XX

Еднаш навечер мајката седеше до масата, плетеше чорапи, а Хохолот на глас читаше книга за востанието на римските робови, и одеднаш некој силно затропа и кога Хохолот ја отвори вратата, влезе Вјесовшчиков со бовча под мишка, со капа зафрлена на тилот, до коленици испрскан со кал.

—  Доаѓам — гледам кај вас светлина. Навратив да се поздравиме. Право од затворот! — изјави тој со чуден глас и фаќајќи ја раката на Власова, силно ја затресе и’ рече:

—  Ве поздрави Павел ...

Потоа колебливо седна на столот и разгледа низ одајата со своите самрачни, недоверливи очи.

Тој на мајката не и’ се допаѓаше, во неговата аглеста, острижана глава, во ситните очи имаше нешто од што таа секогаш се плашеше, но сега се зарадува и целата милозлива, целата весела, живо зборуваше:

—  Си омршавел! Андрјуша, да го напиеме со чај ...

—  Јас веќе го загревам самоварот! — се одзва Хохолот од кујната.

—  Па, како е Павел? Пуштија ли уште некого или само тебе?

Николај ја наведна главата и одговори:

—  Павел седи — трпи! Ме пуштија само мене! — ги крена очите, погледна право во мајчиното лице и полека, низ заби рече:

—  Им реков — ајде, пуштете ме на слобода! Инаку ќе отепам некого, па и себе. Ме пуштија.

—  М-м-да-а! — рече мајката оддалечувајќи се од него и неволно подзамижа кога погледот и се сретна со неговите тесни, остри очи.

—  А како е Феѓа Мазин? — довика Хохолот од кујната. — Пишува ли стихови?

—  Пишува. Јас тоа не го разбирам! — вртејќи ја главата рече Николај. — Што е тој — штиглиц. Го затвориле в кафез, пее! Јас само едно знам: мене дома не ми се оди ...

—  А и како да ти се оди во твојата куќа? — замислено рече мајката. — Празна е, печката студена, се устинало...

Тој помолче, ги подзамижа очите. Извади од џебот кутија со цигари, не брзајќи запали и гледајќи ги сивите колца на чадот што се губеа пред неговото лице, се насмевна со насмев на налутен пес.

—  Да, треба да е студено. По душемето, секако лежат замрзнати лебарки. И глувците исто така испомрзнале. Пелагија Ниловна, дозволи ми да преспијам кај тебе, може ли? — праша не гледајќи ја.

—  Та, сигурно, батјушка, — брзо рече мајката. Со него и беше незгодно, непријатно.

—  Такво е сега времето, децата се срамат од родителите...

—  Што? — затреперувајќи праша мајката.

Тој ја погледна, ги затвори очите и неговото сипаничаво лице стана неприветливо.

—  Децата почнаа да се срамуваат од родителите, велам! — повтори тој и силно воздивна. — Од тебе Павел никогаш не ќе се посрамува. А јас, ете, се срамам од татко ми. И во таа негова куќа ... нема да одам веќе. Јас немам татко... Ни куќа немам! Ме фрлија под надглед на полицијата, инаку би отишол во Сибир ... Таму би ги ослободувал протераните, би го приготвувал нивното бегање ...

Со чувствителното срце мајката сфати дека на овој човек му е тешко, но неговиот бол кај неа не предизвикуваше соучество.

—  Па, кога било така... тогаш подобро да одиш!— велеше за да не го навреди со молчење.

Од кујната излезе Андреј и смеејќи се рече:

—  Што прикажуваш тоа, а?

Мајката зборувајќи стана:

—  Треба да се зготви нешто набрзина за јадење ...

Вјесовшчиков го погледна Хохолот право в очи и наеднаш рече:

—  Јас мислам дека некои луѓе треба да се убиваат...

—  Уху! А зошто? — праша Хохолот.

—  За да ги нема ...

Хохолот, висок и сув, нишкајќи се на нозете, стоеше среде одајата и држејќи ги рацете в џебови го посматраше Николаја од главата до петиците, а Николај цврсто седеше на столот опкружен со облаци чад и на неговото мрачно лице избиваа црвени флеки.

—   А на Исај Горбов ќе му го откинам главиштето — ќе видиш!

—  Зошто? — праша Хохолот.

—  За да не шпионира, да не поткажува. Поради него татко ми пропадна, поради него тој сега сака да биде полициски агент, — со мрачна злоба гледајќи го Андреја велеше Вјесовшчиков.

—  Што била работата! — извика Хохолот. — Но, кој ќе те обвини тебе за тоа? Будалите!...

—  И будалите и умните. — Со едно миро се миросани! — цврсто рече Николај. — Ете, ти си умен, и Павел исто така, а зарем јас за вас сум исто што и Феѓа Мазин или Самојлов, или вие двајцата едниот за другиот? Не лажи, не ќе ти поверувам, сеедно ... и сите вие ме туркате настрана, на одделно место ...

—  Тебе душата те боли, Николај! — тивко и нежно рече Хохолот седнувајќи крај него.

—  Ме боли. И вас — ве боли ... Само што вашите болки ви се чинат поблагородни од моите. Сите ние еден за друг сме никаквеци, ете што велам јас. А што можеш да ми речеш ти мене? Ајде — де?

Со остар поглед се запре на лицето на Андреј и очекуваше со чакнати заби. Неговото сипаничаво лице беше неподвижно, а дебелкавите усни му потреперуваа како да ги опекол со нешто жешко.

—  Ништо нема да ти речам! — прифати Хохолот топло милувајќи го злобниот поглед на Вјесовшчиков со тажната насмевка на сините очи. — Знам јас — да се препираш со човек во момент кога во срцето сите рани му се полни со крв — значи само да го навредуваш; знам, братко!

—  Со мене човек не треба да се препира, јас не умеам! — промрморе Николај наведнувајќи ги очите.

—  Мислам, — продолжи Хохолот — секој од нас газел бос по искршено стакло, секој во својот мачен час дишел така како и ти...

—  Ништо ти мене не можеш да ми речеш! Полека изусти Вјесовшчиков. — Ништо! Душата ми завива како на волк!...

—  И нема! Само знам — тоа ќе ти мине. Можеби не сосем, но ќе ти мине!

Се насмевна и, потупкувајќи го Николај по рамото, продолжи:

—  Тоа е, братко, детска болест, како сипаницата. Сите ние боледуваме од тоа: посилните — помалку, послабите — повеќе. Таа може да совлада само тогаш кога човекот себеси — ќе се распознае, а животот и своето место во него уште не го гледа. Ти се чини дека си еден на земјата, како некое добро краставиче и дека сите сакаат да те изедат. После, кога ќе мине малку време, ќе видиш дека голем дел од твојата душа и во други гради не е полоша — па ќе ти стане полесно. И малку е срамно — да се качуваш на камбанарија кога твоето ѕвонче е толку малечко, што нема да се чуе додека ѕвони празничната камбана? Ќе видиш понатаму дека твоето ѕвонче ќе се чуе во хор, а поединечно — старите камбани ќе го стопат во својот ек како мува во масло. Разбираш ли што ти зборувам?

—  Можеби — разбирам! — климнувајќи со главата рече Николај. — Само — не верувам!

Хохолот се засмеа, скокна и се стрчна кревајќи врева.

—  Ете, и јас не верував. Ах, ти — кладо!

—  Зошто — клада? — тажно се насмевна Николај гледајќи го Хохолот.

—  Па — сличен си!

Наеднаш Вјесовшчиков прсна да се смее широко отворајќи ја устата.

—  Што ти е? — зачудено го праша Хохолот застанувајќи пред него.

—  А си помислив: будала ќе биде оној што ќе те навреди! — изјави Николај и ја крена главата.

—  Со што да ме навреди? — рече Хохолот кревајќи ги рамената.

—  Не знам! — рече Вјесовшчиков добродушно и снисходливо покажувајќи ги забите. — Знам само толку дека на човек треба да му биде многу срам кога ќе те навреди тебе.

—  Ете, кај отиде ти! — смеејќи се рече Хохолот.

—  Андрјуша! — го викна мајката од кујната.

Анреј излезе.

Кога остана сам, Вјесовчиков се разгледа, ја протегна ногата обуена во тешка чизма, погледна, се наведна пофаќајќи ја над коленото ногата. Ја крена раката кон лицето, внимателно ја разгледа дланката, а потоа ја преврти раката на другата страна. Раката беше дебела, со куси прсти, покриена со жолти влакна. Помавта со неа во воздухот, стана.

Кога Андреј го донесе самоварот, Вјесовшчиков стоеше пред огледалото и го пресретна со овие зборови:

—  Одамна не сум ја видел својата муцка...

Се насмевна и вртејќи ја главата додаде:

—  Грда ми е муцката!

—  А што те интересира тоа? — го праша Андреј погледнувајќи го љубопитно.

—  А, ете, Сашенка вели: Лицето е огледало на душата! — полека изговори Николај.

—  И не е точно! — извика Хохолот. — Нејзе носот и’ е — како чингел, вилиците — како ножици, а душата — како ѕвезда.

Вјесовшчиков го погледна и се насмевна.

Седнаа да пијат чај.

Вјесовшчиков зеде еден поголем компир, посоли добро парче леб и мирно, полека, како вол, почна да џвака.

—  А тука како оди работата? — праша со наполнета уста.

И кога Андреј весело му раскажа за напредувањето на пропагандата во фабриката, повторно, намрштен, глуво забележа:

—  Бавно е сето тоа, бавно! Треба побрзо...

Мајката го погледна и во градите тивко и се поткрена непријателско чувство кон тој човек.

—  Животот не е коњ, со камшик не се забрзува!— рече Андреј.

Вјесовшчиков тврдоглаво одмавна со главата.

—  Бавно! Немам трпение! Што да правам?

Беспомошно ги рашири рацете, го погледна Хохолот в лице и замолче очекувајќи одговор.

—  Сите треба да се учиме и да учиме други, ете што ни е работата! — одговори Андреј наведнувајќи ја главата.

Вјесовшчиков праша:

—  А кога ќе се биеме?

—  Дотогаш не еднаш ќе нè истепаат, тоа го знам!— насмевнувајќи се одговори Хохолот. — А кога ќе треба да се биеме — не знам! Пред сè, гледаш, треба главата да се вооружа, а потоа рацете, мислам...

Николај повторно почна да јаде. Мајката незабележано, под око, му го посматраше широкото лице, грижејќи се на него да пронајде што било што ќе ја помири со тешката, квадратна фигура на Вјесовшчиков.

И среќавајќи се со иглестиот поглед на ситните очи, плашливо ги креваше веѓите. Андреј се чувствуваше неспокоен — веднаш почнуваше да зборува, да се смее и веднаш, прекинувајќи го зборувањето, свиркаше.

На мајката и’ се чинеше дека ја сфаќа неговата вознемиреност. А Николај седеше молчешкум и кога Хохолот го прашуваше макар за што, одговараше кусо, со отворено нерасположение.

На двајцата жители од малото одајче им стана задушно, тесно и тие, де едниот де другиот, го погледнуваа гостинот.

Најпосле тој станувајќи рече:

—  Јас би легнал да спијам. А, ете, седев, седев, наеднаш ме пуштија, тргнав. Капнат сум.

Кога отиде во кујната, таму малку се провртка и одеднаш како да умре, а мајката, наслушнувајќи во тишината, му шепна на Андреј:

—  Тој мисли за страшни работи ...

—  Тежок младич! — повтори Хохолот вртејќи ја главата. — Но ќе му мине тоа! Така беше и со мене. Кога во срцето не гори јасно — во него се собира многу гаровина. Де, вие, мајче, легнете, а јас ќе поседам, сакам уште да читам.

Таа отиде во катот каде што беше креветот покриен со басмен покривач, а Андреј, седејќи до масата, долго го слушаше топлото шушкање на нејзините молитви и воздишки. Прелистувајќи ги листовите на книгите брзо, возбудено го триеше челото, ги сучеше мустаќите со долгите прсти, стружеше со нозете по душемето. Клатното на часовникот удираше, надвор дуваше ветар.

Се чу тивкиот глас на мајката:

—  О, боже! Колку луѓе има на светов и секој стенка на свој начин. А дали има такви кои се радосни?

—  Има и такви, има! Наскоро — многу ќе ги има, ех, — многу — се одзва Хохолот.