Ерих Фром

Примената на хуманистичката психоанализа на Марксовата теорија

(извадок)


Напишано: 1965
Првпат објавено: Erich Fromm (ed.), Socialist Humanism: An International Symposium, Garden City, NY: Doubleday, 1965, pp. 207-222.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2020


...

(6) Најважната примена на концептот на социјален карактер лежи во разликувањето на идниот социјален карактер на социјалистичкото општество, онака како што било замислено од Маркс, од социјалниот карактер на капитализмот од 19 век, со неговата централна желба за поседување на сопственост и богатство, и од социјалниот карактер на 20 век (капиталистички или комунистички), кој станува сѐ позастапен во високо индустријализираните општества: карактерот на homo consumens.

Homo consumens е човекот чија главна цел не е примарно да поседува работи, туку да троши сѐ повеќе и повеќе и на таков начин да надоместува за својата внатрешна празнотија, пасивност, осаменост и анксиозност. Во општеството што се карактеризира со огромни претпријатија, огромни индустриски, владини и работнички бирократии, поединецот, кој нема контрола над околностите на својот труд, се чувствува бессилен, осамен, се досадува и е анксиозен. Истовремено, потребата од профит на големите потрошувачки индустрии, преку средството на рекламирањето, го преобразува во ненаситен човек, вечно цицалче што сака да троши сѐ повеќе и повеќе и за кого сѐ станува предмет на потрошувачка: цигарите, алкохолот, сексот, филмовите, телевизијата, патувањата, па дури и образованието, книгите и предавањата. Се создаваат нови вештачки потреби и се манипулира со вкусовите на луѓето. (Карактерот на homo consumens во неговите поекстремни облици е добро позната психопатолошка појава. Тој се наоѓа во многу случаи на депресивни и анксиозни личности што наоѓаат бегство во прекумерното јадење, прекумерното купување или алкохолизмот за да надоместат за скриената депресија или анксиозност.) Алчноста по потрошувачка (екстремниот облик на што Фројд ја нарече „орално-рецептивен карактер“) станува доминантна психичка сила на денешното индустријализирано општество. Homo consumens е под илузија дека е среќен, додека потсвесно тој страда од својата досада и пасивност. Колку повеќе моќ има над машините толку понемоќен станува како човечко суштество; колку повеќе троши толку повеќе станува роб на сѐ поголемите потреби што ги создава и ги манипулира индустрискиот систем. Тој ги побркува треперењето и возбудата со радоста и среќата, а материјалното удопство со живоста; задоволувањето на алчноста станува смисла на животот, стремежот кон тоа – нова религија. Слободата да се троши станува суштина на човековата слобода.

Овој дух на потрошувачка е токму спротивното на духот на социјалистичкото општество онака како што Маркс тоа го замислил. Тој јасно ја увидел опасноста инхерентна на капитализмот. Неговата цел била општество во кое човекот е многу, а не во кое тој има многу или употребува многу. Тој сакал да го ослободи човекот од оковите на неговата материјална алчност за да може да стане целосно разбуден, жив и чувствен, а не роб на својата алчност. „Производството на преголем број корисни работи“, напиша тој, „резултира со создавање на премногу бескорисни луѓе.“ Тој сакал да ја отстрани екстремната сиромаштија, зашто таа го спречува човекот да стане целосно човечен; но исто така сакал да го спречи екстремното богатство, во кое поединецот станува заробеник на својата алчност. Неговата цел не била максимум, туку оптимум на потрошувачка, задоволување на оние автентични човечки потреби кои служат како средство за поцелосен и побогат живот.

Една од историските иронии е што духот на капитализмот, задоволувањето на материјалната алчност, ги освојува комунистичките и социјалистичките земји кои, со своите плански економии, би требало да имаат средства да го спречат тоа. Овој процес има своја сопствена логика: материјалниот успех на капитализмот беше исклучително импресивен за оние посиромашни земји во Европа во која победи комунизмот, а победата на социјализмот почна да се идентификува со успешниот натпревар со капитализмот, во рамките на духот на капитализмот. Социјализмот е во опасност да се изроди до систем што може да постигне индустријализација на посиромашните земји побрзо од капитализмот, наместо да стане општество во кое развитокот на човекот, а не развитокот на економското производство, е главната цел. Овој развој на настаните е дополнително поттикнат од фактот дека советскиот комунизам, прифаќајќи една груба верзија на Марксовиот „материјализам“, изгуби допир, како и капиталистичките општества, со хуманистичката духовна традиција на која Маркс бил еден од најголемите претставници.

Точно е дека социјалистичките земји сѐ уште го немаат решено проблемот на задоволување на легитимните материјални потреби на своето население (а дури и во САД 40 проценти од населението не живее „во изобилство“). Но, од исклучителна важност е социјалистичките економисти, филозофи и психолози да бидат свесни за опасноста дека целта за оптимална потрошувачка може лесно да се промени во цел за максимална потрошувачка. Задачата на социјалистичките теоретичари е да ја проучуваат природата на човечките потреби; да изнајдат критериуми за разликување помеѓу автентичните човечки потреби, чие задоволување го прави човекот пожив и почувствен, и вештачките потреби создадени од капитализмот, кои имаат тенденција да го ослабнат човекот, да го направат попасивен и да се досадува, роб на својата алчност за работи.

Она што тука го нагласувам не е дека производството како такво треба да се ограничи; но дека штом се исполнат оптималните потреби на индивидуалната потрошувачка, тоа треба да се насочи кон поголемо производство на средства за општествена потрошувачка, како училишта, библиотеки, театри, паркови, болници, јавен превоз итн. Сѐ поголемата индивидуална потрошувачка во високо индустријализираните земји сугерира дека конкуренцијата, алчноста и зависта не се предизвикани само од приватната сопственост, туку и од неограничената приватна потрошувачка. Социјалистичките теоретичари не смеат да го изгубат од вид фактот дека целта на хуманистичкиот социјализам е да изгради индустриско општество чиј начин на производство ќе му служи на најпотполниот развиток на тоталниот човек, а не на создавањето на homo consumens; дека социјалистичкото општество е индустриско општество соодветно за човечките суштества да живеат во него и да се развиваат.

...



Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива