Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава III

Општествено-политички систем

1. Положба на работните луѓе во општествено-политичкиот систем

Член 109

Работничката класа и сите работни луѓе се носители на власта и на управувањето со другите општествени работи.

Работничката класа и сите работни луѓе ја остваруваат власта и управуваат со другите општествени работи организирани во организации на здружениот труд и во други самоуправни организации и заедници и во класни и други општествено-политички и општествени организации.

Член 110

Работните луѓе ја остваруваат власта и управуваат со другите општествени работи со одлучување на собири, со референдум и со други облици на лично изјаснување во основните организации на здружениот труд и во месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, преку делегати во органите на управување на тие организации и заедници, со самоуправно спогодување и општествено договарање, преку делегации и делегати во собранијата на општините и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и со насочување и контрола на работата на органите одговорни пред собранијата.

Член 111

Општествено-политички заедници се општините и Социјалистичка Република Македонија.

Општините и Републиката се правни лица.

Член 112

Работните луѓе се организираат врз самоуправна основа во организации на здружениот труд, месни заедници, самоуправни интересни заедници и други самоуправни организации и заедници и утврдуваат кои заеднички интереси, права и должности ги остваруваат во нив.

Со уставот и со статутот на општината се утврдуваат заедничките интереси и функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи, што работните луѓе, македонскиот народ и народностите ги остваруваат во општината и во Републиката.

Член 113

Управувањето со организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и со другите самоуправни организации и заедници и нивната организација мораат да бидат уредени така што работните луѓе во секој дел од процесот на работата и во секој дел на организацијата односно заедницата да одлучуваат за прашањата на својата работа и за другите интереси, да ги остваруваат своите самоуправни права и заеднички интереси и да вршат контрола над извршувањето на одлуките и над работата на сите органи и служби на тие организации и заедници.

Член 114

Функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи во општините и во Републиката ги вршат собранијата и пред нив одговорните органи.

Судската функција ја вршат редовните судови како органи на државната власт и самоуправните судови.

Заштитата на уставноста му се доверува на Уставниот суд на Македонија.

Член 115

Собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи ги вршат своите функции врз основа и во рамките на уставот односно статутот и законот.

Државните органи имаат спрема организациите на здружениот труд и спрема другите самоуправни организации и заедници само права утврдени врз основа на уставот.

2. Самоуправување во организациите на здружениот труд

Член 116

Самоуправувањето во основната и во другите организации на здружениот труд работникот, рамноправно и во однос на заемна одговорност со другите работници во организацијата, го остварува со одлучување на собирите на работниците, со референдум и со други облици на лично изјаснување, преку делегати во работничките совети кои, заедно со другите работници во организацијата, ги избира и отповикува, како и со контрола на извршувањето на одлуките и со контрола на работата на органите и службите на тие организации.

Во остварувањето на самоуправувањето со основните организации на здружениот труд за воспитување и образование учествуваат и учениците и студентите, во согласност со закон и со статутот на организацијата.

Работникот има право, заради остварување на своите самоуправни права, да биде редовно известуван за работењето на организацијата и за нејзината материјално-финансиска положба, за остварувањето и распределбата на доходот и за користењето на средствата во неа, како и за другите прашања од интерес за одлучувањето и контролата во организацијата.

Член 117

Во основната и во другите организации на здружениот труд се образува работнички совет како орган на управување со работата и работењето на организацијата односно на него по положба и функција соодветен орган на управувањето.

Во основна организација со помал број работници не се образува работнички совет.

Определени извршни функции во основната и во другите организации на здружениот труд можат да им се доверат на извршните органи на работничкиот совет.

Организациите на здружениот труд кои, здружувајќи го трудот и средствата не организираат посебна организација, можат да образуваат заеднички орган за вршење на работите од заеднички интерес.

Член 118

Работничкиот совет во вршењето на функцијата на управување со работата и работењето на организацијата на здружениот труд го утврдува предлогот на статутот и донесува други општи акти, ја утврдува деловната политика и донесува план и програма за работа и развој, утврдува мерки за спроведување на деловната политика и на планот и програмата за работа и за развој, избира, именува и разрешува извршен и работоводен орган односно членови на тие органи, се грижи за известувањето на работниците и врши други работи утврдени со самоуправната спогодба, статутот и другите самоуправни акти на организацијата.

Одлуките на работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд што се однесуваат на остварувањето на неотуѓивите права на работниците во основните организации на здружениот труд се донесуваат во согласност со секоја од тие организации, на начин утврден со самоуправната спогодба за здружување.

Член 119

Работничкиот совет на основната организација на здружениот труд го сочинуваат делегати на работниците од сите делови на процесот на работата во таа организација.

Составот на работничкиот совет на основната организација на здружениот труд мора да му одговара на социјалниот состав на работната заедница на основната организација на здружениот труд.

Работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд го сочинуваат делегати на работниците на основните организации на здружениот труд, непосредно избрани на начин и според постапка што се утврдени со самоуправната спогодба за здружување. Во работничкиот совет на работната организација мора да биде застапена секоја основна организација на здружениот труд во нејзиниот состав.

Делегатите работат според насоките на работниците односно на работничкиот совет на основната организација на здружениот труд што ги избрала и ним им одговараат за својата работа.

Со статутот на основната и на другата организација на здружениот труд и со самоуправната спогодба за здружување се утврдуваат правата и обврските на делегатите и нивната одговорност пред работниците односно пред органите на управувањето на тие организации.

Член 120

Начинот на изборот и условите и начинот на отповикувањето односно на разрешувањето на работничкиот совет и на извршниот орган во организацијата на здружениот труд се утврдуваат со самоуправната спогодба за здружување или со статутот на организацијата и со закон.

Членовите на работничкиот совет односно членовите на извршниот орган не можат да се избираат на време подолго од две години.

Никој не може повеќе од двапати едноподруго да биде избиран во ист работнички совет односно извршен орган.

Во работнички совет не може да биде избран работник што како индивидуален работоводен орган или член на колегијален работоводен орган нему му одговара, ниту работник што самостојно врши други раководни функции определени со статутот и со закон.

Член 121

Во секоја организација на здружениот труд постои работоводен орган што го води работењето на организација на здружениот труд, го организира и усогласува процесот на работата во неа и ги извршува одлуките на работничкиот совет и на неговиот извршен орган.

Организацијата на здружениот труд ја застапува и ја претставува нејзиниот индивидуален работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган, ако со статутот или со друг самоуправен акт на организацијата не е поинаку определено.

Работоводниот орган е самостоен во работењето и е одговорен пред работниците и работничкиот совет на организацијата на здружениот труд.

Индивидуалниот работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган е одговорен и пред општествената заедница за законитоста на работењето и за исполнување на обврските на организацијата на здружениот труд пропишани со закон. Индивидуалниот работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган има право и должност, во согласност со закон, да ги запре од извршување актите на работничкиот совет и на другите органи на организацијата на здружениот труд ако смета дека се во спротивност со законот и за тоа да го извести надлежниот орган на општината односно на Републиката.

Член 122

Индивидуалниот работоводен орган и членовите на колегијалниот работоводен орган во организацијата на здружениот труд се именуваат и се разрешуваат со одлука на работничкиот совет.

Индивидуалниот работоводен орган се именува врз основа на јавен конкурс, по предлог од конкурсната комисија. Во основните организации на здружениот труд определени со закон и во другите организации на здружениот труд конкурсната комисија е составена од со закон определен број претставници на организацијата на здружениот труд и на синдикатот, како и од претставници на општествената заедница именувани односно избрани во согласност со закон.

Со закон можат да се уредат условите и начинот на образување на колегијалниот работоводен орган и условите и начинот на именување на членовите на тој орган.

Мандатот на индивидуалниот работоводен орган и на членовите на колегијалниот работоводен орган трае најдолго четири години. По истекот на мандатот тие можат повторно да бидат именувани на истата функција на начин пропишан со закон.

Со закон се определува под кои услови може да се разреши работоводниот орган и пред истекот на времето за кое е именуван. Предлог за разрешување на работоводниот орган може да поднесе и собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија и синдикалната организација.

Со закон можат да се пропишат посебни услови и начин на именување и разрешување и посебни права и должности на работоводниот орган во организациите на здружениот труд што вршат дејност односно работи од посебен општествен интерес.

Член 123

Самоуправната спогодба за здружување во работна организација односно во сложена организација на здружениот труд содржи одредби за заедничките работи; за координирање на процесот на работата; за усогласување на плановите и програмите за работа и развој; за здружување на средства и за нивната намена; за составот, изборот и делокругот на заедничките органи на управување и на нивните извршни органи; за работоводните органи на работната организација односно на сложената организација; за одговорноста на тие органи; за правата, обврските и одговорностите на работната заедница што врши работи од заеднички интерес за здружените организации; за меѓусебните односи на основните и на другите организации на здружениот труд и за нивните права, обврски и одговорности во правниот промет; за постапката за издвојување на одделни основни организации од составот на работната организација односно на основните и работните организации од составот на сложената организација. Самоуправната спогодба содржи и други одредби од значење за заедничката работа и за работењето на здружените организации и за остварувањето на самоуправните права на работниците во нив.

Самоуправната спогодба за здружување во работна организација односно во сложена организација на здружениот труд е склучена кога ќе ја усвои мнозинството од сите работници во секоја основна организација на здружениот труд.

Член 124

Организацијата на здружениот труд има свој статут.

Статутот на основната организација на здружениот труд го донесуваат, по предлог од работничкиот совет, работниците на основната организација на здружениот труд со мнозинство на гласови на сите работници.

Статутот на работната организација односно на сложената организација на здружениот труд, по предлог од нејзиниот работнички совет, го донесуваат работниците на здружените основни организации, со мнозинство на гласови на сите работници во секоја од тие организации.

Статутот и другите самоуправни акти на организацијата на здружениот труд не можат да бидат во спротивност со самоуправната спогодба за здружување.

Член 125

Заради остварување и заштита на своите самоуправни права, работниците во основната и во другите организации на здружениот труд имаат право и должност да остваруваат самоуправна работничка контрола непосредно, преку органите на управување на организацијата и преку посебен орган на самоуправната работничка контрола.

Органот на самоуправната работничка контрола врши контрола во поглед на спроведувањето на статутот и на другите самоуправни акти на организацијата и на самоуправните спогодби и општествените договори, спроведувањето на одлуките на работниците., на органите на управувањето и на извршните и работоводните органи на организацијата и согласноста на овие акти и одлуки со самоуправните права, должности и интереси на работниците, остварувањето на работните и самоуправувачките должности на работниците, на органите и службите на организацијата; одговорното и општествено и економски целесообразно користење на општествените средства и располагањето со нив, примената на начелата на распределба според трудот во распоредувањето на доходот и во распределба на средствата за лични доходи; остварувањето и заштитата на правата на работниците во меѓусебните односи во работата; известувањето на работниците за прашањата од интерес за одлучувањето и контролата во организацијата и во поглед на остварувањето на другите самоуправни права, должности и интереси на работниците.

Органот на самоуправната работничка контрола има право и должност за забележаните појави и за своето мислење да ги извести работниците, органите и службите на организацијата кај кои ги забележал тие појави и органите што во организацијата имаат право и должност да ги отстранат, како и да соработува со органите на општествениот надзор и на контролата.

Составот, изборот и отповикувањето на органот на самоуправната работничка контрола и неговите права, должности и одговорности се уредуваат со статутот и со другите самоуправни акти на организацијата, во согласност со закон.

Член 126

Секој работник е лично одговорен за совесно вршење на самоуправувачките функции.

Членовите на работничкиот совет на организацијата на здружениот труд сносат лична и материјална одговорност за одлуките што, спротивно на предупредувањето на надлежниот орган, ги донеле надвор од рамките на своите овластувања. Делегатите во работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд им се одговорни на работниците и на работничкиот совет на основната организација во која се избрани за делегати.

Членовите на колегијалниот извршен орган, индивидуалниот работоводен орган и членовите на колегијалниот работоводен орган се одговорни, за својата работа пред работничкиот совет што ги избрал односно именувал и пред работниците на организацијата на здружениот труд во која ги вршат своите функции. Тие се лично одговорни за своите одлуки и за извршувањето на одлуките на работничкиот совет и на работниците, како и за вистинито, благовремено и целосно известување на работничкиот совет и на работниците. Тие сносат и материјална одговорност за штетата настаната со извршувањето на одлуките донесени врз основа на нивните предлози, ако при давањето на тие предлози прикриле факти или свесно им дале невистинити известувања на работничкиот совет или на работниците.

Работоводниот орган е одговорен, во рамките на своите права и должности, и за резултатите на работењето на организацијата, како и за организирањето и усогласувањето на процесот на работата во организацијата.

Одговорноста на член на колегијалниот извршен орган, на индивидуалниот работоводен орган и на член на колегијалниот работоводен орган се утврдува во зависност од нивното влијание врз донесувањето и извршувањето на одлуките.

Материјалната и другите видови одговорност и условите на одговорноста се уредуваат со закон и со самоуправните акти на организацијата на здружениот труд.

Член 127

Одредбите за остварувањето на самоуправувањето во организациите на здружениот, труд се применуваат и на работниците во работните заедници образувани за вршење работи од заеднички интерес за повеќе организации на здружениот труд во согласност со природата на овие работи и со заедничките интереси заради кои се образувани овие работни заедници.

3. Самоуправување во самоуправните интересни заедници

Член 128

Со самоуправната спогодба за основање на самоуправна интересна заедница и со нејзиниот статут се уредуваат работите од заеднички интерес за членовите на заедницата, начинот на одлучувањето за тие работи, делокругот, овластувањата и одговорностите на собранието и на другите органи на интересната заедница и другите прашања од заеднички интерес за работните луѓе и за самоуправните организации и заедници организирани во интересна заедница.

Статутот на самоуправната интересна заедница се донесува во согласност со самоуправната спогодба за нејзиното основање.

Со закон може да се утврди самоуправната спогодба за основање односно статутот на самоуправната интересна заедница што врши дејност од посебен општествен интерес да ги потврдува орган на општината односно на Републиката.

Член 129

Со работите на самоуправна интересна заедница управува собрание, што го сочинуваат делегати.

Делегатите во собранијата на самоуправните интересни заедници ги делегираат и отповикуваат делегациите на основните самоуправни организации и заедници од редот на членовите на делегациите.

Основните самоуправни организации и заедници, заради делегирање делегати во собранијата на самоуправните интересни заедници, можат да образуваат посебни делегации.

Делегатите се должни за работата на собранието на самоуправната интересна заедница и за својата работа да ја известуваат делегацијата и основната самоуправна организација односно заедница што ги делегирала и им се одговорни за својата работа.

Во самоуправната интересна заедница што ја основаат работните луѓе и нивните организации и заедници заради задоволување на своите потреби и интереси и работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности од областа за која се основа интересната заедница, собранието се организира така што да се обезбеди нивно рамноправно одлучување за меѓусебните права, обврски и одговорности.

Собранието може определени извршни функции да им довери на своите извршни органи што му се одговорни за својата работа.

Член 130

Со самоуправната спогодба за основање на самоуправната интересна заедница и со други нејзини општи акти се утврдува непосредната одговорност на органите на управување на интересната заедница и на делегатите во тие органи пред членовите на заедницата, начинот на остварувањето на контролата од членовите на интересната заедница над работата на органите на управувањето и на стручните служби и начинот на известување на членовите на интересната заедница за работата на тие органи и служби и за прашањата што се разгледуваат и решаваат во интересната заедница.

Член 131

Кога со уставот или со статутот на општината е утврдено дека работните луѓе преку собранијата на самоуправните интересни заедници учествуваат во одлучувањето за прашањата од надлежност на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, овие работни луѓе се организираат во рамките на интересната заедница односно ги здружуваат своите интересни заедници така што да можат да учествуваат во одлучувањето за тие прашања во собранието на општината односно во Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

4. Самоуправување во месните заедници

Член 132

Право и должност на работните луѓе и граѓаните во населба, дел од населба или во повеќе поврзани населби е, заради остварување на определени заеднички интереси и потреби, самоуправно да се организираат во месна заедница.

Во месната заедница работните луѓе и граѓаните одлучуваат за остварување на своите заеднички интереси и за солидарно задоволување на заедничките потреби во областите на уредувањето на населбата, станувањето, комуналните дејности, детската и социјалната заштита, образованието, културата, физичката култура, заштитата на потрошувачите, заштитата и унапредувањето на човековата околина, народната одбрана, општествената самозаштита, како и во другите области на животот и работата.

Заради остварување на своите заеднички интереси и потреби, работните луѓе и граѓаните, организирани во месната заедница со самоуправно спогодување и на друг начин се поврзуваат со организациите на здружениот труд, со самоуправните интересни заедници и со другите самоуправни организации и заедници на подрачјето и надвор од подрачјето на месната заедница, што имаат интерес односно должност да учествуваат во задоволувањето на тие интереси и потреби.

Работните луѓе и граѓаните во месната заедница учествуваат во вршењето на општествените работи и во одлучувањето за прашањата од заеднички интерес во општината и во Републиката.

Со статутот на општината се утврдува начинот и постапката за образување месни заедници.

Со закон може да се утврдат начелата на постапката за образување месни заедници.

За образување на месна заедница одлучуваат работните луѓе што живеат на подрачјето за кое таа се образува.

Доколку работните луѓе не образуваат месна заедница, одлука за нејзино образување донесува собранието на општината.

Член 133

Своите заеднички интереси и потреби во месната заедница работните луѓе и граѓаните ги задоволуваат со средствата што сами непосредно ги здружуваат со самопридонес или на друг начин, со дел од доходот што го издвојуваат работниците во основните и во другите организации на здружениот труд од подрачјето на месната заедница и работниците од основните и другите организации на здружениот труд што живеат на подрачјето на таа месна заедница, со средствата што се создаваат во месната заедница со вршење на услуги и од приходи што со своите активности ги остварува месната заедница, со средствата што општината ќе и ги додели на месната заедница и со други средства.

Со овие средства месната заедница располага самостојно.

Член 134

Работните луѓе и граѓаните во месната заедница го донесуваат статутот на месната заедница, на начин определен со статутот на општината.

Со статутот на месната заедница се утврдуваат правата и должностите на месната заедница и начинот на нивното остварување, нејзината организација, нејзините органи, односите со организациите на здружениот труд и со другите самоуправни организации и заедници и се уредуваат други прашања од значење за работата на месната заедница и за животот на работните луѓе и граѓаните во неа.

Месната заедница има својство на правно лице.

5. Самоуправни спогодби и општествени договори

Член 135

Со самоуправна спогодба и општествен договор работниците и другите работни луѓе самоуправно ги уредуваат меѓусебните односи, ги усогласуваат интересите и ги уредуваат односите од пошироко општествено значење.

Член 136

Со самоуправна спогодба работниците во основните и во другите организации на здружениот труд и работните луѓе во месните заедници, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, во рамките на своите самоуправни права: ги усогласуваат своите интереси во општествената поделба на трудот и во општествената репродукција; го здружуваат трудот и средствата и ги уредуваат меѓусебните односи во врска со здружувањето на трудот и средствата; образуваат работни и други организации на здружениот труд, банки, деловни и други заедници; ги утврдуваат основите и мерилата на распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи; ги утврдуваат меѓусебните права, обврски и одговорности и мерките за нивно остварување и ги уредуваат и другите односи од заеднички интерес.

Самоуправната спогодба, во името на учесниците на спогодбата, ја склучуваат нивните овластени органи.

Самоуправната спогодба што се однесува на остварувањето на неотуѓивите права на работниците е прифатена по основната организација на здружениот труд односно во другата самоуправна организација или заедница ако со неа се согласат мнозинството работници односно работни луѓе на организацијата односно заедницата.

Член 137

Синдикатот има право да дава иницијатива и предлози за склучување на самоуправни спогодби и може да поведе постапка склучената самоуправна спогодба повторно да се разгледа ако смета дека со неа се повредуваат самоуправните права на работниците и општествено-економските односи утврдени со уставот.

Во постапката за склучување на самоуправна спогодба, со која се уредуваат меѓусебните односи на работниците во работата или се утврдуваат основите и мерилата за распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи, учествува и спогодбата ја потпишува синдикалната организација определена со статутот на синдикатот. Ако синдикалната организација не ја потпише самоуправната спогодба, организацијата на здружениот труд има право таквата самоуправна спогодба да ја применува, а синдикалната организација може да поведе спор пред судот на здружениот труд.

Член 138

Организацијата на здружениот труд и друга самоуправна организација и заедница, која смета дека со самоуправната спогодба на други организации на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници се повредени нејзините права или врз основа на закон заснованите интереси, може да поведе постапка за повторно разгледување на самоуправната спогодба.

Член 139

Со општествен договор организациите на здружениот труд, коморите и другите општи здруженија на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, другите самоуправни организации и заедници, органите на општините и на Републиката, синдикатите и другите општествено-политички организации и општествените организации го обезбедуваат и го усогласуваат самоуправното уредување на општествено-економските и на другите односи од поширок заеднички интерес за учесниците во договорот или од општ општествен интерес.

Општествениот договор, во името на учесниците во договорот, го склучуваат нивните овластени органи.

Член 140

Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија го поттикнува самоуправното спогодување и општественото договарање и може да пропише дека определени самоуправни организации и заедници се должни да спроведат постапка за самоуправно спогодување односно за општествено договарање.

Член 141

Самоуправната спогодба односно општествениот договор ги обврзува учесниците што го склучиле или му пристапиле.

Член 142

Со самоуправна спогодба и со општествен договор се утврдуваат мерките за нивното спроведување, материјалната и општествената одговорност на учесниците во самоуправната спогодба и во општествениот договор и начинот и условите за нивна измена.

Со самоуправна спогодба и со општествен договор може да се предвиди арбитража или друг начин на решавање на споровите што ќе настанат во спроведувањето на спогодбата односно на договорот.

Член 143

Во склучувањето на самоуправната спогодба и на општествениот договор учесниците се рамноправни.

Постапката за спогодување и договарање е јавна.

6. Општествена заштита на самоуправните права и на општествената сопственост

Член 144

Самоуправните права на работните луѓе и општествената сопственост се под посебна општествена заштита.

Општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост ја остваруваат собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи, судовите, Уставниот суд на Македонија, јавниот обвинител и општествениот правобранител на самоуправувањето.

Облиците и начинот на остварувањето на општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост се утврдуваат со устав и со закон.

Член 145

Ако во организација на здружениот труд или во друга самоуправна организација односно заедница битно се нарушат самоуправните односи, или потешко се оштетат општествените интереси, или ако организацијата односно заедницата не ги извршува со закон утврдените обврски, собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија, под услови и по постапка утврдена со закон, има право да го распушти работничкиот совет односно другиот соодветен орган на управувањето во организацијата на здружениот труд и да распише избори за членови на тој орган, како и во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници да ги распушти извршните органи и да ги смени од должност работоводните органи и работниците на раководни работни места, да именува привремени органи со права и должности утврдени со закон, привремено да го ограничи остварувањето на определени самоуправни права на работните луѓе и на органите на управување и да преземе други со закон утврдени мерки. Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија е должно пред преземањето на овие мерки да прибави мислење од синдикатот и од другите општествено-политички организации за оправданоста на преземената мерка.

Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, во согласност со закон, да запре од извршување одлуки, други акти и дејства со кои се повредуваат самоуправните права на работните луѓе и општествената сопственост. Ако собранието ги запре од извршување таквите акти или дејства, должно е да поведе постапка пред надлежниот суд.

Член 146

Општествениот правобранител на самоуправувањето, како самостоен орган на општествената заедница, презема мерки и правни средства и врши други со закон утврдени права и должности заради остварување на општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост.

Општествениот правобранител на самоуправувањето поведува пред собранието на општината односно пред Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Уставниот суд на Македонија или пред судовите постапка за заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост, како и постапка за укинување или поништување на одлуките и другите акти со кои се повредуваат самоуправните права и општествената сопственост.

Општествениот правобранител на самоуправувањето поведува постапка за заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост по своја иницијатива или по иницијатива од работниците, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, синдикатот и другите општествено-политички организации, државните органи и граѓаните.

Државните органи и органите на самоуправните организации и заедници се должни, по барање од општествениот правобранител на самоуправувањето, да му даваат податоци и известувања од интерес за вршење на неговата функција.

7. Собраниски систем

Член 147

Собранието е орган на општественото самоуправување и највисок орган на власта во рамките на правата и должностите на општината односно на Републиката.

Образувањето, организацијата и надлежноста на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи се уредуваат со овој устав односно со статутот и со закон, врз основа на единствените начела утврдени со уставот.

Член 148

Работните луѓе во основните самоуправни организации и заедници и во општествено-политичките организации образуваат свои делегации заради непосредно остварување на своите права, должности и одговорности и организирано учество во вршењето на функциите на собранијата на општествено-политичките заедници.

Во основните самоуправни организации и заедници делегации образуваат:

1) работните луѓе во основните организации на здружениот труд и во работните заедници што вршат работи од заеднички интерес за повеќе основни организации на здружениот труд;

2) работните луѓе што работат во земјоделската, занаетчиската и во слични дејности со средства на трудот на кои постои право на сопственост, заедно со работниците со кои го здружуваат својот труд и средствата на трудот, организирани во заедници и во други со закон определени облици на здружување;

3) работните луѓе во работните заедници на државните органи, општествено-политичките организации, општествените организации и здруженијата и во другите работни заедници што не се организирани како организации на здружениот труд, како и активните воени лица и цивилните лица на служба во вооружените сили на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на начин утврден со устав и со закон;

4) работните луѓе и граѓаните во месните заедници.

Во образувањето на делегациите во организациите на здружениот труд во областа на образованието студентите и учениците учествуваат под услови и на начин утврдени со закон.

Делегација образуваат и работните луѓе што трајно работат во дел од основната организација на здружениот труд што не е на подрачјето на општината во која е седиштето на таа организација.

Во основната организација на здружениот труд односно во работната заедница со мал број на работни луѓе, сите работни луѓе ја вршат функцијата на делегација.

Во општествено-политичките организации функцијата на делегации ја вршат нивните избрани тела определени со нивниот статут односно со други одлуки.

Член 149

Членовите на делегацијата ги избираат работните луѓе во основните самоуправни организации и заедници, од составот на тие организации и заедници, непосредно и со тајно гласање.

Основните самоуправни организации и заедници го утврдуваат со своите статути, во согласност со закон, бројот и составот на својата делегација и начинот на изборот и отповикот на делегацијата.

Составот на делегацијата мора да обезбеди застапеност на работниците од сите делови на процесот на работата и да му одговара на социјалниот состав на основната самоуправна организација односно заедница.

Членовите на делегацијата се избираат на четири години.

Во делегацијата на основната организација на здружениот труд не можат да бидат избирани работници во таа организација кои, според уставот, не можат да бидат членови на работничкиот совет односно на друг соодветен орган на управување.

Никој не може повеќе од двапати едноподруго да биде избиран за член на делегација на иста самоуправна организација односно заедница.

Член 150

Кандидати за членови на делегациите на основните самоуправни организации и заедници предлагаат и утврдуваат работните луѓе во тие организации и заедници во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, и тоа во неговите организации односно во организациите на синдикатот.

Кандидационата постапка ја спроведуваат организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ односно организациите на синдикатот.

Право и должност на организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ и на синдикатот е, во соработка со другите општествено-политички организации, да обезбедат таква демократска кандидациона постапка која ќе им овозможи на работните луѓе слободно да ја изразат својата волја во предлагањето и утврдувањето на кандидатите.

Член 151

Кога во текот на траењето на мандатниот период на собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија се основа нова основна самоуправна организација или заедница, со закон се утврдува начинот на вклучување на нејзината делегација во вршењето на функциите во собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 152

Тргнувајќи од интересите и насоките на основните самоуправни организации и заедници и уважувајќи ги интересите на другите самоуправни организации и заедници и општите општествени интереси и потреби, делегацијата утврдува основни ставови за работата на делегатите во собранието и за нивното учество во одлучувањето.

Во вршењето на својата функција, делегацијата ги има особено следните права и должности:

1) самостојно, или заедно со делегациите на други самоуправни организации и заедници на заеднички собири на тие делегации, во согласност со овој устав, делегира односно кандидира од својот состав постојани или повремени делегати во собранието и им дава насоки на делегатите за нивната работа во собранието;

2) учествува преку делегатите во целокупната работа и во одлучувањето на собранието;

3) ја следи работата на делегатите во собранието и работата на собранието и ја известува основната самоуправна организација односно заедница за прашањата што се претресуваат и за кои се одлучува во собранието, како и за иницијативите и предлозите на делегатите на другите самоуправни организации и заедници;

4) ги изнесува пред основната самоуправна организација односно заедница, во согласност со нејзиниот статут, прашањата што се од посебен интерес за самоуправната организација односно заедница и за работните луѓе во неа пред одлучувањето за тие прашања во собранието;

5) преку делегатите дава иницијативи за разгледување на одделни прашања и поднесува предлози за донесување на акти во собранието, во согласност со овој устав односно со статутот, и остварува други права утврдени со деловникот на собранието;

6) ги разгледува со делегатот прашањата од интерес за основната самоуправна организација односно заедница за кои се одлучува во собранието, заради заземање на ставови во собранието и договарањето со другите делегати;

7) врши и други работи во односите со другите самоуправни организации и заедници за кои основната самоуправна организација односно заедница ќе ја овласти со свој акт.

Делегациите се должни за својата работа и за работата на делегатите во собранието да ја известуваат основната самоуправна организација односно заедница и за својата работа се одговорни пред тие организации односно заедници.

Делегацијата соработува со делегациите на другите самоуправни организации и заедници заради спогодбено изнаоѓање заеднички решенија по прашањата од надлежност на собранието и заради спогодбено решавање на другите прашања од заеднички интерес.

Собранијата на општините и на градските заедници учествуваат во утврдувањето насоки за работата на делегатите во Соборот на општините на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 153

Една или повеќе делегации на основните самоуправни организации и заедници, поврзани со трудот и со други заеднички интереси или со интересите во општествено-политичката заедница на свои заеднички собири односно делегатите на тие организации и заедници во собранието на општината, делегираат од составот на тие делегации делегати во соодветниот собор на собранијата на општествено-политичките заедници.

Бројот на делегатите на основните самоуправни организации односно заедници во собранијата се утврдува сразмерно со бројот на работните луѓе во тие организации односно заедници. Од ова начело може да се отстапи и да се применат и други мерила заради обезбедување соодветна застапеност на работните луѓе од определени области на општествениот труд односно на територијалните подрачја.

Член 154

Во собранијата на општествено-политичките заедници делегираат свои делегати работниците и другите работни луѓе и граѓаните организирани во општествено-политичките организации, здружени во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, или како членови на организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ.

Општествено-политичките организации, во рамките на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, спогодбено ја утврдуваат листата на кандидати за делегати во собранијата на општествено-политичките заедници од редот на своите делегации.

За изборот на овие делегати во собранието на општината се изјаснуваат, врз основа на листата на кандидатите, работните луѓе и граѓаните непосредно, со општо и тајно гласање.

За изборот на овие делегати во Собранието на Социјалистичка Република Македонија се изјаснуваат, врз основа на листата на кандидатите, општествено-политичките собори на собранијата на општините, со тајно гласање.

Член 155

Делегатите во собранието се избираат како постојани делегати за време од 4 години или како повремени делегати.

Никој, што е избран за делегат на 4 години не може повеќе од двапати едноподруго да биде делегат во исто собрание.

Неспоива е функцијата на делегат во собранието и други со закон определени функции во органите на истата општествено-политичка заедница.

Член 156

При заземањето на ставови по прашањата за кои се одлучува во собранието, делегатите постапуваат во согласност со насоките на своите самоуправни организации и заедници и со основните ставови на делегациите односно на општествено-политичките организации што ги делегирале, како и во согласност со заедничките и општите општествени интереси и потреби, а се самостојни во определувањето и гласањето.

Делегатот е должен за работата на собранието и за својата работа да ја известува делегацијата и основната самоуправна организација и заедница односно општествено-политичките организации што го делегирале, и е одговорен пред нив за својата работа.

Член 157

Делегацијата и секој нејзин член, како и делегатот во собранието, можат да бидат отповикани.

Отповикувањето на членовите на делегацијата и на делегатите во собранието се врши, во начело, на начинот и според постапката за избор на делегациите и делегатите.

Делегацијата и секој нејзин член, како и делегатот во собранието, имаат право да поднесат оставка.

Член 158

Делегатот во собранието ужива имунитет во вршењето на својата функција.

Делегатот не може да биде повикан на кривична одговорност, притворен ниту казнет за искажано мислење или даден глас во собранието или соборот во кој е делегиран.

Одредбите од претходните ставови во поглед на повремените делегати се применуваат само за седниците односно за времето за кое биле делегирани.

Член 159

Делегатот во собранието на општината не може да биде лишен од слобода ниту против него да се поведе кривична постапка без одобрение на соборот во кој е делегиран ако се повика на имунитетот, освен ако е во прашање кривично дело за кое е задолжителен притвор или ако делегатот бил затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор или затвор подолго од една година.

Член 160

Собранието во рамките на правата и должностите на општината односно на Републиката: ја утврдува политиката и одлучува за основните прашања од значење за политичкиот, стопанскиот, социјалниот и културниот живот и општествениот развиток; донесува општествен план, буџет, прописи и други општи акти; претресува прашања од заеднички интерес за организациите на здружениот труд и за другите самоуправни организации и заедници и ги усогласува нивните односи и интереси; дава иницијатива за склучување и учествува во склучувањето на општествени договори; претресува прашања од областа на народната одбрана, безбедноста и општествената самозаштита, ја претресува состојбата и општите проблеми на уставноста и законитоста и на правосудството; организира и врши општествен надзор; ги утврдува основите на организацијата и надлежноста на органите на општината односно на Републиката; основа органи на управата, избира, именува и разрешува определени функционери на тие органи и судии; се грижи за спроведувањето на утврдената политика, прописите и другите општи акти; утврдува политика за извршување на прописите и другите општи акти и обврски на органите и организациите во врска со извршувањето на тие прописи и општи акти; врши политичка контрола над работата на својот извршен орган, органите на управата и на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции што одговараат пред собранието и со свои насоки ја насочува работата на тие органи.

Член 161

Во собранието се образуваат собор на здружениот труд, како собор на делегати на работните луѓе во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници на трудот, собор на месните заедници, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во месните заедници, односно собор на општините како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во општината и општествено-политички собор, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните организирани во општествено-политичките организации.

Член 162

Делокругот и начинот на одлучување на соборите на собранијата се утврдува со овој устав односно со статутот на општината.

Делокругот на соборите се уредува на начин со кој се обезбедува соборот на здружениот труд да учествува во одлучувањето за прашањата од интерес за работниците и другите работни луѓе во општествениот труд, соборот на месните заедници односно соборот на општините да учествува во одлучувањето за прашањата од интерес за работните луѓе и граѓаните во месните заедници односно во општините, како и општествено-политичкиот собор да учествува во одлучувањето за прашањата на остварувањето, развитокот и заштитата на социјалистичкиот самоуправен систем утврден со уставот.

Соборите на собранијата одлучуваат за прашањата од надлежноста на собранието самостојно, рамноправно или на заедничка седница на сите собори.

Собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита одлучуваат рамноправно со надлежните собори на општинските собранија односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија за прашањата од тие области што се во надлежност на соодветното собрание. Овие или други определени права на одлучување во општинското собрание можат со статутот на општината да се утврдат и за собранијата на другите самоуправни интересни заедници.

Одлука за издвојување на дел од доходот за заеднички и општи општествени потреби и за намената на обемот на средствата за овие потреби не може да се донесе ако не ја усвои соборот на здружениот труд.

Член 163

Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да распише референдум заради претходно изјаснување на работните луѓе за одделни прашања од негова надлежност, или заради потврдување на закони, прописи и други општи акти. Одлуката донесена на референдум е задолжителна.

Член 164

Во општината и во Републиката се образува, како извршен орган на собранието, извршен совет односно друг соодветен колегијален извршен орган.

Извршниот совет односно соодветниот колегијален извршен орган е одговорен пред собранието за состојбата во општината односно во Републиката, за спроведувањето на политиката и за извршувањето на законите, прописите и другите општи акти на собранието, како и за насочувањето и усогласувањето на работата на органите на управата.

Член 165

Собранието на општината и Собранието на Социјалистичка Република Македонија образуваат органи на управата.

Органите на управата ја спроведуваат утврдената политика и ги извршуваат законите, прописите и другите општи акти на собранието и на извршниот орган, ги спроведуваат насоките на собранието, одговорни се за состојбата во областите за кои се образувани, ја следат состојбата во определени области и даваат иницијатива за решавање на прашањата во тие области, решаваат во управните работи, вршат управен надзор и други управни работи, подготвуваат прописи и други општи акти и вршат други стручни работи за собранието и извршниот орган.

Органите на управата се самостојни во рамките на своите овластувања и за својата работа одговараат пред собранието и извршниот орган.

Органите на управата со својата работа обезбедуваат ефикасно остварување на правата и интересите на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

Органите на управата соработуваат меѓусебно и со органите на управата на другите општествено-политички заедници како и со организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници по прашањата од интерес за тие организации и заедници и обезбедуваат заемно известување.

Член 166

Меѓусебните односи на републичките и општинските органи се засновуваат врз правата и должностите утврдени со овој устав, со статутот на општината односно со закон.

Со овој устав и со закон се утврдуваат правата и должностите на републичките органи на управата во поглед на извршувањето на законите и другите прописи и општи акти, контролата над извршувањето на тие прописи и акти, како и нивните права и должности спрема општинските органи на управата во извршувањето на тие прописи и општи акти.

Член 167

Избраните и именуваните функционери се избираат односно се именуваат за време од четири години.

Претседателите на извршните органи на собранијата можат да бидат избирани најмногу двапати едноподруго.

Членовите на извршните органи на собранијата, функционерите што раководат со органите на управата, како и други функционери и носители на самоуправни, јавни и други општествени функции за кои е тоа определено со овој устав или со закон, можат да се избираат односно именуваат двапати едноподруго, а по исклучок, уште за еден мандатен период, ако за тоа постојат оправдани причини. Пред преминот на избор, собранието одлучува за оправданоста на причините со мнозинство гласови на делегатите на собранието.

Член 168

Со закон и со одлука на собрание на општина заснована на закон може на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници, општествените организации, здруженијата на граѓаните и на други организации да им се довери со своите акти да уредуваат определени односи од поширок интерес во областа на својата дејност, да решаваат во поединечни предмети за определени права и обврски и да вршат други јавни овластувања.

Со закон и со одлука на собрание на општина заснована врз закон може да се определи начинот на вршење на јавните овластувања што им се доверуваат на одделни организации и заедници, како и да се утврдат правата на собранието и на другите органи на општината односно на Републиката во поглед на давањето насоки на тие организации и заедници и во поглед на вршењето надзор во врска со вршењето на јавните овластувања.

8. Вршење на јавни овластувања, одговорност на нивните носители, општествен надзор и јавност во работата

Член 169

Никој не може да врши самоуправни, јавни и други општествени функции и јавни овластувања ако тие, согласно со уставот, односно со статутот и законот, не му се доверени од работните луѓе или од собранието на општината односно од Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 170

Сите органи и организации и другите носители на самоуправни, јавни или други општествени функции ја вршат својата функција врз основа и во рамките на уставот, законот, односно статутот и дадените овластувања, и се одговорни за нејзиното вршење.

Сите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции во вршењето на своите функции се под општествена контрола.

Секој избран или именуван носител на самоуправна, јавна или друга општествена функција лично е одговорен за нејзиното вршење и може да биде отповикан или сменет. Тој има право да поднесе оставка и да ја образложи.

Со закон и со самоуправни акти се утврдуваат видовите и условите на одговорноста на носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции, како и начинот и постапката за остварување одговорноста на носителите на тие функции.

Член 171

Работник избран односно именуван на самоуправна, јавна или друга општествена функција, чие вршење бара тој привремено да престане со работа во организацијата на здружениот труд или во работната заедница, има право по престанувањето на функцијата што ја вршел да се врати на работа во истата организација на здружениот труд односно работна заедница, на своето поранешно работно место или на друго работно место што му одговара на неговите способности и квалификации.

Член 172

Работата на државните органи и на органите на управувањето на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на органите на општествено-политичките организации и здруженијата е јавна.

Начинот на обезбедувањето на јавноста се определува со закон и со самоуправни акти.

Со закон и со самоуправни акти се определуваат работите и податоците што претставуваат тајна или не можат да се објавуваат.

Остварувањето на начелото на јавност не може да биде во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со другите општествени интереси утврдени со закон.

Член 173

Работата на државните органи, на органите на управување на организациите и заедниците што вршат работи од јавен интерес се врши на македонски јазик.

Незнаењето на македонскиот јазик не може да биде пречка за одбрана и за остварување на правата и оправданите интереси на работните луѓе, граѓаните и организациите.

На секого му е загарантирано правото во постапката пред судот или пред другите државни органи, организациите и заедниците што во вршењето на јавни овластувања решаваат за правата и обврските на работните луѓе да го употребува својот јазик и во таа постапка да се запознава со фактите на својот јазик.

9. Општествена самозаштита

Член 174

Право и должност на работните луѓе е непосредно и во организациите на здружениот труд, месните, интересните и другите самоуправни организации и заедници, во општините и во Републиката, во општествено-политичките и во другите општествени организации, со својата активност, самостојно и во меѓусебна соработка, во согласност со закон, да ја остваруваат општествената самозаштита.

Работните луѓе ја остваруваат општествената самозаштита со организирање и спроведување на мерки заради заштита на поредокот утврден со уставот, безбедноста на земјата, општествената сопственост, самоуправните и другите права на работните луѓе и нивните организации и личната сигурност на луѓето и имотот.

Член 175

Секој е должен да учествува во спречување на дејствувањето на сите што за спречуваат работата на јавните институции и во отстранување на опасностите за мирен живот и работа на работните луѓе.

10. Права на припадниците на другите народи на Југославија

Член 176

Припадниците на другите народи на Југославија имаат, во местата во кои живеат, право на воспитно-образовна и културна дејност на нивниот јазик според условите утврдени со закон.

11. Рамноправност на народностите

Член 177

Македонскиот народ и народностите во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности.

Општините и Републиката обезбедуваат народностите да бидат сразмерно застапени во собранијата на општините и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и да бидат соодветно застапени во нивните органи.

Член 178

На секоја народност ѝ се гарантира правото слободно да го употребува својот јазик, да ја изразува и развива својата култура и да се основаат установи и организации што ѝ ги обезбедуваат овие права.

Општините и Републиката се грижат за развојот на воспитувањето и образованието, како и за развојот на печатот, радиото, телевизијата и културните дејности на јазиците на народностите.

Народностите имаат право да го употребуваат знамето на народноста.

Член 179

Во местата во кои живеат народностите воспитувањето и образованието на припадниците на народностите се остваруваат во воспитни установи и училишта односно одделенија во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазикот на соодветната народност.

Со закон се уредуваат условите за основањето, организацијата и работата на воспитните установи и училиштата односно одделенијата во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазиците на народностите.

Член 180

На подрачјата на кои живеат припадници на народностите, во јавниот и општествениот живот, јазиците и писмата на народностите се рамноправни со македонскиот јазик.

Во општините на чие подрачје живеат припадници на народностите, одлуките и другите поважни акти на собранијата на општините и на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници се објавуваат и на јазиците на народностите. Јавните натписи на овие подрачја се и на јазиците на народностите.

Член 181

Припадниците на народностите имаат право на употреба на својот јазик и писмо во остварувањето на своите права и должности, како и во постапката пред државните органи и организациите што вршат јавни овластувања.

Член 182

Со закон и со статутот на општината се определуваат поблиски услови и постапка што обезбедуваат остварување на правата на народностите, како и начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.

Со општи акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници се утврдуваат начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.

Член 183

Во собранијата на општините на чие подрачје живеат припадници на народностите и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија се образува комисија за меѓунационални односи.

Комисијата го следи и разгледува остварувањето на рамноправноста на народностите и на другите нивни права утврдени со уставот и со законите и предлага мерки за нивното остварување.

Во комисијата за меѓунационални односи се избираат еднаков број припадници на македонскиот народ, албанската и турската народност.