Декрет за задушување на непријателските весници



Прв пат објавено: 27 октомври [9 ноември, нов стил] 1917
Извор: A Documentary History of Communism, compiled by Robert V Daniels, I.B.Tairis & Co Ltd, London. ©1985; Овој труд може слободно да се користи
Превод: Здравко Савески, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2006


Во сериозните, одлучни мигови на револуцијата и во денот што следеше, Привремениот Револуционерен Комитет беше принуден да усвои цела серија на мерки против контрареволуционерниот печат од сите бои.

Веднаш од сите страни се појавија повици дека новата социјалистичка власт на овој начин ги нарушува темелните принципи на својата програма преку обидот насочен против слободата на печатот.

Работничката и селанска влада му го предочува на населението фактот дека во нашата земја, зад овој либерален штит, практично се крие слободата за богатите класи да го земат во свои раце лавовскиот дел од севкупниот печат и преку ова средство да ги трујат умовите и да внесуваат збрка во свеста на масите.

Сите знаат дека буржоаскиот печат е едно од најмоќните оружја на буржоазијата. Особено во овој критичен момент кога новата власт, онаа на работниците и селаните, е во процес на консолидација. Невозможно е да се остави ова оружје во рацете на непријателот во време кога тоа не е помалку опасно од бомбите и митралезите. Затоа се усвоени времени и вонредни мерки со цел прекинување на поројот од кал и катастрофи во кој жолтиот и зелениот печат со задоволство би ја задушил младата победа на народот.

Веднаш штом се консолидира новиот поредок, сите административни мерки против печатот ќе бидат суспендирани; ќе му се даде целосна слобода во рамките на границите на одговорноста пред законот, во согласност со најшироката и најпрогресивната регулатива во овој поглед.

Сепак, имајќи го предвид фактот дека секое ограничување на слободата на печатот, дури и во критични моменти, е дозволено само во рамките на неопходното, Советот на Народните Комесари ги усвојува следните:

Општи правила за печатот

1. Следните органи на печатот ќе бидат подложни на затворање: а) оние што повикуваат на отворен отпор или непослушност кон Работничката и селанска влада; б) оние што внесуваат збрка преку очигледно катастрофално извртување на фактите; в) оние што повикуваат на акти со криминален карактер казниви според кривичните закони.

2. Временото или трајното затворање на секој орган на печатот ќе биде спроведено само преку резолуција на Советот на Народните Комесари.

3. Овој декрет има привремена природа и ќе биде отповикан преку посебен указ кога повторно ќе се воспостават нормалните услови на јавниот живот.

Претседавач на Советот на Народните Комесари,

Владимир Улјанов (Ленин)



Архива на акти од Руската револуција

Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива