно-европскиот селанец учествуваше два човечки века во политичките борби и се образуваше за употребата на сите политички средства на борба. Рускиот селанец можеше да биде потчинет на водството од страна на пролетаријатот; западно- и средно-европскиот селанец стои наспроти пролетаријатот во збиен борбен фронт. На рускиот селанец пролетаријатот можеше во своето советско уредување да му даде полно граѓанско право по форма и сепак во стварноста да го потчини; западно- и средно-европскиот селанец повеќе не може да биде потчинет, овде советската диктатура веројатно ќе мора насилно да го потчини и насилно да го држи во покорност. Но револуцијата може насилно да обесправи класи кои претставуваат само мал дел од населението и кои се паразити на општественото тело; насилното обесправување на премногу бројна класа, која врши животно важна функција во државниот организам, чиј труд му е нужен на општеството, чиј пасивен отпор едноставно мора да доведе до најопасен застој во општествената размена на производи, таквото обесправување тешко дека може да успее.

Револуцијата во никој случај не може да победи ако воопшто нема никаква поткрепа на село. Ако пролетерската револуција не може да го придобие селанецот, тогаш таа мора на село да се потпре на земјоделските работници и на слугите. Политичкото диференцирање на селското население, развојот на спротивностите помеѓу “селската сиромаштија" и “селската буржоазија" може полесно да тргне од рака во Западна и Средна Европа отколку во Русија, каде селското население поради заедницата на земјата општествено е помалку диференцирано отколку овде. Средно-европската револуција од 1918 го разниша селото; будењето на земјоделските работници за сега е нејзин најважен резултат.

Се разбира, претпоставките секаде не се исти. Во Средна Европа имаме, на пример, во нашите алпски предели, пространи области во кои селскиот сталеж е слабо диференциран и во кои селскиот пролетаријат постои само како куќен слуга. Но куќниот слуга се регрутира од синовите и ќерките на селанецот, тој целосно ја споделува судбината на селското семејство, па поради тоа и духовно и политички стои целосно под влијание на селската куќа. Пролетерската револуција воопшто не можеше да најде никаква поткрепа во областите со такво преовладувачко уредување.

Напротив, во областите каде што преовладува крупниот земјоделски посед и каде во негова служба има броен селски пролетаријат, или каде што владее крупниот селски посед кој наоѓа работна сила во бројниот слој работници со своја куќарка, индустрискиот пролетаријат на полскиот имот или на село може да најде свој сојузник. Но овде се појавуваат други тешки проблеми за пролетерската револуција.

Во најголемиот дел од Русија крупниот посед не ја обработуваше земјата капиталистички, туку делумно им ја издаваше земјата на селаните под закуп, а делумно им ја даваше да ја обработуваат “според системот на одработување". Поради тоа таму продуктивноста на трудот на земјопоседничката земја е многу мал, интензитетот на обработување на земјопоседничката земја многу низок. Напротив, во Западна и Средна Европа крупниот посед е основата за капиталистичкиот крупен посед, продуктивноста на трудот кај овие поседи е многу повисок отколку кај ситниот селски посед, крупниот посед има многу поголеми вишоци за да им ги дава на градовите и поради тоа е основата на нивното снабдување со животни намирници. Тука пролетерската револуција може крупниот земјоделски посед само да го социјализира; таа не може да дозволи негова поделба помеѓу ситните селани и селските работници, ако не сака да го фрли земјоделието на пониско техничко ниво и со тоа да го загрози за момент не само снабдувањето на градовите со животни намирници, туку и за останатото време да го осиромаши животот на народните маси. Револуцијата од руски вид, која прво едноставно ги руши рамките на приватната сопственост и и' ја предава на “творечката моќ на масата" за да создаде нови односи на земјишната сопственост, веројатно и овде би довела до поделба на земјата, но со тоа и до само според формата револуционерна, а всушност до техничко и општествено реакционерна преобразба на аграрното уредување. Една од најтешките и најважните задачи на пролетерската револуција во Западна и Средна Европа ќе биде да се погрижи револуцијата на односите на сопственост над земјата да не му биде препуштена на елементарното движење на селскиот пролетаријат, туку да биде спроведена плански од страна на државата и согласно со интересите на целото општество.

Воопшто, сложениот механизам на модерната индустриска држава не би можел да поднесе преобразбата на сопственичките односи на ист начин да и' биде препуштен на елементарната, инстинктивна, непланска акција на масите, како што тоа се случи во Русија во првото полугодие по Октомвриската револуција. Во Русија преовладувачкото мнозинство од населението сé уште е составено од селани; неговото снабдување со животни намирници во никој случај не е загрозено. Но градското население, кое релативно е само мал дел од севкупното население, може, кога е неопходно, да се снабди со најнужните животни намирници преку реквизиции во џиновските аграрни области. Западна и Средна Европа, каде несразмерно поголем дел од населението е збиен во големите градови и во густо населените индустриски области, има потреба од многу посложен механизам на сообраќај, распределба и размена за да ги заштити од глад своите градови и индустриски области. Овде секое нарушување на општествената размена на производи може да доведе до катастрофа од глад, при што би морала да пропадне и самата револуција. Руската револуција прво им ја предаде целата државна машинерија и народна економија на анархичните, рушителни, елементарни сили; дури откако тие ја разрушија целата бирократска државна машина и целата капиталистичка организација на народната економија, таа премина на тоа постепено создавање нов ред од хаосот. Додуша, оваа постапка е најрадикално средство за целосно разрушување на стариот владејачки апарати за целосно создавање од почеток на елементи за нова изградба. Но силното тело на една аграрна земја поднесува така насилна, така долготрајна операција, која така целосно го руши континуитетот на државното и економското управување; почувствителниот организам на индустриската држава би пропаднал при таа операција. Во Западна и Средна Европа пролетерската револуција ќе мора да внимава на тоа да не ја прекинува општествената размена на производи. Поради тоа таа нема да смее да сруши ниту една капиталистичка организација пред да биде подготвена социјалистичката организација што треба да ја замени и понатаму да ги врши нејзините функции.

Но пролетерската револуција пред сé не смее да ги прекинува меѓународните економски односи. Аграрна земја како Русија, која живее од приносите на сопствената жетва и во чија народна економија индустриите, кои се упатени на странски суровини, имаат релативно подредена важност, може со години да ја поднесува изолираноста од странство. Модерната индустриска држава тоа не го може. Средна и Западна Европа во нормални услови на производство не ни можеа да живеат без увоз на прекуморски средства за исхрана; денес, кога војната ја исцица нашата земја, ние уште помалку можеме да се лишиме од овој увоз. Без американскиот памук и американскиот бакар, без австралиската волна и африканската гума, Средна и Западна Европа не можат да работат. Од друга страна, пак, нашето производство денес е многу помало отколку при нормални околности. Нашата работна сила поради долгогодишната недоволна исхранетост е помалку способна за работење, нашите парни котли не можат да се загреат поради недостигот на јаглен, на нашите машини им недостига материјал за работење. Поради тоа не сме во состојба средствата за исхрана и суровините кои ни требаат да ги платиме со производите на нашиот труд. Трговскиот биланс на сите земји од Западна и Средна Европа се заклучува со огромна пасива. Бидејќи не сме во состојба да ги платиме потребните средства за исхрана и суровините со производите на својот сегашен труд, мораме да ги платиме со производите на нашиот минат или иден труд. На својот минат труд: мораме, значи, дел од нашиот производен апарат, мораме своите фабрики, мораме акциите на своите индустриски друштва да им ги продаваме на странски капиталисти. На својот иден труд: мораме, значи, да земаме кредит од странство и дел од приходите од нашиот иден труд да им ветиме на странските капиталисти како камата; мораме да го повикаме странскиот капитал во земјата, мораме да му дозволиме да подигне нови претпријатија овде, овде во иднина да присвојува вишок на вредноста. Сето тоа е неизбежна, неотстранлива последица од војната; зашто нема друга можност за покривање на пасивата на нашиот трговски биланс, т.е. да се добијат животни намирници и суровини кои ни се неопходни, а кои сепак не можеме да ги платиме со производи на нашиот сегашен труд. А оваа нужност постои, иако во многу различна мера, во сите земји од Западна и Средна Европа кои учествуваа во војната. Но дали странските капиталисти ќе сакаат да земаат акции од наши индустриски друштва, да и' даваат суровини на кредит на нашата индустрија, да го вложуваат својот капитал во нашата земја, ако пролетерската револуција им се заканува со експропријација без оштета? А како пролетерската револуција ќе обезбеди снабдување на народот со животни намирници, како ќе ја снабди индустријата со сировини, ако таа самата го оневозможува единствениот можен начин за добивање на странски животни намирници и суровини? Пролетерската револуција во Средна и Западна Европа тука повторно стои пред проблем кој имаше неспоредливо помало значење за револуцијата во аграрната Русија, на која воопшто не и' се потребни странски животни намирници, па дури ни странските суровини не и' се така неопходно потребни. Вистина е дека војната создаде субјективни, психички услови за пролетерска револуција, револуционизирајќи ги европските работнички маси; но исто така е вистина дека војната значително ги влоши објективните, економски услови за пролетерска револуција во индустриските држави кои учествуваа во војната, нарушувајќи го нивното производство и огромно зголемувајќи ја нивната зависност од странство, особено од Америка, која војната не ја осиромаши, туку огромно ја збогати и која поради тоа не се ни револуционизира.

Што значи пасивата на нашиот трговски биланс? Значи дека мораме да го трошиме американското жито, американскиот бакар итн., значи, производите на американските работници, а не можеме како надомест на американските работници да им дадеме производи на нашиот труд. Но дури и при социјалистичко организирање на светската економија американските работници не би ни ги дале производите на својот труд без противуслуги, зашто тоа би значело дека ние ги експлоатираме американските работници. Дури и при социјалистичкото организирање на светската економија, ако не можеме производите на трудот на американските работници да ги размениме за производи на нашиот сегашен труд, би морале да ги платиме со производи од нашиот минат труд, значи, преку отстапување на дел од нашиот производен апарат, или со производи од нашиот иден труд, значи, преку меници за дел од приносот на нашиот иден труд. Продажбата на нашите индустриски акции на странски капиталисти, земањето кредити со камата од странскиот капитал, предавањето на нашите производни сили на експлоатација на странските капиталисти - тоа му се својствени облици само на капитализмот според кои се врши размена на сегашните странски производи на трудот за минатите и идните домашни производи на трудот. Од оваа размена не може да се лиши ниту пролетерската револуција во Средна и Западна Европа. Таа може да се врши само според облиците својствени за капитализмот, сé додека земјите кои располагаат со животни намирници и суровини се капиталистички. Но таа истовремено, токму затоа што е пролетерска револуција која ги урива капиталистичките облици, ја оневозможува примената на капиталистичките облици на оваа размена на добра, а со тоа и самата размена. Така пролетерската револуција тука наидува на граница која стравотно ја стеснува нејзината слобода на делување. Оваа граница не е граница на пролетерската револуција воопшто, туку граница на пролетерската револуција во национални размери. Слободата на делување на пролетерската револуција во Западна и Средна Европа е стеснета со тоа што војната од една страна го опустоши европскиот континент и преку тоа овде создаде психички претпоставки за пролетерската револуција, а од друга страна ја збогати Америка и на тој начин таму го зацврсти капитализмот.

Така економските и социјални претпоставки за пролетерската револуција во Западна и Средна Европа се сосема поинакви од Русија. Поради тоа пролетерската револуција овде мора да се оствари во сосема поинакви облици отколку таму.

Пролетерската револуција тука пред сé ќе мора да обезбеди континуитет на општествениот процес на производство и оптек, да го отстрани секој прекин во општествената размена на производи. Поради тоа таа нема да смее да и' ја предаде индустријата и трговијата ниту на анархичната “работничка контрола", ниту со еден удар да ги национализира. Таа ќе мора да оди чекор по чекор: прво да ги национализира оние гранки на производството и трговијата во кои преминот од капиталистичка кон социјалистичка организација може да се изврши без прекин во производството и продажбата. И нема да смее да ги социјализира според истиот план сите гранки на производството, туку ќе мора да ги прилагоди облиците на социјализирање на особените односи на поодделните гранки на производството. Ако во некои гранки на производството капиталистот може целосно да се отстрани, во други гранки на производството, во кои организационата работа на претприемачот сé уште е неопходен, на почетокот ќе мора да се задоволи со тоа што посилно ќе го потчини претприемачот на општествена контрола и преку тоа ќе го претвори во орган на општеството, не поништувајќи го нивниот интерес за успехот на претпријатието и не убивајќи ја неговата иницијатива. Пролетерската револуција особено нема да смее да им ја препушти преобразбата на односите на земјишна сопственост на село на елементарните движења на масите и ќе мора цврсто да ја држи во свои раце. Таа, на крајот, ќе мора да ги определи облиците, обемот, и, особено, времето на социјализирање така што со тоа нема да го оневозможи добивањето на странски кредити и увозот на капитал од странство, неопходен за покривање на потребите од животни намирници и суровини.

Поради истата причина пролетерската револуција ќе мора да постапува така што оние слоеви на поседничките класи, чиј труд е неопходен во системот на општествениот процес на производство, да не го прекинуваат тој труд, туку да го продолжат. Тоа е интелигенцијата, ако нејзиниот труд е неопходен за управувањето со државата и со апаратот на производството, селаните и претприемачите на ситната индустрија. Во Западна и Средна Европа овие слоеви не можат да се потчинат, како во Русија; но не можат ниту едноставно да се обесправат, зашто за тоа би било потребно нивно насилно потчинување и држење во потчинетост, што би ја предизвикало нивната саботажа, која би ја прекинала целата општествена размена на производи. Овде, значи, мора да им се дозволи влијанието врз целиот општествен механизам, врз државата, па макар само како опозиција која контролира.

Од сето ова следува дека пролетерската револуција во Западна и Средна Европа не може да ги поништи со еден потег на перото разноразните хартии кои даваат право на вишок на вредност - државни обврзници, заложувања, хипотеки, депозити во банките итн. - и да спроведе експропријација на странскиот капитал и земјишен посед без оштета. Експропријацијата без оштета би била дозволена кога би можело истовремено да се експроприра целата капиталистичка класа; но таа би имала неподносливи општествени последици ако социјализирањето би се вршело чекор по чекор, ако, значи, на капиталистите од една индустриска гранка едноставно би им се конфискувала нивната сопственост, а на капиталистите од друга индустриска гранка би им се оставил имотот. Едноставното уништување на хартиите кои даваат право на вишок на вредност би го натерало на жилав отпор не само капиталот, туку и широките слоеви на ситната буржоазија, интелигенцијата и селаните. Тоа истовремено со еден удар би ги уништело сите индустриски гранки и занаети, во чии производи се претставува вишокот на вредноста - луксузните индустрии итн. - би ги оставило без леб широките слоеви на интелигенцијата кои ги плаќаат капиталистите од својот вишок на вредност и со тоа би ја протерало во логорот на контрареволуцијата целата војска не само од занаетчии и интелектуалци, туку и од работници. Тоа, на крајот, би ја уништило секоја можност од увоз на капитал од странство и добивање на странски кредити, би го прекинало, значи, и секој увоз на животни намирници и суровини. Поради тоа револуционерната револуција тука на почетокот ќе може да експроприра само со целосна оштета, таа од почетокот ќе мора да ја задржи важноста на сите хартии кои даваат право на вишок на вредност; експропријацијата на експропријаторите, повторното одземање на износот на оштетата и уништувањето на хартиите кои даваат право на вишок на вредност овде ќе може да се спроведува само постепено, чекор по чекор, преку средствата на планското даночно законодавство.

И така, економската политика на пролетерската револуција во Западна и Средна Европа мора да биде целосно поразлична од онаа во Русија. Онаму каде што пролетаријатот стои наспроти ситната буржоазија, интелигенцијата и селаните кои се економски и политички неспоредливо посилни и неспоредливо позаинтересирани за постоењето на капиталистичките хартии кои даваат право на вишок на вредност; онаму каде што широките слоеви на работниот народ, чиј труд му е неопходен на општеството, се непосредно и посредно заинтересирани за капиталистичките облици на експлоатација; онаму каде што поради префинетоста и диференцираноста на економскиот механизам секој прекин на општествената размена на производи може да доведе до катастрофа од глад, која ќе мора непосредно да доведе до контрареволуција; онаму каде што без странски кредит и без увоз на капитал не може да се обезбеди народната исхрана и снабдувањето со суровини, таму не може да се имитира економската политика на Руската советска република. Во Западна и Средна Европа не може, како во Русија, општествената организација прво на половина година да и' биде препуштена на разорната сила на инстинктивното движење на масите, па потоа со државната сила, со која управува мало малцинство, деспотски да им се наметне на народните маси од основа ново уредување. Ние овде во фазата на рушењето би умреле од глад. Ние овде во фазата на новото деспотско уредување би наишле на отпорот на широките народни маси, кои вршат неопходни функции во рамките на општествената поделба на трудот. Преобразбата на народната економија од капиталистички во социјалистички облици овде не може прво да го уништи сето она што постои за потоа од тие урнатини да подигне нова зграда, тоа тука не смее да го прекинува континуитетот на државата и на економското управување, тоа тука мора да се изврши преку постепена, планска, систематска преобразба на капиталистичките облици на организација.

Но ако економската политика на пролетерската револуција во Средна и Западна Европа мора да биде сосема поинаква отколку во Русија, тогаш овде мора да биде сосема поинаков и обликот на владеење на пролетаријатот. Зашто помеѓу обликот на владеење и општествената содржина на вршењето на владеењето постои внатрешна врска. Диктатурата на советите, која ја концентрира целата власт во рацете на пролетаријатот и целосно ги обесправува сите поседнички класи, веднаш ги менува сите односи на силите во секое претпријатие. Следниот ден по воспоставувањето на диктатурата на советите ќе биде невозможно секое раководење со претпријатијата од страна на капиталистите, значи, ќе биде невозможно самото капиталистичко производство. Советската диктатура, значи, го присилува општеството веднаш да изврши и општа социјализација на претпријатијата; го присилува на социјализација и таму каде што општеството не располага со управен апарат кој ќе раководи со социјализираните претпријатија, го анархизира производството и во претпријатијата кои не можат да бидат социјализирани. Со тоа советската диктатура со еден удар го оневозможува капиталистичкото раководење со претпријатијата, прво доведува до анархија во целото производство, која дури потоа мора постепено да се совладува од страна на државната власт која станува семоќна. Напротив, онаму каде што пролетаријатот се здобива со политичка власт врз основа на демократијата и преку средствата на демократијата, таму машинеријата на капиталистичката држава прво нема да биде уништена, таму претставниците на пролетаријатот само го преземаат раководењето со неа. Поради тоа не се прекинува континуитетот на државното и економското управување. Овој континуитет несомнено го забавува процесот на општествена преобразба, зашто наследениот апарат само постепено се прилагодува на новите задачи. Но, од друга страна, токму овој континуитет ја обезбедува планската, систематска преобразба на она што постои, тој ги презема само оние задачи кои веќе се зрели за решавање. Единствено преку оваа преобразба, при особените услови во кои се наоѓа средно-европското и западно-европското општество во сегашната фаза на развој, е можно да се изврши преминот од капитализам кон социјализам. Демократијата овде е обликот при кој пролетаријатот може да се здобие со власта и да ја извршува, а да не мора насилно да ги обесправи оние класи на работниот народ кои се противнички настроени кон пролетаријатот, а кои вршат важни функции во народната економија, да не мора да ги исклучи од соработката, барем од соработката во облик на опозиција која контролира, да не го изгуби неопходниот кредит од странство, со насилниот прекин на општествениот процес на производство и оптек да не доведе до економска катастрофа во која ќе мора да се скрши владеењето на пролетаријатот. Сировото, примитивно економско тело на Русија дозволува економска преобразба само во облик на болшевизам, т.е. во првата фаза неизбежно анархичен и поради тоа во втората фаза нужно деспотски начин; за извршување на оваа економска задача најприкладен државен облик е советската диктатура. Класната расчленетост на западно- и средно-европското општество, неговиот почувствителен економски апарат и неговата зависност од меѓународните економски односи бараат економската преобразба да се врши преку постепено, планско градење; државниот облик кој е прикладен за оваа задача е демократијата.

Но против ова сознание се крева нестрпливоста на широките работнички слоеви. Тие гледаат дека класно-свесниот пролетаријат е малцинство од избирачите, дека неговото претставништво е малцинство во демократските парламенти. Поради тоа тие очајуваат дека е можно преку средствата на демократијата да се освои власта. Тие сметаат дека пролетаријатот може да се ја зграби државната власт преку подјармување на поседничките класи, преку воспоставување на диктатура на малцинството. Но ова гледање сосема губи од вид дека преобразбата на општественото уредување претпоставува нешто повеќе отколку самата сила.

Индустрискиот пролетаријат не може да изгради социјалистичко општество додека не ги придобие широките слоеви на интелигенцијата и земјоделското работништво. Токму руското искуство ја покажа неопходната потреба од соработка со “стручњаците", со “техничарите и специјалистите". Ние дотолку помалку можеме да се лишиме од поткрепата на земјоделските работници, бидејќи мораме да сметаме со непријателството на селаните. Ако интелигенцијата дури ниту гласа за нас на изборите, дали тогаш ќе ни се стави на располагање по насилната револуција, кога и руското искуство покажа дека дури и интелигенцијата која ја воспита социјализмот се згрозува од бруталната стварност на пролетерската диктатура? Ако масата на земјоделски работници при изборите не ги води нивната класна свест, дали тогаш ќе можеме да раководиме со нивните потези во револуцијата, зашто револуцијата би станала токму техничка и општествена реакција кога раководењето со огромното движење би се извлекло од вкупната пролетерска организација? Ако умствените и земјоделските работници им се приклучат на индустрискиот пролетаријат, тогаш класно-свесниот пролетаријат е мнозинство од народот во секоја индустриска држава; тогаш тој може да ја освои и да ја врши власта преку средствата на демократијата. А ако сé уште сме малцинство од избирачите и малцинство во претставничките тела на демократијата, тогаш тоа покажува дека сé уште премногу широките маси на умствени и земјоделски работници стојат надвор на нашите редови. Тогаш сé уште не се исполнети објективните, општествени претпоставки на социјалистичката изградба. А овие претпоставки не може да ги замени самата сила. Силата е бабица на секое старо општество кое во својата утроба го носи новото општество; но силата не може да придонесе да се роди новото општество пред тоа да созрее во пазувите на старото општество.

_______________

Фусноти

[1] Троцки, цит. дело, 23-27 стр.

[2] Хилфердинг “Финансискиот капитал", Виена, 1910, 438-448 стр.

[3] Кауцки “Американскиот работник", „Neue Zeit“, XXIV.1, 667 стр. и понатаму.

[4] Кауцки, цит. дело, 680 стр.

[5] Устинов “ИнтеллигенциÔ и октÔбрскиŸ переворот", Москва, 1918, 12 стр.

[6] Маркс “Осумнаесетти бример", 102 стр.

[7] Во Италија и Романија, во балтичките “гранични држави", во Словачка, во Босна, можеби и во Полска и Унгарија и денес постои можноста од таков развој.

[8] Маркс, цит. дело, 105 стр.

[9] Friedrich Wilhelm Raiffeisen (1818-1888) - германски кооперативен лидер, кој ја формира првата кооперативна банка за позајмувања во 1864 (заб. на прев.).