Ерих Фром

Работи што не ги сакам во современото општество[1]


Првпат објавено: 1972
Извор: Erich Fromm, "On Being Human", Continuum International Publishing Group, 1994, pp. 38-40.
Превод: Иле Спасев
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2020


Постојат многу работи во современото општество кои не ми се допаѓаат и тешко ми е да се одлучам со која поплака да започнам. Но фактот е следен, не е важно со што ќе започнам затоа што јасно е дека сите работи што не ми се допаѓаат се само различни аспекти на структурата на модерното индустриско општество; тие формираат синдром и сите имаат ист корен: структурата на индустриското општество, во неговата капиталистичка и советска форма.

Првото нешто што не ми се допаѓа, а што сакам да го спомнам е фактот дека сѐ и скоро секој е на продажба. Не само стоките и услугите, туку и идеите, уметноста, книгите, личностите, убедувањата, чувството, насмевката – сите тие се трансформирани во стоки. Така е и целиот човек, со сите негови способности и можности.

Од ова произлегува нешто друго: На сѐ помалку и помалку луѓе може да им се верува. Ова не го мислам само во сурова смисла на нечесност во бизнисот или недоверба во личните односи, мислам на нешто што оди многу подлабоко. Доколку е некој на продажба, како може да му се верува да биде истиот утре каков што е денес? Како знам кој е тој навистина, кому да му ја дадам својата доверба? Само затоа што нема да ме убие или нема да ме ограби? Ова е навистина утешувачки, но тоа не е доверба.

Се разбира, ова е само друг начин да се каже дека сѐ помалку и помалку луѓе имаат убедувања. Под убедување подразбирам мислење вкоренето во карактерот на личноста, во целосната личност, што како резултат го мотивира делувањето. Не подразбирам само идеја која останува централна и која може лесно да се промени.

Една друга точка е близу поврзана со претходново: постарата генерација има тенденција да има карактер кој е обликуван според конвенционалните образци и од потребата за успешно прилагодување. Многумина од младата генерација имаат тенденција воопшто да немаат карактер. Со тоа не мислам дека се тие нечесни; напротив, една од неколкуте пријатни работи во модерниот свет е чесноста кај поголемиот дел од младата генерација. Она што го мислам е дека тие живеат, емоционално и интелектуално кажано, од раката во устата.[2] Тие ја задоволуваат секоја потреба во дадениот момент, немаат ниту малку трпение да учат, не можат лесно да издржат фрустрација и немаат центар во себеси, немаат чувство за идентитет. Тие страдаат од ова и се сомневаат во себеси, во својот идентитет и значењето на животот.

Некои психолози направија доблест од овој недостаток на идентитет. Тие велат дека овие млади луѓе имаат „протејски карактер,“[3] се стремат кон сѐ, не се ограничени од ништо. Но ова е само попоетски начин да се зборува за недостаток на јас како кај Б. Ф. Скинеровиот „инженеринг на човекот” според кој човекот е она што е условен да биде.

Исто така не ми се допаѓаат генералната досада и недостаток на радост. На многу луѓе им е досадно, затоа што немаат интерес за она што го прават, а нашиот индустриски систем не е заинтересиран да ги заинтересира за нивната работа. Надежта за повеќе забава (отколку што постарата генерација имаше) е единствениот поттик кој е неопходен за да им се компензира за нивната досадна работа. Но нивното слободно време и нивното време за забава, и двете се досадни. Како што работното време е управувано од фабричката индустрија, така и забавата е управувана од забавната индустрија. Луѓето бараат задоволство и возбуда, наместо радост; бараат моќ и имот наместо растеж. Тие сакаат да имаат многу, да користат многу, наместо да бидат многу.

Тие се попривлечени кон мртвото и механичкото отколку кон животот и животните процеси. Јас ја нарекувам привлечноста кон она што не е живо – користејќи ги зборовите на Мигуел де Унамуно – „некрофилија”, а привлечноста кон сѐ што е живо, „биофилија”. И покрај сиот нагласок на задоволството, нашето општество продуцира повеќе и повеќе некрофилија, а помалку и помалку љубов кон животот. Сето ова води кон голема досада, што само површно се компензира со постојано променливи поттици. Колку помалку овие поттици дозволуваат вистински жив и активен интерес, толку почесто тие треба да се сменат со други, затоа што е биолошки даден фактот дека повторениот ист поттик наскоро ќе стане монотон.

Она што не ми се допаѓа е најдобро сумирано во описот од грчката митологија за „Железната раса” која Грците ја виделе како се појавува. Овој опис е од „Ерга“ на Хесиод (редови 132-42): „Како што поминуваат расите, тие стануваат полоши. Ќе дојде време кога тие ќе станат толку порочни што ќе ја обожуваат моќта; моќните ќе им се чинат вистински, а почитта за доброто ќе престане да постои. На крај, кога ниту еден човек нема да се гневи на лошите дела или ќе чувствува срам во присуство на несреќните, Зевс ќе ги уништи. Дури и тогаш нешто ќе може да се направи, само доколку обичните луѓе се побунат и ги срушат владетелите кои ги потиснувале.”

Не можам да го завршам ова излагање доколку не кажам дека и покрај сето ова јас не сум безнадежен. Ние сме во средина на процес во кој многу луѓе почнуваат да се ослободуваат од своите илузии, и како што Маркс еднаш рече, да се ослободиш од илузиите е услов да се ослободиш од околностите кои изискуваат илузии.


Забелешки

[1] Секоја година, почнувајќи во 1967, од април до септември, Ерих Фром живееше во Локарно, Швајцарија, сѐ додека целосно не се пресели да живее од Мексико во Швајцарија во Тичино во 1974 г. Многу набрзо почна да остварува контакти со италијанските медиуми. Фром го напиша следниов текст за „Corriere della Sera“, вечерниот милански весник кој го објави овој текст во јануари 1972 г.

[2] From hand to mouth – англиска изрека што укажува на некој што ги задоволува само сопствените непосредни потреби поради недостаток на пари за идни планови или инвестиции.

[3] Според ликот од старогрчката митологија Протеј, кој можел да ја предвиди иднината, но го менувал својот облик за да избегне некому да му ја открие судбината, одговарајќи му само на оној што ќе успеел да го фати.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива