XIII

Софија веќе беше дома, ја пресретна мајката со цигара во забите, вознемирена, возбудена.

Сместувајќи го ранетиот на диванот, таа мајсторски му ја одврза главата и почна да заповеда подзамижувајќи од тутуновиот чад.

—  Иване, Данилович, го донесоа! Капнавте ли, Ниловна? Се наплашивте, нели? Де, починете си. Николај, дај и на Ниловна чашка јако вино!

Речиси онесвестена поради сето она што го доживеа, тешко дишејќи и во градите чувствувајќи голем притисок, мајката мрмореше:

—  Не вознемирувајте се заради мене ...

И со сето свое суштество плашливо молеше да и посветат внимание, нежност што заблажува.

Од соседната соба излегоа Николај, со преврзани раце и докторот Иван Данилович, целиот разбушавен, наежен како еж. Брзо му се приближи на Ивана, се наведна над него, велејќи:

—  Вода, повеќе вода, чисти платнени крпи, вата!

Мајката се упати кон кујната, но Николај ја зеде под рака со левата рака и водејќи ја во трпезаријата, милозливо и рече:

—  Тоа не ви го рече вам, туку на Софија. Се наплашивте, мила наша, нели?

Мајката го забележа неговиот упорен, сожалив поглед и со липкање што не можеше да го воздржи, извика:

—  Што беше тоа — гулапче мое! Сечеа, луѓе касапеа!

—  Видов! — подавајќи и го виното и потврдувајќи со главата рече Николај. — Се потпалија малку двете страни. Но не вознемирувајте се, — тие тепаа со плоската страна и сериозно е ранет, ми се чини, само еден. Го удрија пред мои очи, јас го извадив од тепаницата ...

Лицето и гласот на Николај, топлината и светлоста во собата ја смируваа Власова. Благодарно го погледна и праша:

—  Ве удрија ли и вас?

—  Тоа јас самиот, ми се чини, не внимавајќи се закачив со раката за нешто и си ја одрав кожата. Напиете се чај — студено е, а вие сте лесно облечени...

Ја протегна раката по чашата и забележа дека прстите и се испрскани со запечена крв, неволно ја пушти раката на колената — полата и беше влажна. Ги овргали очите, ја крена веѓата и напорки ги гледаше своите прсти, главата и се вртеше и во срцето и тупкаше:

—  Ете, така можат — и Паша!

Влезе Иван Данилович само по жилетка, со засукани ракави на кошулата и на немото прашање од Николај со својот танок глас рече:

—  На лицето незначителна рана, но черепот му е скршен иако не толку многу — младичот е здрав! Сепак, изгубил многу крв. Да го пратиме в болница?

—  Зошто? Нека остане овде! — извика Николај.

—  Денеска може — па, можеби и утре, а потоа ќе ми биде позгодно ако лежи в болница. Немам време да правам визити! Ќе напишеш ли статија за настанот на гробиштата?

—  Се разбира, — одговори Николај.

Мајката полека стана и тргна кон кујната.

—  Каде вие, Ниловна? — вознемирено ја запре тој.

—  Соња сè ќе ви зготви!

Таа го погледна и затреперувајќи, чудно насмевнувајќи се, одговори:

—  Крвава сум ...

Кога во својата соба се пресоблекуваше, уште еднаш се замисли за спокојството на тие луѓе и за нивната способност брзо да ги преживеат стравотиите. Тоа ја трезнеше бркајќи и го стравот од срцето. Кога влезе во собата во која лежеше ранетиот, Софија, наведната над него, му зборуваше.

—  Глупости, другар!

—  Да не ве стеснувам! — со слаб глас одговори тој.

—  А вие молчете, тоа ви е покорисно...

Мајката застана зад Софија и, пуштајќи ја својата рака на нејзиното рамо, со насмевка го гледаше бледото лице на ранетиот и, насмевнувајќи се, раскажуваше како бладал во пајтонот и ја плашел со невнимателни зборови. Иван слушаше, очите трескаво му гореа, мласкаше со усните и понекогаш тивко, вџашено извикуваше:

—  Ох ... Какво будалиште сум јас!

—  Е, сега ќе ве оставиме! — поднаместувајќи му ја покривката изјави Софија. — Починете!

Тие излегоа во трпезаријата и таму долго разговара за настаните од тој ден. И веќе кон таа драма се држеа како кон нешто далечно, уверено гледајќи во иднината и определувајќи што ќе преземат утре. Лицата им беа капнати; но мислите бодри и во разговорот за своето дело луѓето не го криеја незадоволството од себеси. Нервозно вртејќи се на столот, докторот се напинаше да го задави својот танок, остар глас и велеше:

—  Пропаганда, пропаганда! Таа сега е малку, работничката младина има право! Треба да се прошири агитацијата, — работниците, јас велам дека имаат право.

Николај со ист глас намуртено му одговори:

—  Од сите страни се жалат дека нема литература, а ние сè уште никако не можеме да создадеме добра печатница, Људмила папсува, ќе се разболи ако не и дадеме помошник ...

—  А Вјесовшчиков? — праша Софија.

—  Тој не може да живее в град. Тој ќе стапи на работа дури во новата печатница — а за неа не достига уште еден човек ...

—  Зарем не би можела јас? — тивко праша мајката.

Сите тројца се погледнаа и неколку моменти молчеа.

—  Одлична мисла! — извика Софија.

—  Не, тоа е тешко за вас, Ниловна! — суво рече Николај. — Вие тогаш ќе треба да живеете надвор од градот, да ги прекинете виѓавањата со Павела и воопшто...

Воздивнувајќи таа одговори:

— За Паша тоа не е голема загуба, — па и мене тие виѓавања само ми ја кинат душата. Не оставаат за ништо да зборуваш. Стоиш глупаво спроти синот — а те гледаат в уста, очекуваат — да не речеш нешто отповеќе...

Настаните од последните денови ја уморија и сега кога чу за можноста да живее надвор од градот, далеку од неговите драми, жедно се фати за таа можност.

Но Николај поведе збор за друго.

—  За што мислиш, Иване? — му се обрна тој на докторот.

Кревајќи ја главата што му беше ниско наведната над масата, докторот невесело одговори:

—  Малку сме, ете што! Неопходно е да се работи поенергично... И потребно е да се уверат Павел и Андреј да побегнат, тие двајцата се премногу скапоцени за да лежат без работа ...

Николај ги набра веѓите и со сомневање ја заврте главата попатно погледнувајќи во мајката. Таа разбра дека пред неа им е незгодно да зборуваат за нејзиниот син и отиде во својата соба понесувајќи тивка навреда во градите затоа што се однесуваат толку невнимателно спрема нејзините желби. Лежејќи во постелата со отворени очи, под тивкиот шепот на нивните гласови, таа му се предаваше на беспскојството.

Изминатиот ден беше мрачен, необјаснив и полн со злокобни навестувања, но нејзе и беше тешко да мисли за него и отфрлајќи ги од себе мрачните впечатоци, се замисли за Павела. Сакаше да го види на слобода и истовремено тоа ја плашеше: чувствуваше дека се околу неа се заострува, заплашува со остри судирања. Го снема молчеливото човечко трпение, на негово место доаѓаше напнато очекување, забележливо растеше незадоволството, одѕвонуваа остри зборови, од сите страни вееше нешто возбудливо ... Секој проглас на плоштадот, во продавниците, меѓу послугата и занаетчиите предизвикуваше живо толкување, секое апсење во градот будеше плашливо, неразбирливо, а понекогаш и несвесно соучество при судењето за причините на апсењата. Се почесто таа меѓу простиот свет ги слушаше зборовите кои некогаш ја плашеа: буна, социјалисти, политика; нив ги изговараа потсмешливо, но зад потсмевнувањето невешто се криеше и љубопитното прашање полно со омраза, зад кое одѕвонуваше страв, замисленото прашање одеше — со надеж и заплашување. Полека, но во широки кругови, по зачмаениот, мрачен живот се ширеше возбудување, се разбудуваше заспаната мисла и вообичаените односи во животот се колебаа. Сето тоа таа го гледаше појасно од другите, зашто подобро од нив го знаеше тажното лице на животот и сега, гледајќи ги на него жубрите на колебливост и незадоволство, и се радуваше и се плашеше. Се радуваше — бидејќи тоа го сметаше како дело на својот син, се плашеше — бидејќи знаеше дека ако излезе од затворот, ќе застане пред сите, на најопасното место. И ќе загине.

Понекогаш ликот на синот и израснуваше пред очите во размери на јунак од сказна, во себе ги соединуваше сите чесни, смели зборови што ги слушала, сите луѓе кои и се допаѓале, се јуначко и светло што знаеше. Тогаш смирена, горда, со тивок восхит уживаше во него и исполнета со надеж мислеше:

—  Сè ќе биде добро, сè!

Нејзината љубов — љубовта на мајка — се разгоруваше стегајќи и го срцето речиси до болка, потоа мајчинското му пречеше на развивањето на човечкото, го согоруваше и наместо големото чувство во сивата пепел на немирот, плашливо удираше тажната мисла:

—  Ќе загине ... Ќе пропадне! ...