Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


ПРЕДГОВОР

Русија, која цел век беше тврдина на европската контрареволуција, стана поприште на силна пролетерска револуција. Прв пат пролетаријатот ја приграби власта над една голема држава. Прв пат тој се обидува да ја сруши капиталистичката организација на општеството и да изгради социјалистичко општествено уредување.

Капиталистичкиот свет трепери. Неговите традиции, неговите идеи тонат во ништавилото штом видат дека стојат непосредно пред смртниот непријател. Наследниците на јакобинците сега организираат коалициона војна против револуцијата, токму како некогаш Леополд Втори и Фридрих Вилхелм Втори. Пејновите потомци ја вршат Берковата задача.[1] Германските генерали ги нудат своите услуги за борбата против револуцијата на бесниот победник кој ја понижува Германија, на францускиот “смртен непријател" и на “перфидниот Албион". Внуците на полските борци за слобода вршат вазалска услуга за новата Света алијанса.

Со топовите и хаубиците, со машинките и фрлачите на пламен, со златото со кое ги врбуваат контрареволуционерните војски во Русија, со интригите на дипломатијата преку кои малите слаби народи се туркаат во контрареволуционерното оро, со изгладнувањето преку блокадата, со морето мастило на заобиколувања, лаги, клевети, меѓународната буржоазија ја води својата војна против пролетерската револуција.

Но толку и посилно чукаат срцата на пролетерите од сите земји за рускиот пролетаријат. Непрелагани од лагите на буржоазијата, работничките маси од сите народи ги поздравуваат победите на советската република. Тие ги слават нејзините победи над Колчак, Деникин и Јуденич како Валми и Жемап[2] на пролетерската светска револуција. Меѓународниот пролетаријат, поделен и распарчен од војната, за прв пат е обединет во целодневниот страстен протест против интервенцијата во Русија. Тој ја извојува својата прва победа присилувајќи ги западните сили да ги повлечат своите трупи од Русија.

Но под влијанието на така силното доживување се поместува и пролетаријатот од своите традиции, од своите идеи. Демократијата, во чие име Антантата ја водеше својата војна против воените монархии на Хоенцелерните и Хабсбурговците, изобличена е од срамните договори во Версај и Сен Жермен. Демократијата во Средна Европа, извојувана како последица на поразот, мора да ги разочара масите, зашто не може да ја совлада неволјата и бедата, последици на војната, поразот, насилниот мир. Разнишана е вербата на пролетаријатот во демократијата, за која тој се бори на Запад веќе еден век, а во Средна Европа од 1848. Руската револуција му посочува на пролетаријатот еден друг пат кон целта: насилно воспоставување на неприкосновено, брутално класно владеење на пролетаријатот. Разочарувањето од демократијата и воодушевувањето за Руската револуција го мамат пролетаријатот на патот на болшевизмот. Но во Западна и Средна Европа работничката класа наидува на сосема поинакви пречки на тој пат отколку во Русија. И така се делат духовите. Советска диктатура или демократија - овој спор го дели пролетаријатот на социјалдемократи и комунисти, тој ги кине и самите социјалдемократски партии, тој ја раскинува Интернационалата.

Дали методите на Руската револуција извираат од суштината на пролетерската револуција воопшто или се условени од посебните услови на руското општество? Дали болшевизмот е единствен можен метод за секоја пролетерска револуција или тој е само метод на пролетерска ослободителна борба прилагодена на посебните руски услови и оттука неприменлива во другите земји? Може ли и мора пролетаријатот од сите земји да го подражава рускиот метод или разликите во условите на борбата се толку големи што методот, кого самата историја го диктираше во Русија, не може да биде применет и мора да биде заменет со сосема други методи? Тоа се големите прашања околу кои се бори меѓународниот социјализам.

Одговорот на овие прашања претпоставува разбирање на особените услови под кои рускиот пролетаријат ја водеше и ја води својата борба. Русија е голема земјоделска земја: три четвртини од нејзиното население е вработено во земјоделието. Потеклото и текот на Руската револуција можат да се сфатат само од историјата на руското земјоделие, само од познавањето на условите за живот на рускиот селанец. Поради тоа моето излагање почнува со кратка историја на рускиот селанец од укинувањето на ропството па до револуцијата. Потоа тоа врз оваа основа го опишува развојот на класната борба помеѓу буржоазијата и пролетаријатот сред оваа џиновска селанска средина. Кога така ќе ги сфатиме особените услови на борба на рускиот пролетаријат, кога ќе научиме преку нив да го разбираме рускиот болшевизам, неговото потекло и неговиот внатрешен развиток во текот на неговиот победнички од, тогаш ги ставаме наспроти стопанските и социјалните услови под кои пролетаријатот од Западна и Средна Европа ја води својата класна борба. Од спознавањето на основните разлики во условите на борба увидуваме дека мораат да бидат различни и методите на борба, иако и овде и таму се бориме за исто дело, за делото на пролетаријатот, тежнееме кон иста цел, кон целта на социјализмот.

Фронтови пренатрупани од челик сé уште нé делат од Русија. Од Советска Русија до нас допираат само оскудни и противречни вести. Една од причините на спорот во нашите редови е потешкотијата да се добијат исцрпни и веродостојни вести. Моето излагање се потпира на една поголема збирка од законски изданија и службени известувања на советската власт, книги, брошури, весници и списанија, кои со голема мака и пожртвуваност ми ги донесе Александар Тајблер при своето враќање од ропство во Русија. Па ниту оваа збирка дури ни оддалеку не е целосна. Пред сé таа ги опфаќа само оние списи од првата година на советската република; сликата на развитокот во нејзината втора година морав да ја склопам од многу пооскудни извештаи. Но политичарот ја нема среќната положба на историчарот, кој, слободен во изборот на својот материјал, не мора да обработува никоја област на истражување пред да му бидат достапни изворите за истражувањето. Принуден да зазема гледишта според дневните случувања, политичарот мора да се осуди да си создаде суд врз основа на нецелосен истражувачки материјал, дури и по цена на опасноста нецелосноста на неговите извори за истражувањето тука или таму да го наведат неговиот суд на погрешен пат.


Ото Бауер,
Виена, 12 април 1920.

________________________

Фусноти

[1] Томас Пејн, англиски публицист, беше голем поборник на Француската револуција и беше избран за член на Конвентот поради одбраната на идеите на Револуцијата, додека Едмонд Берк, познат англиски политичар, се прослави со своите напади врз идеите на Француската револуција (заб. на прев.).

[2] Валми и Жемап, места каде Французите извојуваа победи над Прусите и Австријците за време на Француската револуција (заб. на прев.).