Данко Грлиќ

Данко Грлиќ (1923 – 1984) е марксистички хуманист, припадник на Праксис школата во бивша Југославија.

Грлиќ е роден во Грачаница, БИХ, но веќе во 1931 година, заедно со неговото семејство се преселува во Загреб. Од 1950 до 1955 студира филозофија на Универзитетот во Загреб. Во 1959 ја прифаќа понудата на Мирослав Крлежа да работи во Југословенскиот лексикографски завод. Во 1965 е помеѓу основачите на списанието „Праксис“ и влегува во неговата редакција. Од 1966 до 1968 ја врши функцијата претседател на Хрватското филозофско друштво. Во 1969 докторира со дисертацијата „Темелната мисла на Фридрих Ниче“.

Грлиќ ја почнува својата академска кариера во 1962, предавајќи естетика на Уметничката Академија во Загреб. Таму предава до 1968, кога му е забрането да предава на оваа институција. Својата академска кариера ја продолжува во 1971, кога е избран за професор на Белградскиот универзитет, каде предава до 1974, кога се префрла на Филозофскиот факултет во Загреб. На овој факултет е шеф на катедрата по естетика до својата смрт во 1984 година.

Во 1988 се објавени неговите „Собрани дела“ во четири тома, а во 1989 во Загреб е објавен е зборник на трудови во негова чест насловен „Уметноста и револуцијата“.

Во своите дела Грлиќ застапува критичко-марксистички позиции типични за целата Праксис школа. По Маркс, автор кого Грлиќ најмногу го цени е Фридрих Ниче. Намерата на Грлиќ беше надминување на негативниот имиџ на Ниче во марксистичките кругови, тврдејќи дека нацистичката верзија на ничеовите мисли не е суштината на неговото творештво.

Главниот научен интерес на Грлиќ е естетиката. Тој е автор на четири-томна студија за естетиката, објавена во периодот 1974-1979. Други негови дела се: „Речник на филозофи“ (1968), „Contra dogmaticos“ (1971), „Фридрих Ниче“ (1981), „Предизвикот на негативното: кон естетиката на Теодор Адорно“ (постхумно, 1986).


Архива на Данко Грлиќ