Ерих Фром

Кредо


Напишано: 1962
Извор: Erich Fromm, "Beyond the Chains of Illusions". New York: Simon and Schuster, 1962, pp. 174-182.
Корекции на преводот: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2011


Верувам дека човекот е производ на природна еволуција; дека е дел од природата и сепак ја трансцендира, бидејќи е обдарен со разум и самосвест. Верувам дека човековата суштина е сфатлива. Меѓутоа, ова суштина не е супстанца која го карактеризира човекот низ целата историја. Суштината на човекот се состои во погоре наведената противречност, која е инхерентна на неговото постоење и оваа противречност го принудува да реагира со цел да го најде решението. Човекот не може да остане неутрален и пасивен кон оваа егзистенцијална дихотомија. Со самиот факт што тој е човек, тој е запрашан од животот: како да ја надмине поделбата меѓу него и светот надвор од него со цел да дојде до искуството на единство и истоветност со неговиот ближен човек и со природата. Човекот мора да го одговара ова прашање во секој момент од својот живот. Не само – или дури ниту примарно – со мисли и зборови, туку преку неговиот начин на битисување и делување.

Верувам дека има одреден број ограничени и сфатливи одговори на ова прашање за постоењето (историјата на религијата и филозофијата се каталог на овие одговори); но, во основа има само две категории на одговори. Во првите, човекот се обидува повторно да ја најде хармонијата со природата со регресија во предчовековата форма на постоење, отстранувајќи ги неговите посебни квалитети за разум и љубов. Во вториот случај, негова цел е полн развиток на неговите човекови моќи сè додека не постигне нова хармонија со својот ближен и со природата.

Верувам дека првиот одговор е осуден на пропаст. Тој води во смрт, рушење, патење и никогаш до полн раст на човекот, никогаш до хармонија и сила. Вториот одговор бара отфрлање на алчноста и егоцентризмот, бара дисциплина, волја и почит кон оние кои можат да го покажат патот. Иако овој одговор е потежок, тој е единствениот кој не е осуден на пропаст. Всушност, дури и пред да се достигне конечната цел, активноста и напорот потрошени за приближувањето кон неа има обединувачки и интегрирачки ефект кој ги зајакнува човековите витални енергии.

Верувам дека човековата основна алтернатива е изборот помеѓу животот и смртта. Секој чин го потврдува овој избор. Човекот е слободен да го направи, но оваа слобода е ограничена. Има многу поволни и неповолни услови кои го насочуваат – неговата психолошка конституција, состојбата за посебното општество во кое е роден, неговото семејство, учителите и пријателите кои ги среќава и избира. Човековата задача е да ги прошири границите на слободата, да ги зајакне условите кои водат во живот, наспроти оние кои водат во смрт. Животот и смртта, за онакви какви зборуваме тука, не се биолошки состојби, туку состојби на битисување, на однос кон светот. Животот значи постојана промена, постојано раѓање. Смртта претставува престанок на раст, вкоскување, повторување. Несреќната судбина на многумина е дека тие не го прават изборот. Тие не се ни мртви ни живи. Животот им станува товар, бесцелен потфат, а зафатеноста е начин за заштита од маките на битисувањето во земјата на сенките.

Верувам дека ниту животот ни историјата немаат крајна смисла која, повратно, би му ја давала смислата на животот на поединецот или би ги оправдувала неговите страдања. Сметајќи на противречностите и слабостите кои го опкружуваат човековото постоење, сосема природно е тој да трага по „апсолутот“ кој му дава илузија на определеност и го ослободува од конфликтот, сомнежот и одговорноста. Но, нема бог, во теолошко, философско или историско руво, кој го спасува или осудува човекот. Само човекот може да си ја пронајде целта во животот и средствата за остварување на оваа цел. Тој не може да најде спасителен конечен и апсолутен одговор, но може да се стреми кон ниво на интензитет, длабочина и јасност во искуството што ќе му даде сила да живее без илузии и да биде слободен.

Верувам дека никој не може да го „спаси“ својот ближен со правењето на изборот во негово име. Сè што некој може да направи за другиот е да му ги покаже алтернативите вистинољубиво и со љубов, но без сентименталност и илузија. Соочувањето со вистинските алтернативи може да ги разбуди скриените енергии во личноста и да ја оспособи да го избере животот наспроти смртта. Ако таа не може да го избере животот, никој не може да го вдахне животот во неа.

Верувам дека има два начина да се пристигне до изборот на доброто. Првиот е тој на обврската и послушноста кон моралните заповеди. Овој начин може да биде успешен, но треба да имаме предвид дека само малкумина во изминатите илјадници години ги исполниле дури и барањата на Десетте заповеди. Далеку повеќемина направиле злосторства кога тие им биле претставени како заповеди од страна на оние на власт. Другиот начин е да се развие вкус за и чувство на добробитие во правењето она што е добро и исправно. Под вкус за добробитие, не подразбирам задоволство во Бентамовска или Фројдовска смисла. Мислам на смислата на возвишена живост во која јас ги потврдувам моите моќи и мојот идентитет.

Верувам дека образованието значи да се запознае младината со најдоброто наследство на човечката раса. Но, покрај тоа што повеќето од ова наследство е изразено со зборови, тоа е ефективно само тогаш кога овие зборови станат реалност во личноста на учителот и во праксата и структурата на општеството. Единствено идејата која е материјализирана во месо може да му влијае на човекот; идејата која останува збор само ги менува зборовите.

Верувам во усовршливоста на човекот. Оваа усовршливост значи дека човекот може да ја постигне својата цел, но не значи дека тој мора да ја постигне. Ако поединецот не го избере животот и не расте, тој ќе стане деструктивен, жив леш. Злобата и самозагубата се реални колку и добрината и живоста. Тие се секундарни можности на човекот ако тој реши да не ги оствари своите примарни можности.

Верувам дека е исклучок човекот роден како светец или криминалец. Повеќето од нас имаат склоност и за добро и за зло, иако соодветната тежина на овие склоности варира од поединец до поединец. Затоа, нашата судбина е најмногу определена од таквите влијанија кои се лијат во калапот и ги формираат дадените склоности. Семејството е најважно влијание. Но семејството самото по себе е главно посредник на општеството, преносен ремен за оние вредности и норми коишто општеството сака да ги втисне во своите членови. Затоа, најважен фактор за развојот на поединецот е структурата и вредностите на општеството во кое тој е роден.

Верувам дека општеството има и поттикнувачка и инхибиторна функција. Само во соработка со другите и во процесот на работа човекот ги развива своите моќи, само во историски процес тој се создава себеси. Но во исто време, повеќето општества до сега им служеа на малкумина кои сакаа да го користат мнозинството. Бидејќи тие мораа да ја користат својата сила за да го обессилат и заплашат мнозинството (а со тоа, индиректно, себе си), да ги спречат од развивање на сите свои моќи; од овие причини општеството секогаш се судирало со човештвото, со универзалните норми кои вредат за секој човек. Само тогаш кога општествените цели ќе станат идентични со целите на човештвото, општеството ќе престане да го сакати човекот и да го шири злото.

Верувам дека секој човек го претставува човештвото. Ние сме сите различни по интелигенција, здравје, таленти. Но сепак сме едно. Сите сме светци и грешници, возрасни и деца, и никој не му е никому надреден или судија. Сите сме разбудени со Буда, сите сме распнати со Христос и сите ние убивавме и пљачкавме со Џингис Кан, Сталин и Хитлер.

Верувам дека човекот може да си го претстави искуството на целовитиот универзален човек само преку остварување на својата индивидуалност и никогаш преку обидите за негово сведување на апстрактен, заеднички именител. Човековата задача во животот е навистина парадоксална; остварување на неговата индивидуалност и во исто време нејзино трансцендирање и достигнување на искуството на универзалност. Само потполно развиено индивидуално себе може да го отфрли егото.

Верувам дека Единствениот свет, кој се појавува, може да настане само ако се оствари Новиот човек – човек кој излегува од архаичните врски на крв и земја и кој себеси се чувствува за син на човекот, граѓанин на светот, чија лојалност е кон човечката раса и кон животот, повеќе отколку кон некој негов ексклузивен дел; човек кој ја сака својата земја затоа што тој го сака човештвото и чие просудување не е изопачено од племенски лојалности.

Верувам дека човековиот раст е процес на постојано раѓање и постојано будење. Ние обично сме полузаспани и само онолку будни за да си ја гледаме работата; но не сме онолку будни да си го гледаме животот, што е единствена задача важна за живото битие. Големи водачи на човечката раса се оние кои го разбудија човекот од неговиот полу-дремеж. Големи непријатели на човештвото се оние кои го втурнаа во сон и не е важно дали нивната успивна напивка е обожувањето на Бог или на Златното Теле.

Верувам дека развојот на човештвото во последниве четири илјади години навистина предизвикува стравопочит. Тој го разви својот разум до точка каде ги решава загатките на природата и се еманципираше од слепата моќ на природните сили. Но во самиот момент на својата најголема подеба, кога е пред прагот на еден нов свет, тој подлегна на моќта на разните предмети и организации кои ги создаде. Тој измисли нов начин на производство и го направи производството и распределбата свој нов идол. Тој ја обожува работата на своите раце и се сведе себеси во битие-слуга на предметите. Тој го употребува името на Бога, на слободата, на човештвото, на социјализмот, попусто; тој се гордее со своите моќи – бомбите и машините – за да го прекрие својот човечки банкрот; се фали со својата моќ на уништување со цел да ја скрие својата човечка немоќ.

Верувам дека единствена сила што може да нè спаси од самоуништување е разумот; способноста да се признае нереалноста на повеќето идеи што ги има човекот и да се пробие во реалноста затскриена од слоевите и слоеви на измама и идеологии; разумот, не како тело на знаење, туку како „вид на енергија, сила која е потполно сфатлива само во своето делување и ефекти“, сила чија „најважна функција се состои во нејзината моќ да сврзи и раздвои.“[1] Насилството и оружјето нема да нè спасат; здравото расудување и разумот можат.

Верувам дека разумот не може да биде ефикасен освен ако човекот немa надеж и верба. Гете беше во право кога кажа дека најдлабока разлика помеѓу разните историски периоди е вербата и невербата и кога додаде дека сите епохи кога доминира вербата се брилијантни, полетни и плодни, додека оние во кои доминира невербата исчезнуваат, затоа што никој не сака да се посвети на нешто неплодно. Без сомнеж 13-от век, Ренесансата, Просветителството, беа години на верба и надеж. Се плашам дека Западниот свет во 20-от век се мами околу фактот дека ја изгубил вербата и надежта. Вистина, онаму каде што нема верба во човекот, вербата во машините нема да нè спаси од исчезнување, туку напротив оваа „верба“ само ќе го забрза крајот. Или Западниот свет ќе биде способен да создаде ренесанса на хуманизмот во кој целосниот развој на човековата хуманост, а не на производството и трудот, се централни теми – или Западот ќе пропадне како многуте други големи цивилизации.

Верувам дека признавањето на вистината не е прашање на интелигенција, туку на карактер. Најважен елемент е храброста да се каже не, непослушноста кон заповедите на власта и јавното мислење; да се престане со спиењето и да се стане човек; да се разбуди и да го изгуби чувството на безнадежност и залудност. Ева и Прометеј се два големи бунтовници чии големи „злосторства“ го ослободија човештвото. Но способноста да се каже „не“ осмислено, ја опфаќа способноста да се каже „да“ осмислено. „Да“ за Бога е „не“ за Царот, „да“ за човекот е „не“ за сите кои сакаат да го поробат, експлоатираат и измамат.

Верувам во слободата, во човековото право да биде самиот тој, да се потврди самиот себе и да се бори против сите кои се обидуваат да го спречат да биде самиот тој. Но слободата е повеќе од отсуство на насилно угнетување. Таа е повеќе од „слобода од“. Таа е „слобода за“ - слобода да се стане независен, слобода да се биде многу, а не да се има многу или да се користат луѓето и предметите.

Верувам дека ниту западниот капитализам ниту советскиот или кинескиот комунизам можат да го решат проблемот на иднината. И двата создаваат бирократии кои го преобразуваат човекот во предмет. Човекот мора да ги здружи силите на природата и општеството под своја свесна и рационална контрола; но не под контрола на бирократијата која управува со предметите и човекот, туку под контрола на слободните и здружени производители кои администрираат со предметите и ги подредуваат на човекот, кој е мерка за сите нешта. Алтернативата не е помеѓу „капитализмот“ и „комунизмот“, туку помеѓу бирократизмот и хуманизмот. Демократскиот, децентрализирачки социјализам е остварување на оние услови кои се неопходни за развојот на сите човечки моќи да се направи крајна цел.

Верувам дека една од најстрашните грешки во поединечниот и општествениот живот се состои во прифаќањето на стереотипните алтернативи на мислење. „Подобро мртов отколку црвен“, „отуѓена индустриска цивилизација или индивидуалистичко преиндустриско општество“, „вооружување или безпомошност“ се примери на такви алтернативи. Секогаш постојат други и нови можности кои стануваат јасни само ако некој се ослободи себеси од смртоносните канџи на клишеата и кога ќе му дозволи на гласот на хуманоста и на разумот да допре до него. Принципот на „помало зло“ е принцип на очај. Тоа, во поголем дел од времето, само го продолжува периодот додека поголемото зло не победи. Да се ризикува во правењето на она што е исправно и хумано и да се верува во моќта на хуманоста и вистината е пореалистично од таканаречениот реализам на опортунизмот.

Верувам дека човекот мора да се ослободи од илузиите што го поробуваат и парализираат; дека мора да стане свесен за реалноста внатре и надвор од него со цел да создаде свет кој нема потреба од илузии. Слободата и независноста можат да се постигнат само кога ќе се скршат синџирите на илузијата.

Верувам дека денес постои само една главна грижа: прашањето на војна и мир. Човекот може да го уништи сиот живот на Земјата или да го уништи сиот цивилизирани живот и преостанатите вредности и да изгради варварска, тоталитарна организација која ќе владее со она што ќе остане од човечкиот род.

Да се разбудиме од оваа опасност, да погледнеме преку двосмислените разговори на сите страни, кои обично ги спречуваат луѓето да го видат амбисот кон кој се движат, е токму онаа должност, онаа морална и интелектуална заповед која денес мора да се почитува. Ако не, сите ќе бидеме осудени на пропаст.

Ако сите ние пропаднеме во нуклеарниот холокауст, тоа нема да биде затоа што човекот е неспособен да биде човек или дека тој е инхерентно зол; тоа ќе биде затоа што консензусот на глупавост ќе го спречи да ја види реалноста и да дејствува според вистината.

Верувам во усовршливоста на човекот, но се сомневам дали тој ќе ја постигне оваа цел, освен ако не се разбуди наскоро.

Чувару, кое време е од ноќта?
    Чуварот вели:
    Утрото доаѓа, а потоа ноќта.
    Ако сакаш да прашуваш, прашај:
    Наврати, дојди повторно.

(Исаија, 21,11-12)



Фусноти

[1] Ernst Kassirer, The Philosophy of the Enlightment, Beacon Press, Boston, 1955, p. 13.



Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива