Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XIV

Републичка управа

Член 408

За вршење на работите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката се основаат републички секретаријати.

За вршење определени стручни, управни и други работи од областа на правата и должностите на Републиката, со закон можат да се основаат други републички органи на управата и републички организации.

Републичките секретаријати и другите самостојни републички органи на управата и републичките организации се основаат, се укинуваат и нивниот делокруг се определува со закон.

Републичките органи на управата и републичките организации непосредно ги извршуваат сојузните и републичките закони, општествените планови и другите прописи и општи акти кога се за тоа со нив изречно овластени: ја спроведуваат политиката утврдена од Собранието; ја следат и се одговорни за состојбата во областа за која се основани и даваат иницијатива за решавање на прашања во тие области; подготвуваат предлози на закони и на други прописи; вршат стручни работи за Собранието и за Извршниот совет; решаваат во управните работи; вршат управен надзор, инспекциски и други управни дејности во рамките на правата и должностите на Републиката и со својата работа овозможуваат ефикасно остварување на правата и интересите на работните луѓе, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

Член 409

Републичките органи на управата и републичките организации работите од својата надлежност ги вршат самостојно, врз основа и во рамките на уставот и законите.

Републичките органи на управата и републичките организации се должни да го обезбедуваат спроведувањето на законите и на другите прописи, како и на политиката утврдена од Собранието.

Во вршењето на работите од својата надлежност републичките органи на управата и републичките организации се придржуваат за законите и другите прописи и општи акти, за насоките на Собранието и начелните ставови и насоки на Извршниот совет.

Член 410

Републичките секретари и функционерите што ги именува Собранието на Социјалистичка Република Македонија лично се одговорни пред Собранието и Извршниот совет за својата работа, за работата на органот односно организацијата со која раководат, како и за состојбата во соодветната област на општествениот живот во рамките на надлежноста на органот односно организацијата.

Функционерите во републичките органи на управата и во републичките организации што ги именува Собранието се одговорни за својата работа пред Собранието и Извршниот совет.

Член 411

Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата можат да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти.

Член 412

Функционерите што раководат со републичкиките органи на управата и со републичките организации што ги именува Собранието се именуваат на четири години.

Овие функционери можат да бидат именувани двапати едноподруго, а по исклучок уште за еден мандатен период, ако за тоа постојат оправдани причини.

Собранието, пред преминот на именувањето, одлучува за оправданоста на причините од претходниот став со мнозинство гласови на делегатите во Собранието.

Член 413

Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата и со републичките организации се должни да го известуваат Собранието и Извршниот совет за состојбата во соодветната област на управата и за работата на органот односно организацијата со која раководат.

Овие функционери се должни да им даваат на Собранието и на Извршниот совет, по нивно барање, известувања и објаснувања по прашањата од делокругот на органот односно организацијата со која раководат. Тие се должни да даваат и одговори на прашањата од делегатите во соборите на Собранието.