Фидел Кастро

Говор на собирот
против блокадата, заканите и клеветите
од претседателот на САД Џорџ В. Буш


Одржан: 1 јуни 2002, на плоштадот „Каликсто Гарсија“ во провинцијата Олгин.
Извор: Фидел Кастро, „Не бидете глупав, господине В.“, „Маргина“, бр. 60, 2/2003, 6-12 стр.
Превод: Пандалф Вулкански
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија јуни 2022


Драги земјаци од Олгин, Гранма, Лас Тунас и од цела Куба.

На 20 мај, денот на еден понижувачки спектакл за аудиториумот во Мајами, беше иронично да се слуша господинот Буш како енергично зборува за независноста и слободата – но не за Порторико, туку за Куба – како и за демократијата – но не за Флорида, туку за Куба. Господинот В. посебно се осврна врз одбраната на приватната сопственост како таа да не постои во Куба.

Тогаш сфатив дека поминаа години. Колку далеку се оние времиња кога еден човек со топол глас и со убедливи зборови, во инвалидска количка, зборуваше од местото претседател на САД и влеваше почит: тоа беше Франклин Делано Рузвелт. Не се однесуваше како фалбаџија или намќор; ниту САД во тоа време беше хегемонска суперсила, како што е денес. Етиопија беше окупирана. Во Шпанија изби крвава граѓанска војна, Кина беше нападната, додека наци-фашистичката опасност му се закануваше на светот. Рузвелт, по мое мислење вистински државник, се бореше сопствената земја да ја извлече од опасниот изолационизам.

Во тоа време бев ученик во шесто или седмо одделение. Имав 12 или 13 години. Роден сум во село без електрична струја, до каде можеше да дојде само со коњ, по калливи патишта. Во текот на годината месеците ги минував во еден ригиден сегрегационистички интернат во Сантијаго де Куба – читај: полов апартхејд – момчињата бескрајно оддалечени од девојчињата, во одвоени училишта кои ги делеше цела светлосна година – а потоа, заминував на кратки летни распусти: најдолгиот го минав во Биран.

Ние, кои бевме привилегирани, имавме чевли и имавме што да облечеме и јадеме. Бевме опкружени со голема сиромаштија. Не знам колку е голем имотот на господинот В., но се сеќавам дека татко ми имаше повеќе од десет илјади хектари земја, што речиси не претставуваше ништо. Другите огромни пространства кои изнесуваа 110.409 до 115.075 хектари, сопственост на „Вест Индис Шугар Компани“ и „Јунајтед Фрут Компани“ – се наоѓаа околу нашиот семеен имот.

Кога претседателот на САД ќе го најаваше својот говор, тоа беше исто како да го најавуваа самиот Господ Бог. Логично, бидејќи сѐ што доаѓаше оттаму беше убаво, добро, корисно: почнувајќи од жилетот за бричење до локомотивата, од разгледницата на „Статуата на слободата“ па до каубојските филмови кои толку ги воодушевуваат децата и возрасните. Освен тоа, „тоа е местото од каде што ни дојдоа независноста и слободата“. Така им зборуваа на десетиците илјади земјоделски работници и на селаните без земја, на оние територии каде што тие во еден ден од годината добиваа работа да ја плеват и сечат шеќерната трска. Боси, лошо облечени и прегладнети, живееја под теророт на селската жандармерија, основана од надзорниците, а која беше опремена со пушки „Спрингфилд“, со долги и тесни мачети, сомбреро-шешири и со тексашки коњи, кои со својата импозантна појава ширеа страв кај нашите неухранети работници, за немилосрдно да се сузбие и најмалото навестување за некаков штрајк или протест.

На тие огромни пространства од полиња, со бараки, колиби од палмини лисја, во осиромашените села и фабриките за шеќер, повремено ќе се најдеше некоја бедна училница со 200 до 300 деца, без книги, со оскуден школски материјал, а понекогаш и без учител. Само во кругот на големите фабрики имаше по еден или двајца лекари кои ги лекуваа главно семејствата на административците и повисоките службеници на странските компании за производство на шеќер.

Од друга страна, се намножија некои чудни стручни лица, со не повеќе од три или четири класа основно училиште – вистински мудреци меѓу неписмената толпа, често пријатели или повремени посетители на селските семејства – кои беа задолжени за изборите. Тие ги запишуваа личните карти од луѓето и ветувањето за нивниот глас. Тоа беа потрчковците на политичарите. Селаните немаа намера да го продаваат својот глас, туку му помагаа на „својот пријател“. Со малку исклучоци, оној кој имаше повеќе пари и кој ангажираше повеќе политички потрчковци, сигурно стануваше победнички кандидат за законодавните позиции во државата или за други функции, било општински било провинциски. Кога на некои од тие избори се одлучуваше за замена на претседателот – никогаш за политичкиот и општествениот систем, што беше незамисливо – и кога ќе дојдеше до судир на интереси, тогаш селската жандармерија одлучуваше кои ќе бидат новите водачи.

Најголемиот дел од населението беше неписмен или полуписмен: зависеше од бедното работно место кое го даваше газдата или некој политички функционер. За граѓаните немаше никаква друга опција, со оглед на тоа што не поседуваа ни основно неопходно знаење за да можат да одлучуваат за сѐ посложените општествени и светски теми.

За историјата на нашата татковина се знаеше единствено од легенди – усно пренесувани од татковците и дедовците – за некогашните херојски борби од колонијалното време: таквата работа се покажа како среќна околност. Меѓутоа, како народот можеше да разбере што всушност претставуваа традиционалните политички партии, управувани од олигархиите во служба на империјата? Кој тоа можеше да им го објасни? Како тоа би им се пренело? Брилијантниот и херојскиот напор на интелектуалците левичари, кои постигнаа восхитувачки успех под тие услови, се судираше со непробојните ѕидови на новиот империјален систем и на повеќевековното искуство на владејачките класи со држењето на народот во состојба на потчинетост, експлоатација, збунетост и поделеност.

Единственото право на сопственост, кое го познаваше речиси целокупното население на Куба до 1959 година, беше правото на големите странски компании и на нивните сојузници, националните олигархии, на огромните земјишни поседи, природните богатства на земјата и на поседување на големите фабрики, на јавните служби од животно значење, банките, складиштата, пристаништата, приватните болници и школи кои ги даваа своите квалитетни услуги на безначајното малцинство на привилигирано население.

Судбината ми ја додели честа да се родам токму тука, на сегашната територија на оваа провинција, и иако тоа место е оддалечено од плоштадов 54 километри, спомените се многу поблиски, на само 10 милиметри или на 10 секунди во моето сеќавање.

На тие огромни имоти на шеќерна трска можев само да видам десетици илјади селани без земја или поседници на парцели без тапија, на кои јавачите на тексашките коњи постојано им се закануваа или ги протеруваа, а тие, во најдобар случај, мораа да плаќаат високи ренти. Во градовите гледав многу малку сопственици на станови меѓу оние кои живееја во нив, а станарите плаќаа мошне високи кирии. Немав видено болници и школи за обичниот народ и за неговите деца, немав видено многу лекари и наставници, само беда, неправда и очај. На кубанскиот народ му беше запленет и одземен целиот имот.

Беше императив повторно да се отпочне борбата. Требаше да се скинат прангите. Требаше да се изведе длабока револуција. Требаше да бидеме подготвени да победиме или умреме. Тоа и го направивме.

Социјалистичката револуција создаде повеќе сопственици отколку што капитализмот ги создаде на Куба во текот на вековите. Денес стотици илјади селски семејства имаат сопственост над својата земја, а за тоа да не плаќаат дури ни данок. Други имаат право бесплатно да уживаат во плодовите на земјата, и да ја експлоатираат индивидуално или колективно; тие се сопственици на машините, работилниците, стоката и на други добра. Но најважно е следното: Револуцијата го претвори кубанскиот народ во сопственик на сопствената земја. Она што Револуцијата го искорени беше сопственоста на основните средства за производство, над финансиските институции и другите служби што имаат животно значење, кои дотогаш беа во рацете на оние што го пљачкаа и експлоатираа народот, на оние кои се богатеа врз потта на работниците, или кои само им служеа на привилегираните и богатите, додека сиромашните и црнците немаа право на нив.

Носталгијата по нивната сопственост, која ја чувствува шефот на империјалната влада, можеби би се надминала кога тој би видел дека сега, покрај селаните, милиони семејства во градовите станале сопственици на становите во кои живеат и за кои не плаќаат дури ни данок.

Од историската потреба да ја надмине наследената неразвиеност, Куба соработува со странските компании во оние области на производството во кои што не би можела да учествува со сопствена технологија и со парични средства, но ниту една меѓународна финансиска институција, ниту странски приватен капитал не ја одредува нашата судбина.

Покрај тоа ниту еден цент не завршува во џебовите на Кастро и на неговите приврзаници. Ниту еден повисок кубански револуционерен раководител нема ни долар во банка, ниту приватна девизна сметка на територијата на Куба или вон неа, или пак сметки на име на друг. Ниеден од нив не е подмитлив. Тоа мошне добро го знаат стотици странски фирми што работат на Куба. Ниеден од нив не е милионер, како што е господинот претседател на САД, чијашто месечна плата е речиси двојно поголема од годишните плати на сите членови на Државниот совет и на Министерскиот совет на Куба. Ниеден од нив не би можел да се најде на долгата листа на многубројните неолиберални пријатели на господинот В. во Латинска Америка, тие олимписки прваци во малверзации и грабежи. Малкумината од последниве кои што не ги поткрадуваат јавните фондови и државните даноци, го грабаат вишокот на вредноста од сиромашните и изгладнететите и секоја година убиваат над стотици илјади латиноамерикански деца чии животи би можеле да бидат спасени; тоа е системот по кој господинот В. копнее, за да ѝ го наметне на Куба како модел. Неговата навреда е незаслужена. Затоа, нека не се жали на нашите остри одговори.

Престанувањето на експлоатацијата на човечките суштетства и борбата за вистинска еднаквост и правда, претставуваа и ќе претставуваат цел на една револуција која никогаш нема да престане да биде тоа.

Кубанската револуција оствари голем подвиг во целата земја, а уште поголем во драгата и херојската источна област која беше најсиромашна и најзаостаната. Од петте источни провинции, три кои на овој историски протестен собир испратија повеќе од 400.000 борбени и полетни граѓани – Олгин, Гранма и Лас Тунас – за кратко време постигнаа општествени и човечки резултати неспоредливи никаде во светот.

Наведувам некои податоци за тоа што имале и што имаат, пред и по победата на Револуцијата:

Стапка на смртност на деца: порано, повеќе од 100 на илјада живородени; денес 5,9% – стапка многу пониска од САД;

Очекувано траење на животот: порано 57 години; денес 76;

Број на лекари: порано 46; денес 4.006;

Болнички кревети: порано 1.470; денес 12.000;

Учители: порано 1.682; денес 77.479;

Факултети: порано ниеден; денес 12;

Стапка на неписмени: порано 40,3%; денес 0,2%;

Број на ученици со завршено шесто одделение: порано 10%, од само 34% деца на школска возраст кои посетувале државни училишта; денес училиште посетуваат 100% и завршуваат 99,9%;

Телевизори за аудиовизуелно образование: порано ниеден; денес 13.394;

Опрема за компјутерско образование, почнувајќи од предшколска возраст па до шесто одделение: 5.563 кои ги користат 237.510 деца;

Повеќе од 27.000 млади помеѓу 17 и 30 години кои не биле вработени, денес посетуваат предавања од среден и повисок степен во неодамна основаните школи за интегрално усовршување на младите, за што добиваат парична надокнада.

Овие три провинции имаат 62 музеи, 68 домови на културата, 21 уметнички галерии и 72 библиотеки.

Сите кубански деца, независно од приходот на своите родители и од бојата на кожата, имаат обезбедена висококвалитетна и сѐ подобра здравствена заштита, од раѓањето па до крајот на животот, како и образование, од предшколското па до докторски студии, без притоа да плаќаат ниту еден цент.

Ниедна земја во Латинска Америка не е ни близу до Куба по прашањето на овие наведени показатели и можности. Во нашата татковина нема ниедно дете кое проси на улица или работи за да преживее, наместо да оди на училиште; ниту има дроги кои ги трујат и уништуваат адолесцентите и младите.

Тоа не е тиранија, како што тврди господинот В. Тоа е правда, вистинска еднаквост помеѓу човечките суштества, општо знаење и култура без која нема, не може да има, ниту ќе има вистинска независност, слобода и демократија никаде на Земјата.

На господинот В. треба да му биде срам кога ги наведува општествата во кои владеат корупција, нееднаквост и неправда, општества разорени со неолибералниот модел, како пример за независност, слобода и демократија!

За господинот В. единствената демократија е таму каде што со пари сѐ се решава и каде што оние кои можат да платат вечера од 25.000 долари по човек – што преставува навреда за милијарди луѓе што живеат во сиромашниот, прегладнет и неразвиен свет – се тие кои се повикани да ги решаваат општествените и светските проблеми и кои треба да одлучуваат за судбината на една голема земја каква што е САД и за остатокот на планетата.

Не бидете глупав, господине В. Почитувајте ја интелегенцијата на луѓето кои се способни да размислуваат. Прочитајте некои од оние стотици илјади писма, кои ви ги испратија нашите пионери. Не го навредувајте [Хозе] Марти. Не го споменувајте залудно неговото свето име. Престанете да се служите со неговите фрази што се надвор од контекстот во вашите говори. Покажете одредена почит кон другите, а и кон самиот себе.

Злосторничката блокада што сакате да ја заострите, ги зголемува честа и славата на нашиот народ, кој ќе ги разбие вашите планови. Ве уверувам во тоа.

Земјаци!
Пред опасностите и заканите, нека живее, денес повеќе од било кога, Социјалистичката револуција!
Татковината или смртта!
Ќе победиме!