Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава IX

Права и должности на Социјалистичка Република Македонија

Член 299

Социјалистичка Република Македонија ги има следните права и должности:

1) го штити суверенитетот, независноста и националната слобода;

2) обезбедува услови за остварување и развој на самоуправните социјалистички општествени односи;

3) обезбедува заштита и услови за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, се грижи за остварување на правата на работните луѓе утврдени заради обезбедување на нивната социјална сигурност и стабилност;

4) создава услови и се грижи за остварување на самоуправните права на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините;

5) го обезбедува остварувањето на рамноправноста на македонскиот народ, народностите и на припадниците на другите народи на Југославија, како и на припадниците на етничките групи;

6) ја утврдува општата политика за усогласен стопански и општествен развој на Републиката и за развој на недоволно развиените краишта, како и се грижи за нејзиното остварување;

7) се грижи за усогласеноста на правниот систем на Републиката;

8) обезбедува уставност и законитост;

9) учествува во утврдувањето и спроведувањето на политиката на федерацијата;

10) обезбедува заштита на поредокот утврден со уставот (државна безбедност);

11) ја организира службата на државната безбедност и ја насочува нејзината работа;

12) се грижи за организирањето на јавната безбедност во Републиката и ја усогласува работата на службите за јавна безбедност на општините;

13) се грижи за функционирањето на општествената самозаштита;

14) ја организира народната одбрана;

15) ја врши судската функција и го организира правосудството;

16) ја обезбедува посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата од паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите националноослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, на жртвите од фашистичкото насилство, цивилните инвалиди од војната и трудовите и другите инвалиди;

17) ги обезбедува основните права од социјалната заштита и се грижи за развитокот на оваа заштита;

18) се грижи за рационално искористување на просторот, за урбанистичко уредување и за заштита на природата;

19) се грижи за развитокот и единството на системот на воспитувањето и образованието и за изедначувањето на условите за образование во Републиката; учествува во обезбедувањето услови за развиток на насоченото образование;

20) се грижи и учествува во обезбедувањето услови за развиток на науката и научно-истражувачката работа;

21) се грижи и учествува во обезбедувањето услови за развиток на културата, а учествува во обезбедувањето услови за унапредување на културните дејности од општ интерес за Републиката;

22) се грижи за развитокот на здравствената заштита и презема мерки од општ интерес за Републиката во оваа област;

23) се грижи за развитокот на физичката култура;

24) се грижи за развитокот на техничката култура;

25) се грижи за развитокот на детската заштита;

26) се грижи за развитокот на општествените средства за јавно информирање;

27) основа републички органи и републички организации и се грижи за нивното функционирање;

28) се грижи за извршувањето на републичките и сојузните закони и другите прописи на територијата на Републиката и, доколку е овластена со сојузен закон, непосредно ги извршува;

29) врши и други права и должности утврдени со уставот.

Член 300

Правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија ги остваруваат републичките органи во рамките на нивната надлежност определена со овој устав и со законите.

Републичките органи, во остварувањето на надлежностите утврдени со овој устав, ја утврдуваат политиката, донесуваат закони и други прописи и акти, се грижат за нивното извршување, вршат извршни и управни работи, преземаат соодветни мерки и извршуваат други задачи со кои се остваруваат правата и должностите на Републиката.

Член 301

За уредување на работите од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните, за организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, Собранието на Социјалистичка Република Македонија донесува закони што се однесуваат на:

1) обезбедувањето на општествено-економската положба и правата на работните луѓе во здружениот труд утврдени со Уставот и изедначување на општите услови за работа и живот на работните луѓе врз основите на взаемноста и солидарноста; системот на општественото планирање, општествениот план на Републиката, системот на регионалниот развој, развојот на недоволно развиените краишта и кредитирањето на нивниот побрз развој, како и на мерките за остварување на политиката за општествениот развој на Републиката; системот на просторното и урбанистичкото планирање; насочувањето на распределбата на доходот и личните доходи; меѓусебните односи на работниците во организациите на здружениот труд, вработувањето и заштитата во работата; самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓаните; правната положба на организациите на здружениот труд и условите за вршење на определени дејности; задолжителното здружување во комори, во деловни заедници кога тоа го бара технолошкото единство на системот во одделни области и ако е тоа од интерес за Републиката, како и во заедници на определени видови организации на здружениот труд; републичките стоковни резерви заради обезбедување потребите на Републиката во случај на војна и во други вонредни прилики или заради обезбедување стабилност на пазарот во случај на поголеми нарушувања на пазарот; општествената контрола на цените на производите и услугите;

2) системот на финансирањето на општините и на Републиката; придонесите, даноците, таксите и другите давачки; буџетите и јавните заеми; Народната банка на Македонија; Службата на општественото книговодство во Републиката; кредитниот и банкарскиот систем; системот на осигурување на имоти и лица; игрите на среќа;

3) користењето на земјиштето, шумите и другите природни богатства и природните сили; ловот и риболовот; заштитата од загадување на воздухот, водата и земјиштето; спречувањето на штетната бучава; заштитата на човековата околина; заштита на животинскиот и растителниот свет; рударството, електростопанството и водостопанството; изградбата на инвестициони објекти и надзорот врз нив; премерот и катастарот на земјиштето; патиштата; патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај и безбедноста на овој сообраќај; воздушниот, ПТТ и радио-сообраќајот; угостителството, туризмот и занаетчиските дејности;

4) народната одбрана и подготвувањето на општонародниот отпор; државната и јавната безбедност и општествената самозаштита;

5) републичкото државјанство; химната на Социјалистичка Република Македонија; републичките празници; републичките признанија и одликувања; употребата на знамињата; амнестијата и помилувањето;

6) основите на изборниот систем во организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и на изборот и отповикувањето на членовите на делегациите; изборот и отповикувањето на претседател и членови на Претседателството на Републиката и на делегатите за собранијата; републичкиот референдум;

7) организацијата и надлежностите на републичките органи; правата, должностите и одговорностите на работниците во општинските и републичките органи, од трудот и по основ на трудот; самоуправувањето во овие органи;

8) образувањето и укинувањето на општини и определувањето и менувањето на нивните граници;

9) сопственичките и другите имотно-правни односи; договорните и другите облигациони односи; прометот на недвижности; правото на сопственост на стан и основите на станбените односи; наследувањето; експропријацијата;

10) положбата, правата и должностите на општествениот правобранител на самоуправувањето;

11) судовите; јавното обвинителство; адвокатурата, правното застапување и другите видови правна помош;

12) кривичната одговорност, кривичните дела, одговорноста за стопански престапи и за прекршоци што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија не ги утврдуваат сојузните органи; системот на прекршоците; извршувањето на санкциите за кривични дела, стопански престапи и прекршоци; посебните постапки во областите во кои општествените односи се уредуваат со републички закон;

13) бракот, семејството и старателството;

14) системот и организацијата на воспитувањето и образованието; стручните називи и академските титули: нострификацијата на дипломи стекнати во странство; системот и организацијата на научноистражувачката работа;

15) основите на организацијата на културните дејности; заштитата на спомениците на културата и на природните реткости; музејската, архивската и библиотекарската дејност; издавачката дејност; филмот; сценско-уметничките дејности; изградбата на јавни споменици; системот на физичката и техничката култура; печатот, радиодифузијата и другите средства за јавно информирање;

16) системот и организацијата на здравствената и социјалната заштита; основните права од социјалната заштита; детската заштита; системот на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување;

17) заштитата на животот и здравјето на луѓето од заразни болести чие спречување и отстранување е од интерес за Републиката; заштитата на добитокот и растенијата од болести и штетници чие спречување и отстранување е од интерес за Републиката; производството на лекови и отрови; складирањето и заштитата од запаливи течности, гасови, експлозивни, радиоактивни и други опасни материјали и превозот на овие материјали;

18) посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата на паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите национално-ослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, жртвите од фашистичкото насилство, цивилните инвалиди од војната и трудовите и другите инвалиди;

19) собирањето и обработката на статистички и други податоци од интерес за Републиката;

20) здружувањето на граѓаните; јавните собири и јавните приредби; слободата на движењето и населувањето; пријавувањето на живеалиштето и престојувалиштето;

21) правната положба на верските заедници;

22) заштитата од пожари и од елементарни непогоди;

23) матичните книги; личните имиња и личните карти; прогласувањето на исчезнати лица за умрени и докажувањето на смртта;

24) заверката на потписи, ракописи и преписи;

25) набавувањето, поседувањето, носењето, испробувањето и обележувањето на оружје и муниција.

Собранието може со закон да уредува и други односи и прашања што се од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните и самоуправните организации и заедници. Овие закони се донесуваат со мнозинство гласови на сите делегати во надлежните собори на Собранието.

Собранието, во рамките на правата и должностите на Републиката, донесува закони и во областите што се уредени со сојузен закон.

Собранието може да донесува закони ако е тоа од интерес за остварувањето на правата и должностите на Републиката и во областите што се уредуваат со сојузен закон, ако таков закон не е донесен.

Член 302

Со закон може да се утврдат општи начела во следните области во кои работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат односите во општината, месната заедница, самоуправната интересна заедница, организацијата на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници:

1) урбанистичкото уредување на населбите;

2) доделувањето, уредувањето и употребата на градежно земјиште;

3) уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба;

4) организацијата на самоуправните интересни заедници и меѓусебните односи во нив;

5) работењето и управувањето на комуналните работни организации;

6) станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето (стопанисувањето) со станбените згради и становите во општествена сопственост;

7) референдумот во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.

Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, по иницијатива на повеќето од половината собранија на општините, со закон да утврди општи начела и по други прашања што работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.

Овие закони се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови на сите делегати во надлежните собори на Собранието.

Законот со кој се утврдуваат општи начела не се применува непосредно.

Одлуките и другите општи акти што општините, месните заедници, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници ги донесуваат за уредување на работите од овој член, мора да бидат во согласност со општите начела утврдени со законот.

Член 303

Во областите што не се уредуваат само со закон, општините можат, во рамките на своите права и должности, самостојно да донесуваат прописи заради уредување на прашања и односи од интерес за општината. Во овие области може да се донесе закон само ако тоа го бара општиот интерес на Републиката. Прописите донесени во овие области општините се должни да ги усогласат со подоцна донесениот закон во рок од три месеци по влегувањето во сила на законот. Со денот на влегувањето во сила на тој закон престануваат да важат одредбите на прописите на општината што се однесуваат на прашањата уредени со законот.

Во областите што се уредени со републички закон општините можат, во рамките на своите права и должности, да донесуваат прописи заради уредување на одделни прашања што не се уредени со законот. Овие прописи мора да бидат во согласност со законот.

Општините можат со закон да бидат овластени да донесуваат прописи за извршување на одделни закони или на одделни нивни одредби.

Во областите што не се уредуваат со закон и прописи на општината, работните луѓе самостојно ги уредуваат прашањата и односите од нивни интерес и од интерес за организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници.

Член 304

Општите општествени потреби што се остваруваат во Републиката се:

— функционирањето на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на републичките органи;

— работите на народната одбрана од надлежност на Републиката;

— дополнителните средства на општините;

— посебната боречка заштита од надлежност на Републиката;

— со закон утврдените обврски на Републиката за учество во финансирањето на воспитувањето и образованието, науката и научноистражувачката работа, културата, физичката и техничката култура, здравствената заштита, социјалната заштита, пензиското осигурување, заштитата на природата;

— поттикнувањето и помагањето на со закон утврдените обврски на Републиката за побрз развој на стопански недоволно развиените краишта;

— финансирањето на функциите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија утврдени со овој устав;

— интервенциите во стопанството заради заштита на животниот стандард на работните луѓе и граѓаните;

— со закон утврдените обврски на Републиката за учество во финансирањето на изградба, одржување и реконструкција на патиштата и на објектите за заштита од поплави; истражувачките работи во рударството; изградбата и опремувањето на објектите за заштита од градобијност и пошумувањето на голините;

— учеството на Републиката во финансирањето на функциите на федерацијата.

Републиката самостојно располага со средствата за финансирање на општите општествени потреби што се остваруваат во Републиката и ги распределува со републичкиот буџет.

Член 305

Кога е неопходно да се спречат и да се отстранат поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на народната одбрана или други вонредни потреби на земјата, со закон можат да се пропишат:

— граници во кои општините и Републиката можат да ги утврдуваат своите приходи од доходот на организациите на здружениот труд и од прометот на производите и услугите;

— обврска на организациите на здружениот труд, на самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините и Републиката да обезбедуваат резервни општествени средства;

— привремена забрана на располагање со дел од општествените средства за потрошувачка или со дел од општествените средства за финансирање на проширената репродукција од страна на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и општините и Републиката;

— начинот на располагање со вишоците на приходите на буџетите на општините и Републиката, како и со вишоците на приходите на самоуправните интересни заедници што произлегуваат од обврските утврдени со закон.

Овој закон се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд.

Член 306

Финансирањето на побрзиот развој на стопански недоволно развиените краишта во Републиката се врши во согласност со условите за општиот развој на Републиката.

Се образува посебен фонд на Републиката за кредитирање на побрзиот развиток на стопански недоволно развиените краишта.

Стопански недоволно развиените краишта во Републиката, како и изворите на приходите, управувањето и начинот на работењето на Фондот, се утврдуваат со закон.

Управувањето и работењето на фондот се утврдуваат на начин што обезбедува со средствата да управуваат и располагаат делегираните претставници на Републиката, општините на неразвиените краишта и асоцијациите на организациите на здружениот труд заинтересирани за остварување на целите на Фондот.

Член 307

Републиката може, во рамките на своите права и должности, да основа фондови за доделување на општествени признанија.

Фондовите се основаат и се укинуваат со закон.

Член 308

Републичките органи, во рамките на правата и должностите утврдени со овој устав, ја утврдуваат политиката на извршувањето на републичките закони и на другите општи акти на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, го следат нивното извршување и вршат други извршни и управни работи.

Републичките органи, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со овој устав, непосредно одговараат за извршувањето и применувањето на републичките закони и на другите републички прописи како и за извршувањето и применувањето на сојузните закони и на другите сојузни прописи за чие извршување не се непосредно одговорни сојузните органи.

Член 309

Општинските органи го обезбедуваат извршувањето на законите и другите прописи и непосредно ги извршуваат, доколку нивното извршување со законот или прописот не им е ставено во надлежност на републичките органи односно во надлежност на установите и организациите што вршат работи од јавен интерес.

Член 310

Републичките органи имаат спрема општинските органи само права утврдени со уставот и со законите.

Општинските органи се должни да го обезбедуваат извршувањето на законите, другите прописи и мерки на републичките органи во работите од општ интерес за Републиката и за таа цел да соработуваат со нив кога тие оваа соработка ја бараат, во согласност со законот.

Со закон може да се предвиди во извршувањето на одделни работи од општ интерес за Републиката, републичките органи да имаат право на општинските органи да им даваат задолжителни инструкции, да вршат право на надзор над работата на тие органи, да ги задржуваат од извршување нивните незаконски акти донесени во вонуправната постапка, како и да им се дадат други овластувања заради обезбедување на извршувањето на овие работи.

Работи од општ интерес за Републиката се со закон определени работи за чие извршување се одговорни републичките органи и кога непосредно ги извршуваат органите на општината.

Член 311

Само со закон може на подрачјето на општината да се образуваат органи на управата за вршење одделни управни работи од надлежноста на Републиката, како и да се пропишува обврска на општините да образуваат органи на управата за вршење на такви работи или работи од општ интерес за Републиката што и се пренесени во надлежност на општината.

Републиката може непосредно преку свои органи да го обезбедува извршувањето на законите и другите републички прописи за чие извршување се надлежни општинските органи, ако и додека овие органи не ги извршуваат тие прописи, со обврска општината да ги надомести трошоците причинети со тоа.

Со закон може да се определи републичките органи што вршат работи на инспекција или надзор да ги вршат овие работи непосредно на целата територија на Републиката заради контрола на извршувањето на законите и заштита на законитоста и правата на работните луѓе, граѓаните и организациите.

Член 312

Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, кога тоа го бараат вонредни околности, со одлука да им даде на републичките секретаријати и на другите републички органи и организации посебни овластувања во односите со општинските органи на управата. Во вршењето на овие овластувања тие органи и организации можат, за времето додека траат вонредните околности, непосредно да организираат и да раководат со определени акции, како и да определуваат или непосредно да преземаат други мерки што ги бараат вонредните околности на загрозеното подрачје.

Член 313

Одделни работи од надлежноста на Републиката во врска со извршувањето на законите можат со закон да им се пренесат во надлежност на општинските органи.

Член 314

За решавање на прашања од општ интерес за Републиката, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на закони, одлуки и мерки или за нивно потврдување, Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да распише референдум.

Со закон можат да се определат прашањата по кои задолжително се распишува референдум.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 315

Социјалистичка Република Македонија соработува со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и со нив развива меѓусебни односи во остварувањето на задачите од заеднички интерес, а особено во поглед на усогласувањето на стопанскиот и општиот општествен развој, во уредувањето на општествените односи и во другите области од надлежност на републиките и покраините, кога е тоа во заеднички интерес и придонесува за создавање поповолни услови за остварување правата на работните луѓе, граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, рамноправноста на народите и народностите и за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар, народната одбрана и безбедноста на земјата.

Оваа соработка ја остваруваат Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Претседателството на Републиката, Извршниот совет, републичките органи на управата, собранијата на општините и нивните органи, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, општествено-политичките организации, стручните и други здруженија, во рамките на своите надлежности односно дејности.

Социјалистичка Република Македонија ја поттикнува и помага соработката на собранијата на општините и нивните органи, организациите на здружениот труд, интересните заедници и другите самоуправни организации и заедници и на стручните и други здруженија со соодветните органи и организации од другите социјалистички републики и од социјалистичките автономни покраини.

Заради успешно остварување на соработката, органите на Социјалистичка Република Македонија во договор со надлежните органи на одделни или на сите републики и покраини, можат да основаат заеднички органи, организации и други тела, да преземаат заеднички акции, да здружуваат средства и да поттикнуваат размена на искуства и други облици на соработка.

Заклучоците на заедничките органи, организации и тела ги обврзуваат органите и организациите во Републиката само ако, во рамките на своите права и должности утврдени со овој устав и со републичките закони, ги усвои надлежниот републички орган и ги пропише со соодветен пропис односно ги утврди со друг акт.

Член 316

Социјалистичка Република Македонија учествува рамноправно со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини во утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и на нејзините односи со други држави и со меѓународни органи и организации.

Социјалистичка Република Македонија остварува соработка со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија.

Социјалистичка Република Македонија посебно се грижи за развивањето на политички, економски, културни и други односи со соседните како и со други држави и меѓународни органи и организации што се од значење за Републиката или за правата и интересите на нејзините работни луѓе и граѓани, македонскиот народ и народностите, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

Општините, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници остваруваат соработка со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странски држави, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.

Социјалистичка Република Македонија ја усогласува и насочува соработката на општините, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странски држави.