Ернесто Че Гевара

Проштално писмо до Фидел Кастро


Напишано: 1965
Превод: Здравко Савески, од англиски и шпански јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2022


Хавана,
„Година на земјоделството“
1 април 1965

Фидел,

Во овој час се сеќавам на многу работи, кога те запознав во куќата на Марија Антонија, кога ми предложи да се придружам, на сите тензии во текот на подготовките. Еден ден ме праша кого да го известите во случај да починам, а реалната можност да се случи тоа влијае врз сите нас. Подоцна дознавме дека ова е вистина и дека во револуцијата или победуваш или умираш (доколку е вистинска). Многу другари паднаа на патот до победата.

Денес сето тоа има помалку драматичен тон, бидејќи сме позрели, но настанот се повторува. Чувствувам дека го исполнив мојот дел од работата која ме поврзува со Кубанската револуција на нејзина територија, па затоа ви кажувам збогум тебе, на другарите и на твојот народ, кој сега е и мој.

Официјално поднесувам оставка од својата позиција во раководството на партијата, од мојата позиција како министер, од мојот чин командант и од моето кубанско државјанство. Повеќе ништо правно не ме поврзува со Куба. Единствените врски се од друга природа и тие не можат да бидат раскинати како назначувањата на функциите.

Фрлајќи поглед на мојот досегашен живот, верувам дека работев доволно чесно и посветено на зацврстување на револуционерната победа. Мојот единствен сериозен пропуст беше тоа што немав поголема доверба во тебе, од првите моменти на Сиера Маестра, што не ги увидов доволно брзо твоите квалитети на водач и револуционер. Проживеав величествени денови, а со тебе ја почувствував гордоста да се припаѓа на нашиот народ, во брилијантните, но и тажни денови на Карипската [Кубанската] криза. Ретко кога некој државник бил толку одличен, како што беше ти во текот на тие денови. Исто така горд сум што те следев без двоумење и што се идентификував со твојот начин на размислување и на гледање и проценување на опасностите и принципите.

Сега, на други народи им е потребна мојата скромна помош. Имам можност да го направам она што тебе ти е ускратено, поради твојата одговорност на челото на Куба, па дојде време да се разделиме.

Треба да знаеш дека го правам ова со помешани чувствата на радост и тага. Овде ги оставам моите најчисти надежи како градител и оние кои ги сакам најмногу. И го оставам народот кој ме прифати како син. Тоа длабоко повредува дел од мојот дух. На новите бојни полиња ја понесувам вербата на која ме научи, револуционерниот дух на мојот народ и чувството на исполнување од најсветата должност: да се борам против империјализмот каде и да бил. Тоа е извор на сила и ми ги лечи и најдлабоките рани.

Уште еднаш изјавувам дека ја ослободувам Куба од сите одговорности, освен од она што произлегува од нејзиниот пример. Ако последниот час ме затекне под друго небо, мојата последна мисла ќе биде за овој народ, а посебно за тебе. Благодарен сум за твоето учење и за твојот пример – ќе се обидам да му останам верен до крајните последици на моите дела.

Отсекогаш сум бил идентификуван со надворешната политика на нашата револуција и тоа така ќе остане. Каде и да сум, ќе ја чувствувам одговорноста што сум кубански револуционер, а така и ќе се однесувам. Не жалам што не оставив ништо материјално за моите деца и жена. Среќен сум што е така. Не барам за нив ништо, бидејќи државата ќе им даде доволно за живот и да се образуваат.

Сакам уште многу работи да ти ги кажам тебе и на нашиот народ, но чувствувам дека тоа не е нужно. Зборовите не можат да го искажат она што би сакал и мислам дека не е вредно да се пополнуваат страници со фрази.

Секогаш до победата!
Татковината или смртта!

Те прегрнувам со целиот револуционерен жар,
Че