Трет конгрес на Комунистичката интернационала

Tези за светската ситуација и задачите на Комунистичката интернационала

(извадок)


Напишано: 1921
Извори: To the Masses: Proceedings of the Third Congress of the Communist International, 1921, pp. 901-20. „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, Антифа-Битола, 2019, бр. 2.
Превод: Евгениј Литовски
Онлајн верзија: декември 2019


I. Суштината на прашањето

1. Револуционерното движење од крајот на империјалистичката војна и во повоеното време го карактеризира неговиот полет, досега невиден во историјата. Во март 1917 година доаѓа до рушење на царизмот. Од мај 1917 година, Англија ја зафаќа силно штрајкувачко движење. Во ноември 1917 година рускиот пролетаријат ја освојува државната власт. Во ноември 1918 година доаѓа до распад на Германската и Австроунгарската монархија. Штрајкувачкото движење ги зафаќа европските земји и следната година добива големи размери. Во март 1919 година настанува советската република во Унгарија. Кон крајот на истата година Соединетите држави се потресени од бурни штрајкови на металските работници, рударите и железничарите. Во Германија, после јануарските и мартовските борби во 1919 година, движењето го достигнува својот врв во деновите на Каповиот пуч од март 1920 година. Во мај 1920 година, во Франција настапува моментот на крајна внатрешнополитичка напнатост. Во Италија сѐ посилното движење на индустрискиот и селскиот пролетаријат доведува во септември 1920 година, контролата во фабриките и работилниците да ја преземат работниците. Чешкиот пролетаријат во декември 1920 година собира оружје за политички масовен штрајк. Во март 1921 година, се креваат работниците од средна Германија и рударите во Англија го започнуваат својот џиновски штрајк.

Особено ширината и острината на движењето се истакнува во завојуваните земји, а особено во победените. Но, исто така се шири и во неутралните земји. Во Азија и Африка се јавува или се засилува револуционерниот бунт на милионите колонијални народи.

Но овој силен бран не ги победи ниту светскиот ниту европскиот капитализам.

2. Во текот на една година помеѓу Вториот и Третиот конгрес на Комунистичката интернационала многу востанија и борби на работничката класа завршија со делумни порази (офанзивата на Црвената армија во Варшава во август 1920 година, движењето на италијанскиот пролетаријат во септември 1920 година, востанијата на германските работници во март 1921 година.)

Се чини дека, главно, е завршено првото поглавје на револуционерното движење после војната, кое се карактеризираше како елементарна ударна сила, недефинираност на методите и целите и големата паника помеѓу владејачките класи. Несомнено се зацврсти самодовербата на буржоазијата како класа и надворешната цврстина на нејзините државни органи. Паничниот страв од комунизмот не исчезна, но сепак избледе. Водачите на буржоазијата дури ги разместуваат своите сили во својот државен апарат и во сите земји преминуваат во офанзива против работничките маси, како на земјоделскиот така и на политичкиот фронт.

3. Поради тоа, Комунистичката интернационала си ги поставува себеси, но и на работничката класа следните прашања: Во која мерка новиот политички однос на буржоазијата кон пролетаријатот одговара на вистинскиот однос на силите? Дали буржоазијата навистина се приближи до повторното воспоставување на општествената рамнотежа која беше нарушена од војната? Дали има основа за претпоставка дека наместо политички потреси и класни борби, ќе настане нова, долготрајна епоха на консолидација и пораст на капитализмот? Дали од сето ова не произлегува нужност за ревизија на програмата и тактиките на Комунистичката интернационала?

...


Тематска архива на Коминтерната

марксистичка интернет архива