Адолф Јофе

Писмо до Лав Троцки


Напишано: ноември 1927
Извор: „Револуција: македонско списание за историја, теорија и пракса на марксизмот“, Скопје, ноември 2017, бр. 1, 84-85 стр.
Превод: Лазар Фотев
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018


Драг Лав Давидович,
Сиот живот сметав дека политичарот мора да увиди кога е дојдено времето да се повлече, токму така како што глумецот ја напушта сцената, и дека за него е подобро да си отиде прерано отколку прекасно.

Повеќе од триесет години го негував убедувањето дека човечкиот живот има смисла само додека е во служба на бесконечното. Тоа бесконечно за нас е човештвото. Сè друго е конечно и да се работи на тоа нема смисла. Ако човештвото еден ден спознае некоја смисла која е над него, таа смисла ќе стане јасна во толку далечна иднина што и тогаш човештвото за нас ќе биде нешто бесконечно. Ако некој верува во напредокот како што јас верувам, тогаш смее да претпостави дека човештвото, многу пред пропаста на нашата планета, ќе пронајде начин да ја избегне катастрофата и дека ќе се насели на помлади планети. Во тоа сфаќање секој ден одново ја наоѓав смислата на мојот живот. И кога денес гледам на моето минато, на оние дваесет и седум години што ги проведов во редовите на нашата партија, сметам дека со право можам да кажам дека целиот мој живот останав верен на таа филозофија. Секогаш живеев според начелото: работа и борба за добро на човештвото. Затоа со право може да речам дека секој ден од мојот живот имаше смисла.

Но, сега ми се чини дека дојде време кога мојот живот почнува да губи смисла, и затоа сметам дека треба да го окончам.

Денешните раководители на нашата партија, придржувајќи се на директивата на членовите на опозицијата да им ја оневозможи секојa работа, веќе неколку години не ми допуштаат да се занимавам со политичка или каква било друга дејност којa би соодветствувала на моите способности. Како што Вам ви е познато, Политбирото пред година дена, како на приврзаник на опозицијата, ми ја забрани секоја политичка активност. Во меѓувреме, мојата здравствена состојба се влоши. На 20 септември, од непознати разлози за мене, лекарската комисија на Централниот комитет ме упати на преглед кај специјалисти. Овие категорично изјавија дека мојата здравствена состојба е многу полоша отколку што мислев, и дека повеќе не смеам ниту еден ден да останам во Москва, туку дека веднаш мора да одам во странство, во некое прикладно лекувалиште.

На моето отворено прашање: „Има ли воопшто изгледи да оздравам во странство и дали би можел да се лечам во Русија, така што не би морал да ја напуштам мојата работа?“ лекарите и асистентите, службениот лекар при Централниот комитет, другарот Абросов, еден друг лекар, исто така комунист, и управникот на кремљската болница едногласно ми одговорија дека во руските лекувалишта никако не можам да се лекувам, туку мора да се подложам на лечење на Запад. Ме предупредија дека, дури и да го послушам нивниот совет, долго време нема да бидам способен за каква било работа.

После тоа, лекарската комисија при Централниот комитет не презема никакви чекори ниту за моето заминување во странство, ниту за лекување во земјата, иако самата одлучи да ме испрати на специјалистички преглед. Дури и на лекарот во Кремљ му беше забрането да ми препишува лекови како што тоа до тогаш го правеше. Така останав без бесплатните лекови кои што до неодамна ги добивав. Би рекол дека тоа се случи во моментот кога групата која се наоѓа на власт почна да ја спроведува својата одлука против другарите од опозицијата: да се удри опозицијата рамно во стомакот.

...

За време на мојот последен престој во странство добив понуда да ги објавам моите записи за хонорар од 20.000 долари, но бидејќи секој збор што би го напишал мора најпрво да помине низ цензурата на Политбирото, на тоа не пристанав затоа што знам како кај нас се фалсификува историјата на партијата и револуцијата. Целата работа на Политбирото би се состоела во тоа да ми забрани објективна оцена на личностите и на нивните постапки, како на вистинските водачи на револуцијата, така и на оние кои се фалат дека беа тоа. Според тоа, денес јас немам никаква можност за лечење, освен ако Централниот комитет не ја одобри потребната парична помош, а тој после дваесет и седум години моја револуционерна работа смета дека мојот живот и здравје не вредат повеќе од 1.000 долари.

Затоа, како што веќе Ви реков, време е да го окончам мојот живот. Знам дека партиското уверување го осудува самоубиството, но мислам дека секој што ја сфаќа мојата положба нема да ме осуди. Доколку здравјето ми беше подобро, би смогнал уште доста сила и енергија да се борам против настанатата состојба во партијата; но, во ваква положба не можам да ја поднесам ситуацијата што партијата молкум поминува преку Вашето исклучување, иако сум длабоко убеден дека порано или подоцна ќе дојде до криза што ќе ја присили партијата да ги исфрли сите кривци за оваа подлост. Во таа смисла мојата смрт донекаде е протест против оние кои партијата ја доведоа дотаму да не смее ниту да реагира на ваквиот срам.

Ако смеам големата ствар да ја споредам со малата, ќе речам дека Вашето исклучување и исклучувањето на Зиновјев од партијата како историски настани од најголема важност кои нужно мора да го отворат термидорското раздобје во нашата револуција, и фактот што мене, после дваесет и седум години работа на одговорни должности, не ми преостанува ништо друго освен да испукам куршум во чело, илустрираат едно исто нешто: сегашниот режим во нашата партија. Овие два факти, и малиот и големиот, допринесуваат партијата да се турне на термидорскиот пат.

...

Не грижете се што некои Ве напуштаат и што многумина не Ви се приклучуваат толку брзо како што ние би сакале. Вие имате право, но сигурноста на победата е само во одлучната непомирливост и одбивање на секој компромис. Во тоа беше тајната на победата на Владимир Илич.

Ова сакав многу пати да Ви го речам, но се одлучив тоа да го сторам истиот момент кога Вам морам да ви кажам збогум.

Ви пожелувам многу сила и храброст, како што секогаш сте ја имале, и скорешна победа. Ве гушкам. Збогум.

Ваш,
А. Јофе

...


Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива