XXVIII

По неколку минути мајката, греејќи се на печката, седеше во малата соба на Људмила. Домаќинката, во црна облека, потпашана со колан, полека одеше по собата, исполнувајќи ја со шушкање и со звуците на заповедничкиот глас.

Во печката потпукнуваше и бучеше оган, шмукајќи го воздухот од собата, одмерено ѕвонеше зборувањето на жената.

—  Луѓето се многу повеќе глупави одошто лоши. Умеат да го видат само она што им е близу, што можат да го земат во истиот момент. А се што е близу — евтино е, тоа што е скапо — далеку е. А всушност, на сите би им било корисно и пријатно, кога би настапил друг живот, полесен, луѓето би биле поразумни. Но затоа сега треба да се помачиме ...

Одеднаш, застанувајќи спроти мајката, како да се оправдува, потивко рече:

—  Ретко виѓавам луѓе, и кога некој ќе наврати, почнувам да зборувам. Смешно, нели?

—  Зошто? — се одзва мајката. Таа се трудеше да погоди каде оваа жена печати и не гледаше ништо необично. Во собата, со три прозорци што гледаат на улица, имаше диван и полица за книги, маса, столови, до ѕидот постела, во аголот крај постелата мијалник, во другиот — печка, на ѕидовите репродукции од уметнички слики. Се беше ново, масивно, чисто и на се калуѓерската фигура на домаќинката фрлаше студена сенка. Се чувствуваше нешто притаено, скриено, но беше нејасно каде. Мајката ја погледна вратата — низ една таа влезе од малото претсобје, крај печката имаше друта врата, тесна и висока.

—  Јас кај вас по работа! — збунето рече таа, забележувајќи дека домаќинката внимателно ја посматра.

—  Знам! Мене поинаку и не ми доаѓаат...

Нешто во гласот на Људмила на мајката и се пристори необично, ја погледна во лицето коешто се насмевнуваше со краиштата на танките усни, зад очилата светкаа темни очи. Свртувајќи го погледот настрана, мајката и го даде говорот на Павела.

—  Еве, ви се молам да го напечатите што поскоро...

И почна да раскажува како Николај се готви за в затвор.

Људмила молчешкум ја тутна хартијата в појас, седна на столот, на стаклата од нејзините очила се огледуваше црвениот блесок на огнот, нејзииите горешти насмевки заиграа на неподвижното лице.

—  Кога ќе дојдат кај мене — ќе пукам во нив! — полугласно и решително проговори таа откако го дослуша раскажувањето на мајката. Имам право да се бранам од насилието и морам да се борам со нив, ако повикувам други на тоа.

Одблесоците од огнот и се слизнаа по лицето, и тоа повторно стана сурово, по малку гордо.

—  Тежок е твојот живот! — одеднаш нежно помисли мајката.

Људмила неволно почна да го чита говорот на Павела, потоа се повеќе се наведнуваше над хартијата, брзо оставајќи ги веќе прочитаните ливчиња настрана, и кога прочита се, стана, се исправи, и се приближи на мајката.

—  Тоа е — добро!

Таа се замисли и за момент ја наведна главата.

—  Не сакав да зборувам со вас за вашиот син — не сум се состанувала со него и не сакам тажни разговори. Знам што значи кога некој којшто ни е близок оди во прогонство! Но — би сакала да ве прашам — убаво ли е да имаш таков син?...

—  Да, убаво е! — рече мајката.

—  И — страшно, нели ...

Поправајќи ја со мрката рака мазно исчешланата коса, Људмила се сврте кон прозорецот. На нејзините образи трепереше лесна сенка, можеби сенка на задушена насмевка.

—  Брзо, ќе го сложам. Вие легнете, имавте тежок ден, капната сте. Легнете овде, на креветот, јас нема да спијам и ноќеска, можеби, ќе ве разбудам да ми помогнете... Кога ќе сакате да си легнете, угаснете ја ламбата...

Фрли во печката две целаници, се исправи и отиде низ тесната врата кај печката, цврсто затворајќи ја зад себе. Мајката погледна по неа и почна да се соблекува мислејќи за домаќинката.

—  Поради нешто тагува...

Капнатоста и’ ја занесуваше главата, а во душата и беше необично мирно, и во очите и светкаше со мека и нежна светлина која тивко и еднакво и ги полнеше градите. Таа веќе го знаеше тој мир, кој кај неа се јавуваше секогаш по големите возбудувања — и порано — малку ја вознемируваше, но сега само и ја рашири душата јакнејќи ја со големо и силно чувство. Ја угасна ламбата, легна во студената постела, се собра под покривачот и брзо заспа со цврст сон . ..

А кога ги отвори очите — собата беше полна со студената бела светлина на јасниот зимски ден, домаќинката со книга в раце лежеше на диванот и, насмевнувајќи се преку својот обичај, и гледаше в лице.

—  О, брате! — вџашено извика мајката. — Ете, како јас — многу ли е доцна, а?

—  Добро утро! — се одзва Људмила. — Скоро ќе биде десет, станете да пиеме чај.

—  Што не ме разбудивте?

—  Сакав. Ви се приближував, но толку убаво се насмевнувавте во сонот.

Со еластично движење на целото тело таа се крена од диванот, се приближи кон постелата, и се наведна на мајката над лицето, и во нејзините темни очи мајката виде нешто сродно, блиско и разбирливо.

—  Ми беше жал да ве гибам — можеби сонувавте среќен сон ...

—  Ништо не сонував!

—  Па, сеедно! Но ми се свиде вашата насмевка. Толку мирна, добра ... голема!

Људмила се насмевна и насмевката и беше тивка како кадифе.

—  И јас мислев за вас... Дали ви е тешко да живеете?

Мајката, кревајќи ги веѓите, молчејќи, мислеше.

—  Се разбира, тешко е! — извика Људмила.

—  Не знам што да речам! — претпазливо рече мајката. — Некојпат ќе ми се пристори тешко. А сè е толку многу — сè е толку сериозно, — чудно се движи едноподруго, брзо, толку брзо ...

Познатиот бран на свежа возбуда и ги поткреваше градите, и го полнеше срцето со слики и мисли. Седна на постелата брзо облекувајќи ги мислите со зборови.

—  Оди, оди — сè кон едно ... Многу има тешко, знаете! Луѓето страдаат, ги тепаат, сурово ги тепаат, многу радости им се забранети — тоа е многу тешко!

Брзо зафрлувајќи ја главата, Људмила со погледот ја опфати целата и забележа:

—  Вие не зборувате за себе!

Мајката ја погледна, стана од постелата и, облекувајќи се, зборуваше:

—  Како да се тргнеш настрана, кога и оној го сакаш, и овој ти е драг, и за сите се плашиш, за секого ти е жал — сè го гиба срцето... Како да се тргнеш настрана?

Стоејќи среде собата, полуоблечена, за момент се замисли. Одеднаш и се пристори дека ја нема неа, онаа што живееше во немир и страв за синот, во мисли како да го заштити неговото тело, ја нема сега таква — таа се одделила, отишла некаде далеку, а можеби и сосем изгорела во пламенот на возбудувањето, и тоа и ја олеснило, и ја очистило душата, и го обновило срцето со нова сила. Се наслушнуваше себеси сакајќи да загледа во своето срце и се плашеше повторно да не разбуди таму нешто старо, немирно.

—  За што сте се замислиле? — љубезно праша домаќинката приближувајќи и се.

—  Не знам! — одговори мајката.

Помолчеа, гледајќи една во друга, двете се насмевнаа, потоа Људмила излезе од собата велејќи:

—  Што ли прави мојот самовар?

Мајката погледа кон прозорецот, на улицата светкаше студен, свеж ден, и нејзе во градите и’ беше светло, но топло. Сакаше да зборува за сè, многу, радосно, со збунето чувство на благодарност кон некој непознат за се што и слегло во душата и таму се руменее како вечерен сјај пред заод. Ја возбудуваше желбата да се помоли, којашто веќе одамна не ја чувствуваше. Се сети на нечие младо лице, ѕвонлив глас викаше низ сеќавањето: „Тоа е мајката на Павел Власов!...“ Радосно и нежно светнаа очите на Саша, се крена мрачната фигура на Рибин, се насмевнуваше бронзеното, цврсто лице на синот, збунето подмижнуваше Николај, и одеднаш сето тоа се истисна во длабок, лесен воздив, се слеа и се сплете во проѕирен, разнобоен облак, обвивајќи ги сите мисли со чувство на мир.

—  Николај имаше право! — рече Људмила влегувајќи — него го затворија. Го пратив таму момчето како што рековте. Вели дека во дворот имало полиција, видел полицаец како се крие зад портата. И шетаат шпиони, момчето ги познава.

—  Така — рече мајката потврдувајќи со главата. — Ах, сиромашкиот ...

Воздивна, но — без тага, и поради тоа тивко се зачуди.

—  Тој во последно време многу зборуваше меѓу градските работници и воопшто беше крајно време да го снема! — намуртено и мирно забележа Људмила. — Другарите му зборуваа — тргни се! Не послуша! Јас велам — во такви случаи треба да се натера, а не да се советува...

На вратата стоеше црномуресто и румено момче, со убави сини очи и клифунест нос.

—  Да го донесам самоварот? — ѕвонливо праша.

—  Молам, Серјожа! Мој воспитаник.

На мајката и’ се пристори дека Људмила сега е поинаква, попроста и поблиска до неа. Во еластичното нишкање на нејзиното стасито тело имаше многу убавина и снага која донекаде го ублажуваше строгото и бледо лице. Преку ноќта и се зголемија колцата под очите. И се чувствуваше напнато присилување, како натегната струна во душата.

Момчето го внесе самоварот. — Запознај се, Серјожа! — Пелагија Ниловна, мајката на оној работник кого го осудија вчера.

Серјожа молчешкум се поклони, и’ ја стегна раката на мајката, излезе, донесе кифли и седнаа на масата. Људмила, турајќи чај, ја наговоруваше мајката да не оди дома додека не се објасни кого таму полицијата го очекува.

—  Можеби — вас! — Вам, се знае, ќе ве сослушуваат ...

—  Нека сослушуваат — одговори мајката, — и нека апсат — не е голема несреќа. Само пред тоа да можам да го растурам говорот на Паша.

—  Тој веќе е сложен. Утре ќе може да се растура во градот и предградието ... Вие ја знаете Наташа?

—  Како да не!

—  Нејзе ќе и’ го однесете...

Момчето читаше весник и како да не слушаше ништо, но очите одвреме-навреме му гледаа зад хартијата кон мајката в лице, и кога таа го среќаваше нивниот жив поглед, и беше пријатно, се насмевнуваше. Људмила повторно се сети за Николај без жалење поради неговото апсење, а на мајката нејзиниот тон и се чинеше сосем природен. Времето течеше побрзо одошто во други денови, кога беа готови со чајот веќе беше околу пладне.

—  Сепак! — извика Људмила.

Во исто време некој брзо затропа, момчето стана, прашално погледна во домаќинката подзамижувајќи.

—  Отклучи, Серјожа. Кој ли е тој?

И со мирно движење ја спушти раката во џебот од облеката велејќи и на мајката:

—  Ако се џандари, вие, Пелагија Ниловна, ќе застаните еве овде, во овој кат. А ти, Серјожа..

—  Знам! — тивко одговори момчето и се изгуби.

Мајката се насмевна. Неа овие приготвувања не ја возбудуваа — не претчувствуваше несреќа.

Влезе малиот доктор. Брзо зборуваше-

—  Пред сè — Николај го апсија. Аха, вие сте овде, Ниловна? Не бевте таму во време на апсењето?

—  Тој ме прати ваму.

—  Хм — јас не мислам дека е тоа згодно за вас! ... Второ, ноќеска разни млади луѓе на хектограф извадиле околу петстотини примероци од говорот. Видов — не е лошо направено, читливо е, јасно. Вечерва сакаат тоа да го растурат по градот. Јас сум против — за градот се позгодни печатени летци, а овие можат да се пратат на друга страна.

—  Па, јас ќе и’ ги однесам на Наташа! — живо извика мајката. — Дајте!

Гореше од желба што поскоро да го растури говорот на Павела, целата земја да ја засипе со зборовите на синот, и гледаше во лицето на докторот со очи што очекуваат одговор, готова да моли.

—  Ѓавол би знаел дали е згодно вие сега да се нафатите со тоа! — нерешително рече докторот и го извади часовникот. — Сега е единаесет и четириесет и три, возот оди во два и пет, патот натаму — пет и петнаесет. Ќе пристигнете вечер, но не толку доцна. Туку, работата не е во тоа .. .

—  Не е во тоа! — повтори домаќинката мрпггејќи ги веѓите.

—  Туку во што? — праша мајката приближувајќи им се. — Само во тоа добро да се стори...

Људмила внимателно ја погледна, и триејќи го челото, забележа:

—  За вас е — опасно...

—  Зошто? — огнено извика мајката заземајќи заповеднички став.

—  Еве зошто! — почна докторот брзо и одмерено.— Ве снема од куќата еден час пред апсењето на Николај . .. Отидовте во фабриката каде што ве знаат како тетка на учителката. По вашето доаѓање во фабриката се појавија опасни летци. Сето тоа се врзува во јамка околу вашиот врат.

—  Таму нема да ме забележат! — ги убедуваше мајката горештејќи се. — А кога ќе се вратам, ќе ме апсат, ќе прашаат кај сум била...

Откако за момент застана, таа извика:

—  Знам како ќе речам! Оттаму ќе одам право во предградието, таму имам познаници, Сизов. — ќе кажам дека, да речеме, од судот сум отишла право кај него, несреќата, ќе речам, ме однесе. А и него несреќа го најде, — внучето му го осудија. Тој ќе рече исто така. Гледате ли?

Чувствувајќи дека попуштаат на силата на нејзината желба, настојувајќи што поскоро да ги наговори на тоа, зборуваше сè поупорно. И тие попуштија.

—  Па патувајте! — нерадо се сложи докторот.

Људмила молчеше, замислено шеткајќи по собата. Лицето и беше потемнето, испиено, а главата, забележливо напнувајќи ги мускулите на вратот, одеднаш како да и натежна и почна да и паѓа на градите и против волјата. Мајката го забележа тоа.

—  Вие мене сè ме чувате! — рече таа насмевнувајќи се. — Себеси не се чувате...

—  Не е вистина! — одговори докторот. — Се чуваме, мораме да се чуваме! И строго го прекоруваме оној којшто бескорисно ја растура својата снага, да! Сега еве што — говорот ќе го добиете на станица...

И’ објасни како ќе се нареди тоа, потоа ја погледна и рече:

—  Па, ви пожелувам успех!

И отиде, сепак од нешто незадоволен. Кога се затвори вратата зад него, Људмила и се приближи на мајката тивко смеејќи се.

—  Јас ве разбирам...

Ја зеде под рака и пак тивко тргна по собата.

—  И јас имам син. Тој веќе има тринаесет години, но живее кај татка си. Мојот маж е другар на јавниот обвинител. И детето е — со него. Што ли ќе стане од него? — Често мислам...

Нејзиниот влажен глас затрепери, потоа пак замислено и тивко потекоа нејзините зборови.

—  Него го воспитува свесен непријател на оние луѓе коишто мене ми се блиски, коишто ги сметам за најдобри луѓе на земјата. Синот можеби ќе порасне како мој непријател. Со мене не може да живее, јас живеам под туѓо име. Осум години не сум го видела,— тоа е многу, осум години!

Откако застана крај прозорецот, гледаше во бледото пусто небо и продолжи:

—  Кога би бил тој со мене — би била посилна, не би ги имала тие рани во срцето што постојано ме болат. И дури кога би умрел — полесно би ми било...

—  Гулабице моја — тивко рече мајката чувствувајќи какво мачење и го гори срцето.

—  Вие сте среќна! — со насмевка одврати Људмила. — Тоа е прекрасно — мајката и синот напоредно, — тоа е реткост!

Власова, неочекувано за самата себе, извика:

—  Да, тоа е убаво! — И како да открива тајна, снижувајќи го гласот продолжи: — Сите — вие, Николај Иванович, сите луѓе на вистината — во ист ред сè! — Одеднаш луѓето ми станаа роднини — го разбирам секого. Зборовите не ги разбирам, а сè друго — разбирам.

—  Ете, така е! — проговори Људмила. — Ете, така е...

Мајката и’ ја стави раката на градите и туркајќи ја полека, зборуваше речиси со шепот и самата како да проникнува во тоа за што го зборува.

—  По светот одат децата! Ете што разбирам јас — во мир одат децата, по целата земја, сите, од секаде — одат кон едно! Одат луѓето со најдобро срце, со чесен разум, без попуштање настапуваат против секое зло, одат, ја газат лагата со цврстите нозе. Млади, здрави, ги носат сите свои несоборливи сили кон едно — кон правичноста! Одат кон победата над сето зло човечко, се кренале да ги уништат неволите на целата земја, одат да го победат никаквиклакот и — ќе победат! Ново сонце ќе запалиме, ни велеше еден, и — ќе запалат! Ќе ги соединиме разбиените срца сите во едно, и — ќе ги соединат!

Се сеќаваше на зборовите од заборавените молитви, палејќи ги со нова вера таа ги отфрли од своето срце како искри.

—  Децата што одат по патот на вистината и разумот носат љубов кон се и се загрнуваат со нови небеса, се осветлуваат со неизгаслив пламен, — од душата. Во пламенот на љубовта на децата кон целиот свет се гради новиот живот. И кој ќе ја утасне таа љубов, кој? Каква сила е поголема од неа, кој ќе ја совлада? Земјата ја родила, и сиот живот ја бара нејзината победа, — сиот живот!

Се тргна од Људмила капната од возбудата и седна тешко дишејќи. Људмила исто така се настрани, без шум, претпазливо, како да се плашеше нешто да не растури. Таа еластично се движеше по собата, гледаше пред себе со длабокиот поглед на темните очи и стана некако повисока, поправа, потанка. Нејзиното мршаво, строго лице беше напнато и усните нервозно стегнати. Тишината во собата брзо ја смири мајката: забележувајќи го расположението на Људмила, ја праша тивко и како некој виновник:

—  Да не реков можеби, нешто што не треба?

Људмила брзо се сврте, погледна како уплашена и забрзано, подавајќи и ги рацете на мајката, како да сакаше нешто да сопре, рече:

—  Сè е така — така! Но — да не зборуваме веќе за тоа. Нека остане така како што е речено. — И помирно продолжи: — Вие веќе треба да одите, — далеку е!

—  Да, веќе треба! Ах, колку ми е мило, кога би знаеле! Говорот на синот ќе го понесам, говорот на крвта моја! Зарем не е тоа — како родената душа!

Се насмевна, но насмевката нејасно и се одзва на лицето на Људмила. Мајката чувствуваше дека Људмила и’ ја лади радоста со својата воздржаност и одеднаш доби упорна желба да го прелее во таа сурова душа својот пламен, да ја запали, па и таа да зазвучи како срце полно со радост. Ја зеде Људмила за раце, силно и ги стегна велејќи:

—  Мила моја! Колку е тоа добро кога човек знае дека во животот веќе има светлина за сите луѓе и дека ќе дојде време — кога сите тие ќе ја видат, ќе се прегрнат со неа со сета душа!

Нејзиното добро, големо лице потреперуваше, очите зрачно и се насмевнуваа, а веѓите трепереа над нив како да сакаат да го закрилат нивниот сјај. Ја опијануваа големи мисли, во нив вложуваше се од што срцето и гореше, се што преживеала, и мислите ги собираше во тврдите, крупни кристали на светлите зборови. Тие се посилно се раѓаа во есенското срце, осветлено од творечката моќ на пролетното сонце, се појасно во него цутеа и руменееја.

—  Речиси тоа — на луѓето како да им се родил нов бог! Сè — за сите, сите — за сè! Така јас сите вас ве сфаќам. Навистина сите вие сте — другари, сите — свои, сите сте — деца на една мајка — на вистината!

Повторно заплисната од бранот на својата возбуда, застана, прездивна и со широко движење ги рашири рацете како да сака да прегрне и рече:

—  И кога во себеси го велам тој збор, — другари, слушам со срцето — како доаѓаат!

Го постигна тоа што сакаше — лицето на Људмила зачудено пламна, усните и трепереа, од очите и течеа солзи, големи, проѕирни. Мајката силно ја прегрна, се насмевна безгласно, нежно гордеејќи се со победата на своето срце.

Кога се поздравуваа, Људмила и се загледа в лице и тивко праша:

—  Знаете ли дека со вас е — добро?