Ерих Фром

Психолошки проблеми на стареењето


Првпат објавено: 1966
Извор: Ерих Фром „За непослушноста и други есеи“, „Комунист“, Скопје, 1989, 115-129 стр.
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2012


Едно од првите прашања во врска со психолошките проблеми на стареењето на кое треба да одговориме е: дали староста е нешто непријатно? Дали е тоа еден болен период на заоѓање на животот што би требало да се ублажи со сите можни слатки зборови, или пак, тоа е само еден период од животот како што се и младоста, детството или средновечноста; зарем не се проблемите на староста истите оние што се присутни во сите периоди во животот, имено како да се живее добро и како најдобро да се исполни животот во тој период?

Ако има смисла да се зборува за уметност на живеењето, тогаш може да се рече дека уметноста на стареењето е исто толку важно поглавје - во уметноста на живеењето - колку што се и уметноста да се биде дете и уметноста да се биде млад.

Сосема е очигледно дека целиот проблем на староста е проблем на модерното индустриско општество. Пред стотина години староста беше многу ретка. Тогаш било редок исклучок да се исчекаат внуци или правнуци, додека пак денес тоа се почесто се случува. Сосема е јасно дека проблемот на староста е создаден од модерното индустриско општество. Тоа пред сѐ се должи на прогресот на медицината која е само дел од општиот прогрес на науката и технологијата.

Притоа староста би можеле да ја дефинираме не само од биолошки или од психолошки аспект, туку и од општествен аспект: староста е доба кога веќе не мора да се работи. А кога ќе настапи таа доба денес во голема мера зависи од индустриската организација. Се чини очигледно дека со зголемувањето на автоматизацијата, не само што ќе се скрати работното време, туку се повеќе ќе се намалува и работниот век, така што, по педесетина години староста можеби ќе започнува некаде по четириесеттата, бидејќи никој не ќе мора, или - со исклучок на малкумина - не ќе има можност да работи по четириесеттата.

Ние денес, во западното општество, не само што го продолживме животот, туку сме и доволно богати за да обезбедиме материјални средства што ќе го направат овој продолжен живот достоинствен, удобен и пријатен. Сите ние знаеме дека проблемот на пренаселеноста во светот во голема мера се должи на фактот што медицината напредна, но индустријата не создаде или не можеше да создаде материјални средства за да го искористи она што медицината го постигна. Во таква ситуација населението расте, а притоа нема соодветно задоволување на материјалните потреби на луѓето кои живеат подолго. Ние, меѓутоа, во Соединетите Држави, и воопшто во сите индустриски општества, имаме толку многу средства, што оваа противречност кај нас не треба ни да постои.

Нашето модерно индустриско општество создаде едно ново животно доба кај човекот: староста. Денес човек може да ја проживее староста безбедно, а би можел да ја проживее и среќно, доколку модерното општество не создадеше и некои други феномени кои не се многу погодни и кои вршат специфично влијание врз стареењето. Јас ќе говорам за некои од овие прашања и ќе се обидам да ги поврзам со проблемите на стареењето.

Модерното општество создаде тип на човек кого јас порано го нареков homo consumens - потрошувач чиј главен интерес е, освен работата од девет до пет, да троши.

Тоа е однесување на вечно цицалче. Тоа е однесување на подзинат маж или жена кои сѐ трошат со ненаситност - алкохол, цигари, филмови, телевизија, предавања, книги, уметнички изложби, секс; сѐ е претворено во предмет на потрошувачка.

Се разбира, за оние кои ги продаваат овие средства, нема ништо лошо во тоа. Тие се обидуваат колку што можат повеќе да го поттикнуваат потрошувачкиот дух; но ако смеам да го искористам моето професионално знаење, има нешто длабоко погрешно во сето тоа, бидејќи знаеме дека зад поривот за трошење постои душевен вакуум - чувство на празнотија. Всушност, тоа е чувство на потиштеност и чувство на осаменост. Клиничкото искуство го потврдува тоа, со фактот дека многу често, прекумерното јадење и купување се последица на состојби на депресија и интензивна анксиозност. Личноста однатре се чувствува празна или беспомошна и со внесувањето на продуктите таа добива чувство дека се исполнува со нешто што неа ја прави силна.

Се разбира, ова не е свесен мисловен процес; тој е премногу матен за да биде тоа, но тој е едно од оние несвеcни искуства во кој внатрешната празнотија се компензира со потрошувачка - бескрајна и неограничена потрошувачка.

Всушност, нашиот поим за слобода, доколку не се однесува на слободата во политичка смисла, нашиот вистински поим за слобода главно се однесува на слободата да се купува и да се троши. Во деветнаесеттиот век слободата главно значеше слобода за приватна сопственост и слобода таа соодветно да се искористи. Денес приватната сопственост релативно губи на важност кога ќе се спореди со приходите од платите. Она што го чувствуваме како слобода всушност претставува слободата за купување или трошење, т.е. да се избере помеѓу многу различни нешта и да се рече: „Јас ги сакам овие цигари. Јас го сакам овој автомобил. Ова го сакам повеќе од она другото“. Токму затоа што конкурентските производи во стварност многу не се разликуваат, единката чувствува голема моќ заради тоа што е слободна да избира. Мислам дека многумина, доколку би биле искрени пред себеси, рајот би го замислиле како една огромна стоковна куќа во која секој ден ќе можат да купуваат нешто ново и барем малку повеќе од своите соседи.

Има нешто нездраво во овој нагон за постојано зголемување на потрошувачката, а опасноста лежи во тоа што со задоволувањето на потребата за потрошувачка личноста всушност не го решава проблемот на својата внатрешна пасивност, внатрешна празнотија, вознемиреност и потиштеност - бидејќи на извесен начин животот нема смисла.

Стариот Завет предупредува дека најголемиот грев на Евреите беше тоа што тие, сред изобилие живееја без радост. Ми се чини дека и нашето општество може да се критикува на ист начин затоа што ние живееме живот полн со забава и возбудување, но со малку радост среде изобилие.

Сево ова го доведувам во врска со проблемите на стареењето од проста причина што се плашам дека постои голема опасност старите луѓе да станат супер-потрошувачи. Тие имаат можност да трошат не само од девет до пет, туку исто така и од девет до дванаесет, и на тој начин потрошувачката да стане нивна главна работа. Тие би можеле да се најдат во ситуација да бидат омаловажувани од младите, да станат целосно инертни и да го трошат своето време убивајќи го времето.

Наша специфична особина е да вложуваме голем напор за да заштедиме време, а откако ќе успееме во тоа остануваме збунети зашто не знаеме што да правиме со него. Тогаш започнуваме да го убиваме времето. Индустријата на забава ни покажува како да го убиеме времето без да сме свесни за тоа, правејќи од нас потрошувачи на забава кои свесно се убедени дека она што го прават има некаква смисла. Мислам дека е опасно старите луѓе, со сите нивни можности и сето слободно време што го имаат, да ги претвориме во супер-потрошувачи кои се целосно пасивни и кои го убиваат времето на, како што би рекле стручњаците, пристоен начин. Мислам дека тоа би било голема штета.

Факт е дека староста е голем предизвик и голема шанса. Таа би можела да биде најубавиот период во целиот човеков живот затоа што тогаш тој е ослободен од должноста да заработува за живот, ослободен е од стравот дека ќе ја загуби работата, и ослободен е од потребата да му се умилкува на претпоставениот за да биде унапреден; тој е вистински слободен човек - речиси исто колку што е слободен кога спие, зашто, како што покажуваат нашите соништа, тогаш сме многу покреативни отколку што ни се чини.

Постарите луѓе, да речеме по шеесетипеттата, навистина имаат можност да живеат, да бидат полни со живот и живеењето да им стане главна работа. Тие, исто така, можат вистински да се соочат со духовните и религиозните проблеми на животот. Мислам дека во изминатата историја на човештвото луѓето обично немале ниту сила, ниту време сериозно да се зафатат со ваквите проблеми.

Ако си физички работник, премногу си уморен, ако не си физички работник, тогаш твоите амбиции и грижата за успех толку многу те изморуваат што не можеш вистински да размислуваш за проблемите на животот. Само одвреме навреме, обично во неделите, разговараме за овие проблеми; Која e смислата на животот? Кој сум јас? Кое е моето место во светот? Каква смисла или цел има сето ова живеење и залагање? Овие прашања можат да се слушнат во проповедите во неделите, но во другите денови од седмицата обично се нема ниту време ниту сила да се мисли на такви работи.

Во ерата на автоматизацијата што надоаѓа, кога конечно ќе може да се работи само десет или дваесет часа неделно, човекот првпат ќе биде присилен да се соочи со вистинските духовни проблеми на живеењето.

Старите, меѓутоа, веќе сега ја имаат можноста да ги постават тие прашања, не само како теоретски проблеми, туку и како нешто што нив ги засегнува. Кој сум јас? Која е мојата цел во животот? Зошто воопшто се живее? Тие имаат можност да се соочат и со прашањето кое е дел од филозофијата на животот, со прашањето за смртта - како неизбежна стварност што никого не одминува - имајќи на ум дека животот завршува со смртта.

Кога велам дека животот завршува со смртта, тогаш тврдам нешто што нема да го прифатат христијаните или Евреите кои веруваат во друг свет по животот. Но сепак, мислам дека тие би се согласиле со мене во една работа: дури некој и да верува во живот по смртта, јасно му е дека тоа не е однапред платен пакет аранжман во странство. Тоа не е патување од забава. Само доколку се случува нешто во нашите животи овде, можно е да се учествува во животот што го опишуваат различните религиозни системи. Не е важно дали веруваме или не веруваме во некои религиозни искази или догми за животот по смртта, зашто и без оглед на тоа, ние мораме сериозно да го разгледаме проблемот на смртта, а не да го прикриваме или да бегаме од него.

Досега го разгледував прашањето за сериозното поставување на некои основни проблеми на животот, а сега ќе проследам како би можело да се одговори на ова прашање. Што би било спротивно на потрошувач? Што би било спротивно на празната, пасивна личност која го троши - или како што јас би рекол, го расфрла - својот живот убивајќи го времето?

На ова е многу тешко да се одговори, иако ми се чини дека, на општ план, главниот одговор е да се биде заинтересиран. За жал, овој збор го употребуваме толку често што тој загубил голем дел од своето изворно значење, чиј корен е во латинскиот јазик: inter-esse, „да се биде во“ нешто; т.е. да се трансцендира нечие его, да се надминат тесните граници на моето его со сите мои амбиции, со мојата гордост заради сопственоста и гордоста заради она што го знам, заради моето семејство, мојата сопруга, мојот сопруг, моето, моето, моето. Тоа значи да се заборават сите овие работи и да му се пружи рака и на она што е наспроти мене, и на она што е пред мене, било да е тоа дете или цвет, книга или идеја, човек или што и да е друго.

Интерес значи да се биде активен, но активен во смисла на Аристотел или Спиноза, а не во смисла на модерниот busy-ness, каде цело време нешто мора да се прави. Секој што може да седне на час-два и ништо да не прави, веројатно е поактивен во првата смисла од сите нас кога цело време нешто работиме; ова, се разбира, е многу потешко. За постарите луѓе е вистински проблем како да бидат активни во внатрешна, а не во надворешна смисла.

Проблемот на лажната активност не може да се игнорира. Не само во сферата на бизнисот, туку и во другите сфери луѓето често се залажуваат себеси во врска со дејствувањето на своите чувства. Ќе истакнеме еден пример, кој можеби изгледа чуден но кој, по мое мислење, има врска со овој проблем: господин А. е хипнотизиран. Нека биде 9:00 часот. Хипнотизерот му вели дека тој попладне, во 15:00 часот, ќе го соблече палтото и, доколку не добие други сугестии, ќе заборави дека ова се случило. Да претпоставиме дека вие се сретнувате со господинот А. во 14:30. Разговарате со него за времето, за политиката или за што и да е друго што во моментот ве интересира. Во минута до 15:00 часот господин А. наеднаш ќе рече: „Денес е неподносливо жешко, нели? Јас навистина морам да го соблечам палтото.“

Доколку денот е навистина топол, вие ќе помислите дека тоа е разумно; доколку денот е многу студен, но греењето е неподносливо јако, се уште ќе ја сфатите оваа реакција како разумна. Ако денот не е многу топол, а просторијата е слабо загреана, тоа што господинот А. чувствува дека му е многу жешко навистина ќе ве изненади и веројатно ќе помислите дека има треска, па ќе му советувате да оди кај лекар. Значи, вие сепак ќе мислите дека на господинот А. му е жешко и дека има потреба да го соблече палтото. Меѓутоа, доколку сте биле во 9:00 часот, за време на хипнотичката сеанса, вие ќе знаете дека тоа чувство на жештина е само последица на хипнотичката сугестија. Како и да е, сепак останува како интересна појава тоа што господинот А. има потреба да го оправда како разумно она што го прави. Господинот А. не може само така, спонтано да го соблече палтото. Не, тој мора да најде разлог за тоа. Ако изутрината не сте биле присутни, вие ќе бидете убедени дека нему навистина му е топло.

Ова е само една посебна варијанта на нешто што секојдневно се случува, дури и без хипноза. Ние сме убедени дека чувствуваме нешто што фактички не го чувствуваме, едноставно поради тоа што следиме сугестии, јавно мислење и слично. Тогаш нам ни се потребни разлози кои ќе ги оправдаат постапките што се мотивирани од тие чувства - и ние рационализираме. На пример, ако и припаѓате на културната елита, вие веројатно ќе мислите дека делото на Пабло Пикасо е прекрасно и дека претставува врвна уметност. Но, ако ви всадиле в глава дека Пикасо создал нешто прекрасно, вие ќе гледате во сликите и ќе чувствувате дека се тие чудесни, а фактички нема да чувствувате ништо. Вие само мислите дека чувствувате нешто, и има многу луѓе кои не можат сосема да разликуваат или да разграничат помеѓу вистинското чувство - кое е реалност што одговара на она што се случува во целиот психолошки систем на личноста - и помислата за чувство, која е речиси иста како вистинското чувство, само што не е тоа.

Ако некој се обиде да ја набљудува единствената лабораторија што ја носи во себе, т.е. својот сопствен живот, ќе открие дека често пати бил убеден дека чувствува нешто - интерес, љубов, радост или некоја друга емоција - а фактички само мислел дека чувствува.

Така, во многу прилики чувствата на луѓето се псевдочувства. Тие чувствуваат онака како што би се очекувало од нив со оглед на културната индоктринација; постојат многу ситуации во кои луѓето чувствуваат како што се очекува да чувствуваат, и не можат да направат разлика помеѓу автентичните чувства и псевдочувствата кои во стварноста не се ништо друго освен мисла.

Овие псевдочувства се нешто сосема различно од вистинскиот интерес, од активното учествување и од пружањето некому рака. За да биде животот интересен, човек мора да биде заинтересиран, инаку животот ќе биде здодевен и, во очај, тој ќе посегне по некој вид средство за да избега од таа здодевност. Иако за несвесното многу се зборува - при што, обично се мисли на Едиповиот комплекс, инцестуозните желби и слично - јас мислам дека ништо не е толку потиснувано како што е тоа чувството на здодевност кај луѓето.

Во модерната култура несвесната здодевност има огромни димензии, а популарноста на радиото, телевизијата и другите слични средства за потрошувачка произлегува од тоа што луѓето се лишени од автентично искуство. Во нашето општество ние сме индоктринирани да мислиме дека е сосема недолично да се биде незаинтересиран, односно дека тоа е знак за неуспех; „Успешниот“ човек се интересира за нешто. Поради тоа чувството на здодевност мораме да го замениме со чувство на возбуденост, иако фактички, оваа возбуденост често не е ништо друго освен мисла предизвикана од индоктринацијата според која некои ситуации или личности треба да се доживеат како возбудливи.

Ова што го говорев за интересот и здодевноста може лесно да се поврзе со проблемите на старите луѓе кои имаат многу слободно време, а нема со што да бидат зафатени.

Друг психолошки аспект на стареењето претставува фактот што многу често вистинскиот карактер на човекот поавтентично се пројавува во староста отколку во времето кога тој бил презафатен, кога морал да биде љубезен, кога морал да најде работа и да ја задржи. Луѓето понекогаш мислат дека со стареењето личноста автоматски ослабнува. Но тоа не е нужно. Додека работел тој морал да се покаже дека е витален зашто тоа било неопходно; но откако тоа повеќе не е нужно, излегува на видело дека неговиот карактер веќе бил ослабнат.

Знаеме дека во текот на работниот век многумина од нас, ако не и сите, сакаат да проектираат, како што велат психолозите, persona - сакаат да проектираат една слика за самите себе, која најдобро ќе се вклопи во оној вид работа што ја работат. Но, ако некој хирург е добар хирург, тогаш тој нема потреба од такво нешто, прво затоа што пациентот одвај и да го гледа хирургот, а второ, затоа што тој е пресреќен што нашол добар хирург, па сè едно му е дали хирургот се насмевнува или не. Ако си добар работник во некоја железарница, ни тогаш не е неопходно да бидеш љубезен, зашто од тебе единствено се бара да бидеш стручен и твоите соработници да можат да се потпрат на тебе. Меѓутоа, денес во нашето бирократски организирано општество за многу занимања и професии особено е важно да се биде љубезен - понекогаш дури и поважно од стручноста. Ако ги имаш и двете, тоа секако е предност, но љубезното однесување е многу важно.

Како и да е, штом повеќе не мораш да бидеш љубезен, зошто не би бил нељубезен? Зошто, конечно не би си рекол: Сега можам да бидам свој! Ова не значи дека има многу нељубезни луѓе, иако ги има, но погрешно е сета нељубезност што се среќава кај старите луѓе да се врзува за ослабнувањето кое произлегува од староста. Всушност, многумина од овие стари луѓе првпат се слободни да бидат свои.

Ова, меѓутоа, не важи само за нељубезните луѓе; тоа важи и за многу љубезни луѓе. Ако си многу љубезен на работа тогаш си глупак; а за тоа ќе станеш свесен преку однесувањето на другите кон тебе. И на крајот, ти ќе се срамиш од своето меко срце, па дури и да сакаш некому да дадеш нешто што тој не може да си го купи, ќе сфатиш дека мораш да го потиснеш ова чувство - а не смееш дури ни да бидеш свесен за него - зашто ако го сториш тоа, дури и да можеш да платиш, тебе веќе ти е всадено дека ќе те сметаат за глупак.

Но кога ќе остариш, ќе можеш да се чувствуваш слободен, да бидеш вистински свој во позитивна смисла, па ќе можеш да станеш пољубезен одошто ти било дозволено во некои ситуации во минатото.

Притоа мислам дека, било за подобро или за полошо, постариот човек има можност - и често неа ја користи - да си дозволи себеси да живее следејќи го својот вистински карактер, наместо проектираниот карактер што го следел кога требало да напредува.

Според тоа, при секој обид да се разберат старите луѓе многу е важно да се запознаат различните карактерни структури како што е тоа важно и за разбирањето на младите луѓе. Сметам дека проучувањето на старите луѓе треба да се занимава со проучување на карактерната структура и со разликите во карактерот. Една од тие значајни разлики во карактерите на луѓето е и разликата помеѓу оние кои го сакаат животот и сѐ што е живо, и оние кои на перверзен начин ја сакаат смртта - и кои ги привлекува сѐ она што се распаѓа и што е неживо.

За ова детално пишував во „Човековото срце“, а овде само накусо ќе ја изложам суштината на таа книга. Повеќето луѓе мислат дека сите луѓе го сакаат животот. За жал, тоа не е така. Постои еден дел од луѓето кој всушност повеќе ги привлекува распаѓањето, сѐ што е механичко, сè што не е живо - отколку сѐ она што е живо. За да ги разликувам овие две групи, јас ги употребувам термините некрофилија и биофилија, т.е. љубов кон смртта и љубов кон животот.

Пример за некрофилски тип може да се види, на пример, во мајка која живнува штом почне да раскажува за болеста на своето дете. Ако нејзиното дете уживало во нешто и доаѓа дома полно со живот, мајката тоа одвај ќе го забележи, но, ако детето е болно, таа навистина ќе се заинтересира. Вие можеби ќе го оправдате ваквото однесување, сметајќи дека постои причина поради која мајката е заинтересирана за здравјето на нејзиното дете. Исто така можете да сретнете многумина кои повеќе се заинтересирани за погреби, за умирачки, за болести, чија омилена тема на разговор е историјата на нивните болести и можете да забележите дека постарите луѓе многу полесно имаат оправдание за тоа отколку помладите. Како старееме, сите ние почнуваме да студираме медицина; прво имаме една болест, потоа друга и наскоро стануваме специјалисти во различни подрачја - белки не во премногу. Кога некрофилската личност ќе сфати дека и останало да живее уште десет до петнаесет години, и дека и се ближи смртта, таа сфаќа дека повеќе не мора да ги потиснува своите некрофилски тенденции. Таа сега отворено може да се занимава со болеста и со смртта, и станува не само здодевна, туку и опасна за сите што живеат околу неа, затоа што триумфирајќи, шири мрачна атмосфера. За неа, се разбира, тоа не е мрачна атмосфера; за неа тоа е највозбудливото нешто на светот - да мисли на болест и смрт - но за луѓето што го сакаат животот, тоа е страшно.

Ако не знаете дека имате работа со нешто што, во најширока смисла, може да се нарече болест, тогаш оваа мрачна атмосфера може лесно да ве обземе - особено ако чувствувате сожалување за оваа личност која постојано зборува за болест.

Мислам дека оние што се грижат за старите треба да бидат свесни за тоа дека ваквата преокупираност со болеста, смртта и погребите воопшто не е природна последица на староста. Во поголемиот број случаи таа е отворен израз или манифестација на една тенденција која овие луѓе ја имале во текот на целиот свој живот; имено, да се возбудуваат од она што не би требало да ги возбудува - распаѓањето.

Еден друг психолошки став кој е релевантен за стареењето е во врска со разликата помеѓу независноста и зависноста. Секој од нас е независен. Сите ние сме вработени и повеќе не добиваме пари од родителите. Но, ние исто така сме и зависни: зависиме од работодавците, од јавното мислење или, во случајот на лекарите, од тоа дали пациентите се задоволни. Па сепак, се чувствуваме независни доколку, на овој или оној начин, спечалиме свои пари.

За жал, меѓутоа, независноста или слободата не се стекнува толку лесно како што се чини. Еден од основните проблеми на индивидуалниот развиток е проблемот кој со психолошки јазик би можел да се нарече проблем на индивидуацијата: како некоја личност успева од фетус во утробата да се развие во независна личност?

Тоа е, се разбира, долготраен процес. Сѐ додека се наоѓаме во утробата на мајката во чисто психолошка смисла ние не сме независни. Штом ќе се родиме ние стануваме физиолошки независни, но психолошки, сѐ уште не сме независни. Всушност, нашиот живот во првите неколку недели од раѓањето можеби е на извесен начин посличен со животот на фетусот, отколку со животот на возрасните. Ние сме сосема зависни од мајката. Ние не ја доживуваме неа како друга личност. Јас би рекол дека ние сме симбиотички поврзани со мајката. Сѐ уште не постои разлика помеѓу јас и не јас. За бебето, целиот свет е јас, и секоја мајка живее во илузија ако очекува љубов од своето дете кое е старо четири недели. Дури и кога очекува повеќе од своето едногодишно дете, таа е повторно во заблуда и си создава тешкотии.

Процесот на изградување на јас, на една одвоена личност која е поврзана со светот, која е заинтересирана за него, но која е независна, и која своето постоење го должи на самата себе, ја сочинува основата на човечкиот развиток.

Нездравите луѓе никогаш не го надминуваат првиот симбиотички стадиум. Ваквиот тип на душевно растроена личност го претставуваат оние луѓе кои и емотивно и стварно се уште сакаат да живеат во мајчината утроба и симбиотички да бидат поврзани со неа или со личноста која неа ја заменува.

Има луѓе кои се наоѓаат во стадиум кога единствено сакаат да цицаат од мајчините гради; и други кои отишле понапред и сакаат да седат во мајчиниот скут; и такви кои се уште понапредни и сакаат единствено да се држат за мајчината или татковата рака. Само кога личноста ќе ја постигне својата зрелост, таа ќе стане вистински самостојна, т.е. ќе може да застане на своите сопствени нозе, затоа што ќе биде во вистински однос со светот, поврзана со светот, но не како дел на некоја друга личност, туку со нејзиниот сопствен интерес и љубов кон надворешниот свет. Таа ќе може да биде вистински независна затоа што ќе биде поврзана; но повеќето луѓе никогаш не стигнуваат до овој стадиум.

Постојат многу луѓе кои на општествен и економски план добро просперираат, иако не се независни. Отсуството на независност не се гледа однадвор, бидејќи тие имаат позиција која изгледа многу независна. Таков е случајот со многумина бизнисмени или професионалци кои зависат од сопругите, од своите секретари, од јавното мислење, но кои свесно чувствуваат дека се независни.

Сакам да ја нагласам релевантноста на карактерните црти кај старите, бидејќи многу често се мисли, како и во случајот на некрофилија-биофилија, дека кога постарите луѓе покажуваат поголеми знаци на зависност, тоа едноставно се должи на стареењето, а всушност по карактер тие секогаш биле зависни, само што сега можат да го изразат тоа бидејќи се стари луѓе, па се очекува тие да бидат зависни. Тука се гледа целата психологија на оној тип стари луѓе кои се чувствуваат како инвалиди или пак имаат потреба да бидат заштитени од некого. Како што може да се види во нашата култура, староста им пружа извонредна можност и оправдување да ја искажат зависноста што ја имале уште на триесет или четириесет години, само што тогаш таа била прикриена и несвесна; но сега, тие имаат можност да ја манифестираат целата своја зависност.

Затоа, овој проблем не смее да нѐ залаже, туку треба да се види зошто карактерната црта која отсекогаш постоела, а која сега мора да се совладува дури и да се лекува, не смее да се смета како знак на староста.

Постојат и други важни карактерни црти и карактерни особини кои излегуваат на видело дури во староста. На пример, некој може да покажува љубомора. Додека бил помлад, додека напредувал и бил активен, неговата љубомора некако била контролирана, па дури и потиснувана, бидејќи изразувањето на љубомора не би оставило добар впечаток за него. Всушност, тој морал неа да ја прикрива доколку сакал да напредува, да речеме, кога бил помлад службеник. Наместо да биде љубоморен, тој морал да се однесува сосема спротивно.

Но, штом оваа иста личност ќе остари, љубомората што отсекогаш постоела дури сега ќе стане видлива – а има и повеќе со што да се потхранува. Таквата личност сега може да биде љубоморна на младите, па и на постарите кои можеби немаат некоја опачна болест. Значи, овде не смее да се допушти проблемот да се објасни така што ќе се рече дека љубомората се пројавува затоа што некој е стар, туку да се сфати дека оваа карактерна црта сега постои затоа што сега и има можност свесно да се манифестира и да се искаже. А личноста е иста онаква каква што отсекогаш била.

Доколку моите психолошки сознанија се точни, можеби ќе се запрашате, што може да се стори околу тоа. На прво место, јас сметам дека и самото сознание, дека многу карактерни манифестации за кои се мисли дека се манифестации на староста, а всушност се манифестации на карактерните црти кои биле скриени, но секогаш присутни, е од помош кога треба да се одговори и да се реагира на ваквите карактерни црти. Второ, мислам дека дури ни за личност над шеесетипет години сѐ уште не е доцна да се промени. Можноста и степенот до кој една личност може да се промени не зависи првенствено од годините. Тоа зависи од неговата виталност, од интензитетот на неговата желба да се промени, од неговиот интерес и од многу други фактори. Постојат млади луѓе на дваесетина година за кои и лаик би рекол дека никогаш нема да се променат, бидејќи има нешто во нив што им недостасува и дека без оглед дали имаат дваесет или триесет години, секогаш ќе биде по старо, и во текот на целиот свој живот ќе останат истите тие, некадарни личности. Сум сретнал седумдесет-годишни луѓе кои го промениле целиот свој живот бидејќи и на седумдесет години сѐ уште имаа голема виталност и бидејќи на таа возраст сфатиле дека ја имаат првата можност вистински да се променат и да сфатат какви сакаат да бидат. Според мене, староста по себе не е нужно пречка за суштински промени во карактерот.

Она што овде сакам да го истакнам е дека не треба да нѐ заведуваат некои карактерни црти што се појавуваат во староста, затоа што тие отсекогаш биле дел од личноста; но исто така, човек не смее да биде непотребно скептичен дека старите не можат да се променат, особено ако имаат волја, енергија, виталност и храброст.

Она што треба да се избегне, како што веќе спомнав, е претворањето на старите луѓе во тотални потрошувачи, односно, нивното претворање во личности кои ние ќе ги подучуваме како пристојно да го убиваат времето додека го чекаат сопственото заминување - смртта. Затоа, за старите не треба да покажуваме ни помала ни поголема грижа отколку за младите. Јас сметам дека покровителството воопшто не е легитимно. Вие може да сожалувате некој човек кој не успеал во својот живот и кој не може тоа да го преболи, но ние треба да сожалуваме и многу луѓе на триесет или четириесет години, за кои уште од сега знаеме дека нема да успеат во животот и дека нема лек за нив.

Ова не е проблем на староста; ова е проблем на човековата егзистенција на секој од нас. Јас сметам дека е многу важно повеќе да се размислува за тоа како можеме да им помогнеме на старите луѓе да бидат поактивни и позаинтересирани и како да го избегнат животот на пасивни потрошувачи што толку често им се нуди.

Свесен сум за тоа дека е потребно уште многу да се истражува на ова поле, исто како што тоа е потребно и во образованието. Всушност, овие две области не се многу различни. На кој начин може еден млад студент кој единствено ги консумира предавањата, да се промени во личност која е активно заинтересирана за она што го студира? Истиот проблем важи и за старите луѓе. Како може да им се помогне да се чувствуваат поживи од кога и да е, наместо да бидат побезживотни? Мислам дека едно истражување на ова поле многу би ни помогнало. Како да се предизвика поактивен интерес? Дали преку дискусии, преку читање, со будење на интерес за уметноста или политиката? Кога ја споменувам политиката, не мислам на политика во смисла на читање на секакви весници при што она што се прочитало се зема здраво за готово, туку мислам на тоа преку будење, донесување судови, критичко гледање на настаните и согледување на стварноста, преку чувството на одговорност за она што се случува, постојано да се одговара, како човечко суштество, на сите настани.

Да заклучиме, постарите луѓе, како и помладите треба, да се обидат подобро да одговараат на светот околу нив; да се одговара значи исто што и да се биде одговорен, а и дватазбора потекнуваат од ист корен, respondere (одговара). Постарите мора да научат како рекреацијата може да стане ре-креација - нова можност да се биде креативен - а за ова тие не мораат да бидат сликари, поети или да имаат некоја професија; сѐ што им треба е да бидат полни со живот, а тоа значи да бидат вистински и суштински заинтересирани за светот.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива