Едуард Бернштајн

Болшевичката варијанта на социјализмот


Напишано: 1920
Извор: Ivan Prpić (red.) "Revizionizam", "Globus", Zagreb, 1981, 231-245 str.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Онлајн верзија: јули 2005


Кои се основните мисли на доктрината што ја запознавме како болшевизам? Врз што се темели таа?

Во првиот том од своето дело „Капиталот“ во глава 25, оддел 6, кој се однесува на настанокот на индустриските капиталисти, Карл Маркс ги опишува различните методи на таканаречената „првобитна акумулација“ на капиталот т.е. на првобитното создавање на капиталот. Наспроти приказите на граѓанските економисти, кои го сведуваат создавањето на капиталот на „заштедата“, односно на штедењето, Маркс докажува дека капиталот настана на сосема поинаков начин и за методите на тие вистински акумулации на капиталот пишува:

„Во Англија тие на крајот на 17 век системски се сумираат во колонијалниот систем, во системот на државни долгови, во тогашниот даночен систем и во протекционистичкиот систем. Тие методи делумно се темелат врз најсуровата сила, како кај колонијалниот систем. Но сите се служеа со државната моќ, со концентрираната и организирана сила на општеството, за вештачки да го унапредат процесот на преобразба на феудалниот начин на производство во капиталистички и за да се скратат премините. Силата е бабица на секое старо општество кое е трудно со некое ново. Таа самата е економска потенција.“

Овде подвлечениот крај на овој извадок имаше своевидна улога во социјалистичкото движење на нашето време во партиите кои своето теориско спознание го изведуваат непосредно од Маркс. Оние француски социјалисти кои се нарекоа марксисти и чиј еден водач беше Пол Лафарг, зетот на Карл Маркс, а друг - Жил Гед, Марксовиот пријател, го пропагираа во догматско толкување како доказ дека целата социјалистичка активност мора да се насочи кон освојување на политичката власт по пат на револуционерна сила. Меѓутоа, мора да се забележи дека Маркс во таа реченица само го констатира историскиот факт и дека не поставува никаква формула за непосредна примена.[1]

Меѓутоа, од таа констатација на еден историски факт фракцијата на руските социјалисти кои се нарекуваат болшевици го изведуваат императивот на целата социјалистичка политика: мораме да ја поседуваме силата за да изградиме ново општество, поинаку не се може, сите наши мисли и стремежи мораат да се насочат на освојувањето на политичката власт. Тоа сфаќање, се разбира, може да се потпре врз одредени места од „Комунистичкиот манифест“. Таму се кажува, на пример, на крајот, каде што станува збор за освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот:

„Веќе погоре видовме дека првиот чекор во работничката револуција е подигнувањето на пролетаријатот во владејачка класа, извојувањето на демократијата.

Пролетаријатот својата политичка власт ќе ја употреби за да ѝ го одземе целиот капитал на буржоазијата, сите средства за производство да ги централизира во рацете на државата, т.е. пролетаријатот организиран како владејачка класа, и што побрзо да ја зголеми масата на производни сили.

Тоа на почетокот може да се случи секако само преку деспотски зафати во сопственичкото право и во буржоаските производни односи, значи, преку мерки кои изгледаат економски недоволни и неодржливи, но кои во текот на движењето самите себеси се надминуваат, а неизбежни се како средство за преврат во целиот начин на производство.“

Потоа се набројуваат многу мерки кои им одговараат на одредени мерки на граѓанството при претходните револуции. Поборниците на опишаниот начин на мислење понатаму се повикуваат на едно место од писмото на Карл Маркс за нацртот на програмата за обединување на германската социјалдемократија, за нацртот на Готската програма. Имено, таму Маркс кажува:

„Помеѓу капиталистичкото општество и комунистичкото општество лежи период на револуционерна преобразба на првото во второто. Нему му одговара и политички преоден период и државата во тој период не може да биде ништо друго освен револуционерна диктатура на пролетаријатот.“

И таа реченица болшевистите, како што терминот „болшевици“ е пренесен на германски јазик, догматски ја протолкуваа. Таа партија, која денес како партија на руските комунисти стои на чело на Третата или Комунистичката интернационала, претходно се нарекуваше и партија на максималистите. Во меѓусебниот судир на руските марксисти настанаа два правци: едниот сакаше борбата на руската социјалдемократија да се води со програма на социјалистички минимални барања („минимална програма“), слично на програмата што своевремено ја изработија француските марксисти со предговор што за нив го состави Маркс, а другите го застапуваа гледиштето дека мора да се постави максимум барања и тоа постојано да се држи пред движењето како некаков вид светилник. Од тие два правци вториот се токму болшевиците, додека првиот се нарекува фракција или партија на меншевиците - термини кои повеќе или помалку им одговараат на поимите кои се однесуваат делумно на висината на барањата, а делумно на бројниот однос на приврзаници. Судирот во голема мера заврши со схоластично испалување на Марксови изреки, при што едната страна го игнорираше фактот дека целото Марксово учење пред сè е учење за развојот и дека самиот Маркс во текот на годините се развиваше. Енгелс неколкупати призна дека нему и на Маркс во првиот период од нивното творење им се поткраднаа значајни заблуди за брзината и текот на развојот. Но дали треба поради тоа да се отфрли самото Марксово учење? Гарантирано не. Големото, трајното во марксизмот, она што стои над сите поединечни примени е токму фактот дека марксизмот на учењето за општествениот развој му даде нов - преку неговата главна мисла, теоријата за пресудното влијание на начинот на производство - непоколеблив темел. Маркс органската развојна мисла на своето учење неколкупати ја изрази многу одредено. Така, во Предговорот на својот, во 1859 објавен, труд „Прилог кон критиката на политичката економија“, но и во 1866, во Предговорот на „Капиталот“. Во тој предговор, што е многу значајно за неговиот начин на сфаќање, Маркс кажува дека дури и сегашните владејачки класи доаѓаат до сознанието дека сегашното општество не е „никаков цврст кристал“, туку „организам кој што е способен за преобразба и кој се наоѓа во постојана преобразба.“

Овде е означена спротивноста на темелните сфаќања кои го разликуваат големото мнозинство на социјалдемократски партии на нашето време од болшевичката партија и нејзините западно-европски имитатори.

Болшевичката партија произлезе од марксистичката школа на рускиот социјализам, при што е значајно што токму трите личности кои можеме да ги означиме како вистински основачи на таа школа, покојниот Георги Плеханов, неодамна починатата Вера Засулич и сè уште живиот Павел Акселрод, беа противници на болшевизмот, а тоа Акселрод е и денес. Ако погоре забележав дека болшевиците при своето повикување на Маркс во голема мера постапуваат схоластички, сега сакам да додадам дека за схоластика го сметам оној духовен правец или духовна активност која е насочена кон тоа за веќе утврдените поставки или мисли дедуктивно да се даваат докази често преку изнудени толкувачки вештини, при што индуктивниот момент, испитувањето на фактите, особено е ускратен, ако не биде и сосема неразгледуван. Но, токму важно својство на Марксовото и Енгелсовото учење за општествениот развој е што тоа тесната, а овде со полно право би можело да се каже, органската поврзаност на политичко-општествената сфера со фактите на економскиот развој, а тоа значи со односите во производството. Од таа гледна точка авторите на „Комунистичкиот манифест“, колку и да мислеа револуционерно за своето време и колку безрезервно да се залагаа за комунистичките идеи на развиеното крило на работничкото движење од своето време, сепак кога ја развија својата теорија зазедоа став против радикалните социјалисти од своето време, кои ги сметаа за револуционерни комунисти, но кои всушност имаа право на одредницата „утописти на социјалистичката револуција“. Помеѓу нив се вбројуваше несомнено надарениот, но научно необразованиот германски комунист Вилхелм Вајтлинг, автор на делото „Гаранции за хармонијата и слободата“, објавено во 1842, кое Маркс го поздрави како многу впечатливо, но тоа не му сметаше на Маркс подоцна остро да му се спротивстави на Вајтлинг кога тој во својата агитација ги занесе работниците со претераниот идеализам. Тоа е важно поради тоа што Вајтлинговите идеи се многу слични на многу крилатици кои денес приврзаниците на болшевизмот им ги проповедаат на работниците.

Во зимата 1846/47 Вајтлинг дојде во Брисел, каде што тогаш живееја Маркс и Енгелс и каде што ја развија својата голема теорија и полемички ја бранеа. Кога еднаш Вајтлинг го посети Маркс, присутен беше рускиот писател Аненков и тој во своите сеќавања го опишува жестокиот судир помеѓу Маркс и Вајтлинг. Вајтлинг, кој произлезе од работничката класа, се повикуваше наспроти Маркс на тој факт, како и воопшто на емоционалната страна на својата теорија и значајно е што Маркс, според Аненков, наспроти Вајтлинг енергично ја нагласуваше неизбежноста од конкретното научно мислење и, удирајќи со раката по масата, гневно извика: „Сè уште никому незнаењето не му користело!“

Четири години по тоа, по револуцијата, Маркс се судри со своите претходни соборци, кои слично како Вајтлинг се повикуваа на чувствата и волјата. Беше тоа фракцијата на „Сојузот на комунистите“ која ја предводеа Карл Шапер и А. Вилих. Спротивноста се повтори во годините од 1870 до 1872 во Меѓународното здружение на работниците, кога Маркс се бореше против рускиот социјалистички револуционер Михаил Бакунин и уште повеќе против неговиот - не можам да речам „ученик“ па ниту „другар“, иако многу влијаеше врз Бакунин, но - привремен соборец, студентот Нечаев, кој мораме да го означиме како претходник на болшевизмот. Неговите идеи се изложени и критикувани во трудот кој главно го напиша Фридрих Енгелс во согласност со Маркс, „Заверата против Интернационалата“. Тоа дело со крајна острина му се спротивставува особено на Бакуниновиот револуционерен романтизам, кој Нечаев го доведе до екстремност, така што настана еден вид социјализам во смисла на Риналдо Риналди. Бакунин особено ги величаше руските разбојници и отиде толку далеку што изјави дека мора да се отворат затворите кога се крева револуција. Тоа е шпекулирање со елементи кои без обѕир на теоријата и моралот итн. се поставиле наспроти уреденото општество. Отфрлањето на таквите фантазии и нагласувањето на поврзаноста на развојот во социјализмот со развојот на економијата воопшто, што на крајот значи нагласување на начинот на производство, е одлучна мисла на Марксовото учење. Затоа веќе цитираната мисла од Предговорот на "Капиталот", дека сегашното општество - општеството на либералната економија - не е „никаков цврст кристал, туку организам кој што е способен за преобразба и кој се наоѓа во постојана преобразба“, е многу поважна од многу други реченици кои често се цитираат. Маркс на друго место во „Капиталот“, каде што зборува за фабричкото законодавство и го опишува делувањето на десет-часовниот работен ден врз памучните работници од Ланкашир, кажува:

„Сепак се проби принципот [на законско ограничување на работното време], победувајќи во крупните индустриски гранки, најтипичната творба на современиот начин на производство. Нивниот чудесен развиток од 1853 до 1860, оди рака под рака со физичката и морална преродба на фабричките работници.“

А во врска со пред ова цитираната реченица во Предговорот, Маркс кажува:

„Во Англија процесот на преобразба [општествениот процес на преобразба] може да се допре со раце. На одредено рамниште мора да го зафати и континентот. Таму ќе се движи во побрутални или во похумани облици, во зависност од развојниот степен на работничката класа. Без обѕир на повисоките мотиви сега, значи, на владејачките класи нивниот најтипичен интерес им налага отстранување на сите пречки што можат да се контролираат законски, а кои го попречуваат развојот на работничката класа. Затоа им дадов така исцрпно место во овој том, меѓу останатото, на историјата, содржината и резултатите на англиското фабричко законодавство. Една нација треба и мора да учи од друга.“

И тоа ја покажува, мислам дека можам да кажам, силната реформистичка примеса во Марксовото учење, револуционерно според текот на мислата. Колку повеќе тој духовно се развива тоа попрецизно кај него се изразува мислата за поврзаноста помеѓу економското развојно ниво и можностите на политичките и правните барања. Во 1875 во своето писмо за нацртот на Готската програма на тогашната обединета социјалдемократија кажува: „Правото никогаш не може да стои над економскиот облик и од него условениот културен развој на општеството.“

Во болшевизмот - повторно нагласувам: во неговата доктрина - сето тоа се игнорира или заобиколува. Болшевизмот се потпира или врз „Комунистичкиот манифест“ со неговите сумарно заострени изреки, но кои им припаѓаат на Марксовиот и Енгелсовиот ран период, кога ним им се допаѓаше да му кажат на буржујот нешто збунувачки - "à épater le bourgeois". Или тој Марксовите подоцнежни изреки, извлекувајќи ги од контекст, ги толкува на најнесоодветен и најгруб начин. Така Маркс во последната глава од првиот том на "Капиталот", кој ја означува историската тенденција на капиталистичката акумулација, кажува:

„Концентрацијата на средствата за производство и поопштествувањето на трудот достигнуваат точка [имено, во текот на капиталистичкиот развој] кога повеќе не ја поднесуваат својата капиталистичка лушпа. Чукна часот за капиталистичката приватна сопственост. Експропријаторите бидуваат експроприрани.“

Кога, значи, самиот развој не ја поднесува капиталистичката лушпа, тогаш експропријаторите - Маркс ги нарекува капиталистите „развластувачи“, зашто при конкуренцијата крупните капиталисти ги развластуваат ситните - бидуваат развластени, експроприрани. Од таа реченица која означува историска перспектива болшевиците ја изведоа паролата „ограбете ги разбојниците!“, а работниците тоа го сфатија буквално и многуструко драстично го применуваа. Претприемачите едноставно се прикажани како морални крадци, како арамии, наместо како економски развластувачи. Тоа е во директна спротивност со Маркс, кој изречно кажува во Предговорот на „Капиталот“, каде што опишува како во таа книга капиталистите и земјопоседниците не поминаа многу добро, не се појавуваат во розово светло:

„Но тука се работи за персонификација на економските категории. Помалку од секое друго може моето гледиште, кое развојот на економските општествени формации го сфаќа како природно-историски процес, да го направи одговорен поединецот за односите, чија општествена творба тој останува, колку и субјективно да се издигнува над нив.“

Во секој поглед, велам, во тие точки болшевичката доктрина го огрубе, би можело да се каже, го варваризира Марксовото учење. Кај неа е избришана историската, значи, до одредено ниво нужната функција на претприемачот како движечка сила на производството, а тоа повторно му противречи на Маркс, кој во третиот том на својот „Капитал“, што, секако, малку кој го читал, во една од последните глави - 24-та - која ги обработува изворите на приходите изложува дека вишокот на труд воопшто како труд на работниот човек над мерката на дадените потреби мора секогаш да остане и при тоа ја додава веќе цитираната реченица: „Една од цивилизаторските страни на капиталот е што тој вишок на труд го изнудува на начин и при услови кои се покорисни за развојот на производните сили и за создавањето на повисока иновација отколку при претходните облици на ропство и кметство.“

Маркс, значи, повторно покажува дека капиталот, колку обично и да го напаѓа, во развојот на човечкото општество исполнува важни функции, кои го поттикнуваат напредокот, или како што изречно кажува: цивилизаторски функции.

Болшевизмот студено премина преку сето тоа и преку заклучокот што од сето тоа произлегува за економската политика и ја третира силата како универзален творец. Кај водечките болшевици се наоѓаат со одредено засилување - кај Бухарин, Зиновјев и другите, многу повеќе отколку кај Ленин - реченици во кои на силата едноставно ѝ се припишува магичната сила на универзалните лекови. Треба само да се поседува силата, а тогаш развојот може да се насочува според сопствената волја! Еве неколку примери за тоа:

Маркс кажува - а тоа повторно е важно - во 1859, во Предговорот на книгата „Прилог кон критиката на политичката економија“: „Една општествена формација никогаш не пропаѓа пред да бидат развиени сите производни сили за кои таа е доволно широка, а новите повисоки односи во производството никогаш не настапуваат пред нивните материјални услови за постоење не бидат создадени во крилото на самото старо општество.“

Во Предговорот на првиот том на „Капиталот“ можеме да прочитаме: „И кога општеството ќе ѝ влезе во трагата на природниот закон на своето движење - а крајна цел на ова дело е да го открие економскиот закон на движењето на современото општество - тоа не може природните развојни фази ниту да ги прескокне ниту да ги укине преку декрети. Но тоа може да ги скрати и ублажи породилните болки.“

Така Маркс. Да го земеме сега во рацете Бухариновиот труд „Програмата на комунистите“ (болшевици). Таму социјалистичката револуција по пат на диктатура на работничката класа во Русија, во таа во целина уште слабо развиена земја, се прогласува за работа на непосредната сегашност со забелешката: „Диктатурата на работничката класа значи државна власт на работничката класа која ја задушува буржоазијата и земјопоседниците" и веднаш по тоа: "Таа власт на работниците може да израсне само од социјалистичката револуција на работничката класа која ја уништува буржоаската држава и буржоаската власт.“

А тоа е напишано во земја во која, како што е познато, сè уште воопшто немаше граѓанска држава! Понатаму се кажува дека диктатурата мора да биде „железна“, збор кој, како во тој труд, воопшто се повторува неброено пати во болшевичката литература и се толкува во најсурова смисла. Неколку страници по тоа читаме: „Гледаме дека повредата на сите слободи во поглед на противниците на револуцијата е нужна. Во револуцијата не може да има никакви слободи за непријателите на народот и револуцијата.“

Како непријатели на револуцијата се прикажани не само сите граѓански партии без разлика, туку и оние социјалисти (меншевици и социјал-револуционери) кои застапуваат поинакво гледиште од она на болшевиците. Тоа е најекстремен тероризам кој себеси можеме да си го претставиме. Во трудот на Лав Троцки „Советската власт и меѓународниот империјализам“ - предавање што Троцки го одржа пред нешколуваните руски работници - читаме: „Во средината, меѓутоа, би стоеле политичарите кои се вртат де лево де десно. Тоа се претставниците на меншевиците и десните социјал-револуционери; тие би рекле: 'Власта мора да се дели напола.'“

Тоа тој им го кажува на работниците. И продолжува „Но, другари, власта не е лепче кое може да се скрши и повторно да се исече на четири дела.“

Каква споредба и какво негирање на историјата! Следната реченица ја покажува целта. Троцки подучува: „Власта е средство со чија помош одредена класа ја зацврстува својата власт. Или тоа средство ѝ служи на работничката класа или се употребува против работничката класа.“

Со тоа е избришан развојот во животот на народот, од едната општествена состојба до спротивната нема премин, нема развој, туку само преврат по пат на власта. Така тоа оди и понатаму: „Тука нема избор. Додека постојат два непријатели - буржоазијата и пролетаријатот и со него најсиромашното селанство - и додека тие два непријатели водат меѓусебна борба, се разбира дека не можат да имаат заедничко оружје. Сепак е невозможно еден топ истовремено да може да им служи и на едната и на другата војска.“

За правилно да се оцени природата на таа аргументација, мора да се мисли на тоа при кои услови е изнесена и кое е развојното ниво на земјата во која ѝ беше претставена на работниците. Маркс и Енгелс никогаш не им го толкуваа политичкото прашање на работниците преку такво детинесто-припросто спротивставување. Дури и кога Германија се наоѓаше економски веќе на многу повисок степен отколку Русија од 1918 - а воопшто да не се зборува за културниот развој - сè уште препорачуваа привремена поддршка од развиеното граѓанство од страна на социјалистичкото работништво.

По примерот на претходните дедукции, кои се прилагодени на моќта за разбирање на наивни и заостанати луѓе, а кои се провлекуваат низ целото предавање - преведено како пропаганден труд на сите јазици - и кои се менуваат од слично необични тврдења за причините и делотворните сили на Светската војна, Троцки зборува за функционирањето на болшевичката политичка власт и преку следниве аргументи бара изговор за нејзините неуспеси: „Едни велат: 'Па зошто ја презедовте власта ако претходно не научивте да ја употребувате?' Но ние на тоа одговараме: 'Како можевме да го изучиме столарскиот занает ако немавме столарски алат во рацете? За да се научи да се управува со една земја мора да се земат уздите в раце, мора да се земе државната власт во рацете. Никој сè уште не научил да јава седејќи си в соба. За да научи, мора да го оседла коњот и да го јавне. Можеби коњот ќе се противи и повеќе од еднаш, или и повеќе од два пати ќе го фрли јавачот. Ние ќе станеме, повторно ќе го оседламе и повторно ќе го јавнеме и така ќе научиме.'“

Кога таквите обиди би се однесувале само на личностите кои сакаат да научат да јаваат - читај: да владеат - би можело да се каже: тоа е добро и убаво. Но сосема е поинаку да се изведуваат насилни далекусежни економски експерименти со целата држава сè до неодреденост и да се мисли дека може додуша и да не се успева, и дека тогаш тоа повторно ќе се изведува, на таков начин да се постапува со еден голем народ, при што многу стотици илјади луѓе можат да бидат изложени на глад, неволји, уништување. И за општествениот реформатор постои категоричкиот императив! Карактеристично е за отсутниот елемент во мисловните текови на болшевиците што тие за тоа не се грижеа, што за научното учење на големите мислители, на кои се повикуваа, не се грижеа онаму каде што тоа не им одговараше.

Констатирајќи го тоа, не ми паѓа на ум на каков и да е начин да се посомневам во мотивите на болшевиците. Како и во секое револуционерно движење, секако дека и во ова движење постои голем број на идеалисти. Но во него сигурно има и поинакви карактери. Но во тоа нема да се впуштам. Овде се работи за доктрината, за начинот на разбирање и како тој се одразува врз делувањето на болшевиците. Но токму тука се покажува колку многу тие отстапуваат од сфаќањето на големиот мајстор и мислител Карл Маркс! Тие речиси воопшто не признаваат никаква општествена условеност врз своите акции. Ним им е доволно што при нешто крупна индустрија во државата постои и пролетаријат, доволно силен за да може да игра активна улога во освојувањето на власта. Инаку, во нивните разноразни трудови оние социјалисти, било марксисти или не, кои ја нагласуваат одредената зрелост и степен на зрелост на економскиот развој како услов за социјалистичката преобразба, се исмејуваат, се подбива со нив или пак ги пцујат. Како што последново му се случи, на пример, на еден така, би можело да се каже, вистински марксист каков што е Карл Кауцки, кого Ленин и другарите, бидејќи ги критикуваше нивните методи, без премислување го нарекоа отпадник - за мојата маленкост овде сосема ќе молчам.

Болшевизмот речиси и да не знае за граници на волјата во историјата. Најкобното во политиката на болшевиците е тоа што тие се однесуваат како такво нешто да не постои за волјата на револуционерните реформисти. Во максимите на своите мерки тие многу повеќе се слика и прилика на првобитниот царизам отколку на марксизмот; само се карикатура на овој последниов. Зашто кај Маркс токму многу важно е што неговото и Енгелсовото учење е научно втемелено учење за границите на волјата во историјата на човечкото општество. Затоа тоа учење често се нарекува фаталистичко, но тоа е целосна заблуда. Марксизмот далеку од тоа дека го негира значењето на волјата во историјата или дека не ја осознава нејзината нужност. Постоеше еден демократски поет, кој одамна е заборавен, но кој некогаш беше многу читан и многумина воодушевуваше, рано-починатиот Фридрих фон Залет, автор на делото „Евангелие за лаици“. Во една од своите песни, „Историски развој“, во времето на политичкото примирје во Германија, пееше:

Ни кажуваат: младината со прежешка крв
    Нека се одрекне од нагонот творечки,
    Историјата се развива добро сама -
  Но кажете: кај што ништо не се случува, дали тоа е историја?

Маркс тоа гледиште целосно го признава, тоа во целост ѝ одговара на неговата теорија. Но она што се прави може да се спроведе само во однос на дадените сили и услови на развој.

Фридрих Енгелс на таа проблематика ѝ посвети неколку значајни поглавја во својата полемика против Диринг, кои токму денес повторно се многу актуелни. Едно од нив особено го погодува и методот на болшевиците да изедначуваат различни работи според надворешните обележја и да го ускратуваат нужното почитување на историската условеност на општествените институции. Диринг зборуваше за грчкото ропство врз кое почиваше целата грчка култура и го изедначи со наемниот труд. На тоа Енгелс одговори: „Кога ќе се каже дека наемништвото е исто со ропството, тогаш исто така би можело да се каже дека и човекојадството е исто со наемништвото, зашто првобитно немаше ропство, туку потчинетите бидуваа изедени. Колку и да била голата сила во историјата против економскиот развој, таа или оди заедно со економскиот развој и тогаш ја исполнува својата цел, или се противи на економскиот развој, а тогаш може присилата (особено кога дивите народи навалат врз културните) да ја уништи целата култура, или сепак во текот на времето економскиот момент се наметнува над силата, а силата подлегнува.

И тоа искуство болшевиците мораа да го стекнат, а тоа самите не можат да го одрекнат: таму каде што нивните насилни мерки не ја земаа во обѕир економската условеност, доживеаја беден бродолом. Но трошоците на тоа искуство мораше, за жал, да ги плаќа рускиот народ преку бескрајно многу жртви.

Кај Маркс и Енгелс токму она извонредното е ограничувањето што кај нив го доживува волјата во историјата - тоа, имено, го доживува на два страни, во одредени околности против револуцијата, а потоа повторно и за револуцијата. На еден лист, кој Фридрих Енгелс ми го подари од Марксовата оставштина, извадок од првиот Марксов нацрт (кој никогаш не е печатен) на „Комунистичкиот манифест“, помеѓу останатото стои фразата која Маркс им ја дофрла на претставниците на старото општество, кои го прогласуваат тоа општество за неуништливо во неговите темели: „Вие сте утописти насочени наназад!“. Тоа треба да значи: вие сакате да го запрете развојот, негирате дека може да постои некој друг облик на општество освен вашето, сакате да тврдите дека вашето е последно; но ако вие тоа го изјавувате, вие сте утописти насочени наназад! Со сета острина марксизмот ја нагласува силата на волјата. Тој, додуша, ги одвраќа работниците од потфати ако за тоа сè уште недостигаат потребните реални услови. Но тој ги поттикнува и ги штити од обесхрабрување. За тоа јасно сведочи работничкото движење врз кое влијае духот на марксизмот. „Со нас е победата!“ е главниот мотив на тоа движење, неговото чувство е: „Ние сепак ќе победиме! Ние ја застапуваме работата на иднината!“ Меѓутоа, игнорирањето на границите на моќта на волјата е најкобната грешка во политиката на болшевиците. Таа ги објаснува многуте нивни неуспеси во економската политика, кои едни по други беа присилени да ги признаат. Болшевичката политика е несмасно експериментирање во продолжетоци. Една цела литература даде несоборливи докази за тоа. Се разбира дека во одлуките и нацртите на болшевиците се наоѓаат многу привлечни нешта: вонредни планови за образование и социјално снабдување, за организација на производството и размената, за копање и искористување на суровини и слично на тоа. Но таквите нешта и така можат да се најдат во социјалистичката литература. Литературата на социјалистичките утописти од 18 и почетокот на 19 век е полна со често извонредни мисли и паметни нацрти. Тука е расфрлано необично многу дух и интелигенција, многу што на хартија е одлично замислено; нешто е и остварено во текот на времето, иако не во оној опсег и на тој начин како што тоа го замислуваа спекулативните автори.

Но денес за плановите на болшевиците во Русија недостигат приближно сите предуслови, а делумно и тие самите ги уништија преку своето игнорирање на духовните неопходности. Така, доаѓајќи на власт, ги охрабрија работниците да се наметнат како господари на фабриките, а да не ја преземат економската одговорност. А резултатот? Фабрикантите тоа не го издржаа и фабриките пропаднаа! Работниците едноставно не беа во состојба самостојно да управуваат со нив, тие не беа претприемачи ниту пак сакаа тоа да бидат. Уште повеќе. Еден дел од работниците - и интересно: токму големиот дел од квалификуваните работници - исто така си замина. Во сопствените публикации на болшевиците може да се прочита дека голем процент од квалификуваните работници токму побегна од фабриките и се упати на село за таму да живурка како ситен стопанственик.

Во текот на четирите години на болшевичката политика се намали населението во градовите на Русија за повеќе од една четвртина, а на село приносите од земјата сè повеќе се намалуваат. Од диктатурата на пролетаријатот, која едвај веќе и формално да постои, дојде до фактичко потчинување на пролетаријатот, а од „задушувањето“, да го употребиме зборот на Бухарин, на капиталистичките претприемачи дојде до израснување на бирократија каква што едвај да има некоја друга земја во истиот размер во државата и во индустријата.

Околу тоа нема да се губам во поединости. Не ми е намерата да ги озборувам болшевиците, се занимавам само со грешките на болшевизмот, зашто неговата доктрина и методи денес се важни спорни прашања на социјализмот. Но фактите што сумирано ги истакнувам можат да се најдат истакнати во самата болшевичка литература, тие таму се предмет на живи дискусии, зашто постои страв од последиците. Понатаму, познато е дека болшевиците создадоа нови капиталисти и дека странските капиталисти ги доведуваат во земјата. Тие едноставно не владеат со ситуацијата и покрај сета своја политичка моќ. Едно сигурно можат: потпирајќи се врз своите трупи, можат да угнетуваат и притискаат секаде каде што им се допаѓа. Тероризмот уште се врши ненамалено. Но тоа исто така го можеа и азиските деспоти и африканските султани. Бедата во Русија непрекинато расте, продолжува задушувањето на сите политички партии. Не можат да излегуваат ниту едни политички весници од некој друг правец, граѓанските весници воопшто не и се дозволени само болшевичките весници. Не постои ни слобода на собирањето за истомислениците. Убиена е слободната економска творечка сила, која за Русија едноставно е нужност ако сака донекаде да закрепне.

Необичен чин на повторување со старата царска деспотија. Се раскажува за Николај Први, кој живееше во средината на минатиот век и беше браникот на европската реакција, дека, кога никнуваа железниците и тој сакаше да има една од Москва до Петроград, па ја зеде картата и повлече рамна линија - така се гради железница! Таа и сега се вика Николаева железница. Се разбира дека чинеше страшно многу. Тој ја игнорираше конфигурацијата на земјиштето, мочуриштата итн., т.е. како што сакаше царот така мораше да се направи. Дел од тој дух има и кај В. Улјанов Ленин. Последицата е сè поголемото упропастување на економијата.

Разорувањето се случува секаде каде што нема уредени правни односи, каде што владее несигурност во поглед на правото, каде што денес не се знае кои закони ќе важат утре. И она што денес го слушаме за Русија, за она ужасно гладување на цели милиони, делумно исто така е последица на тоа експериментирање. Се разбира, непосредно предизвикано од природно случување кое човештвото денес сè уште не може да го совлада: стравотната суша. Но не смее да се заборави дека човекот сепак не е сосема немоќен дури и наспроти сушата. Онаму каде што земјиштето е доволно наѓубрено и интензивно обработено, таму е поотпорно против сушата од онаму каде што му недостига ѓубриво и каде што обработувањето е површно. Но онаму каде што еден народ, а особено еден земјоделски народ (Русија е претежно селанска земја), онаму каде што селаните не се сигурни дека ќе ја задржат својата земја, дека ќе им остане жетвата, таму тие обработуваат токму површно, ништо не сеат. Поради таквите факти, на пример, Мала Азија, која претходно едно време беше токму рај на плодноста, токму на западната страна, под самовластието на турските паши и при самоволниот турски даночен систем, при данокот во натура, во голема мера се претвори во песок. А истата слика, за жал, ја имаме во Русија. На страшен начин се забележуваат последиците на неразбирањето на економските закони, материјални и духовни, односно на душевните услови на економскиот живот и на функциите на економските носители на одредено ниво на развојот. Дозволено е крупните добра, со кои во еден дел рационално се управуваше и кои даваа големи вишоци на производи, да бидат поделени помеѓу селаните. Што беше последицата? Исчезнаа вишоците. За сè не може да биде виновен системот, партијата. Во револуцијата се случуваат и многу работи против волјата на самите револуционери. Но за да се редуцираат неизбежните деформации на што помала мера и што побрзо да се дојде до приликите кои ѝ одговараат на потребата за обновување на економскиот живот, беше потребна соработката на сите оние што стоеја на тлото на правната состојба што го создаде револуцијата од февруари 1917. Тоа што е постигнато спротивното, во заблудата дека единствено важно е да се има власта, за потоа, кога - како што рече Бухарин - ќе се „задуши“ целата граѓанска национална економија, да се почне одново, тоа можеше да има за последица само такви уништувања. Така смее да прави детето кое си игра со својата кутија со коцки. Но идејата дека така може да се постапува со егзистенцијалните услови на многумилионскиот народ, тоа е цезарско лудило, сеедно дали на крунисан властодржец или револуционер. Тоа можеше да наиде на плодна почва кај болшевиците, зашто основната мисла на нивната доктрина е сосема погрешно протолкуван, претерано брутализиран марксизам.

Околу ова треба да се каже уште и следново:

Болшевизмот стекна многу критичари и можеше да се очекува некои од нив и да ги цитирам. Меѓутоа, за да не ми се префрла за пристрасност, овде се откажав од тоа. Мислам дека треба да потсетам само на еден труд. Тоа е делото на Н. Гефимов „Кон социологијата на болшевизмот“ (Берлин, Издавачка куќа „Слобода“). Авторот, Русин, кој првите години на болшевичката власт ги проживеа во некогашното царство, ја докажува внатрешната поврзаност на болшевизмот со движењето на револуционерните терористи за време на царска Русија, кое не беше движење на работничката класа, туку на бескласни интелектуалци и чија тенденција на меѓусебно надминување во радикализмот се сфаќа од политичките прилики во Русија. На тој начин можеше да се случи Марксовото учење што стигна во Русија да доживее такво, мора да се каже, брутално толкување.

Навистина, болшевизмот е специфично руска појава, треба да се сфати преку приликите кои долго владееја во Русија, каде под апсолутистичкиот режим беа вообичаени најсилните принудни средства за потчинување. Треба да се сфати, но затоа и никако не да се имитира. Таа е пример за погубните последици во мислењето, кое се огледа во вербата во семоќта на грубата сила, во неразбирањето на темелните закони на општественото опстојување и во непочитувањето на органскиот принцип во развојот на човечките општества произлезени од дивјаштво.

________________________

Фусноти

[1] Колку малку Маркс се согласуваше со толкувањето што Лафарг им го даде на неговите констатации се гледа од неговото писмо до Фридрих Енгелс од 11 септември 1882. Таму Маркс му пишува на својот пријател дека Лафарг всушност е ученик на Русинот Бакунин и налутено извикува: "Лонге [другиот Марксов зет] како последен прудонист и Лафарг како последен бакунинист! Que le diable les emporte!"


Архива на Едуард Бернштајн

марксистичка интернет архива