Анте Цилига

Како Тито ја презеде Комунистичката партија на Југославија


Напишано: 1961
Извор: "Revolutionary History", Volume 8, no 1, Summer 2001
Превод: Здравко Савески, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2008


На крајот од летото 1935 година, кога, по поминувањето три години во централниот политички затвор во СССР во Верхне-Уралск и уште две години во егзил во Сибир, ја водев мојата очајна битка за да ја напуштам земјата, добив две разгледници со најновите вести од еден стар борец од нашата опозициска група во Москва, Еберлинг,[1] кој исто така кратко време претходно беше депортиран во Сибир. Од пораките на Еберлинг испаѓаше дека сопругата на Јосип Броз Тито, Пелагија Денисова-Белоусова,[2] поддржувач на нашата опозициска група, е уапсена и дека подоцна умрела во затвор.

Што значат овие зборови, „умрела во затвор“? Дали таа умрела од природна смрт, од тешкотии и глад? Дали извршила самоубиство? Или, можеби, била осудена на смрт, а потоа егзекутирана? Покрај тоа, овие пораки од Еберлинг не содржеа други суштински подробности, како околностите при кои Денисова-Белоусова била откриена и уапсена од ГПУ. Подоцна, прекинот во мојата дописка со Еберлинг ме спречи да го научам точниот след на настаните во врска со ова прашање.

Денисова-Белоусова во летото 1929 година дојде во Московската школа на Комунистичката партија на Југославија и набрзо стана поддржувач на нашата опозициска група. Поради посебни причини и слушајќи го нашиот совет, во јавноста таа продолжи да ја поддржува официјалната линија и да ги осудува нашите позиции за подобро да продолжи да ја извршува својата работа. Во 1929-1930 таа одржуваше контакт со нашиот нов центар во Ленинград преку тајна дописка. Денисова-Белоусова не беше првиот југословенски комунист што се соочуваше со апсење од рацете на Сталиновата полиција. Петмина од центарот веќе беа откриени и уапсени во мај 1930 година. Тие веднаш беа осудени на тригодишен затвор. Но, таа беше прв другар од нашите што загина во Сталиновите затвори.

Титовата сопруга беше уапсена во зимата 1934-1935 година, или, да бидеме попрецизни, на почетокот на 1935 година (јасно, бидејќи беше така неодамнешен настан, Еберлинг не чувствуваше дека е неопходно да го назначи тоа во летото 1935 година). Таа беше уапсена во истото време кога Тито, кој, по поминување пет години во затвор, беше во Москва како втор претставник на Комунистичката партија на Југославија во Коминтерната (прв претставник во тоа време беше Владимир Ќопиќ,[3] кој ќе стане херој во Шпанската граѓанска војна, а потоа и жртва во Московските чистки). Денисова-Белоусова живееше со Тито во Домот на Коминтерната (поранешен Хотел Лукс) и токму таму беше уапсена ноќе од страна на ГПУ, во присуство на својот сопруг, кој не се осмели ниту прст да подигне во нејзина одбрана. Нејзиното апсење го стави Тито во крајно тешка позиција, бидејќи чувствуваше дека може да биде осомничен дека симпатизира со троцкистите. Долги три години, поради недовербата на ГПУ кон него, Тито остана суспендиран помеѓу животот и смртта. Не треба да нè изненадува тоа што кога во април 1959 година - што не е мало задоцнување - зборуваше за овој аспект од својот престој во Москва помеѓу 1935 и 1938 година (сепак молчејќи за апсењето и подоцнежната смрт на својата сопруга), Тито изјави: „Тоа беа најболните денови од целиот мој живот. Дури и во војната работите беа полесни: човек барем знаеше кој му е непријател.“ (Интервју за белградски „Комунист“ од 16 април 1959 година).

По 1948 година и отцепувањето на КПЈ од Информбирото, светскиот печат често шпекулираше околу сомнежите на Сталин и на ГПУ кон Титовиот наводен троцкизам, но без никогаш да успее да ја потврди нивната веродостојност. Во текот на своето интервју Тито откри дека Петко Милетиќ,[4] комунист од Црна Гора кој уживаше голема популарност во редовите на КПЈ, на почетокот од 1938 година пристигна во Москва директно од Југославија со цел - според точните зборови на Тито - да го обвини дека имал троцкистички тенденции (а според нашето мислење, да му се спротивстави и да го победи во неговата борба за водството над КПЈ по чистката, апсењето и исчезнувањето на Горкиќ.[5] Но, повеќе околу ова подоцна). Сепак, Тито не открива врз која основа Милетиќ се обиде да го оправда своето обвинение.

Во 1929 година Милетиќ беше во Москва на школата на КПЈ (каде предавав) и тој споделуваше најголем дел од нашите опозициски политики. Ги знаеше речиси сите тајни, а ги знаеше и односите што постоеја помеѓу Титовата сопруга и Станко Драгиќ,[6] кој управуваше со нашиот опозициски центар и кој беше поранешен секретар на месниот партиски комитет во Загреб.

Сепак, Милетиќ не сакаше да ги прифати нашите заклучоци и одби да се вклучи во конкретните и практични опозициски активности; наместо тоа само тврдеше дека треба да се држиме до нашите погледи и да не ги следиме слепо Русите во сето она што го прават. Тој сметаше дека треба да бидеме сомничави во врска со некои нивни методи и барања, истовремено трудејќи се најдобро што можеме постојано да го криеме тоа од советските власти. Оваа тактика подоцна беше применета со голем успех од страна на Тито, кога - по Втората светска војна - тој тивко почна да ја подготвува почвата за овој отворен бунт против Кремљ. Од своја страна, Милетиќ - оној истиот Милетиќ кој при гласањето што се одржа во 1929 година во Московската школа во врска со прашањето околу дискусијата за Југославија во Коминтерната, се воздржа од земање учество на состанокот, кажувајќи му на својот пријател Станко Драгиќ: „Пријателе, јас навистина не гледам зошто треба да завршам во Сибир заедно со сите вас!“ - сепак заврши во Сибир, во 1938 година, во концентрациониот логор Колима. Тоа што Тито реши да ги открие овие факти дури три години по познатиот „Таен говор“ претставен од Хрушчов на 20-от конгрес на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, кога сите други комунистички партии беа запознати со Сталиновите грешки, тоа што Тито испадна последен од водачите на меѓународното комунистичко движење што ги осуди чистките од минатото и ги рехабилитира, иако само делумно, жртвите на овие чистки, несомнено покажува дека постои некоја непозната и мистериозна врска помеѓу чистките и што се случија во КПЈ во 1937-1938 година и успехот во Титовата кариера.

Но, дури и помистериозно и почудно е молчењето до кое Тито строго се држеше до денес околу апсењето и смртта во затвор на неговата сопруга, Пелагија Денисова-Белоусова, од рацете на Сталин. Во биографијата за Тито на Владимир Дедиер за Денисова-Белоусова можеме да прочитаме само во врска со нејзиното доаѓање во Хрватска и нејзиниот брак со Тито. Во југословенското издание на истата биографија сепак дознаваме дека првата Титова сопруга беше во Русија кога тој беше затворен во Сремска Митровица во Југославија, но не постојат други подробности околу нејзината понатамошна судбина.

Денес, во обид да го прикрие циничното маневрирање позади својот прв успешен потег во кариерата во 1927-1928 година и вториот и конечен потег во 1937-1938 година, Тито е принуден да го остави во сенка прашањето за вистинските односи што постоеја помеѓу советската и југословенската комунистичка партија и за чистките во КПЈ, насочени против многу голем број југословенски борци - 40 при малата чистка само од 1929 до 1935 година, вклучувајќи ја и Титовата сопруга, и сите останати во големата чистка од 1937-1938 година.

Во Русија, 1927-та година беше пресвртна точка во борбата помеѓу Сталин-Бухариновиот десно-центристички блок и Троцки-Зиновјевиот лево-центристички блок. По поразувањето и исклучувањето на Троцки и Зиновјев од партијата, победничката фракција си ги подели лостовите на власта помеѓу себе; Сталин ја доби партијата, Бухарин Коминтерната, а Риков беше назначен за претседател. На Бухарин, водачот на Коминтерната, му беа дадени одврзани раце околу сите прашања поврзани со нејзините политики, бидејќи Сталин беше презафатен во тоа време подготвувајќи се да ја преземе власта во земјата. На оваа точка, разните комунистички партии што ја прифатија линијата на Бухарин беа обврзани да ги прифатат политиките и хегемонијата на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, во Југославија, 1927-та го одбележа почетокот на новата и длабока криза на режимот и на самата држава, со раѓањето на опозицијата против Белград и српското владеење предводена од [Стјепан] Радиќ од Хрватската селанска партија и од [Светозар] Прибичевиќ од хрватската Српска независна партија.

Така, релативно мирните години 1925-1926 конечно завршија и тоа имаше сериозни последици врз внатрешната структура на КПЈ, која во тоа време беше полуилегална организација. Десно-центристичкиот блок, предводен од Сима Марковиќ[7] и хрватско-словенечките синдикалци [Ѓуро] Салај и [Јакоб] Жорга, кои беа поставени на власт од Коминтерната за време на Третиот конгрес на КПЈ во летото 1926 година, брзо пропадна. Сима Марковиќ, гласноговорник на српската националистичка тенденција,[8] беше отстранет од својата позиција. Синдикалците од центарот се споија со левицата предводена од Ѓуро Цвииќ[9] и во есента 1927 година Централниот комитет го избра Цвииќ на местото политички секретар на Политбирото, на местото на Марковиќ.

Бастионот на анти-фракциската и анти-интелектуалистичка тенденција беше загрепската партиска организација што беше основана од Станко Драгиќ, кој во тоа време живееше во Москва и беше заменет со Антон Маврак,[10] кој ја даде својата целосна поддршка на овој потег. Сето ова се случи без никакви претходни консултации со Москва и одеше против Бухариновата линија, која во тоа време преовладуваше. Во меѓувреме, во Москва испливуваше нов конфликт помеѓу Сталин и Бухарин и поради таа причина овој вториот беше особено заинтересиран да ја обезбеди својата позиција во Коминтерната против можноста некоја комунистичка партија да се лизне до левичарски позиции. Бухарин во Милан Горкиќ (чие вистинско име беше Јосип Чижински, родум од Босна од чешки родители), втор секретар на Комунистичката младинска интернационала, кој припаѓаше на групата млади бухаринисти, брзо забележа вреден сојузник за новата југословенска операција. Лево-центристички ориентираниот Централен комитет на КПЈ требаше да биде распуштен, но сè уште не беше можно Сима Марковиќ да биде вратен како секретар, зашто дотогаш тој премногу се компромитира себеси. Уште повеќе, тој инклинираше кон тоа да биде премногу независен. Тогаш беше предложено да се организира една руска група и да се испратат во Југославија за да ја преземат КПЈ и да го соборат лево-центристичкиот комитет. Оваа група вклучуваше многу поранешни воени заробеници од одамна распуштената австро-унгарска војска, американски емигранти со југословенско потекло и млади Југословени со цврсто болшевичко минато, да не ги спомнуваме сите видови на опортунисти и кариеристи.

Горкиќ беше работлив, вреден и многу обѕирен човек, но имаше слаби организаторски способности и не ги знаеше добро своите луѓе. Овие негативни црти го компромитираа многу во 1928-1929 година и доведоа до неговото конечно отстранување во 1937-1938 година, како што ќе видиме подолу.

Иако оваа операција беше внимателно подготвувана, Бухарин и Горкиќ мислеа дека ќе биде соодветно и корисно да му дадат спонтан и демократски облик на своето маневрирање. Поради таа причина лево-центристичкиот Централен комитет на КПЈ не беше веднаш распуштен и на почетокот не беше целата ’советска‘ група испратена во Југославија. Наместо тоа, прво беа испратени само одредени внимателно одбрани луѓе, чија цел беше да убедат некои месни ограноци на партијата во Југославија - пред сè, загрепскиот огранок - да ја повикаат Коминтерната да интервенира и да помогне во внатрешното управување со КПЈ.

Првата личност што беше испратена од Москва (каде ги посетуваше курсевите организирани од Коминтерната) во Загреб беше Ѓуро Ѓаковиќ,[11] металски работник со хрватско потекло и здрав морален став. Ѓаковиќ требаше да биде предводник на операцијата, додека официјално тој беше познат само како секретар на Синдикатот на металските работници. Негов заменик беше Матија Брезовиќ, поранешен воен заробеник од австро-унгарската војска во Русија, кој беше поставен за партиски секретар одговорен за Хрватска (подоцна тој стана шпион на југословенската полиција). Во Виена беше испратен поранешниот учител во основно училиште од Црна Гора, Јован Малишиќ,[12] исто така познат и како Мартиновиќ, кој во тоа време го завршуваше курсот на Томашевската политичка и воена академија во Ленинград. По пристигањето во Виена, Малишиќ требаше да делува како врска помеѓу Горкиќ, кој остана во Москва, и Ѓаковиќ, кој сега делуваше од Загреб. Друг борец што беше ангажиран во оваа операција беше Јосип Броз, кој сега беше познат како Тито и кој се врати во Југославија од Русија пред две години, во текот на летото 1925 година, а не во 1920 година како што тој погрешно тврди.[13] Тој беше последниот од групата странци кои се бореа во редовите на Црвената армија во текот на Граѓанската војна и кои беа демобилизирани помеѓу 1923 и 1925 година. Наскоро стана јасно дека Броз, кој беше откриен и паметно употребен на лице место од Ѓаковиќ, беше многу корисен и високо-способен кадар. Кога партискиот комитет во Загреб главно категорично одби да ги прифати сугестиите понудени од Коминтерната, Јосип Броз, и покрај тоа што беше поддржан од мало малцинство од овој комитет, сепак успеа да бидат прифатени овие сугестии за време на специјално свиканата конференција во Загреб во февруари 1928 година.

На тој начин предлогот на Јосип Броз да се бара интервенција од страна на Коминтерната во внатрешните работи на КПЈ беше прифатен од партиската организација во Загреб, а самиот Броз стана нов секретар на оваа организација.

Во мај 1928 година Коминтерната, великодушно прифаќајќи го ова спонтано барање од КПЈ, го напиша Отвореното писмо до партијата, официјално го распушти лево-центристичкото раководство на партијата и назначи привремено раководство на чело со Ѓаковиќ, чија задача беше да подготви партиски конгрес.

Дури и сега Тито тврди дека оваа пародија беше вистински спонтана иницијатива што доаѓаше од партиската база. Но, ние можеме уверливо да тврдиме дека тоа беше маневар што беше внимателно испланиран и надгледуван од Москва.

Сепак, текот на настаните радикално се промени поради два непредвидливи настани: прво, посегањето по животот на Радиќ во јуни 1928 година, а подоцна и суспендирањето на Уставот и на сите политички слободи од страна на кралот Александар во јануари 1929 година. Обидот за атентат во Белградскиот парламент без најмала сенка сомнеж го покажа високото ниво на конфликтност помеѓу Србите и Хрватите во земјата. Поради тоа, беше јасно дека ниту Москва ниту нејзината група можат да го игнорираат постоењето на овој конфликт, или на кој било начин да избегнат да го разгледаат. На врвно ниво во Коминтерната брзо беше спроведена промената на линијата и наместо социјалната борба обично почна да се слуша терминот национален конфликт. Тогаш беше основан партиски воен комитет, а Јосип Броз беше назначен за негов лидер.

Овој комитет започна да собира големи количества оружје, во соработка со унгарските бегалци од Советската република на Бела Кун и со младинската организација на партијата на Радиќ. Победата на комунистичката револуција што ќе резултира од националниот револт на Хрватите против големо-српската Југославија се сметаше за сигурна.

Сепак, благодарение на информацијата обезбедена од Матија Брезовиќ и неколку други провокатори што се беа инфилтрирале во партијата, полицијата секогаш беше целосно информирана за овие подготовки за планираната заседа на 1 август 1928 година, при што човекот кој подоцна ќе стане југословенски шеф на државата беше осуден на пет-годишна затворска казна.

На 6 јануари 1929 година кралот Александар објави своја лична диктатура со помош на војската, која беше контролирана од српски офицери, и полицијата. На Комунистичката партија и’ беше понуден ултиматум, бледо маскиран како компромис: ако се ограничите на социјалното прашање, останувајќи јасно надвор од српско-хрватскиот и српско-македонскиот судир, тогаш ќе ве оставиме намира и ќе можете да продолжите со вашите активности; во спротивен случај, ќе ве уништиме. Очигледно, КПЈ никако не можеше да го прифати овој компромис и по одбивањето на овие услови таа стана жртва на безмилосно прогонување. Ѓаковиќ беше веднаш убиен, следен од десетици, а потоа и стотици комунисти кои ја дочекаа својата смрт или беа фрлени во југословенските затвори. Среќата на Броз беше што го уапсија и осудија пред 6 јануари 1929 година и тој уживаше донекаде привилегиран третман додека беше држан во затворот во Лепоглава. Како затворски електричар, тој можеше слободно да го напушти затворот и да го посетува градот, а како charmeur des femmes [шармер на жените] тој уживаше во добар живот. Сепак, кога Моша Пијаде[14] и Родољуб Чолаковиќ[15] основаа партиска школа во затворот, тоа не го спречи да стане еден од најсериозните и најтрудољубиви ученици. Јосип Броз секој ден стануваше во четири часот и во својата ќелија трпеливо ги учеше лекциите што му ги одредуваа неговите учители.

По 6 јануари групата на Горкиќ беше тотално банкротирана, докажувајќи дека е составена од плашливци, некомпетентни лица и предавници. Школата на КПЈ во Москва, која уште од самиот почеток го искажа своето несогласување со Бухарин-Горкиќевата операција, беше обземена од чувства на револтираност, а малата група југословенски комунисти што долго време беше во контакт со руската троцкистичка опозиција во Москва играше активна улога во неговото претворање во отворен и конечен бунт. Извештајот поднесен од делегатот на Коминтерната беше отфрлен од општиот собир на школата, со 90-мина што гласаа против и само петмина за.

Бидејќи во тоа време веќе започна да испливува борбата помеѓу Сталин и Бухарин, нашата опозиција на Горкиќ (и оттука на Бухарин) сигурно можеше да биде толерирана, но бидејќи оваа опозиција содржеше троцкистички елемент - и оттука анти-сталинистичка, исто како и анти-бухаринска тенденција - од партијата беа исклучени на една година тројца студенти, додека 90 други мораа да ја напуштат школата и Москва.

Во резолуцијата насловена „Поуки од 1929-1931“ што беше поднесена на Четвртата конференција на КПЈ што се одржа во Љубљана во декември 1934 година, бунтот на другарите од партиската школа беше прикажан и осуден преку следните зборови:

„... заедно со најдобрите работници како Ѓуро Ѓаковиќ, беше избран и одреден број другари кои имаа малку или воопшто немаа никакви врски со партијата, кои не созреаја во партијата и беа образовани надвор од партискиот живот. Централниот комитет не се мачеше да обезбеди поволни услови за еден органски сојуз помеѓу приврзаниците што учеа на партиските школи во Москва и оние што беа вклучени во секојдневната практична работа во Југославија. Поради таа причина, раководството ги отуѓи најдобрите елементи на партијата, како во странство така и во Југославија, а голем број другари вистински посветени на партијата ги изгубија своите животи во странство поради сериозните грешки во политичките проценки, паѓајќи во стапицата подготвена од троцкистите Цилига и Драгиќ...“ ( KPJ Historical Archive, Volume 2, Belgrade, 1950, pp. 235-6).

По казнувањето на Броз во Загреб и неговиот трансфер во затворот во Лепоглава, Пелагија Денисова-Белоусова го напушти Загреб со Жарко, младиот син на двојката, и пребегна во Москва. Во партиската школа пристигна пред ние да бидеме отстранети, но по злогласното општо заседание и за време на испитувањето што Рускиот централен комитет го започна против нас. Што ја мотивира да се поврзи со нас, против политиката на руската партија и линијата на Коминтерната во Југославија, која на крајот на краиштата беше токму онаа линија што беше прифатена од нејзиниот сопруг?

До летото 1929 година, повеќе никој немаше никакви сомнежи дека политиката на Горкиќ и на Коминтерната во Југославија е апсолутна катастрофа и Денисова-Белоусова целосно го прифати нашето мислење дека КПЈ е измамена од Коминтерната.

Понатаму, во тоа време, доста пред КПЈ да дојде до истите заклучоци, ние ги откривме улогите на Матија Брезовиќ како шпион и провокатор и како главен човек на Горкиќ во Југославија. Станко Драгиќ беше тој што дојде до овој алармантен факт кога, заедно со сопругата на Броз, ги испитуваше сите подробности поврзани со апсењето на Броз и на многу други комунистички борци. По нејзиното враќање во Русија, Денисова-Белоусова ја виде со свои очи општествената и политичката ситуација внатре и надвор од нашата партија, а нашите критики и опозициска линија конечно ја убедија. Две недели по нејзиното пристигање, таа замина за Омск да го посети својот татко, стар болшевички работник од Санкт Петербург кој беше протеран во Сибир од страна на царот. Доста веројатно е дека благодарение на овој борец од старата гарда Денисова-Белоусова дојде до нашите позиции, а мора да имаме на ум и дека нејзиниот татко беше водач на железничката индустрија на Омск кога Јосип Броз работеше кога беше воен заробеник и дека тој го придоби за комунистичката кауза. Всушност, сè дотогаш и поради тоа не само за време на војната, туку и сè до зимата 1919-1920 година Броз остана доста приврзан кон Австрија, императорот и својот чин на фелдфебел (водник).

Но кога Денисова-Белоусова конечно повторно го виде Броз и кога по пет долги години повторно почна да живее со својот сопруг, до која мера таа го информира за својата нова политичка позиција?

Броз започна да се искачува по партиската хиерархија во 1927-1928 година, искористувајќи ја како своја основа Бухариновата политика, тогаш сè уште толерирана од Сталин.

Во 1934-1935 година Бухарин беше притеснет при исцрпувачката и очајна битка со Сталин. Брозовата конзервативна појава пред да му даде поддршка на комунизмот можеше да се протолкува како дополнителен доказ за неговата резервираност и збунетост од бурата што ја предизвика Сталин. Кога зборуваше за своите негативни впечатоци од едно од неговите патувања на Урал во 1935 година, на тоа може да се гледа како на алузија на информациите што ги доби од својот стар свекор и учител, таткото на Денисова-Белоусова, или дури и како знак на одредени меланхолични размислувања за овој стар и верен болшевик, жртва на Сталиновите чистки...

Но, до 1935 година Бухарин веќе ја изгуби битката, а Броз не беше човек што поддржува изгубени каузи. Амбициозен, ориентиран кон градење кариера, љубител на добриот живот и пред сè брилијантен човек, бескрупулозен и со силна волја, Броз не беше човек што ќе ги поддржи новите политички позиции на својата сопруга, кои беа позиции на една група која веќе беше успешно поразена. За Броз, вистински термидорски карактер,[16] беше логично и природно да се биде терорист во време на тероризмот, опортунист во опортунистички времиња, а можеби и ројалист за време на реставрацијата. Така, тој не само што ниту помисли да ги сподели мислењата на својата сопруга, туку и успеа да не претрпи штета поради нејзиното апсење.

Во август 1934 година Броз беше кооптиран во Политбирото на КПЈ, кое во тоа време ги вклучуваше Горкиќ, Хорватин,[17] Ќопиќ, Паровиќ,[18] Мук[19] и Оскар, словенечки работник за кого ништо друго не се знае. Потоа, Броз замина за Југославија каде одржуваше месни и обласни конференции на партиските организации во Хрватска и Словенија. По атентатот над кралот Александар на 9 октомври 1934 година Броз се врати во Виена, каде ја подготви националната конференција на КПЈ која се одржа следниот декември во Љубљана. Во јули 1935 година, за време на Седмиот конгрес на Коминтерната, југословенските делегати предложија Броз да се назначи за претставник на КПЈ во Извршниот комитет на Коминтерната. Сепак, овој предлог беше отфрлен од Мануилски, кој изјави дека само Горкиќ ја ужива полната доверба на Руската партија и Коминтерната. Но Горкиќ не ја доби едногласната поддршка на југословенските делегати и поради таа причина КПЈ немаше претставник во Извршниот комитет на Коминтерната, туку само привремен член - Горкиќ, кандидатот на Мануилски. Соочувајќи се со овие околности, Броз дотрча до Русите и им објасни дека не знаел апсолутно ништо за намерата на југословенските делегати да го предложат него наместо Горкиќ.

***

Да се вратиме сега на интервјуто што го даде Тито за белградскиот „Комунист“ во април 1959 година, во кое зборува за чистките што ги претрпеа југословенските имигранти во Москва во годините на Сталиновиот голем терор.

Спротивно на организацискиот извештај на Александар Ранковиќ[20] на Петтиот конгрес на КПЈ, одржан во Белград во јули 1948 година по екскомуникацијата од Информбирото, кој едногласно ги поддржа чистките наредени од Сталин против југословенското раководство, во своите изјави Тито рехабилитира некои од југословенските комунисти кои беа ликвидирани во Москва во текот на тие години. Сепак, неговото интервју остана нецелосно на некои места и подробностите што тој ги испушти во никој случај не беа незначајни. Нашата цел во овој есеј ќе биде да ги пополниме овие дупки - кои никако не се ненамерни или случајни - почнувајќи од судбината на Милан Горкиќ.

Паѓањето во немилост на секретарот на ЦК КПЈ се случи во летото 1937 година и ова беше моментот кога југословенското комунистичко раководство беше преземено од Тито. Спротивно на вообичаеното знаење, зад ликвидацијата на Горкиќ лежеа практични причини, а не некои идеолошки или политички мотиви. Москва имаше голема доверба во Горкиќ, кој беше познат по својата слепа и фанатичка покорност кон неговите кремљски господари, кои и да биле тие. Покрај тоа, Горкиќ во име на Коминтерната организира испраќање на брод од Марсеј кој требаше да доплови до Бока Которска со цел да натовари, а потоа и да пренесе до Шпанија - која тогаш беше сред граѓанска војна - околу илјада југословенски комунисти за да се засилат редовите на Интернационалните бригади. Сепак, се случи човекот од доверба на Горкиќ Мук, член на југословенското политбиро, да биде уапсен од белградската полиција и при мачењето да ги открие сите подробности околу операцијата. Кога дојде моментот да исплови од Бока Которска, бродот беше запленет од полицијата, а сите доброволци на бродот беа уапсени. Целата операција, која Москва ја чинеше преку 700.000 франци, заврши со неуспех. Горкиќ беше обвинет за оваа пропадната работа и веднаш беше отповикан во Москва, уапсен и неправедно обвинет за шпионажа. Поранешната сопруга на Горкиќ веќе беше во московските затвори. Поранешен службеник во техничкиот оддел на Коминтерната, а подоцна директор на Московскиот парк на културата, Бети Глан беше руска Еврејка од Киев која се омажи со англиски државјанин по нејзиниот развод од Горкиќ и поради таа причина беше обвинета дека е шпион на платниот список на Британците.

Откако се разведе од својата прва сопруга, Горкиќ се ожени со една полска Еврејка, вработена во НКВД, која потоа го убеди да се врати во Москва согласно упатствата на Русите. Оваа иста жена по Втората светска војна се појави во Париз, како службеник на советската амбасада и изгледа дека ја задржа својата позиција како кадар на НКВД. Иако Горкиќ беше на пат без враќање, Тито не го зазеде веднаш неговото место и следните неколку месеци следуваше немилосрдна борба околу наследувањето помеѓу него и Петко Милетиќ. Штом Тито дозна за отповикувањето на Горкиќ во Москва, тој претпостави за што навистина е сето тоа и побрза да стигне во Париз, каде од Балканскиот секретаријат на Коминтерната доби овластување да раководи со секојдневните работи на КПЈ додека Коминтерната не ја донесе својата конечна одлука. Во истиот период Милетиќ, откако ја отслужи својата казна во Југославија, пристигна во Москва преку Бугарија и Истанбул и во своето интервју за „Комунист“ од 1959 година Тито изјавува дека доаѓањето на Милетиќ беше подготвено и организирано од „некои Бугари во кадровскиот оддел на Коминтерната“. Всушност, во тоа време Бугарите го поддржуваа левото крило на КПЈ и оттука го поддржуваа и Милетиќ, несомнениот водач на левицата. Поради оваа причина тие му помогнаа на Милетиќ да дојде до Москва и да може да стане наследник на Горкиќ.

Во многу влијателната бугарска група која во тоа време се утврди во Москва, Тито можеше да најде само двајца пријатели, Димитров и Караиванов[21]. Вториот работеше во кадровскиот оддел на Балканскиот секретаријат на Коминтерната и по 1945 година се пресели во Белград, како гостин на југословенската влада, и остана таму до својата смрт во 1960 година. Во една од своите статии, објавена во белградското списание „Меѓународна политика“ на 16 мај 1952 година, со која го одбележа Титовиот шеесетти роденден, Караиванов дава клучни разјаснувања околу борбата помеѓу Тито и Милетиќ за наследување на местото секретар на КПЈ:

Дамјанов[22], Бугарин кој тогаш беше раководител на кадровскиот оддел на Коминтерната, заедно со една Бугарка, Стела Благоева[23] (раководител на кадровскиот оддел на Балканскиот секретаријат на Коминтерната), го организираа патувањето на Петко Милетиќ од Истанбул до Москва со јасна цел преку Милетиќ да дојдат до одредени материјали за да го наместат Тито. Во тоа време тој непрестајно ширеше лаги и клевети против Тито до таа мера што дури и тврдеше дека Тито не е вистински член на КПЈ.

Така, во статијата на Караиванов наоѓаме потврда за поддршката што Бугарите во кадровскиот оддел на Коминтерната му ја дадоа на Милетиќ, а тие дури и се обидоа да го искористат во обидот да го ликвидираат Тито.

Сепак, очигледно дека нивната заштита не беше доволна за Милетиќ. Кратко време после тоа, Тито замина за Москва да одговори на неговите обвинувања. Спротивно на претходните изјави на Караиванов, во своето интервју за „Комунист“ од 1959 година Тито се обиде да ја намали важноста на поддршката што неговиот ривал ја уживаше благодарение на Бугарите и всушност објасни дека самиот Милетиќ беше откриен од НКВД дека е шпион и предавник, дури и пред да пристигне во Москва од Истанбул. Ова е верзијата на Тито на настаните:

„... штом пристигнав во Москва, еден Русин што беше на чело на кадровскиот оддел на Коминтерната ме информира дека Милетиќ шири лаги против мене и дека, меѓу другото, ме обвинува дека сум троцкист. Овој Русин нагласи со насмевка дека не треба да се грижам, бидејќи тие добро знаеле што е вистината. Следниот ден истиот човек ме информира дека Милетиќ е уапсен; НКВД знаеше за неговото капитулирање пред југословенската полиција веднаш штом го уапсија.“

Верзијата на Караиванов за апсењето на Милетиќ забележително се разликува од онаа на Тито. Според Караиванов, штом Дамјанов и Благоева се здобија со клеветничкиот материјал против Тито, тие одлучиле да го испратат Милетиќ на Крим, како гест на благодарност, на одмор на долг временски период. Потоа, би ги направиле неопходните аранжмани да му се дадат големи надлежности. Сепак, во текот на ноќта, токму пред неговото заминување за Крим, Милетиќ беше уапсен од НКВД и депортиран во Сибир, во злогласниот камп за присилен труд Колима. Ние не знаеме за неговата судбина по оваа точка, како и што не знаеме што се случи и со Милан Горкиќ.

Има и друга дискрепанција помеѓу изјавите на Караиванов во 1952 година и интервјуто на Тито од 1959 година. Караиванов вели дека во тоа време на чело на кадровскиот оддел на Коминтерната стоеше Бугаринот Дамјанов, додека Тито тврди дека тоа беше Русин, иако не го открива неговото име.

Се чини непотребно сега да се повторува дека обвинувањата поради кои Милетиќ беше уапсен од страна на НКВД - обвинувања што беа повторени и поткрепени од Тито во неговото интервју за „Комунист“ во 1959 година - беа смешни и неосновани. Милетиќ, кој се врати во Југославија во 1930 година, по неговиот престој во Москва, се однесуваше толку херојски како при своите илегални активности за партијата, така и при давањето отпор во текот на полициските испрашувања по неговото апсење што тој доби дури и црти на легендарен карактер. Кога падна во рацете на полицијата, неговата популарност беше толку висока што Коминтерната сметаше дека е неопходно да се покрене кампања за негово ослободување во комунистичкиот печат ширум светот. Милетиќ беше испратен на отслужување на својата казна во затворот во Сремска Митровица, но набрзо стана несомнен предводник на останатите комунистички затвореници таму (група која вклучуваше редица борци од висок ранг, како Моша Пијаде и Александар Ранковиќ). Откако почна Шпанската граѓанска војна, југословенскиот баталјон го зеде името на Петко Милетиќ.

Откако Милетиќ во февруари 1938 година беше испратен во Колима,[24] Тито беше назначен за генерален секретар на КПЈ. Сталин и Мануилски беа на мислење дека КПЈ треба да се распушти, онака како што се постапи со Полската комунистичка партија, но Димитров ги убеди дека треба да се обидат да експериментираат со Тито. Кога стана партиски секретар, Тито веднаш се погрижи да ја болшевизира КПЈ - односно, да ја сталинизира - преку чистка на сите оние елементи што немаа доволно блиски врски со Москва. По своето пристигање во Париз, тој започна ликвидирајќи ја опозициската група Кусовац[25]-Мариќ,[26] која имаше премногу тесна врска со Милетиќ (Мариќ дури и по 1945 година беше гонет во Југославија). Подоцна, по враќањето во Југославија, Тито ја помина целата 1938 година подготвувајќи ја својата чистка до најмал детал. Во јануари 1939 година тој го натера новото југословенско политбиро (кое тој самиот го основа благодарение на целосната власт што му ја додели Москва) да ја поддржи чистката што тој самиот ја подготви. Тогаш тој замина за Москва, каде се стекна со конечното одобрение на Коминтерната, а потоа јавно ги прикажа резултатите од неговата кампања, објавувајќи ги на страниците на „Пролетер“, официјалниот весник на КПЈ, во мај 1939 година.

Подолу ги репродуцираме подробностите објавени од „Пролетер“, кои, како што забележавме погоре, Ранковиќ ги користеше во својот извештај на Петтиот конгрес на КПЈ:

Поради разорното партиско делување, групаштво, обидите за обновување на фракциските борби во КПЈ и ширењето на забуна во редовите на Партијата во земјата и ширењето лажни гласини од странство, поради врски со троцкистичките и други сомнителни елементи итн. од редовите на КПЈ се исклучуваат: Иво Мариќ и Марија Мариќ, Лабуд Кусовац и неговата жена... Како туѓ и непартиски елемент се исклучува Бобо (Божиќ). Поради групашко и антипартиско делување, поради тесни врски со троцкистите и поради известување на истите за партиските тајни од Партијата е исклучен ИБ [Иво Баљкас - Жак]. Поради недисциплина, групаштво и непокорување на одлуките на Партијата, од Партијата е исклучен ВJ [Вицко Јеласка - Стари]. Како туѓ и сомнителен елемент од Партијата е исклучен МЦ [Младен Ќопиќ]...[27]

Поради нивната улога на елементи кои на нашата Партија и на работничката класа им нанеле големи штети во текот на низа години преку своите фракциски и групашки борби, преку врските со класниот непријател, ја лажеа Коминтерната, со своето деструктивно делување го кочеа развојот на Партијата и на тој начин го обезглавија движењето на работничката класа на Југославија и така му помагаа на класниот непријател, од редовите на КПЈ се исклучени: Милан Горкиќ [Јосип Чижински], Флајшер [Иван Гржетиќ],[28] Сима Марковиќ, Сима Миљуш,[29] Антон Маврак, Ѓуро Цвииќ [Крешиќ], Стјепан Цвииќ [Андреј],[30] Камило Хорватин [Петровски], Владимир Ќопиќ [Сењко], Јован Малишиќ [Мартиновиќ], Коста Новаковиќ [Драгачевац],[31] Акиф Шеремет [Бергер],[32] Јованка Хорватин [Граберица], Зора Миљуш, Гргур Вујовиќ,[33] М. Јовановиќ [Дреновски], Вилјем Хорвај [Шварцман],[34] Гојко Самарџиќ [Шварц], Радомир Вујовиќ [Лихт]...[35]

Поради обид за создавање фракции во Партијата, поради недисциплина и непокорување на одлуките на Партијата, внесување на збрка во партиските редови и неискреност пред ЦК и предавничко држење пред класниот непријател, поради што ја доведе во заблуда не само КПЈ, туку и целата работничка класа, од редовите на КПЈ е исклучен Петко Милетиќ. Поради фракционерство, недисциплина и антипартиско делување се исклучени Војнилович и Корски.“

Оваа листа не ги спомнува - пред сè - нашата опозициска група од 1928-1929 година, односно 20 лица од кои мислам дека јас сум единствениот преживеан. Од листата недостигаат и други доста важни поединечни случаи, како Филиповиќ-Бошковиќ,[36] официјалниот претставник на КПЈ во Москва, а потоа во Виена и Берлин, и Воја Вујовиќ,[37] секретарот на Комунистичката младинска интернационала во периодот на Зиновјев. И двајцата беа исклучени од КПЈ, а потоа засекогаш исчезнаа под околности кои допрва треба да се утврдат.

Кои беа 30-мината што Тито ги исклучи веднаш штом стана секретар на КПЈ и чии имиња во мај 1939 година се појавија во „Пролетер“? Некои од нив беа поранешни партиски секретари или членови на Политбирото, додека други беа членови на Централниот комитет. Накратко, повеќе или помалку целото раководство на партијата, помеѓу кои наоѓаме не помалку од пет поранешни секретари на КПЈ: Сима Марковиќ, Ѓуро Цвииќ, Јован Малишиќ, Антон Маврак и Милан Горкиќ. Единствениот поранешен секретар што избегна исклучување и, оттука, физичка ликвидација беше Триша Кацлеровиќ,[38] кој во летото 1926 година се повлече од политиката.

Од овие 30-мина, 16 сигурно беа убиени во Русија од Сталиновата тајна полиција. Што се однесува до судбината на Сима Марковиќ, лидерот на десното крило на КПЈ, непотврдени извештаи кажуваат дека умре од природни причини во мал провинциски град во европскиот дел од Русија, каде беше испратен во прогонство и каде му беше дадена можноста да предава во средно училиште. Неговата вдовица во 1945 година го напушти Советскиот Сојуз и се врати во Југославија, каде повторно беше примена во партијата. Во 1948 година, со прекинот на односите помеѓу Информбирото и КПЈ, таа зазеде цврсти про-советски позиции и поради ова беше уапсена од страна на Титовата полиција и депортирана на островите Голи Оток и Свети Гргур, каде беше основан концентрационен логор за југословенските поддржувачи на Информбирото.

Од 30-мината исклучени од партијата и спомнати во веста објавена во „Пролетер“, 11 припаѓаа на групата на историската левица, додека 14 беа дел од лево-центристичкатата група која се сојузи со историската левица помеѓу 1923 и 1927 година. Едно лице припаѓаше на десниот центар, додека друго беше од историската десница. Тешко е точно да се утврдат нивните политички позиции во рамките на КПЈ, но надвор е од сомнение дека Тито и Русите тешко удрија и речиси без пардон против левичарските групи, додека десничарските групи едвај ги вознемирија. Треба исто така да се има на ум дека лидерот на десницата, Сима Марковиќ, иако беше помеѓу жртвите на чистката, не беше физички убиен како левичарските борци и дека никаква дисциплинска мерка не беше преземена против неговата сопруга, спротивно на она што се случи со сопругите на претставниците на левицата, кои сите беа исклучени заедно со нивните сопрузи.

Во статиите што се појавија во „Пролетер“ и во другите официјални партиски документи помеѓу 1937 и 1941 година, често има забелешки за југословенските троцкисти. Сепак, во стварноста, освен нашата опозициска група во партиската школа во Москва во 1928-1929 година, која беше единствената група што не сосема прецизно би можела да биде обвинета за троцкизам, во КПЈ никогаш немало какви било активни троцкистички елементи, а сигурно немало организирани троцкистички групи од каков било вид. На пример, познатиот Дарсула, кого често го спомнуваа во официјалните партиски документи како троцкист, всушност беше млад Далматинец кој припаѓаше на историската левица и кој ја посетуваше партиската школа во Москва. Она што се случи беше дека сите оние што, во име на пролетерскиот интернационализам, им се спротивставија на големо-српските националистички инфилтратори во партијата, беа погрешно етикетирани како троцкисти и следствено, поради таа причина, беа исклучени.


Забелешки на преведувачот

[1] Стефан Еберлинг е еден од ретките југословенски троцкисти, по потекло од Војводина.

[2] Пелагија Денисова-Белоусова, Русинка, во 1919 година го засолна Тито од Колчаковите белогардејци. Истата година таа се омажи за него. Тито се разведе од неа во 1935 година. Уапсена е и осудена на 10 години, но по две години е ослободена поради недостиг на докази. Во 1948 година, по судирот на Тито и Сталин, повторно е уапсена и е ослободена по Сталиновата смрт. Умира во 1967 година.

[3] Владимир Ќопиќ (1891-1939) во текот на Првата светска војна беше заробен во Русија. Таму учествуваше во Октомвриската револуција. Тој е еден од основачите на КПЈ, кој подоцна станува и нејзин организациски секретар. Беше и претставник на КПЈ во Извршниот комитет на Коминтерната. Во јануари 1937 година заминува за Шпанија, каде станува командант на Петнаесеттата интернационална бригада. Во есента 1938 година е отповикан во СССР, каде набрзо е уапсен, а во април 1939 година е и убиен.

[4] Петко Милетиќ (1897-1971) е црногорски комунист. Во 1919 година зема учество во Унгарската револуција, а во 1920 година се приклучува кон КПЈ. Станува член на ЦК и е доста активен на организациски план. Во јуни 1932 година е уапсен од српската полиција и е осуден на седумгодишна затворска казна. Во затворот во Сремска Митровица е во постојан судир со групата поддржувачи на Тито, на чело со Моша Пијаде. По излегувањето од затвор во јуни 1939 година, заминува за СССР со намера да го преземе раководењето со КПЈ, но, надигран од Тито, во јануари 1940 година е уапсен и испратен во Сибир. Таму ги преживува чистките, но останува да живее во Сибир сè до својата смрт во 1971 година.

[5] Милан Горкиќ (Јосип Чижински) (1904-1937) е роден во Босна, член на КПЈ од нејзиното основање во 1919 година. Во 1923 година заминува за СССР. Таму, следната година влегува во составот на Извршниот комитет на Комунистичката младинска интернационала, а потоа станува и нејзин секретар. За секретар на КПЈ е поставен во 1932 година и на таа функција останува до 1937 година. Ликвидиран е на 1 ноември 1937 година.

[6] Станко Драгиќ е југословенски троцкист, по потекло од Босна. Кон крајот на 1922 година поради своите опозициски ставови е исклучен од СКОЈ. Подоцна е повторно примен во комунистичките редови и станува член на Месниот комитет на КПЈ за Загреб. Поради полициските прогони во 1927 година е принуден да побегне од Југославија. Заминува за СССР каде студира на Комунистичкиот универзитет на националните малцинства на Западот. Во текот на студирањето е упсен и е осуден на три години затвор, а потоа на уште три години. Кога во декември 1938 година повторно му е продолжен затворот на дополнителни три години, Драгиќ жестоко протестира, поради што е и убиен.

[7] Сима Марковиќ (1888-1939) учествува во српското социјалистичко движење уште од 1907 година. Еден е од основачите на КПЈ. На Вториот конгрес на КПЈ од 1920 година е избран за еден од двајцата секретари на КПЈ, а на Третиот конгрес од 1926 година е избран за единствен секретар на Партијата. Поради десни свртувања во 1929 година е исклучен од КПЈ, а во партијата повторно е примен во 1935 година. Истата година заминува за СССР, каде во јули 1938 година е осуден на 10 години затвор, а во април 1939 година е стрелан.

[8] Треба да се има предвид дека Цилига, кој во голема мера беше под влијание на хрватскиот национализам, секое залагање за унитарна Југославија го квалификуваше за српски национализам и многу лесно ја делеше етикетата за големо-српски национализам.

[9] Ѓуро Цвииќ (1896-1938) во 1912 година учествува во неуспешниот атентат на хрватскиот бан. Подоцна се приклонува кон социјалистичкото движење и учествува во формирањето на КПЈ. Еден е од водачите на левата фракција. На чело на КПЈ застанува три пати, но на кратки периоди: во 1922, 1926 и 1927 година. Во СССР емигрира во 1934 година, а во 1938 е уапсен и на 26 април е стрелан.

[10] Антун Маврак (1899-1938) е хрватски комунист од Босна и Херцеговина. Станува член на КПЈ во 1920 година. Станува секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Хрватска, поради што полицијата интензивно го прогонува. Во мај 1928 година пребегнува во Виена, а оттаму во 1929 година заминува за СССР. Во 1930 година станува организациски секретар на КПЈ, а потоа, следната година и секретар на Партијата. Но, веќе во април 1932 година е исклучен од КПЈ. Во јануари 1934 година Маврак е повторно примен во Партијата, но во 1938 година е уапсен и е стрелан на 8 април истата година.

[11] Ѓуро Ѓаковиќ (1886-1929) е еден од основачите на Социјалистичката работничка партија (комунисти) во Босна и Херцеговина. Во 1920 година избран е во Централниот партиски совет на КПЈ. Активен е во синдикалното движење. На Четвртиот конгрес на КПЈ во ноември 1928 година е избран за организациски секретар на партијата. Набрзо по воведувањето на диктурата во јануари 1929 година, во април Ѓаковиќ е уапсен. Исценирано е негово бегство преку југословенско-австриската граница при што е убиен од страна на југословенската полиција.

[12] Јован Малишиќ (1902-1939) станува член на КПЈ во 1919 година. Во ноември 1928 година на Четвртиот конгрес на КПЈ е избран за секретар, но во јануари 1930 година е сменет. Во 1932 година заминува за СССР. Учествува во Шпанската граѓанска војна. Уапсен е во ноември 1938 година, а е стрелан во април 1930 година.

[13] Познавачите на Титовата биографија, како Филис Оти и Јаспер Ридли, прифаќаат дека Тито се врати во Југославија во 1920 година.

[14] Моша Пијаде (1890-1957), Евреин по националност, сликар и новинар по професија, станува член на КПЈ во1920 година. Од 1921 до 1922 година се наоѓа во Извршниот одбор на КПЈ. Од 1925 до 1939 година се наоѓа на робија. Учествува во НОБ, а по војната е на раководни државни функции.

[15] Родољуб Чолаковиќ (1900-1983) е босански комунист и писател, учесник во Шпанската граѓанска војна и Народно-ослободителната војна. На комунистичкото движење му се приклучува во 1919 година. Еден е од членовите на „Црвена правда“ која во 1921 година извршува атентат над југословенскиот министер за внатрешни работи. Уапсен е и осуден на 12 години робија. По излегувањето од затвор, во 1933 година заминува за СССР. Во август 1936 година станува член на раководството на КПЈ. Беше близок соработник на Горкиќ, но успеа да се извлече и да не биде ликвидиран. Во борбата за челното место на КПЈ застанува зад Тито и по Втората светска војна е на раководни функции во комунистичка Југославија.

[16] Термидор е месец во францускиот револуционерен календар. За време на овој месец, во 1795 беа соборени јакобинците и започна контрареволуцијата. Оттука доаѓа изразот „термидорска реакција“. Во редовите на работничкото движење овој израз стана синоним за контрареволуционерните сили.

[17] Камило Хорватин (1896-1938) во 1912 година учествува во неуспешниот атентат на хрватскиот бан. Член е на КПЈ од 1919 година. Во 1920 година е избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Хрватска и Славонија. Во 1929 година емигрира од Југославија и по престојот во Австрија и Чехословачка заминува во СССР. Од септември 1934 година до март 1935 година е член на раководството на КПЈ. Во 1937 година е уапсен и е стрелан на 15 март 1938 година.

[18] Благое Паровиќ (1903-1937) е српски комунист. Член на КПЈ од 1919 година. По воведувањето на диктатурата во 1929 година емигрира во СССР, каде работи во Извршниот комитет на Коминтерната. Во 1934 година станува член на Политбирото на КПЈ, а во 1935 година е делегат на Седмиот конгрес на Коминтерната. По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна заминува за Шпанија каде е политички комесар на 13-та интернационална бригада. Според официјалната верзија Паровиќ загинува во борба со франкистите на 6 јули 1937 година, но постојат сомневања дека е убиен од страна на агент на советската политичка полиција.

[19] Адолф Мук (1893-1943) се зачленува во КПЈ во 1919 година. Одреден период е секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Црна Гора. Во јули 1934 година е кооптиран во Привременото раководство на КПЈ. Во 1937 година е задолжен за акцијата на префрлање на југословенски доброволци за Шпанија преку брод. При тоа, е уапсен и осуден на 10 години затвор. Во затворот извршува предавство поради што е исклучен од КПЈ. Во 1943 година, поради одбивање да соработува, е стрелан од страна на италијанските окупациски сили.

[20] Александар Ранковиќ (1909-1983) е српски комунист. Станува член на СКОЈ во 1927 година, а следната година станува член на КПЈ. Во 1937 година Ранковиќ е избран за член на Полибирото. Во текот на НОБ е еден од најблиските соработници на Тито. По завршувањето на војната во периодот од 1946 до 1953 година Ранковиќ е соjузен министер за внатрешни работи, а потоа, до 1966 година, е заменик премиер. Беше сметан за Титов наследник, но во 1966 година е отстранет од сите државни и партиски функции, поради злоупотреба на службите за безбедност.

[21] Иван Караиванов (1889-1960) е бугарски комунист. Член на БРСДП (тесни социјалисти) станува во 1918 година. Активно учествува во Септемвриското востание од 1923 година. По неговото задушување заминува во Виена од каде во 1926 година оди во СССР. Од 1929 до 1934 година е во Кина по налог на Коминтерната. Потоа се враќа во СССР каде останува до 1944 година. Таа година се враќа во Бугарија, но е потиснат во втор план. Поради тоа во мај 1945 година преминува во Југославија. По судирот со Информбирото застанува на југословенската страна. На Петтиот конгрес на КПЈ е избран во нејзиниот Централен комитет и станува пратеник во Сојузното собрание на Југославија.

[22] Георги Дамјанов (1892-1958) станува член на БРСДП (тесни социјалисти) во 1912 година, а во 1919 година е помеѓу основачите на Бугарската комунистичка партија. Учествува во Септемвриското востание, по чие задушување пребегнува во Југославија, а потоа и во СССР. Таму, во 1929 година завршува Воена академија, а подоцна работи во Коминтерната. Во Бугарија се враќа во 1944 година, а во 1945 станува член на Политбирото на БКП. Во периодот 1946-1950 година е министер за одбрана, а од 1950 година до смртта претседател на Президиумот на Народното собрание.

[23] Стела Благоева (1887-1954) е ќерка на Димитар Благоев, основачот на бугарскиот социјализам. Учествува во формирањето на Бугарската комунистичка партија во 1919 година. Во Советскиот Сојуз престојува од 1926 година, каде работи во кадровското одделение на Коминтерната и е секретарка на Димитров. Во Бугарија се враќа во 1946 година и извршува повеќе државни и партиски функции.

[24] Милетиќ во февруари 1938 година сè уште беше во затворот во Сремска Митровица. Во СССР пристига во септември 1939 година, а е уапсен во јануари 1940 година.

[25] Лабуд Кусовац (1898-1967) станува член на КПЈ во 1920-тите. Во 1930-тите оди во СССР, каде работи во Црвената синдикална интернационала. По ликвидацијата на Горкиќ, заедно со Мариќ, делува против приврзаниците на Горкиќ во раководството на партијата. Во 1938 година кратко време е член на Централниот комитет на КПЈ. Во 1939 година Тито го исклучува од Партијата. По ослободувањето на Југославија во 1948 година е затворен на Голи Оток. 

[26] Иво Мариќ (1894-1968) е хрватски комунист од Далмација. Во 1928 година влегува во судир со Милан Горкиќ поради што заработува партиска суспензија. Набрзо е уапсен, а по излегувањето од затвор е вратен во партијата. На Априлскиот пленум на КПЈ во 1936 година е предложен за кандидат за член на Политбирото, но набрзо е уаpсен од австриската полиција и поминува една година во затвор. По излегувањето од затвор и по ликвидацијата на Горкиќ во СССР, Мариќ се обидува да дојде на чело на КПЈ, влегувајќи во судир со Тито. Тито успева поуспешно да изманеврира и во 1939 година Мариќ е исклучен од партијата. Во 1940 година се враќа во Сплит. По окупацијата на Југославија, Италијанците го интернираат во логор. Набрзо по ослободувањето на земјата е осуден на 10 години како гестаповски шпиун, а по Резолуцијата на Информбирото е затворен на Голи Оток.

[27] Според изданието на „Собраните дела“ на Јосип Броз Тито од 1982 година иницијалите се ЛЧ зад кои се крие Лазар-Филип Чулиќ.

[28] Иван Гржетиќ (1896-1937) е член на КПЈ од 1920 година. На Четвртиот конгрес на КПЈ во 1928 година е избран зачлен на ЦК КПЈ, а во средината на триесеттите е член на Политбирото на партијата. Беше претставник на КПЈ во Црвената синдикална интернационала, а потоа и во Извршниот комитет на Коминтерната. На 19 август 1937 година е уапсен, а на 3 октомври истата година е осуден на смрт и е стрелан.

[29] Сима Миљуш (1894-1939) пред Првата светска војна беше член на „Млада Босна“. Станува член на КПЈ во 1919 година. Прво е избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Хрватска и Славонија, а потоа од 1923 до 1926 година е организациски секретар на КПЈ. Во 1933 година емигрира од Југославија, а во СССР доаѓа во 1935 година. Уапсен е во јули 1938 година, а ликвидиран во април 1939 година.

[30] Стјепан Цвииќ (1905-1938) е помлад брат на Ѓуро Цвииќ. Член на СКОЈ станува во 1920 година, а на партијата во 1921 година. Во 1924 година заминува на школување во СССР, а во Југославија се враќа во 1928 година. Следната година заминува на партиски задачи во Австрија, Германија, Франција, САД и СССР. Од 1934 година ја врши функцијата организациски секретар на Комунистичката младинска интернационала. Во 1937 година заминува во Шпанија, а по враќањето во СССР е уапсен и умира на 10 август 1938 година.

[31] Коста Новаковиќ (1886-1939), член на Српската социјалдемократска партија од 1907 година, а на КПЈ од 1919 година. До неговото апсење во 1926 година е дел од најтесното раководство на партијата. Од затвор бега во 1927 година и заминува за СССР. Во 1931 година е исклучен од КПЈ, но подоцна повторно е примен во членство на партијата. Уапсен е во јули 1938 година, а стрелан во април 1939 година.

[32] Акиф Шеремет (1899-1939) станува член на КПЈ во 1919 година. Од втората половина на 1930 година е член на партиското раководство на КПЈ во Виена, но во втората половина на 1931 година е исклучен од КПЈ и е прогонет во Алма Ата. Таму останува до 1935 година кога е вратен во Москва. Повторно е уапсен во јули 1938 година и е ликвидиран во април 1939 година.

[33] Гргур Вујовиќ (1901-1937), најмладиот од тројцата браќа Вујовиќ, член на СКОЈ од 1920, а на КПЈ од 1922 година. Помеѓу 1926 и 1928 година е организациски секретар на СКОЈ. Од 1932 до 1934 година е претставник на КПЈ во Коминтерната. Во 1937 година загинува во чистките.

[34] Вилјем Хорвај (1901-1939), Унгарец од Бела Црква, прво е член на КП Романија, а од 1923 година на КПЈ. Станува еден од раководителите на СКОЈ. Во 1927 година е уапсен, но набрзо успева да побегне. Заминува за СССР каде што е уапсен во ноември 1938 година, а стрелан во април 1939 година.

[35] Радомир Вујовиќ (1895-1939) од 1921 до 1924 година е секретар на Балканскиот секретаријат на Комунистичката младинска интернационала. Во 1925 година станува член на ЦК КПЈ, а следната година на Третиот конгрес на КПЈ е избран за организациски секретар на партијата. Полицијата наскоро успева да го фати и Вујовиќ поминува пет години во затвор. По излегувањето од затвор, во 1933 година заминува за СССР, каде во ноември 1938 година е уапсен, а во април 1939 година ликвидиран.

[36] Филип Филиповиќ (1878-1938) во социјалистичкото движење влегува во 1897 година, а во 1919 година е еден од основачите на КПЈ. На Првиот и на Вториот конгрес на КПЈ е биран за еден од секретарите на партијата. Во 1920 година прво е избран за градоначалник на Белград, а потоа и за пратеник во Уставотворното собрание. Во 1921 година е уапсен и осуден на затворска казна од две години. По излегувањето од затвор заминува за СССР, каде останува сè до својата смрт. Ликвидиран е на 8 април 1938 година.

[37] Воислав Вујовиќ (1897-1936) е еден од најистакнатите југословенски комунисти во периодот помеѓу двете светски војни. Од 1921 до 1926 е дел од раководството на Коминистичката младинска интернационала, а во периодот јули 1924 - октомври 1926 година е и нејзин секретар. Во овој период е и член на Извршниот комитет на Коминтерната. По судирот на Григориј Зиновјев со Сталин застанува на страната на Зиновјев, поради што во 1927 година е ослободен од партиските функции и испратен во прогонство. Капитулира помеѓу последните зиновјевисти во април 1930 година и се враќа во Москва, но во 1933 година Сталин повторно го праќа во прогонство, за во август 1936 година, на самиот почеток на Сталиновите чистки, Вујовиќ да биде ликвидиран.

[38] Триша Кацлеровиќ (1879-1964) е еден од основачите на Српската социјалдемократска партија. Во 1919 година се приклучува на КПЈ, а во 1920 година е избран во раководството на партијата. Кога во 1923 година е формирана Независната работничка партија на Југославија, како легален облик на делување на забранетата КПЈ, Кацлеровиќ е избран за нејзин секретар. Во 1924 година учествува како делегат на Петтиот конгрес на Коминтерната. Во 1926 година, откако на Третиот конгрес на КПЈ на чело на Партијата застанува Сима Марковиќ, Кацлеровиќ се пасивизира. Сепак, како адвокат продолжува да ги брани комунистите пред суд. По Втората светска војна одреден период е судија на Врховниот суд на Србија.


Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива